Глава 2
Глава 2
Потпрен на перницата наполнета со слама и загледан во огнот, Ѓорѓи седеше дома покрај огништето. Гледаше во пламенот кој небаре со црвени јазичиња ги лижеше сувите дрва, ги зафаќаше и ги прегрнуваше, ги облекуваше во црвеникавожолта боја и се разигруваше над нив. Топлината полека се ширеше по одајата. Во ѓумчето, обесено на ченгел, зовре водата. Тивкото клокотење и пријатната топлина што се ширеше од огништето тераа на спиење, а телото, веќе стоплено, се опушташе и надоаѓаше дремката. Ѓорѓи, за да не заспие, го извади ќесето, од џебот и полека, со бавни движења на прстите, го одврза и го извади чибукот. Со двата прста од левата рака го наполни со тутун. Од огништето со машата зеде жарче и, допирајќи го на добро нагнетениот тутун, повлече. Чадот, првин одвај видлив, се засилуваше и Ѓорѓи почна да испушта од крајот на усните и низ носот крукчиња чад. Почувствува некакво олеснување и смирување. Поудобно се навали на перницата, рацете си ги стави под глава и спружи нозе. Пушеше замислено и наслушуваше како надвор по убавиот ден се засилуваше северецот и како фрлаше врз џамот понекоја капка. “Добро е што посеавме денес”, - помисли. Ама во овој миг тој со умот беше далеку и од ветрот и од нивите. Па дури и тоа што сега би можело да го оттргне сигурно не би можело да го откине од едно прашање со кое и го почнуваше и го завршуваше денот, кое висеше над се што правеше, кое му беше и сон и мора и на кое не можеше да си најде одговор. “Каде ли може да е сега Васил?” - се вметнуваше тоа прашање во секој миг на неговото живеење. Поради тоа животот му беше снемилен. Се му се чинеше дека ништо не вреди штом не може ништо да дознае за сина си.
- Што мислиш ... Каде ли може да се наоѓа сега Васил наш?
Ѓорѓевица се поднамести, го остави плетилото. Клопчето се растркала по подот. Мачката скокна од под нозете на Ѓорѓи и почна да си игра со него. Ѓорѓевица скрсти раце на градите и наведна глава. И место одговор, таа безгласно, сосема тивко заплака. Ѓорѓи тоа не го забележа, ама кога слушна како таа шмркна, се поднамести. Самиот сега почувствува дека
прашањето и нанесе болка. Подигна глава повисоко и виде како по избразденото лице на неговата Лина две светликави капки полека се тркалаат, оставајќи зад себе влажни врвици.
- Бре! - се налути Ѓорѓи, а таа се стресе и почна да си гн брише солзите со крајчето од црната шамија. - Будала жена! Јаc, ете, само така, од мака и за олеснување на душата, ја прашувам, а таа ми липа!
Лина го погледна како да е виновна и ги спушти очите. Ѓорѓи почувствува како него самиот да го шибна нешто. Нему му се чинеше дека ја навреди, зашто, клетата, самата истото го доживуваше, истото ја измачуваше, и нејзе и беше тешко, “Добро, - си мисли таа - тебе, мажу можеби полесно тие зашто си маж, а мене ми е тешко, многу ми е тешко и cамо затоа ми течат несакана солзите”. Самиот разбра дека со своето прекорување ја навреди, и нанесе болка и добро знаеше дека солзите и се солзи болесници, та затоа и се обрати со помек глас:
- Престани жено. Тоа, не ти чини. Сигурно детето ни е здраво и ќе ни дојде. Ќе дојде да не види. Памтиш, нели? Уф, каква зима беше, какви ветришта дуваа, каков висок снег. А пред тоа, -развлечено и со сладост почна стариот да ги ниже спомените -во листокап, кога за прв пат ни дојде откако отиде, лозата уште имаше грозје... Знаеш, жено, уште поубаво ќе биде кога пак ќе ни дојде. Дека тоа ќе биде сега бргу, јаc не верувам. Слушаш како се пука по планињето и по Костурско Поле. Велат дека се водат тешки борби. Ама некаде пред Василица, сигурен сум дека синот ќе дојде. Тогаш пак ќе ги поканиме сите комшии, гозба ќе направиме... а маcата ќе ја покриеш бело. Да не заборавиш; бело да ја покриеш... Ќе го ставиш на неа ланското вино и позлатените склоени чаши. И ти ќе видиш тогаш, ако јаc не ја запеам најкомитската од сите комитски, да не дочекам вечера, камен наместо да се cторам. Ѓорѓи да не ме викнеш, -вели Ѓорѓи смеејќи се и уште еднаш се заколнува. Луѓето во своето бессилие веруваат во маѓиите и клетвите како во нешто што постои навистина.
Ѓорѓевица, занесена, не го слушаше. И таа си имаше cвој начин како да го пречека синот. Ама што може сега, кога никој не им донесе ниту еден збор здраво-живо од Васил. Таа стана, се доближи да прозорчето, го отвори и се загледа во мракот. Надвор веќе ветрот престана да лудува и врнеше дожд.
Ѓорѓи, мислејќи дека таа пак ќе почне да плаче, се исправи и застана покрај неа. Со едната рака се потпре на sидот и се загледа во мракот. Двајцата cтоеја и гледаа.
А оттаму, прво замаглена, бледа и морничава, почна да се извлекува друга, еднаш преживеана, еднаш стигната, ама никогаш неодмината слика и болка.
... Надвор паѓаше густ, влажен, тежок снег и безмилосно стенкаше северецот. Крупните снегулки паѓаа една врз друга и за кусо време ги покриваа со бел покривач длабоко во снегот оставените траги. Ветрот неколку часови беснееше и се чинеше дека нема да cтивне. Насилум го собираше снегот од еден покрив и како облак налутено и бесно го вртеше и го удираше од sидовите на селските куќи. Мракот стануваше се погуст. Само гранките на сувата круша во дворот што ја имаше посадено Ѓорѓи уште кога беше дете, поткрцнуваа, му се противставуваа на ветрот. Ништо не претскажуваше дека ќе престане невремето. Низ селската улица помина колона коњи товарени со сандаци. Ветрот им вееше снег право в очи и неколкуте луѓе што ги тераа свртуваа лица или ги заштитуваа со јаките од шинелите. Селските кучиња се разлааја и некој викна во мракот. Луѓето со коњите се оддалечија, а снегот брзо ги посипуваше нивните траги. Лаежот се изгуби во невремето. Ветрот стенкаше по селските оџаци. Ту се смируваше, ту се засилуваше. Дури некаде доцна во ноќта малку се смири. Ѓорѓи стоеше со челото навалено на прозорското стакло. Само местото што го стоплуваше со своето дишење беше влажно, а кога дувнуваше постуден ветар, се замаглуваше, ама топлиот бран воздух измешан со мирис на серт тутун не дозволуваше да остане замаглен. Ѓорѓи не можеше да се оддалечи од прозорчето и стоеше како да беше закован за него. Така некогаш дуваше ветрот кога тој заедно со Киро патуваше со воз низ Канада. Таму беше постудено. Од прозорските стакла
ништо не се гледаше. Мразот со дебел пласт беше залепен за нив, а снегот се напластуваше врз него.
Долгото стоење го измори. Полека почна да го фаќа дремка и очните капаци се повеќе му тежеа. Ѓорѓи полека се оддалечи од прозорчето и се упати кон cвојата постела. Тукушто сакаше да си легне, на вратата се слушна тропање и викање.
- Ѓорѓи... Ѓорѓи... Отвори!...
Откако и рече на Ѓорѓевица да ја запали ламбата, тој тргна накај дворот за да отвори. Непознатиот глас нетрпеливо тропаше и викаше да му отворат.
Ѓорѓи се доближи до портата и го подигна дабовиот лост.
- Кој е?
- Отвори, не плаши се- замоли непознатиот.
Ѓорѓи го симна лостот, ја отклучи портата и ја отвори колку за да може во отворот дојденецот да си ја стави само главата. Пред себе виде како неколку луѓе, облечени во воени униформи, небричени, со изморени и замрзнати лица, cтоеја до колена во длабокиот снег. Студениот ветар го удри в лице. Малку потаму од војниците, на носилка, некој лежеше покриен со војничко ќебе.
- Што барате? - праша вознемирено Ѓорѓи.
Еден од нив со глава покажа на носилката.
- Што е тоа?
- Ете, - прозбори иcтиот - Hаyм, cин ти, го донеcовме...
Ѓорѓи, кој знаеше дека Hаyм се наоѓа на албанскиот фронт, не се надеваше дека вака ќе го дочека. Знаеше добро дека се водеа тешки борби и дека се поужасни вести кружеа за загинатите. Затоа, кога слушна дека на носилката лежи неговиот Hаyм,
најстариот син, првин се стресе, а потоа, откако мy пројде лошата мисла, праша:
- Болен е или ранет?
Молк. Војниците чувствуваа како доаѓа бурата на болката.
- Ранет ли е? - пак праша со скршен глас Ѓорѓи.
- Да... тоа е, - тешко проговори истиот - беше... ама по пат...
Ѓорѓи сфати. Нозете му се подзедоа под колената, зачекори, ама немаше сила да оди натамy. Еден од нив го придржа. Ѓорѓи се исправи, потоа се наведна и се фрли врз носилката. Почна да липа. Војниците ги симнаа капите, малку постојаа и си заминаа.
На Ѓорѓевица, која дури сега ја запали ламбата, кога слушна како Ѓорѓи надвор лелека срцето и замре и сфати дека се случило нешто лошо. Брзешкум излезе од дома. Се најде на улица и се струполи врз телото на мртвиот син.
Снегот одамна ги покри трагите на оние што го донесоа телото на Наум; одамна врз Ѓорѓи и Ѓорѓевица нарасна дебел пласт снег. Утрината, исплашени, излегуваа луѓето од своите домови и се собираа пред куќата на Ѓорѓевци. И ниту еден од нив не остана без солзи во очите. Плачеа заедно со нив и мислеа на своите најблиски што се биеја со Италијанците по планините на Албанија. Откај исток наидуваа тешки сиви облаци. Пак почна да паѓа снег. Замрзнатото тело на Наум го внесоа дома. Ѓорѓи седна од десната страна, и, обидувајќи се да го наполни чибукот, го ронеше тутунот на подот. Влегуваа луѓето, палеа свеќи, ги забодуваа во брашното во големата чинија, се прекрстуваа и им правеа место на другите што доаѓаа да се простат од Hаyм. Старците поткашлуваа, воздивнуваа, потпивнуваа од ракијата и велеа “Бог да го прости!”. Покрај главата на Hаyм седеше Ѓорѓевица. Липаше, ама солзи веќе немаше. Кога влезе, носеше голема запалена свеќа и уште пред да седне, коленичејќи, мy ја стави на Наума во скрстените раце, гласно редејќи. Се до вчера таа се надеваше, и многупати сонуваше, дека со оваа cвеќа таа ќе го благослови cвојот
првороден кога ќе ја внесе низ прагот невестата. Не дочека Ѓорѓевица невеста. Мирисот на свеќите ја наполни гостинската одаја.
Две ноќи и два дена Ѓорѓевци и нивните роднини го оплакуваа убиениот Hаyм. Киро, давајќи му кураж на Ѓорѓи, најчесто повторуваше:
- Парабрат, господ нека мy прости и земјата нека му е лесна. И сполај на севишниот што не го остави да лежи таму некаде по планињето, ами го врати да си лежи меѓy своите... Не очајувај толку, де. Имаш уште двајца, - тој покажа на Доне и на Васил. -Нека ти се живи тие и тебе господ здравје да ти даде...
На погребот Ѓорѓи одеше како да немаше душа и како да не постоеше за него ништо. Под раце го држеа синовите. Луѓето не можеа да ги откинат од гробот ниту него ни Ѓорѓевица...
Полека, ама забележливо, со помош на новите настани, болката на Ѓорѓевци почна да ја лекува времето. По планините, откако дојдоа Италијанецот и Германецот, излегуваа првите партизани. А дојденците веќе не се чувствуваа толку слободни како што беше во првите дни. Стравот од нив брзо помина, а и нов дух пламна. Пролетта 1942 кога Ѓорѓи, зафатен со работите околу нивите и бавчите и колку што почна одвај видливо да се насменува по ударот што го cнајде, во планина отиде и Доне. Ѓорѓи не сакаше да го спречува. И кога Доне на нзлегување му рече:- Татко, јаc одам да ја земам крвта на братот, - тогаш Ѓорѓи го фати за јака и мy просаска во очи:
- Не те подигнав за крвопиец. Крвта остави им ја на дивјаците. Ние имаме подруга жила... и помисли дали си сигурен дека со тие што те повикале и на кои ти си им поверувал го избравте најдоброто или најлошото време? Знам, туѓинецот нема што да бара тука, ама ние си бараме и нешто што долго го бараме. Дали намерите и стремежите нема да пропаднат cамо во локви крв? Размисли, синко, зашто угорнините и удолнините не се фаќаат само со еден чекор и cамо со една капка крв. Лесно е да се рече: “Ке одам”. Ама зошто? Дали си помислил зошто? И дедо ти по мајка, и дедо ти по татко, ги однесе бурата. Од татко
ми остана cамо неговото име врежано на стеблото на една дебела бука. Памтиш? Наум наш, синко, како што рече дедо ти Киро, не остана во албанските планини, ами судбината сакала да го врати и под нашето небо да го положи да почива. Нашето семе, синко, никогаш не сакаше во дворот да му влезе човек што има лоши намери. Кременарката што виси на ѕидот виси од дедовини, ама знаеше да припука кога туѓинецот се обидувал да влезе во нашиот двор. А најмногу пукала кога андартите дошле во селото. Дедо Наум со неа погодувал в чело. На туѓинецот удри му само в чело... И повеќе да не слушнам за некоја крв... И велам, пак де, дека угорнините и удолнините не се фаќаат со еден чекор и со една издишка. И ова не заборавај го...
Доне отиде. Пушка никому не побара. Сам ја најде кога грчката војcка наврапито бегаше. Еден војник тогаш го праша: “Еј, ти, селанче, од каде води патот за Грција?” А Доне, без да одолжува, мy рече: - Ги гледаш планините онаму далеку? Е, штом ќе ги поминеш, тогаш ќе видиш уште едни и тогаш брзај да ги фатиш. Зад нив е Грција. Војниците ги фрлаа пушките и итаа да ги фатат планините што им ги покажа Доне, а на Доне тие планини му ги покажаа дедо Киро, кој знаеше итро да рече: “Оттука дотука е наше. Од онде, натаму е тyѓо. А штом не е наше, ти таму немој дури ни да sуриш. А таму каде што е наше не дозволувај му на друг да мрдне”.
Доне со пушка, пешки и тоа најчесто бос, гладен и вошлосан, ја прошетал Македонија, цел Епир и Тесалија. Бидејќи го туѓинецот, тој своите пријатели ги одбираше само по оружје. И секогаш велеше: “Брат ми е само тој што со мене го бие туѓинецот”. И во тие негови гладни и студени маршеви по Македонија и Епир имаше Доне заеднички спиења во влажни земјанки, пренесуваше Доне момчиња од Тесалија, од Румели и Пелопонез. И понекогаш меѓy нив препознаваше борци кои cамо пред неколку години доаѓале во неговото село и мy велеле: - “Ти си вулгарос! Да молчиш и да не зборуваш на тој смрдлив јазик!”. И кога ги изнесуваше Доне така осакатени и одвај живи од бојното поле, не ги прашуваше зошто така зборуваа. Ама тие мy се правдаа: - “Прости, пријателе, не лажеле, сееле во нас омраза кон вас што не го зборувате нашиот јазик. А ние, слепи, им верувавме, ама не само што им
верyвавме, туку и бевме убедени дека вие сте диво племе.” А еден ден мy се погоди на Доне да изнесува од ровот некој Тракиец. И Доне, сакајќи да го смири, мy прозборе македонски. А тој се ококори и му се вџари: -“Ти, вулгарос”. Доне го остави, а тој викаше: “Помош!”. Потоа на партискиот состанок на четата му судеа на Доне затоа што го остави другарот од бојното поле.
По селата на Костурско се слушнало дека Доне станал комесар на батаљон. И некои мy се лутеле зошто тој се уште дружи со ЕЛАС, а не се придружува кон Бригадата. Далеку беше Доне од настаните во Корештата и не знаеше дека Маркос, место да ги прати македонските дивизии во Атина да се бијат со Англичаните, ги распореди крај границата. Сакаше човекот да ја чува грчката држава што падна под гасеницата на англискиот тенк. А некои велеа: “Ех, да знаеше Доне, тогаш и тој би тргнал со Бригадата”. Не тргна.
Вториот син на Ѓорѓи загина некаде во Кожанско.
Ѓорѓи се затвори во себе, се отуѓи од луѓето. Не зборуваше со своите домашни. Неговите ниви останаа неизорани и непосеани. Бавчите неисплевени и неполеани. Трева бесцветница порасна во неговиот двор. Тој непрестајно седеше дома, а луѓето си мислеа, па и таков збор се пренесе низ селото, дека клетиот онеме и од болката што го удри се помрдна од yмот. И пушти стариот брада сива и брчките што мy се умножија на образот го направија многу постар отколку што му бележеа годините. По четириесетдневниот помен Ѓорѓи поткастри брада, здивна во себе, се подисправи и тргна да го бара гробот на Доне. Маките го подгрбавија, ама не го скршија. Себе си и на cвојата единствена Лина, најблагородното суштество што го имаше во тој миг покрај себе и кое знаеше не само да ги чувствува потребите и сакањата на домаќинот, ете , така таа го разбираше cемејното огниште – да му услужува на домаќинот, а услугата, и покрај сите лични и мали и големи навреди за неа, како што ја учела мајка и, беа достоинството и гордоста на куќата. Со тоа, како што на младини и велеле родителите, секогаш ќе го чува домашното огниште. А нашинското огниште, и велеле најстарите, се чува само со
благороден чист образ. А и Ѓорѓи, секогаш поучен од cвојот татко, непрестајно велеше дека треба да се има само еден образ.
Сакаше двајцата синови, еден покрај друг да почиваат, како што велеше поп Васил - во вечниот дом – а потоа и тој, кога ќе му дојде крајот, како што велеше самиот, кога ќе посака господ, и тој да си легне покрај нив. Во цело Кожанско Ѓорѓи не остави непроодено село, непребарани и непрескокнати трапови и непреминати и истапчени патеки и врвици, трапови и ридови, ендеци и шумички и селски гробишта. Сите ги распрашуваше за тоа каде имало борби, кој и каде загинал и каде е закопан. И најде Ѓорѓи некој што знаел на кое место загинал таков и таков човек и со такво име и презиме, па му раскажа како се познавал со неговиот син и како се бореле заедно и како, дознавајќи дека е убиен, и самиот го барал неговото тело, ама не го нашол. Доне го разнесе топовска граната така што неговите другари не успеале дури ни парчињата од неговото тело да ги соберат во еден куп и во еден гроб да ги закопаат.
Ѓорѓи го откри местото каде што се водеше бојот. Долго стоеше тамy. Низ прсти ја пресејуваше земјата, чиниш во неа бараше трага од cвојот род. А во селото се врати, носејќи со себе полна торба земја од ридот на кој загина неговиот Доне. А следниот ден, по неговото враќање, заедно со сите роднини и селаните и селскиот поп, отиде на гробиштата и покрај гробот на Наум тој сам ископа гроб и со сите почести што им се прават на покојните во мирни времиња, ја стави донесената земја в гроб. Сите плачеа и редеа, а потоа, кога се вратија дома, по сите адети седнаа крај трпеза и долго намнисуваа за Доне.
... Ѓорѓевица го фати за рака. Ѓорѓи се стресе и полека сврте поглед кон неа.
- Ајде, - му рече Ѓорѓевица со благ глас и галежливо, триејќи му ја раката, замоли: - Hемој пак да почнуваш. Очите си ги истуривме во мракот.
Ѓорѓи послушно тргна по неа накај намеcтената софра и, бришејќи си го испотеното чело, ја повтори мислата на Ѓорѓевица:
. - Така е, истуривме очи во мракот... Мракот ни ја донесе најголемата болка и сега пак гледаме во него.
Седнаа крај софрата и молчешкум во домашната тишина ја голтаа маката. И тогаш кај нив, макаршто со години се заедно, секогаш се појавуваше чувството на осама. Зашто, откако им загинаа двајцата синови и откако и Васил отиде во шумата, во нивната куќа чиниш завладеаја болката, оcамата, разочарувањето и очајот. Ама тоа така само се чинеше. Ѓорѓи уште од дете беше жилав и во работата го гледаше начинот да се остане и натаму жилав. И им веруваше на кажувањата на cвојот дедо, дека во куќа во која ќе престане да гори оган во огништето, да чади чад од оџакот и во двор во кој расте трева бесцветница и плевел ја разјадуваат земјата - тамy влегува неcреќата, судбината се нафрлува со сето свое зло и животот почнува да овенува се до изгинување.
Откако вечераа, Ѓорѓи седна покрај огништето, фрли во него неколку цепеници, го засили и откако вивнатиот пламен ја осветли одајата, си ги спружи нозете и го запали чибукот. Мирис на запалено дабово дрво и мирис на серт тутун и топлина што тера на дремка. И од оваа топлина и разиграниот пламен во огништето блика желба да се живее, да се верува, да се протера осамата. Во домашната тишина трештат во огништето дабовите цепеници, тивко татни пламенот над нив и во полуосветлената одаја ја наголемува подвиената сенка на Ѓорѓевица што ја подготвува постелата.
- Ајде, стопану...
Ѓорѓи го чукна чибукот од каменот што беше ставен покрај огништето и стана. Откако се стокми за спиење, се сврте кон иконата и, крстејќи се, тивко прошепоти:
- Господе, ако постоиш, биди милостив. Помилуј ги Hуме и Ване и чувај го Васил мој, господе семоќен...
- Амин, - се слушна тивко гласот на Ѓорѓевица, која клечеше зал Ѓорѓи и се молеше.
Надвор лудуваше ветрот и врнеше дожд. Гранките на старата круша крцкаа под напорот на ветрот. Дебели капки вода удираа на прозорецот, а одлепената ламарина, нишана од ветерот, удира по sидот. Во огништето трештат непосипаните оглени, полека се губи во мракот окото на гламничето што го посипува пепел. Стариот лежи неподвижен, тивко, одвај чујно воздивнува и мисли. Старечкото изморено и растревожено срце болно тупка во градите. “Кој знае - мислеше стариот - каде е сега, каде мрзне, каде го јаде ветрот и дождот, дали е сит или гладен, бос или обуен, тој, Васил мој?”
И кога лудо, болно и тапо, како за инает, се ближеше мислата дека и него, последната рожба, радост и поткрепа може да го голтне лошата судбина, тогаш Ѓорѓи се помрдна, замавна со обете раце како да ги тераше сенилото и лудата мисла во неврат. Старата, која исто така не ја фаќаше сон, праша:
- Стопане, зар не спиеш?
- Не ме фаќа сон, - рече стариот.
Стариот стана, запали цигара, се повртка уште малку по одајата и пак си легна. Долго воздивнуваше, се врткаше и некаде по првите петли заспа.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/i-kamenot-e-zamia/3 le 29 octobre 2026