Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
2. НЕЈСКИОТ МИРОВЕН ДОГОВОР И “ДОБРОВОЛНАТА” РАЗМЕНА НА НАСЕЛЕНИЕТО МЕЃУ ГРЦИЈ
2. НЕЈСКИОТ МИРОВЕН ДОГОВОР И “ДОБРОВОЛНАТА” РАЗМЕНА НА НАСЕЛЕНИЕТО МЕЃУ ГРЦИЈА И БУГАРИЈА
По Првата светска војна Европа добила една нова политичка конфигурација. Новата Версајска Европа била далеку од тоа да претставува една сигурна политичка рамка за европскиот политички ештаблизмент. Создадените нерешени територијални проблеми што постоеле меѓу Франција и Германија, Унгарија и Романија, Чехословачка и СССР, Југославија и Унгарија, Австрија и Југославија, Албанија и Југославија, Југославија и Италија, Австрија и Италија, Грција и Бугарија, СССР и Романија, Полска и Германија, (Станува збор за Алзасија и Лоренија, Ердеј (или Трансилванија), Карпатска Украина, Војводина, Корушка, Косово, Истра, Јужен Тирол, Западна Тракија, Бесарабија и Северна Буковина, Шљонск и Поморје.) како и постоењето на нерешените национални прашања (македонското, баскиското, фламанското), создавало од една страна еден територијален проблем, а од друга страна постоело едно нерешено национално прашање што самото по себе сериозно ја дестабилизирало политичката ситуација во Европа. (Во Белгија не постоело национално угнетување. Фландриското население барало поголема економска и културно – јазична афирмација на фладрискиот регион. Во 1922 година Фландрискиот јазик, покрај францускиот, станал официјален јазик во Белгија.) Речиси не постоела во југо-источна Европа ниту една држава со една нација и националниот момент бил повеќе или помалку присутен во сите. (Во Финска, на пример, доминантната нација претставувала 89,3% од целокупното население, во Естонија 88,2%, во Бугарија 83,2%, во Литванија 80,4%, во Романија 76%, во Полска 69,1%, а во Чекословакија и Југославија 42%.)
Балканот бил синтеза и класичен пример на нерешени национални и територијални прашања. По Версајскиот мировен договор ниту една балканска држава не била национално хомогена. Во Југославија, на пример, од вкупно 12.055.688 жители колку што имаше во 1924 година, побројната нација (Србите) не претставувале ни половина од целокупното население. (Во Југославија од вкупно 12.055.688 жители, 7 милиони (Хрвати, Словенци, Македонци, Црногорци, Албанци и денешните Муслимани) се чувствувале за одделни нации.)
Во Романското кралство ситуација била слична. Со создавањето на “Голема Романија” по добивањето на Јужна Добруџа, Ердеј, Беасарабија, Северна Буковина и романски Банат, Романија станала многу национална земја. Во романското кралство живееле 1.500.000 Унгарци, 800.000 Германци, 400.000 Бугари, 300.000 Руси и повеќе од еден милион еврејско население распострането по целата територија на версајска Романија.
Грчкото кралство, по неговото големо територијално проширување кон негрчките историски територии, престанало да биде национално хомогено. Само во егејскиот дел на Македонија и Западна Тракија живеело скоро 1 милион негрчко население.
Во Бугарија исто така живеело многубројно македонско, турско и ерменско население кое претставувало 16,8% од целокупното население што живеело во Бугарија по Нејскиот мировен договор.
Создавањето на Версајска Европа со многу нерешени национални и територијални проблеми, со малцински прашања, ја принудило конференцијата овој проблем задолжително да го реши во рамките на новосоздадениот status quo во Европа. Принципот што бил прифатен за решавањето на малцинските проблеми беше принципот за почитување и признавање на малцинските права во рамките на новосоздадените држави. (Почитувањето на малцинските права се предвидувало и во мировните договори со Полска, Романија, Југославија, Чехословачка, Грција итн.) Исклучок од овој принцип постоел во мировниот договор меѓу Грција и Бугарија, кои теоретски го прифати принципот за почитување на правата на малцинствата, но и со право и можност на “доброволно” иселување на малцинското население. На 27 ноември 1919, врз основа на членот 56 од Нејскиот мировен договор, меѓу Грција и Бугарија се потпишала и конвенцијата за “доброволно” иселување на Грците од Бугарија и “Бугарите” од Грција.
Конвенцијата за “доброволното” иселување грчките влади веднаш ја претвориле во конвенција за задолжително иселување на македонското население од егејскиот дел на Македонија. Грчките власти почнале да спроведуваат една политика на државен терор со којашто ќе ги принудат Македонците “доброволно” да се иселат во Бугарија. Секојдневните малтретирања, убиствата, конфискацијата на имотите земале такви размери што Македонците не биле сигурни дали ќе го “виде утрешниот ден”. (Архив на Македонија (АМ), Фонд на Македонски национален комитет (МНК), 1912-1913, к. бр. 3.) Во такви услови на терор, од егејскиот дел на Македонија се исели следното население:
Иселеното македонско население во Бугарија во периодот од 1913 до 1928 година: (Руменов Владимир, Българитъ въ Македония подъ гръцка властъ, Македонскии прегледъ (МП), София, кн. 4, стр. 90.)
Околија
Кукушка Серска Зрневска Демир-Хисарска Солун Ениџе-Вардарска Гуменска Драмска Костурска Солунска (без Солун) Леринска Лагадинска Зхнеска Мегленска Воденска Кајљарска Нигритска Берска Од јужните околии
Иселени
18.989 11.404 11.223 10.756 7.285 7.257 5.195 4.233 3.577 1.782 1.676 1.581 1.442 1.233 449 381 326 114 285
Вкупно 86.582
Протераното македонско население ја поминувало Бугарската граница оставајќи зад себе роднини, имот (земја, куќи, добиток) за да остапи место на новите грчки колонизатори. “Наутро колони бегалци тргнуваа нагоре, кон Банско и Горно-Џумајско, а навечер доаѓаа нови. И се така со денови...”. (В. “Нова Македонија”, 19. IX 1975, стр 5.)
На местото на иселеното македонско население грчката држава почнала да спроведува една активна политика на колонизација на грчко население дојдено од Грција. Оваа грчка државна внатрешна колонизација беше тивка, бесшумна, но упорно спроведена од страна на грчките власти. (Грчката внатрешна колонизација која почнала по 1913 година, во различни форми, трае и денес.) Во еден краток историски период од 1913 до 1928 година во егејскиот дел на Македонија беа колонизирани 53.056 Грци кои потекнувале од следните грчки територии:
Територијалното потекло на грчкото колонизирано население во егејскиот дел на Македонија (1913-1928) (Statistika apotelezmata tis apografis tu plithizmu tis Elados tis 15-16 maiu 1928, Topos geniseos, Hriskia ke glosa, ipikotis, Athina, 1935.)
Регион
Тесалија Стереа Елада и Еубеа Пелопонез Епир Егејските острови Западна Тракија Крит Јонските острови Кикладите
Вкупно
Бројност %
11.346 21,39 9.752 18,39 7.727 14,57 6.757 12,73 5.764 10,86 5.350 10,09 3.360 6,33 1.766 3,32 1.234 2,32
53.056 100%
Ова грчко население што ја создавало таканаречената грчка внатрешна колонизација било колонизирано на следниот начин во егејскиот дел на Македонија:
Грчко колонизирано население во егејскиот дел на Македонија (1913-1928) (Пак таму.)
Регион
Солунско Кавалско Драмско Серско Кожанско Леринско Пела Халкидик Света Гора
Вкупно
Бројност %
26.324 44,6 7.610 14,3 4.830 9,1 4.178 8,0 3.877 7,3 1.777 3,3 1.554 3,0 1.611 3,0 1.295 2,4
53.056 100%
Со иселувањето на македонското население и со колонизирањето на грчкото население егејскиот дел на Македонија веќе почнал да ги трпи првите почувствителни етнички промени. Поголеми етнички промени се забележуваат во источна и централна Егејска Македонија (Серско, Демир-Хисарско, Кукушко итн). (Грчката држава, покрај доброволното иселување, ги користела и сите други можности кој придонесувале за сменувањето на етничкиот состав на населението во егејскиот дел на Македонија. Една од тие можности била и неприфаќањето на Македонците, кои од различни мотиви, заминале во странство. Тие биле запишани во таканаречени “црни книги” и строго им се забрануваше враќањето во родните места.)
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/7 на 29 октомври 2026