Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
Б) ВНАТРЕШНИ ФАКТОРИ - Part 03
Присуството на грчкиот “патриотизам” во рамките на левата идеологија, како и тесната национална рамка што веќе му се наметнувала на македонското прогресивно движење, имала тешки историски последици. Во предвоениот период тесната македонската национална рамка што КПГ му ја наметнала на македонското прогресивно движење по 1931 година, ја парализирала активноста на ВМРО (об) во егејскиот дел на Македонија. Идеолошката активност на ВМРО (об), без соодветното присуство на македонските национални интереси во рамките на левата идеологија, не можела да го привлече македонското население кое националното угнетување најтешко го доживувало. ВМРО (об) “во нејзината секојдневна борба за економските, политичките и другите прашања не ја координирала својата работа во борбата за посебните македонски прашања... Немало ниту една организирана акција против теророт и забраната на македонскиот јазик, за слободно употребување на мајчиниот јазик итн”. (Материјали за идеолошката и политичката работа на партиските организации на тема “Политиката на КПГ во однос на македонското национално прашање”, Архив на Македонија, 2 - /29.) И покрај фактот што во ретките моменти членовите на ВМРО (об) “на својот мајчин јазик ги претресуваа посебните македонски прашања”, факт кој “предизвикуваше кај Македонците трогателност и ентузијазам” (Пак таму.) и давал конкретни и позитивни резултати, сепак, Партијата не дозволувала пошироки македонски рамки во активноста на ВМРО (об). Тесната национална рамка што му се наметнувала на македонското прогресивно движење ја констатирал и министерот за внатрешни работи на диктаторот Метаксас, Манијадакис. Македонските комунисти Н. Качела, М. Керамиџиев, Р. Галабов, Т. Поплазаров и Г. Божиков по судењето во Костур биле поведени пред министерот Манијадакис, кој бил живо заинтересиран да констатира во која мера КПГ, покрај идеолошката работа во редовите на македонското население, ја популаризираа и политиката на Партијата во однос на македонското национално прашање.
Сите признавале дека се комунисти, но “Манијадакис просто се зачуди дека не знаеме ништо во врска со политиката на КПГ во однос на македонското национално прашање и воопшто како марксизмот го поставува и третира едно нерешено национално прашање”. (Изјава на Михајло Керамиџиев дадена на авторот на 10. XI 1980 година.)
Под притисок на сите овие фактори, надворешни и внатрешни, КПГ на VI конгрес во 1935 година ја отфрлила политиката за обединета и независна Македонија и ја прифатила политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. Со тоа Партијата сметала дека ќе се засили во земјата и дека Грција ќе може поефикасно да му се спротивстави на италијанскиот, бугарскиот и на германскиот ревизионизам. КПГ сметала дека со тоа спроведува политика во склоп со решенијата на VII конгрес на Коминтерната.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/28 на 29 октомври 2026