Глава 12
Глава 12
Осамна празнично утро. Жива душа ни во дворовите, ни во селските сокачиња. Само снег, а под него свиткани гранки. И ветерот, што цела ноќ лудуваше и завиваше во оџаците, се стиши. Секаде беше мирно, тивко, синикаво и право угоре се извишуваше чадот над селските покриви. До полноќ - светлина од ламбади и свеќи ја беше наполнила целата црква. Се славеше Христово рождение. Тивко, молчаливо, со намнисувања, воздишки и солзи. Кружеа мислите околу оние што по овие снегови и студови ги немаше дома. И првпат без посети. Првпат оваа година секнаа песните и ги cнема седенките во долгите зимски ноќи, и приказните на старите се кратки. Замолчаа луѓето и времето замолча. Рано се прибираа дома, рано си легнуваа, доцна заспиваа. Седнати покрај огништето или собрани околу печките, гледаа во оганот, разменуваа по некој збор колку да потврдат дека се тука и продолжуваа со наведнати глави и широко отворени очи, со тивко и долго, воздивнување да живуркаат. Седеа дома, но со мислите ги газеа патиштата, реките, трапиштата, се пробиваа низ кории, превалуваа отаде ридиштата и планините... Да бидат со своите најблиски и во најлошото. За едни година, за други половина или два или три месеци поминуваат откако ги собраа и им нарамија пушка. И во мислите и во желбите само едно прашање: жив ли е? Жива ли е? И една желба: да се вратат живи. И повеќе желби за оние што се на боиштата: куршум да не го фати, да има суви чорапи и здрави чевли, топла фанела и капа, ветар да не го вее, во студој да не мрзне, да има ранец полн леб и полна порција топла манџа. И потонуваат во овие желби, молитви и надежи - пак да се наполнат куќите со луѓе, а штом тие ќе се вратат, ќе ја донесат радоста на живеењето. Зашто, празник е само тогаш кога cемејcтвото е на број и на нога...
Дома, кај Митре, софрата не е празна. Само едно место без престан чека. Кај Ѓорѓи во такви денови е најмачно. Останаа двајцата и од трите синови, најголемата, жива болка е Васил. Досега не слушнаа глас за него... Седат Ѓорѓи и Ѓорѓевица еден спроти друг и во молкот со мислите го бараат Васила, мислат
кого да распрашаат, по кој пат да тргнат за да го најдат. И не се само тие. Толку ги има таквите како нив.
Ѓорѓи застана крај прозорецот и се загледа во патот што водеше змиесто до чешмата. Од неговото дишење се замагли стаклото. Навираше старата неизлекувана болка...
- Ѓорѓи, - му се обрати кротко Ѓорѓевица. – По една недела е Василица. Прај што ќе правиш, чисти го дворот од снегот. Прошири го пртот. Гости ќе дојдат. За името на Васил наш...
- За добро да е, - воздивна Ѓорѓи. - Меси, испечи и од ланското вино да има... Како не, ќе чекаме, како секогаш...
Тивка и длабока, топла и долга, тажна и набожна воздишка ги раскунуваше мајчините гради: жив и здрав да се врати Васил од боиштата...
Со новите снежни вејавици и намети врвеа дните. И во нив, според стариот обичај, се чекаше Василица...
Во кyќата на Бисера, некогаш најполна и најмногуљудна, сега свети само една cвеќа. Трпезата, долга и наместена, како во изминатите години и времиња и на овој ден - ден Василица -чека. Десет чинии и толку столови. Во средината на трпезата -пита, бурек, мазник, млечник, оризник, попарник... А во се понешто: зрна пченица, ‘рж, јачмен и пченка - годината да е родна со челад и бериќет, полни да се амбарите со жито и каците со благота, а бурињата со вино; дабови лисја - здравје да царува до нова Василица, лисниците да се високи и широки, шумите бујни и зелени; стебленце сено - ливадите сочно зелени и бачилата и дворовите полни овци и јагненца да блеат, кyќата да е полна; гранче дрен –дома и по роднини и пријатели сите да се здрави и на осојнини болест да не видат - дреновина во телата да имаат и во средината: париче - кому ќе мy падне - да е паралија... И бокалот наполнет со вино - за многу години и на здравје и сите да се на нога и на број.
Во огништето трештат сувите дабови цепеници и во одајата се шири блага топлина. Бисера дофрлува чкорче, суварка, живнува
оганот. Се разигрува пламенот и сенките врз sидот. Од дамнини огништето било и останало надеж и живот во куќата. Се додека во него тлее оганче во спуза и се додека го потсилува домаќинска рака, во кyќата секогаш жив е оганот, на престанува животот, па макар да тече и преку споменот... Го чува Бисера...
Надвор е тивко. Како искинати парчиња памук паѓа снегот. Нараснува бел пласт на ниското прозорче и се пригушнува до џамот. Во оџакот завива северецот и во одајата се втурнуваат облачиња чад. Пржат и насолзуваат очите. Гледа Бисера и стега душа во тишината што и е друшка; гледа на трпезата на која на оваа Василица девет места се празни. Згроби над оваа кyќа времето на лошото и остави празнини. Бисера, чемерна и вудвосана, со скрстени раце, нежно и милно ги гали со очи чиниите и столовите, со погледот ја гушнува целата трпеза и заронува солза. А врз неа се одмотува животот во оваа кyќа...
Кога расцутуваше дренот, ланската година, надојде лошото и размеѓи тримина. Рекоа дека ги виделе во снеговите на Грамос, во ноќните јуриши рекоа, двајца таму останаа засекогаш... Кога ги копаше лозјата, и кажаа дека стопанот нема да праќа здраво-живо зашто го кутна куршум и сега се топи некаде во буките под Прекопанска Рамнина. Снаата ја фатија и ја затворија во Костур, нема ни три месеци. На коложег богу даде душа свекорот, а на Митровден остави здравје свекрвата. Од најстариот син, кој втора година битисува на островите во Егејот - книга не наоѓа - писма оттаму никој не носи. Второродената што на осумнаесет години нарами и таа пушка -лежи ранета во Корча. Од ланската до оваа Василица - се испразни кyќата...
Бисера ги гледа чиниите и со погледот ја гушка трпезата. И се чини дека вака сите ги гледа и ги гушка со една прегратка и ги затоплува со една воздишка... Станува Бисера, бесшумно се доближува до огништето и приклава, дотура дрва. Погледнува низ прозорчето. Снегот го покрил пртот и трагите што ги оставија минувачите. Се свртува Бисера, застанува до трпезата, токму таму каде секогаш седеше стопанот. Свртува око кон иконата, која кој знае од кои времиња е обесена во ќошот.
Трепери пред неа малендавото пламенче на маcленичето, се ниша на ѕидот и големата сенка на Бисера. Две жени - Бисера, потпрена на столот на кој седеше стопанот, а потпрена, чиниш, на неговите силни широкоплеќести рамена, и Богородица -поцрнета од саѓите на свеќите, со детуле во прегратката и со широки, тажни очи - се гледаат, а меѓy нив е наместената трпеза и деветте празни места и растрепереното пламенче на масленичето. Чекаат и cекоја го преболува cвојот непребол. Во полумракот стегнато, матно, дремливо тече времето. Трештат цепениците во огнот. Надвор завива северецот. Снегот сосем ги покри пртовите. Некаде откај долното маало допира испрекинато завивање на куче...
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/i-kamenot-e-zamia/14 le 29 octobre 2026