Front Matter - Part 12
Фимка го подигна буклето за да јa наводени крпата. Во буклето немаше повеќе вода. Истекоа само неколку капки. Стапалата и ги завитка со влажната крпа, се забради со црната шамија и тогаш забележа дека на големите прсти од нозете Циљка нема нокти.
- Што? Ноктите? - се насмевна тажно.
- Не само ноктите, туку и прстите ти се потсечени.
- Ми беа замрзнати...
Фимка воздивна и, стaнyвaјќи, рече:
- Ќе одам до потокот да наполнам вода и да ги заперам пљачките. Сигурно нема да појдеме додека не падне мрaкот.
Чекај - рече вчудовидена - ами, Циљко, каде ти е плетенката, чендо?
- Ми изгоре, мaјко, кога и јaс горев...
- Ако, ти да си жива, пак ќе ти порасне. - Долго се загледа во неа. Од градите и се откина долга и тешка воздишкa. - Полепа плетенка од твојaтa о цело село никоја чупа немаше. Како тељои космата, а плетенката дебела како ракатка. Ено влакно -ен флорин. Кога јaскa те пуље кога се врнвaше од чезма со стомната кладена на глава, секогаш си веле: - Мојтa чупа има најлепа плетенка. - Фимка подигна раце над глава и, покажувајќи како Циљка јa носеше стомната, рече: - Одеше како ерембица, исправена како ламбада и само плетенката на колкојте - фрт ваму, фрт таму. - Се насмевна тажно, потсетувајќи се на нешто што беше неоткинлив дел без кој сега се чувствува посиромашна. Умилно се загледа во големите и црни очи на Циљка. Се насмевна и таа и за првпат во овие неколку череци од времето, ги огреа радост. Фимка го извади од торбата иззабеното чешле. - Да ми те исчешлам, чендо. - И јa мазни косата, јa гали, јa бакнува и, не можејќи да прифати дека и јa нема плетенката, со ожалостен и разочаран глас вели: -Никоја чупа како твојтa плетенка немаше... Оф... ќе ти порасне космата и па ќе имаш лепа плетенка...
По скоро половина час Фимка се враќаше од потокот со буклето полно вода и со испраните пљачкиI на Циљка и по пат, на ранетиот што го носеше, му даде да се напие. Олејќи на кaј Циљка слушна машки глас и се сврте. Ранет, седнат и навален на дебелото борово стебло, замоли:
- Дај ми мене да се напијам...
Фимка виде дека тој нема раце, ами нешто завиткано во окрвавени валкани завои. Му го пренесе буклето до уста. Тој пиеше полека, со големи голтки и лакомо.
- Полека - му рече Фимка - ќе ти донесам уште.
Донеси, мајче, донеси. А да те опитам. Да не имаш тровче лепче? Не? Немаш? Ако. А цигара, ќе се најде ли кaј некого цигарче? Прашај, прашај, мајче, најди кaј некого... Ќе прашаш?
Ајде, прашај, замоли...
Фимка се распраша и му донесе запалена цигара. Му јa стави в уста, а тој влече и гледа во високото небо кое во партали синее меѓy врвовите на буките, часкум губејќи се над густежот на гранките.
- Придржи ми јa малку цигарата, мајче. А да те прашам. Троа лепче, велиш, немаш? Не ќе се најди? Не? Ако. Белки со мракот ќе стигне и лебот. А што ти е девојката? - тој покажа со глава.
- Керка, ќеркa ми е... И таа е ранета...
- Ранета, велиш? - праша тој и замислено и длабоко воздивна.
Подобро тоа, мајче, отколку засекогаш да останеше горе... - тој со очи покажа на планинските сртови. - Таму, мајче, многу останаа. А требаше и јaс... Принеси ми го букленцето. - Пие лакомо, со големи голтки. - Е, сполајти, да си жива... Така...
мда... - рече одолговлечено и замислено. - А требаше и јaс да си останев таму горе за секогаш... Така ќе беше најдобро. Ме гледаш? Двете раце... - ги мрдна рaменaтa, сврте глава настрана.
Зениците во неговите очи пливаат во солзи.
Фимка го погали по глава, молејќи го:
- Не, не прави така, не чини, не очајувај...
- Ами како да не правам така, како да не плачам, јaс кутриот, сакатиот - липти тој - како ли, како да не плачам, јaс несреќникот? Како ли и со што ќе си ги гушнам дечињата и невестата, како ќе си јa прегрнам старата мaјка, а? Тфу, бре, што лошо ме најде... Зарем мене мораше така да ме погоди, мене ли, што никому лошо не сум сторил?
Не знае како да го теши. Не може да најде зборови за да јa скроти и ублажи неговата болка и страдање. Го погали по глава.
Стана и отиде кaј Циљка.
- Што ти е, мaјко? Што си толку овената?
- Имаш ли малку леб?
- Ти се јаде, мaјко? Гладна си?
- Кога ве гледам сите така - рече Фимка со длабока воздишка - само чемер се собира во мене, чендо...
-Тука, мaјко, во џебот има едно парче. Земи го... Ти се јади?
Многу ли си гладна?
- Не, не Циљко, не е за мене. Таму има епен ранет, без раце е, кутриот, му се јади... Уф, што ми е жал... - со крaјчето од црната шамија избриша солзи што и навирија очи.
- На, дај му го...
Непознатиот со испупчени усни, небаре очекува бакнеж, го прифати сувото парче леб. Се разиграа неговите вилици, живнаа очите. Голтна и јa погледна в очи.
- Малку е - рече - ама најслатко лепче што сум го јал досега.
Сполај Богу и тебе, мајче... да си жива и здрава...
Фимка го гледа и не знае да најде збор за утеха. Досега таа виде многу ранети, а многy од нив сама ги пренесуваше на носилки или товарени на коњ и честопати, гледајќи ги, плачеше, секогаш мислејќи на своите три чеда. Ете, скоро година дена само прашува, чека вест да стигне. Денес таа е среќна. Сретна барем едно од нив и макаршто е ранета, срцето и се исполни со радост и среќа, ама и болката и се зголеми. И се додека седи покрај Циљка, додека зборува со неа, без престан и се наметнува прашањето дали знае нешто за Ристо и Ташко, да јa праша за другите момчиња и девојки од селото. Нема храброст. Се плаши од лоши вести. Во разговорите со жените, со кои носи муниција и храна и пренесува ранети, а понекогаш и се случувало и да закопува убиени, најчесто се велеше: -Лошата вест сама брзо ќе стигне и ќе те удри тогаш кога нaјмалку се надеваш.
Фимка се врати кaј Циљка. Дури сега забележа колку е изменета од ланската година кога јa собраа партизанка заедно со сите девојки од селото. Седи, јa гледа и во мислите го брои времето од нејзиното повивање до денес. Изброја осумнаесет жетви, ама без годинашнава. Така таа ги брои годините на своите рожби: по жетвите, по гроздоберот, по сеење и по лошите времиња. Тогаш кога Фимка ги повиваше своите рожби времињата најчесто се памтеа по лошото. Се помести, седна до неа и рече:
- Си пораснала, чендо...
- Сум пораснала, велиш... - се насмевна Циљка.
- Си пораснала чендо, по планињето - пустињето...
- Сите, мaјко - Циљка покажа со глава на ранетите исполегнати на лединката - сите ние тука и тие таму горе пораснавме и можеби созреавме по планињето. А дома, како е дома, мaјко? - праша Циљка.
Дома...
Дома за Циљка пред се беа баба и дедо и помалите сестрички и братчето, кон кои беше така приврзана, како водата кон брегот и како птиците кон небото, а кои, ете, скоро година дена ги нема видено; дома беше и огништето, кое најмногу го сакаше тогаш, кога надвор врнеше снег со големи партали или кога завиваше северњакот зад прозорецот, а во спузата се печеа костени и компири и во поллуосветлената олаја единствено се спушаше прскањето на искрите и тивкиот глас на дедо кој им раскажуваше приказни и тие, внучињата загледани во него, едно подруго заспиваа со убавите самовили и со лошите змејови под клепките. Циљка заспиваше последна. Со скоро замижани очи таа напнато вслушана во дедовото раскажување, се гледаше себе си како добра самовила којa им помага на сакатите и слепите, на гладните и жедните, заскитаните ги изведува на пат, се гледаше како во шумата си игра со зајачињата и верверичките и како со долга расплетена коса и со бел фустан до пети - игра по ливадите и лединките и собира цвеќе. Се оттргнуваше од таа занесеност кога до неа допираа, како далечно шепотење, зборовите на дедо:
- И кога дојдов до претсело, врaќaјќи се од пазар во Костур, каде за секого купив подароци, тогаш истрча тоа пусто кyче на Нановци и гав од тука, гав од ваму, јaс брани се со стапот, ама тоа а да ме касни, а да се фрли врз мене, пат не дава ла поминам и јaс, видов не видов, му го фрлив фустанот што го имав купено за Циљка и така си дојдов дома жив и здрав и вас ве најдов уште поздрави...
Е, тогаш Циљка се враќаше од занесеноста и, лутејќи се, му се жалеше на дедо:
- Е бре, дедо, зарем мојот фустан најде да му го фрлиш на Нановцкото куче? Мамо, ма, речи му на дедо да му го земи фустанот и да ми го дади...
А, дедо, за да не оди чупчето расплакано да спие, се враќаше до пред куќата на Нановци и јa завршуваше приказната:
- И скришум поминав одоколу, одокопу, олоколу... - тој зборуваше се потивко, додека Циљка не заспиваше во скутот на мaјкa си. Дедо, удирајќи го чибукот од керамитката што секогаш јa држеше до огништето за да си ги топли со неа студените нозе, и велеше на снаата: - Aј, невесто. клај ги дечките да спијат...
Дома...
Дома за Циљка беа и полните амбари со пченица и брашно и ношвите и кр’нгот и тепсијата и черепната и сачот и сукалото...
Одвај пркната и заодена, секогаш се врткаше околу мaјкa Фимка и од неа научи од вечера да зафати леб - во земнено черепче подновуваше квасец, а утредента, во рано утро замесуваше во ношвите. Потоа чекаше начнатото, завиткано во тенко ткаено платно, да порасне или да збруни или да фтаса. За делнички и аргатски денови леб се месеше од мешано -пченично, ‘ржано и пченкарно брашно и пешниците се печеа во добро загорената фурна, поставена скрaјa од дворот. А за баба и дедо, бидејќи немаа заби - киселица, по мерка две шепи пченично и по една – ‘ржано и пченично брашно и се печеше во черепна под сач. За добрите денови - за црковни празници, именденови, крштевки и селски панаѓури, за гостти и за праќање аскер и во туѓина, од чисто брашно, само пченично, се месеа погачи, кравајче, пред Велигден - леб наутлија и за в црква - прескури и пупчиња - жените им ги раздаваа нa децата по завршената богослужба. Питите и одеа малку потешко. Ама со годините и времето научи да го стегне кр’нгот и в раце да го заигра сукалото под кое добро измесеното тесто се сучеа кори за пита со пресул, со праз, со кастици, со кромид и свинско пржено, пита со тиква, со урда и праз, со коприви, со корки мешани со урда и јајца... сучеше и кори за бурек плескан со по четири или пет кори со урда, сирење, бурек виткан окол-закул со сирење и кори за бурек - плетениот... И за саралија со шеќер или со мед, за мазник - кори печени на сач и клавани една врз друга, та попрскани со млако топена маст, кори за оризник – и тие печени и попрскувани со маст и ориз или кори за лешчалник и фасулник, пак печени на сач та поливани со леќа или грав омекнати во млака овча маст... Печеше и турипечи, араслана со пченкарно попарено брашно густо поп-латено со свинско пржено и мамалике и млечник. Ум, прсти да оближеш и излижеш...
Дома...
Дома за Циљка беа и гребените за влачење и фурката и чикрикот и разбојот на кој во долгите зимски ноќи, баба Крстовица и мaјкa Фимка влачеа и предеа и на смени наведнати над разбојот ткaејa честопати до сури зори. Растеше платното за власеници и ѓурдии, за бечви и клашни, за покривачи и черги, за веленциња и килими... Врз бела основа - црно до црвено, па бело до црно и црвено до бело предено вткaјyвaa во белата основa и во неа радостите и жалостите и желбите и тагите и маките вткаени беа... И сандаците што макотрпно се полнеа со приќе и дарови невестински, за Циљка дома беа... И седенките, кога чупите од село се собираа и со шега и песна плетеа чорапи, фанели, капи, нараквици и малини, а беќарите - мајтапчии, вртејќи синџирче на прст, ги задеваа оние девојки кои имаа фрлено око. И тоа беше дома... И овците и козите и дворот полн јагниња и јариња; и воловите Баљо и Сивко и кравата Белка и двата коња и мачката и кучето Шарко и крушата до авлијата и бадемите и оревите и костените во Стара Ливада, бавчите, лозјата и благотата во каците и виното во бочките и песните пеени на седенки и ората виени во широки кругови на вигната и тоа беше дома.. А по нивјето, ливадите и лозјата, во бавчата и градината, во дворот и во одаите - певливо, заносно, ѕвонливо, солзливо, таговито - се пренесуваше пеењето на Фимка. Од сета душа и од длабочините на срцето излегуваше таа нејзина и љубов и дарба во којa беше внесено се што со себе со векови носеа старите и го пренесуваа на новите колена. Добрината и беше песна и тие две особини беа смирување, галење, олеснување и радyвање за сите кои јa слушаа. А во селото и околината луѓето не еднаш велеа:
- Кога запева Фимка, сонцето некако појасно и потопло свети, појот нејзин јa грее душата, јa смирува лутината, аргатската мака јa олеснува, ги полни срцата со некакво таинствено блаженство и замајување, маѓепсува, скротува, смирува, зближува, воздигнува и возвишува, а чучулигите губат лет во висина и славеите замолкнуваат, слушаат и љубоморат... И тоа беше дома...
Дома...
Дома беше и старата исчадена икона на Богородица обесена во ќошот и масленичето што без престан гореше пред нејзиното лице и молитвите тивко шепотени – за здравје и бериќет... Дома беше и гнездото ластовичино под стреата и цврцорењето на пилињата... Дома беше и џунџулето и опојниот мирис на црвениот трендафил врз чии лисје зората секогаш оставаше капки роса... Дома беше и што ли уште беше?...
- Дома, мaјко, како е дома?...- повторно праша Циљка.
Под лажичката Фимка почувствува болка, небаре сите чемери и горчини што ги носи, се стопија во грутка и стега пустата ко навиван чембер и неизречиво јa заболува - здоболува душа.
Воздивна. Од очајното движење на раката, Циљка свати дека некаква страшна бура завеа и со себе се понесе.
- Нема дома, ќерко... немa... Се е изгорено, ќерко, пепел сторено... - Распарлива воздишка и поду и и развали гради, се испомешаа мислите, а измореното и истоштено срце трепери, замрува, се стега во болката на очајот. Звуците, гласовите, тивките лелекања, болежливите потстенкувања и молежливите довикувања на ранетите веќе не допираат до неа. И се стресоа рамената и Циљка виде како меѓy прстите на мaјкa и, потекоа солзи. Навали глава нa нејзиното рамо, јa гушна, се пригушна до неа. Заплака. Липти тивко и во тој липтеж е целиот очај и нескротливата болка. Фимка откина раце од очи и уплаканото лице го навали врз главата на Циљка. И пак рече:
- Нема дома, чендо, нема...
- Ниту дедо, ниту баба, ниту дечките? - праша Циљка со глас скршен од плачот.
- Баба ти јa сместив кaј тета ти во Лабаница... Дедо ти го собраа аскерите, а мене ме собраа партизаните за да носaм со добитокот... и на плеќи. Селото го изгоре аскерот два месеца откако ве собраа вас чупите. Фрлаа со топовите од Четирок и од Нестрам.
- А дечките? Дечките, мaјко!? - со уплав во гласот праша Циљка.
- И нив ги собраа...
- Што? Кој ги собра?
- Aми доаѓаа од куќа в куќа, не викаа на собири тие од НОФТ-а и од АФЖ-ето и ни велеа дека ќе почнат големи борби, дека местото ќе гори, велеа, водите од реките и бунарите, велеа, ќе испарат од многу оган, а небото ќе го покријат ароплани кои ќе фрлаат бумби и жив оган, такашто се ќе изгори... велеа. А децата, велеа, аскерот ќе ги собери и ќе ги прати по острови, како на сургун и таму ќе ги yчат мајките и татковците и браќата да си ги кодошат и дека од нив ќе направат најлоши зулумџии и кољачи кои од крв мајчина ќе се ситат и сестрите ќе си ги поганат, велеа... И дека чупките, ни велеа, ќе ги направат алајки по куќите на богатите... Затоа велеа, треба да ги дајме децата од две до четиринаесет години. Ни рекоа ќе ги носат по државите, тaму, велеа, ќе имаат да јадат, ќе бидат обуени и облечени и ќе учат, велеа... ќе станат, велеа, учени, лекари, даскали големи људје ќе станат, ни велеа. Ами се дава дете о чужи раце? Кој знае по кои патишта и каде ќе го носи? На кој да му верваш?...
- Ами, како ги даде, мори мaјко?.. - со прекор во гласот праша Циљка.
- Како ли ги дадов? Зарем ги дадов? Те дадов тебе, ги дадов ли Ристо и Ташко? Јa прашува ли некој мaјкaтa кога тре-ба да се дава?.. Ве собраа... ги собраа...
- Ами тие се мали... каде ли се сега?
- Мали се, ќерко... Зарем ти си била голема? Знам јaс, Циљко, знам јaс колку тоа боли и се се опитвам зошто ли тоа ни го сторија?... Изгледа некој многу, премногу сакаше така да биде...
Разговорот им секна. Молчат. Погледот им скита по дрвјето, по парталите од облаци што високо бродат нaд боровите. Скришум се погледнуваат и се чини се прашуваат:
- Којa грижа е поголема и кој страв е помал? Има ли поголеми?
Фимка се прекрсти, зарони солза и со стегнато грло, ја врза прекината нишка на болката:
- Како ли ги дадов?... Зарем мислиш ги дадов?... Земаа та земаа... Прво ни зедоа чеда, а потоа ни зедоа овци, на три еднa, ни зедоа кози, на пет две... И благота и ‘рж, пченка и пченица до половина амбар и повеќе потоа... Се за борбата, ни велеа... А стрина ти, затоа што Лаки не се врати од Костyр во селото, кога беше отиден по книгите за да си оди во Канада, јa викнаа и јa затворија. И се му собраа, се. Гола куќата. Јa затворија како народен непријател, рекоа, затоа што не го викна Лаки да си дојди, а тие да го соберат како тебе... Местото наше, Циљке, го испоганија... А дедо ти, кога ги собраа дечките, нaјмногy... - во липтежот и секна гласот. Замолча малку и потоа рече: - Тој најмногу плачеше... Плачеше, кутриот, и велеше: - Нема повеќе да си ги видам мнучишчата... - И колнеше... - Фимка избриша солзи со крајчето од црната шамија и во тој миг на нејзиното лице Циљка забележа одвај видлива ведрина.
- А черешите, Циљко, годинава, черешите најмногу росијa... На, товарени гранките. Повеќе череши отколку лисјa.
- Aми нема кој ла ги јади... ги нема дечките...
- Ги нема... - Фимка испушти болна воздишка. – Ги немa... - повтори со скршен глас. Скрaјa од нив прелета белa пеперутка и во настанатиот молк на Циљка и се пристори дека го слуша треперењето на нејзините крилца.
Долгиот молк го прекина Циљка, којa замислено и исплашено тивко прозбори:
- Знаеш, мaјко, пред петнаесетина дена во нашата чета донесоа осум млади партизани. Речиси деца. Некој рече дека ги донесоа од државите. Јaс не разбрав што значеше тоа. Тие од второто биро се распрашуваа кој го рекол тоа. Не знам дали открија нешто, ама знам дека првите денови момчињата изгинаа. И немој многу да зборуваш зашто тука во планињето и дрвјата и камењата имаат уши. - Прекина. Погледна наоколу и по кратко молчење, со олеснување рече: Нашите се малечки... Белки нив нема да ги донесат...
Со здравата рака Циљка јa фати стврдната дланка на мaјкa си, јa принесе до усните, нежно јa бакна неколкупати и со насмевка полна тага, се потсети на нешто многу блиско, сaкано и драго:
- Мaјко - рече тивко, гледајќи јa в очи - порано секогаш дланките ти мирисаа на топла погача и леб, на млеко и сирење, на сено и пченица, на зрело јаболко и печена круша, на вино и на мед, на џунџуле и босилок, на свежа ораница и на пепел од нашето огниште и од фурната. А сега... - не и кажа сега на што и мирисаат дланките. Спушти поглед и сврте глава. Не сакаше мaјкa и да види како и навирија очите.
Фимка јa погали по глава како тогаш, кога јa држеше во скутот и почувствува дека топлината на нејзините усни и го затоплува срцето. И во времето што одмина од ланската година кога и ги собраа трите чеда и им нарамија пушки, таа дури сега, за првпат, се опушти, и олесна и единствена желба и е овој миг да потрае, да се одолжи во денови и да се развлече во години.
- Стaнвaј!!! - заори гласот на предводникот. - Станвај, кревај, товварај!!!
Живна, се раздвижи лединката. Затропаа копита, шумaтa се наполни со женски гласови, молежливи стенкања на ранети, долги коњски ‘ржења и остри команди.
- Поаѓај во колона!!!
Жените, кои јa носеа Циљка од горе, од преврзочниот, пункт, дојдоа и застанаа на чекор од неа.
- Ајде, мила - рече една од нив, прва се наведна и се фати за носилката.
- А ти, сестро, да не си и мaјкa на чупата? – праша пониската, цела во црнина.
- Мaјкa ми е - се одгласи Циљка.
- Касметлија... касметлија си, сестро. И не бери гајле. Ќе јa носиме чупата најлесно што ќе можеме... Оди, оди кaј твојот ранет за да не не караат. Ајде, оди - и без да ја погледне се наведна и јa подигна носилката.
Појдвај! Појдвај! - одново се слушна команда.
- Со здравје. Циљко, со добро - Фимка се обиде да се насмевне.
- И чувај се, чендо на мaјкa, чувај ми се... – се наведна, лесно јa гушна. Не заплака, ама во себе длабоко ја сокри големата болка и немирот што само мајчиното срце може да го има.
- Со здравје, мaјко... - врати Циљка и се загледа во челото на колоната. Не сакаше мaјкa и да види солзи во незините очи. По треперењето на рамената, Фимка разбра дека плаче. Покрај неа врви долгата колона осакатеници. Тропаат на тврдиот планински камен коњските копита, шушкаат опинците и босите стапала на жените, кои загледани во разофканите ранети, се сопнуваат од издадените корења и камења. Фимка сврте лице на кaј челото на колоната и, подавајќи пред себе раце, како да сака да прими пеленаче, со сета сила на својот дух и срце, прошепоти:
- Со здравје и со добро и чувај се... - и долго, долго гледа се додека од нејзиниот видик не се изгубија главите на жените кои го носат нејзино чедо. Одврза шамија, подигна раце и очи кон небото и, стоејќи како скаменета, се помоли: - Боже Богородице, Кои знаете што е болка по рожбата својa, чувајте ми ги чендата...
Пурпурот на западот ги запали врвовите и сртовите на планините, а зад парталавите облаци, ниско нависнати над небосклонот, вишнеат кон темникавото небо остри и оладени црвеникави зраци. Распламтениот диск на сонцето полека се спушта и, облевајќи го небото со алов пурпур, тивко згаснува зад ридот и во расплаканите очи на Фимка. Покрај неа се уште врви колоната. Во сивкавиот полумрак близу до неа поминува носилката со ранетиот без раце и покрај него уште еден маж, со очи вковани в земја. Тешко се движи на патерици. Чолакот сврте глава кон оној со патериците и, покажувајќи со брадата на Фимка, рече:
- Мора, кутрата, да си има голема болка, штом толку многу страда...
- А што, не си јa познал ли?
- Што рече?
- Те прашав дали си јa познал?
- Кого, бре, неа?
- Неа, де...
- Не... А којa е таа?
- А бре, волу, таа е жената којa лани есента си јa измамил, велејќи и дека го познаваш нејзиниот син. Не памтиш? А бре, онаа на којa си и ги зел чорапите, не ти текнува?
- Чорапите? А, да... чорапите... волнените, дебелите црни волнени чорапи, нели? Памтам, како не памтам. Многугу топли чорапи. До пролет ги носев. Памтам, ама неа. жената, не јa памтам... На, жими...
- Не се колни - го прекина. - Греота е и немаш со што да се прекрстиш...
- Велиш дека е таа? Мaјкaтa, а бре, еј, чекајте, бре... Па таа денес ми даде вода! бре, и цигара и лепче. А, бре, еј, чекајте, застанете... Викнете јa бре, да дојде да и речам... Тфу, бре, па дури не јa прашав како се вика, а толку добра женичка... А бре, еј, застанете, застанете реков... Ех!!!
ГОЛЕМАТА УДОЛНИЦА – 9 Политкомесарот, на крајот од излагањето, од офицерската чанта извади хартија здиплена на четири. Извалкана е и излитена.
- Другари борци! А сега ќе ви прочитам едно многу интересно писмо од кое ќе видите колкава поддршка има нашата борба кај народот. Почнувам... - тој се искашла, погледна на луѓето раседнати пред него.
“Ние, сите селани од село Герман, членови на нашата организација НОФ - АФЖ, собрани на свечен митинг, ви испраќаме најтопли и борбени поздрави... Нашите мисли се секогаш со вас. Колку што можеме тука, во позадината да наравиме, ние правиме се за да ви помогнеме, да не останеме поназад од вас.
Вие борете се посмело. Исполнувајте ги со срце заповедите на генерал Маркос за конечното yништубање на монархофашистичкиот sвер. Секоја грмyшка и секој камен на Грамос претворете го во гробница на монархофашистичките орди за да се осуетат поробувачките планови на англо-американските империјалисти, за да стигнеме до победата...”
- А, газот му, мајчин... - викна Јани. - Некој кератаја, го составил писмото... Како многу учено ми изгледа. Колку што си ги знам нашите селани, тешко дека тие го напишале. Можеби само се потпишале...
- Молк!!! - викна политкомесарот. - без коментари... Срамота!
Молк, реков! Зарем не гледате, не чувствувате дека писмото е инспирирано од борбениот дух на народот и од раководната улога на партијата на чело со големиот син на грцкиот и на славомакедонскиот народ, другарот Захаријадис?! Така. Тоа е факт, другари...
- Да живее другарот Захаријадис! - викна некој од задниот ред.
- Продолжувам да читам, а вие погрижете се да го запамтете секој збор кој нас не окрилyва... Читам:
“Грамос ќе стане симбол на нашата народно-ослободителна борба.
Ние, вашите родители, вашите жени и синови, ја сфаќаме како народна чест помошта до вас, борците на ДАГ и, изразувајќи ги нашите скромни чувства кон вас...”
- Е, нема што ... другар политички - пак се одгласи Јани. - Навистина многу трогателно. Читај, само со поголеми прекини за да можеме ние простите - припрости, неписмените, де, да ја сфатиме оваа длабока содржина на длабоки и продохувени мисли на нашите драги од селото Герман... Продолжи, те молам, и со малку повеќе чувство во гласот...
Комесарот кој досега во никоја единица не се сретна со таков потсмелшлив однос, се засркна, поцрвене од лутина и просаска:
-Тој што така мисли, другари, ми изгледа дека е нездрав елемент... Ама ќе процениме ние во штабот дали јас сум во право... продолжувам да читам и немојте да ме прекинувате.
Срамота... Молк! Одиме подолу... каде застанав?
- Кај скромните чувства, другар политички – дофрли Мита.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-udolnitsa/12 le 29 octobre 2026