Глава 19
Глава 19
Ја прегазија ровината и го фатија врвежот што течеше крај брегот. Напред одеа двајцата војници на ДАГ, по нив постарите деца. Фатени за раце, по две и по три, со поглед вперен во грбовите и со разлабавен чекор, во долга колона се движеа децата на возраст меѓу пет и десет години. Заедно со нив -измешани - одеа нивните мајки. Во коњскиот раван, малку поназад, се нишаа кошевите, а во нив - разлулани, главчињата на двегодишните, тригодишните и четиригодишните дечиња. Молчаливо гледаат де во високите врвови на планините и ридиштата, де во белите облаци, во каменестите угорнини и одеваа, се проѕеваа. Навалуваа главче врз рамо и, надолени од одмерениот тропот на копитата, тонеа во дремка. Една жена, на триесетина години, забрадена со црна шамија, со левата рака се потпираше на кошот, гледаше во дечињата. Со очи и лесен допир на дланката ги милнуваше. Заронуваше солза, воздивнуваше, откинуваше поглед и стајно се загледуваше пред себе. Отстрана шуркаше вода. Паѓаше од високо. Се распрснуваше, удирајќи врз карпата. Студените капки паѓаа врз лицата и главите на децата. Со дланките си ги покриваа лицата. Колоната се свитка. Сврте десно; на угорнинката подзапра, се збива. Спроводниците подигнаа рака. Од горе трча вооружен маж.
- Стој, стој! - мавта тој со едната рака, а со другата, во која држи автомат, покажува кон ридот. - Свртувај, свртувај - вика тој - свртувај надолу, надолу реков!
Колоната застана. Однедоапица грмна. Се наполнија трапиштата и доловите со грмеж. Долго ‘ржење на коњ. Колоната се збива. Вториот и третиот грмеж на гранатите - ја растури. Трчаница на сите страни. Викотница, плач и пискот.
Мамооо! - се слушна долго викање. Девојче, на пет-шест години, стои осамено среде патеката, пред себе ги подава рачињата, тупа во белузлавата прав и вика: - Мамооо! Мамооо!
Притрча една жена, го гушна и, придружувајќи ја со едната рака торбата, со другата го притисна уште посилно и се подигна заедно со него.
Долго се довикуваа и деца и мајки и војниците - борци на ДАГ што слегоа од ридот. Распрчкани по доловите и шумјаците, се собираа на лединката што се распостилаше отаде ритчето. Омаломоштени и омаудрени и клети, се прибираа во купчиња, се растрчуваа кон своите мајки и роднини што ги придружуваа. Се довикуваа по име, одмалени седнуваа на земја едно до друго.
Врвот фрли сенка врз лединката. Двајцата спроводници ги повикаа жените одбрани за негувателки и кратко им објаснија:
- Ќе останеме тука до стемнување. Другарот што дојде од горе ни кажа дека е забележана голема единица владина војска што се движи накај Аљавица. Оттаму не можеме да поминеме... Не кажувајте им ништо на другите жени. Вратете се и, како да не е ништо, кажете дека тука ќе останеме на починка. Дајте им на децата да јадат и држете се повеќе под борјето. Да нема движење.
Останаа двајцата. Запалија. Гледаа кон ридот од каде што допираше топовски татнеж.
- Отвори ја картата. Да видиме каде сме сега, рече постариот. -Така... Ја поминавме оваа рекичка. Сега сме тука. Да продолжиме, ама по овој пат...
- По тој пат ќе задоцниме и ќе ја загубиме врската, - рече помладиот. - Hаредено е за денес во осум часот, по зајдисонце, да стигнеме тука, - тој чукна со прстот на картата.
- Не. Денес во одреденото време нема да стигнеме. Се плашам да не се појават авиони, па ќе ја оплескаме. Ако нашите успеат да ги одбијат владините трупи, тогаш патот ќе ни биде слободен. Еве погледни: сега сме овде. Требаше да продолжиме по оваа патека и да излеземе на овој превал, па да се спуштиме долу и преку оваа река да го фатиме патот... чекај... истриена е картата, ништо не гледам...
- Добро, де. Не мораш да гледаш. Јас го познавам местото. Hоќе, со замижани очи можам да одам...
- Море ти подобро отвори ги... Деца водиме, а со нив се и нивните мајки... Зарем сега мораа да тргнат бурандадите од Костур?
- А од каде знаеш дека тргнале од Костур? Можеби тргнале од Четирок или од Нестрам?
- Сеедно е од каде тргнале... Главно нам не ни оди по планот... Само да ја фатиме врската... Туку, знаеш, јас сепак си мислам ти да одиш и да ја фатиш врската. Подобро е така.
- А ако не ја фатиме врската и ако патот ни го заградат владините единици, што тогаш?
- Тогаш нема да одиме на договореното место, туку децата ќе ги доведеме до овде... Ете, тука нека ја преминат границата..,
- Ами ако не ги примат тука, што тогаш? Наредено е тука да ги доведеме - тој покажа со прстот на картата. - На кое било место сигурно нема да ги примат. Ако е наредено тука да ги доведеме, значи договорено е што да се прави понатаму. Ако ги доведеме дотука, тогаш кој знае кога ќе ги преземат. Не гледам на картава да има пат за камиони. А овде, гледај, широк пат за камиони. Значи, тука ќе ги чекаат... Затоа е така наредено. Што мислиш ти?
Накај нив доаѓаше жена. Тие го прекинаа разговорот.
Повелете и вие нешто да каснете, - рече таа и покажа со рака кон местото на кое беа наседнати децата и жените. - Дојдете, -замоли таа.
- Вие продолжете, мајче, - рече помладиот. – Нека се најадат децата и нека се одморат. Ние ќе си јадеме од нашето, - тој удри со дланката по ранецот.
Жената со ожебавен образ се врати кај децата. Одеше тивко и полека газеше по влажната земја. Постариот и викна:
- Вода ако имате, нека донесе некој...
Спроводниците седнаа скраја од патеката, под сенката на високиот бор, ги одрамија ранците, отворија конзерви и, кршејќи од несолениот и црн ‘ржен леб, јадеа.
- Ама леснак човек, - прозбори постариот, прекиувајќи ја мислата.
- Што рече?
- Леснак човек, реков...
- Кој ?
- Па тој што нареди оттука да ги водиме децата. Се случи ли авион да долета, знаеш ли што ќе има на оваа рамнинка и под овие борје? Туку, нека јадат и да се преместиме подлабоко во шумата.
До нив допреа долги митралески рафали. Сосем јасно се слушаа експлозиите на топовските гранати. Тие престанаа да јадат.
- Да одиш горе, на ридон, - рече постариот. - Извиди што е и бргу враќај се. - И додека го собираа лебот и ги закопчуваа ранците, стигна вооружен коњаник и им нареди:
- Одведете ги децата подлабоко во шумата. До крајот на денот нека останат таму. Штом се смрачи, тргнуваме. Јас ја преземам колоната. Отсега натаму ќе ги слушате моите наредби. Еве ви наредба од Штабот.
- Разбирам, - рече постариот и, отпоздравувајќи војнички, се повлече.
На стемнување се собраа на лединката. Откај планините ветрот носеше студенило. Човекот, јавнат на коњ, нареди:
- По мене! - го бодна коњот и тргна напред.
Тргнаа. Полека се формираше колона. По истиот редослед како до свијокот. Чекор по чекор, одеа фатени за раце, фатени за фустаните на мајките. Оцртите на врвовите се уште ги осветлуваше вечерното сонце, кога во колоната се најдоа и коњите со децата товарени во кошови. И, колку повеќе паѓаше мракот, толку помалку се гледаа.
- Деца, - викна постариот од спроводниците - фатете се едно до друго... Полека, мили, полека - ги тешеше тој.
Мајките, кои ги придружуваа децата во кошовите, ги соблекуваа палтата и ги покриваа.
Лена Костова му го подаде огламникот на едно од постарите деца, велејќи му:
- Момче, фати го огламникот да видам што му е на детето та толку плачи?
Таа го повлече кон себе ќебето и го отскри кошот. Тивко и молбено плачеше Марија. Ќеркичето на Пандовци. Фана, мајка и, не можеше да тргне со нив. Остана дома со едногодишното синче. Грижата ја презеде Лена. Таа го подигна девојчето, го зеде во својата прегратка и го смируваше. Тоа се впи во нејзината прегратка, ја гушна, рачињата ги стегна околу нејзиниот врат и липаше испрекинато.
- Јас, јас саса-кам кај ма-мамма? - залипа погласно и се расплака.
Меѓу високите планини и густите шуми - црнина. Одеа во мракот, се сопнуваа, паѓаа, потплачуваа. На оддишка застануваа само дваесетина минути и одново тргнуваа во мракот. Ја поминаа рекичката. Излегоа од неа наводенети. Едни до колена, други, кои паѓаа во студената планинска вода, мајките ги пресоблекуваа, ги цедеа водените алишта. Зад дрвеното мовче, свијок. Коњаникот викна:
- Пазете! Патчето е тесно. Еден по еден!
Под патеката се слуша бучава на вода. Се смалува чекорот, се растреперува.
- Стој! Стој! - се слушна исплашен женски глас. - Стој!
Долу, во реката се слушна коњско ‘ржење, пискливо и долго плачење на деца.
Двајцата спроводници наредија сите да застанат, да се повлечат сосем на другата страна на патчето. Едниот од нив засветка со батеријата по брегот. Викна:
- Веднаш доаѓам, доаѓам. Има ли повредени?
Слезе долу. Две жени до колена во водата, ги одврзуваа кошевите од самарот. Децата со изsемнати рачиња и сосем наводенети, се држеа цврсто за кошовите и плачеа на цел глас. Едно поедно ги изнесе на патеката. По него се искачија и жените.
- А коњот? - праша спроводникот.
- Го оставивме, - рече едната жена. - Не може да стане. Изгледа при лизгањето си скрши некоја нога.
Децата ги пресоблекоа и колоната тргна. Во мракот долго се слушаше осаменото и болно ‘ржење на коњот.
По час и пол, оној што јаваше коњ, нареди:
- Одмор!
Една од жените му пријде и му рече:
- Натаму не можеме. Сите сме папсани. Децата паѓаат спиејќи. -Таа го подигна лицето и, откако помолча, покажа со рака кон небото. - Ете, почна и да врни.
- Уште половина час пат и ќе стигнеме до едно село. Таму ќе останаме до зори. Напред!
Два часа по полноќ стигнаа во селото и ги распоредија децата по куќите.
- Претседателот на селскиот народен одбор налутено му се обрати на коњаникот:
- Ти, другар, како да немаш душа... Или не си видел никогаш деца. Се оди ли така со мали цела ноќ?
- Јас имам наредба...
- Наредба, - повтори тој - наредба... Бати ја наредбата со се оној што ти ја дал...
- Другар, без пцуење, - просаска коњаникот. И помирливо праша: - Ја фативме ли врската?
- Не. Задоцнивте половина ден. Чекаа, чекаа... и не дочекаа. Јас пратив курир, ама тој се врати и рече дека никого не сретнал на патот по кој требаше да дојдете.
- Моравме да свртиме по друг пат. Непредвидени околности. Кога тргна претходната колона?
- Пред зајдисонце. Стигна курир од Николер и рече дека баталјонот владина војска таму е задржан. Одбиен е нападот, рече, и затоа колоната деца што пристигна уште вечерва мора да тргне. Тргнаа, како што реков пред зајдисонце. Седум часа веќе се на пат.
- Добро. Јас ќе одјавам до наредната врска, а ти погрижи се оваа колона да тргне одрано.
Жените распалија огнови и до зори сушеа алишта. Децата, исполегнати едно до друго, спиеја и ревеа. Сигурно сонуваа ридје, води што лудуваа, дрвја високи до небо... Во ќошот,
мајка, навалена на ѕидот, држи во скутот петгодишно девојче, се наведнува ту лево, ту десно и со неподвижен поглед и слисано гледа во жарта што се спепелува во огништето.
- Мамо, - се одгласи девојчето.
- Што е, мило?
- Стигнавме ли?
- Не, злато, Спиј...
- Мамо, уште колку ќе одиме?
- Уште малку...
- Уште три реки и пет планини ќе поминеме? Мамо, кажи ми ја приказната за Силјан Штркот? Ајде, кажи ми ја...
- Ќе ти ја кажам, ама да спиеш...
- Аха...
- Во некое дамнешно, многу дамнешно време - почна мајката -си бил еден штрк... - таа не ја докажа приказната. Во нејзиниот скут заспа ќеркичето. - Ако, - си рече таа - кога ќе ми се вратиш пак, мајка ќе ти ја раскаже и оваа и многу други приказни. Спиј, спиј ми, чедо...
Ноќта надвор фати спида. Откај високата спила во бранови фучеше ветрот. Виеше меѓу високите борје. Крцкаа и стенкаа стеблата.
Ги разбудија децата рано. Надвор беше сончево, ама студено. Околните планински врвови беа под снег. Ленка Костова ги собираше сувите алишта што ги беше изнаобесила насекаде по одаите. Со овенато лице се наведнуваше над малите, ги допираше по главчето, им милнуваше образ. Полузаспани, недоразбудени, таа ги облекуваше и обуваше со брзи движења.
Двајцата спроводници одеа од куќа до куќа и ги тераа жените да побрзаат со облекувањето и хранењето на децата.
- Довршувајте, довршувајте, - шепотеше постариот. - Времето ни бега.
Tој го откина долгото кашлање и му рече на својот другар:
- Досега може да се рече дека поминавме добро. Погледни горе, - тој покажа со главата на планинските врвови. - На превалот не чека снег, пријателе. Да свртиме и да им кажеме потопло да ги облечат децата.
- Снегот ќе го разгазиме... - замислено прозборе помладиот. - А ноќта не се јави курир?
- Зошто?
- Како зошто? Знаеме ли што не чека отаде превалот?
- Па нели сношти беше речено дека нападот е одбиен?
- Беше, ама оваа тишина ме вознемирува. Ова село секогаш беше полно со наша војска. Не видов ниту еден. И по пат немаше никој освен оние што се симнале вчера од ридот...
- Мислам дека тие се тука, некаде во близина. Начув дека сите наши единици требало да бидат повлечени понастрана од патот по кој ќе врви колоната со децата.
- Зошто?
- За да не се израдуваат многу татковците и браќата ако си ги видат своите дечиња како им... - тој долго кашлаше. - Ете, тука -се удираше по градите - ме печи, ме кине и никако, пустата, да ја исплукам... Што мислиш, ќе се радуваат ли многу ако ги видат?... Туку, ајде, да викнеме да излезат и да тргнеме. Денес цел ден ќе пешачиме. А дали ќе издржат, ќе видиме...
Тргнаа кога добро се раздени и со задоцнување. Сега веднаш зад спроводниците, во калта што во текот на ноќта ја измесиле војнички цокули, члапаа коњите со товарените кошови. Провеани од утринскиот и студен ветер, дечињата стуткани во кошовите, молкома гледаа и воздивнуваа триејќи си ги одвреме на време очите. Солзите што им ги истиснуваше планинското студенило ги размачкуваа по образите. Најодзади одеа поголемките деца. Така нареди постариот спроводник.
- Тие ќе сакаат побрзо да чекорат и така ќе ги тераат оние пред нив побрзо да одат, - рече тој.
По угорнината змиесто водеше тесна патека. Гола лискавица, испукана од сонцето и студот и измиена од дождовите. Од под копитата на коњите отскокнуваат мали камчиња, удираат врз други, се ронеа и одронуваа други. Главнината излезе на поширок дел од патеката и оттука се гледаше крајот на колоната. Долу остана селото стуткано во долинката опкружена со високи борје. Сивикав чад се издигаше над селските покриви. Скраја од селото пенливо течеше реката. Шумот на водјето не се слушаше. Во планинската тишина гласно одекнуваа коњските копита, кашлањето на постариот спроводник и тивките довикувања. Оттаму ширум се гледаа високите ридишта на планините, доловите и трапиштата што се извиваат меѓу нив. Белееше снегот во претпладневните часови, одблеснуваше во острите зраци на сонцето.
Двочасовното одење по разводениот и каллив снег им се пристори како да траеше цел ден. Главнината се спушти во котлината, а оние што одеа најодзади тукушто почнаа да се спуштаат од превалот. По саат време се собраа сите во една широка котлина. Топло е и не фучи ветар. Треперат жолтите долги реси на леската, расцутен е дренот. Свежото првиче на пролетното зеленило се пробива меѓу есенските жолти лисја попарени од раните пролетни слани.
- Одмор! - викна постариот спроводник. - Час и пол одмор и тргнуваме. Можете и оган да запалите.
Во отсветот што се пробиваше низ густата шума и легнуваше врз зелената ливада, девојчињата нежно откинуваа маргаритки што белееја на полјанката.
Во истото време, дома, кај Митре, во големата гостинска одаја, седеа Киро и Ѓорѓи. Пушеа од сертиот тутун и, како да седеа на разбуд, прикажуваа за раздомувањето и за луѓето што се најдоа на раздрум.
- Кој знае до кај ќе не одведе кинисувањето што почна со децата... - рече низ нос Киро.
- Сношти поминував покрај Пандовци. Пандо седи во дворот, а јас - здраво-живо. Тој темерут. Со наведната глава. Седи и дума човекот. Зачмаен...
- Та да е само тој... - се оѕва Митре. - Целото село, сите сме такви, Ѓорѓи.
- Мара Mоја - рече Киро - исплака очи. Се опустивме, вели. Јаска сношти, по зајдисонце, излегов сред село и пуља - пусто. Ниту глас, ниту смеа... Само кучињата претрчуваат по сокачињата. Mајката, бре, таква тишина никогаш сме немале! Што станало со животот? И да ви кажам, првпат ги гледам нашите луѓе така згаснати. На враќање го сретнав Кузе Гуштерот. И тој со обесени веѓи. Молчалив. Загубен. Го прашувам шо прајш, шо чиниш?... А тој: а бре, добро, само, ете, тука, вели, некако стега, - и покажа на градите. Се удира, тупка. Туку, вели Кузе, останува барем тоа сигурно дека таму на децата ќе им биде добро. Пред заминувањето, вели Кузе, ја прашав јаска Вера: - А мори, Веро, добро ли ќе им биде на дечињата таму по државите? А Вера ми вели: - дали ќе им биде добро? И тебе, Кузе, вели, господ да ти даде такви добрини. Таму, Кузе, вели, на секоја лединка има и лебинка... таму со леблебии и локум ќе ги ранат... И, вели Кузе, така некако ми олесна тогаш, ама сега ми е тешко...
- Кузе - рече Митре - туѓиот збор го фаќа за голема вистина. Нека му е... можеби така ќе му биде полесно... Туку, што толку задоцнија жените та ги нема да се вратат? Е-е-е... Се
обессиливме без дечињата. Како да ги одвеа ветар. Кинисаа тие, а мене се ми се чини кинисаа, кутрите, прерано одделнати и одлачени... Се откршија од градите мајчини... Како да се одрони парче од карпа… се истркала и барај му го крајот... По колку ли патишта ќе одат? Ќе ги одверат ли? Ќе не отпознаат? И кога и која ли матица ќе ги собере? Кој и каде ќе најде толку пчелинок за да го собере ројот? Е-е-ех !
Огновите во планинската ливада ги оставија да горат. Се спепелуваа жарчињата. Колоната се спушти од котлината и тргна направо, по ораниците. Се разлааја селските кучиња, најавувајќи доаѓање на нова многуглава, разовкана и разлипана врвулица. На стемнување стигнаа во Лобаница.
И до развиделина, кога пулигора нежно ги разниша пролетните лисја, ја истресе росата и распрчка мирис на младо нане, се собираа деца.
Попладнето, утредента, собрани по села, стоеја децата пригушнати до своите мајки. На зајдисонце - тргнаа. По половина час пешачење, еден човек во кожен шинел, опашан со војнички ремен и со кожена чанта на рамо, јавнат на коњ, гласно рече, покажувајќи со рака:
- Таму нека застанат мајките и сите други што ги испраќаат децата. Можете да се збогувате, - тој си ја сврте главата кон границата. Не слушна како плачеа мајките и како липтаа децата, не ги виде грчовитите прегратки, во своите гради не го почувствува укрупот, бигорот и чемерот што ги разјадуваше душите на сите што се претворија во прегратка... и голем, небаре судбински плач и лелек...
Тргнаа... оглувени и исплашени од молежите и молитвите, не ги бришеа ни своите, ни мајчините солзи што останаа да им течат по образите, згрчени во себе од болните воздишки и липоти што ги параа градите... Молкома стојат на ридот мајките -црневина од луѓе. Молчи ритчето се додека се гледа разлуланата и долга колона...
Отаде Морава го снема сонцето. Уште миг и згасна последното црвенило над планинскиот оцрт.
- Отидоа, - тивко рече некоја жена и гласно лелека...
Мракот се спушташе од околните планини.
- Отидоа, - тивко и болно изустуваа стотици усти, ги подигаа рацете, си ги одбрадуваа лицата, мавтаа со црните шамии.
- Добар пат, - велеше црневината што стоеше на ридот. И остана да стои додека сама не се стопи со мракот.
Во мракот се враќаа и во него се препознаваа по воздишките и тивко шепотените молитви и имињата на рожбите...
Црквата во Лобаница не ги собра сите. Множество останаа надвор.Свртени кон олтарот, палеа свеќи и се молеа...
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/i-kamenot-e-zamia/21 le 29 octobre 2026