Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

On the Road of Time (Following the Traces of Memories)

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 10

Од Петре Наковски · Дел 10 од 18 · Околу 21 минути

Читај на English

И еден ден, пред примракот, дојдоа камионите.

Врнеше, истураше. Радост не зафати. Викавме - брзо, брзо трчајте, качувајте се, се враќаме дома. Во мракот не товарија во тие големи камиони и тргаа и ние радосни и весели си мислевме дека се враќаме дома. Патот беше долг и траеше цела ноќ.

В зори не растоварија покрај морето. Имаше многу песок и сфативме дека сме многу далеку од дома.

И од тој ден веќе не бевме деца на мама и тато...

бевме деца на грчките партизани, деца на генерал Маркос, бевме група на Евгенија, на Марија, на Лина, на Тина и не се велеше децата, туку таа и таа група да дојди, да оди, да се построи на ред за појадок, за ручек, за вечера... бевме група во која немаше име на дете, туку бројче изрежано на метална плочка со ликот на Маркос и на синџирче ја носевме обесена на врат30... а потоа, далеку на север, бевме детски дом број 1, број 2, број 3... и потоа одделеније, па клас... и ретки беа писмата што стигнуваа од дома...

... Птица да се сторам... - пишуваа нашите мајки.

Големата желба да ги видат своите рожби стану-ваше привид на птица со цврсти крилја за да долетаат до нас, да не видат и од радост да исплакнат оболени очи, срца и души... Немаа крилја, но имаа силни раце и цврсти рамена за да пренесуваат ранети и да носат на врв рид сандаци со муниција и долги букови трупци за градење бункери и силни дланки за држење лопати и казми за да копаат ровови и од таму, од врвовите, гледајќи во дални-ната им се чинеше дека ќе ги здогледаат своите чеда.

Далечна беше далнината, во неа се губеше виде-лината исполнета само со желби...

- Нека ни се здрави и живи дечките, та ќе даде Господ да си дојдат – шепотеа и се тешеа со големата желба и надеж...

Само во Него, во Господ веруваа, а сите други ветувања нудени на дланка, беа само припомош за поголемо страдање.

... Птица да се сторам и да долетам до таму... -пишуваа нашите мајки – но, немаа крилја и не долетуваа. А долетуваа други, кои никогаш не беа мајки, за да не видат колку пораснавме и колку зацврстивме и дали сме готови за в бој... И собраа стотици, ги пратија во бој, а нам, на помалите, ни рекоа да растеме...

30 Авторот на овие редови носеше број 2884.

12.

Од Корча заминавме утрото. Возам по калливиот пат што е во изградба. Можеби оваа или идната година од Корча до Поградец ќе се вози по широк, рамен и современ автопат. По десетина изминати километри се вративме за да го најдеме патот што води до Звезда (Zvezde) и Појан, првите две поголеми села каде пребегнатите од Преспа и остатоците од 14 бригада и некои други единици на ДАГ ја поминаа ноќта. Тука беше првото место на нивната подол-га почивка, толку долга, колку да приберат малку сила, да здивнат, да се најдат и пребројат... Не спиеја таму, туку цела ноќ се бараа и се довикуваа, ја бараа и живата стока која се растури по дворовите и нивите. И не ја најдоа.

Некој ја прибра и не знаеја кој...

Од тука, наредниот ден, им рекоа да тргнат, но не им кажаа каде. Послушни и без да се распрашуваат, оста-вија запрежни коли и целата стока – говеда, овци, кози, фрлија на плеќи вреќи и на рамо дисаги и така товарени со со тоа што успеаја набрзина да приберат од дома и со горчината на опустошеноста - појдоа. Од кај корчанското поле се зададоа црни облаци, секавици расекоа небо и донесоа бура која над нив се разлоши и разлуди.

Возам по истиот пат – не пат. Кратко се задр-жавме во Подгорје, каде се распрашавме дали некој памети за многу луѓе кои пред многу години поминаа по тука.

Не, не паметат и старците кои под сенката на разгранетата црница играа јуч. Не паметат или не сакаат да зборуваат со непознати?

Не, тие и сите од околните села нема да зборуваат за тоа како од дворовите и од нивите ја прибираа запусте-ната стока на Преспани и како на брзина избираа што им паѓаше под око и на итроманите на дланка им броеја жолтици. Така стоката на Преспани испокрадена и распро- дадена се најде во дворовите и шталите на нови стопани. А тие, итроманите, распрашувани од Преспани за тоа каде им е стоката, им велеа гајле да не берат зашто сега е во сигурни раце и ќе им се врати кога на Грамос нашите ќе му го скршат вратот на непријателот и сите ние ќе се вратиме дома. Дали Преспани беа убедени во тоа или не? И без да им даваат други објаснувања и оправдувања, им рекоа пеш да го продолжат патот и биени од силниот дожд вечерта допешачија во ливадите пред Поградец. Тука ги чекаа камиони и луѓе со отворени тефтери. Во нив ги запишуваа со име и презиме и скраја од патот ги редеа според името на селото.

- Тука – викаа – да застанат селаните од Герман, таму од П`пли, ваму од Медово, онаму... - и потоа ги доведоа до камионите и еден зад друг се товарија во нив и тргнаа... по патот по кој сега врвиме и ние и попладнето стигнавме во Поградец.

Поградец е живо гратче. На улица, во продавница и во кафеана се слуша и македонски збор. Нови куќи, нови улици и хотели, но не најдовме место за одмор по цело-дневното патување. Некој не посоветува да преспиеме во еден хотел скрај од патот што води за Елбасан, скраја од брегот на Охридското Езеро. Не чекаме, го напуштаме градот и неговите преполнети улици со стари Мерцедеси, запрежни коли и мношто луѓе ( изгледа е пазарен ден) и возиме по нерамниот пат што води веднаш покрај брегот на Охридскиото Езеро. Скоро на секој километар поставе-ни аквариуми од кои момчиња, штом здогледуваат кола, ваѓаат пастрмки, а понекаде и јагули и им ги нудат на патниците. На десеттиот километар од Поградец, во месноста наречена Појске, веднаш до брегот здогледавме голем билборт со осветлен натпис: “ Welcome Lyhnidas kompleksi turistik”. Го најдовме препорачаниот хотел. Голе-миот неонски натпис со името на хотелот – поканува. Мало паркиралиште, железна ограда и порта. Чистиот двор тоне во разновидно расцутено цвеќе. Лево и десно убави дрвени бунгалови и меѓу нив пат што води кон хотелот. Пред влезот не пречека висок маж, велејќи ни дека се вика Нако Брегу, сопственик на комплексот и дека мило му е да прими гости од Македонија. Одлично зборува македонски.

Добиваме апартман со поглед кон планината под која е вториот, главниот дел од туристичкиот комплекст, чети-рикатниот дел од хотелот, на чиј покрив блеска неонскиот натпис LYHNIDAS. Сместен во прекрасен амбинет, овој туристички комплекс, дело на струшкиот архитект Зоран Рафтовски, располага со 29 двокреветни соби, 15 апарт-мани, отворен базен, ресторан во кој се сервираат јадења од локалната и европската кујна, конференциска сала со бифе и најсовремена електронска опрема за одржување соста-ноци, семинари, работилници на кои во есенскиот и зим-скиот период тука дебатираат специјалисти од Албанија, Македонија, Бугарија, Италија, од специјализираните орга-низации на ООН и други меѓународни здруженија. Вчудо-видени сме од комфорот, од најсовремената опрема и високата услуга на целиот персонал.

А сметката? Вон сезона - 30, а во сезона - 40 евра со појадок.

Во утринските часови, по појадокот, се вративме во Поградец. Ме копкаше желбата уште еднаш да ги посе-там местата и селата низ кои на 16 и 17 август 1949 се повлекуваа партизаните на ДАГ и населението од Преспа и Корештата.

Во околните села се распрашуваме кај луѓето дали паметат дека низ нивните села, патишта, ниви и ливади пред многу години поминаа многу луѓе? Во селото Подгорје најдовме осумдесетгодишен маж кој ни рече дека пред шеесетина години поминаа по тука многу луѓе. Кои беа тие луѓе и од каде, не знаеше да ни каже или многу знаеше и не сакаше да зборува со непознати?

Се вративме во хотелот на Нако. По преспаната ноќ, утрото заминавме за Прењес.

До граничниот премин Ќафасан патот води по остри серпентини меѓу голи ритчиња обраснати со висока трева. И тоа што на прв поглед остава најголем впечаток се редиците бетонски бункери од кои се чини дека во секој миг ќе зевне оган од отворените црни пушкарници. Од лево и десно те држат на нишан. Наспроти првиот свиок, отаде широката раскрсница, среде ридот, меѓу ниските растенија – цел ред - бункери. Се чини дека црните очи на пушкарниците ти гледаат право в чело и дека во секој миг ќе блесне оган. Веројатно тие кои го определувале местото за нивно поставување, мислеле дека со првиот истрел противникот треба да биде погоден в чело. На самата помисла те потресуваат морници и чувствуваш дека те облева студена пот. Новите власти не ги отстранија.

Можеби ги оставија како прво изненадување за окото на намерникот и туристот или како белег на едно несакано време во кое тие кои ја водеа државата и ја држеа власта со безбројните бетонски бункери потврдуваа колку беа посве-тени на духот да ја бранат земјата?

Засега бункерите никому не пречат, но несакана врз себе го привлекуваат окото на патникот и будат многу прашања.

На големиот свиок голема сина табла и натписи кои лево го покажуваат патот за Поградец и Корча, а десно за Елбасан и Тирана и понатака, пред свиокот, на патот кон граничниот премин – Ќафасан - голема сина табла со големи латински букви е напишано: “MACEDONIA”.

Малку потаму има уште една помала табла со истиот натпис, но буквите скоро се премачкани со црна боја, што укажува на тоа дека некому тоа име му пречи и црно му напиша.

По краток престој на паркингот, откако и се насладивме на прекрасната панорама на Охридското Езеро, тргнавме лево и го фативме патот за Елбасан. Со намалена брзина се држиме за третата лента на широкиот асфал-тиран пат и се спуштаме прудолу по острите серпентини, држејќи пристојно растојание од шлеперите кои со брзина на желка едни го држат патот пред нас, а други, со уште помала брзина ја фаќаат угорнината, завивајќи на острите кривини.

Широкиот пат благо се спушта и се вклинува во широката зелена котлина оградена со прстенот на околните планини. На сина, сообраќајна табла, натпис со бели букви:

“Perrenjas“.

Паркирав скраја од патот, го исклучив моторот и излегов од колата. Од раскажувања знам кои беа тука, каква им беше живеачката, та затоа од возбуда ми треперат колената и полека, небаре се пробивам низ некоја голема мрачна сенка, пред очи ми се јавува сеништето на болните спомени што како наследство ми ги оставија моите роди-тели и многу други кои во Перењас ги поминаа најтешките времиња по своето искоренување од родното место.

Тука во Перењас, а веројатно за полесно да се изговара е запаметен како Прењес, сместен на крајот од оваа котлина, која гледана од горе, личи на огромен казан, пред шеесет години во бараките, коњушниците и магази-ните на напуштената некогашна италијанска воена база ги беа сместиле нашите, а јас Прењес го запаметив на поми- нување.

Беше крајот на ноември 1948 година, поточно 28-от ден на месецот и тој ден засекогаш ми остана во мачен и горчлив спомен. Тогаш имав единаесет години. Тоа што го видов и доживеав засекогаш ми се врежа во паметењето, но раскажувањето на мајка ми, Фимка, која тука, заедно со илјадници други, доживеа мачно и тешко време што траеше цели шеснаесет месеци, долго го носев во себе одлучен да го спасам од заборавот и да го сочувам во пишан збор.

А за тој ден, кога кон крајот на ноември поминувавме низ Прењес, по години, мајка ми Фимка, ми раскажуваше:

- Утрото, од долу, од кај фурните се слушна не глас, туку писок – доаѓаат! И знаевме дека тоа се камио- ните. Но овој пат не беа полни со оздравеници, туку со нашите дечки. Истрчавме од бараките, едни преку други, брзо, што побрзо да стигнеме до камионите, до нашите дечки. Трчавме покрај камионите, паѓавме во ендеците, а тие да не застанат, туку возат и возат, а ние трчавме и викавме, си ги викавме нашите дечки по име. Булук народ, црневица...

Паднав и врз мене едни ме прескокнуваа, други ме газеа, се сопнуваа, стануваа, четвороношки се влечеа зад камионите, а јас скршена, лежев крај патот. Болки -бодежи по цело тело и само викав, по име си ги викав дечките мои. Кога претрча турмата, потстанав, успеав само да клекнам на колена и со рацете дигнати кон небото викав и викав – по име – а од таму, од камионите, допираа викања и викотници се наполни местото...

- Мамо!!! Мамо!!! Мамо!!! – викаа дечките со подадени раце кон луѓето кои трчаа покрај камионите...

Тоа не беа викања на радост, туку викања на болка, на тага и чемер, тоа беше гласно, очајничко, распа-рувачко, расечливо и неутешно плачење и лелек што се растураше и се разлеваше врз нас, не избезумуваше и ни ги кинеше срцата... А тие, камионите, проклетите, врвеа и не застануваа и со себе ги влечеа нашите жалби и жалосливи гласни јачења и молитви... Не застанаа и одеа и одеа и се изгубија во тие кривини што водат пругоре кон врвот на планината...

Прашината што камионите ја дигнаа и ја оставија зад себе не стигна да легне. Горе, таму на Ќафасан, се појави нов облак и зад него друг и по него друг и чиниш врзани во сунџир, се спуштаа прудолу, по големите кривини... И веќе знаевме дека од таму се влечеа други камиони полни со ранети и ние пак застанати скраја од џадето, ги чекавме со искра надеж која ни ја поткрепуваше добрата мисла дека нешто ќе слушнеме за нашите најмили.

Не застануваа, одминуваа камионите со голема бучава во која се губеа нашите писоци и лелекања и болните овкања на ранетите.

И така секој ден едни наваму, други натаму, одминуваа камионите, носејќи болка... Скаменети скраја од џадето, што секој ден беше ден на плачење, загледани во планината, што секој ден ни беше планина на плач, стоевме улуглави со очите и образите покриени со црните шамии...

и така чекавме секој ден... Потоа... потоа, како и секој ден, се собиравме куп во бараките, во коњушниците и пак и пак си ја раскажувавме болката и во неутешливиот липтеж и плач баравме олеснување од чемерот...

И така, секој ден и сите други денови голем плач се дигаше во Прењес...

А тој ден јас не си ги видов дечките. Само ми се чинеше дека им го слушнав гласот. Можеби тие ме видоа?... ама јас падната крај патот и тапчена од толпата, слушав само викање: – мамо - мамо – мамо!!!...

Тој ден колку ли мајки паднаа покрај патот и дечките не си ги видоа?

И така јас моите не си ги видов... и само ноќта кога за миг успевав да задремам, во сон ги гледав нивните расплакани очи и подадени раце за гушкање... Тогаш наеднаш се будев и потресена се прашував дали таму каде што ги водат ќе има ли некој да им избрише солзи, утешни зборови да им прозбори, да ги загали по глава, да им погали образи?... Градите ме болеа од тешки издишки и се молев и колнев и не знаев кого најмногу да колнам. Кој ни беше крив?...

Таа вечер една жена - така се расчу – полуде...

Во соседната барака, истата ноќ, битисаа две доенчиња.

Завиткани во излитени италијански ќебиња, по полноќ ги погребаа. Велеа дека имаа тешка умирачка... Не знам како да кажам, како да ја наречам таа болка, таа умирачка...

Тој ден не застанавме во редицата за да земеме манџа од казанот. Седевме скупчени куп на своите раго-зини, и со мислите трчавме зад камионите што не застанаа, ами одеа преугоре по тие големи кривини што се вртат до онаму високо - високо до под облаците... Таму зад тие височини ни ги однесоа децата, зад тие магливи ридишта и можеби и до таму стигнуваше нашиот плач, ама болката остануваше во нас...

Така беше... а тој ден беше претпоследниот ден на ноевмри и утредента падна снег и фати голем студ...

Триесетина години подоцна, скопската издавачка куќа “ Култура” го објави мојот прв роман со наслов “Постела за чемерните”.

Првите страници му ги посветив токму на тој спомен и на тоа време - невреме. Запишав:

“На садовина и скрка, скраја од џадето, долги сиви, подгниени бараки, изградени од плитари и покриени со ‘ рженица. Лево – стари фурни. На угорнинката – заеднички клозети. Под ридот гробишта, а под нив, бараки наредени како под врвца – долги, со тесни, мали прозорци низ кои, поради железните решетки, небото се гледа во квадрати. Во средината правлив мегдан. Малку понастрана ниска куќа, ѕидана од делкан бел кремен.

Toa е Прењес.

Џадето тесно, набиено со дебела кременеста коцка. Ендеците широки, длабоки и обрасната собозјак и магарешки трња. Во деновите кога врне, од горе, од ридиштата, дождовницата влече матна црвеница и се полни со тиња. Во ведрите ноќи студенилото допира до коска, а дење – жега. Каменот – бел, испран од дождот, испечен и распукан од сонцето. Кога дувнува ветар, што во пластови надоаѓа од планините, облаци црвеникава прав висат над бараките.

Тука, од сите места над кои згроби црвениот петел на војната, надојде народ. Чемерен, разнебитен, размеѓен – вудвосани старци, вдовици од шест војни, раскостени жени што ги наткаса болест, самоглавнички, доилки и чеднички и меѓу нив мажи разнеможени и мажи роболепници на сопствениот страв. Меѓу нив и по некој што обесил пушка на трн, а тука се јуначи.

Двапати на ден над Прењес се наднесува облак на битисување. На развиделина и квечерум. Двапати помину- ва колона камиони. Ако се дигне прав од долу, откај фурните, тогаш камионите носат оздравеници од болни-ците во Елбасан, Тирана, Драч и Сук и со нив – храна и муниција за оние на боиштата на Вичо и Грамос. До границата, а од таму на рамо и плеќи, со магаре, коњ и маска до другите планиње. Во сивата магла што се претурува во котлината се случува камионите да стигнат до фурните со притулени светла.

А кога во сивите развиделини на врвовите на околните планини затреперува првиот зрак на сонцето, горе на ридот, откај превалот почнуваат да се спуштаат по змиестиот пат камионите што во сабајлината поминуваат низ Прењес. Полни се со ранети. Се спуштаат удолу по калдрмисаниот пат разофкани, распцуени и крвјосани... И така двапати на ден, над Прењес ката ден се слуша:

“доаѓаат”. Ката ден на развиделина и квечерум од бараките и коњушниците се истура црневица и, разнемоштена, разофкана, разорлавена и разнебитена, трча на кај џадето.

И колку поблиску е колоната, толку поголема е турмата што во навалица надотекува кон џадето од бараките и коњушниците. Луѓето, газејќи ја таа пржелика, трчаат од сите страни и викаат, се довикуваат, се туркаат и паѓаат. И во тој вик не се слуша ниту име, ниту презиме, туку само “о–о-о-а-а-а-!!!” и плачење, и молење, и колнење, и проколнување, и пцости, и лелекање. Секој го вика и го бара својот најмил, најблизок, најочекуван, најсонуван...

Сите ги бараат своите најблиски: во тие стари чешки и италијански камиони што не сакаат да подзастанат сите трчаат крај камионите, се туркаат, се удираат, а оние кои паѓаат, остануваат да лежат поснопица, изгазени од навалицата... така ката ден, двапати, турмата од жени и старци квечерум трча зад камионите се до фурните, до првата стражарница, до првиот бункер зад кој продолжува патот накај Елбасан. Тука застанува... А во бараките, оставени на рогозина, на сламеник, плачат доенчиња, офкаат и стенкаат разнеможените чиј век е на битисување.

А ката ден трчаат зад колоната камиони што змиесто се оддалечува по угорнината... на раздрумот – цевки со штикови што блескаат под првите зраци на сонцето.

Навалицата застанува. Камионите се губат зад последниот свиок. Старичките ја испраќаат колоната и се прекрстуваат.

Ги испраќаат со благослов оние кои од болниците се враќаат на боиштата... “ Нека им се на здравје лузните... “

– изустуваат некои, голтајќи солзи. Со нем поглед и со симнати црни шамии се збогуваат со оние кои одат на бој, а потоа толпата, забрадена со црни шамии, се разбранува и полека кинисува удолу. Не се враќаат веднаш на своите сламеници и рогозини во бараките и во коњушниците.

Увилено го пребаруваат џадето, ендеците, бозјакот и бурјанот. Бараат писма што пред малку ги фрлиле од камионите. А потоа во бараките и во коњушниците, од доцнина до ранина и од ранина до доцнина пробивно и долго се слушаат олелии. Од барака до барака одат сенки, се собираат роднини и ги оплакуваат и ги редат зеднички оние кои загинале на боиштата на Грамос и на Вичо, во Епир и Тесалија и што умреле осакатени во болниците под туѓи поднебја... А кога солзите и плачот ќе им ја затапат болката, редат тие во темнината, изустуваат само по некој збор, санким се наоѓаат на разбуд...

На таа садовина, на која со раѓањето и умирањето на денот црна турма се дотура кон џадето, не расте трева;

се е изгазено. Во бараките и во коњушниците за чемер-ните, разнебитените, размеѓените и испадените, на сламе-ник и рогозина има само по четири педи место. Над нив долги, подгниени греди, под нив калдрма во која до векутому век е впиена коњска моч. На снеможените здравите им посакуваат што поскоро да починат – да се спасат самите и од себе да ги спасат другите.

Меѓу двете поминувања на камионите, наспроти забраните и заплашувањата, некои скришум се искачуваат до горе, до превалот и од таму, гледајќи ја големата вода, а преку неа високите врвови на сивите планини, си шепотат во себе и покажуваат со прст еден на друг, велејќи – “Ене, онаму е нашата дома”.

Тука, во Прењес ката ден чекаа и согоруваа во желбата да ја слушнат веста:

- Народе, излегувај, се враќаме дома!

Така секогаш почнуваа – народе дај, народе носи, народе трпи, народе трај.

Иако долго и секој ден чекаа, не слушнаа глас да провика – народе се враќаме дома.

Тоа што успеале да го понесат со себе, секогаш стокмено, чекаше да биде фрлено на рамо и чекорот подготвен за долгиот пат на враќањето.

- Така беше - велеше мајка Фимка, бришејќи ја натежнатата солза со крајчето од црната шамија... Болеж-лив поглед фрли пред себе и по долго молчење, прекину-вано со тешки издиви, рече покажувајќи со рака: - Таму, долж џадето, каде откако ќе заминеа камионите, секој ден чепкавме во бурјаниот и тревата и баравме писма, една жена најде писмо. Брзо го пикна в пазува, таму не ни чепкаа кога не претресуваа,. Во тоа писменце што ноќе, во светлината на полната месечина ни го прочита еден од падавичарите, пишуваше дека децата од тоа и од и тоа село се наоѓаат во Дуреси. Само толку. Ниту кој го напиша, ниту кој го фрли. Само толку. Ништо повеќе. Ниту беше напишано што е тоа Дуреси, дали е град, дали е држава, дали е село?... Само Дуреси. И почнавме да опитваме за тоа што е тоа Дуреси, ама скришно и во голема доверба. Никој не знаеше. Што бараш од нешетани? Ние таму во Прењес бевме како во коко-шарник – дење излези – ноќе врати се.

Толку знаевме. Ама една ноќ пуштивме еден старец во Шкумбин. Тоа е албанско село надвор од Прењес. Со молење и молитви му рековме да оди и да опита некој Албанец што е тоа Дуреси, град ли е, село ли е, држава ли е и каде се наоѓа. Отиде старчето и в зори се врати. Касаба е рече, голема касаба крај морје. Леле, викнавме ние, крши-ме прсти, корниме коси, плачиме та сал мислиме, леле ако таму ни се дечките ќе ни се удават во морјето. Нејсе. Ние, три - четири жени, пак го викнавме старчето и со молитви го замоливме пак да оди во тоа албанско село Шкумбин и да се распраша дали е далеку таа пуста касаба Дуреси и како да се оди таму. Старчето отиде и дојде, та речe -Дуреси е касаба и од тука е далеку десетина дена по нозе. – Не е далеку – рековме. Од дома до тука заедно со стоката ние пешачевме цел месец, та што се десетина дена за еден маж? И дерт голем не фати – кого да пратиме? Секој ќе сака да си ги види дечките. На крај рековме нека оди Трајко. Здрав е во нозете и знае по некој албански збор, та ќе може да се најди ако по пат се изгуби. Цела недела беревме парчиња леб, кршевме од лебот што ни го даваа на казан. Парче, по парче – се наполна торбата леб и сув мармелад. Старчето во доверба му шепна дека прво да помине по Либражд и да се држи покрај патот, а ако најде камион, може да оди и со камион, а кога ќе стигне до еден голем град што се вика Елбасан да не го фати горниот, ами долниот пат. Ако оди по горниот пат, ќе стигне во Тирана, а ако оди по долниот пат, по рамно – така му рекоа тие од селото Шкумбин – ќе стигне во Дуреси, а таму како што знае нека се распраша каде имаат сместено многу деца.