Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Stone Too Is Soil

Глава 7

Par Петре Наковски · Partie 8 sur 25 · Environ 10 minutes

Lire en English

Глава 7

Свеченото отворање на училиштето го оставија за в понеделник. За ова најмногу настојуваше Лазо.

- Не е ова, луѓе, обична работа. Училиште се отвора, разбирате ли? - тој повеќе поучуваше отколку што бараше да се постапи според неговиот збор. - Зар не паметите дека за отворањето на училиштето од Костур доаѓаше епитеоритијата (Епитеоритија (на грчки) - инспектор.). Да не речам дека еднаш беше дојден дури и номархинот... (номархис - началник на околијата.) Училиште - тоа е голема работа. Треба некој да каже збор-два. Така се прави тоа... И етникото имно, (Етникото имно (на грчки) - национална xимна) нели, секогаш се пееше? - Лазо одеднаш замолча и погледна наоколу. Само Кузе ја си покри устата со дланката и некои забележаа како му се тресат рамената од придушено смеење.

А бре, Лазо, - се слушна гласот на Митре. – Шо зборваш, бре, Лазо? Токму ли си ти о умо, или не? Какво етнико имно ќе пееш? Шо, па сакаш Грко да го вратиш? Зошчо ојдоа по планинјето нашче деци, да те опита јаска тебе, а? За да пееш ти... како е Кузе, - му се обрати Митре – како е?...

- Е, де Митре, шо си се врзал за мене? Има и други тука, па прашај ги нив.Како е, та како е. Не сакаш, не пеј, со зор и на свадба не канат... Ама, де...

-Е, јаска веља да не се пее имното...

- А што,- викна Лазо, - да не сакаш некоја комитска да запееше, а?

- А зошчо да не? - викна Митре - да не е срамота, случајно? Ако тебе не ти е по ќеф, ти не пеј... Ама остави ги људјето да запеат од срце, а не од принуда. Доста, жити господ... Ќе сме пееле пак по старо... Ако е за старо, за овие краишта нема постари од илинденските... Е... - мy се стресе гласот на Митре - заборавивте лудје како се пеело...

- Се пеело, - дофрли Кузе – ама и се добивало ќотек и се одело затвор за пеење, нели е така, луѓе?

- Така, ама и не е така, - удри Митре со патерицата - зашто и училиштето не е грцко, ами македонцко. Така ли е, учителе?

- Не мешај го учителот, - мy се сврте Лазо на Митре - тој си има задача да учи...

- Да учи, ама и да пее со децата... да ги научи да пеат, - не отстапуваше Митре.

Киро излезе од кругот и, откако ги погледна сите, рече цедејќи го секој збор:

- Јас, луѓе, како што знаете, немам мои деца за да ги пратам на училиште. Имам внуци и се радувам што ќе учат наше писмо и наш збор. Добро рече Лазо дека училиштето е голема работа. Ама згреши кога рече дека порано доаѓале важни личности... Така беше... па зар и сега не можат да дојдат?

- Ајде, бре, Киро, - смеејќи се дофрли Кузе. - Да не сакаш и владиката од Костур да дојде?

- Не, така не сакам. Вчера Лазо дојде кај мене и ми рече: “Киро утре ќе дојдат важни луѓе од горе и добро е да преспијат кај тебе”. “Добро”, реков. “А по која работа ќе дојдат?” Ете, сега јас да го прашам Лазо. Кажи, Лазо?

Речено е за отворањето на училиштето. Тие ќе одржат говор...

- Ете, - викна Киро - и говор тие ќе одржат, како да немаме ние човек што знае да рече еден-два збора. Ајде, нека биде и така. Ете... - од почеток Киро ја зафати мислата - ќе дојдат, значи, важни луѓе, како што доаѓале порано. А владиката, Кузе, нам не ни треба да доаѓа... Место него си го имаме ние поп Васил, кој ќе го освети училиштето... Нели, народе?

Лазо и Кузе се погледнаа в очи, погледнаа и наоколу. Митре подигна рака и викна:

- Така е! Поп Васил да го освети училиштето!

- Не, - рече Лазо - не е така. Поп Васил нека си ја гледа црквата, а учителот училиштето. Така е подобро. Добро велам, луѓе или не?

- И добро и не, - рече Киро. - Туку, ајде ние многу да не умиме, зашто можеме и да се скараме, а тоа бргу ни оди од рака. Штом доаѓаат луѓе од раководството, нека го отворат тие училиштето. Па тие и така ќе држат говор. Па нели, Лазо, за тоа ќе дојдат?...

Собирот траеше до доцна во ноќта и на крајот се растурија без да постигнат согласност што ќе се пее на отворањето. Само Митре се врати дома навреден зашто Лазо му рече пред сите дека треба да го заборави тоа што некогаш комитувал со Чакаларов и со Митре Влао и дека поминаа тие времиња...

- Tој мене ќе ми рече - фрчеше дома Митре - поминаа тие времиња... Е, бре, Лазо, воле ниедно, тие времиња токму доаѓаат... Само ти си слеп и нишчо не гледаш, тфу! Поминале времињата... Да, се разбира, ама зависи за кого и како поминале... Па тој, Митревице – и се обраќаше тој на баба Митревица - ќератајата и пезевенкот, па тој е и глув!... Глув е, жими вера, штом не слуша како се пее: Во борба, во борба македонцки народе...

Митревица го праша:

- Митре, да пушча софра?

- Тргни ми се од пред очи со таа софра! – викна Митре како да му беше крива токмy таа што Лазо е слеп и глув и ништо не сака и не може да разбере од тоа што го разбира Митре.

Седна Митревица во ќошот до огништето, го зеде плетилото и како да не беше ништо, почна да плете. Митре испи еден чубук, ја испразни пепелта и кога го запали вториот, тивко праша:

- Што е со вечерата? Ќе вечераме?

- Да вечераме, стопане, - рече Митревица. Ја стави софрата пред Митре и мy ја наполни чинијата со грав. Митре лакомо сркна и ококори очи, плукна во оганот и викна:

- Толку пати имам речено не сакам жешко, а ти право од огнот в уста! Ова не е грав, туку жар!..,

Митревица, без да обрне внимание на викотниците на својот стопан, отсече од лебот големо парче и, подавајќи му го, рече:

- Ами, така, бре, Митре, се јаде... топло, а не студено. Шо јадење е тоа ако не е топло...

Митре направи попара и набрзина ја исрка. Ја турна софрата од себе и, станувајќи, рече:

- Јас ќе одам докај Киро. Легни си. Не чекај ме...

Кај Киро светеше откај јужниот чардак.

- Имаат гости, - изусти тивко Митре. Стоеше малку пред ниската железна ограда и сврте накај Ѓорѓи. Удирајќи со патерицата по кал’дрмата, Митре мрмореше:

- Баго мајте... бре расипан човек... Tој мене нишан да ми стави... Ами добро мy велев на Чакаларов - ајде, бре, војводо, да ги истребиме тие шипје, тие... Море и тие војводите - подвикна Митре - се криви шо го кренаа народо и ја оплескаа... не бил, демек, народо подготвен... а тие беа, а? На, шо беа... Врховистите порано го кренаа... а каде беа војводите да им ги скинат главите како на јаричиња, а? Каде беа? И овие го кренаа народо, па ај да видиме до каде ќе стигнат. Добро, барем шо им текна училишта да отворат... така... да им ги отворат очите на децата, а не на такви како Лазо и Кузе... Лазо, лечпер ниеден, шо сам попара не знае да си здроби, ќе мy кажва на народо шо е право и шо е криво... и ќе ми се фали со таа негоа партија.., бре.., бре.., голема работа...

Така мрморејќи, Митре стигна пред портата на Ѓорѓи и удри со патерицата викајќи:

- Ѓорѓи, о, Ѓорѓи, дома си?!

- Дома, ами каде во чрното ќе ој, - се слушна гласот на Ѓорѓевица. - Таа го тргна лостот, ја отвори вратата и праша вчудовидена:

- Ој, бре, Митре, ти си?

- Јас, Ѓорѓевице... Дома е стопанот?

- Влези, влези, дома е.

- Сами сте?

- Сами, ами со кого? Зошто прашуваш?

- Шо знаеш... Поминав откај Киро, а таму на цел чардак светлина до немојкаде... Гости си имаат изгледа, па, си реков ај да одам докај Ѓорѓи на едно видување...

- Уф, море Митре, гости кај Киро... сигурно се оние од горе. Ѓорѓи мој рече дека некои важни... дојдени се за утре... Ами шо не дојдоа утре, туку денес?

Ѓорѓи го пречека и влегоа во одајата.

- Уште еднаш добро дојде, Митре, - рече Ѓорѓи подавајќи му рака на Митре. - Шо слушам, си се поткарал со Лазо?

- Јас да се карам со Лазо? Зошто? Кој е Лазо за да се карам? Глув и слеп, ете, тој е Лазо. Буф! Море и yм нема... Тука, ај да не велам. Се знае... и се пули...

Ѓорѓевица донесе на послужавник слатко од тиква.

- Повели, Митре, и водица напиј се..,

- Сполај ти, Ѓорѓевице, - Митре полека го јадеше слаткото. Со јазикот си ги навлажнуваше усните и офкаше: - Уф’уф’уф што ми олесна, Ѓорѓевице... Бузите ми се изгорени. Митревица право од огнот на софра гравот. А јаска без да дувнам - о уста... Цела уста ми е плускавици... Пули да видиш - тој зина и Ѓорѓи виде цела редица бели и здрави заби.

- Аман, бре, Митре, па ти сите з’мби си ги имаш?

- Ниту еден досега не ме болел... Таков ми е сојот, шо да правам, - се насмеа Митре. - Туку, да те опитам, Ѓорѓи... Уште ли е кај тебе онаа стара книга?

- Која?

- Таа шо ја скри дедо ти кога ја прибра од црквата. Не ти текнува? Таа со словенските писма... Ѓорѓи намршти веѓа и праша:

- А зошто?

- Си реков: оди кај Ѓорѓи, земи ја црковната книга на нашето слово и сега, кога астиномите (Астиномос (грчки) - полициски чиновник) се далеку и судиите и законите, па чати си малку, а и со учителот муабетот подобро ќе оди и подолго ќе трае... Разбра сега?

- Книгата ја имам скриено во црквата Свети Врач. Утре или некој друг ден ќе ти ја донесам.

- А каде, Ѓорѓи, ја имаш, мислам на кое место ја имаш скриено?

- Ти, да не мислиш сега да одиш да ја бараш?

- Господ да чува и да брани! Зар би отишол јаска без тебе?

- Кој, ти? - праша Ѓорѓевица. - Ти, Митре, кога ќе наумиш, и на ѓаволот готов си в уста да му погледнеш... Таков си ти...

- Ајде, де... - задоволно рече Митре.

Ѓорѓи сврте глава кон Митре и го праша:

- А што си запнал толку за таа книга?

- Па, како да ти кажам... Нешто ме држи за тука, - Митре покажа на градите - тука, ете, тука, под лажичката... Се си велам дали учителот ќе ги учи децата по словенското писмо или.... Велиш книгата ја имаш скриено во Свети Врач. Добро... Таму не им текна да копаат. Белки глувците не ја изеле, шо велиш, Ѓорѓи?

- Во кутија од ламарина е кладена, Митре, и ич не бери гајле.

- Е, ако е така, - стана Митре - тогаш да си одам дома. А ти да не заборавиш да ме викнеш. Сакам заедно да одиме по книгата... И на поп Васил да му ја дајме, шо велиш? Нека пее...

И додека Митре се враќаше дома, Кузе, потстрижувајќи го синот Николче, му велеше:

- Слушај ме добро, синко Николче, и запамти: на даскалот утре коа ќе влезиш о сколиото ќе му речиш: калимера, кир даскале. (Калимера, кир даскале (грчки) – добар ден, господине учителе.) На одење: јасас, кир даскале (Јасас, кир даскале (грчки) - здраво, господине дакале.)... Кога ќе ти го прочита името, ти да речиш: парон (Парон (грчки) - јас, тука присутен.). И немој да слушнам лошо за тебе. Hемој да велат луѓето: пули го син му на Кузе, каков е... Ти да си првиот во се... Така, синко Николче... А ти, - и се обрати на ќеркичката - ти треба да растеш, Цоце, да растеш и кога ќе порастеш, тате во Стамбол ќе ми те прати... Така, чендо, така да знаеш...