Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
ГЛАВА ЧЕТВРТА - КОМУНИСТИЧКА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАША
ГЛАВА ЧЕТВРТА - КОМУНИСТИЧКА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ (1918-1940)
1. НАЦИОНАЛНОТО ПРАШАЊЕ ВО ЕВРОПА И ПОЛИТИКАТА НА КОМИНТЕРНАТА
Постоењето на нерешените национални и територијални прашања го привлече и вниманието на Коминтерната. Но поставувањето и третирањето на националното прашање од страна на Коминтерната претставува еден континуиран дискунтинуитет или дисконтинуиран континуитет.
На што се должи континуираниот дисконтинуитет или дисконтинуираниот континуитет во политиката на Коминтерната во однос на решавањето на националното прашање? Една револуција да има универзален карактер таа треба на вредностите и придобивките од претходната револуција да додаде нови вредности, нови квалитети и на тој начин да претставува еден реален чекор напред во историската еволуција на човештвото. Во човековата историја една таква улога заиграла француската револуција од 1789 година и се обиделе да заигра и Руската социјалистичка револуција. До 1789 година човекот не уживал ни политички, ни економски слободи. Со француската револуција од 1789 година, човекот се здобил со политичките слободи, но не се здобил и со економските слободи. Француската револуција само замени една форма на економска експлоатација (феудалната) со друга форма на економска експлоатација (капиталистичка) и го задржала принципот на економска експлоатација на човек од човек, т.е. на класа од класа. (Во перспектива на времето, преку социјал-демократската ориентација, главно се решил и економскиот проблем.)
Со добивањето на политичките слободи човештвото прави еден реален чекор напред во истрориската еволуција. Од тука е и универзалниот карактер на Француската револуција. (Сегде таму каде што не постојат и не се почитуваат политичките слободи, народите, преку револуција, ќе се стремат да ги реализираат. Во големите студентски демонстрации во Пекинг, на плоштадот на Небескиот мир, студентите ја пееле Марселезата.)
Руската социјалистичка револуција требаше да ги додаде само економските слободи, т.е. да го отстрани принципот на економската експлоатација на човек од човек (класа од класа) и на тој начин да претставува реален чекор напред во човековата историска еволуција. Но, обидите на симбиоза меѓу политичките и економските слободи од страна на Руската социјалистичка револуција, беа прекинати со историскиот сталинистички термидорски дисконтинуитет. Наместо на темелот на новото државно уредување да стојат рамноправно политичките и економските слободи, сталинистичкиот дисконтинуитет ги укинал политичките слободи што ги доби човештвото со Француската револуција и само формално ги прокламирал економските слободи. (Државната економска едсплоатација е, исто така, тешка како економската експлоатација од периодот на раниот капитализам. Кризата во социјализмот се должи токму на отсуство на политичките и економските слободи од темелот на социјалистичкото државно уредување.) Со укинувањето на политичките и економските слободи, Руската социјалистичка револуција се повеќе го губела својот универзален карактер и добивала белег на типичен руски историски феномен. Овој историски дисконтинуитет не можел, а да не влијае и врз начинот како се поставувало и решавало и националното прашање, па и тука се забележува еден дисконтинуиран континуитет или континуиран дисконтинуитет.
Спротивно на буржоаската концепција за решавање на националното прашање, ленинизмот му го признава на секој народ и нација правото на самоопределување и се “разбира до неговото државно отцепување од туѓи национални колективи”. Но правото на самоопределување, како и секое национално отцепување, треба да се гледа и третира единствено од аголот “на класната борба”. (V.I. Lenin, O pravu nacija na samoodredenje, Zagreb, 1979, p. 21.)
Со признавањето на правото на самоопределување на поробените народи, ленинизмот прави еден чекор напред (израз
на континуитет), но условно да одговара “на класните интереси на работничката класа” во суштина се негира и не се признава правото на самоопределување (израз на дисконтинуитет). Со тоа за комунистичките партии класното е примарно (принципиелно), а националното е секундарно (тактично) прашање. Но во односот класно-национално различно се присутни и заштитени националните интереси на многубројната и поробената нација. Националните интереси на “доминантната нација” секогаш одговараат на класните интереси, а националните интереси на поробената нација или се во спротивност или парцијално одговараат со класните интереси на работничката класа. (Националните интереси на поробената нација национално одговарат со класните интереси само тогаш кога се совпаѓаат со националните интереси на доминантната нација.) Со еден збор, сталинистичкиот историски дисконтинуитет својата политика во однос на едно нерешено национално прашање не ја создавал врз основа на националните интереси на поробената нација, туку врз основа на “класните интереси”, т.е. врз основа на националните интереси на доминантната нација, што сериозно ќе влијае и врз судбината на македонското национално прашање. Врз една таква основа Коминтерната го поставувала и третирала националното прашање во Европа и националната политика ја сменувала во зависност од “класните интереси”, т.е. во зависност од државните интереси на СССР. Затоа политиката на Коминтерната во однос на нерешените национални прашања еднаш одела во корист на ревизионистичките држави (1919-1935), еднаш во корист на версајскиот политички status quo (1935-1939) и повторно во корист на ревизионистичките држави (1939-1941). (Третата фаза во политиката на Коминтерната почнува по договорот Рибентроп-Молотов (1939). По нападот на фашистичка Германија против СССР, политиката на Коминтерна добива одново антифашистички карактер.)
Комунистичката партија на Грција (КПГ), во рамките на овие принципи, го поставувала и третирала и македонското национално прашање. (Комунистичка партија на Грција се формира во 1918 година под името Социјалистичка работничка партија на Грција (СРПГ).
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/16 на 29 октомври 2026