Front Matter - Part 13
- А, да... “скромните чувства кон вас, ви ја праќаме следнава помош: 9 глави голем добиток; 156 глави ситен добиток; 136 оки и 500 грама волна; 134 оки и 100 грама сирење; 8 парчиња злато;25 оки и 100 грама маст; 54 оки и 150 грама сало; 218 оки и 300 грама жито; 936 оки и 100 грама граф; l47 рала чорапи; 32 торби; 20 метри шајак; 310 јајца; 46 кокошки; 22 кошули: 3 фустани...” Некој се закикоти, а Јани му шепна на оној, кој седеше најблиску до него:
- Од фустаните сигурно еден е за комесарот... А дали забележуваш колку точно селаните од Герман се измериле на кантар?
- Пушти, жити Господ... Ми се плачи од возбуда... Забележувам, како да не... Да - тивко рече тој - не само во оки, ами дури и во грамови... Ама не слушнав дали некој дал некоја коза или овца?
Ти слушна?
- Не слушнав... Можеби ги дале за борбата и напишале во некое друго писмо... Стрпи се, ќе видиме.
- Претпоставувам дека порано ги дале... Така ми кажа еден од моето село. Уште лани, есента...
- Тишина! - викна комесарот. - Ама, најпосле, имајте малку чувство на сериозност и немојте да се смеете со народната помош... Продолжувам да читам: “12 елеци; 8 панталони; 2 шала; 4 пешкири; 9 рала гаќи...”
- Машки или женски? - праша некој и водот удри во долга кикотлива смеа.
- Молк! Тишина! Сите ќе ве пријавам на рапорт! Тишина!
Завршувам: “10 оки тутун; 361 илјада драхми;264 кошници пчели.
Одговорни за НОФ-АФЖ
1. Михаил Гогаров
2. Софија Гакова”.
- Ова е се. А тие, кои се смееја, нека се срамат. И не само тоа.
Јас некого запамтив, па дури и сега гледам смеа и подбив во некои очи и нека бидат сигурни дека ќе бидат преземени соодветни дисциплински мерки, а можеби, дури и многу строги.
Здраво, другари борци. Сите на оружје, се за победата!... -комесарот ја извика вообичаената парола, се сврте и се изгуби во густата шума.
Јани плукна настрана и рече:
- Мајката, ами што остана за тој народ? А тој, пак, се онесува така, како да не е војник... Нарамил човекот чанта и трк од единица во единица... Тука, вошко една, остани со нас... Тфу!
- Таквите ги знае партизанско-војничкото око... Добро е што си отиде. Секогаш кога го гледам ми се чини дека нешто многу смрди наоколу...
- Да, отиде да им го чита писмото на други, небаре тоа среќа им носи... Дедо мраз, ебаго...
- Дедо мраз, ама не од своето. Тоа е се од нашите селани. Ги соголија и тоа не од сега. Лани, мислам ноември или почеток на декември беше. Откако од стадото одделивме овци и кози, ми пријде една женичка и ме праша:
- А, бре, чендо, види шо пиши туа?
- Што ти е тоа? - ја прашав.
- Ами, таму - покажа таа со прст - еден ол вашите, вели, на сите шо ни земаат овци и кози, дава вакви...
- Дај да видам - и велам. На ливчето пишуваше на грчки јазик:
“Аподикци”, значи “Потврда” и подолу: “Се потврдува дека доносителот на оваа потврда доброволно даде за потребите на народната револуција пет овци и три кози. По победата на револуцијата и востановувањето народно-демократска власт, народната влала ќе и плати.” Толку пишуваше. И го вратив ливчето, а таа молежливо ме погледна и, покажyвајќи со прст на ливчето, ме замоли:
- Види, бре, синко, шо пиши? Знаеш да пееш?
- Не, не знам реков - не сум писмен... - и таа ме погледна така, како јас да сум арамијата и сожалувачки ми рече:
- Ако, синко, ако... Белки коа ќе дој слободата, со неа ќе дој и некој шо ќе знае да пее, некој поучен, шо ќе знае да види шо има во писулчето, а не само да бери...
- А, ти, стрино - и реков - застани, ене, таму, на ридот и чекај го писмениот, ама и чувај го писулчето за да ти го пее тој учениот што ќе дојди...
- Е, ама си безобразен лајнар... - налутено му потфрли Јани.
И во тој миг се слушна растеажениот глас на Кољо:
- Е, ре, Трајко, шо работа не чека...
- Што? Зарем малку трупци нанесовме цела ноќ?
- Не зборувам за тоа.
- Ами за што?
Кољо го откина двогледот од очи и рече, подавајќи му го на Трајко.
- Од тука, од Горуша, се ти е на дланка. На, гледај, да видиш...
Гледаш?
- Ама што да гледам?
- Долу, бре, гледај, долу. Селата гледај ги...
- Ма какви села, само урнатини...
- Е, токму тоа, тоа е тоа што не чека... Почни од лево.
Калевишта... гледаш? Оди натаму, десно, десно реков... Ново Село, потоа Крчишта, па преку - Лабаница, оди десно -Косинец, па Д’мбени, отаде Долно Папратско, ваму - Желегоже, Чука, Граче, Света Ана, Лудово, Езерец... Да не ги набројувам сите. Урнати - изгорени, пепел сторени...
А колку ќе изгорат уште?
И?
- И нас тие не чекаат.
- Ја, мајката!
- Да, Трајко, нас...
- Нас, братче, тука во овие ровови и бункери се знае што не чека.
- Ами, јас не зборувам за сега, туку за тоа што ќе биде по бојовите. И си мислам дека со овие раце ќе ги подигнеме. Само да најдеме некој учен, кој на хартија ќе ни прази цртежи на куќи, а ние со скепарите и со мистриите... - мечтателски воздивна Кољо. - Со нашите скепари, чекани и мистрии ќе го разубавиме векот... Камењата, море Трајко, под твојот чекан и глето ќе добијат сјај и облик - куќа што ќе се вика, а во неа живот, љубов... радоста ќе се вглезди, дечки ќе се растрчаат...
ех!
Јани, кој досега незаинтересирано слушаше, наеднаш живна и рече:
- Море што ве слушам и гледам... А, бре, да не сте сосема луди?
Да не сте полуделе, бре, браќа? Зарем мислите дека јас по војната ќе работам? Та затоа акам толку години по планињето?
Дождот ме исцеди, снегот ме мразоса, ветерот ме исуши, та затоа да работам? А, бре, тоа ќе биде комунизам, а во комунизмо...
- Сите ќе ојме на казан... - се вмеша Кољо. – Нели така ни велеше зимоска другарката Вера? Ете, како сега...
- Море - се слушна поспан глас - само нека го донесат казанот, та цел ден би се вртел околу него... Еј, кога ќе слyшнам казан, тука нешто ми потскокнува - покажа тој на стомакот. - И мислам дека нема ништо поубаво од зборот - казан. Замислете:
полн казан со грав... Има ли нешто подобро, а?
- Е, па ти! Најде што да спомнуваш. Ајде дреми таму и повеќе не го спомнувај тој проклет казан...
Кољо почека да се смират гласовите, па ја продолжи мислата:
- Сите ќе ојме на казан, како сега. За пример, во тој твој комунизам, Јани, најленивиот, прв ќе застане во редот. Си имавме ние во нашето село еден Лазо. Секогаш со сакото префрлено на рамена. Шета, кутриот, гледа и вели: - Коа ќе дој тоа палежнио комунизмо, тогај никој, ре, жими госпу, нема да работа. Ќе работе само машинте. – А јас му велам: - Ти, Лазо, белки од сега да не се подготвуваш за тоа? - А тој ми вели: - Ти да малчиш, заш ако на партицкио секретар така му зборваш, тогај веднаш се пули дека си реаксја и контра и дека со вурзуазијата си играш о ено оро. Така да знаш... И да знаш -продолжува да поучува Лазо - о комунизмо нема да е така, ами ќе биди вака: на секој келку шо ќе сака, а не келку шо ќе работа.
- А јас му велам: -А зошто така? –А тој ми вели: - Затоа шо ако е инаку, никој нема да го сака комунизмо. Кој е, ре, тој луд, будала и врлав да работа и малку да добива? О комунизмо ќе биди обратно - малку ќе работа, а многу ќе добива. – И јас му велам: - А ти да не се подготвуваш за тоа? - А тој ми вели: - Аре јаска ак сакаш да знаш, јаска цел живот се токма за о комунизмо! Само на тоа мислам и чекам и пуљам по патишчата кога ли ќе стигне, златниот тој, комунизмо, да дај госпу шо побрзо да дојди. Пуља другите ка работе, а јаска, с’лде мисља цело време само за комунизмо. И се опитвам: кога, бре, мајка му низаедна ќе дојди шо побрзо тој комунизмо, та и ние сиромасите да се виме като људје и да се омрсиме на богата маса? А јас му велам: - Ти, Лазо, и сите кои го имаат твојот ум и разум и во комунизмот ќе си бидете пак сиромаси, голомешковци и парталковци. Лошото ќе биде во тоа што и ние имашлиите што лебот го заработуваме со рало, со вила, со мотика и срп, ќе станеме како вас - парталковци и ленивци. Тоа ќе биде лошото. – А тој ми вели: - За вас имашлиите о комунизмо ич нема да ми е гајле. Цел живот имате, барем еднаш да вите шо значи да немате. И ак прајте поинаку, тогаш ние ќе ви најме место - ќе ве клајме да прајте друмовишча, камен да кршите и да го делкате за палати... И да знаеш, Кољо, ми вели тој парталкото, де, - така не му се зборва на партицкио секретар, како шо ми зборваш ти мене. Со тоа покажваш, вели Лазо, келку голема контра си. - А да знаете дека партиски секретар во селото не беше некој лруг, ами другарот Лазо, ленивецот и мечтателот селски... А, бре и ти - му се оџвари Кољо на Јани - да не си некој како Лазо наш, а'? Види го ти него... по војната тој нема да работи... Море, бери ум зашто некој Лазо ќе ти го собери...
Јани итро се поднасмевна и, чукајќи се со прстот по – чело, рече:
- Еј, чукнете се по лејките... зарем заборавивте што ни велеше пред некој ден политичкиот комесар за тоа што им зборувал на политичките комесари другарот Захаријадис? Зарем ќе противречите на тоа што рече другарот Захаријадис? Ех, Кољо, Кољо... ако не мy веруваш на другарот Захаријадис, значи не и веруваш на партијата и борбата. Така ли? Молчиш а?
- А ти, многу си го видел, та...
- Ех, Кољо, Кољо... добро ти вели Јани - рече Аргир, штом така е речено таму високо, тогаш нема “та...”. Штом така рекол другарот Захаријадис, значи е така како што рекол и нема зошто да не му верчваме. Тој е умен, а на yмните им се верува, нели?
Што сме ние, бре, селаните? Умот не е кај нас, ами кај партијата, а партија е Захаријадис. Нели така ни рече политкомесарот? Ум има другарот Захаријадис и сите ние нему треба да му верyваме, нели... тргнавме по неговиот ум...?
- Доста треси, бре... - подвикна Трајко.
Јани се поднамести, се навали и рече:
- Вие, како сакате, ама јас по војната ќе си седнам на сонце пред селската таверна, ракиче, салатче денес, утре винце и печено пиленце и ќе си гледам од далеку, од далеку ќе гледам на планињето, ќе си спомнувам за ноќите неспани и тогаш ќе дремам, мајчината, ќе дремам се додека не ги оддремам сите непреспиени ноќи..., а кога ќе се разбудам, тогаш ќе ве гледам вас, будалаците, како кршите и делкате камен, како градите кyќи или палати и тебе како одиш не по свој ум... Со еден збор ќе одморам во потта и крвта што ги пролеав во борбата против англоамериканскиот империјализам и домашните предавници, во борбата, велам, за народната слобода и светската пролетерска револуција. Токму како што рече другарот Захаријадис. А штом така рече другарот Захаријадис, така мора да биде, зашто ако поинаку направиш, тогаш не си со Захаријадис, значи не си со партијата и стануваш предавник на оваа наша антиимперијалистичка и народно-ослободителна борба...
- Добро ти рече Кољо, бре Јани. Што си се заикал со тоа тој та тој. На тој негов Лазо ми личиш ти. Не оти во главата тој си има свој ум? Тyѓ ум, кутриот носи. Нему така му рекол некој, па така и си мисли. Не оти мисли со своја глава? Доволно е што ја има на врат, барем да се гледа дека има глава, а што има во неа, знае само тој, кој му ја полни... со лутина рече Мита. - И ти многу ми личиш и мислиш на оној негов Лазо, нели? Види го ти него, ќе дремел, човекот... да сме живи, па ќе видиме...
Јани не одговори, ами ја продолжи прекината мисла:
- А вие, кои ќе тргнете со скепарите и мистриите, тогаш ќе бидете антипартиски елементи затоа што ќе заборавите што рече другарот Захаријадис. Јас така ќе направам, а вие, будалаците, ојте со скепарите и мистриите по селата... Одвај чекам да заврши војната и штом заврши, јас ќе се женам. И ќе си лежам под дебелата сенка на селскиот чинар а младата невеста со прачка добро обрасната со шиироки лисје, ем ќе ме лади, ем ќе ги тера мувите од мене... И тивко, така, колку за свој ќеф и мерак ќе си потпишувам и ќе си потпевнувам:
Пилето ми пее рано на сабајле И ми ја буди младата невеста...
Така... Јас ќе си лежам, ме разбираш, под дебелата сенка на чинарот, а таа, младата невеста, рано на сабајле, разбудена од пилето - билбил, фрас вака, фрас така со гранката - ќе ги тера од мене досалните мувишта... А кога ќе падне мрак и на небо ќе изгрее полна месечина, ќе се перпелкаме во покосената трева и ќе правиме деца. Така де, деца кои ќе живеат во тие ваши куќи...
- А кој ќе ги храни тие деца, бре Јани, штом ти цело време ќе лежиш под дебелата сенка на селскиот чинар? - потсмешливо праша Мита.
- Кој ли? Па таа, работничката класа, која денес си седи во градските кафеани. Штом таа денес не се бори. Утре таа ќе мора да работи... А, вие, будалаците, би рекол, жими вера, опашајте ги мистриите и скепарите и ајде, ојте по селата камен да делкате, куќи да градите... И да знаете кога вие, денес јунаците од Копанче, Свети Илија, Горуша и Круша, утре кога ќе појдете да градите, да знаете дека потта ќе ви ја мерат само такви селски партсекретари како Лазо негов. А јас, велам, видов такви како вас и такви како Лазо твој, та затоа така ви зборувам...
- Де, бре, Јани, зарем одново ја фаќаш та ја менуваш песната? - праша Аргир. - Е, море, Јани, сал ни попуваш со некои големи, та празни зборови...
- Јас, ли? - налутено праша Јани.
Аргир сврте глава кон него, се загледа во неговите очи и со тон што мириса да кавга, рече:
Ти, ами кој друг... Да не е случајно стрина ми?
- Де, де - се вмеша Мита - уште тоа ни треба да почне некоја караница. Доста, бре Аргир. Денес си ми некој зајадлив...
- Остави - рече Јани. - Сакате да слушате или не?
- Ајде, удри штом си почнал, ама без големи зборови - пак се одзва Аргир.
- Вие знаете дека јас бев со бригадата. Е, откако ги завршивме борбите со арнаутските балисти, не собраа надвор од Гостивар...
- Каде е тоа? - праша Трајко.
- Абре, во Вардарско е, зарем толку не знаеш? - дофрли Аргир.
- Ја расформираа бригадата. Мене - продолжи Јани - како и многу други, ме викнаа во командата и по долго распрашување, ми рекоа:
- Ти, другар, или во ОЗНА или во УДБА... Одбери...
Не сакав ни таму, ни ваму, Ми рекоа:
- Непријателот, другар, се уште не е дотолчен, треба да го дотолчиме. Мораме да го дотолчиме народниот непријател...
Прифатив. Зошто да не. Си реков: па јас затоа нарамив пушка, за да се борам со непријателот. Штом командата бара, значи сум потребен. Добро. Ако се уште има народен непријател, тогаш во борба. Војничката униформа ми ја заменија со милиционерска. Црна. Скоро сите ние, и прости војници и команданти и комесари од расформираната Егејска Бригада - на служба против народниот непријател. Кој во армијата, кој во ОЗНА, кој во УДБА, по некој во народните одбори на власта...
Значи сите во народната власт против народниот внатрешен и надворешниот непријател. Некои добија нови униформи и чизми, чисти и болскливи - суратот да си го видиш како во огледало. И така едни потслушуваа, други поткажуваа и кодошеа, трети сослушуваа, четврти казнуваа. Под најголема контрола, се разбира, нашите од овој цел. А тие, кои се сторија главни пак си останаа главни и тропаа секаде: ние Егејците. та ние Егејците, такашто од тоа дури им се згади на Вардарците.
Народот се подели. Беа Вардарци и Егејци. а меѓy нив Власи, Ѓупци, Цигани, Срби, Арнаути. И од сите се ловеа народни непријатели.
Мене на почеток, ме пратија на служба во Тетово. Во касарната, ги чував грчките комунисти кои, бегајќи од прогоните на грчката власт, преминуваа во Југославија. Беа многу. Скоро сите офицери на ЕЛАС. Еднаш стигнаа дури двесте. Се наполнија касарните. Една ноќ ги товаривме во вагони и ги испративме во Булкес. Таму ги населивме.
- Чекај, чекај, Булкес велиш... Тие бyлкиотес што ги викаме, тие ла не се од таму? - праша Кољо.
- Да, тие се. Од селото Булкес, си го добија и името. А Булкес, ако сакате да знаете, е едно многу убаво село во Банат, близу романската граница. До пред три години таму живееле Шваби, значи Германци. Југословенската влада ги протера од цела Војводина и Банат. Таму и во некои други села, како Гаково, ги населија бегалците Грци и нашите - Македонци, најмногу од леринските и воденските села. Во Булкес Грците отворија голема земјоделска задруга, основно училиште и гимназија, имаат своја власт и свои пари, па дури и милиција, печатница во која печатат весници и книги и скоро сите кои беа борци на ЕЛАС таму учат да бидат политички комесари. Со еден збор Булкес е мала грчка комунистичка државичка во југословенската држава. Јас до таму ги спроведував бегалците.
Таму, во Булкес, ми кажуваа, честопати навраќаа Захаријадис и Маркос. Јас не сум ги видел. Потоа ме тргнаа од таа задача и ме испратиј во Отешево. Каде е? Крај, море какво крај, веднаш до езерото. Преспанското. Тyка ме пратија во името на народот да ги чувам народните непријатели. И јас во името на народот ги чyвав народните непријатели добро да кршат камен, добро да го делкаат и со врвот на иглата мерев да видам дали добро налегнува камен врз камен ... дури - како што велеше командантот - воздух да не пропушта. А каменот што излегуваше од рацете на народните непријатели беше употребен за градење вили за народната власт. Ги нарекоа “Југославија”, “Сyтјеска” и се некои имиња од преку...
Најпрвин го изградија хотелот “Југославија”. Всушност тоа беше одморалиште на Комунистичклата партија на Македонија.
Таму никогаш не сум влегол, ама дознав од други дека има 12 одаи, една голема сала за состаноци, кyјна. Дванаесетмината другари од Политбирото тука работеа, јадеа и спиеја. Народната власт доѓаше во Отешево со лимузини, а пред тоа целото место, па и патиштата што водат до таму беа чистени, демек случајно народниот непријател да не излезе, па да ја види народната власт. Народните непријатели, под строгото око на народните одмаздници, како мене, нели, целото место околу вилите фино го оградија со плетена жица, висока едно две метра и повеќе и најгоре врзаа и два - три реда бодликава. Случајно, ако мy текне на народниот непријател да посака да влезе внатре, демек, на неа да се набоди. А забрането им беше дури и на овчарчињата и воловарчињата од околните села да гледаат низ мрежата. По недели и празници, таму, крај брегот езерски - ТАА, народната власт. Тогаш уште кокалосани, значи слаби и суви ко коска, пиеја ладна бира, што алајките во мрежа ја спуштаа длабоко во езерото; поткаснуваа од јагнињата што се вртеа на ражен и од млечниците и питите што се печеа под сач. Селанки од околните села, во старозамански руби, народните, де, месеа и печеа пити; понатамy завиваа народни пеачки, гласот им се слушаше до под половина Галичица..., а им свиреа свирачи донесени од Битоља... да и биде весело на народната власт.
Жените, на тие од народната власт, дебелкасти, газлести и цицлести, на колковите и месиштата, само сало, жими вера, седеа под големи и широки омбрели... чуваа лица, демек од сонцето, да не поцрнат. А тие, пак, кои тазе имаа ставено златни заби, само мyс - цyс, правеа или со нокти чепкаа по зинатите усти за да го извадат комачето месо што им се зари меѓy заби...
А јас, лева - десна, од едниот до дрyгиот крај на жичаната ограда... лева – десна, исправен со германскиот шмајзер обесен на врат, чував и пазев, не дај Боже, некој пезевенк од народните непријатели случајно да не ја вознемири народната власт. А народните непријатели кои ги градеа вилите, тогаш, кога доаѓаше народната власт, ги теравме подалеку, во една котлинка среде шума. Таму, други како мене, ги чуваа и ги казнуваа... И си мислев јас: мајката, ете, јас, простиот од најпростите, чиј ли сум пријател и чиј ли сум јас непријател? И кој ми е пријател, а кој непријател?
- Абе ак си народен непријател, се знај шо се прај сос тебе... До sидче, бам и под земја. Нели е така, а? - се одгласи Аргир.
- Ајде, бре, шутрак ниеден, што знаеш ти за народните непријатили? Ете, на пример, како народната власт направи народни непријатели. Донела закон да ги снема козите...
- Што да снема? - праша Аргир.
- Козите, глупчо..
- Козите ли? Зар има толку будалаци људје шо се против козите? Има ли, а? Е, мајката, шо расипано време дојде... А, бре, знајш шо е коза? Коза, бре, уф, ум...
- Трај, бре, козоебец, нека зборува човекот!!! - подвикна Трајко.
- Сокрил човекот една коза во келарот колку за да има млекце за дечињата, попара барем да им дава. Гладно време. Козата – хранителка. Е, затоа што ја сокрил козичката - хранителка, тој станал народен непријател. Ама пред да го одведат народните одмаздници, пред очи на гладните дечиња му ја заклале козичката, го пратија во Отешево - за казна - камен да крши, со игла да го мери, а јас, будалиот, како што сте вие сега, кои мислите како што мислите, со шмајзерот вперен во неговиот тил, го терав посилно да удира со барјето - 12 кила тешко, и му бранев да гледа долу кон езерскиот брег, каде се мезеше народната власт. Во недели, реков, и празници доаѓаа партсекретари, команданти, комесари. Еполети на рамо, на широки, како дланката моја; светат од сонцето златните ѕвезди.
А јас кога ги гледав низ жичаната ограда, ми се чинеше како да гледав кавалеристи. Некои од нив имаа криви нозе. Не оти многу јавале коњи.. Не, туку, може ли човек орач кој со еден чекор држи две бразди, да има исправени нозе? Еве за пример, ти... цел живот си бил орач. Едната нога во едната, а другата во другата бразда. И свиткан напред. Тоа што имаш криви нозе и дека малку си свиткан напред и шијата ти е втисната во широките раменици, многу не се гледа. Ама, ако човек подобро ти се загледа, тогаш се ќе види. А кај нив човек не мора добро да се загледа, направо се се гледа. Обуени во пленети германски или бугарски офицерски чизми, ама облечени и во скроени униформи, веднаш им се гледа каде се криви и каде се прави...
Ете, погледнете го нашиот комесар на четата...
- Остави го него, кутриот - рече Кољо. - Тој е свиткан и грбав затоа што цел живот до пред да стане комесар, молзел овци...
- Или, да речеме, командантот на вториот вод на првата чета.
Вистински кавалерист!
- Е, море, ако сакаш да знаеш тој од кога се запаметил, постојано бил момок - измеќар, аргат, болвар и вошкар ...
- Бил, ама сега не е, нели?
- Не е, затоа што со помош на Кољо го зазеде бункепот. Херој, рекоа е тој, ама не рекоа дека веднаш после борбата, во трапот си ги переше гаќите. Потоа го испратија на некој курс за водници и ете ти го командантот на вториот вод на првата чета... Или да речеме заменикот политкомесар. Велат во Булкес завршил некој курс, наyчил што научил и ете ти го сега заменик комесар. За пример да кажам, број му ги зборовите и нема да изброиш повеќе од десетина. Само слушаш борба, партија, водач, империјализам, монархо-фашизам, капиталисти, револуција, агенти народни непријатели... Тоа ли се зборови.
Тоа се плуканици – валканици... И јас можам така и не значи дека можам да бидам и заменик политкомесар. И политкомесарот мора да има мозок, нели?
-А, бре, така наистински, ако му се загледаш, тогаш ќе видиш дека има криви нозе. И кога трча, тоа најдобро се глерда.
- Не! Тој нема криви нозе, туку чизмите му се криви. Еднаш, кога некој за шега му рече дека тие германските чизми што ги носи, му се многу криви, тој најсериозно одговори: - Баму мајте на Немците... од многу одење, марширање и тупање со нозе, ги искривиле чизмите, а кај се најде баш мене да ми паднат среќа?...
- Аре, зошчо така зборвате? Зошчо, ре, погани лафои на својте другари фрљате? Зарем не е страмота? Јаска веља е страмота.
Какви са такви са, ама народни, борци са... Утре мож ќе се сторе и големи људје, а народната борба сама такви родва...
- Море, ти таму немој многу да мудруваш. Се знае нашето. Еве ти на, што ќе бидеш ти голем човек... Море пули да не завршиш ко нашите во азиската. Се борел, на пример татко ми, не за некоја таму Мегали Елада, ами против Турците. Ама, како што велеше татко ми – секогаш бевме, вели коњоводци и на офицерите им ги перевме посраните гаќи...
- А дедо ми, кутриот, во малоазиската за малку што не настрадал. Офицерот, мајор бил, мераклија по жени и голем бекрија, им раскажуваше дедо на другите дедовци во селото. Се погодило, велеше дедо, мајорот пезевенк да ти го фатил дедо со некоја негова љубовница муабет да си прави и за малку што офицерот не го скопил...
Јани го згмечи опушокот со петата и го продолжи своето раскажување:
- А имаше меѓу нив и стројни мажи. Офицерските шинели, Господе, како им стоеја!!! Капите накриво ставени, како им личеа!!! Сте го виделе Постоли Гранити или Насо Гарефи? Е, само такви... Високи, стројни, дури и кобилите опуљ вртеа, а камо ли моми... Мажи, а не како тебе, ебате, кускуле...
- Кускуле, ама не сакаш да си ги мериме,.. Ајде, де?
- Не пречи. Остави го човекот да раскажува.
- А јас ги гледав нив и си велев - море 45-та да ни беше цела војска и сите команданти такви, му ебавме мајка на сите заедно и на секој одделно на оние од 1913 година! Таква една мисла на гордост растеше во мене, ми ги дуеше градите и ми го матеше разумот.
- Бре, бре... Ова како онаа песната... чекај, како ли беше мајката... А бре, онаа што ја пееја чупите во тоа битолско село кога влеговме четириесет и четвртата? Не ти текнува ли?
Јани накриви капа, се навали на карпата, повлече од цигарата, испушти облаче чад и зарипнато запеа:
Не се чудам, мила, моја мајчице...
- Оваа ли?
- Е, баш таа... - И продолжија двајцата да пеат:
Не се чудам, мила моја, мајчице, Што е војска многy, Мила моја мајчице, Што е војска многy!
Тук се чудам, мила моја мајчице, Како ја земја држи, Мила моја мајчице, Како ја земја држи!
- Хи -хи - хи... - потсмешливо се засркна оној чиј дедо за малку што не бил скопен.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-udolnitsa/13 le 29 octobre 2026