Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Stone Too Is Soil

Глава 10

Par Петре Наковски · Partie 12 sur 25 · Environ 7 minutes

Lire en English

Глава 10

“Да не дојдеше учителот, немаше да отворат училиште и немаше да ни загинат децата”, - се пушти глас низ селото. Кога ова допре до учителот, тој не обрна внимание, но се почестите одбегнувања за разговор, посебно од страна на некои блиски роднини на загинатите деца, го загрижија. Почна да ја чувствува тежината на злонамерните погледи, шепотењата и прекинувањето на разговорот кога тој се појавуваше. Се повеќе мислеше на тоа. Најчесто по часовите се затвораше во одајата и го молеше Ѓорѓи или Ѓорѓевица да го остават да се одмори, зашто се чувствуваше многу уморен и папсан.

Ѓорѓи најпрвин си мислеше дека долгата разделба со неговите и неизвесноста за нив го измачуваат Коле, но кога еднаш Коле недовечера, тој го праша:

- Гледам, Коле, синко, нешто те измачува... Имаш ли некој лош абер од дома? Поразговарај со Кузе, претседателот на одборот, ќе те пушти. Оди види си ги твоите... Или да не ти е тешко тука, кај нас? Те гледам јаc подолго... не си ќефлија. Не се насмевнуваш како порано.

Коле ги подигна очите и, се загледа во загриженото лице на Ѓорѓи.

- Стрико Ѓорѓи, да знаеш дека ми е многу тешко. Пред да одам на курсот за учители во Желево, учествував во многу борби и многу ранети и убиени видов. Сопрво ми беше страв, ноќе ги сонував, ама потоа, некако се здрвив, окаменев... а сега... замолкна и се загледа во огнот.

- Што те мачи, Коле?

- Знаеш, стрико Ѓорѓи, јаc мислам да си одам...

- Да си одиш? Зошто? Кај кого? Не ти чини тука?

- Добро ми е кај вас, ама, ете, лошо се зборува... велат јаc сум виновен...

- За што си ти виновен, Коле?

- Така ми доаѓа понекогаш да оставам се и да си одам во одредот...

Влезе Ѓорѓевица со рацете бели од брашно и му се обрати на Ѓорѓи:

- Ѓорѓи, оди види кој тропа?

- Почекај малку, Коле, само да видам кој е и што бара.

Ѓорѓи се врати и пред него во одајата влегоа поп Васил и дедо Митре.

- О, добровечер учителе, - со насмевка рече поп Васил и се ракува. - Не знаев дека си тука. Си мислев дека си кај Лазо, та затоа си реков да навратам до Ѓорѓи, а по пат го сретнав и Митре и тргнавме наваму обајцата. Што правиш, арен си? Што си така намуртен?

Митре, со патерицата го допре расото на поп Васил велејќи му:

- Остави ме и мене да се поздравам со учителот... Добро си, момче? Не те гледам деновиве да излегуваш сред село... нешто како да ми се чини дека си ни лут... Зошто?

- Вели - се замеша Ѓорѓи - дека е уморен. Јаc му реков да си оди до дома, да си ги види своите и пак да ни дојде. И ќе ти кажам и да запаметиш. Слушај: грчките даскали цела година тука живееле без да ги видат своите. Така беше, Митре, или не беше така?

- Така беше и не cмееја без дозвола да мрднат од селото. Како да беа војcка. И повеќе шетаа од кyќа в кyќа, повеќе зборуваа со луѓето, се разбира, грчки...

Ѓорѓи ги прекина, молејќи ги да седнат. Митре ја продолжи прекинатата мисла;

- Им било речено: - “Секогаш да сте меѓy луѓето зашто на тој начин тие ќе се плашат да зборуваат на својот јазик и ќе мораат да го научат грчкиот...”

Надвор се слушна тропот на коњски копита. И глас:

- Ова е куќата на Ѓорѓи и тука живее учителот.

Во куќата влезе вооружен маж и праша:

- Тука ли е учителот?

- Јаc сум, - излезе Коле пред него.

- Јаc сум курирот на Шиперков. Ме прати да ти го донесам ова писмо. - Tој ја отвори кожената чанта и му подаде бел плик. -Ми рече да не чекам одговор. Здраво!

- Де, бре, момче, - викна Митре - не туку така - здраво - и да те нема! Чекај малку, седни, здивни... Да те прашаме како се таму Шиперков и момчињата. Што прават нашите момчиња и чупи? Здрави-живи се?

Ѓорѓи, кој пред малку беше излегол, се врати, држејќи в раце нешто завиткано и рече:

- Земи го ова...

- Што е?

- Земи го, земи го... малку лепче и сиренце... касни си попат и ако ти остане дај им и на другите... – рече Ѓорѓевица, липајќи. -А да не познаваш некој Васил?

- Васил? се прашуваше дојдениот - Васил? Имаме неколку што го носат тоа име... Од каде е?

- Од тука... син ми е, - побрза да објасни Ѓорѓевица. - Прашај и, ако е таму, кажи му дека татко му и јаc сме добро и да ни пушти

книга или... - Ѓорѓевица се расплака и со црната шамија си ги бришеше солзите. Курирот се заблагодари, се поздрави и излезе. Веднаш потоа се слушна тропотот на коњските копита по селската калдрма.

Поп Васил му се обрати на Коле:

- Нели јаc замолив, учителе, да се видиме и да позборуваме? Не си ме почестил со разговор... Знам, знам... немој да се оправдуваш. Учителската работа е голема... бара многу време. Ќе го најдеме и ќе си позборуваме за писмото и словото наше. А да те прашам: таму, на курсот, ве учеа ли да ги читате црковните книги?

- Не, поп Васил, - рече Коле. - Таму ја учевме, пред се, нашата азбука, малку историја и географија на Македонија... приказни и песни... Што можеш да научиш за дваесетина дена?

- Значи учевте само аз, буки, веди... така ли?

- И тоа не...

- А што?

- Вака: а, б, в...

- Брзо учевте... А јаc учев како што реков - аз, буки, веди, глаголи... Е, затоа сакав да си поприкажеме... И за други работи... Јаc нешто ќе си научам од тебе и ти од мене... ако сакаш...

Митре, кого го чешаше јазикот, и го гореше љубпитноста да праша што бара Шиперков од учителот, та дури оттаму, од далеку му прати писмо, и тоа по курир, покажа со патерицата на пликот:

- Нема да ја пееш книгата, Коле?

Коле го отвори пликот, се доближи до ламбата и читаше во себе. Прво поцрвене, а потоа бледило почна да го покрива неговото лице. Митре го забележа ова и праша:

-Лошо пишува?

- Не го очекував ова, - тивко изусти Коле и си ја избриша потта од челото.

- Митре се доближи и го погали по плеќите.

- Де, де, - го бодреше Митре - такви се војводите. Ако не викнат и не искарат, лошо им врви денот. А што пишува? Ќе ни кажеш?

- Коле го отвори листот хартија, го доближи до ламбата, се сврте, погледна прво во поп Васил, во Митре и, кога во очите на Ѓорѓи забележа искра сигурност, рече:

Нема што да кријам. Еве што пишува мојот командант:

“Писмото стигна до мене. И за да не заборавиш што си ми напишал, јаc ќе ги повторам твоите зборови. Не се чувствувам доволно храбар команданте, - пишуваш - особено откако ги убија децата. Некои шепотат, а тие со шепотењата валкаат. Туку, ајде, тоа може да се прескокне. Но оноа што најмногу ме мачи и ме обесхрабрува се безбројните прашања од учениците и нивните родители. Толку многу прашања, а знаења малку. Ми доаѓа да ја фрлам кредата и букварот и да дојдам во баталјонот... На ова, ете го мојот одговор, Коле. Памти и немој никогаш, ниту во еден миг, да заборавиш дека ти се наоѓаш на многу истурена позиција од фронтот. Ти држиш еден од најголемите бункери и го имаш најмоќното оружје. Ти треба да си храбар, цврст и над сето ова умен и добар со децата и луѓето. И ме прашуваш, Коле, вака: команданте, ако дојдам во баталјонот, дали ќе ме караш пред cтројот? Еве ти го мојот одговор: Коле, пред cтројот нема да те карам. Пред cтројот лично ќе те стрелам како дезертер.”

Коле го тргна писмото од пред ламбата и прошепоти:

- Нема повеќе... така и толку пишува мојот командант...

Тишината ја прекина Митре:

- Жими вера, подобро никој не би ти напишал...

Настана долга мачна тишина. Ја прекинуваа само крцкањата на цепениците што гореа во огништето. Стоеја сите и никој не се осмелуваше да се помрдне од местото. Пламенчето на ламбата се намали, и мрак се постелуваше во одајата. Пламенчето трепереше...

- Можеби заврши газијата, - потсети поп Васил. - Види, Ѓорѓи, има ли газија?

Ѓорѓи ја подигна ламбата. Фитилот, свиткан како змија, лежеше на дното. Ја стресе. Газијата беше при крај. Пламенот ги мускаше последните капки и ширеше светлина во одајата...