Глава 20. - По враќањето од Голи Оток По враќањето од Голи Оток; од сибирскиот - Part 01
Глава 20. - По враќањето од Голи Оток По враќањето од Голи Оток; од сибирскиот логор 025 во ”Тајшед”; од логорот ”Макронисос”; од логорот ”Матка”; од градовите Ташкент; Вроцлав; Тулгеш; од Бело Јани.
1.
Беше чуден тој ден. Темен дијалог водевме во глува доба.
-Нашата приказна – вели Богданов – е несреќна. Сега почнав да согледувам илјадници работи што порано воопшто не ги забележував.
Сега научив да го сфаќам она за што порано не ни размислував.
Несреќна што го снајде нашиот народ, натера илјадници луѓе да размислуваат за длабоките причини за геноцидот што го снајде. Но само оние што, по многу години тешко прогонство, станале ковачи на својата сопствена судбина, би ги сфатиле докрај тие причини. Ние Македонците во таа земја сме родени и длабоко бевме вжилени и никој не можеше да не откорне. Но туѓите пропаганди спроведни преку нашето поданство се болни и неповторливи...
-До какви резултати не доведе нашаето поданство преку НОФ и АФЖ?
Богданов плукна настрана и рече:
-Јасно е до какви. Овие организации направија пробив во колективната свест. Таа идеологија, едноставно, влезе во колективната свест и стана незаобиколна слика на општата еуфорија и страв за македонскиот селанец да мисли поинаку.
Природата не признава политички граници. Кој има најмногу сила, тој ќе биде најомилено чедо (на Водачот) и нему ќе му го признае правото да владее со земјата и со луѓето.
-Кој владееше со нас талкачите? Можеш ли да ми кажеш нешто за тоа?
-Што да ти кажам? Нема ништо за кажување!
-Зошто не сакаш да зборуваш?
Молк.
Јас не знаев ништо за Васил Богданов. Беше многу повлечен, таинствен. Преку неговото тело имаат минато сурови зими, го биеле крупни зрна град, поплави, водовници и лути есенски слани. Мрачно му е лицето од сенките на лошите години.
Воздивна, стои исправен и онемен и милозливо се опули во мене и ми вели:
-Човек без својот дом е како птица без гнездо.
Мојата судбина е огледало слично на многу наши луѓе кои, по враќањето во Југославија, поминаа низ филтерот на УДБА и КОС во затворот ”Идризово”, а раководството на НОФ и АФЖ беше свечено пречекано и обезбедено со станови и работа.
Секој борец се прашува: како може раководството да биде идеолошки подобно, а војниците неподобни?!
Тоа значи дека не треба да живееме во облаци, туку сакам да кажам дека од нас направија ТАЛКАЧИ и како такви ќе си останиме да живееме со СЕНКАТА НА МИНАТОТО.
2.
-За да замине некој на островот на смртта, на тој Камен Остров* не мораше да се изјасни за Резолуцијата на Информбирото, доволно беше да биде резервиран кон партијата или да стави некаква принципиелна забелешка, за да му биде залепена етикетата предавник, да биде пратен во истражниот затвор и, по невидена тортура, да биде качен на товарен воз за добиток и сместен во логор на стравот и ужасот, на “превоспитување” преку “општествено корисна работа”.
*Камен Остров – името му го дале Италјанците, нарекувајќи го Изола Кавала (Ќелав Остров), зашто во тоа време бил само чист камен. Потсетува на камена грамада фрлена во морето, која со највисокиот врв се издига 220 метри над него.
Кога ме доведоа пред вагонот на товарниот воз, се спушти густ мрак. Џбарајќи, сам продолжив да се качувам во вагонот. При првата стапалка бев пречекан со закани, страв, мрак, пустош, агонија, болка, јад, очај, неправди, жестоки пцости, бесчувени погледи, ѕверски наредби. Седнав на крв и солзи, слушам шушукања, крикови, негодувања, осакатени луѓе безнадежно дремат.
Кога пристигнав на островот, бев измачен, исцрпен, понижен, тукуречи со згазено човечко достоинство.
Таму секој камен е споненик. Секоја тревка е душата на некој убиен. Тапо го слушав секој одек на пцоста, секој звук на ударот.
Тупаници студени од раце моќни, силно удираат по глава, по секоја мисла. Си велам: ”Удирајте! Тоа е ваша дарба. Само така се гради вашата величественост“.
Слушам наредби: ”Мора секој да плука”.
’Ркна првиот и ме лигави смрдлива плунка. Почувствував згрозеност, а низ лицето ми се лигават балгами солени. Уште не неразлеана плунката од првиот, ’ркна вториот и по ред ‘ркаат од сите братски народи...
Чувствував вина поради своето дезертирање, што ги оставив своите браќа соборци на боиштата на Грамос и се каев што не загинав таму. Страв од непознатото, страв од крвавите траги на измамата.
Пред мене командир на КОС, ме прашува:
-Со кого соработуваше?
Се му кажувам: со сите непосредни соработници и инструктори на генерал Маркос Вафијадис: мајорите: Владимир Дечиќ, Ѓуза Родовиќ, Обрад Трниниќ, Петар Лициќ и полковник Слободан Крстиќ Уча и други, сите од КОС.
-До кога?
Се до смената на Маркос на 28 август 1948 година, кога радио “Слободна Грција“ извести од вонредниот Пленум на КПГ дека другарите ”...Хриса Хаџивасилиу и Маркос Вафијадис биле сериозно болни...”
-Тоа ли е се. Марш бре сталински пес.
Не прикривам ништо, другар мајоре.
Зашеметен, со затапени чувства, без самодоверба, кинисав да одам низ кршот. Маван со стапови и пцуен, плукан, почувствував како мачнотијата во жилите исчезнува, ама градите со нешто мажествено ми се полнат. ”Поразена смрт” низ лутината скрцав заби и си велам ”и смртта смрт имала” ако се убие со живот, и се загледав во јадранското синило, сонцето раскошно го расплиснало својот сјај.
Морето стивнува. Брановите, бесшумно, без гнев, кобно замолчани.
Каменот, поуморен од моето тело, молчи и подмолно ми го пие погледот.
Јас сум човек без свој дом, далеку од татковината, како птица без гнездо.
Во срцето немирот постојано прашува. Па запира да одговори со иста интонација. Потоа нема одговор. Тука, на голиот остров, идентитетот е моќ и судир.
На островот се беше замислено однапред, дури и смртта.
Тишина... Сончева синевина се лелее како свила...На ветрот се ниша див ластар. Се наведнува во лак и пак се исправа со својот раст.
Во мене возбудата расте, се крева: зар нема да завршат маките?
Дедо ми по татко, Стамко Богданов, падна за Македонија како млад војвода во Илинденското, а дедо ми по мајка, поп Глигур Гајдов, исчезна под ножот на комунистите, а мајка ми доживеа смртна казна со бесење. Ни на дедовците ни на мајка ми не знам кај им се коските.
Не знам кај ми се другите од Богдановиот корен, ниту од Гајдовите.
Зар тоа не е крај на таа крвава победа, на тој болен успех?
Татко ми во Америка печалел пари да не собере и да изгради куќа за Богдановиот род, што сега го нема.
Се раштрка сиот Богданов род. Сега низ старото живеалиште нема ни луѓе, ни куќи, ни колиби, ни што и да било перспективно!
Којзнае од каде ќе се населат за везден во тој наш дом! Во родината прадедова.
Со месеци лежам во самица, додека смртната казна не ми е заменета.
Сега маките ми се продолжени. Животот од мене бара постојано да произведувам илузии. Потрага по неразгатнатите тајни, ризично одам по патеката на смртта. Без сонот и танцот под полна месечина, не го бидува животот.
Ми останува верата во Бога и во совладувањето на суровота природа. Тоа е последен човечки механизам за преживување.
Ката ден, одвај дишејќи, одвај собирајќи го плачот под клепките, со мислата низ пластовите на мојот одминат живот, чекорам бос и смешен. Наутро си шепотам химна, загледан во синилото. Еден ден ме удри блесок од отаде испрскувајќи златни врели солзи од ранет галеб. Подолго останав скаменет, да гледам кај ќе кацне...
Јас сум во последната фаза од животот, кога низ (само)унииштување, жртвите стануваат митови и придонесуваат за развојот на човечката културата...
Затворениците со смачкани колена и разранети лакти, наутро како згазнати ластари по дожд се креваат. Сите сме со иста судбина. Се врвчиме по некакви патеки низ карстот, одат, а џелатите по нив со мислата: ”Убиваме за да живееме”. Така било, секоја генерација го градела својот живот врз коските на мртвите.
Еден ден, видов распарчен човек, расчателен, претворен во суво дрво, со погледот закован во карпата. Се задумав: уас, борец од Грамос, фрлен во пеколот на црвеното губилиште, сега на овој камен остров видов невиден ужас: рацете му беа глуждови кренати в небо.
Скаменет во миг на јачење или можеби на повик за спас од нечовечките маки.
Што и да допрам, ме допира времето. Како и стрпливоста, грижливоста, неподносливата блискост. Лебдам на кршот и постојам секогаш во бегство. Ката ден од мене се бара да го ревидирам ставот, а не знам што е став.
Се треба да прифатиш, сега веднаш! Животот е таков...
-Време е! Слушате ли? – вика ревидираниот старешина.
-Време е сите да сте на строј, мрзлива бандо! Што чекате, сталински копилиња?
Секое утро истиот ритуал; ревидираниот старешина оди горе-долу, и плеска со камшикот по голите камења и по нашите грбови.
Цело време внимателно не набљудува.
И подолго замолча.
-Што друго ве тераа да правите?
-Имаше некои настани од кои ден-денес ми се ежи кожата. Ме тераа во мракот да носам недоумрени, се до општата гробница.
Сам под месечина, со болна душа слушам пр’тсмртен глас.
Месечината миловидна бледо свети над отворената масовна гробница. За миг легнувам врз карстот да земам здив, а чувствувам како тагата и болката тонат во моето исушено и скршено тело...
Но најмногу се нервирав кога викаше ”Еј ти! Егејско копиле, си дезертирал со намера да пропадне револуцијата во Грција.
* * * Кога се вратив од островот, ми се случуваа страшни работи, ама сега најмногу се вознемирувам кога некој ќе потшепне:
” Еве го оној од камениот остров!... Егеецот?!
Ослободителот! Тој бил прво со грчките комунисти, потоа со Тито и станал офицер на ЈНА, потоа бил пратен како разузнавач на КОС во Граќанската војна, да се бори со грчките партизани, па во 1948 година избегал од нив и пак дојде во Југославија.
Кога го прашале: сега за кого си? За Сталин или за Тито? Тој рекол за големиот Сталин. И оттогаш право во затвор на Голиот Оток. На ”Мермерот”, така го викаа тој остров што ми остави гола рана да ја носам цел живот.
Јас ги слушам тие гласови ката ден и молчам. Само власта знае зошто молчам. Таа збранува да се спомнува што и да е, и за што и да било да се зборува. Си признавам: уплашен сум...
Не им се лутам, но им се чудам на сите што се загледуваат во мене и што сакаат да ми го споменуваат минатото.
Но понекогаш нечиј крик ми се врежува среде глава и останува тука засекогаш. Се држам за уши, за моите образи и посакувам да го истерам од другото уво.
Не ни замислуваме дека таа војна во нас ќе остави неизбришливи физички, а особено етнички, црни траги. До ден-денес треперам од страв од ужасните зборови ”Граѓанска војна”.
Јас сум гледал со восхит оддалеку и одблизу. Животот на моето срце е отворен, проѕирен. Животот на мојата душа е друг свет, таинствен, каде што другите зла се среќаат. Се што не поднесувам да гледам, сега е доцна за подвиг.
* * * Еден ден, по многу години, му пристигна едно важно писмо и ме замоли да му го прочитам. Писмото беше од татко му Ламбро и најмалото братче Мите, кое во времето на војната пребега во Америка и за мајка му и сестра Лена, знаат само дека се стрелани од партизаните.
Пред да го отворам ми вели:
-Ти не знаеш колку се чувствувам далеку од татко ми, од брат ми, од сите нив...?
-Драги синко Васил.
Доаѓаме со брат ти Мите по коските на мајка ти Лина и сестра ти Лена... а за Павле не знаеме ништо.
Упорно молчи, понекогаш виновно се насмевнува искривувајќи ги усните.
Ех, судбина, Господе, судбина, лошо премреже. Никој не си ја знае сетнината...
* * * Минатото заврши. Премногу болка беше зад Богданови, таткото Ламбро Богданов посака таа врата засекогаш да ја затвори.
ДОСИЕ Сведоштва за Граѓанската војна (1945-1949) од југословенскиот генерал на УДБА (14) Јово КАПИЧИЌ, заменик на сојузниот министер за внатрешни работи на Југословија.
Телевизиска емисија во Центар” од Васко ЕФТОВ
2008 година В.Е.: Според информациите, вие неколку пати доаѓавте во Македонија како претставник на УДБА и сте задолжен за координацијата со револуцијата што се прави во Грција, односно во Егејска Македонија.
Генералот: Да, сум, тоа го реков. Јас од името на Југославија, од името на државата, како помошник на министерот за внатрешни работи Александар Ранковиќ, а тоа беше негова работа. Јас раководев со целата активност на Југославија кон Грција. А тоа значи Македонија. Некои пунктови што беа во Македонија и пунктови што беа кај нас.
Значи, праќано е оружје, храна, облека, медицинска помош, неколку луѓе како експерти (15) за да помогнат во организацијата на борбата и на војната, на создавањето на некои одреди, правењето на болници во Катланово што ја изградивме ние. Но исто така извлековме и повеќе од ја изграивме ние. Но исто така извлековме и повеќе од 10.000 деца што беа прафрлени во источноевропските земји.
В.Е.: Дали во одреден период Ј.Б. Тито сакал да им помогне на Македонците под Грција, а подоцна да ја присоедини Егејска Македонија кон Југославија?
Генералот: Не, Тито не мислеше да ја присоедини... Видете... таа борба со Грците во Грција, тоа е дело на Македонците, на вашите, вие го баравте да се прави тоа, затоа што мислевте дека тоа е македонско малцинство. Каква врска имаат Србија и Црна Гора со Солун?
В.Е.: Значи, тоа го бараше Лазо Колишевски?
Генералот: Добро, Лазо и другите сметаа дека тоа е можно, дека тоа е погодна ситуација во Грција и дека може да се направи еден пробив кон грчка Македонија.
В.Е.: Тоа го бараше Јосип Б. Тито?
Генералот: Власта го одобри, сакајќи и не сакајќи Југославија, немаше никаков интерес да се оди на Солун.
В.Е.: А Македонија имаше?
Генералот: Македонија го имаше тој интерес. И имаше центар во Македонија кој политички се занимаваше со тоа прашање.
Целиот источноевропски свет беше ангажиран, сметајќи дека Грција е слаба, дека Запад нема баш многу да се занимава со тоа прашање и дека може да се создаде, не да се одвојува тој дел до Солун, туку да дојдат на власт Маркос, Захаријадис и такви луѓе кои ќе направат една нова Грција, што би била слична на Југославија.
В.Е.: Имаше ли шанси да се оствари тоа во Егејска Македонија?
Генералот: Немаше никакви шанси.
В.Е.: Зошто?
Генералот: Затоа што не војувавме војнички.
В.Е.: Зошто Југославија не влезе во војна?...
Генералот: Ние бевме гранична земја, бевме на удар да бидеме тие преку кои се ќе се направи во Грција. Југославија немаше никаков интерес, освен Македонија. Македонија имаше интерес, Македонците го сметаа тоа како дел од својата етничка територија, сметаа дека тоа е македонски народ. Можеби е така!
В.Е.: Сте биле ли вие долу во некои тајни операции како официр на УДБА?
Генералот: Не сум бил на територијата на Грција, но сум бил во Битола, во Скопје, кон Охрид, на некои гранични пунктови каде што сме имале за префрлување преку границата. Ние не војувавме таму, ние само ја отворавме границата.
В.Е.: Значи, вие само ги префрлувавте преку границата.
Генералот: Префрлуваш материјал и пак ќе ја затвориш границата. И потоа тие го разнесуваат, војуваат итн.
В.Е.: Македонската УДБА влегувала и се судрила со грчката војска.
Генералот: Тоа не знам, дали нашите војници се судриле со Грците? Не, тоа не е вистина.
Ние имавме наши офицери-инструктори. Имаше неколку офицери. Инаку, дека војската интервенирала... Тоа не е вистина.
Имаше еден момент, кога една наша мала единица ја поминала границата на грчката територија и заскитала, не за да напаѓа, не може со една чета да се напаѓа грчката држава.
И тогаш Грците ги фатиле и ги убиле сите тие наши војници. Тоа се случи.
В.Е.: Дали некој му вршеше притисок на Тито да не учествува во тој дел од Егејски Македонија?
Генералот: Не. Тоа беше препуштено само на себе. Тоа беше илегален акт, надвор од ОН, тоа не беше одобрено ни од нив, ни од каков и да било меѓународен форум. Тоа беше спротивно, да се работи подмолно како ништо да не се прави, а всушност Југославија беше главниот фактор. Преку нас одеше сето тоа, а во таа Југославија бев јас, што го водев тој процес со одреден број луѓе што беа во Скопје и други што беа во Белград.
В.Е.: Кој ве задолжи, да го правите тоа?
Генералот: Кој ме задолжи? Александар Ранковиќ (16) – ДБ.
(Државната безбедност)
В.Е.: Тој имал добра врска со Колишевски.
Генералот: Па добро, Лазо беше... Тој беше со Ранковиќ, итн. Тие го работеа тоа.
Цветко Узунов, што знам кој се работел таму. Јас знам, - тоа што беше моја работа беше за Југославија, а не за Македонија.
Македонците таму се организираа сами.
Ете, тоа е, таква беше таа работа. Тоа беше една нелегална работа, на меѓународен план. Ние извршивме инвазија на една независна држава што се вика Грција, на сметка на Македонија, а по желба на тогашното македонско раководство.
В.Е.: Колку оружје пративте долу на фронтовите?
Генералот: Вагони оружје. Не е тоа една пушка или еден митралез, тоа беа вагони оружје. Немаше авиони, но имаше топови.
Немаше тенкови, затоа што се тешко оружје, но имаше многу лесно вооружување, тоа го имаше. Многу оружје што беше концентрирано во Панчево, а потоа од Панчево со воз се праќаше во разни правци во Грција. Се отвораше границата, нашите војници ослободуваа дел од границата, се ставаше оружјето внатре, ќе го земеа грчките партизани, како ништо да не било, ќе се вратат и ќе се затвори границата.
* * * Генералот на УДБА Јово Капичиќ, кој свесно и одговорно, од името на Југославија, од 1945 до 1948 година ја организираше и снабдуваше Граѓанската војна, не кажа само за каков интерес Југославија ја потпалуваше и сесрдно ја помагаше се додека Македонците не беа масовно турнати во таа војна преку своите активисти од НОФ и АФЖ (формирани од КПЈ), а потоа беа препуштени на КПГ.
Тој сега, по 60 години, како заклучок вели: Во Грција никогаш не би можело да се промени поштественото уредување и крвопролевањето беше бесмислено!!
Затоа што Запад немаше никогаш да ја напушти Грција. Тоа е глупаво, апсолутно глупава замисла. Затоа што не е договорено на Конференцијата во Техеран.
Повторувам: затоа што на Конференцијата во Јалта не било договорено Грција да влезе во источниот блок.
Тоа никогаш не било!
* * * Сите сме заразени од балканскиот национализам и едноставно треба да го разбереме:
БОЛЕСТА ПОКАЖУВА ДЕКА СИТЕ СМЕ ИСТИ – СИТЕ СМЕ ЛУЃЕ, НО ГЕНЕРАЛОТ НАЈВЕРОЈАТНО ЗНАЕЛ КОЈ МОЖЕЛ ВО ТОА ВРЕМЕ ДА ЈА ПОТПАЛУВА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА И КАКОВ ИНТЕРЕС ИМАЛА ЈУГОСЛАВИЈА. ТОЈ И СЕГА ВЕРОЈАТНО ЗНАЕ КОЛКУ МОЖЕЛЕ МАКЕДОНЦИТЕ ВО ТОА ВРЕМЕ ПРЕД ТИТО И ПРЕД РАНКОВИЌ ДА ПОСТАВАТ ПРАШАЊЕ ЗА ПРИСОЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА ПОД ГРЦИЈА!!??*
*Од хрониката:
”...Неколку дена пред Новата 1945 година, во Скопје се одржува Второто заседание на АСНОМ, означено и како вонредно, на кое ’великанот’ Јосип Броз не доаѓа. Го праќа Словенецот Едвард Кардељ – Бевц. Маѓепсан од величината на гостинот, Колишевски понизно го слуша, а тој пак, без стеснување, на заминување му соопштува непријатни работи. Ближи крајот на војната, му рекол Кардељ на Колишевски, а со тоа ближи и денот кога ќе се поднесуваат сметки кој колку сторил. На сметката на Македонија има пет големи минуса: најдоцна почна со востанието, најудобно ја мина окупацијата, имаше најмали разурнувања, имаше најмалку жртви и, конечно, не учествувалше во ослободувањето на Југославија.
Лазо обезумен го прашува Кардењ што да се прави. Овој ладнокрвно му вели:
’Првите три работи не можете да ги исправите, но четвртата и петтата може да се исправат. Затоа ОЗНА треба веднаш да почне да апси и да стрела, а вие итно да пратите голема единица на Сремскиот фронт’.” Но што е смислата на молчењето пред искривената историја на Македонците под Грција!?
До кога верноста кон туѓинците?
Ќе не поддржува ле комунистите (КПЈ и КПГ) како што јажето од бесилката го поддржува обесниот. Шест децении го правеа тоа и го прават со нас уште само тие што имаа и уште носат поданичка свест.
14 ОЗНА, односно УДБА (Одделот за заштита на народот – Управа за државна безбедност), КОС (контраразузнавачки сектор на ЈАН), и СИД (Служба за информирање и документација при Министерството за надворешни работи на Југославија).
15 Специјален Титов разузнавач бил и Иван Караиванов, агент на советската НКВД и инструктор на Коминтерната. Непосредни соработници и инструктори на генерал Маркос Вафијадис биле и:
Ѓуза Радовиќ, Обрад Трниниќ, Мило Врбица, Велимир Доцниќ, Светислав Стојановиќ и Петар Луциќ, сите од КОС на Србија.
Слободан Марковиќ имал задача по потреба илегално безбедно да го доведе и врати од Белград генералот Вафијадис. (Види: КОС и УДБА
– Акциите и документите на тајните служби).
16 Александар Ранковиќ, со партизански прекар Марко, роден на 28 ноември 1909 година во околината на Обреновац, Србија, творец на КОС и УДБА и нивна жртва.
ПОГОВОР Сите генерали и политичари што ја водеа Граѓанската војна, па дури и некои историчари што биле приврзани кон власта, знаат што се случи со Македонците во Граѓанската војна во Грција, се друго е политика. Токму затоа во романот “Јамка” се предмет на литературна анализа воено-политичките и историски движења и пресврти што се случуваа во Граѓанската војна од 1945 до 1949 година, се до овие минати дни на шестдецениски живот по војната. Станува збор за настаните од минатото или од сегашноста чии резултати се многуслојно наталожени како драматични за откорнатите; поединци, група или заедница од Македонија под Грција – викани Егејци, односно ТАЛКАЧИ. И без оглед на тематиката и на изворите на кои се потпира романот, настаните се опишани како што се развивале од ден на ден, посебно во времето на војната, се до подоцнежните години низ логорите и профатилиштата.
Овие луѓе немирот и тегобноста само привидно и повремено ги напуштаат, а таквите моменти се ретки и не се мерило за нивниот живот. Во описите се пофатени оние области и функции каде што кај нив се формирала индувидуалната свест за моралното значење на настаните, за психолошките ломови во кои се реализира историската судбина на големите сили на Балканот. Во овој роман историјата на политичките визии, или барем на нивните топологии, опфаќа преглед на човечките ситуации и судбини во кои јунаците, без оглед на тоа какви им биле почетните мотиви, без оглед на нивното дејствување и на крајната цел на нивните постапки, секогаш трагаат по смислата на животниот чин за потврда на субјективните одлики на своето лично битие.
Јунакот ги исповеда своите уверувања и сфаќања на една (воена или туѓа) средина во чија психологија или духовна клима е во таков животен пораст идеолошкиот активизам, кој внесува максимум лични процени, личен ризик и подробности од својот морален ангажман.
Опишани се и прикажани оклетените луѓе, нивните страдални патешествија, следејќи ги туѓите волји и борејќи се за туѓи интереси.
Од друга гледна точка, судбината на раселените – откорнати лица, кои талкаат низ просторот на човековото егзистенцијално заточение во кое се полага и плаќа сметката како жртва, а политичкиот цинизам во основата триумфира и си тече како прагматизам и лицемерие на дипломатските спогодби.
Многу од овие јунаци ја плаќаат националната цена – во борба и смрт во единиците на ДАГ, повеќето остануваат да сведочат во својот континуитет, како свесни за припадноста и идентитетот.
Кај овие луѓе трагедијата е целосна, зашто не наоѓаат излез од својата ситуација, ниту имаат шанса за каков и да било отпор.
Човекот е притиснат пред убиствените сили на историјата и пред траумите што ги носи со себе низ времето на беззаконието и оттуѓеното човеково право. Пред овие луѓе е разбиен системот на разумните човечки односи. Но во оваа група луѓе има и такви со лажна свест во кои се здружени поимите џелат и жртва. И тука нема природна човечка свест. Произволностите и историските заблуди, како што имаат човечко потекло, имаат и свои човечки жртви. Значи, на страниците на ова потресно дело се среќаваме со луѓе со лично самоволие и официјално дискретно овластување, човечки живот, незаштитен и постојано изложен на ударот на законската сила.
Според исказите на генералот на УДБА Јово Капичиќ, во текот на Граѓанската војна излегува дека:
Југославија ја доби битката, грчката влада војната, а комунистите на Грција ја изгубија и војната и слободата. Но по војната тие се вратија во своите домови, а Макидонците, кои преку организациите НОФ и АФЖ се саможртвуваа заедно со комунистите, претрпеа ужасни жртви; некои проценки се движат до 20.000 илјади убиени и повеќе од 60.000 прогонети, и на крајот Макидонците станаа како вечни ТАЛКАЧИ и без право да се вратат во своите домови, затоа што не се Грци по род.
Романот ”Јамка” е работен со посебна љубов и чувство за почит спрема борците кои многу млади го дадоа животот на боиштата на Грамос, Коница, Клефти, Хашијата, Епир, Пиеријата, Вичо, Лерин, Воден, Негуш, Мали-мади, Бурно, Сињачко и во многу други битки.
Авторот ја рекоструирал целата вистина за извршениот геноцид и за губењето на правото за враќање на прадедовски огништа.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/jamka/26 на 29 октомври 2026