Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Stone Too Is Soil

Глава 18

Par Петре Наковски · Partie 20 sur 25 · Environ 6 minutes

Lire en English

Глава 18

Откај Сињачка надоаѓаше денот. Во црвените зраци на разденот - небосводот пламнат. Облакот над врвот, оддолу румен, од горе обрабен со сребреникавата врвца на пресната утринска светлина. Се скратува сенката на околните ридишта.

Кузе ги оврти куќите.

- Време е, ајде на мегданот пред црквата... На собир ... - велеше тивко и со наведната глава, згаснат, свенат, блед од бессоница, тропаше на соседната врата.

Митре ги погледна распалените цепеници во огништето, лесно ги размрда со машата.

- Нека се развали огнот, рече Митровица. - Излези, стопане, и види дали се собираат? - замоли таа, а потоа и се обрати на снаата.

- Невесто, донеси ја кацијата и отвори ги сите врати.

Митре се врати и прозбори со тивок глас:

- Па, речиси се собраа. Ајде, викајте ги децата. И немојте да заборавите нешто. Прво торбите...

Митревица ја зеде кацијата, набра жар и клекна пред прагот.

- Ајде, мили, прескокнете ја кацијата... над жарта...- и шепотеше: - сето лошо пред вас и над вас оган да го изгори, во пепел да се стори... топлината домашна да ве грее и срце да ви топли...

Кога излегоа од дворот и го пречекорија прагот од големата дрвена порта, Митревица истури зад нив леѓен вода.

Напред одеше Митре, по него Кире, а зад нив Софка. За левата рака ја држеше Ленка, од десната, со ситен чекор, глелајќи пред

себе, чекореше Коста. Тој одеднаш застана, си стави два прста во уста и свирна. Почека малку.

Кучето што лежеше под стреата си го размрда опашот, ја подигна муцката втисната меѓy шепите, стана мрзливо и се стрча накај Коста.

- Дојди, Шарко, дојди, - викаше Коста и со дланката удираше по своето колено. Шарко го лапна во воздух фрленото парче леб, мy ја лизна раката на Коста и продолжи да оди покрај него.

Митровица се врати дома. Ширум ги отвори сите врати. Тешкиот дабов лост го тргна од портата, докрај ги рашири вратите и, разврзувајќи ја црната шамија, почна да си ги расплетува плетенките.

Над мегданот, каде веќе беа собрани сите од селото, кружеа ластовици, прелетуваа над куќите, се пробиваа со низок лет низ тесните селски сокачиња. Штркот летна од своето старо гнездо извишено на врвот од сувиот брест, без да мрдне крилја направи круг над селото, го снижи летот, замавта со крилјата и одлета отаде ридот, во ливадјето.

Двајца војници на ДАГ, со шмајзерите обесени на рамо се доближија до Кузе. Нешто зборуваа. Повисокиот војник го нарами ранецот и, покажувајќи со рака кон ридот на кој од дамнини стои и расте дебелиот даб, викна:

- По мене, ајде!

Тргнаа. Измешани - деца, жени, старци. Првин во куп. Полека се разретчуваше купот. Се создаваше колона. По двајца, по четворица, по седуммина, десетмина... Род до рода... Се наведнува мајка - нешто шепоти, теши, поучува, стега раченце, да го стопли пред да се оддели... треперат усни, липаат. Старците скришум, небаре си го тријат челото, со дланка си ги допираат очите. Голема грутка на срце, стега нешто под лажичката, не поминува ништо низ грлото... ни глас... боли... А наоколу е пролет. Зелено. Расцутени црешите и вишните. Дабјето заврзуваат златна пупка. Тополите разлистија. Врбите

раззеленија. Колку кавалчиња ќе останат недоправени. Шарко трча лесно покрај Коста, ниту чекор подалеку од него. Во крајпатниот густеж, во раззеленетиот врбјак покрај рекичката пееја пилци. Во шумата кукавица се раскука. Hекој гласно брои: - еден, два, три четири... Доброи до дванаесет. Нешто се прекина во гласот на кукавицата. Некои видоа како одлета отаде трапот.

- Мамо, мамо! - прозбори Коста. Слушна, мамо ?

- Што, синко?

- Кукавица кукна... ќе има нешто лошо...

Ја преминаа рекичката. Го забавија чекорот по угорнината. На челото на Митре и над лицата на Киро и Ѓорѓи, кои чекорат покрај него, се наднесе сенка, се скрши веѓа, се вдлабија брчките. Врвyлицата врви нагоре. Стигна под сенките на дабјето на Cвети Илија. Челото застана на рамнинката. Потамy вишнее расцутена слива. Оттука почнува удолнина.

- Оние што нема да одат со децата, дотука, народе. Децата и другите што ќе одат со нив нека тргнат по другарот, - се чу наредба.

Невидливи станаа најмалите во прегратките. Плач и редења на Свети Илија. Писок откорнат од мајчини гради и липот гласен. Војникот што стоеше отстрана, се сврте. Киро виде како мy треперат рамената. Имиња извикувани, благословувани, шепотени... Молења до небеса... Се одделија најпрвин поголемите и пред нив се отвори удолнината. Отаде неа високи планини.

Митре ги прибра во прегратка внучињата. Образите им ги собра до своите. Замре. Не издржаа нозете. Клекна, си ја навали главата врз градите на внучињата и гласно се расплака. Митревица, со расплетена коса, ги презеде и, откако им ги избакна очите, челата, образите и устите, со обете раце, како да се плашеше дека ќе и избегаат настрана, дека ќе се растурат, лесно ги допре, велејќи им:

- Одете ми, одете ми со здравје и господ да ве чува, - липаше таа. Липаа и старците што cтоеја под сенката на д’мбо и чепкаа со нозете во кршот од урнатините на црквата Свети Илија. Врвулицата ја фати удолнината. Коњите се уште не беа тргнати. Во кошевите врзани за самарите ги сместуваа малите деца. Клекнуваа тие, седнуваа на посланата слама и, држејќи се со рачињата за кошовите, едни гледаа низ широките отвори, други си ги нависнаа главчињата, мижуркаа со очките, подаваа раченца...

Мамооо! - се развикаа кога коњите зачекорија по удолнината. -Мамооо! Mамооо! Mамооо!!! - се слушаа нивните пискливи, расплакани гласови.

Поп Васил го подигна крстот и го благослови патот.

Стоеја луѓето се додека исчезна по удолницата и последното главче што се издигаше од кошот. Згаснаа детските гласови и члапањето коњско. Само правот, полека спаѓаше и денот се навалуваше. Стоеја луѓето додека сонцето не им удри в лице. Стоеја додека сенките не станаа триж подолги од луѓето. Стоеја додека сонцето не изгоре зад врвовите планински и, кога настапи мрак, уште повеќе им се чинеше дека слушаат викања и довикувања. Во кошевите плетени од леска и во солзите стежнати како бисери, во насмевките овенати на топлите усни, во плачот и довикувањата - си отиде радоста на мама Ангелина, на дедо Митре, на баба Марија. Си отиде убавината на местото. Во селото се враќаа сенки и сенките тргнаа право во црквата. Дома се вратија сенки. Молкома ги затвораа вратите, молкома седнуваа и наслушнуваа. Молк. И чувствуваа дека не се вкуќи.

Митревица запали голема ламбада пред иконата на Богородица. Митре со растреперени раце го наполни масленичето со масло и, откако го запали, рече:

- Нека горат до изгор. Да има светлина... да се пулиме и Богородица да не пули...