Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

The Great Decline

Front Matter - Part 10

Par Петре Наковски · Partie 10 sur 22 · Environ 21 minutes

Lire en English

Ноќта, тука под Горуша, е ведра и топла. Дише разораната и ранета земја. Од кaј Морaвa, црни облаци и некаде по полноќ - заросува. Ситно - колку прашина да испере, зароси дожд млак и летен. Во клисурите се превиткува маглата. Додека во котлините и трапишатата се уште владее мракот, тука на Горуша, Круша и Бел Камен рано надоаѓа зората - пројаснета и румена. Ветерот ги издува испарините и замаглините и видик се отвори до немајкаде. Над Сињачка побелува небото и само миг потоа врвца од сончев зрак се шири од горе надолу и нежно јa допира земјата. На Копанче, Свети Илија, Круша, Горчша, Бел Камен, Арена, Грамос... денот секогаш доаѓа од кaј Сињачка.

Најпрвин таму пребледува небото, станува розово, црвено, набабрено со пурпур и чиниш одеднаш ќе потече црвенило и ќе јa облее засенчената страна на планината. Полекака израснува дискот на сонцето и со белузнава светлина го поплавува Костурското Поле.

На небото се појавија три црни точки и постојано растат во очите на стражарот.

- Авиони!!! - викна тој, повтори и го снема во бункерот.

Во низок лет растоварија оган и откако го посеаја -стравот, ги снемa. Се огласија артилериските батерии.

Циљка, купче легната на дното од ровот, со колената втиснати до брада, со рацете на глава и облеана од страв, чека. И мисли дали наредното ѓуле ќе јa одмине или ќе јa погоди и дали ќе почувствува болка или веднаш ќе јa разнесе. И веднаш и се залепи мислата на вчерашниот ден, кога во раните утрински часови, две артилериски батерии, нивните позиции ги биеја без престан. По одбиениот пешадиски напад, почнаа да ги поправаат рововите и бункерите, собираа делови од тела на своите соборци. Нема ли денес неа да јa соберат дел по дел и да јa закопаат во заедничка јaмa? Уште повеќе се вкопа во земјата и чека и не може да ја истера лошата и злокобна мисла. Се залепи како лишај. Прсти пикна во ушните шуплини и стега за да не го слуша заглушувачкиот и развлечен свиреж на ѓулињата. Под неа се стресува и тапо татни земјата. Во ровот, врз неа паѓа топла земја испомешана со парчиња од камен. Се повеќе се стегнува во себе, се склопчува и чека. Не мрда и не дише, плашејќи се дека дури и најмалото движење и воздив ќе јa открие, ќе јa издаде... Упорно трае во неполвижноста. И одеднаш тишина. И се чини дека тишината и ѕвони во ушите и навестува нови удари. Наслушкува. И слуша нови грмежи и татнежи и тапо удирање на крвта во ушите, стегање во грлото.

Се плаши да помрдне глава. Вчера за малку што не јa изгуби.

Доволно беше тоа што со главата јa помрдна ракатката зелени гранки со кои беше покриен ровот. Доволно беше само тоа движење, Истрелот не го слушна. Над левото уво запржи. Од sидот на ровот се одрони земја. Јa облеа пот и јa обзеде страв.

Кога одвај се смири, дури тогаш се осмели да подигне рака.

Шепата и се наполни со изгорена коса. Во тој миг куршум просвири над нејзината глава и веднаш потоа цел рафал. Разбра дека е откриена и и се присака гласно да викне, да заплаче и во тој миг слушна згрчено офкање и довикување на ранети. До крв јa гризеше раката за да не испушти глас на страв. Седна на дното на ровот и главата јa покри со шмајзерот. Свиткана, со лицето пикнато меѓy колена, остана до мракот. Кога во ровот завладеа црнина - таа се осмели да се исправи и виде како од своите дувла излегуваа момчињата и девојките и опиени од свежиот воздух легнуваа на земјата изорана од гранати. Потоа, ниско наведнати, се оддалечуваа неколку метри наназад и таму зад карпите, во трапот и долот - се празнеа.

Земјата престана да татни. Малечок зрак на тивка надеж.

Воздивна. Вовлече воздух испомешан со изгорен барут. Стресе глава, се подигна на лактот. Наслушкува. Грмежите од артилериските ѓулиња ехото ги разнесе по трапиштата.

Внимателно подигна глава. Молк. Гори кутнато стебло. Чал над рововите. До неа се искашла Мита, захрчи, плука. Понатака - гласот на Јани. Пцуе. Тој излегува од ровот и вика:

- Има ли живи?!!!

Хивнуваат рововите.

Блажен, оживувачки, неискажлив бран на радост во душите и срцата; блика радоста од очите, од солзите, од образiте, избива од секој збор и довикyвање, од плачот и :воздишките, напојува, озрачува, исполнува и овладува...

Убиени нема. На петминaтa рaнети им ги преврзаа раните, ги изнесоа и ги сместија во земјанката отаде трапот.

Циљка се врати во ровот. Сега ослободена од стравот, се навали на топлиот земјен ѕид, вдишува воздух, истресува земја од коса.

Почувствува жед. Го побара ранецот. Покриен е со земја. Го истресе и го извади пагурчето. Со одмерени голтежи - пие со очите вперени во синото небо. Сврте глава. Од кai Bичо се нададоа бели облаци. Таму далеку тие се претураат и се преливаат, ниско висaт над планините. Слушна чекори.

Командантот на четата поминува долж рововите и наредува да го чистат оружјето. Циљка се наведна да го побара шмајзерот.

Со раце јa исфрлува земјата од дното на ровот и во тој миг во ќошот забележа врапче. Полека, за да не го исплаши, нежно го фати и го стави нa широко отворената дланка. Топло е и зашеметено. Во него одвај тлее животот. Циљка го стави во скутот и полека му го отвори клунот. Се наведна и му дува во грленцето. Повторува, му го трие мешето и пак му вдишува топлина. Пердувестото клопче затрепери. Мрдна крилце.

Размрда канци. Циљка го зеде меѓy двете дланки, го топли и полецка му дува во отвореното клунче. Со сламка му капнува во грленцето капка вода. Уште една и уште една. Отвори очи.

Лесно растресе крилца. Застана на слабникавите нозе. Гледа со зашеметено и матно. Свртува главче. Се разбриструва поглед.

Циљка му погали грбче, му намести разбушавено перје и подигна дланка над ровот. Врапчето се помрдна и закопча канџи за прстот на Циљка. Погледна тука и таму, подигна главче и полета... Циљка гледајќи го како со низок и разбранет лет се оддалечува, рече:

- Ех. да имав и јaс крилја...

Во текот на денот противникот двапати тргна во напад. Цел ден се до квечерината се бранеше Горуша. Се yште горат приодите и врвот е во оган. Гори бршленот обвиткан околу стеблото на буката и до самоти врв се истрчува врвцата на пламенот.

Цепнатинка во каменот и во неа - цвеќенце. Треперат листенцата во топлите повеви на ветерот. Циљка, со испупчени усни дува. Јa издувува прашината, а потоа долго го гали со погледот. Се плаши да го допре со прст... Се плаши да јa допре и карпата... Надоаѓа примракот, зад нивните грбови гасне пурпурот на сонцето. Многу го дочекуваат свртени кон исток, кон небото, лежат ничкум или свиткани така, што не фаќаат ниту една страна на светот. Лежат така, како што ги легна куршумот, парчето граната или бомба. Сега тие се само број во тефтерот на командантот...

Ноќта - мирна. Топла. Лесните повеви на ветерот распостелуваат спурнина. Полутемно небо, со броени sвезди.

Навеви на мирис од Јaнобо цвеќе. Едни раседнати на грбот од рововите, други легнати во нив. Со лицата свртени кон ветерот што поддувнува од кaј Бистрица, вдишуваат свежина. Шумоли спрженото лисје и високите подгорени стебленца на тревата, Земјата се смирува. Мажите пушат, криејќи ги цигарите в шепа.

Распарувачки воздивнуваат...

Во ровот, долго кашлање, а потоа тивко потпевнување:

Митревица чеканката рано рaни на утрина...

Од соседниот ров - дебел, неделкан глас, скоро тропа пукната штица:

Овци паса габер лежа Вечер ќе ти дојда...

Замолчува, небаре наслушкува одговор и одново затропува:

За татко ти, колај бива, Едно луле тутун...

Гласот прекинува и по миг прашува:

- О, Кољо, шо прајш, ре? Да не спиеш? Не спиеш? Е, тогаш фрли го ќесенцето со тутун за да свиткам ена...

И додека тој јa витка цигарата, се разлеа воздишка - ноќно мечтаење на полна месечина:

Дојди ми Магде, твојто бело лице, твојaтa рамна снага само те Магде мори сонувам...

Од другата страна, некој дофрлува, молејќи:

Оф, аман, аман мори Елено, оф, аман, аман, умирам за тебе...

... Излезе песната од ровот и се растури во мрaкот...

На самоти почеток одвај чујно, речи си срамежливо, тивко како лесно треперење на крилја на вилино коњче, едната јa гони другата и се нижи во синџир, а во него - студените кладенци каде моми студена вода налеваат, прстенот меновник, долгите години на чекање, високите чардаци, белата пченица и деветте гулаби што високо над ширно поле летаат, јадовите момини и либето кое под прозорец, пред порти, под чардак чека... И во пеењето – спомен, јa има Фанка којa бери грозје лисичина и падарчето кое јa фати, а не сака бакшиш пендолира, тyку сака, леле, црни очи... и калеш Донка и Калината руса коса како тељови за тамбура и лулашката на Ѓурѓовден и... Се уште недоискапи меракот, кога од горе, втората одбранбена линија, деци крчицки, лобаницки, косинцки, папрадцки, д’мбенцки, бабчорцки, езерцки, запеаја:

Мори чупи костурчанки Раширете го орото, Раширете го орото, Да ви виме фустаните Да ви виме фустаните, Чиј е фустан дамкалија, Чиј е фустан севдалија...

И навираат спомените, а гласовите ги подзема ветерот и ги сее од ров во ров од бункер во бункер, од таму ги презема и ги префрлува над трапиштата, ги разлева по ридиштата, ги подига до врвови. Во овие мигови песнaтa сите нив ги врaќa дома, на вигната, на лозје, на пресно косенa ливада, в градина и бавча, на долга седенка, на шедба... Некој длабоко воздивна, друг скришум избриша натежната солза. Фанка, ранета во левата рака, потстенкува, ама песна не одлепува од усни. Во топлата ноќ, низ широката пушкарница, ветерот фрли грстови гласови во бункерот и го разбуди нишанџијата. Молат машките гласови:

Не прyсaј, прусај Пред мене мори лепа, Не ми го гори срцето!

Стига е сaмо горено, мори лепа, Горено, пепел сторено.

Лапка ќе фрла по тебе, мори лепа, Да се завртиш, да видиш, Да ти го вида лицето, мори лепа, Лицето бело црвено.

Да ти го пиша на тефтер, мори лепа, Кога ќе ода на аскер, Кога ќе ми текни за тебе, мори лепа, Да го отвора тефтеро.

Да ти го вида лицето, мори лепа, Лицето бело црвено.

Да ми помини мерако, мори лепа, Мерако голем по тебе...

Вдлабочена во срцата, го буди споменот, вивнува кон небото, чиниш ќе ги допре ѕвездите и плавно се разлева. Едниот глас се издигнува трепетливо, а другите здишано, гонејќи го, се придружуваат, се долепуваат и дружно се дополнуваат. Машки се гласовите, тврди, длабоки, сигурни и доаѓаат од соседниот ров. Им се придружуваат женските - топли и блиски како мајчино шепотење и галење. Сал за краток миг прекинуваат и само толку, колку за да земат здив, колку за да падне песната во уво, да се вкови во душата. И додека една длаби во душите, друга надоаѓа нежно - певливо. Се чини дека секој збор е бележан со сите младешки желби, копнежи, тагувања, пасакувања и болки и е извезан и украсен со коприна и мониста. Лево, рој женски гласови се оsвaa и, чиниш со лесен лет на пеперутка, јa пробиваат темнината и кратко, задржувајќи се меѓy осакатените дрвја, јагленосаните гранки, подгорената трева и овенатите полски и шумски цвеќиња - јa отпеваат изгубената младост, убавината и недоживеаната љубов...

Бело лице љубам јaс, Црни очи љубам јaс, Гајтан веѓи љубам јaс, Фајде нема...

...Ех!... - воздивнува ранетиот, крие лице во дланките и залиптува. Боли раната крвјосaнa и боли овенатата и се уште недорасцутената младост. - Фајде нема ле душо... - прекинува гласот, секнува и кој знае, се прашува ли, дали фајде нема од шеќерната калеша чупа којa е неверна или од утехата што самиот си јa дава. Пеат рововите и земјанките и ширум јa разлеваат тагата-копнеж за Тина, Тинка, за Тана, Фана, Донка, Севда, Маре...

Оф, оф севда пуста по една, севда голема по сите...

Гласовите недосекнати, одвај стишени, ги наткрилија други:

Изникнало цвеќе во момини дворови Ран бел босилек, црвен каранфил...

Одеднаш стивнаа гласовите. Кавал ги наткрили. Заплака со лелек, плач и липтеж на мaјкa којa изгуби дете и свиреж - извик извишува до врв планина, изговара се што в душа се крие, се стишува, трепери во воздухот и стивнат легнува врз меката трева... Се изжалува и се издавува во себе изговорливото свирење; завива кавалот, се потсмируa и заличува на шумолење на зрело пченично класје, се разбранува како немирен лет на сокол, се шири, ту паѓа, ту се подига, разбранува, согорува, истиснува солзи и незапирливо тече, лета кон домашните прагови, кон кратките љчбовни мигови, топлите и незаборавни скришни бакнежи. Се има во него - сета жал и надеж, стремежите и мечтите и неизмерливата тага, вчерашниот бој, лелеците и довикувањата на ранетите и живите...

Во рововите и во земјанките од песната станува потопло и понежно онаму горе, во високото, мижуркаат ѕвездите. Во полумракот што повремено го расечува слабникавото жaрче на запалена цигара, болснуваат солзи и се слуша по некој тежок издив и засрклив липтеж. Над ридот полнатa месечина загледува во рововите, бункерите и земјанките во кои расцутува младоста на овие седумнаесет, осумнaесет, деветнаесет и дваесетгодишни момчиња и моми... кои растат и созреваат во долгите ноќни маршеви под дожд и снег, во мракот на густите магли, во студените и влажни земјанки, меѓy карпите и камењето, во рововите и бункерите, во непрестајните борби во кои од студенилото и вжештената цевка на оружјето, јa изгубија нежноста и топлината на дланките...

Ех, aнaсaнa!...

Политичкиот комесар на бригадата, кој пред половина час стигна на овие позиции, навален на дебелото борово дрво, му рече на командантот на баталјонот:

- Убави се вашите песни... Фаќаат за грло, за срце, ама не се за ова време. Сега ова треба да се пее:

Врондај о Олимбос, ќе се стравти и Ѓона...

(Бучи Олимп и болска Ѓона)

или онаа вашата:

Во борба, во борба, во борба Македонски народе...

- Циљка! - викна командантот на четата. - На стража!

Месечината сврти на кaј Бел Камен. Врз подгореното лисје и трева и свежо доископаните ровови паѓа ноќна, болсклива, бисерна роса. Отаде Бистрица болсна небото. Одблесоците и глувите татнежи кажуваат за жестокоста на битката што почна... Топовите бијат долж планинскиот венец. Клисурите и траповите исполнети со чад.

Педесетина чекори напред и толку назад во мракот одмерува Циљка. Натаму има други. Влажен, студеникав и маглив е мракот. Јa стресе студенило, удри заб на заб. Чекори и чува, ама најмногу чува во неа да не влезе стравот. Срце и замрува, одвај дише, одвај собира и испушта воздух за да не крикне стравот.

Во себе го собира, го стега со заби, го сподавува и го здржува грчевито... Во ушите и одsвонyвaaт, песните испеани пред да оди на стража. Колку ли беа? А колку се чште не се испеани ол тие што ги памти од баба и мaјкa? И се чуди: како ли, кога има толку многу страв, толку многy крв, толку убиени и ранети, толку многу плач и лелек, може ла се пее? Можеби затоа, тука, во планините нa Грамос се уште не е испеана песна за нас...

Одмерува чекори напред и назад. Година дена е под оружје. Во изминатите месеци ги запозна границите на човековото величие и понижување. Се убеди дека и во сенката имa многу мени. Во земјанката, во ровот и во бункерот, во долгите, најчесто пелтечени дрдорења на довчерашните говедари и овчари, а сега самоуверени и самобендисани политички комесари, кои човека го прават роб, перејќи му го умот и мозокот само за да го ослободат од обидот да размислува, да не мисли и расудува; ги запозна чекриците низ кои тие, млади и недопечени, поминаа за да станат голема сепаленица. Само тогаш кога таа е сама во длабокиот ров, може да размислива и да се радува. да биде со себе и со се што и е блиско, туку и тогаш погледнува слччајно некој да не јa прислушкува. Знае дека во единицата има поткажувачи. И преку нив, исто така, јaкне системот на оглупување, во кој партиските секретари и комесарите се првоучители.

Смена на стража. Циљка се врати во својот ров. Се навали нa влажниот ѕид и дремнува. Под неа се стресе земјата. Брзо се подигна. Не успеа да види што се случува. По тешкото бомбардирање, јa најдоа онесвестена...

ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА – 8 Над свиокот од тесната козја патека – висока карпа. Од неа се распостелува широка глетка на околните ридови и трапишта.

На самоти врв - бункер - противавионско гнездо и набљудилница. Пругоре стрмнина обрасната со ниска сочна трева и млеч и погоре – гола се извишува планината. Наспроти карпата - разгранета бука со откинат врв и осакатени гранки.

Долу, длабоко, бучи планински поток, надојдеп од вчерашните дождови. Распенетите води одблеснуваат во сонцевината.

Дваесетина чекори понатака, до самоти удолница -ливада -јa полева влага што се цеди од ридјето. Иако е среде летна жега -раззелени тревата и цутат бели маргаритки. Понатаму се простира гyста букова шума. Под широките гранки на дрвјaтa, во дебелата сенка, ту испоседнати, ту исполегнати во ладовината, почиваат жени. Молчаливо, како да им стана навика, чекаат да згасне денот. Често погледнуваат на небото.

Вслушани во бучавата на авионот што кружи над ридјето, чекаат да одлета. А Тој кружи. Виси над ридовите и шумите и нови кругови врти, гледа од високото, јaвyвa и снима. Добиците растоварени, врзани за стеблата, штипат од тревата што им е под муцките. Топло и зелено е во котлинката.

Фимка, со поглед закован во двајцата мажи, кои седат отстрана, напнува ум да си спомне каде ги видела. И текна. Истите се тие, кои пред триесетина дена ги водеа, често менувајќи ги патеките. ту фаќаа угорнина, ту се спуштаа, свртуваа, влечејќи јa зад себе колоната од жени и добиток. Тогаш Фимка разбра дека тие намерно така ги водеа за да не запамти никој, освен нив, кои патеки водат до магацините со орyхје. Таму стигнуваа ноќе, во мрак товараа и во мрак заминуваа.

Жените, скоро сите облечени во црно и забрадени со црни шамии, тивко зборуваат, намнисуваат, дремат. Доволно е некојa да го спомне загинатиот маж или чедо и тогаш очи наглотува солза. Испрекинато липање стегнува грло. Стежнува болката, гори и копа та раскопува споменот. Од горе, од планината, поддувнува ветрец. Нежно затреперуваат лисјето и шумолење рaсејyвa шумата. Одвaј видливо треперат листенцата на маргариткпте, лесно се навалува високата трева, бранува. Над неа – разиграни пеперутки. По повевите на ладникавиот ветер, се чувствува заодливиот здив на денот. Одвај забележливо, полецка, со лесните повеви на разиграното лисје и нискиот лет на птиците, во котлинката се спушта свежа и лесна шумскопланинска квечерина. Надоаѓа лазурно-розова, шареникаво-сина, питома и тажна. Вцрвенети облаци над планините. Полусветлина - распостелува шаренило, кое потемнува и потемнува, јa покрива ливадата, невидливо дотекувa. се згустува, натежнува, јa обгрнува котлинката, во сивило ги втопува дрвјата и околината. Високо - го снема пурпурот на заодот и во последните издишки на примракот, дотече мракот. Одвај забележлив, некаде под тревата исплашено и испрекинато се одгласи цвркот на штурец. На неколку чекори понатамѕ - срамежлив одглас, еден па друг и се повеќе. Живнаа штурците. Плашливо, срамежливо, исчекувачки, наслушкувачки пуштаат глас и чекаат одглас. И како по нечиј даден знак. котлинката се распеа. Молежлива, блиска, маѓепсничка и волшебна, умилна, заносна и ожална, ту гласна ем тивка, мека и смирувачка, страстна и вдахновена, побожна и трогателна, заводлива и нежна, радосна и слатка, ветувачка и измамничка, се разлевa по ливадата песната на штурците, го преполнува воздухот, проникнува под секојa тревка, прекинува колку за да присобере здив и одново се разлева, одекнува, тече, се шири, се издигнува и лета и постојано без прекин и престан моли: - дојди - дојди - дојди... И наеднаш еден друг глас небаре ко гром се растури над ливадата:

- Станвајте!!! - падна зарипната команда, се испокрши од стеблата и се изгуби во шyмaтa.

Во мракот живна ливадата и шумата. Добичињата начулија уши, жените брзешкум бришат натежнати солзи, се прибираат, а тие кои се задолжени за добитокот, ги товараат, а другите стегнуваат ремење на рамо и половина за да се држат поцврсто сандаците и вреќите на нивните плеќи.

- Тргнувај!!! -наредува истиот глас.

Живиот синџир од луѓе и добиток, чекор в чекор, нога зад нога, вчекорува во ливадата покриена со пресна роса. Главнината јa расечува и по неа стотици нозе и копита јa разгазуваат росната трева. Се свиткуваат главичките на маргаритките, болежливо се исправува тревата и уште недоисправена јa гнетат други нозе и копита и по нив други. Молчешкум црната редица набрзо јa фаќа угорнината. Колоната виулесто, здишана се искачува по стрмнината. А долу, во ливадата, се до пресна зора, цела ноќ, неуморно ќе се довикуваат штурците. Добитокот шлапа во редица и не греши пат. Патеката еднаш изодена јa препознаваат и во најгустиот мрак по мирисот на лепешките и мочката.

Држат чекор и растојание и знаат кога да подзастанат, кога тежина да префрлат од нога на нога, да приберат здив... И жените, држејќи се за узди и за коњски опашки, пред нив и покрај нив - чекор в чекор - одат. Колкупати ли ги изодиле горе и долу со ист чекор, воздишка и издишка патеките - врвулици?

Секое камче и секој корен изникнат над земја, скоро познати и знаат по кој чекор да го прескокнат...

Лево од патеката се извишуваат голи и распукани карпи. Во пукнатините, џуџести борчиња, длабоко вжилени, растат и опстојуваат на стyдот, ветерот, дождот и снегот. Десно -длабока темнa бездна што почнува веднаш при влезот во тесната патека. Во мракот се слуша бучава на вода. Фимка, силно држејќи го коњот за узда и гривна, милно и молежливо му шепоти и полека, скоро притисната на неговото ребро, го води по патеката што виси над мрачната бездна. Сандаците со патроните, мините и рачните гранати допираат, гребат, удираат на карпата, шараат по неа, се тријат, тропаат. Наеднаш прелетува лиљак. Злогласно, грозничаво зави був.

Чекор в чекор, нога зад нога, виyлесто пругоре се движи во мракот долгата колона. Завршува голината и главнината влегува во боровата шума. Мракот згустува. Меѓy стеблата и високо над врвовите завива ветерот и макаршто небото е исшарано со партали облаци меѓy кои свети по некојa sвезда, се чини ќе има бура. Само од време навреме болснува батериската светилка на предводникот. Стега стомaкот, од болка вие рамото, грбот, плеќите, нешто болежливо се вжилува во крстот, потсечува нозе и колена. Се врежува ортомата, натиснува штицата...пече стапалото, пукнува фултак, спржува пета, крвави рана... Уште малку и завршува шумата. Таму високо нал ридот пребледува небото.

- Забрзај!!! - паѓа команда.

Фимка за миг подзастана. Сврте глава. Далеку на исток -белузнаво небо. Долу - се тоне во бела магла. На запад пребледнуваат високите врвови, а горе, пред неа, небото се румени.

- Забрзај!!! - остро, врескливо заори истиот глас.

Стотина метри пругоре, излегоа на голо. Широки и длабоки дупки. Наоколу испокршени камења. Мириса на горено и изгорено и на барут. Пред три дена оваа угорнина не беше вака раскопана и осакатена. Кој рече дека е од бомби? Зарем стигнаа дотука тие кои некни пукаа од отаде ридиштата?

-Забрзај!!! -истиот глас ја прекина мислата на Фимка и таа го спотерува коњот.

Пред колоната се исправи карпа. Некој гласно и сочно пцуе. Се заканува со воен суд. Предводникот го згреши патот. Колоната свртува лево, јa заобиколува карпата, се дели на три и тргнува на три позиции. Зазорува. Над Сињачка планина црвенее небото.

- Стој!

Предводникот и стражарот разменуваат нишан и веднаш потоа жените одрамуваат сандаци и вреќи, растовараат добиток.

Исправуваат грб, бришат пот и длабоко вдишуваат утрински воздух. Издишуваат чемер, плукаат густа, леплива и пенлива плунка. Кратка почивка. Над Сињачка зазорува. Пурпур над врвот. Ранетите веќе се товарени на коњи и носилки, а жените распоредени по четири на секојa носилка и по една на коњ.

- Тргнувај!!! - сега прудолу, брзо, што побрзо, пред да набелеат планинските врвови, пред да се изгуби црвенилото над Сињачка планина под којa Костурското Езеро белузнаво се одлепува од распосланата црнина. Утринската запурнина насобрана во мали облачиња, навлегува во траповите. Колоната - сега се лизга прудолу, што побрзо мора да стигне до првите борови - да влезе во шумата, да јa снема во неа, да биде невидлива, а потоа ако сака нека кружи проклетото што долетува од Рупишта.

Во сивата мугра виулесто се издолжува прудолу разовканата колона.

- Пополека, мајче... - моли ранетиот. Молежливиот шепот се губи во болното офкање, замолчува, одвај се насетyвa неговото дишење и кога му се враќа свеста, тогаш со глас што одвај се слуша, тој пак моли, проколнува, пцуе...

Од ќебето заковано на два кола, се цеди крв. Капките паѓаат врз тревата и зелените лисја на Јaновото цвеќе. Стебленцето на тревата затреперува под тешката капка којa полека пифтосува во утринската ладовина.

- Забрзај!!! - распалив глас на команда.

- Пополека, мајче... - издишка на молба.

Осакатените офкаат, молат. Од засушената крв завоите се црни.

Фимка наведнува глава, се загледува во лицето на ранетиот, скришум и капнува солза.