Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Stone Too Is Soil

Глава 6

Par Петре Наковски · Partie 7 sur 25 · Environ 19 minutes

Lire en English

Глава 6

- Ѓорѓи, о Ѓорѓи, - викаше Кузе и со ногата удираше по портата. - Спие ѓаволестиот старец штом досега не мрдна, - му се обрати на човекот што стоеше до него. Се тргна од пред портата, застана под прозорецот и викна посилно: - Ѓорѓи бре, о Ѓорѓи!...

- Е, кој е? - се слушна однатре тивкиот глас на Ѓорѓевица. Члапајќи по калдрмата на дворот, таа стигна до портата и пак праша: - Кој е?

- Јаска, мори, Ѓорѓевице, јаска, Кузе, ами кој друг, а? - налутено се оsви Кузе и со ногата удри пак по портата.

Ѓорѓевица одлости и си ја провре главата низ отворот.

- Живи или умрени сте, Ѓорѓевице? Човек треба портата да ви ја скрши за да ве разбуди. Отвори да влеземе, отвори штом ти велам! - заповеднички рече Кузе и со рамото ја турна вратата. -Влегувај, даскале - му се обрати Кузе на човекот што стоеше малку настрана.

Ѓорѓевица одеше напред и светеше со ламбата. Кузе праша:

- Газја си горите, а? А некни, кога на маж ти му реков дека нему му е редот да донеси газја, рече дека нема. А сега, пуља и по дворо шеташ со запалена ламба, нели?

- Газјата ни е за по дома, а не за по брања и празни дрдорења, Кузе,- го пресече Ѓорѓевица и тукушто пушти рака да ја отвори вратата (во одаите се влегуваше откај чардакот), Кузе дофрли:

- А твојо, спие или се преправа?

- Не спие...

- И не треба - мрдна со прстот Кузе пред нејзините очи. - Овие времиња не се за спиење, нели, даскале? - му се обрати на човекот што одеше зад него. – Кузе чукна со ногата на вратата и викна: - Ѓорѓи, домаќине, о Ѓорѓи! Дома ли си или не, а?

Од одајата излезе Ѓорѓи и во полумракот се ракува со Кузе.

- Човеков, Ѓорѓи - покажа Кузе - е нашиот даскал. Дојде денес попладне и досега беше у мене, а пред тоа у Лазо. Обедуваше у Лазо. И така во одборо ние рековме дека треба да вечера и да спие у тебе....

- Добро дојде, даскале, - рече Ѓорѓи и го пушти пред себе. -Помини и седни.

Седнаа околу распаленото огниште. Ѓорѓевица ја стави ламбата на рафчето над оџакот и излезе.

Ѓорѓи се поднамести, го отвори ќесето со тутун и, подавајќи му на даскалот, рече:

- Пуља, ти зборуваш наши или само разбираш?

- А бре, Ѓорѓи, тој е наш, не е Грк...

Ѓорѓевица, која во тој миг влезе во одајата и слушна што рече Кузе, гласно одврати:

- Уф, море Кузе, даскал па не е Грк...

- Жими очи, Ѓорѓевице, не е. Опитај го, па ќе видиш.

- Не, не сум. Коле ме викаат. Јас сум од леринските села и тука ме пратија да ги учам децата.

- А, ти си, демек, даскал! - се изначуди Ѓорѓи.

Кузе се насмевна.

- Е море, Ѓорѓи, Ѓорѓи... Колку работи и ти од денес ќе научиш. Ете, јас и Лазо три-четири саати лафеме со него и многу лафои наукоме. И ти, Ѓорѓи, ќе научиш. Та затоа ние со Лазо, демек, ние од одборот, рекоме дека у тебе е најдобро да остани учитело - Кузе подигна прст - учитело, Ѓорѓи, а не даскало, да

си остане у тебе. Тука и да спие и да јади. Да не оди од една во друга фамилија. Ти имаш доста одаи, нели?

- За место, има... - развлечено рече Ѓорѓи - ама...

- Шо, ама, - го прекина Кузе. - Шо, ама... Шо има за двамина, ќе има и за тримина. Не го пулиш момчето дека е слабичко... Ај да беше некое мажиште, ќе речеш со што ќе го раниш, а тој бре, пули го, бре, ниту колку еден петел нема да ти изеди, ха - ха -ха! Хе-хе!

Коле се почувствува несигурно. Ги погледна двајцата в лице и срамежливо рече:

- Јас сум учител, ама сум и војник, другари. Треба да знаете дека по наредба на Штабот, селото треба да ги издржува, значи да ги храни учителите. Јас плата не земам. Плата ми е тоа што ќе ме рани селото. Јас, другар, Кузе, нели ти дадов писмо од Штабот и од Главниот одбор на НОФ?

Кузе брзо пикна рака во џебот и извади оттаму хартија свиткана на четири. Ја отвори. Се доближа до ламбата. Читаше.

- Да, така пишува, и тоа на грчки... А, шо, Коле, тие од горе од раководството, де, не научиле такво писмо какво шо знаеш ти ?

- Остави го човекот, - го прекина Ѓорѓи. - Шо научиле тие од раководството, тоа и ти пишуваат. Ако јас реков “ама”, не реков дека нема со што да го рана даскалот. По оваа куќа не помина само еден. Коле, - му се обрати на учителот - остани си ти кај мене и подалеку од Кузе зашто тој е премногу зафатен со работа...

- Така е, така е... - се пофали Кузе. - Ете, од утре, море какво утре - се поправи - уште вечерва треба да мислам чија куќа ќе ја прајме схолие... зашто во старото не може... Покривот е дупнат, капи...

- Училиште, другар Кузе, - дофрли Коле.

- Тоа, де, уличиште, нели?

- Училиште, - повтори учителот.

- Токму така, како шо рече... Е, Ѓорѓи, море Ѓорѓи. Ти си мислиш така е да си во власта... Ќе излезиш, си мислиш, пред луѓето, ќе им одржиш говор и све. Е, не е све, море Ѓорѓи. За да си на власт, треба да имаш тука, - Кузе се чукна со прстот по челото - пулиш? Тука, ами како. Е, ако си умен, кажи, те прашувам јаска тебе чија к’шча да ја прајме сх... како рече, даскале?

- Училиште...

- Училиште да ја прајме, Ѓорѓи, а?

- Па, земете ја на Митрашковци. Празна е. Тина Митрашкова е сама...

- На Митрашковци? Ама, ајде, бре Ѓорѓи... Па ти не знаеш дека таму грендите се гнили? Ојду јас денес и виду... Гнили се грендите... Ами, шо велиш да ја земеме к’шчата на Киро... Шо велиш ти?

- Па... Кузе... опитај го Киро...

- Ами добро шо ти текна, бре Ѓорѓи. Да го опитам Киро. - Кузе посегна по цигарите на Коле, зеде гламниче од огништето, запали и викна: - Ѓорѓевице, мори, о, Ѓорѓевице!...

Ѓорѓевица влезе во одајата и му даде знак на Ѓорѓи, а потоа праша:

- Шо, бре, Кузе, шо е?

- Ај, жити здравје, оди и викни го Киро... Ама кажи дека за многу важни работи го сакаме. Оди и немој да заборавиш како ти реков да му кажеш.

- А зошто не ја земате куќата на Лазо? – повеќе предложи Ѓорѓи отколку што праша.

- На Лазо? На кој Лазо, бре?

- На Лазо, комшијата твој.

- На Лазо, секретаро партицки? На Лазо да му ја катасхесаме (Катасхеси – (грчки) конфискација) к’шчата за схолие?! Ич да не мислиш за тоа, а каму ли да зборуваш... Знаеш ли ти шо значи тоа? Не! Схолие ќе ја прајме к’шчата на Киро. Tој нема никого во борбата...

- Ами и Лазо нема, - отсечно рече Ѓорѓи.

- Лазо нема, ама Лазо е цел во борбата... Тој е и во политикито катодигиси (Политики катодигиси (грчки) – политичко раководство) на околицкио, знаеш или не?! Ич, ич, Ѓорѓи, не зборувај ми и не мати ми го умот зашчо ако ја згрешам работата, полошо ќе ја поминам и од ... - Кузе не докажа кога многу лошо помина, но луѓето во селото добро памтеа како беше тепан и зошто го нарекоа Кузе Гуштерот.

Киро влезе бучно и, откако добро му ја затресе раката на Ѓорѓи се сврте кон Кузе.

- Аман, бре, Кузе, кај што не те сади човек, таму никнуваш. Секаде те има. Влези ваму, ете го Кузе, влези таму, пак Кузе... А, човеков не ми е познат...

Кузе стана, се тргна малку настрана и со широк замав, покажувајќи кон учителот, рече со свечен глас:

- Од туа да ти го систисам (Систисам (грчки) – претставам) даскало. Коле се вика... а овој, даскале, е Киро у чија к’шча ќе о напрајме схолието...

Ѓорѓи почна да се смее, гледајќи го Киро, па рече:

- Кузе веќе реши и изгледа ти, Киро, од утре...

- Од утре не, ама по неколку дена sвончето в рака и ѕин-sин-sин... Киро, така, ами шо!

- Tокму ли си? Што си мислиш, бре, бре... – Киро од лутина веќе не знаеше каква пцост да избере.

- Hемам, тоа е вистина, - смирено рече Киро – ама затоа кој од тие што одат од село в село, како што ги викаат во Преспа, тие, јајчарите, де, не преспа и не јаде кај мене? А бре, ан да ми беше куќата, толку намерници немаше да имам. А што јадење изедоа, што ракија и вино ми испија... И знаете што ми рече некни еден од нив? Вака ми реnе: “Вие, слушате? Со вие ми се обрати другарот, како да сме појќе. “Bие, вели, многу дадовте за борбата. Слушнавме ние за вас таму горе. Еден ден, вели, народната власт се ќе ви врати”. И извади од чантата молив, скина еден лист од тефтерот и ми напиша нешто, па ми го даде листот. “Ова е, вели, аподиски (Аподиски - потврда) за тоа што го правиш ти за борбата...” - Го испулив добро в очи и му реков: “На сите ли им давате такви работи?” А тој ми вели: “На сите...”, а јас го фрлив листот во огнот и му реков: “Другар, ако така јадете додека ја донесете таа народна власт, ништо нема да остане, па и нема да има од што да врати. Подобро не давајте такви работи, зашто луѓето случајно можат да поверуваат”. И знаете, тој, неранимајката и вошливиот, што ми рече? Ми рече: “Контра?” Ете, Кузе каква чест имав јас...

Кузе запали од цигарите на учителот и, испуштајќи го чадот накај таванот, малку налутено му рече на Киро:

- Сите ние знаеме дека устата многу ти зборува, Киро. Така ли се зборува со власта? Си им рекол ли некогаш збор повеќе на тие од старата власт? Не си им рекол. А на оваа нашата, на народната, на-а-а ти е устата. Ја најде народна, па ајде се што ти е на јазик... Ја да беше ненародна, па ќе те видев јаска дали ќе измемолеше нешчо. Ренката и рицинусот си ги пробал, а? Не си ги пробал. А јас не само што сум ги пробал, туку...

- И панталоните си ги наполнил, ха-ха-ха! Уф, бре Кузе, што си ме насмеал. - Киро го испрчи показалецот и неколку пати го

удри Кузета по чело: - Ами ти требаше воловите грчки да ги учиш. А бре, ти си им го испоганил јазикот, бре, еј! - викна Киро, но веднаш со посмирен тон се обиде да го орасположи Кузета. - Што е вистина, вистина е, Кузе. Те натепале и те посрамотиле, ама ти не си единствениот што тогаш проговори македонцки... Така е... Туку се фативме со лаф-муабет и го заборавивме гостинот. Рече дека е...

Кузе побрза да објасни:

- Даскал, даскал, Киро. Од горе го пратија за да ги учи дечките.

- Значи учител, а? Како тие во Лабаница, во Смрдеш, во Брезница, нели?

- Така, - потврди Кузе.

Киро намрштено го погледна Кузе и му се обрати на учителот.

- Значи, вистинска работа, демек. Бравос и нека ни е со к’смет и за векови... Сврти се да те видам, учителе. Така... Јаска пред недела или две бев оден во Брезница по сол...

Од другата одаја праша Ѓорѓевица:

- Ти ли, Киро, ја донесе солта што ја делеа некни?

- Јас, Ѓорѓевице, јас.

Ѓорѓевица стоеше на вратата и со потсмешлив глас рече:

- Ами, бре Киро, тоа е повеќе кал и камички, отколку сол!

- Каква е таква е таква е. Народна е, нели, Кузе? Така ми рекоа и во Брезница: народната власт, рече еден висок и ќелав, ти дава, народе, сол, а кога ќе победиме...

- Тогаш ќе ни даваат и млеко од пиле, - дофрли Ѓорѓевица.

-Млеко од пиле не, ама ќе имаме све – потврдно дофрли Кузе -како шо имаат тие таму, во народните републики, ако сакаш да знаеш, Ѓорѓевице.

- А ти, Кузе, си бил таму, си јал и пиел, и затоа многу знаеш, нели?

Киро подигна рака и така даде знак дека сака да каже нешто.

- Коле, рече се викаш, - му се обрати на учителот. - Да си ми жив, синко и добре дојде. Демек, Коле, ќе ни бидеш учител, а? Добро, така... - Го одврза ќесето и му понуди хартија и тутун. Коле ја отвори кутијата со цигари.

- Стрико Киро, бујрум од цигарите...

- О, цигари, синко... Таму ли ви ги дадоа?

Кузе подаде рака, но Киро ја затвори кутијата и му ја стави в џеб на учителот.

- Не оставај ја надвор, - му рече Киро на Коле. -Кузе додека не ти ги испие, како крлеж ќе остане со тебе. Таков ни е Кузе наш. Де, де, - го удри Кузета по рамо - ти барем за шега знаеш и немој да му се муртиш на стариот Киро. Еве, запали од моето ќесе. Не е од мојот тутун. Ми го дадоа едни нашинци кога некни по тука поминаа за Грамос. Рекоа: “Дедо, жити бабичката, дојси троа лепче и сиренце, а ние тебе тутун ќе ти дајме”. И така си разменивме...

- А знаеш ли, Киро, - се вмеша Кузе - дека такви работи строго се забранети? Некни Лазо...

-Кој Лазо, бре? - праша Киро.

- Лазо, секретаро партицки, тој, ами кој друг...

- Е, шо рече Лазо?

- Рече такви работи да не се прават и кој ќе биде фатен, ќе му суди народниот суд. Е, сега, ти ако сакаш, прави го тоа...

Во одајата влезе Ѓорѓевица, на послужавник донесе по чашка ракија и, откако ги почести, му даде знак на Ѓорѓи. Тој излезе по неа.

- Што е?

- Ами, кажи му на Кузе да си оди, за да вечера учителот... Гладен нема да легне, нели? Јас му послав во малечкото одајче.

- Ако. Фрли некое веленце повеќе за да не му студи. И остави му леб и сирење. Младо е учителчето...

- Младо е, - повтори Ѓорѓевица - младо и како да ги има годините на Васил наш... Богородице мила, - се сврте Ѓорѓевица кон иконата и, крстејќи се, рече: - Чувај ми го чендото, Богородице...

Ѓорѓи, враќајки се во одајата, го слушна смирениот глас на Киро кој му објаснуваше на Кузе:

- Mојата куќа не е за училиште. Јас ти велам дека, ако се собереме сите, по една недела ќе го покриеме старото училиште, разбираш? Таму некогаш се учело грчки, а сега ќе се учи македонцки. Разбра?

- Како мислиш, Киро, македонцки? А, што, нема да учат дечките, грцки? Лазо рече дека и грцки ќе учат... Ти шо велиш, даскале?

- Јас, другари, не сум само учител. Јас сум и војник на ДАГ. Мене пред еден месец Пандо Шиперков ми рече: - Ти, Коле, остави го автоматот и ќе одиш во Желево да учиш за да бидеш македонцки учител...

- А какво школо имаш, синко? - праша Киро.

- Основно грчко. Повеќе не учев... И Пандо Шиперков ми рече уште: “Отвори очи добро да учиш македонцки зашто ти и сите други што ќе бидете назначени како учители ќе бидете во првите редови на нашата борба. Кога ќе затреба, јас ќе те викнам во строј. Оди, рече Шиперков, и во стројот што ќе застанеш е како да се бориш од првиот бункер... Така ми рече Шиперков...

Киро го наполни чибукот и, играјќи си со гламничето, полека го запали. Пиеше од чибукот со замижени очи и се лулаше де напред, де назад. Пред неговото лице сивикавиот чад со остар мирис на дебело дробен тутун правеше мали крукчиња и се издигаше над неговата глава.

- Такааа, - развлечено промрморе Киро. – Пред десетина дена, кога помина по тука Шиперков, остана на спиење кај мене... И ми рече: - “Зошто дечките си играат само партизани? Да го отворите училиштето и да учат. И да знаеш дека наскоро ќе почнат да учат”. Тогаш јас не му поверував многу, ама нешто како да ме тераше да мислам дека тој сигурно нешто знае штом вели така. Велиш, така ти рекол Шиперков? Тој сега треба да е таму, на Горуша... Овие денови најмногу пукотници оттаму се слушаат. Е, сега би сакал да го видам и да му речам: “Ајде, бре Пандо, заедно со твоите орли и со овие наши пастрми што побрзо да го дотераме училиштето, па да ги собереме дечките да учат ука, а не партизани? И да му речам: “Пандо, сполај ти за учителот...”

Киро го истресе чибукот и стана. Стегајќи му ја раката на учителот, рече:

- Утре дојди кај мене... Кај Ѓорѓи добро ќе ти биде, ама наминувај и кај мене. И мене малку да ме подучиш. Јас таму, во Америка, учев малку словенско писмо и читав газети и книги... Да дојдиш, синко. И со добро да тргни работата. Таквите времиња кога доаѓаат учители се големи времиња. Книги носиш?

Носам три, ама другите, за децата, заедно со тетратките и со моливите ќе ги донесат по некоја недела. Да го отвориме

училиштето, да ги изброиме учениците и потоа ќе донесеме и книги.

- А за тоа што рече Кузе, - полека зборуваше Киро – за тоа дека и грчки да учат нашите дечки, да ги опиташ родителите дали ќе сакаат дечките грчки да им учат, а не што ќе рече Лазо и ќе пренесе Кузе... - Тргна накај вратата и, небаре нешто заборави, му се обрати на Кузе: - А ти, Кузе, не туку чекај, ами прибери се дома. Остави го учителот да си почини. Него работа, голема работа го чека, еј, Кузе, слушаш? Ајде по мене, да си се прибереме дома... Ѓорѓевице, остани со здравје и добра нош...

- Ојми со здравје и твојата подобра, - врати Ѓорѓевица.

- Со здравје, со здравје, - ги испраќаше Ѓорѓи.

- Остани со здравје, синко, - му рече Киро на учителот - и намини и кај мене... Ќе те чекам, дојди.

- Со здравје, стрико Киро, и сполај ти. Ќе дојдам. Носи многу здраво-живо дома...

Кузе не отиде право дома, ами кај Лазо. Од збор до збор му пренесе се за што се зборуваше кај Ѓорѓи.

- Tој Киро, - рече замислено Лазо - најдобро е да си молчи. Да не мисли тој дека партијата и народната власт ќе затворат очи и уши пред некоја непријателска пропаганда... Тоа, другар Кузе, е пропаганда и отвори добро и очи и уши. Ќе го викнам јас него на разговор...

- Ти ќе го викниш, ама потоа се врз мојот грб ќе се товари, - се пожали Кузе. - Прави што ќе правиш, зборувај како ќе зборуваш, ама да не се разбере дека јас сум тој што кажа. Така да знаеш, Лазо.

Лазо шрмкна и плукна настрана. Се загледа во лицето на Кузе и рече:

Јас те поставив за претседател на народниот совет или не?

- Така е, Лазо, ти прв рече...

- Ако те поставив јас, јас и ќе те сменам и потоа ќе те пратам на Мали Мади бункери да градиш или на Грамос оружје да носиш. Тоа ли го сакаш? Речи, де, тоа ли го сакаш? И учителот да го имаш на око. Не знаеме кој е. Јас уште утре ќе пратам горе, во Второто биро, да проверат што човек е... Велиш, со Шиперков бил... А Шиперков дошол од Југославија, така, нели? Да... Некни зборував со Статис и знаеш што ми рече Статис? Вака ми рече: “Лазо, тие кои беа со бригадата во Битола, сакаат некаква Македонија и кога лани во Бапчор се собраа командантите за да изберат штаб за Вичо, тие што дојдоа од Битола кога слушнаа дека командант ќе биде Грк, станаа и сите си отидоа. Ич не сакаа да слушнат за Грк командант”. Статис рече дека тие рекоа ако командантот не биде Македонец, тие ќе си ги приберат одредите и ќе направат македонцка војска, како Гоче четириесет и четвртата. Борбата ќе ја водиме заедно со Грците, така вели партијата, а партијата денес е закон. Што ќе рече, тоа ќе правиме. Ете, тој Шиперков е командант за Вичо и кој знае дали нема да ја оддели Македонија од Грција? И што ќе прави тогаш Грција без Македонија, а? Некни така си фативме муабет со Киро и го прашав: “Што ќе прави, бре, Киро, Грција без Македонија?” И знаеш што ми одговори тој, тој, како да го наречам, тој, ајде да не му залепам некое име... Знаеш што ми рече? “Па нека пцовиса”, вели. Па тој не знае дека, ако ова го слушни партијата, сигурен му е нашиот затвор во Нивици? Што луѓе сме, бре, Кузе, и јас не знам. А тој Киро, па и Ѓорѓи, што си мислат? Илинденци ќе се прават? Комити? Море ако им удрам по една миниси (Миниси (грчки)-тужба.) ќе им го соберам умот в глава... Лазовице, о Лазовице, - викна Лазо. -Слушаш, мори?

Лазовица влезе во одајата.

- Направи нешто да вечераме со Кузе.

- Што да направам?

- Па земи нешто од тоа што е собрано, ами што друго.

Во куќата на Лазо се магазинираше се што од ова и околните неколку села се собираше за ДАГ. Во ќералите на Лазо имаше и брашно и пченица, пастрма од овци и кози, сирење и маст, месо во солило, тарана, бонгур, луканче.

Лазовица донесе еден колак луканче, го одврза и го подигна. Праша:

- Лазо, од де да посеча? Од туа - покажа со ножот долу, една педа над подот - али од туа? - и покажа горе.

Лазо кога виде дека ножот се задржа горе одобри мрдајќи со глава и го чепна оганот за да се распали.

- Донеси и едно-две парчиња да ги потпечам на жар. И пули во тиганот да има повеќе лигда... Слушна, Лазовице?

Лазо чепкаше во оганот со прачката и размислуваше. Гледајќи во разгорената жар, рече:

- Сепак, Кузе, јас мислам да не му ја земаме куќата на Киро...

- Зошто?-праша Кузе.

- Зошто... затоа што ќе ни треба... Каде, бре, Кузе, те прашувам јас тебе, ќе ги водиш луѓето од раководството на спиење? Имаш ли поубава од неговата? Немаш! Е, затоа молчи, подобро е така...