Front Matter - Part 05
- Да, костени... ту, бре, како сум заборавила дека тука, во оваа село, има костени. - Таа погледна наоколу и кога го виде командирот на одредот, замавна со рака и со глас на наредба, подвикна: - Командире, нареди некој да донеси нешто од компирите или од костените...
Командирот ја погледна намуртено и ја праша:
- А од чија куќа? Ние чекаме леб да ни донесат, а ти бараш мезе. Знаат моите борци што значи да се донесе нешто... - не се доискажа.
- Затоа си командир за да заповедаш, нели? - му префрли таа и се обиде гласно да се насмее.
- Јас сум за да заповедам за во бој, а не за носење костени за нечиј ќеф! - подвикна командирот со навредлив глас и го снема во олтарот. Таму половината шинел го посла под себе, а со другата половина се покри и набрзо заспа.
А другарката комесарка, како да не се случило ништо, седна поудобно и рече:
- Да. Има луѓе кои не знаат шега....
Таа сфати дека го навреди командирот. Во првиот миг сакаше да стани и да бара прошка, ама не и беше по волја тоа да го направи во присуство на толку луѓе. Си помисли дека тоа ќе го направи утре, а можеби уште вечерва во некоја подруга прилика. Разбра дека претера во својата положба, ама што да прави, зборот не е вол, та ќе го врзиш за дрво и ќе чека. И сите околу огнот, па и тие кои беа зад нив и чекаа ред да дојдат поблиску до топлината, ја почувствуваа горчината и многу од нив се погледнаа в очи. Својот командир го сакаа и го почитуваа. Неговиот остар глас и строгите барања до најмала ситница да бидат извршувани неговите наредби, па и острите казни, лесно и брзо ги забораваа. Го сакаа и затоа што за време на тешките маршеви тој се наоѓаше секогаш до нив и одеше пеш, лично ја проверуваше преодноста на патот, прв загазуваше во студената вода и секогаш ги бодреше мародерите, а на оние на кои им беше најтешко, не еднаш им го даваше коњот за да го товарат оружјето и тешките ранци наполнети со фишеци и рачни гранати. Драг им беше и затоа што никогаш, барем досега, тој својата порција не ја оддели од заедничкиот казан.
Како да не беше ништо, таа рече:
- Има луѓе кои не сакаат шеги...
Видливо беше дека таа сакаше да ја ублажи горчината врз која падна молк и по некоја пцовка заедно со нечиста плунка. Чадот од зелените и наводенети цепеници што пред малку ги фрлија врз жарта, ги спови и тишината и молкот и презирот, ама не ги однесе до небото низ отворот во црковниот покрив. Се чинеше дека останаа меѓy нив како лишај, што не боли, ама под себе секогаш крие нешто болно...
- Кога ќе се ослободиме - таа ја прекина тишината и го скрши молкот, но со глас во кој сите почувствуваа тон на комесарско предавање - тогаш, другари борци, по сите села ќе изградиме толку домови на културата, колку шо сега има цркви. На времето граделе само цркви и затоа народо ни остана неписмен и некултурен. Така, другари борци, сакаа богатите, значи вурзуазијата.Така сакаа, другари борци, англоамериканцките имберијалисти кој денес се најголемото зло и затоа ние се бориме за да го искорениме, велам... Шо ми беше зборо?... Аха, културата.,. Како шо реку ќе изградиме, значи, такви домои во кои народо наш ќе учи... - прекина и се загледа во царските двери. Подзамижа со десното око, молчејќи измери се од горе до долу и како да беше малку измереното, им се обрати на оние кои и го скратуваа видикот: - Еј, вие, ја помрднете се малку понастрана - им рече со тон на наредба и замавна со рака. -Ете... па јаска - извика, сама чудејќи се - па јаска шо веља? Ете...
па зошчо, си мисља сега јаска гласно, зошчо да градиме нови?
Зошчо, бре, ве опитвам јаска вас? А зошчо, на пример, ваја церква да не стани дом на културата, а? Ете, скоро све како да е готово. Све шо е олтар ќе го трниме, ќе го исврлиме надвор... И ќе имаме готова сцена. А горе - таа погледна над олтарот и, мерејќи се што беше горе, рече: - Иконите шо се горе и тие ќе ги трниме и ќе ги фрлиме о бунишчето на исторјата.... А на нимните места ќе и клајме кадрата на нашче мили и драги руководители: Захаријади, Сталин, Тито, Димитров и на сите други шо се водачи на меѓународнио пролетаријат...
- Шо рече? - ја прекина некој - Шо ти е тој како го рече?
-П р о л е т а р и ј ат... – таа ја цедеше секоја буква - најпрвин да завршам за тоа шо почнав, а потоа јаска убао ќе ви растолкувам шо е тоа пролетаријат иако знам дека ти шо ме опита, знам дека нема да ме разбериш... - таа прекина за миг и се врати на прекинатата мисла. - Еден до друг, како шо се сега иконите и тие големите и тие малките... редум еден до друг - покажа таа со рака од едниот до другиот крај на олтарот. Се поднамести, дофрли во огнот неколку дебели суварки и откако се загледа во лицата и во очите на тие, кои седеа поблиску, ги праша: - Иљ ме разбервате аљ не? Така јаска виду о ено село близу Битоља.
Кадро до кадро... - Подигна рака, покажа на олтарот и поместувајќи ја од лево кон десно, рече со наслада: - Туа, пушиш, Тито, со цигарата о р’ка и со ена пишчола, на, до туа, д’лга ем голема - таа се удри по колкот - а од левата страна Лелин, со подигната рака, на пролетаријатот му го покажва патот кон светлата и среќната иднина. Од десната тој, големио Сталин, со мустаците и како да му вели на англоамериканцките имберијалисти - еј вие там, немојте да ми ги гибате мојте пријатели, партизанте на Маркос, заш свите ќе ве обеса на ено влакно... И со подзамижените, ама многу мудрите очи, пули тој замислено и далеку пред него каде шо е комунизмо... Кадро до кадро. И пулиш подолу, како шо се тие помалките икони, Кардељ, Ранковиќ, па Лазо... шо да ви кажвам... цел иконостас...
Ех, душата ќе ти е полна и срцето ќе ти се радва кога ќе си помислиш како ќе биде кога ќе дој слабодата... Така и ние ќе напрајме. А на камбанарјата ќе клајме ен звучник кој ќе го презева гласо од радјото и од таму од високо, ќе го шири над целото село, гласо на нашио мил водач и борбени песни ќе се слушаат... Така виду јаска о тоа битолското село за кое ви спомнав.... И нови празници ќе имме. Ма каков Свети Никола, Илија, Павле. Ќе создадиме ние нови светци и нови празници.
Наместо, на пример Петровден, ќе славиме ден на комесарите, зашчо како шо поучваше тој, така денес поучваат и комесарите...
- Ама, ајде де... не си играј мајтап...
- Да, ден на...
- На овчарите! - викна истиот, кој сакаше да знае што е тоа пролетаријат.
- Зошчо да не? Ќе славиме денои на сите занаети, а не на светците. Еј, море, да знајте! Ново опчество ќе прајме и се разбира нови обичаи ќе имме. Старото со сите негови белези ќе го унишчиме, а и церквите, бидејќи од старото најстари се тие.
И ќе напрајме еден народ. А тој народ ќе се вика пролетерцки народ. Нема да има Македонци...
- Е, токму тоа. Прво Македонците да ги снема! На многу им станаа коска в грлпо... да ги снема... - се одгласи некој, ама никој не му го виде лицето.
- Не е збор само за Македонците - побрза да објасни жената. - Нема да има Турци, Бугари, Срби...
- А Грци? - праша некој од мракот.
Жената се сврте за да го види тој кој праша дали ќе има Грци.
По кратко молчење, таа продолжи:
- Сите ќе бидеме пропетери. Не народите, ами пролетарјато ќе владее преку својата пролетерцка диктатура.... Пролетерите од сите земји како шо рече Маркс...
- Кој?
- Па тој, Маркс... Тој е учител на пролетарјато и тој го измислил комунизмо...
- И!!! А јас, пак, си мислев дека Захаријадис ни е училтел!? Па нели пред некој ден така ни кажуваше комесарот?
- Захарјади ли? Се разбира дека тој ни е учител, ама и водач и ...
кога ќе се обединат сите пролетери, тогаш ќе нема народи, ќе нема држави и граници. Ќе ти текне да одиш на пример о Русија, ќе си одиш...
- И ксде ли ќе стигнеме ако само така секој ќе си оди каде што ќе му текне? Каде ли ќе стигнеме, а?
- Во комунизмо, ре!!!
- Море ти остави го шетањето по светот и објасни што се тоа пролетери?
- Пролетери ли?
- Аха!
- Пролетери се тие кои имаат само две раце...
- Само толку? И ти сакаш јас да си останам само со две раце?
Не! Сполајти, невесто! Јас не би сакал да сум без моите ниви, без овците и козите, воловите и кравата, Не! Подобро ми е да си останам селанец...
- А што се однесува на твоите кози и тие ќе ги нема. Кози нема да има. Тие се штетни за шумите. Таму, о Битоља, ми кажваа колку се штетни за шумите и затоа донесоа закон да се уништат и ги испозаклаа...
- Козите ли?
- Аха... Козите...
-Арам да им е... такви мирни, убави и мили животинчиња ги испозаклале ли? Изгледа тие што ги донеле таквите закони мора да се големи недомаќини! Козите! Луѓе, слушнавте ли?
Козите ги испозаклале!!! Тфу!!!
- Ете ти ја душата на селанецот, другари борци. Селанецот не ја разбира ревољуцјата, та и келку сакаш ти нему објаснувај, тој пак ќе ти меле за волови, овци и ниви и... да ви кажам дека по победата нема да има селани, ами сите ќе бидеме пролетери со две силни раце со кои ќе работиме за големото дело на комунизмо...
- Значи ќе престанеме да бидеме селани?
- Па, да.
- Ќе си бидеме пролетери и тоа само со две раце?
-Иии, ама, шо убао...!
- Ама имашлии луѓе!!! Нема што! Јок, јас со такви не се дружам... Само две раце... каде, мори, невесто, си ги вишла ти таквите домаќини, а?
Жената само за миг прекина, со ококорени очи му се вдаде в лице и, правејќи широк круг со раката, викна:
- Па, цела Русија е таква, бре... бре ти!...- таа не се дорече, ама уште погласно викна: - Цела Русија е таква!!!.... Еј, Русија, бре, парвата земја на соцјализмо е таква, пролетерцка!!!... А знаеш ли ти, келку голема е Русија? И нема туа шо да се објаснува повеќе... шом Русија, големата земја на соцјализмо е таква, тогаш зош и ние да не бидеме, а? Разбра, аљ не разбра? И во Југославија, бре, така е... Таму дури и песна е пее... Чекај, како ли беше? Аха! Америка и Енглеска ќе биде земља пролетерцка... Па, да... се, бре, ќе биде пролетерцко...
- Русија нека си е таква.... Ние зар мораме да сме како неа? Не, ова не го разбирам...
- Па шо има туа да се разберва? Така рече другаро Маркс и шо има туа, прост и неук селанец да докажува, а?
- А јас, можам ли, невесто, пак да те прашам?
- Па, шом сме туа, прашај.
- Тие, пролетерите, што ги фалиш, кои си имаат само две силни раце и ништо повеќе и за кои велиш дека се големи борци, зошто ли ги нема таквите меѓy нас, а тука сме само ние селаните? Има ли некој таков меѓy нас? Ако има, нека стани да му го видиме барем суратот? Има? Нема? Ете, невесто, велат, дека нема. Зошто, а?
- Парво и парво, другаро Захарјади рече дека во Грција пролетерцката ревољуцја се ушче не почна... И... И доста ме давиш!
- Не те давам, туку те прашувам. Па и така да е, тогаш зошто не си барате за таа ваша револуција пролетери, тyку не собравте нас простите селани? Тандаре - мандаре, ајце, дојдете вие селаните под пушка, гинете, нека ве јадат вошките, дајте се што имате, а вие, пролетерите, де, кои си имате само по две раце останете си дома, по кафеаните во градиштата. Од мене, домаќинот, кој си имам нивје, лозја, овци, говеда, овоштарник, воденица ќе прајте пролетер? Не, јас не сум за таа тајфа.
- Па нели ти реков дека нема да разбереш? Туку чекај, ќе победи ревољуцјата, ќе ја воспотавиме диктатурата на пролетарјато и тогаш...
- Е, и ова не го разбирам! Да не е тоа како она на Метаксас?
Зарем ја заборавивте диктатурата на Метаксас. Заборавивте дека со неа ја имавме ренката, маслото, тепањето, срамотењето затоа што си зборувавме наши... Не, јас не разбирам...
- Што, бре, пак не разбираш?
- Па, тоа - диктатура на пролетаријатот?!
- Што брзаш, бре? Па добро ти рече: чекај, па кога ќе дојде, тогаш ќе видиш. Мајката, ама нестрплив човек... Чекај! Ќе дојди, па дури тогаш ќе разбереш!....
- Така е, другари, треба да се биде стрплив. Парво треба да победиме. Кога ќе победиме, тогаш ќе имме само еден празник, празнико на пролетарјато. Ќе се соберваме на плошчади, каде ќе ги слушаме говорите на наште руководители, ќе извикуваме пароли и ќе пееме борбени и пролетерцки песни, такашо од тоа ќе му се тресат полите на англоамериканцките имберјалисти, на народните непријатели и на целата реаксја... А и овие, иконите, де, ќе ги исфрлиме од церквите, као шо реку погоре...
- Не, јас си ги претпочитам нашите, домашните, обичаи од дедо прадедо што си ги славиме, што ни се наше вчера и дамнина, што се наш белег и не прават подруги од другите - со роднини и пријатели, со слатко и водичка, со винце, мезе, печено и варено, седнати околу софрата, со песна народска да славиме, да се веселиме и на вигната, сред село, оро широко да виеме... Како рече, дека таму некаде веќе не ги слават светите празници?
-Тие таму раскинаа со верата. Парви мај го слават, празнико на пролетерите и дено кога им се роди водачо. И да знаете многу се среќни и радосни. Тие денови не работат и само пеат и само се веселат. И ние кога ќе се ослабодиме, исто така ќе славиме.
Во секое место ќе се слави Парви мај. Ќе ни доаѓаат партиските секретари, кои ќе ни држат говор, а потоа ние заедно ќе имме многу митинзи и ќе одиме во Солун, па дури и во Атина да го слушаме Захарјади кој ќе ни зборва за новите победи...
- А кој ќе работи?
- Сус, бре! Зарем затоа акаме по планините и се бориме против империјализмот, за да работиме? Белки пролетаријатот ќе заработи толку, што и за нас, борците, ќе оддели некоја пара за да не мораме да работиме. Ако и ние, борците, ќе мораме да работиме, тогаш кој ќе оди на митинзите?
Жената од АФЖ-ето се наведна до оној што седеше од нејзината десна страна и на уво му шепотеше:
- Оној, што многу опитва, имај го на око. Тој е контраш. Тој е од кулаците. Имај го на око. Ако остане меѓy борците, голема штета ќе прави...
- Велиш - неочекувано се слушна глас од толпата - иконите ќе ги фрлиме?
-Тоа е сигурно! - рече другарката афежитка.
- Значи на народот ќе му ја земеме верата? Така ли? Тоа ќе го прави новата власт, народната? Од срцата на луѓето ќе го тераме Господ Бог?
Таа строго погледна таму од каде стигнаа овие зборови и без да праша кој е тој што ги изговори овие зборови, рече:
- Другаро, срамота, рече дека новата власт ќе го истера Господ од срцата на људјето. А јаска, другари борци, сакам тука пред вас да му кажам на другаро шо рече другаро Захаријади, нашио водач, за верата. Другаро Захаријади рече дека верата за народо е... чекај, како ли рече?... Баш туа, ете тучки, на врв јазик ми е...
Аха, рече дека е темјан... море, каков темјан, ами нешто полошо, многу полошо, бога ми, шо значи многу, многу лошо...
- Значи лошо, а? - дофрли некој, а таа веднаш го прекина:
- Да, така значи и... ете, туа, баш туа на врв јазик ми е тој збор шо го кажа другаро Захаријади... и шо, мене не ми текнува така брзо, значи дека е некој гопем збор, а големи, зборои можат да кажват само големи људје и тоа такви како нашио водач Захаријади. Како е бре?... Тфу, на врв јазик ми е, ете, тучки, баш тучки... - таа покажа на јазикот со валканиот прст. - Ете, баш туа, токму туа...
- Да не е афион?
- Не. Не е афион, ама така нешто.
- Да не е катран? - погодуваа собраните.
- Сус, бре! И пази што зборуваш. Немој Захаријадис да го мешаш со катран!
- Па од афион се прави катран, а од катранот...
- Лепешка...
Општа смеа и во неа се слушна гласна закана:
- Ако ти ја пернам една преку очи, ќе ти кажам јас тебе лепешка! Види го ти него! Зарем мислиш дека другарот Захаријадис може да кажува такви простачки селски зборови?
Молчи таму... Тфу!
- Де, бре, шо си се размавтал? Па така ние уф Воденско прајме.
Шишката ќе ја потсечеме, а од неа тече сок и кога ќе се згусти го сушиме и прајме лепешка.
- Да не е опиум? - несмело праша некој.
- Опиум!!! Опиум е, другари борци, зборот шо го кажа Захаријади... Опиум! Да, опиум! - триумфално и со неизречива радост и гордост пак повтори: Ете, опиум е, опиум другари...
Телку ми требваше, ама сосема малку ми требваше да размислам за да ми текне... Уф, ама ми олесна... Опиум... така е, опиум! - се радуваше и го преповторуваше зборот за да не го заборави во понатамошното убедување. - Е, тоа, другари борци, тоа! Опиум! Опиум е верата за народо. Така рече другаро Захаријади...Да...
- Да не рече Маркс? - сомнително праша некој кој седеше со грбот кон распалениот оган, а на многу им се пристори дека е оној истиот, кој го кажа зборот што сите се трудеа да го најдат.
- Сус, бре, каков Маркс? Од каде па нему да е поумен од нашиот Захаријадис?
- Опиум, другари, е верата за народот! Со него, со векови ни го трујат народецо златен и сиромашен, та затоа ни е телку заостанат. Ние иконите ќе ги исфрлиме од црквите, значи ќе го исфрлиме... како беше?
- Опиум ли?
- Да, опиумо ќе го исфрлиме!
- Миспиш иконите се опиум и ќе ги исфрлиме?
- Сигурно! Тие се веќе минато. Обични шчици. Шо ќе ни се? Па ние ќе градиме само ново... Да.... Ние туа си муабетиме и не пулиме дека огно почна да ни угаснува. Ја понесите некое дрво од надвор, ајде, нека оди некој. Ај, оди ти, да ти, бре, ти...
- Јас ли? Не. Јас бев пред малку. Нека оди некој друг. Одвај се стоплив... А надвор таква вејавица вее, што прст пред око не се гледа. А може ли некоја од штиците, како што рековте, значи од иконите?
- Може, може, како не може. Во ревољуцјата се може. Фрли ја...
фрпи ја ете, таа, големата...
Мита, стана, полека отиде до олтарот, наеднаш се сврте и со тивок, ама сигурен и строг глас, рече:
- Да не си се осмелил!
-А ти, мори, да не си некој командир или владика?
- Ниту едно ниту другото, ама скрнавење на црквата нема да има.... - рече со истиот глас и го помести шмајзерот. - Ако тебе ти држи - и се обрати на другарката – стани и фрли ја иконата во огнот... Стани!
- Па ти, па ти мори, ти си контра! - извика како попарена другарката... - Добро, нека е ... а ние утре на актив ќе го расудиме делото и ќе решиме шо ќе прајме со такви контри... Е, сега ќе ви кажам како се однесуеле о Русија црвените комесари со такви контри. Тоа јаска о Битоља го виду кога гледев ен руски филм. Вака беше. Црвеноармејците седее, ете, вака, како шо сега седиме ние околу огно и се топлее. А надвор зима, руска зима, студ голем. Влевга нимнио комесар, цел замрзнат и покриен со мраз и му вели на тие шо седее околу огно: - Аре, не пулите ка ви се смее подбивно тие од зидо? Не и пулите брадосани и со очите оџварени ка ви се смее? А знаете, му вели комесаро, жошчо така ви се смее? Затоа, му вели, шо не сакате да ја разберете ревољуцјата и поради тоа неразбервање, седите туа и мрзните. Срамота! - му викна комесарот и му рече:- Ја фрли ена од тие големите шчици о огно за да се стопла и јаска, му вели тој. И ен црвеноармеец, млад како тебе, со двете свои силни црвеноармејцки раце ја откина најголемата икона и пљас о огно. И пламен порасна до там горе и светлина голема им ги огреа лицата.... И сите многу се радвае... - Прекина и се загледа наоколу, сакајќи да види каков впечаток остави нејзиното прикажување.
Понастрана од огнот, близу тронот владичин, стуткани еден до друг, разговаа двајца:
- Што мислиш, ќе ги изгорат иконите?
- Додека пред олтарот стои Мита, никој нема да се осмели.
- А некни; во црквата во која ноќевавме го изгоревме олтарот и иконите и со тоа, ми се чини, како да изгоревме дел од душата на народецот. Простите, сиромасите, болните, многучеледните и бесчеледните, сакатите, слепите, собирале париче по париче, од усти одделувале за да изградат црква. Скапо плаќале мајстори и зографи. Во малендавите пламенца на свеќите потулено и со стравопочитување да ги искажyваат и редат молитвите за исцелување, добрина и берикет и да чекаат во надеж дека Горниот ќе ги услиши и ќе им ги олесни маките, болките и болестите; да кажат сполај Господе, ако се роди берикет, ако се врати здравје, ако дојде принова, ако извор протече, ако дожд заврне... да искажат молежливо клетва, ако...
Да кажат - сполај Богородице, Свети Илија, Свети Никола, Свети Димитрија и загледани во нив со лес да здивнат и да таксат и пак да се молат и да чекаат, да се надеваат. Виде ли или си чул некој да ја моли власта за тоа што моли в црква? Не!
А знаеш зошто? Затоа што власта само зема, затоа што е алчна, лакома, свирепа, бесчувствителна спрема сакањата и прижелкувањата на малечките и беспомошните, сиромасите, осамениците и немоќните. И ете, ние кои станавме за да смениме една власт, сега со нашата власт и сила го пзгоревме некни олтарот и иконите. И на малечките, беспомошните им ја изгоревме надежта... И сега, греејќи се покрај овој гопем оган запален сред црква, со опуљ лакомо свртен кон иконите не за да се молиме, ами за да ги изгориме, небаре ја уништуваме целата надеж ние, борците за народна власт. Ја слушам жената и си мислам: од каде ли толку расипаност во неа? И од каде ли им доаѓаат на такви тие луди мисли? Фрли ја, вели, големана икона во огнот и се радува затоа што така направиле некаде во други земји... Зарем по тамошните ветришта и снегови ќе ги токмиме нашите умови? Нека си прават тие таму како што им е добро, ама нека неуки не ги подучуваат нашите неуки затоа што таму во далечните руски степи некому му текнало да изгори се што е дамнина, па и тука да ја снема нашата дамнина... Кога ќе си одиме ние, што мислиш каде ќе одат луѓето од ова село?
Случајно да не одат кај нашата власт? Каде да ја најдат? Па таа цело време се крие по планињето и само ноќе поминува низ селата колку за да се најаде и да се стопли и наспие и тоа секогаш го прави скришум од народот. Само двајца или тројца знаат за нив, за куќата во која се сместуваат, за времето кога ќе си одат, ама освен нив никој друг не знае каде ќе одат...
народецот знае само да ги нахрани, да ги стопли, топло да ги покрие кога спијат другарите од власта народна. Се кријат, другарите, како волци осаменици се движат ноќе. Се кријат, дали не од народот? Да немаш доверба спрема оној што те храни, што ти дава ќош и рогозина и веленце за да се стоплиш, ти подава вода, нозете ти ги мие и го дели лебот и солта со тебе!? И не оди народот кај власта, ами тука, тука во црквата доаѓа и се молат луѓето, та се надеваат дека ќе бидат услишени молитвите топли, тагите потајни, болките големи и присакувањата мали... - Прекина. Му се пристори дека гласно зборува. Замолкнаа за миг. Шараат со очи по таванот и ѕидовите. Врз иконите над олтарот и ликовите на светците простум застанати на sидовите - разиграна е мрежата на пламенот. Лесен одблесок на светлината налегнува во нивните очи. Едниот од нив вчудовиден прошепоти:
- Пули го оној : покажа со глава на светецот - како и да мрднам, од каде и да го погледнам, право в очи ме гледа. Види, дали и тебе така те гледа?
- Да, бре, мајката, право в очи ме гледа! Ја да одам понатака...
Исто. Ниту мрда, ниту се движи и само ме гледа, та право в очи ме гледа! Како да е жив! Види дали и другите така гледаат...
- Така, право в очи... Како да се налутени, мислиш, штотуку не почнаа да не караат...
- Да не е некое привидение?
- Море, какво привидение! Погледни! Зарем намуртено не те гледа ли право в очи? Што му е, а?
-Ништо. Така се сликани. Зографот, сликајќи ги, право в очи ги гледал, та и тие него го гледале така...
- Храбар човек... - рече замислено и повтори: - многу храбар мора да бил зографот, штом имал смелост на светците да им гледа право в очи. Што мислиш, колку се стари ѕидовите?
- Да знаеше да зборува саѓата, ќе знаевме и ние. – Тој потсобра раменици, од чудење скрши веѓа и, воздивнувајќи, рече: - Лошо, многу лошо...
-Што?
Со очи покажа на другарката. Неа веќе ја имаше совладано дремка. Главата и беше насвалена настрана и од цепнатинката на устата и течеше врвца лига. И без да откине поглед од другарката, тој доврши:
-Кога в црква влегуваат расипани луѓе... И тогаш луѓето, народот колни. А клетвата народна, велат, е најголема, најтешка и најтрајна. Трае се додека е живо коленото, додека коренот има корен... додека сојот и родот трае. Како што колената не ги снемува, како што корените корен раѓаат, како што сојот не умира, така и лошото живее во клетвата народна што постојано се пренесува низ дамарите во народното паметење и како поука и како предупредување... ќе не колне нас народот, ќе не колне...
Само на неколку чекори од нив огнот се шири, се пласти жар врз жарта, пламенот ги споплати цепениците, вивнува нагоре и во партали - се кине. Се шири топлина. Борците распојасуваат појаси, откопчуваат шинели тие, кои седат поблизу до огнот.
Други скраја од огнот, исполегнати на камениот црковен под и покриени со старите италијаснки и англиски шинели, спијат.
Некој, со грбот свртен кон огнот, одеднаш скокна и се фаќа за рамо. Се шири мирис на изгорена крпа. Навалена па царските двери, задремува Мита. Болска, мижи и трепери синкаво пламенче врз цепениците под кои жарта блешти. Треперливо блеснува и наеднаш пораснува, исфрла нагоре искри и го разбива мракот. Светлина се растури и се разлеа наоколу, се подигна до таван, го осветли лицето и очите на Пандократорот;
се пројаснија крилјата на ангелите и образите на светците.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-udolnitsa/5 le 29 octobre 2026