Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Noose

Глава 19. - Првиот судир на судбините Живот и визија без ритам - Part 01

Од Стојан Кочов · Дел 24 од 27 · Околу 21 минути

Читај на English

Глава 19. - Првиот судир на судбините Живот и визија без ритам.

Првиот судир на судбините, по средбата на злосторници и жртви, во прифатилиштето “Чаир”, Скопје.

Ете, лишени од славата своја, во големо понижување опстојуваме, водени со сила каде не сакаме.

Данилов ученик

1.

На Камениот мост маглата беше толку густа, што морав да бидам претпазлив и да се држам до камената ограда. Околу мене, пред мене, зад мене имаше луѓе што итаа кон своите намери. Човекот со стар мантил, што клинакаше пред мене, го стигнав токму пред социјалното и застанавме во ист ред пред еден шалтер на кој пишуваше: ”Шалтер за Егејците”.

Сега ми е тешко, дури и невозможно, да кажам кога точно прв пат во животот го слушнав зборот ”Егејци”, со големо ”Е”.

Го прочитав втор пат и во себе: “Гледаш ли колку зла судбина има околу нас... Околу овој шалтер?” Воопшто не се сеќавам во домот на моите родители или во Граѓанската војна (1945-1949), но ниту во СССР, да сум го чул тој збор макар и еднаш.

Ме лутеше и огорчуваше, ме осамуваше тој збор. Ме правеше да чувствувам вина, без вина. Ме отуѓуваше, ме истуркуваше надвор од матичната историја.

Но се уште не можам да објаснам што е тоа, што ме натера да ја рекоструирам целата вистина за драмата наша македонска и да докажувам дека сите сме ”Егејци” и нема кој не почувствувал радост, страв, болка, љубов, гнев, повреденост, напуштеност. Внатре во нас, сите сме исти. Но ние во прифатилиштето се уште се потпираме на сликата што ние инсталирана во главата: како чекориме кон совршеното комунистичко општество.

Човекот што застана пред мене, мирисаше на тутун и бајата вода.

Образите му се чудно црвени, а изморените очи му светкаат како недотлеани жарчиња, ама поткраднето, како здивен, погледнува кон сите.

Ме загледува недоверливо и ми вели:

-Ти си новодојден?

-Да. Му одговорив и забележав дека движењето на рацете и немирното стоење покажуваат намалена психичка и физичка енергија, чиниш е биен од црни мисли, разочаран, растроен, погледот му е со некакво чувство на вина, на безвредност. Напати со погледот манифестира нетрпеливост и посакува да прикрие некои невролошки испади.

Се сврте уште еднаш кон мене и ми вели:

-Да не си ти Јане Огњанов?

-А ти кој си? –му велам, мислејќи дека е непотребно да му објаснувам кој сум и од каде сум дојден.

Но кога добро го загледав, некои црти на неговото лице ме потсетуваа, ама не бев сигурен.

Тој не издржа и се подаде да ме прегрне. Доближувајќи се, ми вели:

-Јас сум оттаму и помнам, роден сум како секој што е роден. Јас припаѓам таму. Она на што се сеќавам, сјае.

Јас сум Васил Богданов, твојот соборец низ борбите на Грамос и брат на покојната Лена Богданова. А јас си реков во себе: ”значи, ти синот на Лина Богданова?” Се стаписав. Братот на Лена Богданова?! Ме обзеде студенило, знаев дека тој бил офицер во Титовата армија и од Грците обвинет како Титов агент што раоботел за ОЗНА (одделот за заштита на народот), но подоцна регрутиран во КОС (Контраразузнавачки сектор на ЈНА) и дека дури кон крајот на 1948 година бил откриен од грчките разузнавачки служби и дека бил егзекутиран по налог на воениот штаб на нашата бригада.

Сега сме биле во иста барака број 8, но тој бил во една соба на самиот крај од долгиот ходник.

Живее сам, угул сам, чиниш свесно го турка својот живот до работ на смртта. За ноговото враќање велеа дека било “Срекно враќање од мртвите”. Тој, кога пристигнал во прифатилиштето, целосно ја имал загубено меморијата и ништо не се сеќавал. Така и му пишувало во отпусната листа од УДБ. Но, ете, сега ми зборува за животот, смртта и за вечноста...

Никогаш никому не му побарал ништо; не прима ништо, не дава ништо Васил Богданов. Со никого не зборува. Чуден е. Но од неговата стамена става и строгиот израз, јасно се гледа дека носи тајни како голем товар. А тука е, до неговата врата и Питомир Доброљубов – активистот на НОФ, кој со години пека по својата љубена Донка. Сите велат: ”Среќен е што уште умее да сака...” Не ги познавав жителите и за нив не знаев ништо. Многумина од нив се повлечени, чиниш живеат без копнеж, а живот без копнеж е очаен

– без цел. Копнежот е двигател на животот.

А сега, по војната, луѓето тука, во прифатилиштето, се чувствуваат како да се во иста стапица. Од ден – на ден, од година на година тие се се помалку среќни. Едноставно сакаат да имаат свој дом и човечка слобода и свој живот.

2.

Да. Минче Јажин, е најмалиот брат на прочуениот активист на НОФ Филе Јажин, сега прекрстен во Питомир Доброљубов, кој беше присутен при извршувањето на смртната казна; со бесењето на Лина Богданова и по војната, си ги промени името и презимето и мисли дека ќе најде мир и сега е малку поинаков тип човек. Не е како другите жители од прифатилиштето. Свири на руска балалајка. Сам научи да свири и на виолина по слух. Бил член на логорскиот оркестар во еден од сибирските логори – ИТЛ (Исправитељние трудовие логора) (0, 25).

Ретко се случува да ги видам заедно со Васил Богданов, а живеат врата до врата. Но еден ден, кога Богданов му ја раскажал приказната што ја доживеал на Голи Оток, осуден од југословенскиот закон, тоа го стори, сега не како Минче Јажин туку како Питомир Доброљубов, кој секогаш одеше до јавниот нужник, така гологлав, со расфрлена бела коса и тревожен и набрекнат израз на лицето, од сите поминати навеишта. Тој, еден ден, подробно му ја раскажа својата приказна со длабок и засипнат глас на лерински дијалект.

Еден ден му рекол:

-Глодавме иста коска и за иста коска се глодавме. Како лути пци се касавме.

Но, со нас Македонците, комунистите правеа политичика трговија, и не убедуваа дека тоа е реална политика. Но сега си признавам дека како член на НОФ носам голема вина спрема својот македонски народ, а не спрема КПГ, зашто бев осуден според Кривичниот закон на Руската Федерација и ми одредија број 049 што сум го носел низ сибирските зими како да сум расен коњ и секој може да го јава низ непрегледните тундри.

Денеска сакам пред народот наш да кажам дека организациите НОФ и АФЖ се најголемите виновници за масовното учество на Македонците во сите воени и политички потези што ги правеа КПГ и ДАГ. Мојот грев е голем, не сакам од тоа време дури ни името да го носам...

Моќта на НОФ и АФЖ произлегуваше, главно, од моќта на КПЈ и КПГ, посебно во војната од раководството на ДАГ. Ние нофистите и афежистките и со војата лојалност и сервилност кон КПЈ и КПГ, не бевме свесни за трагикомичноста на улогата што ја игравме, ние истовремено се јавувавме и како креатори на манипулацијата со сопствениот народ.

4 јануари 1950 година, кога стигнавме во Москва, ми е врежан во душата. Не напикаа право во затворите на Лефортово, Лубјанка и Бутирка, како да сме најголемите непријатели на социјализмот.

Тој ден беше многу студено.

Ќелијата беше полна влакна, не беше сметено можеби уште од Октомвриската револуција. Полна влакна, сперма и нокти, од белогвардејци и револуционери кои беа против Сталин.

Во ќелијата сум проживел 2,5 година или 900 дена и 900 ноќи.

Ама јас кога ги изброив во часови, се зачудив кога ми поминаа 20.600 часа во четири ѕида и руско студенило. Но најтажен бев кога умираше некој од соседната ќелија и го завиткуваа во грубо ќебе и го фрлаа во еден камион.

Не знаев зошто понекогаш не ми доаѓаше сонот. И тогаш кај мене настапуваше целосно молчење. Како да заминував во некој друг свет.

Страв од луѓето. А јас знам, кога човек се плаши од луѓето, значи да му сториш грешка на Бога. Чувствувам како и тие да се плашат од мене, а јас како христјанин им се чудам: човек во кој има жива душа, не би требало да се плаши, а тоа не е ни човечно.

Ме јадеше бесот што сум тука без да сум сторил никаков грев спрема мојот народ. Има ли полошка казна? Ете, и денес не знам зошто сум бил затворен 20.600 часа во затворот”Бутирка”. Студот беше неподнослив, но уште потешко ми беше кога завиваше човеков крик. Сето тоа ми се случуваше во најубавиот град на идниот комунизам – Москва.

Големата изолација на човечкиот род е осаменоста. Ме убиваше тоа што бев сам, и почнав да тонам, да заглибувам во изгубената надеж дека ништо во мене не останало по што ќе можам да копнеам.

Можеби беше јули 1952 година, ми дадоа едно торбуле со сува храна и конзерви и со многу други затвореници не натоварија во едни вагони како страшила и по неколку дена стигнавме во Сибир, во градот Тајшед. Одев по таа земја пред мечовите на руските војници.

Одев со претворено животно тело во тешка мрша.

Доаѓам од тој ужас во кој сум преживеал како каторжник, кој работел во сибирските тајги и преживувал во денот со само една алуминиумска чинија боршч.

Доаѓам оттаму, пријателе. Таму ги научив сите зборови вредни за власта. Ги научив сите зборови на омразата и потем избришав се, па дури си ги променив и името и презимето само со една цел да ја најдам Донка и да создадам семејство и дом.

* * * Еден вид лутина се распламти во Питомир и замолча. Очите малку му заиграа и се праша: ”Кој сум јас! Сега со новото име и презиме? Никој, пак осамен човек кој катаден со балалајката го турка денот”.

Тој се уште се сеќава на изразот на лицето на Донка, кога случајно се сретнаа во организацијата АФЖ. Тие оттогаш и во војната имаа луда љубов, полна со назаборавни средби, кои покажуваа дека ќе имаат мирен и среќен брак.

Питомир ја извади фотографијата на која беа сликани заедно со Донка во униформа на ДАГ.

И сега љубовта, чии спомени не можеше да ги згасне дури ни по десет години. Љубов што му остави лузни, која нема да може да ја излекува, што му ја остави душата во осамен пустош.

Но не се осмелува да помисли дека Донка го има откажано! Тој гореше од љубомора ооткако имаше наслушнато дека Донка му ја грабнал некој Грк и сега живеела во Ташкент. Но Минче не веруваше, и се уште чекаше одговор. Живее на штрек и со претчувство дека ќе ја сретна Донка. Таа е тука, заскитана со талкачите. Сигурно да е осамена и тажна.

Се обидуваше сосила да мисли на нешто што му носеше расположение, но паѓаше во неразјаснети и чудни стапици и цела ноќ трага по животот на радоста, на желбите што болат.

-О, Боже, што не сум рекол, спротивно на она што сум го пропагирал пред нашиот народ, дека оваа војна била продолжение на Илинден (а тоа го велев за да го намамам народот) за нашиот искионски идеал и дека е достојно така да се загине за Македонија.

Можеби се се судрило во мојот измачен мозок?!

Да ти прикажувам за маките, ќе треба илјадници часови да те изморувам и да се ежи од спомените...

Најдобро е да ја премолчам таа црна историја. Но сакам да кажам дека таму научив да свирам на руската балалајка. Срцето ми стана како стуткана кошула откако ја изгубив љубената Донка, која ме бакнуваше со мирисот на букова шума. Сега останав сам да шепотам на зајдисонце.

Ја влечи раката со раширени прсти, со ритмично дишение, мрморејќи ги зборовите на руската песна ”под московские вера”.

Долго ѕирка низ прозорецот по новодојдените талкачи, а потоа ќе се оптегне на железниот кревет, опиен од мирисот на душекот што мирисаше на моч од болежливи луѓе, баби и дедовци што се мачкале со камфор и ”руска вода”. Така дремливо, со очајничко срце ја свири и ја пее песната ”Сербез Донке.” “О Боже мој, Питомите! Колку е неправеден животот?” се велеше во себе и така заспиваше со талкање на душата по безграничните предели на сонот.

Месечината се вовлекуваше во неговата постела и го намнисуваше на вечеренките што ги поминувале во црната шума на Вичо Планина прегрнати со Донка.

Сега се мачеше да ги научи и нашите убави песни да ги свири на овој чуден инструмент. Ти знаше дека тоа го сторија сите луѓе што биле таму: Германци, Полјаци, Романци, Бугари, Грци, Чехословаци, Унгарци, Монголци, Кинези, Корејци и Југословени.” Ја наведна главата, го избриша потното чело и рече:

-Не сакам да стапнам веќе во Русија додека се живи наследниците на големиот Водач. Со години се мачам да одгатнам: како сум можел да го прекршам Кривичниот закон на Руската Федерација борејќи се во мојата татковина Македонија под Грција! Не сакам, таму ми се одземени елементарните човечки права без да можам да се бранам.

Душата ми е чемеросана од катадневното јадење капуста (зелка) и со години облечен во фротирска теплогрејка, фурашка и сабоги. Не можам, дури сега, кога се присетувам на обесените лозунги кои имаа поределена политичка воспитувачка цел... Стар сум. Сакам се да заборам, само не рускиот човек. На руската песна, која ме пленува и доживотно ќе ја свирам на оваа балалајка...” И сега, Доброљубов кога свири, зазема таква поза; ја држи балалајката малку нагоре, повисоко од хоризонталата, како кога свиреше во Сибирскиот оркестар под раководство на Иван Петрович Кокоткин. Тој сега си ги припомнува зборовите на Кокоткин:

”Свирите со максимална ангажираност на своите емоции. Емоциите го учат човекот на разум...” Само, сега понекогаш, во самотијата има моменти на занес и свири.

Неговата музика е проста и измачувачка, блиска по изразноста спрема произнесувањето на гневни песни, со жално значење и малку потплачува.

Сите песни ги исвирува кога ќе слушне дека доаѓаат нови групи талкачи, со надеж дека ќе му се врати љубената Донка.

3.

Понекогаш, при случајните средби со Васил Богданов, ќе застанеше, и зборуваше долго, но никогаш за себе, секогаш ми зборуваше за нашата општа трагедија. За оние на чии раце имаше засушена крв од минатите војни.

Еден ден Васил Богданов ми вели:

-Ова не беше војна по наш избор. Во неа живеевме во свет на диктат, а диктатите се монолози на моќниците. Цинизмот стана лицемерен и криминален. Ние Македонците во оваа војна не знаевме до каде треба да одиме и да си го најдеме местото каде што припаѓаме. Цинизмот на југословенската загриженост за Македонците во Грција, може да се изрази со неколку збора: можеби Југославија во 1944-1945 година посакуваше да избегне граѓанска бојна во Југославија или со Грција посакуваа да си ги решат идните проблеми со нас Македонците.

Нашиот живот по војната е потежок од смртта. Ние сите останавме вечно обележани од воените страдања. Низ Граѓанската војна се прекршуваа длабоки и јасни ставови за моќта и за нејзината злоупотреба. Животот во неа немаше правила.

Тие што не мачеа треба да ги погледнат своите раце. На нив има крв – засушена крв од Граѓанската војна. Расправа и вели:

-За некого сме биле херој, за некого предавници. Некои уживаа да ни нанесат доживотна болка, а некои да не фрлат далеку од своите.

Да бидеме несакани и од нив за кое сме се жртвувале.

Можеби жртвувањето го правевме за спас за сите македонски маки или можеби не...?

Си ги собра рамената, ја искриви устата и чиниш сакаше да остане недоискажан, но продолжи:

-Во времињата на војните и нашата длабока поделеност, ние Македонците проклети ќе бевме ако изразевме став, проклети ќе бевме и ако не го сторевме тоа.

Сега на животот во прифатилиштето, човек да се чуди и да се радува. Како човечки суштества, навистина нема ништо повредно што можеме да посакаме освен слободата на сопствената мисла, слободата на талкањето, слободата на сопствениот идентитет и своето јас. Да, токму сега, по најлошото што мина со војната и затоврите. Најлошото го нема, но има нешто необјасниво и во прифатилиштето, доколку си затверен во четири ѕида, без разлика колку и да ти се убави ѕидовите. Убавото за човека ќе го нема долколку е затворен во одредена територија без можност за излез, но сепак е подобро отколку да си на некој гол остров или сибирска густа шума!

Не знам. Можеби сум премногу песимист, можеби премногу недоверливо ја гладам перспетивата, но дефинитивно сметам дека никогаш нема да се вклопиме во општествениот живот, на патот по кој не носи историјата ќе останеме вечни талкачи.

Богданов го измачуваше катастрофата на неговиот народ. Го измачуваше добро чуваната тајна за илјадниците судбини на неговите роднокрајци – викани Егејци.

На крајот не можеше да се сети на годините од првата љубов... Се прогонил од своите соништа затоа што имале вознемирувачки отклон, а трепери како море. Ветер. Во недоглед. И една мисла што шпионира се: неговата љубена имала бенка на грбот. Сонува суви острови од кои веќе не му доаѓаат никакви вести.

Ја наведна главата и долго размислуваше во себе: “Понекогаш помислувам дека ќе беше подобро никогаш да не се родев”.

4.

Постарите станари, со кои подолго живееме во прифатилиштето, сме од Ташкент, од Згорзелец, од Бело Јани, од Војводина и од Питешти, и сите сме поминале низ Идризово преку службите на УДБА кои не распитуваа не за сето наше минато: за нашите херојски борби на Грамос и за нашето поданство. Ни ги собраа црвените партиски книшки и мислевме дека наскоро ќе дојдат среќни дни, можеби тоа помогна да го заборави во Марксистичк- ленинистичко-сталинистичкото уредување, но никој ништо не ни кажа за нашата иднина. Ноќите во прифатилиштето имаа свој начин на поставување на прашања. По ова никој не не гибаше.

5.

Еден ден под стреата на една барака беа наседнати повеќе станари, а на небото ниеден облак, воздухот мириса на свежо косена трева. Веќе е пролет, ближи Први мај, денот на пролетаријатот.

Силина на сонцето и благост на ветрецот, многу луѓе тргнуваа и одеа во природа. Ние талкачите еден по еден се збиравме под стреата и споревме за случките од војната. За логорите на идните смртници.

-Чудно е сега да се сеќаваме на оние што еднаш беа поживи од нас самите, -чиниш посака да даде вовед во дискусиите Паскал Рогожаров, брз на зборот, секоделија, што се вели, но овој пат беше настроен и продолжи:

-Ката ден ве слушам како се расправате за војната и за нашето саможртвување. Ние денес не треба да гледаме кај сме паднале, туку каде сме се слизнале.

Море луѓе!

Отчет се бара, не нова магла и неизвесност. Време е за отчет! Ние денес живееме низ преденото на политиката. По нашето враќање во Н.Р. Македонија, некако нејасно ни се наложи животот; не гледај, не слушај, не зборувај, тоа е денес начинот да се опстане. Нашите преголеми очекувања од другите (КПЈ и КПГ) ни донесоа неволи и разочарувања. Ние и од онаму од каде што дојдовме сме биле сакани како граѓани, но обесправени како луѓе, фрлени во идеолошкиот отпад по Граѓанската војна. Време е да се кажат сите мрачни страни на политиките од овие партии, без јасна историја ние сме и остануваме во времето на сеќавањето.

Ние сме имале разни циклуси на бумови и крахови, на лудило и паника. До пред неколку години владееше алчноста: диктатот и валканите цели. Сега, како талкачи во прифатилиштата, живееме под страв. Никој не знае колку долго ќе трае овој циклус, додека ни се оформат нашите досиеја. Ние ништо не знаеме што ќе се случи со нас талкачите сега, кога преминавме кон друг бог. Ќе имаат ли крај патилата и страдањата наши?

Ние сите знаеме дека нашите раководители на НОФ и АФЖ тука беа пречекани како заслужни луѓе, а ние, борците, сите поминавме низ иследувачкиот апарат во Идризово. Зошто!? Јас не ja разбирам таа работа: војската лоша, а раководството добро. И се прашувам: Ќе има ли крај таквиот двоен морал? Ќе имаат ли крај иследувањата наши кога самите овие раководители (поставени од КШ како одговорни за Македонците) не тераа да се бориме до смрт за туѓи интереси во единиците на ДАГ?

Има ли надеж да не рехабилитираат?

-Ќе има, -дофрли Митре Калчунов и продолжи: -Ако отсега верно тука си ја правиме молитвата "да ти се многу лета" кон новиот Бог.

Сакате ли да ја знаете вистината?

-Која вистина? -И сите останаа со отворени усти.

-Вистината за нас што не викаат Кгејци! (со големо E).

Можевме ли ние да одиме во некоја балканска конфедерација со урнисано семејство?

Сега најсетне, откако ни ги зедоа децата? Кога од нас Македонците КШ и Захаријадис во Граѓанската војна направија службено семејство? Мажот и жената на фронт, децата под грижа на Партијата и расадник на идни жртви.

Но сега и ова е нов циклус во нашиот живот. Се сеќавам на слоганот на комунистите од војната и потоа во емиграцијата. Кој би сакал сега да го чуе сето тоа? Никој не ни ги признава годините минати на тие факултети (во планината) за духовните науки?

Кој би го поверувал тоа сега? Дури сега малку заушивме дека со демократијата е еднакво како со диктатурата, со фашизмот е еднакво како и со неколку партии што се нарекуват комунистички.

Сега ве прашувам сите вас: по сето ова ќе бидам ли вистински среќен?

6.

Bo свеста Ha талкачите ce повторуваа овие прашања, HO секој додаваше понешто и кажаното вчера стануваше поимливо за причините поради кои денеска тие луѓе на секаде по државите ги полнат прифатилиштата.

-Јас по моето дезертирање од албанските логори бев уапсен од грчката разузнавачка служба и се најдов во Скопје, - вели Васил Богданов и продолжи да раскажува:

-Да, тоа беше време на идеолошка шизофренија. Пролетта 1949 година беше времето на моето враќање во Југославија, и тогаш ми го поставија прашањето: "За кого си? За Сталин или за Тито?" Јас ни здив не изгубив, реков за комунизмот и за големиот Сталин.

Бев уапсен од службата на УДБА и сместен во логорот "Матка".

Поминав тешки месеци. Тоа ми беше второ бегање од родниот крај. Не знаев што да правам, се губев. Страшни мисли ми се вртеа во главата. Еден ден, во очајот, ја искинав црвената книшка и сите одликувања ги фрлив в оган... Дојдов до сознание дека со моето поданство сум осуден и од Бога, не само од својот народ. За човека родното место е најмоќниот фактор во одбраната од туѓите пропаганда, а токму со оваа војна се посакава уништување на идентитетот и македонската народна јатка”. Врз пластот на таквите пропаганди, почна да се создава политика диктирана на релацијата КПЈ/КПМ и КПГ, а таа се одрази и врз државната релација Белград-Атина, и сето тоа во целост го стави длабоко затскриен македонскиот народ и нас Македонците што се најдовме масовно во редовите на ДАГ да се (само)жртвуваме.

-Значи, тие што не турнаа во војната си остана пријатели.

-Да. Токму така, - рече Доброљубов и продолжи: - Федерацијата во која ние Македонците, (НРМ), за жал се покажавме како најслабиот новодојден се откажа од своите интереси во Егејска Македонија зараде Балканскиот пакт (13) со фамозниот договор Поповиќ-Авероф.

Васил Богданов, се на поминот и вели:

-Нашите Егејци што беа во УДБА ме распрашуваа катаден за се и сешто. Сите си правеа кариера. Но одеднаш сите што со години ми беа пријатели и соборци од егејската бригада си го свија опашот и преку ноќ ми го свртија грбот. Во такви моменти сфаќаш дека политиката е апсолутно немилосрдна, гази се пред себе од името на некој виш интерес или за нечија стекната придобивка во службата на ОЗНА.

Никогаш не сум видел толку вескруполозни притисоци, какви што доживеав тие денови.

Многу од главните позиции во УДБ беа заземени од нашите (егејци) кои не беа дојдени во Граѓанската војна или беа дезертери и нас борците со народот македонски не имаа оставено во рацете на туѓинците или на нашиот нереален противник.

Служејќи во нивните редови, се уверив дека Македонецот е само жртва...

Јане, секој владетел е со своја стратегија и посакува неговите поданици цврсто да застанат зад секоја негова иницијатива како еден, обединет. Полесно се справува со таквата стратегија, “раздели па владеј”. Така Водачот, станува и властодржец и лесно може да ги насочува чувствата кон ”внатрешен и надворешен непријател”, така лесно може да ги контролира расположенето и возбудата на масите.

Така се создаваат ”обединети во омразата”, а тешко на тие што ќе бидат надвор од оваа толпа. Тоа сега добро го разбрав... Тоа беше политика на Сталин и Тито, со цел да се спаси социјализмот во Југославија, но набргу стана прифатливо и за западните сили, со посебна цел да се искоренат комунистите од Грција. Една од причините за таквата позиција несомнено бил фактот дека СССР му ставил до знаење на грчкото комунистичко раководство дека е против вооружено преземање на власта: Черчиловите преговори со Сталин резултираа со договор, непознат во Грција во тоа време, според кој земјата целосно премина во британската сфера на влијание.

Советскиот Сојуз имаше поголеми риби за фаќање во Источна Европа.

Тогаш многумина од нашите Егејци ги имаа свртено главите кон Белград и моето произнесување не им се допадна. Некои дури беа и навредени од начинот на кој го толкував дејство на НОФ и АФЖ, дека таа невна активност што ја водеа македонските борци во единиците на ДАГ немала никаков патриотски карактер. НОФ и АФЖ не станаа ни политички ни воен фактор во таа војна, туку по масовните мобилизации на Македонците, тие од КПГ беа турнати на маргините. Јас тоа го видов со свои очи и, кога го кажав тоа, се раководев од принципот дека спрема сопствениот народ треба да останам објективен и непристрасен.