Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
4. КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И ПОЛИТИКАТА “НАЦИОНАЛНОСТ, БЕЗ ДРЖАВНОСТ”
4. КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И ПОЛИТИКАТА “НАЦИОНАЛНОСТ, БЕЗ ДРЖАВНОСТ” (1935-1940)
Со формирањето на новиот ЦК КПГ во 1931 година (Во новото раководство на КПГ што се формирало по интервенција на Коминтерната во 1931 година, покрај Никос Захаријадис, влегле и Јанис Јоанидис, Стилјанос Склавенас, Јанис Михалидис, Василис Нефелудис, Леонидас Стрингос и Г. Константинидис.), во историјата на КПГ завршил “праисторискиот” и почнал “историскиот” период, КПГ ќе манифестира се поголем политички реализам (Се поактивниот политички реализам што доаѓал и од страна на Коминтерната придонесол КПГ да постигне успеси во грчкиот политички живот (избори итн.). Во 1934 година за првпат во Грција за градоначалник во Кавала бил избран еден комунист. Сепак новата политика на КПГ му била наметната од страна на Коминтерната и КПГ и овој пат шаблонски ја прифатила. Политичкиот реализам во суштина произлегувал од фактот дека новата политика била повеќе рефлексија и случајно одговарала на објективната грчка историска реалност.), ќе почне да ја создава својата политика и во склоп со грчката историска реалност, но без да се ослободи сосема од политичкиот догматизам што ќе биде присутен како основна политичка карактеристика во еден цел нејзин историски период. (Тоа природно ќе придонесе за ресцепот во 1968 година, кога ќе се формираат повеќе комунистички партии во Грција: КПГ (со просоветска ориентација), КПГ-марксисти-ленинисти (сталинистичка ориентација) и КПГ (внатрешна) со еврокомунистичка ориентација.) Политичкиот реализам особено се забележува и конкретизира во решенијата на VI седница на ЦК КПГ од јануари 1934 година. Сметајќи дека Грција спаѓа во категоријата на тие земји што во програмата на Коминтерната се карактеризирани како држави со среден степен на развитокот на капитализмот (To KKE apo 1931 os…, p. 30.) ЦК КПГ заклучила дека поради средното ниво на капиталистичкиот развој во земјата, Грција и припаѓа на категоријата на оние земји каде што е можно преминувањето од буржоаско-демократска во социјалистичка револуција и каде што “диктатурата на пролетаријатот нема да се наметне веднаш”, туку ќе постои преминување од демократската диктатура на работниците и селаните “во социјалистичка диктатура на пролетаријатот”. (Пак таму.) На тој начин КПГ ги отфрлила левичарските ставови за непосредна советска власт, непосредна диктатура на пролетаријатот итн.
Политичкиот реализам кој доаѓал и од страна на Коминтерната, како и притисокот што се изразувал внатре во Партијата за приближување колку е можно повеќе до сопствената историска реалност, не можел а да не се изрази и во однос на македонското национално прашање. Постоењето на македонската нација како непобитна историска реалност, не можело да не влијае врз ставовите на КПГ во однос на македонското национално прашање. Во секојдневниот живот, во судирите со органите на власта, Македонците манифестирале и изразувале македонска национална свест. Овие чувства Македонците ги изразувале и преку органот на КПГ “Ризоспастис”, што речиси секојдневно публикувале статии и написи за тешката национална и социјална положба на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Под рубриката “Ризоспастис меѓу Македонците”, органот на КПГ објавил
голем број написи во корист на македонската нација. Во периодот од 1932 година до 1934 година биле публикувани во весникот “Ризоспастис” написите “Со Македонците во Македонија”, “Долу националното угнетување-Македонците под јаремот на грчката буржоазија”, “Не сме Бугари, ни Грци, ние сме Македонци”, и други, во кои - македонската национална свест несопирливо се изразувала. Македонските национални чувства извирале особено од писмата на самите Македонци што биле објавени во “Ризоспастис” на македонски јазик со грчки букви.
Под влијание на силен притисок на македонската национална свест, КПГ ја отфрлила теоријата дека македонскиот народ е создаден од Грци, Срби, Бугари, Власи итн., и ја признала македонската нација. КПГ констатирала дека “македонската националност не е ниту бугарска, ниту грчка, ниту српска, туку МАКЕДОНСКА” (“O Neos Rizospastis”, 24. XI 1932.), зашто во “Македонија под Бугарија, Грција и Србија не постојат ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби, постојат само Македонци. (Во “Ризоспастис” привремено се појавувале и статии во духот на III вонреден конгрес на КПГ од 1924 година, но под притисок на македонската национална свест, Партијата-како впрочем и Коминтерната и другите партии на земјите што ја владееле Македонија- дефинитивно ги отфрла. КПЈ, на пример, во рамките на нејзината политика “државност и националност” за секој југословенски народ во рамките на Југославија, ќе ја признае македонската нација по 1939 година и ќе ја отфрли теоријата за шаренило на народи во Македонија. Еден од последните застапници на теоријата на шаренилото на народи во Македонија (Срби, Грци, Бугари итн.) беше Милован Џилас.) За да се увериме во тоа, пишувал “Ризоспастис”, “доволна е една обична посета во местата и планините на Македонија (Костур, Лерин) за да го сфатиш тоа. Тој одговор го добиваш уште од нивните обичаи и нивната природа која воопшто не е грчка, ниту бугарска, ниту српска... Нивната облека има нешто посебно и јазикот исто така. Нивниот словенски јазик личи со бугарскиот, но не е ист. Знаејќи го македонскиот јазик, секако, можеш да се разбереш и со Србите и со Бугарите. Тој јазик го зборуваат денес уште 100.000 луѓе КАКО НИВНИ МАЈЧИН ЈАЗИК. Друг не знаат. Има толку векови поминато од кога се
населил словенскиот елемент во Македонија и денес од нив не знае ништо друго, освен дека на тоа место се родил и на тоа ќе умре и дека не е ниту Грк, ниту Србин, ниту Бугарин”. (Пак таму. Периодот од 1932 до 1935 година, кога КПГ ја признала македонската нација и изразувала една реална активност во однос на македонското национално прашање, всушност е најсветлиот период во историјата на КПГ во однос на македонското национално прашање. По 1935 година македонското национално прашање ќе биде потиснато и ќе се појавува само тогаш, кога тоа ќе го бараат тактичките потреби на КПГ.)
Признавањето на македонската нација, како и силниот притисок на македонскиот народ што се посилно се изразувал по 1931 година, ја принудија КПГ да дозволи формирање на ВМРО (об) и во егејскиот дел на Македонија. Почетоците на ВМРО (об) во Егејска Македонија почнуваат во јуни 1932 година, кога на иницијатива на КПГ се организира во Солун т.н. Конференција на малцинствата. (На Солунската конференција на ВМРО (об) учествуавале 4 делегати од Леринско, 2 од Костурско, и по еден делегат од Солунско, Лагадинско, Кукушко, Драмско и Воденско.) На оваа Конференција, на која учествувале единаесет претставници на малцинствата и делегатот на КПГ, Склавенас, било донесено решение при сите реонски и околински комитети да се формираат одделенија на малцинствата. Во септември истата година се одржала Берската конференција и во 1934 година во Воден била свикана Основачката конференција ВМРО (об) за Егејска Македонија. На оваа конференција учествувале девет делегати кои го претставувале македонскиот народ од Леринскиот, Костурскиот, Воденскиот и Ениџе-вардарскиот регион.
По прегледувањето на економската и политичката ситуација во Грција, Конференцијата донела решение за формирањето на ВМРО (об) во егејскиот дел на Македонија и истовремено било избрано и политичко раководство на чело со Андреја Чипов, секретар, Христо Галабов, заменик секретар, Михаил Клеанев, одговорен за Леринскиот регион, и Алеко Тенекеџиев, одговорен за Воденскиот регион. (Андреја Чипов, КПГ на македонското национално прашање, в. “Гласа на Егејците”, III,
бр. 29, 30, 31, Скопје, 1953.) Седиштето на ВМРО (об) било во Солун, каде што почнале да се публикуваат и првите летци на македонски јазик (Пак таму.) и од каде што се ширеле и весниците “Македонско дело” и “Балканска федерација”.
По формирањето на политичкото раководство на ВМРО (об) почнале да се организираат и првите групи на ВМРО (об) на територијата на Егејска Македонија. Со селото Арсен (Воденско) биле формирани две групи од по десет члена и една комисија од три члена, која имала како основна задача да формира слични групи на ВМРО (об) во цел Воденски регион. Членовите на ВМРО (об) од селото Арсен се обврзале дека како Македонци, ќе се борат за полна независност на Македонија од “бугарскиот, грчкиот и српскиот стап” и барале издавање на еден македонски весник “на наш мајчин јазик”. (Од писмото на македонските дружини на ВМРО (об) од селото Арсен до весникот “Ризоспастис”, објавено на 12. IX 1934.) Слични организации на ВМРО (об) се формирале и во други делови на Егејска Македонија. Во Екши-Су (Костурско) се формирале две групи на ВМРО (об) со вкупно 15 членови. Главната задача на членовите на ВМРО (об) од селото Екши-Су била да му се докаже “на грчкиот господар дека ние не сме ни Грци, ни Бугари, ни Срби, туку чисти Македонци” и се обврзале дека ќе водат непрекината борба “додека не се ослободиме” (Од писмото на членовите на ВМРО (об) од селото Екши-Су испратено до “Ризоспастис”, објавено на 1. XI 1934.) Истовремено членовите на ВМРО (об) од селото Екши-Су ги повикувале Македонците од селата Ајтос, Зеленич и Љубенца да се зачленат во редовите на ВМРО (об) и заедно да се борат за издавањето на еден весник “на наш мајчин јазик”. (Пак таму.) Во селото Патели исто така се формирала група на ВМРО (об) која го имала за основна цел “ослободувањето на многу мачениот македонски народ”, од неподносливото грчко ропство. (Од писмото на еден Македонец од селото Патели до “Ризоспастис” објавено на 1. XI 1934)
Појавата на ВМРО (об) во егејскиот дел на Македонија како лева македонска политичка организација, била примена со големо воодушевување од страна на македонското население и затоа “успеавме да организираме бази во Костурско, Леринско,
Воденско, Солунско, Лагадинско, Кукушко, Серско, Драмско, каде што ВМРО (об) имала формирано 17 организации со 893 членови”. (Од писмото на А. Чипов испратено до Димитар Влахов, Архив на Македонија, Фонд Димитар Влахов, к. бр. 21 (18).) Активноста на ВМРО (об) во Егејска Македонија кулминирала кога членовите на ВМРО (об) од Леринската околија успеале да го издадат на македонски јазик весникот “Земјоделско знаме”. Забележителен успех за ВМРО (об) беше, секако, и кандидирањето на Андреја Чипов на парламентарните избори во 1935 година, кога секретарот на ВМРО (об) на изборните списоци, наместо професијата, пишуваше Македонец. (Пак таму.)
Со признавањето на македонската нација и со формирањето на ВМРО (об), КПГ истовремено ја сменила во суштина својата политика во однос на македонското национално прашање. Наместо политиката за обединета и независна Македонија што била и основна политичка парола на ВМРО (об), КПГ по 1931 година реално ќе почне да ја спроведува политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. (Формално политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава, КПГ ќе ја смени на VI конгрес на оваа партија во 1935 година.) Прифаќањето на политиката за полна рамноправност на малцинствата по 1931 година од страна на КПГ, Партијата го сторила молкум и поттикната од сопствена желба и волја. (Од говорот на Никос Захаријадис на Седмата проширена седница на ЦК КПГ од 11-14. II 1957 година.) Тоа сменување на политиката на КПГ во однос на македонското национално прашање по 1931 година, било неопходно зашто политиката за обединета и независна Македонија “беше една политичко-секташка грешка што ја прифативме од причини на политичка целесообразност... и со намера да му помогнеме на Бугарите во борбата што ја воделе против ВМРО”. (Од говорот на Никос Захаријадис на опширниот пленум на ЦК КПГ од 18-24. II 1957.)
Новата политика за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава, која КПГ реално почнала да ја спроведува по 1931 година, сериозно ќе ја стагнира активноста на ВМРО (об) во егејскиот дел на Македонија. Политиката за
обединета и независна Македонија, која од една страна ја спроведувала ВМРО (об) беше веќе во длабока контрадикција со новата политика за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава, што од друга страна ја спроведуваше КПГ по 1931 година. (Формално, по 1931 година, КПГ ќе публикува по некоја статија во корист на политиката на обединета и независна Македонија, но реално нема да ја спроведува на конкретниот историски терен.) Оваа суштинска политичка контрадикција меѓу ВМРО (об), со политиката за обединета и независна Македонија, од една страна иа КПГ, со политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава, од друга, имала тешки последици за активноста и особено за развитокот на ВМРО (об) во егејскиот дел на Македонија. (Партијата, пишува А. Чипов во своите сеќавања во “Глас на Егејците”, не само што не ја помагала ВМРО (об), туку и не им дозволувала на македонските комунисти да се зачленат во оваа лева, но национална македонска организација.)
На VI конгрес на КПГ во декември 1935 година оваа Партија и формално (официјално) ќе ја прифати политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. За да најде разбирање и подршка во редовите на Коминтерната за новата политичка ориентација во однос на македонското национално прашање, претставниците на КПГ биле во Москва каде што се стремеле да ги убедат раководителите на Коминтерната за потребата од итно отфрлување на политиката за обединета и независна Македонија. Со различни статистики за “реалната етнографска” структура на населението во егејскиот дел на Македонија по големите миграциони двежења, тие го убедувале стариот полски комунист, Оскар Валецки, раководиел на Балканската секција, за спроведливоста на решенијата на VI конгрес на КПГ од 1935 година во однос на македонското национално прашање и за новата политика на КПГ, во однос на единствената Земјоделска партија во Грција. (D. Nefeludi, N. Athina, Anamnisis 1930-1940, Athina, 1974, p. 79.) На состанокот на Извршната комисија на Коминтерната, на кој присуствувале Д. Мануилски, П. Толјати, То. Готвалд, Г. Димитров, В. Пик и други, против решенијата на VI конгрес на КПГ зборувал полскиот комунист Оскар Валецки.
Претставникот на КПГ, Василис Нефелудис (Член на Политбирото на КПГ.), поддржуван од Јанис Михаилидис, Електра Сидеридис и Василис Барџотас (Претставници на грчката комунистичка младина во Комунистичката младинска интернационала.), ги заштитувал решенијата на КПГ од VI конгрес, сметајќи ги исправни и во склоп со глобалната политика на Коминтерната. Сите учесници на овој состанок, според Нефелудис, на крајот ги прифатиле како исправни решенија на VI конгрес на КПГ од 1935 година со тоа и решението за заменувањето на политиката за обединета и независна Македонија со политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. Со тоа т.н. “мнозинство” од 1924 година ги прифатило аргументите и ставотиет на т.н. “малцинството” во однос на македонското национално прашање и во суштина со решенијата од 1935 година “мнозинството” било и формално поразено од “малцинството”. Реалниот пораз во однос на Македонското национално прашање “мнозинството” го претрпеа веднаш по 1924 година. Дискусиите што се воделе околу македонското национално прашање во периодот 1923-1927 година во редовите на КПГ, ставовите што биле земени за или против политиката за обединета и независна Македонија, потврдиле дека победата на т.н. “мнозинство” била формална и краткотрајна. Од вкупно 17 гласа што ги добил П. Пулјопулос за прифаќањето на политиката за обединета и независна Македонија, 8 веднаш по III вонреден конгрес од 1924 година ја повлекле поддршката, а 2 биле против во текот на самото гласање. Во суштина “мнозинството” било реално малцинство, а “малцинството” реално “мнозинство” (10/9) во корист на т.н. “малцинство” и затоа победата на “мнозинството” на Третиот вонреден конгрес од 1924 година во однос на македонското национално прашање била “пирова победа”. (J. Kordatos, op. cit. “Rizospastis”, 18. II 1927.) Истото го потврдил и претставникот на т.н. “мнозинство” од 1924 година, П. Пулјопулос, “Нашата, победа, пишувал Пулјопулос во весникот “Ризоспастис”, се покажа пирова. Во практиката сме победени и жалосно е за Партијата да ги затвора очите пред таквата реалност...” (Pantelis Puliopulos, op. cit., “Rizospastis”, 5. II 1927.) и предвидувал дека Партијата, на крајот, ќе ги прифати аргументите на “малцинството” кога станува збор за македонското национално
прашање. (На VI конгрес на КПГ од 1935 година, како образложение за сменувањето на политиката за обединета и независна Македонија, “мнозинството” всушност го прифатило аргументот на “малцинството” дека по големите миграциони движења меѓу Грција и Бугарија, Грција и Турција, грчкиот елемент во егејскиот дел на Македонија е во мнозинство и затоа отфрлувањето на политиката за обединета и независна Македонија било неопходно.)
На VI редовен пленум на ЦК КПГ, во присуство на 51 делегат, претставници на партиските организации на земјата, се разгледало и становиштето за заменување на досегашната парола за обединета и независна Македонија со паролата за полна рамноправност на малцинствата во рамките на Грција. На VI конгрес на КПГ, кој се одржал во декември 1935 година, Партијата вака ја оправдала новата политика во однос на македонското национално прашање:
“По мартовскиот преврат (Обид за државен удар во Грција со антимонархистички карактер.), се велело во усвоениот документ, нашата Партија наместо паролата за обединета и независна Македонија и Тракија ја фрли паролата за полна рамноправност на малцинствата. Менувањето на оваа парола во врска со националните малцинства во нашата земја не значи негирање на македонското прашање. Менувањето на старата парола се наложува од самата измена на националниот состав во грчкиот дел на Македонија. Тоа е во тесна врска со промената на деловите во кои се развива денеска револуционерното движење воопшто на Балканот и особено во нашата земја со основна задача –антифашистичката борба. Маркистичката теорија и наложува на Комунистичката партија да ја засновува својата политика врз вистинските интереси на земјата.
Делот на Македонија што го држи Грција е населен со грчко-маџирско население. Населението од грчкиот дел на Македонија во своето мнозинство денеска е грчко и ленинистичко-сталинистичкиот принцип за сапоопределување на народите во денешните услови бара менување на старата парола... Промената на паролата не значи ослaбување на нашата
дејност во Македонија меѓу националните малцинства. Обратно, се заложуваме за засилување на нашите усилби за да им се обезбедат на малцинствата полни права. Комунистичката партија не престанува да изjавува дека македонското прашање ќе го реши братски конeчно по победата на советската власт на Балканот, кога ќе ги укине срамните конвенции за размена на населението и ќе ги преземе сите практични мерки за да се ликвидираат империјалистичките неправди. Само тогаш македонскиот народ ќе го најде во целост своето национално воспоставување. (To KKE apto 1931 os…, p.74.)
Како основен аргумент што го изнела КПГ за да го оправда овој став бил фактот дека во Егејска Македонија грчкиот елемент преовладувал по големите миграциони движења (1913-1928) и ваквото решение на македонското национално прашање се наметнувало само по себе ако КПГ сакала да ја остварува нејзината политика врз база на новата реалност. “Зашто, сметаше генералниот секретар на КПГ, Никос Захаријадис, ова е единствената можност да избегнеме грешки, полемики и разговори за грчката Македонија којашто во 90% е населена од Грци и затоа претставува неразделен дел на грчката држава”. (Nikos Zahariadis, Silogi Ergon, 1953, p. 173, s. 1.)
По големите миграциони движења, грчкото население не го претставувало апсолутното мнозинство (90%), туку било малцинство (45%) во однос на сите други на грчки националисти што живеееле во егејскиот дел на Македонија по големата грчка колонизација. (Види националната структура на населението во егејскиот дел на Македонија по големите миграциони движења.) Тогаш кој се реалните мотиви за сменувањето на политиката на КПГ во однос на македонското национално прашање на VI конгрес?
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/24 на 29 октомври 2026