Front Matter - Part 06
Догорува огнот и пламенот трепетливо се смалува, болска над жарта и ко воздишка згасна... Некој донесе уште две цепеници, ги фрли во огнот - облак искри како рој пчели стигнаа до таванот. Пламенот ја оближа цепеницата, оставајќи врз неа обгорени лузни, потоа ја обгрна и во себе ја спови. И врз неа, некој друг, фрли икона откината од олтарот. За миг во црквата се смрачи. Остриот чад истиснува солзи. Од под иконата крадешкум ползат пламени јазичиња. Спржува бојата и истекува окото на светецот, заигрува пламенче врз него, црцори, се стеснува и смалува и спржено се стопува во жарта над која пламен висок блесна, исфрли искри пругоре и светлина силна на sидовите разигра сенки. Се чини дека топлината ги маќепса сите и во тишината што настана, сал некои, молчејќи, го слушаат виежот на молкот.
Црковната врата нагло се отвори. Зад човекот што влезе, вејавицата истури внатре студенило и снег.
- Командирот, каде е командирот? - праша тој.
- Таму - покажа некој со глава на олтарот и во исто време излезе од олтарот командирот, опашувајќи го офицерскиот појас.
-Другар командир! Итна порака! – ја симна капата, ја распара од страна и му подаде ливче.
Командирот го сврте листот кон пламенот, мрштеше веѓи и мрдаше со усните. Ливчето го стави во офицерската чанта и потоа викна:
- Строј се! Гаснете го огнот и поаѓаме! Излегувај!
Пред црквата четата се построи, старешините на водовите ја проверија бројната состојба. По поднесениот рапорт и поставувањето мртва стража, четата, одејќи еден зад друг го следеше курирот кој пробиваше пртина во густиот снег, влечејќи го зад себе во мракот живот синџир.
Другарката – афежитка, со главата втисната во високата јака на шинелот затропа на вратата на Кузе. Од внатре се слушна тивко шушкање и, вратата куцкајќи, се отвори колку за една педа. Во отворот се подаде разбушавената глава на Кузе.
- А, ти си? – без изненадување праша тој. – Блегувај, блегувај брзо... Ама студенило, бре, бре...
Кузе го запали кандилцето, се загледа во лицето на жената и со глас на извинување, изусти:
- Барем да си дошла порано, ќе вечеравме, а и за лебот што се однесува, барем да си дошла некаде барем пред приквечерина, ќе свршевме работа со лебот... Ама ќе биде... Како што си рекла: до третите петли. Пешници се печат во седум фурни. На, големи. Цела армија да нахраниш... – се пофали Кузе, покажувајќи со раце колку големи се пешниците.
Таа строго го погледна, го фати за нависнатиот подбрадок и, цедејќи го секој збор, го затресе:
- Bојската си ми ја оставил гладна!
- Шо-што? Гладна? Каква гладна? Па седум фурни...
- Да ти се мочам во фурните! Bојската, реков, остана гладна!
Заминаа, разбра аљ не разбра!?
- Што? Замина? Ами, како така замина без леб? - Кузе дотрча до прозорчето, со дланките ставени одстрана, се загледа во мракот и со израз на огромно изненадување и разочарување, тивко рече: - Ту, бре, мајката, па тие навистина си отидоа? Ами што ќе му правам на толку леб? А ти, пак, од каде па ти сега тука?
Ти, ти не си со нив?
- Не е твоја работа да знаеш каде сум јаска! Мојата работа не е за во колона. Пази лебот да го прибереш. Утре в зори, ќе поминат други колони. И запамти! - таа пак го фати за брада, го растресе, стрвнички му се загледа во малите гурелави свински очи, му се закани со прстот од слободната рака, мавтајќи му пред нос: - Да запамтиш еднаш за секогаш! Ако не можеш да запамтиш, тогаш ѓе се најдеш во колоната и тоа пред неа! И слушај сега! Тие шо ќе поминат утре да ги нахраниш веднаш! И запамти: секогаш да имаш леб! Чувај го во амбари, во вреќи, каде сакаш, ама секогаш да го имаш при рака. Ама да го имаш, зашчо ако го немаш, тогаш јаска лично ќе те стреља! - му подвикна и му ја пикна под нос цевката на пиштолот што наеднаш го извлече од зад појас. - Ќе те стреља като бесно куче!
Пиштолот го врати во футролата и за да не заборави пак му рече: - Като куче бесно ќе те стреља!
Таа ја подигна високо над ушите јаката од шинелот и со рацете длабоко пикнати во џебовите, се сврте, удри со војничкиот чевел на вратата, излезе без збор и зашлапа во замрзнатиот снег. А Кузе, кој стоеше на прагот, кога виде дека ја снема во темното сокаче што свртуваше лево, погледна на сите страни и тогаш со десната удри на лактот на левата рака и полугласно рече:
- Е, на, шо ќе ме стрељаш, натемате...
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА - 5 Во искривена линија, чекор в чекор и еден зад друг одат наведнати, задишани. Крцка замрзнатиот снег. Се крши дебелата кора. Отвораат пртина длабока до појас, до рамена. Се пробиваат под високите намети, повисоките удираат со главите и врз нив се растураат купишта снег. Белее образот, боли и пече, горат ушите. Печат замрзнатите прсти, пече и боли голото стапало. Никогаш како досега снегот не звучи толку гласно. Се крши под нозете и со секој изминат чекор станува се позвучен.
Крцка, се дроби под нивните нозе и чекорот станува се потежок. Горе бучат и вијат буките. Од големиот студ - трештат и пyкаат стеблата. Вее и завива силна и луда вејавица. В очи и лица залепува студен снег, пресечува издишка. Под нивните нозе крцка и се дроби замрзнатиот снег и се потежок станува чекорот.
- Напред! Држи се за тој што е пред тебе! Не стој! - од уста во уста се пренесува командата.
Одат наведнати, здишани, препотени.
- Не стој! Ќе заспиеш... оди... оди, не стој!
Циљка заостанува. Не може да држи чекор. И се чини дека под неа земјата се лизга и ја влече надолу и се станува глуво. Одвај влече нозе, подзастанува, колената и се прекршуваат... Некој ја фати под мишка, ја довлекува до себе и таа само чувствува дека некоја силна рака ја држи, ја стега и ја влече напред.
Фатени за раце, држејќи се за шинел, за пушка, за ремен, ја прегазуваат реката. Тежат водените алишта и смрзнуваат.
Свтрднува а шинелот, блузата, панталоните и стапалата во цокули. Ранците влечат надолу, нозете вкочанети од студ и умор, се заковуваат за земјата.
- Станувај! Движи се! Напред! Не стој!
Се раздвижи колоната. Одат со замижеани очи, се држат за шинел, за појас, еден зад друг, грбот боли, дремката завладува, спијат во марш...
На одредиштето стигнаа во мугрите.
- Запалете оган! - паѓа команда.
Со вкочанети раце собираат суварки. Врз набиениот снег разгорени огнови. Под нив се топи снегот и огнот оди надолу.
Собрани околу чадот што излегува од долу, пружаат раце, шмркаат и плукаат настрана...
Попладнето - марш на ново одредиште.
Во земјанката прибрани и стуткани еден до друг, потпрени на замрзнатите ѕидови од кои се цеди вода, гледаат во малиот жив оган. Потскокнува пламенчето. Остриот чaд исцедува солза. Во топлата земјанка навираат спомените. Обременети се со своите мисли и заскитани некаде далеку... Имаат натечени десни и кога ги допираат со јазикот, им се чини допираат навлажнет памук.
Се им е тешко - и нозете што ги влечат и очните клепки што им паѓаат врз очи и шинелите и капите, освен сувото парче леб и голтката вода...
Јани затвора очи и под клепките гледа полна софра и на неа најмногу грав. Во огништето, врз запалените дабови цепеници прскаат искри, разигран е пламенот, баботи во оџакот и блашена топлина одајата, а тој издолжува валкани и засмрдени нозе, ги пика во легенот со жешка вода. Мaјкa му дотурува од ѓyмот... а тој срка густо запечен и лут грав, фрла в уста здиплени фелки леб... Легнува во топлата постела покриен со црвено веленце. Мaјка му седи до него, го гали со рака, со очи, нешто му зборува, во чашата дотурува жешко млеко... Го совлада сонот и во него мора го мачи. Го исполнува целиот, а тој вика, се заканува, се подигнува, удира со тупаници, клоца...
Отвори очи. Целиот е наежен и испотен... Циљка наведната над него, му ја брише потта од челото и вратот и го пои со жешка вода...
Во огништето ископано во ѕидот на земјанката згасна пламенчето и земјанката заедно со големите сенки расфрлени на sидовите, потона во мракот. Циљка навали глава врз рамото на Јани и како во полусон непрестaјно и се премотуваат истите слики и ги слуша истите гласови и пцости... На сет глас вика Цана за помош... Лежи таа тешко ранета и вика, моли. Во разгорот на бојот никој не го слушна нејзиниот глас кој се исцеди и секна... Та само еден ли глас така молеше? Циљка широко отвора очи и се загледува во јагленчето што мижурка во спузата, Полека се подигна и, шлапајќи во насобраната вода на дното од земјанката, излезе надвор. Погледна нагоре. Во празнините над огромните буки, на црното плaтно што вишнее над нив, болснуваат ѕвездите. Подувна ветер, ги разниша гранките и го истресе снегот. Ветерот се засили: и вие меѓy стеблата, ги ниша врвовите, се трие стебло од стебпо. Се врати во земјанката. Тивок, зарипнат глас. Тоа е Коле, кој неодамна се врати од болница.
- Таму во болницата ја препознав. Потоа јa дебнев со денови.
Еден ден, тамy над стрмнината, застанав пред неа и се загледав во нејзините очи. И таа ме погпеда и ми се чини дека врз мене растура отров. И пријдов. Со двете шепи јa фатив за лице и оддеднаш и јa свртив главата. Не издаде глас. Почувствував како олабаве во моите раце. Заедно со неа јa турнав количката прудолу. Јa најдоа приквечер. Рекоа дека се струполила во ендекот и си го скршила вратот. Само јaс знаев како се случи и сега знаеш и ти... Колку ли наши момчиња и девојки настрадаа поради нејзините лаги, шпиунлакот и кодошењето... Де тој бакни јa, де таа него, де тој укради леб, а оној брашно... И така за пример стрелање пред строј или во мугрите - скришум... И секогаш кога ќе си спомнам, ми се гади. Фати ми ги рацете...
Водени се од пот... Ниту со вода и сапун да ги измиеш... Пред малку ги мочав ама пак ми се потат...
Циљка тивко, без збор, седна до Зоја, којa пред недела дена се врати во стројот. Во полумракот го гледа нејзиното огрдено лице и си мисли: - Колку е добра и мирна и зошто ли токму неа јa погоди шрапнел и толку лошо и го огрди лицето? Сака да и каже некој топол и нежен збор, ама знае дека нема да јa утеши.
И наместо тоа, таа почна тивко да се моли. Се моли за овие кои така истоштено и смрзнати сега дремат во влажната и студена земјанка и за оние кои се на стража и за оние кои не се вратија од бојот и за оние кои се на пат за в болница...
Зоја се помрдна, навали лице до лицето на Циљка. Со тивок и нежен шепот тие заедно се предадоа на молитвата. Со сета моќ и сила што е во нив го молат Семоќниот да јa слушне нивната молитва. Гушнати, со мисла и дух му се предадоа на Бога...
Во земјанкта влезе политичкиот секретар на четата и праша:
- Којa од вас знае да става вендузи?
- Јaс... - се слушна од ќошот срамежлив глас. Пред политичкиот се исправи Зоја, закопчувајќи го големиот и широк шинел.
Политичкиот се загледа во неа и во шинелот, спушти поглед на нејзините нозе обуени во големи и извалкани цокули, а потоа и рече:
- Дојди поблизу.
- Таа застана пред него во став мирно. Пламенот што се превиткува во средината на земјанката го осветли нејзиниот десен образ огрден со дебела лузна во чија средина се уште е залепен загноен струп.
- Ова што ти е? - праша политичкиот, покажувајќи со прстот на нејзиниот образ.
-Јaс... јaс... - се заика Зоја - скоро сум вратена од болница. Бев ранета и се вратив во одредот со се уште незаздравена рана...
Тој уште еднаш внимателно се загледа во неа, јa измери од петици до глава и рече:
- Некојa од девојките научи да става вендузи - и се загледа по лицата на девојките. - Еве, оваа научија. А, ти - тој и се обрати на девојката на којa покажа со рака – уште денес да научиш да ставаш вендузи. Ова е наредба. Разбра?
- Разбрав! - војнички се исправи девојката. – Веднаш да научам да ставам вендузи!
- Веднаш и потоа да се јавиш на рапорт.
- Разбрав, другар политички. Да се јaвaм на рапорт.
Собрана во рамениците, свиткана и посинета, Зоја стои на брегот од вирот. Гледа во бистрата вода, а во неа широко отворени очи, слични на очи на исплашена срна, лице огрдено од лузна, збрчкано чело, стегнати усни и вилици, прекршени веѓи... И токму сега сфати колку многу е понижена и колку многу таа навреда боли... Капнува солза во водата и отвора кругче, а тоа уште едно и уште едно и се шири, го зафаќа целото огледало на вирот, полека стигнува до брегот и се гаси, врз него згаснува друго кругче, носејќи го со себе огрденото лице на Зоја. Се смирува водата, во неа затреперува лузната и струпот, се искривуваат големите срнешки очи и таа наведната над водата, трепери се до нејзиното дно... И се пристори дека животот и личи на грст песок: некој го зеде в дланка и го мери, го превртува, го префрлува и го отсејyвa низ прсти...
Вечерта научената девојка го нарами ранецот во кој го стави торбичето со вендузите и му се јави во земјанката на командантот на баталјонот. Не остана долго да го лекува. По неколку дена доби прекоманда во штабот на бригадата. И таму има потреба од девојка којa знае да става вендузи...
Во првите денови на март се отвори времето. Јужњакот го стопи снегот и водите стекоа - се наполнија суводолиците. На осојнините шарее снег. Дождовите на Грамос доаѓаат нагло. Им претходат секавици. Врзуваат тие ридови, ровји удираат на високите оголени карпи и на дрвјата - чолаци. Долго ечат траповите и клисурите. Дење, небаре се смрачува, поцрнува небото и како од црево - истура дождот. Матната влече лисје, гранки и трупци, тркала камење, во суводолиците матно и лудо клокоти дождовницата. Како шrто почнува, така и се стишува.
А има денови кога од облаците со денови и без престан се цеди дождец. Во душата се стемнува, мозокот потонува во мрак, нервите напнати, секој е лут и гневен. Меѓy ридовите и клисурите се превалува магла и студи небаре е доцна есен. Рони дождец и човек се чувстува малечок, ситен, слаб, осамен, празен, скршен и немоќен. Во сончевата топлина и испарнината им олеснува на планините и... на луѓето.
Леските пyштија реси, расцути дренот, сипи жолта прашина.
Пупките расат и тревата зазелени. Се распеаја птиците. И на лицата на девојките расцвета насмевка. Пролетта дојде наврапито. Небаре грмна и расцути...
Иљо, навален на сидот од ровот, на двајца оздравеници кои дојдоа од Сук им кажува:
-Во нашата чета нема постара девојка од дваесет години.
Четири имаат седумнаесет години, седум осумнает, пет деветнаесет. Само една има дваесет години и таа е задолжена да води грижа за нив. Само нејзе и кажуваат кога имаат прање и други женски работи... Сега сите се одени на река да се мијат.
Јaс случајно чепнав во еден оставен ранец и од него извадив тетратка. Еве што пишува: “Политичкиот комесар на 587 чета има многу лош однос кон девојките. Секогаш на нив гледа потценувачки и за нивните маки нема разбирање Вели: -Јас:признавам само херојство. Кон таквите ќе се однесувам како татко. Злобникот пред еден месец дојде од Булкес. Тие кои се дојдени од Булкес, ги викаме Булќотес. Многу се омразени од нас. Се сметаат за образовани, се држат отмено и никому не веруваат. Сите им се сомнителни. Строги се и без човештина.
Такви се командантите кои дојдоа од Булкес. Кога за некого ќе се рече Булќотис - се знае - чувај се од него... Кога на некоја девојка и се доверува нешто, тогаш тој се противи, велејќи дека политички не е изградена. Тој е лош и бездушен. Многу ми е жал за Ленка и Марика. Ги фати како јадеа зелена трева и набабрени пупки. На сите нам малку ни е храната. Јадеме по педесет грама мерен црн леб и скоро секој ден за ручек и вечера булумач - избурбатено брашно со топла вода. Многу ги искара.
Некни за време на целоноќниот марш Ленка и Марика заостанаа. На смена тие го носеа митралезот. Кога главнината на четата фати позиции, девојките се уште се искачуваа по стрмнината. Командантот се развика, а политичкиот рече: - Што си мислите, вие? Зарем мислите дека ова е селско корзо или одење на чешма по вода со стомне и ѓумче? - Не можеме, му рече Марика, тежок е митралезот и никој не ни помогна... До пред два месеца немавме униформи. И на вежби и во бој и во марш - со тоа што дојдовме од дома. Скинати фустани, голи стапала... Нема да пишувам повеќе зашто многу ми се плаче кога мислам затоа низ што сме поминале...” Од долу, од трапот, пругоре се враќаат девојките. Иљо јa пикна тетратката во ранецот, јa турна капата над очи и се прави дека дреме. Во еден миг почувствува бодење во колкот. Сврте глава.
- Гледај!
- Бре, бре, мaјкaтa, зарем нашите се? - рече вчудовиден. - А бре...
- Де, де, наши се, ами чии!
- А, бре - викна Иљо и се поднамести - види ги колку се бели, румени...
- Чисти, Иљо, чисти...
Од рововите и митралеските гнезда се подадоа глави. Мита, нaјстaрaтa од нив, со шмајзерот обесен на врат и со налактена рака врз него, оди понапред од другите. Исправена, румена.
Капата накриво, црната коса развеана, две копчиња од кошулата откопчани, ветрецот ги фрла настрана полите од војничката блуза и под кошулата, во ритамот на чекорот, потскокнуваат јадрите момински гради. Тврдо и сигурно тапчи, тревата легнува под најзините цокули, нането и планинското цвеќе, стапнати, шират мирис. Гледа скришум кон рововите и знае што мислат тие таму и кои делови од нејзиното тело ги гледаат и ги голтаат. Помина покрај првите неколкумина, лесно подигна рака во војнички поздрав, велејќи си во себе: - Што е, јунци, а?
По неа поминаа и другите и се растурија по своите водови...
Иљо длабоко воздивна, погледна на небото и, мрдајќи со глава, рече:
- Господе, немој да ми го земеш мерaкот...
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА – 6 -Ама снег, ама вејавица.... - рече Стојaн. -Ако, ако, нека врне...
До половина, море до рамо, до глава. Нека ги покрие сите патеки, нека нафрли намет до над глава за да не можеме ниту ние, ниту тие да мрднат. Добро што навреме изградивме земјанки. Се жалевме тогаш, кога не тераа да копаме и да носиме трупци. Е, сега е благодет од потта, нели? Седете, лежете, мижете, тивко дишете, топлете се и молете се што повеќе снег да наврне. Нас да не отсече од нив и нив од нас. И тоа што подолго. И така не се сакаме, нели? - Јани, бре? Уште ли се валкаш со тоа огниште? Еве, на, суварки... Ајде, нека истреси некој од ранецот уште од суварките и тревата. Завали го, Јани, огништето. Да забаботи како пампур. И немојте да брзате да ги сушите смрдливите чорапи.
Земјанката се наполни чад. Од очи истиснува солзи, гребе во грлото. Јани, коленичејќи, па ченгелот обеси ѓyмче и почна да дува во одвај разгорените огпичиња, плука настрана, со валканата дланка, ги брише солзите. Повлече оџакот и наеднаш порасна пламенот. Светлина се растури во земјанката и по черек време се почувствува блажена топлина.
Стуткани еден до друг, молчаливи и секој на свој начин оптоварен со мислите, изгледаат како свиткани гранки врз кои се повеќе натежнува снегот. На влезот се појави Мита и, тресејќи го од себе снегот, до огништето фрли цел преграб кусо сечени цепеници. Зад неа во земјанката влезе студенилото и вревата на снежната бура.
- Од кaј северот малку се отвори небото. Sвезди се гледаат - рече Мита и седна до Циљка.
- Ако се разведри, тогаш, луѓе, чекајте мраз, студенило. Се појави јa ли sвезди, огреа ли месечина - се ќе биде под мраз. Ќе стежне снегот. - Стојaн воздивна, дофрли во огнот од доцесените цепеници. - Само да не им текне да речат: ајде, стaнyвaјте, тргнуваме...
Седат и молчат загледани во огнот и секој си јa тегне мислата, јa ткае - доткајува, во неа ги врзува своите желби и сакања...
Седат и до нив стравот... Седат и до нив исчекувањето... Седат и до нив желбата... И копа, длаби, гризе копнежот... И во тишината - надвладува молкот, стежнатите воздишки, прскањето на искрите во огништето, а во нивните глави - цутат мисли и се ројaт мали радости, што секој ги има и љубоморно длабоко ги чува. Се радуваат затоа што ноќтa нема да јa поминат под ведро небо и вечерва нема да легнат со наводенети чорапи и нема да се покријат со шинелите тешки од водата. И чекаат да им стигне вечерата.
Им донесоа варена пченка. Готвачот секому, со шепа, рамно им подели на сите. Јани фрла зрно над глава и го дочекува со отворената уста. Вели:
- Види, види само паѓа в уста, како крушка, како бонбонче, море како локум со ореви... Ам, ам, бре, што е слатко...
Клокоти водата во ѓумчето обесено на ченгел. Мита фрла во него грст планински чај и кога во целата земјанка се чувствува сладуњаво - горчлив мирис, таа го разлева миризливиот врелец во алуминиумските таски. Си ги греат дланките и со нив образите челата, дуваат во жешкото, сркаат гласно, си ги горат усните, непцата и грлата и чувствуваат како топлото се разлева по градите и желудникот. Ѓумчето го полни со снег и го обесува на ченгелот.
- Е, што би здробил во чајот една попара - вели Јани и покажа како би јa јадел.
Заморот ги совладува, врз очните клепала натежнува дремка.
Мита навалува глава на Циљкиното рамо и се загледува во разиграниот пламен и искрите што прскаат. Допираат до нејзините уши тивки воздивнувања. Знае дека некоја од девојките тивко липа. Знае по воздишката којa кружи како откинат како лист од бреза што го носи и разбејува ветерот и некаде го губи. Кога завладува тишина и молк, тогаш најмногу ги има липањата и воздишките. Погледнува на Зоја. Од сонцето, ветерот и дождот лицето и имаше боја на пресен мед. Во нејзините замислени очи разигран е пламенот и заруменето е лицето од топлината. Погледна и на Велика. Ги гледа и и се чини дека врз нивните образи ту отсјaјyвa радост, ту тага, ту болка и неотстаплива е мислата дека кај сите блика некакво задоволство затоа што и денес тука пак се сите заедно - здрави и неповрдени. Да јa снема вејавицата, да јa огрее сонце. Тогаш ќе излезат од оваа земјанка во којa воздухот е тежок од гнилежот на лисјето и папратот, од војничките цокули, непраните алишта и немиените тела. Ќе легнат врз замрзнатиот снег и со затворени очи и црвенилото под клепките во себе ќе го собираат целото сонце. Гледа Мита во огнот, разговара со себе, го претрчува на брзина својот дваесетгодишен живот во кој и се чини дека има премногу изгреви и заоди, магли и дождови, маршеви и борби, денови и ноќи гладни и влажни и непреболни болки за блиските и пријателите од кои веќе многу ги нема. Одново се загледа во лицата на Циљка, Велика, Тинка, Зоја и во себе се радува кратко, зашто врз една мисла брзо се напластува друга, врз еден спомен налегнува друг. Се разигра наеднаш мускулот на левиот образ, се свиткаа веѓите. И се пристори дека го слушна гласот на политкомесарот кој скоро пред неполни четири месеци, таму на ливадите на Арена им велеше: - Ако не убиеш, тогаш тебе ќе те убијат! И тогаш и сега таа си мисли: - Зарем неоходно е да убиваме и да не убиваат? И кој знае колкупати си го поставувa истото прашање: - Кој ли го измислил ова зло – убивањето? – дали некој ќе го искорени?
Некојси, а велат тоа бил Христос, се нафатил да го корне злото, лошото, болното, грдото, ама со добро и правејќи само добри дела. И настрадал, кутриот, заради тоа што добро правел. И оттогаш, да до денес затоа го слават и го жалат убедени дека тој во име на доброто со својата смрт ја победил смртта.... И зошто луѓето кои веруваат во истиот Бог не престануваат да се мразат и да се убиваат? Длабока воздишка се откинува од нејзините гради - воздишка на немоќ. И можеби затоа, кога пак погледна на Велика и Зоја, забележа дека поттреперуваат нивните бради, дека во очите им виреат и се вртат солзи, тогаш кaј неа во градите нешто се прекрши, јa фати грч и и се присака гласно, на сет глас да заплаче, да залелека, да заофка и коса да си корне.
Притисна глава до Циљкиното рамо и се загледа во таванот на земјанката со очи на расплакан, ожалостен и несреќен ангел.
Циљка ја погали по глава. Од другата страна на земјанката се слушна гласот на Јани.
-Ти, Циљке, само молчиш, та молчиш. Од вчера глас не сум ти слушнал. Велат убаво знаеш да раскажуваш. Aјде, де, кажи, раскажи нешто?
- Уф, па ти, бре Јани, што да раскажам?
- Па, за дома, како што сите ние кaжуваме за дома.
- За дома? - праша Циљка. Па...
- Аргир, ре, о Аргир! Спиеш?
- Не, не спијам...
- Па тогаш, не хрчи... Чуден човек си ти, бре Аргир. Уште глава не навалена, веднаш заспиваш и хрчиш.... –налутено рече Јани.
И пак ја замоли Циљка: - Ајде, Циљке, кажувај, де...
Циљка се поднамести, фрли неколку суварки во огнот. Се искашла. И го почна раскажувањето:
- Во нашето село имавме две даскалици. Марија и Софија.
Марија ме учеше кога бев нипја, а Софија кога преминав во првото одделение. Немаа постојано живеалиште, туку на два, на три дена спиеја и се хранеа во друга куќа. Се зборуваше дека државата немала доволно пари, та затоа селаните им даваа конак и храна. И така, несакајќи, тие го научија нашиот јазик.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-udolnitsa/6 le 29 octobre 2026