Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Stone Too Is Soil

Глава 17

Par Петре Наковски · Partie 19 sur 25 · Environ 8 minutes

Lire en English

Глава 17

Ноќта пред кинисување во ниедна кyќа не изгасна осветлението. Кратки засркнувања, скришум избришана солза, згрчен липот, тивки поучувања, молежливи погледи...

Софка ја викна Ленче во гостинската соба. Го отвори сандакот, што беше го донела кога дојде невеста.

- Застани тука, чедо. Мајка ќе ми те промени....- и со растреперени раце почна да ја оддиплува cвојата невестинска руба. - Доближи се, чедо, мајка да ми те облечи... - и, откако на глава и го стави и венчето со сребрените тељови, рече: - Така, чедо... не дека мајка не верува оти не ќе те види пак... туку, да те види мајка невеста облечена... Сврти се, чедо, појди натаму, до sидот. Сега дојди кај мајка, да те гушнам... - Се прегрнаа. Треперат рамената. Копа и рие болката. - Не плачи, ќерко, не плачи на мајка. Ти си голема мома... Мајка ќе ми те чека... -Полека ја оддели од себе. Го извади од прст меновникот, низ него го пронижа средниот прст од левата рака. - Да го носиш, чедо - и рече - и секогаш кога ќе го погледнеш, да ја спомниш мајка ти... и да не плачиш... сврти се, уште еднаш да ми те види мајка, мајкина душо... невеста да дочека мајка да те види...

Дедо Митре, седнат скрснозе, чади од чибукот и тивко мy зазборува на Кире:

- Чендо Кире, лош глас за тебе да не се слушне. Во нашиот cој никој досега срам не донел. Ти си со корен. Cекој е со корен и cекој треба да си го чува... Каде и да одиш, коренот да не го заборавиш. Да го бараш под земја, под камен, под пепел, крај пат излокан од водје. Ти да знаеш за него и другите преку тебе да знаат. Така како што вели песната. И народот наш не е без корен... како карпата што ја гледавме денес. Цела во пластови, во дамари. Пласт на пласт, дамар над дамар. Виде дабовите корени како беа вжилени во нив? Дури и ровја стеблата да ги кутне и оган да ги изгори, коренот ќе остане во земјата, во каменот, во карпите. Така е и со нашиот корен. Тој е во дамарите наши. Така, чендо Кире, cекој да си го знае коренот и дамарот и да не дади да му го фрлат во некое буниште или да

биде играчка во рацете на едикојси. Од мене ова, чендо Кире, да ти е ука и аманет...

Дедо Митре стана, си ја исправи снагата и застана до разбојот.

- На овој разбој и баба ти и мајка ти ткаеја со години. Во ова недоткаено платно има дел од нивната душа, од нивните желби. Покрај овој разбој многу песни се испеани и солзи се пролеани. Овој разбој е живот и во него се вткаени нашите надежи. -Митре за миг замолча, колку да земе здив. Се наведна и од под разбојот извлече еден корен. - Ова парче е корен од дабот што расти на Свети Врач. Стави го во торбичето. А оваа прачка е од одрината. И неа стави ја до коренот... Тргна накај долапот. Го отвори и од шајката го откачи клучот. - Чендо Кире, еве ти го и клучот од дома. Секој кој од кyќава заминувал, земал со себе клуч. Земи и ти, чендо Кире... и господ да дади од твоето семе никој на раздалек од дома да не излезе... - дедо Митре се сврте кон иконата се прекрсти трипати и се поклони ниско.

Кузе го откопча синџирчето, го стави џебниот часовник на дланка и, мерејќи го, му рече на сина си Никола:

- Синко Николче, саатот ти го давам за спомен. Мене ми е од дедо ти, за спомен ми е даден... А тебе, мило - и се обрати на ќеркичката - мама ќе ти дади златно синџирче со крвче. Кога ќе ги гледате, нас да не споменувате...

Митра ги викна трите керќи, го отвори сандакот и од него извади кутија. Ја отвори.

- За тебе, Маре белегзијата. Кога одев невеста, мајка ми ја подари. Да ја носиш со здравје, ќерко. Тебе, Васе, ти ги давам обетките. Дојди да ти ги ставам на ушите. Убаво, многу убаво ти cтојат. И колку си убава. Да ми те бакни мајка... Тебе, Зое,

златното синџирче. Дојди да го обесиме на вратот... Многу, многу си убава. Погледни се на огледалцето колку убаво ти стои. Нели, деца? Со здравје да ги носите... Мили, добри гулабици, еребици на мајка...

Дедо Hаќе пувкаше ол чибукот и, држејќи ја врбовата прачка на колена, удираше по неа со дршката од ножот. Со заби го стегаше чибукот и со полуотворените усни мрмореше:

- Там-пили-пили, стапченце, да ми се сврти кавалче...кавалче за Ристето... - тој го погледна внукот: - Не спиеш ?

Не, - рече Ристе. - Чекам да ми го направиш кавалчето.

- Легни да спиеш. Кога ќе се разбудиш, дедо ќе го има направено...

- Не, дедо. Јаc сакам сега.

- Сега, ама гледаш, дедо Киро е дојден... Невесто, - викна Наќе -прибери ги дечките и нека си легнат...

Наќе и Киро останаа сами.

- Ќе си останеме сами, Киро, - рече Наќе.

- Белки брзо ќе се вратат. Зар еднаш сме оделе далеку и еднаш сме се враќале?

- Нашето беше друго одење и друго враќање, Киро. Ова одење ми се пули како витосување... Еј, се развражале луѓето, Киро... разбор немаат и затоа се разбостиса векот... Развлачка е... Размирица... Не разнебити... И кои се тие умни, вера, шо најдоа за умно децата да ги кренат? Како ќе пораснат по чужите држави и како ќе научат без нас да ораат и да сеат, да режат лозја, грозје да берат, вино да прават? Ами ако не си дојдат, кој ќе раѓа во ова и за ова место? Помислија ли тие? И кога ова

наше место било така испразнето? На кој му текна денот да ни го направи разделбен? Да не мислиш за добро дека е?...

Киро не најде збор за одговор. Рече:

Наќе, ние со Киревица донесовме тро подарочиња за внучињата твои. Да им се најдат попат.

- Сполај ти. А ти молчиш и велиш не знаеш шо да речеш. И поп Васил го опитав и постарите и најстарите во селото, ама никој не рече дека ова е за добро...

Не е, Hаќе, - тивко се одгласи Киро. - Добро е кога децата се дома... Си спомнувам кога лани мачката по скалата се искачи и цап пиленцата на ластовичката. А таа, кутрата, леташе наоколу, леташе, цивкаше, мавташе со крилцата... за миг кацнуваше на работ од стреата, погледнуваше на истуреното гнездо, и пак цивкаше... Се додека ја гледав, ми се чинеше дека таа плачеше. И си велам сега со умот: ами утре што ќе прават мајките, што ќе правиме сите ние? Добро велиш, Hаќе... и прашуваш дали помислија? Море, тие помислија и тоа добро... И ме опита ти што мислам јаc. Мислам, Hаќе, дека најдебелиот крај ќе биде наш...

Влезе Киревица и, откако се поздрави со Hаќе, рече:

- Добар пат да си имаат внучињата, Hаќе, и со здравје шо порано да си дојдат...

- Сполај ти, Киревице, и здравје да имаш. Госпу да ти го поживи Киро и години да му додај... - благословуваше старата на Hаќе.

Доновица пет години е веќе вдовица. Седум деца ги има и сите ги запиша. Ги седна околу себе. Од котлето зема компири, еден по еден ги лупи.

- На ми ти, мило, јади ми. На ми ти и тебе. Денес барем да ми се најадите. Аргатуваше мајка досега, ама...- си ги брише таа солзите со крајчето од црната шамија. Подаде рака, го дофати перничето. - За тебе риза, чупо за на глава. А за тебе чорапчиња соплете мајка... Опинчињата ви ги поправив... И старите чорапи ви ги испра мајка и ги закрпи. Геле, да ги чуваш панталончињата. Други немаш. Мајка во две торби ви кладе за сите по тро сирење и урда. Имате два пешника леб и за cекој по три јајца и кромид... Нема мајка повеќе... Ристано, фустанот мој, тој со кој одам в црква, ти го давам. Немој катаден да го носиш. Облекувај го во неделини и на празници. Да се видиш и ти добро облечена. Ти си најcтара и да ги чуваш. Конци и игла имаш во оваа торба. Штом видиш скинато, закрпи го... И yмно, добри на мајка... и да не ме заборавите. - Ти, Ристано, знаеш да пишуваш и кога ќе праќаат писма и ти да пратиш. Да знае мајка. Со шо да ве прати мајка на пат, а? Со солзи, дечки, со многу солзи мајка ќе ве испрати!