Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Greek Occupied Macedonia (1913-1989)

ГЛАВА ШЕСТА - МАКЕДОНЦИТЕ ПО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА (1949-1989)

Од Стојан Киселиновски · Дел 32 од 33 · Околу 10 минути

Читај на English

ГЛАВА ШЕСТА - МАКЕДОНЦИТЕ ПО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА (1949-1989)

По поразот на ДАГ македонското име и македонскиот јазик повторно биле забранети и било какво надворешно изразување на македонската национална свест преку јазикот, песната, орото итн. строго се забранувало. “Ветувам пред Господа, луѓето и официјалните државни власти, дека од денес ќе престанам да зборувам на словенски дијалект кој е само повод за недоразбирање и дека секогаш и секаде ќе зборувам на официјалниот јазик на мојата татковина-на грчкиот – на кој е напишано и светото Евангелие на нашиот Христос”, често се слушаше низ македонските села оваа колективна заклетва по 1949 година. (В. “Вечер” од 19. V. 1987 година.)

Новите историски околности сериозно влијаеле и врз историската судбина на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија и тие придонесле да се забележи еден нов историски феномен. Ако во периодот од 1913 до 1950 година кај македонскиот народ постоело и се изразувало силна македонска народна солидарност, по 1950 година, поради невидениот грчки терор, македонската народна солидарност почнало постепено да попушта. (Економскиот фактор заигра голема улога во тој правец. Во периодот од 1951 до 1957 година националниот доход на Грција растеше со 6% годишно, но сепак доходот по глава на жител бил уште низок (200 долари). Постепено националниот доход по глава на жител ќе порасне и ќе се создаде една релативна економска благосостојба, која сериозно ќе влијае и врз политичката свест на Македонците.) Мешовитите бракови меѓу Македонци и Грци ќе бидат се почести, се поприсутни, што предизвикале сериозни етнички пукнатини во рамките на македонскиот народ.

Новите политичко-историски услови сериозно влијаеле врз историската судбина и на македонскиот јазик. Ако во периодот од 1913 до 1950 година, македонскиот јазик за македонското население имал статус на примарен (мајчин) јазик по 1950 година, постепено почнал да го губи тој статус од примарен (мајчин) јазик македонскиот јазик добил статус на секундарен (странски) јазик за дел од македонското население.

Истовремено грчкиот јазик го сменува својот историски статус. Од секундарен (странски) јазик што го имал овој јазик за македонското население, тој добил статус на примарен (семеен) јазик за дел од македонското население. Македонците веќе од најраните години го учеле грчкиот јазик, го изговарале природно, а македонскиот јазик го учеле подоцна, а затоа гласовите ж, ч, џ, ш што не постојат во грчкот јазик, ги изговарале неприродно, така како што некогаш во периодот меѓу двете светски војни, ги изговарало грчкото или негрчкото колонизирано население што научило да зборува македонски. Со тоа македонскиот јазик, по статусот на најупотребуваниот јазик, специфичен за периодот од 1913 до 1924 година, по статусот на семеен јазик специфичен за периодот од 1924 до 1950 година, влегол во третата, последна фаза пред неговото историско исчезнување кога почнал да го губи и статусот на семеен јазик за македонското население. (За да го побрза процесот на грцизација на македонското население, грчката држава скоро во сите македонски села отворила безплатни забавишта и градинки каде децата од најрани години го учеле грчкиот јазик.)

Со влегувањето на грчкиот јазик во рамките на македонското семејство, а преку него и присуството на грчката национална, политичка и психолошка логика, во суштина почнува процесот на дефинитивно асимилирање на македонкиот народ од егејскиот дел на Македонија. Сите овие историски текови биле спроведени со невидена упорност и средновековен терор од страна на грчкте власти. (Грчките власти сметаа дека било какво признавање на македонската нација или македонскиот јазик директно го стават под прашалник грчкиот територијален интегритет.)

Кога дошле социјалистите на власт во Грција ништо суштински не се менувало во однос на македонската нација и македонскиот јазик. Грчкиот традиционален државен политички принцип за непризнавање на македонската нација што бил ставен во темелот на грчката држава, продолжил и понатаму, па грчкиот државен националистички ексклусивизам правел еден чекор напред во однос на македонската нација и

македонскиот јазик. Грчките власти почнале поактивно и поупорно да ја негираат македонската нација и македонскиот јазик било каде во светот. Во рамките на една ваква политика биле повлечени и грчките студенти што студирале во Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје. (Овој закон беше донесен во 1982 година.)

Продолжувајќи ја грчката историска традиција за создавање на една држава со една нација и спроведувајќи ја политиката за “национално помирување”, социјалистичката влада решила да дозволи слободно враќање во Грција на сите Грци по род кои по поразот на Граѓанската војна во Грција заминале во источно-европските земји. Со условното враќање Македонците биле спречени да се вратат во своите родни места, не им се признавало правото на грчко државјанство и со тоа го губеле и легитимното право на имот. (Во 1985 година бил донесен законот “За регулирање на имотите на политичките бегалци...”.) Политиката на “национално помирување” ја подржала и КПГ и оваа партија “еволуирала” и во однос на македонското национално прашање. По политиката “ни државност, ни националност” (1918-1924), по политиката “државност без националност” (1924-1931), по политиката “ националност без државност” (1931-1949) по политиката националност и државност (јануари 1949-октомври 1949), КПГ ја прифатила политиката ни “државност, ниту националност” за македонската нација. (Со новата политичка ориентација, всушност КПГ прави еден дефинитивен историски компромис со политичката концепција на грчката држава во однос на македонското национално прашање.)

Новата политичка ориентација на КПГ во однос на македонското национално прашање, ги вознемирила Македонците и тие почнале да ја напуштаат партијата на која и ја напишаа историјата. (Македонците почнале се повеќе да се ориентираат кон умерената левица (социјалистите) и умерената десница, одбегнувајќи ги крајната левица и крајната десница.) Новата политичка ориентација на КПГ во однос на македонското национално прашање била со задоволство прифатена скоро од сите грчки политички партии. Исклучок правеле единствено приврзаниците и следбениците на Пантелис

Пуљопулос, некогашен лидер на таканаречено ново “малцинство” што се појавило во редовите на КПГ во периодот меѓу двете светски војни. (Ова мала политичка партија во спектарот на грчкиот политички живот, се наоѓа лево од КПГ.) Признавајќи го постоењето на македонската нација и сметајќи дека Македонците во Грција не се добри само да работат, плаќаат данок и да војуваат, туку и да уживаат и македонски национални права, тие преку својот орган “Социјалистички алаги” (Социјалистички промени) го дигнале својот глас против националното угнетување на Македонците и барале безусловно враќање на сите политички емигранти. (В. “Нова Македонија” од 8. XI. 1983 година.)

На историските процеси на асимилација во егејскиот дел на Македонија Македонците даваат се поактивен пасивен отпор (изразен преку почесто користење на македонскиот јазик, почесто користење на македонскиот мелос, со акцентрирањето дека се Македонци), туку се забележувале и појави на активен политички отпор против политиката на грцизирање. Во 1984 година во Солун било формирано “Движење за човечки и национални права за Македонците од Егејска Македонија” и организацијата “Централен организационен комитет за македонски човечки права” (ЦОК за МЧП) со седиште, исто така во Солун. Со манифестот за македонски човечки права, ЦОК за МЧП барал од грчките власти:

“1. Признавање на фундаменталните човечки и национални права и полна слобода за Македонците од Егејска Македонија во денешните граници на Грција.

2. Да се даде на македонскиот народ одобрение за оформување на свое образование, на свој мајчин- македонски јазик, да слободно организира и употребува културни институции и установи, училишта, црковна служба, да има пристап на радио-телевизиските програми, вести, да има свои публикации на книги и весници на македонски јазик.

3. Да се донесе и изгласа закон во грчкиот парламент со кој на Македонците им се одобрува слободно враќање од странство во своите родни места. Така тие да можат да земат активно

учество во економскиот, културниот и просветниот живот на земјата...

4. Се бара од грчкиот парламент и влада да донесе, прогласи, специјален закон со кој ќе се прокламира дека Македонците од Егејскиот дел на Македонија имаат неотуѓиви права, без никаков притисок, заканувања и заплашувања, да можат слободно во јавност да си го употребуваат својот мајчин-македонски јазик, своите народни обичаи и култура, преку збор, книги, весници, ора, песни...” (Манифест за македонски човечки права, Солун, 1984 година.)

Борбата за признавање на националните права на Македонците во Грција, Бугарија и Албанија е подржана од страна на целокупниот македонски народ. (Во Албанија не се негира постоењето на македонската нација, но се користат посуптилни методи за асимилација на македонското малцинство. Во 1988 и 1989 година во Скопје, Битола и на други места во СР Македонија се одржале митинзи на солидарност со македонскиот народ егејскиот и од пиринскиот дел на Македонија.) Од 30 јуни до 3 јули 1988 година во Скопје се одржа светска средба на протераните деца од егејскиот дел на Македонија по поразот на ДАГ. (Во средбата на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија учествувале повеќе од 3.000 некогашни деца дојдени од Канада, Австралија, САД, Егејска Македонија, и од источно европските земји.) Учесниците на ова средба едногласно сметаа дека “право на слобода и национален живот има секој народ без оглед на својата бројност и културен развиток.

Право на слободна национална припадност, на сопствен национален идентитет, право на мајчин јазик, на говор на мајчин јазик, право на просвета на мајчин јазик”. Тие сметаат дека овие права “се природни човекови права, признати од меѓународната заедница”. Учесниците на собирот беа убедени “дека секој човек, без оглед на раса, пол, верување, има право на живот, слобода и среќа, и било какво национално угнетување е навреда за самото човеково достоинство”. (Стојан Киселиновски, реферат по повод 40 годишнината од егзодусот на децата од егејскиот дел на Македонија.)

Овие национални стремежи силно се подржани и од македонското иселеништво. Македонски иселенички организации од Канада, Австралија, САД, го дигнаа својот глас за заштита на македонското име и македонското национално достоинство и пред меѓународните организации. По повод 75 годишнината од Букурешкиот мировен договор, “Македонскиот национален комитет” од Канада (Торонто) до Обединетите нации поднесе “Декларација за човечките права и слободи на Македонците во Грција, Бугарија и Албанија” во кој меѓу другото од Грција се бара:

“1. Во согласност со Универзалната декларација за човекови права на ООН и со одредбите на Хелсинската спогодба Грција и Бугарија се должни да престанат да го негираат националниот идентитет на Македонците, и воопшто да го почитуваат македонскиот ентитет во своите држави и да не го спречуваат неговото слободно изразување и афирмирање надвор од нивните држави (во Канада, Австралија, САД и др.). Двете држави се обврзани да им признаат на Македонците статус на национални малцинства и врз основа на тоа да им го почитуваат правото на еднаквост пред законот со фактичко уживање на човековите права и основни слободи и да ги штитат и да ги унапредуваат нивните легитимни интереси во оваа област.

2. Грција, Бугарија и Албанија да им овозможат на Македонците на својата територија слобода на хуманитарни, културни, духовни и други контакти со Македонците од Социјалистичка Република Македонија и со оние во мултикултурните демократски општества на Канада и Австралија, како и со Македонците во Соединетите Американски Држави и во други земји во светот.

3. Грција и Бугарија се должни да им дадат на Македонците право за образование на мајчиниот јазик, право за отварање училишта и културни институции и слобода за свои организации и здруженија, право за издавање публикации на македонски јазик и учество во програмите на радиото и телевизијата, како и право за слободна употреба на мајчиниот јазик во судовите и во црковните обреди.

4. Грција да ги укине законските одредби со кои македонските политички емигранти од Граѓанската војна и нивните потомци, бидејќи не се “Грци по род” се исклучени од враќање во родните места, посетување на татковските огништа и уредување на гробовите на своите предци и блиски, како и зачувување на соптвените имоти.

5. Заедно со запазувањето на другите белези на националниот идентитет на Македонците во Грција, е неопходно да се вратат променетите лични и географски имиња во Македонија во изворната форма.

6. Грција, Бугарија и Албанија да го усогласат односот спрема Македонците со духот на универзалната декларација за човечки права и основни слободи, Хелсиншката спогодба и другите меѓународни документи од оваа област”. (Декларација за човечките права и слободи на Македонците во Грција, Бугарија и Албанија.)

Признавањето на македонската нација во Грција и Бугарија, со соодветното признавање на националните и културно-јазичните вредности на Македонците, всушност е цивилизаторска обврска на овие две балкански земји и несомнено ќе претставува афирмација на историските, политичките и моралните вредности на тие земји.