Глава 6. - Пречек на Новата година - (31.12.1947- 1.01.1948)
Глава 6. - Пречек на Новата година - (31.12.1947- 1.01.1948)
1.
Чудесниот град беше замрен, а луѓето беа во него, плачеа обземени од страв и ужас. Стотици судбини беа во нашите раце и во рацете на сите што носеа оружје. Тие беа, небаре проколнати од Господ Бог, Новата 1948 година, да ја дочекаат во темните подруми, а светот не знае ништо за нив. Се пали на сите страни; палат нашите, сеат страв. Наместо мирис и вкус на месо (прасе или печено пиле) за пречек на Новата година, чад и оган. Наместо насмевки и детски игри, солзи на мајки и заробени деца и жени. Свежиот воздух и така одамна го нема иако е лута зима. Совеста на сите ни е темна. Секој е виден само преку нишанот на оружјето.
Јас и Леонидас сме на стража. Времето е лошо, со силен снег и напати густа магла. Во еден миг недалеку од нас истрчаа неколку црни мачки и очите им светеа како кандила.
Леонидас возбудено ми вели:
-Овде машкоста се уште е единственото оружје против смртта. Ги гледаш мачките! Тоа значи дека природата го возврати ударот. Ова е вистински бунт на подивени мачки.
Ти знаеш дека во едно древно пророштво, откриено неодамна, се најавува големо насилство на мачките над луѓето. Тоа го напишал големиот кинески филозов Конфучиј роден пет века пред Христа, што бил познат по својата здраворазумска мудрост, а се занимавал и со мистична дејност на пророкување.
Тој вели:
“…И паника ќе се рашири низ целиот свет кога обичните дамашни мачки ќе почнат да напаѓаат луѓе. Нивниот бунт ќе трае со месеци и ќе изгинат илјадници луѓе”.
Јас недоветно го прашав:
-Зар овоа може да бите почеток?
Леонидас ми одговори:
-Не знам! – И здрвено нишани кон мачките.
Нервозата кулминира и е мотив за нарушување на нервниот систем, треперење на емоции, излив на морал за победа, можност за нечовечко однесување. Неколку дена ни стана опсесија на секојдневието, да убиеме што повеќе луѓе што се во униформа и против нас. Ама и тие викаа отсекаде и се слушаа гласови:
“Не дозволувајте да ни ја нарушат долгогодишната љубов на луѓето од овој град. Тие се луѓе со ментални и психолошки нарашувања. Тие се бандити на чело со нивниот генерал Маркос.
Смрт на бандитите!” А и нашиот командант велеше: “Пукајте во целите, подвижни или статични, да ги искорениме, оти само така ќе успееме да го устоличиме нашиот генерал Маркос”.
Андонис рече:
-Аријанос е сосем луд! Тој не знае дека оној што напаѓа еден човек, го напаѓа целото човештво.
Да се бориме ќе биде тешко, да не се бориме, ќе биде уште потешко и полошо. Катаден сме во нивниот нишан. Немаше право на грешка. Тие очекуваат да се обидеме да ги уништиме и потоа ќе се обидат да не уништат.
Тој ден, приквечер се стивнаа пукотниците, црквата блескаше со прекрасни бои. Од свеќите извираа светлина, живот и надеж. Па веројатно баба ми имаше право кога велеше дека човек би бил најсреќен кога и очите, и ушите, и срцето би му биле полни.
Ете, неколку дена се води војна во најсуров облик, страшни пламења и темница. Се се чинеше толку немоќно – улиците пусти, луѓето умираа. Дури и зимата беше немоќна, таа раѓаше белина која не можеше да го победи мракот, оној од срцата и од градот што умираше тивко. Снегулките надоаѓаа и кацнуваа врз сите нас, врз нашето оружје, и умираа…
2.
Останавме да преспиеме во еден широк подрум. Пред да заспијам, ми се стори дека одвреме навреме сите сме напикани и стуткани во некаква пештера. Се гмечиме во нејзините темни темници. Сите бевме пласнати на подот. Со денови, животот во подрумите станува состојба на духот, а пропаѓањето наше – навика.
Леонидас ми рече:
-Треба да внимаваме вечерва, побратиме. Денеска е полна месечина. Велат дека овие денови луѓето полудуваат. Знаеш, случајни убитства, пукање, самоубиства, кражби и шо ти не…
Нашите предци имале посебни правила и советувале да не се излегува надвор на полна месечина. Според нивните верувања, токму во таквите ноќи мртвите излегуваат од гробовите, како вампири или во други облици, а самовилите играат оро по полјанките, лиотите трагаат по напуштени воденици, а вештерките се собираат на своите собирно место.
По ова дури и спиењето ми се промени и се исполни со силни доживувања во сонот.
По мачните соништа, гладните црева ми кркорат тивко. Се разбудив легнат на грб. Во сонот небаре спиев со жена од мермер, убава и студена. Така се радував олеснет од мачните сониште, чиниш потоа пливав во топла и убава река.
Отворив очи и ја видов Рула која беше клапната на масата. Помислив дека е вештерка или жена од мермер.
Се разбуди и Рула. Додека спиеше, таа си беше онаа невина, палава и чиста девојка од градот Лариса, можеше да скрие дека е жена. Кога ја загледав, лицето и стана строго и непријателско.
- Рула! Ти ли си?
Таа скокна на нозе и вресна:
-Побратиме!!??
И реков:
-Ти што бараш тука?!!!
Таа ме гледаше, очите и станаа очи на ранет и разочаран војник.
Ми рече:
-Не бев способна да љубам. Ме напушти таа состојба, доживеав душевна пустелија. Јас се враќам тука да видам луѓе со тврд глас.
Такви што скротуваат коњи и погледи на разочарни девојки. Тука со вас, јас пеам и гладувам колективно. Сакам да пијам планинска вода од иста матарка од која пиела млада уста со нерасипани заби. Тука со вас сакам да научам да пеам и да плачам како река со длабоки брегови. Да ја однесам вистината се до морето.
Студен превез го контролираше тој дел од моето тело. Ужасот го пренесував во подземна долготрајна, повторувана злоупотреба. По исчезнувањето на топлиот свет во мене, имаше место само за студенилото на одвратноста. Ме снема, се изгубив во непредвидливите бранови на мразот во кој нема ни живот ни љубов.
А ме убиваше и онаа познатата: “Се фатила со стар заради функцијата и кариерата…” што беше најчестиот коментар од секого, но посебно од жените.
Дефинитивно напуштив еден хаотичен љубовен пат што го доживував во логорот – како во пештерата на Алибаба.
Пак ќе повторам, ме убиваше и онаа познатата: “Се фатила со стар човек заради функцијата… Кариерата…” што беше најчестиот коментар од секого што ќе му се појавев пред очи, но посебно од жените… Тоа беше моето прогонство од свеста. Сакав да бидам доволно подготвена за љубов за да живеам, а не можев. Тајната на исчезнувањето на привлечноста спрема генералот не можев да ја расветлам. Затајувањето на таа болест преовладеа кај мене. Сакав да ја променам свеста. И самата психијатар, барав да го направам тоа, ама не успеав да бидам повторно жена, најсветлото и најсредното во животот. Сакав да го повторам минатото на својата женственост. Но тоа со генералот го доживеав обратно. Тој долго ме оставаше сама во влажните ѕидови на земјанката. Можеби такво е времето. Не можев да се навикнам, да се противставам, сама во кобната земјанка. Во свеста ми се вовлекуваше стравот од се.
Еден ден Рула, чепкајќи по неговите лични писма, открила дека тој и пишувал на својата љубена Вангелица, нарекувајќи ја “своето малечко глувче”. Тој и пишувал дека сака да создаде семејство со Вангелица и дека “ќе биде совршено тоа наше малечко гнездо”. “Но треба да остане со надеж дека брзо ќе заврши револуцијата.” Рула останала занемена и во себе си рекла:
“Генералот мисли дека тука, во планината, за револуционерите љубовта е бесплатна? Значи, тие дома ќе си ги чуваат гулабиците за род, а во планината ќе водат бесплатана љувов со селските девојки што ги мобилизираа сосила.” Рула сфати дека налетала на случајна љубов, но најуверливо и прозвучија зборовите од злобниците, некни во логорот кога ја озборувала една постара жителка:
-Има и лесни мажи кои се тркаат со лесни жени кои имаат ептен лесен чекор и до славата втасуваат така; цуп-цуп, до самите врвови на власта. До “генералки”…
-Ќе полудев, се напивав обилно коњак “метаксас” за да се смирам и да заспијам. Ги насетував силите на немоќта да се воздржувам од некакво насилство. Живеев со растреперени раце, со несигурност, сонував пустелии и ужаси. Понекогаш во очекување дека ќе нанишанам во генералот или тој во мене! Страв познат како предиднина дека самата ќе се заштитам. Никогаш во животот не ја имав таа непријатна состојба на несигурност и алчност. Тоа ми го донесе осамата во земјанката на Грамос.
-Се ќе ти кажам, побратиме. Ќе ти кажам она што досега не се осмелував да си го кажам ни сама себеси, кога тајно ја испитував својата совест во длабоките часови на ноќта, кои во душата ги носам толку мрачни. Не сомневај се. Остави ме да дораскажам.
Многу пати тој Царухас доцна ноќе се вовлекуваше близу до мене и ме опфаќаше со своите студени раци што му смрдеа на тутун и, се додека не го навасаше сонот, крцкаше со гнилите заби. Јас се притајував, небаре сум во длабок сон, а во себе викав “Губи се, чудовиште! Губи се, гаде!” Треперев од гнев и ужас. Одеднаш се почувствував понижена и дека сум обична жртва.
Одамна сакав да се вратам кај вас, да го живеам човечкиот живот.
Да ја доживеам средбата со вас, “дивите момчиња”. Кога сум меѓу вас, ме ослободува од неадаптибилноста на тешкотиите што како на млада девојка (сега жена) ми ги донесе животот откако насилно ме мобилизираа во оваа “славна непобедлива” војска.
Едно се песната, и смеата, и плачот, живеењето и умирањето, љубовта – таму горе, на врвот во раководството! Друго се песната, и смеата, и плачот, живеењето, љубовта и умирањето – туку долу, на дното – кај народот!
Таму горе владее нивното лудило, лудилото на престолот, на власта! Така е таму горе!
Таму узото задолжителното го пијат со мезе – маслинка, тоа е традицијата и тоа го практикуваат високите офицери, потоа рецина и сиртаки.
Добро е што не станав мајка…, рече Рула и не сакаше да зборува повеќе за поминот, за бракот на чесен партиско-партизански збор, но најголемата причината за нивното несогласување била посесивноста на 25 години постариот сопруг-генерал: тој и забранувал да излегува од нивната земјанка (замок – како шо го нарекувал.) во Ликорахи, во кругот на земјанките на високото раководство.
Ја прашав:
-Како си успела да го заведиш генералот?
Рула се насмевна со некаква вина и рече:
-Го заведов едноставно, затоа што бев принудена во оваа војна да спасам глава.
Јас сум од горд сој, но… Моите предци се дојдени во градот Лариса од островот Сими, во кој се чуваат жените и богатството. На островот Сими, кажуваше баба ми, дека жените уживаат во слобода каква што тешко може да се најде во друг дел на земјата. Островот е оаза на матријархатот. Дури и при танцувањето, сакогаш жените се тие што водат.
Во брачниот ритуал, бабата го тера зетот да игра, како гостин на пречек во своето семејство. При танцувањето, две жени канат еден маж и танцуваат со него разменувајќи си го.
Такви сме ние жените што носиме потекло од тој остров. До името секогаш следи името на мајката, па така јас сум Рула Џени, или ќерка на Џени. Презимето на таткото или на сопругот не е важно.
-Значи, презимето на генерал Царухас не ти значеше ништо?
-Па, како што гледаш, побратиме, навистина не ми значеше ништо.
Знам, кога жената лесно се дари, среќа никогаш не ќари, но знај дека жената е као цвеќето: за секоја пчела има грам нектар.
Јас сум глупава и треба да ја платам цената на својата несреќа.
Очите на Рула беа полни солзи и тукушто пачаа да и браздат по убавото лице.
И реков:
-Убаво ти стојат солзите. Рула, ги вкопа очите во моите и нејзиниот глас одекна во моето лице. Се насмевна и неочекувано ме прегрна и ме бакна.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/jamka/6 на 29 октомври 2026