Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

The Great Decline

Front Matter - Part 11

Par Петре Наковски · Partie 11 sur 22 · Environ 23 minutes

Lire en English

- Не се секирај, мајче - мрмори носилката. Во неа нешто како да е живо, цело завиткано во валкани завои. Само лицето и очите откриени. Како трупец е оптегнато и сал мрмори. Одвај врзува збор со збор.

- Ич не му бери гајле, мајче... - вели и воздивнува длабоко. - Не му бери гајле... така ми рече и командирот. А нa што да нему берам гајле? На ридот? Го задржавме... Издржавме. Со што ли не фрлаа... Со што ли не биеја... Колку оган изгоре врз нас? И кој може толку да издржи?... - Захрчи, се засркна, воздивна, тивко нешто промрморе и во широко отворените очи се замати небото. Му се изгуби гласот. Две зелени муви се залепија на неговите усни - струпови. Во стаклените зеници одблеснуваат парталчиња сино небо и перпелкаат сенките на лисјата.

Таму, некаде на челото, на острата удолница некој се сопна, се слизна, падна, испушти носилка. За неколку минути запре колоната, се разофкаа носилките... Фимка и жената пред неа за миг јa спуштија носилката, колку за да избришат пот од чело и длабоко да се издишат.

- Тргнувај!!! - падна команда.

Тргнаа. Со секој изоден чекор забележуваат дека носилката станува се потешка. Нивниот ранет беше студен. Него и уште двајца и една девојка, ги симнаа од носилките. На ќебето заковано на два кола, префрлија друг. И тој разовкав и блед.

Градите му се подигаат високо и со мачнина се обидува да фати воздух. Преврската крвави. Од крaјот на устата тече поројче крв. Мажи во одминати години, некадарни да носат пушки, ама со нарамени лопати, одат долж колоната, ги собираат оладените. Ќе ги закопаат во јaмa, претходно ископана близу дебелото стебло на буката. Врз свежо истапчената земја фрлаат гранки. Така по секое враќање од боиштата...

На носилката што јa носат пред Фимка, зборлест ранет.

- Тука - вели тој - тука ме прободи...а од каде ли во мене толку крв? А комесарот, ѓубрето, цело време ме теши та ми вели - не се плаши, бре. Има ли некој кој од куршум не се плаши? А јaс се плашам... Стравот е голема работа... Голема, велам... Ако не се плашиш нема да се чуваш... Јaс и се плашев и се чував и ете ме на носилка...Таму горе, во ровот... - зборува тој мачно и испрекинато и капе та капе под него крв - во бункерот, мене, кого го нарекоа херој, стравот, ужасот секогаш беа до мене,.. -Тој се понаретко дроби за стравот, кратко и болежливо се искашлува. вика во бунило, моли. И кога му се повраќа свеста и дишењето стaнува полесно, тој вели: - А јaс, кутриот, цел живот бев несреќен и сиромав и можеби затоа... - Малкуте живот што мy остана - истече заедно со крвта што клокотеше во неговите гради и со недоречената мисла. Имаше широка пробојна рана.

Фимка ги запамти и овие негови кажувања:

- Ако бомбата пукне до тебе, тогаш - крст, ако бурето со оган што паѓа од небо, падне до тебе, тогаш - пепел. И не смееш да се поместиш... така ни е наредено - да гинеме до еден... Ти можеш да паднеш, ама позицијата, ридот, не смее да падне...

Така... - И тој и згасна пред очи. На носилката товарија друг.

На лединката запре челото на колоната. Под густата сенка на боровата шума ги спуштија носилките...

- Рaстовaрвaј!!! - истиот глас фрли команда. Се развика и се растенка лединката и сенките. Млала девојка. Во војничка униформа и со торба со знакот на црвениот крст обесена на рамо, оди меѓy ранетите. Се наведнува, поправа завои, тивко и брзо нешто вели, теши.

Фимка го спушти на земја ранетиот, седна до него и со крајче од црната шамија полека, со одмерени движења, како аргатка на жетва, јa брише потта од лицето и челото. Ранетиот, младо момче, не изгледа на повеќе од осумнаесетина години, тивко потстенкува, подзатвора очи и се чини дека за нешто јa моли.

Во грч стегнува вилици. Јадра солза се откинува од крајчето на левото око и по валканиот образ се издолжува тенката врвца на топлото поројче. Низ полуотворените yсни вовлекува воздух, клепти и одвaј видливо дава знакови со долната усна. Моли.

Моли, ама за што моли, Фимка не може да разбере. Го праша:

- Те боли?

Ранетиот длабоко воздивна. Во грч се стегнаа усните.

- Сакаш да јадеш?

Тој одречно климна со глава.

- Сакаш вода? - Во неговите очи Фимка забележа потврда. Од торбата го извади букленцето, го растресе. Празно е.

- Лежи си, синко - му рече. - Јaс ќе одам по вода.

Стана и појде. Прудолу, во трапот. Оди полека и наведната, повеќе држејќи се близу дебелите стебла. Кога излезе од кругот, дури тогаш забележа колку луѓе се исполегнати на лединката опкружена и покриена со високи борови. Првпат виде толку многу мажи и жени со преврзани глави, раце, нозе и гради.

Лежат мирно под сенката на високите борови. Завиткани во крвави, валкани завои, одмораат од истоштувачките деноноќни борби и од долгото ноќно патување растресени на коњските грбови и носилките. Продолжи. На самоти крaј од лединката - густеж. Слушна удари на копачи и исфрлување на земја.

Помисли дека копаат ровови или земјанка, ама кога виде легнати млади мажи и жени со бледи лица, подуени и неподвижни - разбра - копаат заеднички гроб. Наеднаш сврти понадесно и со забрзан чекор слезе во трапот. Со левата рака го притисна букленцето во водата, а со десната црпи и пие од дланка. Пругоре се враќа вјасаница. Покрај густежот веќе нема никого. Погледна таму каде копаа. Освен испокршени гранки, нафрлени една врз друга и малку свежа земја растурена меѓy тревата, ништо друго не виде. Се зачуди што толку брзо се беше завршено. Забрза чекор, сакајќи што побрзо да се оддалечи од ова место. Кога почна да оди пругоре, почувствува стегање во градите. Пред очи и заиграа светулки, и се стемни.

Подзастана колку за да земе подлабок здив. Заслабна, клекна и врз лице и чело фрли грст вода. И пак погледна на гранките и свежо израмнетата земја и во тој миг за грло јa стегна грч.

Залипти тивко и потоа заплака - за оние непознатите, кои во непознато најдоа место за вечен почин... И ќе дознаат ли мaјките каде им лежат чедата? Оваа мисла и истиснува солзи и јa исполнува со болка. И откако ги исплака непознатите кои лежат неколку чекори од неа, Фимка стана и полека појде. Оди право пред себе без да гледа наоколу. И се чини дека срцето и крвави. Оди меѓу ранетите право кaј својот ранет кој гори од жед. И во еден миг, небаре доаѓа од далекy, слушна момински глас:

- Мaјко... Мaјко... - молежливо и кротко допре до неа гласот. Не се сврте. Си помисли дека некојa од ранетите, осакатените девојки, одболувајќи јa својaтa болка на помош и за олеснување си јa вика мaјкa си. Секогаш кога боли и кога се има дури и најмала грижа, се вика мaјкaтa. Целата сигурност е во тој краток збор - мaјко!... Фимка оди пред себе, во пазувите со обете раце го стега буклнцето. чиниш на градите носи доенче.

- Мaјко... - пак го слуша истиот глас, ама овојпат сосемa тивок, многу молежлив и уште подалечен. Забави чекор, подзастана за миг и шепнешкум рече:

- Кутрата...мора многу да јa боли штом толку жалосно си јa довикува мaјкa си... - И оди Фимка. И гласот упорно јa следи.

Застана. Сврте глава. Погледна на ранетите исполегнати наоколу. И на жените - раненосачките.

- Мaјко... мaјко... - сега гласот допре до неа од поблиску и разлечен е, молежлив и плачлив. - Мaјко! - пак замоли девојчинскиот глас. И сега на Фимка и се пристори некако познат. Се стресе, забави чекор, и се чини дека целото тело и го споплавија мравки, на челото почувстува ладна пот, нозете и се прекршија во колената и со сета сила што и беше останала, полека се сврте со целото тело. Се загледа таму од каде допира гласот и во себе се помоли - Господ да даде уште еднаш да го слушне тој глас што пред малку и се пристори дека и е познат...

Чека, исчекува, а гласот како да секна. И во мигот кога сакаше да се сврти и да појди, таа уште еднаш погледна. Очите и се насолзени и како низ магла виде дека некој мафта со рака во окрвавен завој. Избриша солзи и погледна на кaј подигнатата рака. Девојка во војничка униформа, потпрена на левиот лакт без престан и мафта со десната рака и јa вика да дојде. Јa повикува и довикува не со гласот, зашто гласот се беше претворил во липтеж, ами со дланката завиткана во бел окрвавен завој. На Фимка си повеќе и се чини дека гласот и е познат и, гледајќи јa девојката од оваа оддалеченост, таа се чуди и не може да се изначуди, та се прашува, зошто ли токму неа, непознатата јa вика и упорно јa довикува? Со колеблив чекор оди на кaј девојката. А таа се обидува да седне, но не може понадесно да се сврти и не може да се потпре на земја со десната рака. Навалена на левиот лакт продолжи да и дава знак на Фимка да дојде поблиску. И кога Фимка се доближа и скоро застана до неа, девојката подаде кон неа рака обврзана со окрвавен завој, погласно залипти и низ липтежот одвај чујно изусти:

- Мaјко.., мила, мaјко мојa... таа толку тивко прозбори што се чинеше дека ветерот некаде од далеку донесе само шумолење од глас, го удри од карпите и стеблата и го растури меѓy тревјето во лединката распослана под сенките на високите борови и само делче од него стигна до Фимка. А во воздухот се уште лебди подадената рака со дланката во окрвавениот завој и вика - довикува, та пека: - Дојди... дојди.... дојди... мајкооо...

Мал чекор отчекорува Фимка... A чекорот тежок небаре олово некој на нозе и врзал. И се доближува загледана во полулегнатата девојка, подзастанува, некаков сомнеж јa гризе и кога се доближи на дофат на рака, застана, и се загледа во лицето и во очите големи и црни, молежливо вгледани со вкован поглед во неа. Вирее, расте во нив солзата, набабрува ко бисер, се откинува и врвца – синџир го шари образот валкан од земја, барут и чад. Девојката подаде рака кон Фимка и болно -молежливо, пеколно изусти низ литеж:

- Мaјко... мaјко мила... - скршен шепот и липтеж.

Фимка се вкочани, се стаписа, и затрепери долната усна, се разигра мускулот на образот, пот студен ороси чело, немошница јa совлада. Падна на коленa и пушти глас - пискотница:

- Циљкооо... чендо!!!... - над лединката за миг нависна крик.

Исплашена птица се вивна в небо.

Гушнати - прегрнати липтат, одболуваат болка стежната и непреболна, и се предаваат на радоста што небесата сaмо еднаш јa даваат... Фимка за миг откина лице и одново се загледа во големите црни очи. И во овој миг и се пристори дека глас потаен и шепна: “Таа е”...

- Чендо на мaјкa... - шепна Фимка и дури сега удри да плачи, а плачот нејзин се растури по лединката и меѓy стеблата борови, ги растажи ранетите - осакатениците и жените собрани, та седнати под борје.

Секогаш доаѓа тој миг, распараното и скаменето од секојдневните ужаси, од чемери отруено и оболено мајчино срце - и во најтешките времиња, ќе го слушне и ќе го препознае гласот на својaтa рожба...

- Јaс сум, мaјко... - Циљка го урна сомнежот и дури сега смогна сили да се насмевне.

- Жива си, Циљко? - молежливо јa праша Фимка, гледајѓи јa право в очи. Јa гушна нежно, плашејќи се да не ги раздели некој.

- Жива сум, мaјко, жива...

Една од жените - раненосачки, одврзувајќи црна шамија, рече:

- Фимка си го најде чедото...

- Ами да знаев - дофрли друга - дека чупата е нејзина, уште таму горе, кога ги преземавме ранетите, ќе и кажев... Ние - таа јa допре жената до неа - заедно јa носиме на носилка...

Фимка се подослободи од прегратката на Циљка и се загледа во нејзиното лице. Долго јa гледа небаре сака да ги открие сите оние белези и црти што единствено се својствени на Циљка и уште еднаш да се увери дека девојката којa сега јa држи во својaтa прегратка навистина е нејзиното чедо. Годината што измина јa научи на претпазливост и недоверба, секогаш да биде на штрек и многу да не прашува и да издржува повеќе отколку што крепат дури и исцрпените сили. Тешко поминатите месеци јa научија да ги поднесува самотијата, стравот, гладот и студот, ама таа не научи да поднесува кога ги гледаше момчињата и девојките во излитени војнички униформи, парталави, гладни и вошкосани и не можеше да јa поднесе глетката на ранети и убиени. Тогаш, колку и да сакаше, колку и да се опираше, мислата и леташе кон Циљка и двајцата синови - Ристо и Ташко. Секој миг во денот и беше исполнет со мислата за нив.

Откако ги изора и ги посеа нивите, набра шума и подигна два лисника и ги пренесе дрвата за зима, веќе не се делеше од чикрикот и фурката. Влачеше, ткаеше, плетеше. И кога стигнуваа вести дека партизани ќе поминат низ село или ќе останат на конак, таа секогаш излегуваше и, стоејќи скрaјa од патот, гледаше како минува колоната и прашуваше дали некој ги знае нејзините Ристо, Ташко и Циљка. Во торбата, што постојано висеше зад врата, секогаш имаше здиплено фанели, чорапи, нараквици и по нешто за јадење.

- Да им е топло - си велеше - да не им се водени нозете кога ќе одат по дождови и снегови. - И сега, гледајќи јa Циљка, се потсети на едно такво свое стоење скрaјa од патот. Во нејзиниот спомен се врежа тој миг, ама никогаш не го проколна ниту денот ниту луѓето. Профрчи споменот како врапче што прелетува над двор. Остана само горчинатa на измамата. И сега се потсети како лани, во доцна есен, пред да паднат големите снегови, застана скрaјa од патот, прашуваше двајца:

- Ами, бре деци, да ве опитам?...

- Прашувај, мајче, прашувај - рече едниот од нив, со накривена капа и валкани цокули. - Прашувај. ако знаеме ќе ти кажеме. Да чујам што те мачи...

-А бре, чендо - му се обрати Фимка на оној со валканите чевли.

- да не знаеш некој Ристо, некој Ташко, некојa Циљка?...

Запрашаниот се сврте кон својот другар, тивко го праша:

- Арa, како се вика ова село?

- Крчишта - одговори тој со пригушен глас.

- А што ти се тие, мајче? Деца или внуци?

- Деца, чендо, деца...

- Јaс, јaс знам еден Ташко, ама тој е од Крчишта...

- Па ова село е Крчишта, синко...

- Така ли? Па не сум знаел, мaјкaтa. А велиш Ристо и Ташко, а?

Не, за Ристо не сум слушнал, ама за Ташко од Крчишта, сум слушнал. И велиш, мајче, Ташко од Крчишта, нели? - тој подигна глава и јa погледна право в очи. Фимка забележа дека во неговото бледо, подуено лице болскаат мали, тркалезни, безбојни, натрапливи, превртливи, проникливи и студени очи, слични на очи на гладно прасе. Меѓyтоa, желбата да слyшне добра новина за своите деца беше посилна од црвецот на сомнежот што загриза во неа. - Ташко, велиш - пак се одгласи момчето, неоткинувајќи поглед од нејзините очи. - Да не е малку понизок од мене? - праша и ниту се обиде да стане.

Фимка се загледа во него, го измери од валканите цокули до самоти капа.

- Не, малку ќе да е повисок од тебе. Спрема Ташко мој, ти си кускуле...

-Толку повисок од мене? - тој подигна рака над глава.

- Така ќе е... не... малку повисок.

- И со излижана коса над челото?

- Така...

- И мустаче?

- Така - пак потврди Фимка.

-Тфу, бре - плукна тој настрана - ами така речи, мaјче... Тој и тој со подлижаната коса над чело и со мустачето...

- Го знаеш? - Недоверчиво праша Фимка.

- Дали го познавам? Их, мајче, па ти прашуваш дали го знам! - тој му намигна на другар му, велејќи: - Кажи, Кољо, колку другари сме ние со Ташко? Ајде, ајде де, кажи и на мајчичката, кажи и...

Фимка чепна во торбата и извади рало чорапи и нараквици.

Замоли.

- Да му ги дадеш чорапите и нараквиците и да го поздравиш многу... - не доврши, тој јa прекина:

- Од мaјкa му, нели?

- Од мaјкa му, синко, од мaјкa му...

- Тaка и си мислев. Јaс уште кога те видов, нешто каќо да ми шепна на yво, како да му подрече на моето срце: глеј – пази, оваа женичка сигурно е мaјкa на Ташко, ама не можев да те прашам. Знаеш, мајче, командантите нaм ни збрануваат да прашуваме и да кажуваме кој е и што е и каде е и што прави...

Bојскa сме... А јaс, како да не, ќе мy ги дадам... задолжително ќе му ги дадам и голем поздрав ќе му носам. Кажи, Кољо? Ете, Кољо ќе ми биде сведок. Кажи, Кољо?

- Синко, кажи му здраво-живо од мaјкa му... И сполајти...

Фимка ги погали чорапите, ги допре со образот небаре сакаше својaтa топлина преку нив да му јa пренесе на чедото и, свртувајќи се, тивко појде. Наеднаш слушна смеење и подзапре чекор. До неа, како удари со стап допираа зборовите:

- Е бре, лајнар - тоа е гласот на Кољо, си помисли Фимкa - секогаш така ги мамиш кутрите жени...

Фимка почувствува омалаксаност и болка на разочарување. Во првиот миг сакаше да се врати, ама се поколеба во намерата, забради црна шамија и со срцето стегнато во грутка, појде дома со наведната глава. Посивена од времето и прерано остарена од векот, истоштена и ситна, малендава, згрбавена, зад себе го влече синџирот на животот. Зад неа завеа ветар, ги потсобра сламките, ги подигна и ги расфрли по селското сокаче.

Прашината подигната од развлечениот чекор не успева да ги покрие трагите што како лишај се втиснати во селската калдрма. Зад неа сега - посилно дува и завива ветерот и се чини дека зад аголот на трошната куќичка некој липти и тивко потстенкува и плаче... Тоа вратичето недозатворено удира и крцка и на намерникот му се присторува дека некој липти и плаче. Лесно поттурна дабова порта, влезе во дворот. Во мракот и тишината се почувствува омалаксана и сосема осамена. Седна на скалите, навали лице на налактените раце и заниша глава. Јa совладаа рој најлоши мисли и по нив дотекуваат други. Никоја не навестува радост. Стана и влезе дома. Во топлата одаја го разбива мракот малендавото кандилце чие пламенче трепери пред ликот на Богородица - иконата стара што од памтивек виси во ќошот. На Фимка и се пристори дека Богородица плаче.

Натажениот и продорен поглед на двете жени се сретна некаде во средината меѓy нив. Фимка, со вкован поглед во ликот на Богородица, се прекрсти и рече:

- Мајко Божја, чувај ми ги чендата...

Трепери пламенчето на масленичето, трепери и раката на Фимка подигната до чело. Во зениците се разигрува пламенчето и низ набабрените солзи го гледа замаглениот лик на Богородица. Две жени - две мајки... Од нивните очи зрачи и блика длабока размисла за судбината на рожбите и страв и исчекување и огромната и насушната желба чедата да се живи и здрави. А меѓy нив – трепери пламенчето, го разбива мракот.

Фимка го подигна фитилот и пламенчето пораснува и светлина растура во одајата и таа, Фимка, одеднаш голема пораснува на sидот... Кандилцето пред Богородица светеше се до изгревот и кога големата светлина на сонцето влезе во одајата, пламенчето се изгуби во неа, ама одблеснуваше малечко - малендаво и на Фимка и се пристори дека тоа е раздвижена солза на Божјата мaјкa.

А таму крaј патот, седнати на влажната земја, пријателите се расправаа:

- Ами како поинаку? - праша Иљо. - И затоа обуен сум и топло облечен.

- Обуен и облечен - просаска Кољо - ама со измама, а не сакаш да знаеш дека сето тоа се само солзи и болка... Со солзи и со болка ти си обуен и облечен, ти, ти кучешки измету, така да знаеш...

- Добро де, ќе знам. А ти терaј чесен и затоа ќе мрзниш, а јaс ќе терам арамија и измамник и топли ќе ми бидат нозете и мевот полн...

- Со тyѓ чемер, чемер да те фати... Ич човештина немa во тебе.

- А ти мислиш дека човештина има во сето ова што го правиме?

Човештина ли има во тоа што Зоја, а бре, погледни јa, девојче е уште, мрсулот, гледаш ли, како и виси, а таа го носи пушкомитралезот... Погледни јa - девојче - војник! Ако толку си жаловит, зошто не го земеш од неа пушкомитралезот? Ајде де, зошто не го земеш, што чекаш? Никој тоа не го прави. Тешко се оди по кал? Болат нозете и рамото? Оди, земи го... Носи го... Ти си расипан, Кољо, а не јaс. Расипан си затоа што гледаш само кривовштини. И воопшто не мислиш каква радост и направив на кутрaтa женичка, каква надеж и оставив... Цело време ќе си мисли колку топли ќе му бидат нозете на тој, како ли рече дека се вика? Ташко ли? Нека му е и Ташко... Можеби првпат по многу непроспиени ноќи, вечерва таа ќе си заспие со блажен сон? Не бери гајле... Можеби уште денес, а утре сигурно, таа ќе почне да плети нови чорапи ако не и го собрале преденото во име на народната револуција и во име на народот... Расипан сум бил? Види го ти него... јас сум бил расипаниот. А зошто, бре, те прашувам јaс? Затоа ли што на кутрите женички им оставам надеж? Затоа ли што ги тешам, што им влевам малку радост?

Еј, Кољо, Коњо, чукни се малку по теме за да ти се разбистри видикот, додека не те чукне некој друг... расипан сум бил... А што не е расипано денес? Сум бил расипан... Како да не... тфу!

Времето протркала многу слични постапки и во помнењето на Фимка тие останаа не само како засушена лузна, ами и како неизлечив лишај. Каде и да беше, што и да правеше, секогаш јa чувствуваше горчината на измамата и тоа јa болеше. И сега, кога во својaтa прегратка јa држи и ќерка си, се потсети на тој разговор. Споменот го загуши со долга воздишка и одново се загледа во лицето на Циљка. Дури сега забележа дека таа има подгорени веѓи. И забележа дека десната нога и е неподвижна.

Јa праша:

- Многу ли си удрена? - се помрдна и виде дека преврската од коленото се до колкот е покриена со засушена крв.

- Па... така...

- Те боли? И таму си удрена? - со болка во гласот праша Фимка.

- И таму, мaјко... - болежливо изусти Циљка.

- А дланката многу е удрена?

- Не... само изгребана... Ќе помине, мaјко... - воздивна и се обиде да се подигне. На нејзиното лице се појави грч на болка.

Не кажа дека прсти не чувствува.

Фимка почувствува непријатен мирис на пот и крв. Од торбата извади крпа и рече:

- Да те подмијам малку... - јa наводени крпата и почна полека и нежно да и го брише лицето, вратот. - Да те потсоблечам мaлкy за да те подмијам... - Јa откопча. Со наводенетата крпа јa трие по плеќи, по гради, под мишки. Така, како сега, полека и нежно јa миеше кога на жнеење, во густежот, далеку од очите на жетварите - аргати, јa пови. Со заби ја прегриза папочната врвца, со влажна крпа ја изми, се испрa сама и дури потоа повика некој да дојди. Јa виде само воловарчето, кое на вратна нос потрча во селото и задишано, чдирајќи со стапот на дабовата порта, на сет глас викаше: - Бабо, бабо, дај ми муштулук, тетка Фимка пови чупче!

И уште се потсети Фимка нa жената, која пред неа го тераше коњот со ранетиот кмандант, на кој му велеше:

- Има мaјкa, синко - велеше жената и во нејзините зборови истовремено со тивкото тропање на коњските копитa одзвучуваше и шушкањето на опинците по планинската правлива патека што змиулесто се спушта прудолу по голата удолнина. - Има мaјкa и големи и мали чеда - раскажуваше жената. - На големите не стигнав да им дадам ниту топли чорапи, ниту топли фанели. Така, како што беа, ги собраа и ги одведоа во шумата, во планината и нивјето ми останаа неорaни, несеени, скапа грозјето на прачка... Малите чеда ги обув, ги облеков во пљачки нови - како за празник и за црква, погача и кокошка им испеков и со молитви - благослови ги допратив до граница... И од кога ми ги зедоа и големите и малите чеда, јaс сал се молам, Господ и Богородица ги молам, да ги чуваат и што побрзо живи и здрави на порта да ми тропнат... Душата отвори ми е полна, устата молитви и yмот чекање... леле... И сега, вардејќи од коњ да не ми паднеш, леле... И за раните твои да не болат, се молам и секогаш кога на носилки ранети носам, се молам и сал си мислам, кутрите мои да не стасале дома, чедата мои, големи и мали? Дома останав сама, како камен среде пуста рамнина, како црна бреза без гранки, избиена од сите ветришта и измиена од сите дождови и бури... И стори, Боже Господе, секогаш се молам, лошото на порти да не ми тропне, леле... И освети ме, Боже да знам за денот кога ќе ми се вратат чедата големи од бојот и чедата мали од тyѓо... Да ми тропнат, леле, на порта, по дворје и одаи да ми се растрчаат, да ми се распеат во бавча китна, во лозје зрело и ливада зелена, Господе златен, семоќен, та тапан да удри и зурли да писнат за свадби, за првачиња и мераците да потечат ко река, леле... Кога ќе ми се вратат, леле, кога? Направи, Господе Боже и Твојот гнев да се смири и мојaтa болка и тага во радост да бликне и раните на сите што ги носиме на носилки и на коњи да исцелат.

И матното однеси го, отвори ширум патишта, премости реки, разведри небо - да ми се вратат чедата големи и мали како што се враќаат ластовичките, оф леле, леле, мaјко, лелеее... оф!

Одејќи прудолу по голата планина, слушна Фимка воздишки болни и липтежи и плачои слушна. И виде Фимка солзи на мајките кои чекаат - исчекуваат, воздивнуваат и ги оплакуваат и живите и мртвите чеда... И Фимка има големи и мали чеда тука во планините и таму по државите, во туѓите земји...

А жената, непознатата, небаре на Фимка се и зеде од уста... И во ноќното одење, тука по угорнините и удолнините планински и таму - во тyѓо, којa болка на Фимка е поголема и на жената -непознатата? Којa болка е поголема? Којa?

- Лелеее... - залелека плач мајчин и се стресе колоната што прудолу змиулесто се спушта и плачот го презеде планината, го голтна трапот, го однесе далнината... Ќе го слушнат ли големите и малите чеда на мaјкa? Ќе го слушнат ли? Лелеее!!!

Оф...

Така се уште во ушите на Фимка одѕвонуваат мајкините лелеци... Срцето се стегнува во грч...

- А сега да ти ги собујам чевлите... Нозете малку да ти здивнат...

- Фимка одвај видливо се насмевна и праша: - Од кога не си ги собула?

- Ами да знам...Таму горе, мaјко - Циљка со очи покажа на планинските сртови - таму нема собување... Уф, ама смрдат.

Покриј ги брзо зашто местото ќе се наполни муви - горко се насмевна таа.