Глава 16
Глава 16
- Не чекај, невесто, туку запрегни ракави - и се обрати Митревица на снаата. - Деновите ќе поминат ако чекаме така. И да плачиме и да лелекаме, тоа е. Велиш дека Костовица помина и рече дека в четврток ќе си одат?
- Така рече... И храна за три дена да подготвиме... - одвај ги изговори последните зборови и почна гласно да плаче.
- Доста, доста... не ги праќаме во неврат. Како што рекоа, ќе помине лошото и пак ќе ни се вратат. Туку... добро, невесто. Оди во другата одаја, исплачи се, исплачи се, само да не те видат децата. А каде се тие?
- Ленка и Коста се во дворот, а Кире и татко излегоа накај Синадев Рид.
- Дојди, невесто, - ја повика со рака Митревица - дојди уште еднаш да видиме што кладовме од пљачките. Отвори го сандакот.
- Не се пљачките во тој сандак, мајко. Јас за секое одделно ги собрав. Во гостинската одаја ги однесов.
Отидоа таму. Седнаа на креветот. Редум, секое купче го прегледуваа.
- Добро, невесто. Така. По две рала волнени чорапи за секое. Клај повеќе фустанчиња за Ленка. Чешле кладе? Клај и по две кошули. Не таа фанела за Кире, туку онаа таму, дебелата. Капите! А, тyка се. Од сандакот да ги извадиш новите костумчиња. Нека се лепо облечени...
До пладнето Митревица и Софка ги редеа алиштата, ги местеа во торби, одново ги прегледуваа и скришум ронеа солзи.
А Митре во меѓyвpеме, заедно со внукот Кире, прошета до црквата Свети Врач и на враќање седнаа под стариот брест што се извишува на Синадев Рид. Оттаму се гледа целото село и
ширум околината - лево до Мали Мади, десно до Аљавица, па Горуша, Одрето и Орлето.
- Да беа Стените малку пониски, чендо, оттука ќе го гледавме и Костур. Е, пулиш, - дедо Митре ја подигна патерицата и направи полукруг. Од Борово, Вишомо, Стените, Лобаницко, Телок и зад нас до Тумбите, тоа е нашиот синор. До таму ни е атарот. Пулиш? Има и ливади, и рамни ниви, и бавчи, и кории, и стени... и лозја... Добро што ги изрежавме, нели? Додека узрее грозјето, сигурно ќе си дојдите. Ако случајно задоцните, дедо со се прачки, ќе исече најдобри гроздови и ќе ги обеси на таван. До Василица ќе издржат, нема да се исушат... И јаболкниците ги поткастривме. Останаа крушите, ама дедо сам ќе ги дотера, чендо Кире. Туку, што сакав јас тебе да ми ти речам... Аха... Уште малку и ќе си одите и кој знае колку далеку. Слушај дедо што ќе ти каже: патот по кој ќе одиш да не го заборавиш. Да не го заборавиш и словото наше. Ако словото наше го заборавиш, чендо Кире, тогаш и патот ќе го заборавиш... Гледаш, дедо Киро е за пример. Од младини одел во Америка, ама ниту словото ниту патот ги заборавил. Кај одел, што правел, тој пак дома си дојде... Така, чендо Кире. И ова наше место да не го заборавиш. - Митре почепка со патерицата по земјата, исфрли камче. - И земјата наша да не ја заборавиш... Памтиш ли кога оравме и ралото кога удри на камен? Е, чендо Кире, колку пати на тој камен има удрено ралото... ама ниту дедо ми, ниту дедо му, а и јас каменот не сме го скршиле и не сме го фрлиле...
- А зошто? - праша Кире.
- Затоа, чендо Кире, што и тој, каменот, велам, во нашата земја и тој, каменот, де, е земја... Како да го исфрлиш? Со колена го памтиме... Ете, и ова каменче - Митре со патерицата го помести камчето што пред малку го откопа со патерицата - и тоа е земја, затоа што е од нашата земја. И да знаеш, кога тамy, далеку, во другите земји, каде што ќе се најдеш, така, тука до мишката ќе те стегне, ќе ти биде мачно, ама ти тврдо и немој да се пекмезиш зашто најмногу ќе ти се лутам јас, а за татко ти да не зборуваме. Ги гледаш мајка ти и баба ти? Има денес појунаци од нив? Тогаш, во илинденското, да сме имале такви, кој знае.., чуда прават тие наши бабички и мајки... А некни си зборувавме
со Коле, учителот ваш... Го прашувам јас: а бре, Коле учителе, толку чупи има во војската... Знаат ли тие да се бијат? Не плачат, не врескат? А знаеш што ми рече? Ми вели: дедо Митре, има такви девојки што се појунаци и од мажите. Вели тој - во четата имавме една калеша чупа, црна плетенка и долга како божица, вели. Јас го опитав: а бре Коле како ја викавте? Tој ми вели - Донка, тука, од овие села е. А мене се ми се чини дека таа чупа треба да е од нашето село, од Доновичини... Таа и како чупче беше оџварена и пргава. Пат и правеа машките кога беше лута. Таква беше таа. Та, ти велам, чендо Кире, каде и да одиш, словото да го чуваш и да не го заборавиш... Тогаш и патот за дома нема да го заборавиш. А сега, ајде да си одиме дома зашто баба ти ќе не кара.
Дома се вpаќаа по Долното сокаче и кога се доближуваа до кyќата на Киро, слушнаа како тој од чардакот вика:
- Не таа, реков, Киревице, туку белата, белата, реков... Е, така, дотераа до ќошот, сега, сега фати ја... Пак, анасана, ти избега, жити господ...
Митре со патерицата удри на железната ограда и викна:
- Што е, бре, Киро, та се караш тамy од високо, а?
- За кокошката, Митре, - врати Киро и слезе во дворот. - За кокошката. Ете, за онаа, белата... А вие прошетавте или по работа бевте? Ве видов кога тргнавте накај Свети Врач. - Се сврте кон Кире и праша: - А ти, не се делиш од дедо? Ќе се одделиш, чендо, и врз кого ќе се потприме, а? - Над него прелета белата кокошка и се растрча по сокачето. - Остави ја, Киревице. Вечер, кога ќе се прибере во кошарникот, ќе ја фатиш.
Што туку си запнал, Киро, - праша Митре - со таа кокошка?
- Си рековме со Киревица да испечеме три и да ги дадеме за децата... за по пат. По една, велам, ќе им дадеме на секоја од жените што ќе ги водат децата. Да им поделат по некое парче... Киревица испече и три големи погачи... И ние, велам, да ги
испратиме како што личи, нели? Што ако немаме наше, да не излеземе да се збогуваме? Ќе излеземе и ќе одиме до раздрумот. А белата што не може Киревица да ја фати, реков и таа да ја испече. Ќе му ја дадиме на Коле, учителот. Вчера го прашав дали и тој ќе оди со децата... Не, вели. Јас, дедо Киро, ќе се вратам во баталјонот, и толку се нажали момчето, што и мене солзи ми навирија в очи... Де, де, му велам... А тој - не можам да го прежалам Шиперков, командантот...
Митре се прекрсти и рече:
Бог да го прости војводата...
- Да влеземе дома, - предложи Киро.
- Сполај ти, Киро, дома да си одиме. Сега човек само дома да седи додека кyќата е полна со децата... штом си заминат, нема да сака човек ни во дворот да влезе... Остани со здравје... Киревице! - викна Митре - остани со здавје и поминете по дома...
- Со здравје и поклонатие носи дома - врати Киревица.
По обедот Митре побара да види што им подготвија на децата за по пат.
- Се кладовме, - рече Митревица - и да не буричкаш по торбите.
- Добро, добро, - промрмори Митре - разврзи да видам. Раздипли се едно по едно. Се сакам да видам...
И додека Митревица и снаата пак ги местеа алиштата, Митре наредуваше:
Утре со лепото сито ќе отсеете од мекото брашно. Две големи погачи ќе месите и ќе ги испечите под сач. Ти, невесто, фурната да ја завалиш и да ја разгориш. Јагне ќе им испечам на дечките за по пат... Митревице, ти да не заборавиш да му кладиш сало, кавуpма, суви сливи и лапки... И цела кутија сирење и урда. Јајца да не заборавиш да свариш... Туку, чекај... Прво оди кај
поп Васил и опитај го дали може да ги бојадисаш црвени... Пред Велигден сигурно дечките ќе одат. Опитај го поп Васил. Велигден е на прагот и опитај го дали може и да ги комка. Ами како. Рисјански деца се... по адетот рисјански и со благослов очински и мајчин и дедовски и прастар нека појдат... - Митре се засркна, тивко се искашла, го сврте лицето кон прозорецот и, ѓомти гледа, се наведна и скришум, со широката и избраздена дланка си ги покри очите и не ја избриша солзата, ами ја размачка по лице, со ракавот ја исуши, и свртувајќи се, испрекинато рече: - Не би ги дал дедо да не беше лошото посилно од желбата тие да останат живи и здрави.... Не чекај, Митревице, оди...
Тие денови во сите куќи избираа, токмеа и диплеа алишта, месеа и печеа, готвеа. За миг мајките и бабите излегуваа на чардак, во двор или кога на чешма се среќаваа на замин зазборуваа дали јадењето ќе биде доволно, дали пљачките ќе бидат доволно топли, дали патот далеку ќе ги одведе и yмеа секоја на свој начин дека бргу ќе им се вратат децата и секој збор, секој поглед, во кој се изгуби радоста и во кој се вгнезди возбуда на исчекување, горчина, жал и тага – кај секоја потајно начнуваше никулец на надеж - можеби нема да одат, и како жарче заласкотуваше толку, колку за да ги обнадежи и да ги прелаже и да ги оттргне од замаеноста. Брзаница се вpаќаа дома и одново и одново прелагаа пљачки, влажнејќи ги со солзи, благословувајќи ги со најнадежни зборови и мисли, и допирајќи си ги до лицата, ги опсипуваа со долги и топли бакнежи...
Во топлите издишки на пролетта расцути и разлисти црешата во дворот на Митревци. Во белоцветот брмчеа пчели. Отаде авлијата обеле вишната на Лаброви. Заврзаа плод кајсиите и бадемите на Ничевци. Озеленеа ливадите и полјанките. Крајпатните честари ги покрија кревки лисја. Се разлева во нив веселата песна на птичјата љубов. Ту весела, ту тажновита -вика, довикува, моли, се лути, цвили, се жали. Од ридиштата ветрот носи мирис на нане и пчелинок. Под сачот врие погача, на ражен и во фурна заруменува печеното. Косот, освежен од вечерната роса, кацнат на највисоката ветка од крушата на Ѓорѓи, далеку од делничните грижи и од болките на луѓето, го подига главчето, го растреперува грленцето, pаѕвонета и
сребрена песна се растура се разлева толку долго колку што трае една најдолга моминска, невестинска и женска воздишка во која најмалку има надеж а најмногу болка. Прекинува за миг, го свртува главчето, наслушнува и одново растреперува воздухот, занемува срцето, се стегнува, трепери и боли. Грмеж, еден по друг, надоаѓа откај Горуша. Долги одгласи на митралески рафали пренесува ехото откај Копанче. Селската камбана удира на вечерна. Во благата светлина на денот што догорува почнува вечерната молитва. Се молат пред Богородица и свети Илија и палат свеќи и ламбади - да има светлина на патот долг и непознат и пред очите на Богородица да биде светлина за да го гледа патот по кој ќе одат децата и светлина за патот по кој ќе се вpаќаат назад, светлина нека им е во очите и на патот на сите што не се дома и кои ќе си одат од дома, светлина за сите изгори и чемери... Светлина за исчекувањето и за сите надежи... Треперат пламенчиња и болснуваат во очите што ги покри превез од магла низ која се пробива молитва за оние кои се на бој, господ од куршум да ги чува, за мртвите лесна да им е земјата и господ душа да им прости, и за децата кои голем раздалек ги чека - окото и раката господова да ги чуваат и во мајчина прегратка и под дедова и таткова стреа да ги вратат...
По вечерната, заsвони училишното sвонче. На Горуша се разгоре бојот. Една по друга грмеа топовски и минофрлачки гранати, без престан митралезите разврзаа стрелба. Светлосните куршуми го везеа небото. Учителот Коле се исправи пред таблата. Молкома ги гледаше учениците. И првпат тие почувствуваа како му трепери гласот. И првпат им се обрати некако татковски:
- Деца мои, - рече учителот. - Јас не успеав да ви ја раскажам приказната што сакав да ви ја раскажам до кpајот на училишната година. Таму каде што ќе одите ќе ви ја раскаже некој друг учител... Ако и тој не ви ја раскаже, тогаш сами, кога ќе пораснете, сетете се на овој ден и на деновите кога учевме заедно. Тогаш тоа ќе биде нова приказна, родена меѓy овие грмежи што доаѓаат од боиштата... И нека биде приказна за тоа како научивте да читате и да пишувате и како... узреавте за да тргнете далеку и брзо пораснавте за да понесете на своите
детски рамена таков товар и како нема да заборавите од каде потекнувате и кои сте... Ќе пораснете уште и ќе зреете уште и тоа ваше растење и зреење ќе биде вашата нова приказна и погрижете се добро да ја раскажувате зашто таа е вашиот белег, вашата трага, нашето вчера и денес... Денес, деца, ова е нашиот последен час и можеби е најголемиот час... Отсега натамy за вас ќе почне уште поголем час. Од тоа како ќе го научите, таков ќе биде и вашиот живот. Букварот нема да ви го земам. Носете го со вас. Носете го и парчето моливче. Научивте да читате и да пишувате. Колку сето ова ќе ви вреди, ќе видите кога ќе го напишете првото писмо до вашите најблиски и кога со буквите ќе почнете да го раскажувате тоа што го чувствувате и низ буквите вашите ќе знаат како сте и кои сте. Оттаму, каде што ќе бидете, со вашите ќе зборувате само со буквите. Вие добро ги научивте. И не заборавајте ги грмежите што допираат откај Горуша и Копанче. Запаметете ја бурата за да можете уште повеќе да му се радувате на сонцето и ведрината... И не сакам да се разделиме и да си речеме збогум со солзи во очите. Ами со песна...
Сите песни што ги научија во доцната есен и долгата студена зима, а во кои имаше и глас на бунт, и омраза и одмазда, и глас на надеж, восхит и радост, се испомешаа со одгласите на топовските гранати и митралеските рафали и со немирот, липањето, плачот, и редењето на мајките...
За првпат песната престана да го лула и да го радува срцето, замолчуваше и замолкнуваше во куќите, се ширеше како вода истурена од скршена стомна во одаја исполнета со чемер.
Митревица и Софка влегоа во одајата, седнаа една до друга и чекајќи ги децата се гушнаа и заредија гласно.
Душите им беа напоени со билка разделита и ништо не можеше да им ја разблажи големата болка.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/i-kamenot-e-zamia/18 le 29 octobre 2026