On the Road of Time (Following the Traces of Memories)
ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 11
И тргна Трајко ноќе. И поминаа денови и поми-наа ноќи, а Трајко го нема и го нема и никој не знаеше каде заглави. Трајковица удри да се кара, да колни, леле ми го изедовте Трајко мил, леле Трајко шо ме остави сама, леле јас пустата сега без тебе сум без очи и опуљ – плачеше Трајковица и колнежите не и секнуваа. Сите почнавме да мислиме на најлошото. Што знаеш. Туѓо место, непознати патишта, нешетан човек... И така кога помина и шестата недела, рековме да оди Иљо, кој беше малку пошетан, зашто на времето, пред големиот бој, одеше на печалба – жнеење во Тесалија, а есента, по орање и сеење, одеше во Тракија да прави ќумур. Отиде Иљо и по две недели си дојде и рече дека стаса во Дуреси – град и го најде местото каде беа дечките и дека само ноќе и скришум едно два-трипати се виде со Евгенија, која беше најстарата жена одговорна за децата, негователка, како што се вели сега за жените кои се грижат за децата и дека таа му рече оти сите деца се живи и здрави, сите се испрани, чисти, нахранети и мајките и татковците и бабите и дедовците, да се живи и здрави, да не се грижат и да не берат гајле и од сите до сите таа прати многу многу поздрави. И тоа по многу месеци ни беше најголемата радост. Секој ден бараката во која беше сместен Иљо со Иљовица и со стариот, скоро неподвижен татко, беше оди ми, дојди ми. Секоја мајка сакаше одделно да го опита за своите дечки. А плачењето и колнењето и лелекањето на Трајковица секна. Иљо и дошепна дека Трајко е жив и здрав и се крие во Дуреси и скришум се гледа со дечките и дека кога малку ќе се потсмират работите и времињата, ќе си дојди...
Така беше...
И еден ден завршија и посетите и разговорите. Во Прењес дојдоа некои од тие големците и сите мажи ги повикаа на собир. Им зборуваа за големите борби во кои победуваат само нашите, ама за да ја биде борбата пократ-ка и побрзо да дојди победата, треба и тие да одат на по- мош. Два или три дена големците зборуваа за големите победи и редум ги посетуваа бараките, а таму кој за колк се држи, кој за половина, кој на патерица се потпира, кој кашла та кашла, кој постела – рогозина не дава да се олади, кој учкур не врзува туку сал трча до кенефите...
Кога големците видоа болни и сакати, рекоа дека со такви борба не се прави и победа не се носи. Само едно петмина и заедно со нив и Иљо немаа мани и заедно со големците заминаа да ја носат победата. И не поминаа три или четири месеци, беше зима со многу снег и цикна, ете ти го Иљо наш. Го пуштија во Прењес кај жена му зашто веќе не беше потребен. Празен му висеше десниот ракав...
А и тој ден, како и во преѓешните денови, не престанаа двапати на ден да поминуваат нашите камиони.
Така ги викавме – наши, зашто само нашите деци и чупи од таму, од бојовите, осакатени ги носеа наваму во болниците и оздравени - недоздравени – ги враќаа назад. А од тие камиони слегуваа понекогаш некои од големците, чисти и избричени, чизмите им болскаа и руменило им пукаше од образите. Остануваа во Прењес и ги викаа мажите за да им објаснат дека победата е близу и за да биде поблизу треба да помогнат, а за давање за победата ни беа останати само душите и парталите што ги имавме врз нас.
А горе, во планините, ни беа овците и козите.
Овчари беа наши пристари мажи и сите главени од пар- тијата. Големата стока беше пуштена по полето. Никој не им го знаеше бројот и ниту знаеше колку се живи, здрави и болни. Така пустелицки пасеа и на број беа се помалку.
Велеа дека едни пцовиса, дека други волци ги заклаа. Ама работата беше и поинаква... Еднаш некоја жена отиде во едно албанско село и таму си ги виде воловите впрегнати под јарем. Овците и козите – и тие се најдоа во дворовите на некои албански селани. Итромани, им ги продаваа и нам ни велеа дека по налог на партијата ги праќаа на фронт за да имаат нашите што да јадат. Тие кои скришум одеа в планина да собираат чај, си ги препознаваа овците и козите измешани заедно со албанските. Немаше да ни биде криво ако нашите овци и кози и говеда би завршиле во парти- занските казани. Ама криво ни беше што завршиле бо колибите на некои албански селани. И така се изгубивме што успеавме да дотераме од дома до тука во Прењес. Низ рацете на некои се лизнаа наполеони...
А таа слика, таа глетка на трчање зад камионите, тој плач, таа болка, тие викања ми се вковаа во паметењето и сега споменот налетува, надоаѓа како бран, како рој, живнува, гори, жежи, се нижи збор со збор, вик со вик, плач со плач, солза со солза, издишка со издишка се врзува во синџир, се втиснува, стега, гмечи и боли...
Ми натежна тој спомен, ме стега, ме гмечи и душата ме боли...
Од главниот пат свртуваме десно. Колата ја паркиравме под сенката на врбата – плачка и пеш одиме во обиколка. Лево и десно од улицата послана со свеж асфалт, ред стојат долги згради со сиво - бела фасада, високо -квадратни прозорци со железни шипки, големи, искривени врати. Повеќе личат на магазини или коњушници. Меѓу нив мали куќички. Пред секоја голем разнобоен шатор и под него изложени пластични шишиња со кока кола и разновидни обоени сокови и течности. Купишта опаковки со шверцувани слаткиши. Одиме нагоре. Пред нас и околу нас се растрчаа деца. Љубопитно се распрашуваат кои сме, им изгледаме туѓи за што првпат не гледаат. Застанавме до нешто што личи на мала кафеана. Две масички, десетина пластични столчиња. Девојка на дваесетина години, со гранка скршена од поблиската црница, мавта лево и десно
– ги тера досадните муви. По движењата и нејзината насмевка разбравме дека не поканува во кафеаната. Освен албански, за друг јазик е нема, како и ние неми за албанскиот. Гестикулациите малку се и не помагаат за разбирање. На помош ни дојде момче на дваесетина и нешто години. Рече дека сме од Скопје, така пресуди по табличките на колата и дека знае малку македонски, ама добро зборува грчки и италијански. Јазиците ги научи на печалба во трите земји.
- Барате некого?
- Бараме, ама повеќе би сакале да најдеме некој постар човек.
- Сега ќе ви донесам еден таков – рече и по неколку минути довлечка старче.
- Вие сте од тука, од Прењес? – го прашувам откако се поздравивме.
- Сега од Прењес, ама порано од едно село зад овие планини – покажа со глава на исток.
- А од кога живеете во Прењес?
- Од кога Енвер не собра и не донесе тука за да ја градиме фабриката и железничката линија до Поградец.
- А каде живеете?
- Ене, таму, во последните куќи, зад џамијата.
Таму не сместија.
- А овие куќи – покажувам на магазините или коњушниците.
- Тогаш во нив беше сместена војската. Тука имаше многу војска. Ја чуваа границата и нас.
- А пред тоа?
- Пред тоа си бевме дома, во нашето село. Ти реков дека тука не преселија за да ја градиме железницата и фабриката и да копаме хром...
- А си спомнувате ли дали некаде во близина имаше гробишта.
- Како да не. Имаше на две места. Онаму горе, над свиокот каде сега се копа. Над патот имаше гробишта и велеа дека беа италијански. Имаше и наши, албански, ама на другата страна.
- Пред вас, пред да ве доселат тука, дали имаше ли некои други луѓе?
- Луѓе? Не, немаше луѓе, ама имаше многу војска...
И додека го водиме разговорот, ни се придружи уште еден маж. По образите се гледа дека е во поодминати години.
- Пљак – колку години до сега ти даде Господ? – го праша нашиот преведувач.
Смеа. Се смеат соговорниците.
- Каков Господ, бре? Него нам нашиот Хоџа ни го откорна и од ум и од срце. Кога некој ќе ни го спомне Господ, замолкнуваме и секогаш гледаме наоколу. Си мислиме да не доаѓа некој од сигурими. Навика. Тогаш, во тоа време, и децата ги тераа да бидат кодоши. Така ги учеа.
- А денес?
- Денес? Зборувај си што сакаш и никој ниту лош збор нема да ти рече, па и ниту лошо ќе те погледне. Демо-кратија... А вие, со мадамата, барате нешто?
- Бараме, гробишта.
-Што? Ви умре ли некој по пат? – прашува стариот.
- Да, по пат и на други и на овие патишта тука во Прењес многу ни умреа и сакаме да знаеме каде се погре- бани.
- Кога беше тоа?
- 1948 –та и 1949-та.
- А, тоа беше одамна. Не знам дали тука во Перењас ќе најдете некој кој знае за такви гробишта. А кои беа умрените?
- Наши, Македонци...
- Ами што бараа тука тие вашите Македонците?
- Војната ги донесе тука.
- Војната, ама која војна?
- Таа што беше во Грција...
- Ами јас таму во селото сум слушал дека имало војна таму и паметам по тоа што моравме да даваме од пченицата, ` ржта и пченката. Ама не сум слушнал дека тука во Перењас имало ваши луѓе. Никој кој сега живее во Перењас не е староседелец. Сите сме дојденци. Можеби во селата, горе во планината има луѓе кои знаат. Ама тоа било одамна. Изумреле луѓето, остареле, им се разводни памете- њето. Одете горе во планината, можеби таму ќе најдете некого. Ама со оваа количка не мрдајте до таму. За такви коли патот не чини. Најдобро пеш.
Старецот го доиспи кафето, со обете раце се поздрави со нас и, клинкајќи тргна пругоре по улицата.
Одеднаш застана и по некој миг се сврти и со рака ни даде знак да му пријдеме.
- Прашајте ги луѓето од овие куќи. Тие кога копаа темели за куќите, велеа дека наоѓаа коски. Прашајте ги.
Можеби под нивните куќи се гробиштата.
- Да – рече жената - тука најдовме многу коски од луѓе. Изгледа имаше гробишта... морало да имало гро- бишта штом многу коски беа најдени...
Свиткано старче ни пријде и рече:
- За гробишта прашувате? Имаше. Ене таму – покажа со патерицата.
Го седнавме во колата и заедно со преведувачот отидовме на местото каде имало гробишта.
- Еве, тука, на ова место имаше гробишта.
Местото не покажува дека тука имаше гробишта.
Гледаме широк пат со три ленти обележани со бела боја.
Над свиокот – рид.
- Ми се чини дека со ископот за проширување на патот, ги ископаа и гробиштата… не беа наши. Итали-јански беа. Ете, и таму каде многу се шири патот имаше гробови, ама италијански. Војнички. Лани од Италија дојдоа и во два камиони коските ги товарија во сандаци и си отидоа. И таму, од онаа страна на ритчето имаше гробови, а чии беа, не знам.
- А има ли некој стар тука во Перењас...
-Постар од мене нема да најдеш. Не си губи време. Беше, помина. Други се времињата. Гледаш луѓето градат куќи, дворови шират, кафеани отвораат, печалат и на гробови ич не гледаат. Копаат и градат каде што ќе стигнат. Лакоми станаа луѓето...
Се поздравувам со стариот, и при тоа Господ не му го спомнувам, само велам да брои до сто и една и в рака му пикнувам кутија цигари и ќесе кафе. Цигарите ги пикна в пазува, а кутијата ја намириса, нешто прозбори и умилно се насмевна. Рече:
- Не треба. Сега од овие работи имаме колку што сакаш. Носат луѓето од секаде... Туку штом е дадено од срце, со срце го примам.
А нашиот преведувач му пренесе:
- Пљак, човекот ти благодари и вели дека многу си му кажал…
- Е, па ти, сум му кажал... Толку знам, толку кажав – рече со тон на разочарасност и, клинкајќи, си отиде.
И така не прошетаа од место до место каде некогаш имаше гробишта и секаде празно.
13.
Се враќаме во Прењес. Свртуваме десно. Лево ни останува џамијата, зад која е изградена цела населба од дво и трокатни станбени згради и малку погоре, веднаш до раскрсницата – православна црква.
И одеднаш ме зароби прашањето – дали тогаш, во тие години, кога тука нашите биле, имало православна црква среде италијанската воена база, а би требало да има католичка, или од некого е градена подоцна за спомен на тие кои тука битисувале?
Ме копка прашањето и љубопитноста. Кого да прашам?
Надворешната врaта од црковниот двор, украсен со мноштво цвеќиња, е затворена на катанец. Луѓето кои поминуваат покрај, застануваат за миг, вртат со глави во знак дека не разбираат што им зборувам, меѓу себе разго-вараат, дигаат раменици. Ме опфаќа чувство на осаменост и разочарување.
Од некаде се појави нашиот преведувач. Зборува со луѓето, а ние од разговорот доловуваме само два пораз-бирливи зборови кои се однесуваат на црквата – едни велат католик, други ортодокс. Сфативме дека никој ништо не знае за црквата. За нив таа како да не постои иако секој ден по неколкупати поминуваат покрај неа. И пак непрестајно ме копка прашањето – имало тука или немало православна црква?...
И одеднаш ми текна. Па, да. Во тие времиња наш пријател престојувал тука во Прењес и пред заминување го посетивме и му кажавме каде ќе одиме. Здравје да им даде Господ на тие кои го измислија мобилниот. Со нетрпение притискам на копчињата со бројките и потоа на зеленото копче.
- Ѕвони - и велам на сопругата. – Го имам...
Поспан глас од другата страна. Попладне е и време за дремка.
- Ало, Доне, добар ден и здраво. Чекај, не прашувај ти, јас ќе прашувам. Ти нели си бил во Прењес?
- Сум бил.
- А паметиш ли дали во Прењес тогаш имаше православна црква?
- Немаше. Сигурно немаше.
- А џамија?
- И џамија немаше.
- Гробишта?
- Имаше...
- А каде беа?
- А каде сега ти се наоѓаш?
- Во Прењес. Стојам десно од главниот пат. Пред мене гледам наредени долги згради, со широки врати и високо мали прозорци со железни решетки. Ми личат на бараки од логори. Меѓу нив поминува пат...
- Тоа беа некои магазини и коњушници во кои беа сместени нашите. А погледни на кај полето. Над патот треба да има голем број долги дрвени бараки...
- Нема бараки. Има нешто како игралиште во чија средина се набиени колци и на нив заковани стари штици.
Местото ми личи на откриен пазар...
- Таму беа бараките. А малку понастрана има ли една бела куќа?
- Има.
- Таму беше сместена управата и партискиот комитет. Тогаш тоа беше единствената ѕидана куќа, а се друго беа бараки, големи и долги ѕидани магазини и коњушници со големи порти од северната и јужната страна...
- Да, ги гледам. Такви се како што велиш...
- Е, сега оди нагоре по патот. Кога ќе стигнеш до последниот магазин или коњушница, сврти малку лево...
Одиш?
- Стигнав...
- Десно гледаш ли едно мало ритче?
- Гледам.
- Продолжи по подножјето и по десетина чекори ќе наидеш на гробиштата.
- Тука има само ниски еднокатни куќички...
Во слушалката молк. По миг долга болна издиш-ка и потоа гласот на Доне.
- Таму беа...
Крај на разговорот.
Жешко е...
Котлината дреме во обрачот на околните плани- ни. Лете, цел ден ја пржи неподнослива жега, а зиме, велат, ја скаменува мразот. Тогаш, во тие времиња, тука најмногу страдаа старите, изнемоштените и болните, бебињата и малолетните деца. Спасот им беше таму каде сега ние ги бараме...
Со нас носиме и свеќи. Да ги запалиме на гро-биштата во Прењес. Знаевме дека таму од крајот на јули 1948 до крајот на октомври 1949 година, од разни болести изумреа старци и поголем број бебиња и едно и двего-дишни деца, па морало да има гробишта. Си рековме дека тоа се наши луѓе, па и таму каде се погребани и гробиш-тата се наши иако се на туѓа земја.
За душите на тие над кои шеесет години замрачи мрак, запаливме свеќи за да засвети светлина над нив, да болсне светленце и да заживее и остане траен споменот за нив дека не се заборавени...
Посакавме свеќи да запалиме и во православната црква. Но каде да го најдеме свештеникот или некој кој го држи клучот?
- Да одиме во она кафеанче – предлажи преведувачот – можеби таму ќе најдеме некој што знае повеќе.
Прифативме. Под разгранета лозница – три маси и зад нив води врата, веројатно во кујната. Еден од четворицата раседнати мажи стана, направи два-три чекори на кај нас и небаре се знаеме кој знае од кога, не поздрави со насмевка и со цела ширина на рацете не води кон празната маса. Зборува насмеан и ние насмеани само мрдаме со глава, а ништо не разбираме, но сфативме дека тој е сопственикот на кафеанчето и не личи на постар од триесетина години.
Нашиот преведувач врза со него разговор.
Веројатно му објаснува кои сме и што бараме.
Сопственикот откако не седна, а пред тоа со ненајбелиот пешкир ги истера мувите од масата, сврти лице кон нас и со помош на преведувачот не праша со што може да не почести.
- Кафе – замолив.
- Хурије, вале триа кафедаќа31 – викна на грчки.
- Милате елиника? – го прашав.32
- Да, зборувам и тоа многу добро. И невестата ја учам да зборува грчки, бидејќи наесен планираме да одиме во Грција на печалба. Да прибереме некоја пара зашто сакаме да градиме куќа. Јас таму, на Пелопонез, работев дванаесет години А вие, како што ми рече пријателот, сте од Македонија, нели?
- Така.
- И со Грците си имате големи проблеми, нели?
Тешко се живее со Грците. Јас добро ги знам. Не се искрени луѓе. И големи лажговци се. Добро јас сум ги запознал. Како роб работев кај моите газди. Туку што ќе правиш, кога ќе те натера маката. За леб и ќе робуваш...
Туку, нека им е, такви ги создал Господ и тој ги трпи иако син му и мајката на син му најмногу ги пцујат... Секој втор збор им е пцовка што значи... Молам, нека ми прости мадамата, не е пристојно да кажам...
- Кажете ми – го замолив – од кога живеете во Прењес?
- Втора година. А зошто велите Прењес? Местото се вика Perrenjas и името го доби од многуте долишта што се наоѓаат на планините западно од населбата. П р и н, значи долиште, а Перењас значи многу долишта. Порано се викаше Домоздрова и како гратче почна да се развива во педесеттите години.
- Кажете ми кога е градена црквата?
- И црквата и џамијата што се градени на истата улица, спроти себе, се изградени по паѓањето на кому-31 Хурије, стави три кафиња
32 Зборувате грчки?
низмот. За да знаете повеќе ќе го викнеме настојникот на црквата кој ќе ви каже повеќе. Јас не одам ниту в црква, ниту в џамија. Во комунистичка Албанија сите моравме да бидеме атеисти и јас и сега таков си останав. Но дозволете да довршам. Големото поле што е зад нас, под патот и се шири на исток и југ се до падините на планините, пред војната беше сопственост на еден бег, чие име сега не ми текнува. Од него триесеттите години од минатиот век италијанската влада го купи овој дел каде што сме сега ние.
Значи овој нај неплоден дел со договор го купи Италија за да го користи 99 години и тука изгради воена база. Од базата останаа само оние грди куќишта за кои велат дека некои беа магазини и коњушници. Се што е изградено околу нив и над патот е изградено на узурпирано земјиште.
Лани дојдоа Италијанци и рекоа дека местото е нивно и дека ние Албанците на украдено место градиме куќи. А ние им рековме дека до крајот на тие 99 има уште 30 години, па дотогаш да сме живи и здрави.
А мене и натаму мислата ми е закована за неко-гашните магазини и коњушници кои сега длабоко ги има нагризено времето.
Бараките ги нема. Сега е рамница на која се вбиени голци и врз нив заковани подгниени штици. Тоа е денес пазарот во Перењас. Погоре се ѕиданите магазини и коњушниците. Варосани се со синкава и бела боја, која на едни места е испрана од времето, а на други испукана и под неа како лишај е залепена друга. Слој врз слој боите на варта. Од подамнешни и од сегашни времиња. Под еден од слоевите – одвај се гледаат белези од премачкани букви. Со парче стакло го стружам слојот и под него се појавува “д” испишана со бледа црвена боја. Буквата “д” е кирилска. Во овој миг чувствувам како капки студена пот ми го оро-суваат челото. Упорно продолжувам да стружам во висина на градите. Под истружената корка вар продолжува одвај видливата избледена црвена боја и само две-три педи понатаму цел збор на македонски - “ братството”. Нема сомневање дека двата збора се дел од парола и најверојатно тоа е остаток од тогаш многу популарните пароли со кои се гласеше братството и единството меѓу македонскиот и грчкиот народ. Од купчето испокршено прозорско стакло одбрав поголемо парче и го продолжив стружењето малку повисоко. До крајот на ѕидот истружив цела фаша и под кафеавиот слој забележав дамки од бела боја. Сфатив дека веројатно по третпат ѕидот бил премачкуван. Сега од десно па на лево продолжив со стружењето и под кафеавиот слој се појави дел од бледо-црвена линија и под неа точка.
Личи на извичник. Стружам и под истружениот слој се редат буквите: а, т, а, д, е, б, о, п... Очекорив чекор назад и се загледав во бледите букви. Погледнав од десно на лево и гласно прочитав: “победата”. Со ракавот ја избришав потта од челото и лицето и одново се вдадов во стружење се додека не го истружав слојот до последната буква, која е првата во паролата што тука, под трите слоеви вар, чмаеше цели шеесет години.
Читам: “Сите на оружје! Се за победата!” Се тргнав понастрана, седнав на подгниениот трупец и загледан во паролата, по подолг молк, гласно се запрашав: колку ли уште вакви и други пароли ги красеа овие грозни ѕидови и на бој ги повикуваа обездомените?
Тука, во Прењес под слоевите вар сочувани се паролите – сведоштво на времето во кое тие беа делнично потхранување и охрабрување на духот и вербата... и дека и тука траеше војната и повикуваше... И тоа што остана, а малку беше способно, го собираа и одвај чекаа некој да потпорасне и во бој. Собираа насилно и луѓе и стока и храна. Велеа: се за победата.
14.
Подоцна Доне ми раскажа за неговиот престој во Прењес.
- Таму, во домот, во романскиот град Синаја, откако на сет глас со секојдневната парола “ Со M аркос напред”, си пожеливме добар апетит, главниот на домот ни соопшти дека на посета ни се дојдени високи функционери на нашата борба. Така ја викавме војната што се водеше во Грција. Тој уште рече дека по вечерата да се собереме во големата сала, но само тие кои се постари од четиринаесет години. Другите да одат на спиење.
Во салата немаше место за сите. Меѓу нас се протнаа и тринаесет и четиринаесет годишници од кои некои беа дури и повисоки од нас кои веќе имавме нежен мов на брадите и под носот.
На бината, на чиј ѕид висеше голем портрет на Маркос во воена униформа, со прекрстени ремени на градите и обуен во извиткани чизми ( секогаш кога го гледав портретот ми се чинеше дека чизмите му беа валкани) излегоа тројца и еден по еден се претставија.
Колку што паметам така некако им течеше говорот.
- Јас - рече високиот и сув маж – сум Порфиро- генис, член на ЦК на КПГ и заедно со моите другари дојдовме да ви донесеме борбени поздрави од вашите татковци, мајки и браќа кои херојски и несебично се борат за слобода и демократија и против англоамериканскиот империјализам и нивните домашни слуги кои си седат во Атина. Борбата – продолжи тој - е многу тешка и дека за да биде поуспешна потребни се нови борци.
Е, кога го рече ова, тогаш ние сите станавме и почнавме да викаме на грчки:
- Имасте етими!!! Имасте етими! Имасте етими!!!33 На сет глас викавме и со тупаници удиравме на се што беше околу нас и со нозе го толчевме подот небаре тука беше големиот душман. На тој начин го искажавме одговорот и готовноста да се бориме против клетите непријатели. Големецот од ЦК долго зборуваше и неговиот глас и зборови се губеа во нашите борбени извикувања со кои не престанувавме да викаме дека сме готови. На неговото лице се гледаше задоволство и кутриот одвај успеа да не смири. По него не поздрави Апостолу, претставник на привремената влада на Грција во Букурешт.
Тој не беше така говорлест како Порфирогенис. Рече што рече и откако завршија нашите ракоплескања за збор ја најавија другарката Евдокија Балева, наречена Вера.
- Драги и многу миљки деца, ченда на вашче таткои, мајки и братја и сестри шо денес геројски се боре и до смрт го бие клетио непријатељ и понасекаде победуваат и високо го креве знамето на победата шо е многу близу.
Јаска во ено со другарите шо се туа до мене ви носа големи и борбени поздрави и мољба да сте готови да поможите и вија за да ги победиме клетите душмани на нашио многу напатен и поробен народ...
Така некако и сега ми одѕвонуваат нејзините зборови. Се не паметам точно, но паметам дека сите зборуваа долго. Устите им беа полни со големи и гневни, многу значајни и звучни, итри и пламени зборови кои без прекин беа дополнувани со гневно кренати и стегнати тупаници, рацете не им мируваа, туку само се закануваа и со прстот вперен во нас чиниш ни велеа – ТИ и ТИ и ТИ, што чекаш? Само очите да ги затворам и пред мене ќе се 33 Готови сме!!! Готови сме!!! Готови сме!!!
појават лицата на тие луѓе кои со големи, остри, пламени и жешки зборови, преполнети со нескротлива омраза кон непријателите и верба во победата, зборови кои ечеа како рофји и се растураа и растегнуваа како секавици, паѓаа врз нас како громови врз карпи и длабоко се врежуваа во нашите распалени глави, ја јакнеа и крепеа нашата вера и нашиот борбен дух.
По нивните зборови сите станавме уште похрабри и стоејќи викавме дека сме готови, дека сакаме сега, веднаш да тргнеме, а од задните редови заори пеење:
Во борба, во борба, во борба, Македонски народе, За света народна слобода...
И песната уште недовршена, недопеена, од другиот крај стигнуваше друга:
Напред, напред Македонци, За слобода и за живот сите напред!!!
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/na-pat-so-vremeto/11 на 29 октомври 2026