Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Greek Occupied Macedonia (1913-1989)

ГЛАВА ПЕТТА - МАКЕДОНЦИТЕ ВО НАРОДНО-ОСЛОБОДИТЕЛНАТА БОРБА (1940-1949)

Од Стојан Киселиновски · Дел 30 од 33 · Околу 12 минути

Читај на English

ГЛАВА ПЕТТА - МАКЕДОНЦИТЕ ВО НАРОДНО-ОСЛОБОДИТЕЛНАТА БОРБА (1940-1949)

Политичките и воените успеси на Германија (1938-1940) ја охрабриле Италија да води една поактивна и воинствена политика на Балканот. (Станува збор за анексијата на Австрија, на Судетите, ликвидацијата на Чехословачка итн.) По окупацијата на Албанија, Италија изразувала се поагресивна политика во однос на Грција. (Албанија беше окупирана во 1939 година.) На 28 октомври 1940 година италијанскиот амбасадор во Грција, Грацијани, и врачил ултимативна нота на грчката влада. На барањето на италијанската влада Грција да и отстапи на Италија бази до крајот на војната, грчката влада одговорила со охи (не).

Со првите воени операции, владата на Јоанис Метаксас ја добила безусловната подршка на сите грчки политички партии, од левицата до десницата. КПГ, преку нејзиниот генерален секретар, Никос Захаријадис, го повикувала грчкиот народ “секој терен, секоја колиба, секој град и куќа да ја претвори во бедем” зошто војната што ја води владата на Метаксас за Грција значи борба “за слобода, чест и национална независност”. (To KKE, Episama kimena, tomos V, 1940-1945, 1973, p. 16.)

Македонскиот народ, кој исто така имал своја национална чест и свои национални интереси, историски објективно се ориентирал и изразил соодветен политички реализам во дадената историска ситуација. Во услови на воено-историска пресметка меѓу два фашизма (грчкиот и италијанскиот), македонскиот народ не заиграл ниту улога на петта колона на грчката држава, но ниту “со елан и одушевување” учествувал во новата војна. Едноставно, мобилизирани, Македонците учествувале во тешките битки кај Иван Планина, Морава, Подгарец и други места. (Од вкупно 300.000 војници што биле мобилизирани 80.000 биле од егејскиот дел на Македонија.)

1. МАКЕДОНЦИТЕ ВО НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНАТА ВОЈНА (1941-1945)

Грчко-италијанската војна, како и државниот удар на Душан Симовиќ во Југославија, ја вознемириле сериозно фашистичка Германија, која решила балканскиот проблем да го реши со воени средства. На 6 април 1941 година германскиот амбасадор во Атина, принцот Ehrbarch и врачил на грчката влада нота за објавување на војна.

Напредокот на германските воени сили, го принудија кралот и грчката влада да заминат во странство, а генералите Г. Цолакоглу, Е. Бакос и П. Деместикас, на 23 април 1941 година, ја потпишале капитулацијата. Веднаш по капитулацијата на Грција, во егејскиот дел на Македонија, која повторно била окупирана и поделена (Бугарија ја доби Западна Тракија, делови од егејскиот дел на Македонија до реката Струма и островите Тасос и Самотраки, Италија доби делови од Кожанско, Леринско и Костурско, централна Егејска Македонија (Солунско, Кукушко, Воденско, Гуменџиско итн.). Останале под геманска управа, но и под јуриздикција на грчката Квислинска влада на Г. Нчалакоглу.), дејствувале и биле присутни три антагонистички историски политички детерминизми (бугарскиот, грчкиот и македонскиот), кој што живо биле заинтересирани како, и во чија корист, ќе се реши македонското национално прашање, т.е. кому ќе му припадне егејскиот дел на Македонија по ослободувањето.

Бугарскиот фактор, државно организиран и воено присутен во егејскиот дел на Македонија, со свјата политика (ослободување на македонските затвореници, делење на бесплатна храна, заштита на македонското население од грчките националистички сили), сакал да го привлече македонското население и на тој начин да добие легитимитет за своите територијални барања во егејскиот дел на Македонија.

Грчкиот фактор почнал да дејствува веднаш по 1941 година за да го зачува грчкиот територијален интегритет создаден со Букурешкиот и Нејскиот мировен договор. Во 1941 година на иницијатива на левицата (КПГ), се формирал ЕАМ (Грчки ослободителни фронт) и ЕЛАС (Грчка народноослобдителна војска). Подоцна, на политичката иницијатива на Н. Пластирас, грчки офицери на чело со Наполеон Зервас го формирале ЕДЕС (Грчка демократска и национална лига), а на иницијатива на Г. Карталис, се формирал ЕККА (Грчки комитет за национално и социјално ослободување) на чело со полковникот Псарос. Идеолошки разединети (едни-за еволуција без револуција и, други-за еволуција со револуција) и национално обединети врз основа на грчките национални интереси (суверенитет и национален интегритет за грчката држава), грчките сили на отпорот имале услови за соработка (врз основа на националното што било заедничко и за судири врз основа на класното што било различно). (Ова била основната политичка карактеристика за грчките сили на отпорот во периодот од 1941 до 1944 година.)

Колку повеќе се доближувало ослободувањето на Грција и се реализирала грчката национална програма (ослободување на Грција), толку повеќе класното добивало примат, и граѓанската војна станувала неизбежна. По капитулацијата на Италија и формирањето на владата на Бодоглио (1943), судирите меѓу ЕЛАС – ЕДЕС и ЕЛАС-ЕККА станувале се почести и земале белег на вистинска граѓанска војна. (Во 1944 година ЕЛАС ги нападнал единиците на ЕККА кој заедно со полковникот Псарос, биле ликвидирани.)

Двете грчки политички опции (грчки национален и територијален интегритет плус граѓанско друштво и грчки национален и територијален интегритет плус ново друштво) имале и свои надворешни сојузници (Англија и СССР). Со спогодбата во Јалта меѓу Черчил и Сталин, се решил грчкиот политички спор. (Со договорот во Јалта, Грција падна под англиско влијание.) Со еден збор, политичката опција “национален суверенитет и ново друштво”, требало да се потчини на политичкиот принцип “национален суверенитет и граѓанско друштво”, и грчкото лево ориентирано движење еволутивно капитулирало во Либан, Казерта и Варкиза. (Со Либанската спогодба што била потпишана меѓу ПЕЕа и владата на бегство на чело со Г. Папандреу во 1944 година се

предвидувала меѓу другото, формирање на влада на националното единство, му се признавало на Штабот за Средниот Исток правото да ја координира борбата на силите на отпорот во Грција, се осудил бунтот на грчките сили на средниот Исток итн.

Со договор во Казерта од 26. X 1944 година, грчките вооружени сили се ставени под англиска команда на генерал Скоби, и и се признало на Англија правото на истоварување војска во Грција, главните градови (Атина, Пиреја, Солун) поминале под директна контрола на генерал Скоби итн.

Во договорот потпишан во Варкиза на 12. II 1945 година меѓу КПГ и ЕЛАС, од една страна, и грчката влада, од друга страна, се предвидувало обезоружување на единиците на отпорот, чистење на државниот апарат, слободни и демократски избори за уставотворно собрание, но не се предвидувала и политичка амнесија, што и даде можност на грчката реакција да почне да се спроведува една сурова политика на бел терор и тоа особено врз македонскиот народ. Секако во создавањето на политиката на КПГ во периодот 1941-1945 година и подоцна не мала улога одигра и СССР.)

Македонскиот фактор, во услови на повторна окупација на Македонија, се вклопил во антифашистичката борба со една широка политичка лепеза: од приврзаниците за реализација на “македонската национална максимална програма” (Обединета Македонија, една комунистичка партија за Македонија, една македонска војска) (Иницијатор на “Македонската национална максимална програма” во егејскиот дел на Македонија бил Илија Димовски-Гоце, на кој му се придружиле уште 10 леринчани.) и приврзаниците на “македонската национална минимална програма” (малцински права во рамките на Грција), што била и политика на Коминтерната и на Балканските комунистички партии уште од 1935 година.

“Македонската национална максимална програма” била неприфатлива за сите политички сили на Балканот (од левицата до десницата) и оваа тенденција во егејскиот дел на Македонија итно била осуетена од страна на КПГ. (Важна улога во

ликвидацијата на политичката тенденција на Илија Димовски-Гоце заиграл и Лазо Трповски.) Ако тенденцијата за реализација на “македонската национална максимална програма” била неприфатлива за политичките сили од Балканот и надвор од него, во однос на “македонската национална минимална програма” постоеле разлики во рамките на силите на отпорот во Балканот. (КПЈ, со својата политика “државност и националност” во рамките на Југославија, создала широка политичка рамка за афирмација и на македонските национални интереси. Ова политика на КПЈ во однос на македонското национално прашање сериозно ги вознемирувала КПГ и КПБ.) Комунистичките партии на Балканот ја подржувале “македонската национална минимална програма”, но само со услов македонското народноослободително движење да дејствува исклучиво под раковод-ството на соодветната комунистичка партија и во рамките на соодветното грчко, југословенско или бугарско револуционерно движење.

Природната контрадикција што постоела меѓу македонскиот и грчкиот национален интерес, ја принудиле КПГ во текот на НОБ да води une politique inteligente et adequate во однос на македонскто национално прашање. Ако во редовите на грчкото лево-ориентирано движење, КПГ му даваше предност на (грчкото) националното во однос на класното, во рамките на македонското национално движење таа му давала предност на класното во однос на (македонското) националното. (Оваа политика КПГ била основна причина за сериозни политички недоразбирања меѓу грчкото и македонското движење на отпорот. Сите Македонци, на пример, кои сметала дека македонскиот е “народ со историја, а не малцинство, туку нација и како нација има право на самоопределување”, биле клеветени, отстранети или ликвидирани. Од писмото на Наум Пејов и Димовски Ошенски до преставниците на КПГ, во зборникот Егејска Македонија во НОБ, 1944-1945, том. I, Скопје, стр. 16 и 131.) Само преку класната свест, КПГ била сиргурна дека ќе го контролира немирното македонско национално чувство и македонското национално ослободително движење, кое на тој начин било ставено под соодветна грчка политичка контрола.

Формирањето на Македонската антифашистичка организација (МАО) во Воденско во 1942 година (Голема улога во активноста на МАО заигра Вангел Ајановски-Оче, секретар, Ангел Гацев, Ристо Кордалов, Ристо Шорев итн.), на Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт (СНОФ), како и формирањето на македонските воени формации (СНОФ за Костурско се формирал во октомври 1943 година во Д’мбени, а се конституира во селото Крчишта, а СНОФ во Леринско се формира во селтото Белкамен. Раководниот кадар на СНОФ го сочинувале: Паскал Митрески, секретар, Лазо Поплазаров, Наум Пејов, Лазо Ошенски, Васил Алексовски, Спиро Василев, Киро Пилаев, Георги Турунџев и др. СНОФ, само по шест месечна активност, бил ликвидиран од страна на КПГ.

Во пролетта 1942 година се формирал Костурскиот партизански одред, во есента 1943 се формирал одредот “Лазо Трповски”. На 2 август 1944 година во селото Поздивишта се формира Костурскиот-леринскиот баталјон- “Гоце”, а во јуни 1944 година се формирал во селото Горно Родево (Кајмакчалан) Воденскиот македонски баталјон.), требало, покрај другото, да ја осуетат бугарската пропаганда која преку храната, се обидувала да дејствува меѓу Македонците (Охраната се формира на 16 јуни 1944 во Воден на чело со Георги Димчев, од село Бозец-Ениџе-вардарско.), користејќи ги максимално последиците на грчкиот терор врз македонското население. (Положбата на Македонците под грчка власт била најтешка, неиздржлива. Разни грчки националистички банди како ИВЕ (Заштита на Северна Грција), ЕКА (Национална општествена одбрана), со својот средновековен терор, ги принудувала Македонците да бараат сојузници за да си го обезбедат голиот опстанок. Репресивни мерки против Македонците земале, понекогаш, и единиците на ЕЛАС.)

Присуството, како и контрадикцијата (наметната од страна на КПГ) меѓу грчкиот национализам и македонскиот патриотизам во текот на НОБ се изразиле во најразлични форми и нијанси на историскиот терен. Тие кулминирале во мај 1944 година кога дошло до повлекување на македонски комунисти и на македонските баталјони во вардарскиот дел на Македонија. (Судирот меѓу грчкиот национализам и македонскиот

патриотизам кулминирал со вооруженниот судир меѓу 28 бригада на ЕЛАС и баталјонот “Гоце” во септември 1944 година. Македонските национално-политички интереси, со својата активност, ги изразил Наум Пејов. На 16 мај 1944 година македонски борци и комунисти на чело со Наум Пејов, Атанас Коровешов, Васил Макриевски, Пандо Шиперков, Евдокија Балева –Вера и други преминале во вардарскиот дел на Македонија. Истоврмено од Леринско во вардарскиот дел на Македонија преминале Никола Шалваринов, Михали Апостолов-Гранити, браќата Туронџиеви и други.) Во 1944 година во Битола се формирала Првата егејска ударна бригада која што зеде активно учество во борбата против албанските националистички сили во западниот дел на Вардарска Македонија. (Командант на Првата егејска ударна бригада бил Илија Димовски-Гоце, комесар, Михајло Керамиџиев.)

И покрај тесните рамки во кои активирало неавтономното македонско народноослободително движење, сепак, благодарение на активноста на македонските политички и воени организации, Македонците успеале во текот на НОБ да ги афирмираат и македонските национално-културни вредности. Во текот на НОБ биле издадени македонски весници пишувани на локалните македонски дијалекти (Во текот на НОБ во егејскиот дел на Македонија биле публикувани следните весници: “Славјаномакедонски глас”, “Искра”, “Победа”, “Стражар”, “Преспански глас”, “Слобода”, “Црвена ѕвезда”, “Билтен” и др. Дел од овие весници биле пишувани на македонски, но со грчки букви.), се отвориле курсеви за народни учители (Еден ваков курс се отворил во Рупишта и курсот бил посетен од 30 курсисти.), се создала македонска азбука (Во 1944 година Павле Раковски, од село Долно Клештина, Леринско, создал македонска азбука од 24 букви што се “разликувала од грчката и од бугарската”.), се издал буквар и македонска читанка (Букварот бил печатен на 1000 примероци и веднаш бил испратен по Костурските и Леринските села. Комисијата која го издала македонскиот буквар ја сочинувале: Андон Секавица, Алеко Ивановски, Ристо Потијанов, Васко Караџа и еден поп од село Загоричени.) и се отвориле првите македонски училишта во егејскиот дел на Македонија по 1913 година.

Покрај просветата, македонскиот јазик успешно го ширеле и македонските културно-уметнички друштва кои низ македонските села ги презентирале македонските песни, македонските ора, македонските гатанки итн. Кај Македонците особено силен впечаток оставала изведбата од страна на македонските културно уметнички друштва на драмата на Јордан Чернодрински “Крвава македонска свадба”. (“Македонската крвава свадба” била изведена во Арменско, Екши-Су, Вишени и други македонски села.) Со исто нескриено задоволство Македонците од село Патели на 2 август 1944 година учествувале на црковната служба што се одржала на македонски јазик. Развитокот и афирмацијата на македонските национално-културни вредности во текот на НОБ во егејскиот дел на Македонија се должела и на влијанието на македонските партизански единици од вардарскиот дел на Македонија кој што привремено се наоѓале во јужниот дел на Македонија. (Македонските партизански единици од вардарскиот дел на Македонија биле пречекани со големо одушевување од страна на македонското население од егејскиот дел на Македонија.)

По 1945 година, сите национално-културни придобивки на македонскиот народ биле укинати и грчките власти почнале да спроведуваат една политика на бел терор против Македонците што водела кон дефинитивно решавање на македонското национално прашање. (Убиствата, колективните силувања, газењето на македонското национално и човеково достоинство биле секојдневна појава.)