Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Greek Occupied Macedonia (1913-1989)

5. РЕАЛНИТЕ МОТИВИ ЗА СМЕНУВАЊЕТО НА ПОЛИТИКАТА ЗА ОБЕДИНЕТА И НЕЗАВИСНА МАКЕД

Од Стојан Киселиновски · Дел 25 од 33 · Околу 4 минути

Читај на English

5. РЕАЛНИТЕ МОТИВИ ЗА СМЕНУВАЊЕТО НА ПОЛИТИКАТА ЗА ОБЕДИНЕТА И НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА

Мотивите што ја натерале КПГ да го смени својот став во однос на Македонското национално прашање биле од надворешен и внатрешен карактер. Овие два фактори, кои заемно се условуваат и влијаеја еден врз друг, придонеле КПГ да ја отфрли политиката за обединета и независна Македонија и да ја прифати политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава.

А) НАДВОРЕШНИОТ ФАКТОР

Надворешниот фактор одиграл не мала улога во правецот на сменувањето на политиката на КПГво однос на македонското национално прашање. Версајска Европа со нејзините нерешени национални и територијални прашање, како и со големиот револуционерен бран што ја опфатил во периодот 1917 до 1923 година, ја вознемирил европската буржоазија. Оваа класа спасот го гледала во отстранувањето на либералниот принцип што стоел во темелот на европските држави и неговото заменување со тоталитарен систем. Воведувањето на режимот на цврстата рака во Унгарија (Станува збор за диктатурата на адмиралот Хорти.), појавата на фашизмот во Италија (Во 1922 година во Италија, Мусолини вовел тоталитарен режим.), во Шпанија (Со државниот удар во 1923 година, Примо де Ривера вовел диктатура во Шпанија.), Естонија, Австрија, Полска и Португалија (Станува збор за “цврстата” влада на Пилсудски (Полска) и на Гомез да Коста (Португалија).), ќе кулминира со воведувањето на фашистичката диктатура во Германија. Германија веднаш ќе почне да спроведува една активна ревизионистичка политика во однос на Данска, Белгија, Франција, Чехословачка, Полска и ќе изразува отворени желби за обединувањето на “германска Австрија” со Германија. Затоа фашистичка Германија ќе ги поттикнува “националните движења” на Германците во Чехословачка (Судетите), во Полска (Гдањск), во Романија (Ердеј), активно ќе го поддржува, и организира фашистичкото движење во Австрија и со тоа сериозно го ставала под прашалник Версајскиот мировен договор. Надворешната ревизионистичка политика, како и антикомунистичка идеологија што стоела во темелот на фашистичкиот режим, не можела а да не влијае и врз политиката на Коминтерната. Појавата, зацврстувањето и успесите што ги нижел фашизмот сериозно влијаеле врз глобалната стратегија и тактика на Коминтерната. Непрекината политика на идеолошката и територијалната експанзија на

фашизмот требало да се сопре со адекватна политичка платформа од страна на Коминтерната. Во тој однос живо биле заинтересирани и Советскиот Сојуз, чии национални и идеолошки интереси веќе биле сериозно загрозени од фашистичкиот експанзионизам. Затоа политиката на Народниот фронт било единствено политичко решение според политичката проценка на Коминтерната. Во периодот кога фашизмот бил се поприсутен во Европа “особено важна задача е – велеше Г. Димитров на VII конгрес на Коминтерната во 1935 година – создавањето на широк народен антифашистички фронт врз основа на пролетерски единствен фронт. Успехот на целокупната борба на пролетаријатот е тесно поврзан со формирањето на борбени сојузи на пролетаријатот со селаните и со основната маса на ситната буржоазија, која го претставува мнозинството од населението во индустриски развиените земји”. (Георги Димитров, Борба за Единен фронт против фашизма и воината. София, 1975, стр. 62.)

Решенијата на V конгрес на Коминтерната во 1924 година за решавањето на нерешените национални прашања на Балканот со разбивање на територијалниот интегритет на Југославија, Романија, Полска, Грција итн. би ги ослабиле уште повеќе “наследничките држави” (Југославија, Чехословачка, Полска, Романија, Грција) и така, незацврстени економски и политички, тие природно би слабееле наспрема се поголемиот фашистички притисок од страна на Германија, Италија и нивните сојузници: Унгарија и Бугарија. Требало, по секоја цена, и комунистичките партии на Балканот да спроведуваат соодветна политика во однос на нерешените балкански национални прашања и со тоа да придонесат за зацврстувањето на овие држави спрема ревизионистичките држави Германија, Италија, Унгарија и Бугарија.

Македонското национално прашање со политиката за обединета и независна Македонија, го ставала под прашалник интегритетот на балканските држави и, покрај тоа, беше во спротивност со новата стратегија и тактика на Коминтерната. Затоа Коминтерната во склоп со оваа глобална политичка стратегија ќе ја смени и својата политика по националното прашање, усвоена на V конгрес на Коминтерната во 1924

година. Наместо разбивањето на територијалниот интегритет на Југославија, Грција, Романија итн. Коминтерната ќе се стреми тие држави да се зацврстат vis – à – vis ревизионистичките држави, а решението за нерешените национални прашања ќе се бара само преку почитувањето на правата на малцинствата во рамките на веќе постојните балкански држави. Новата политика и тактика на Коминтерната целосно ги задоволувала најинтимните желби на КПГ за разлика од политиката за обединета и независна Македонија која КПГ ја имала прифатено со голема вознемиреност и без убедување за нејзината справедливост.