The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
ПРЕДГОВОР БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО - Part 07
Наводно, Србија не може спокојно да ја очекува иднината во таква неизвесност и мора да ги определи своите национални интереси, и да излезе од дебата со свои иницијативи како што ги имаат и другите… Србија, вели документот, инсистира на федеративното уредување и се залага за авнојските принципи, но не зависи сe од неа, другите можат да имаат и други алтернативи… И токму во тоа лежеше политичката дефиниција на проблемот на распадот: прво, врз база на разбирањата на Меморандумот, Србија, поправо нејзиното водство, ја презедоа улогата на бранител на федерализмот, на социјализмот, на демократијата, на суверенитетот на земјата - како што се определени таму; а второ, тие ултимативно им се наметнаа на другите, така што другите веќе немаа можност за дебата за алтернативи, во познатите настани 1991 година. Сигурно е дека Меморандумот не беше прв и единствен таков текст во распадот на Југославија; тој веднаш предизвика тензии и реагирање со слични текстови, така што набрзо се појавија и други, а започна познатото делење меѓу политичарите, медиумите, науката и јавноста на “федералисти и сепаратисти”, на “про-југословенски и анти-југословенски”, на “централисти и децентралисти”, на “авнојци и реформисти”.
Интересно е дека во првиот дел на овој документ, кој опфаќа речиси две третини од текстот и во кој се анализира кризата на југословенското стопанство и општество, се дава доста верна дијагноза на состојбите во политиката, во економијата, во културата, во моралот, во науката. Последното десетлетие (1975-1985) беше време на тешки последици од промашувањата
во стопанскиот систем и во развојната политика, на неуспех на започнатата стопанска реформа и т.н. “договорна економија” воведена со Законот на здружен труд од 1976. Во тоа десетлетие брутопроизводот во Југославија расте годишно по стапка од одвај 0,6-0,8%, невработеноста се качува во однос на претходното десетлетие за 100%, т.е. на 15%, продуктивноста и конкурентноста на фирмите исто така опаѓаат, стандардот на населението рапидно се смалува. А земјата се презадолжува со кредити.
Таканаречениот “пазарен, самоуправен социјализам” не дава ефекти во животот, настапува стагфлација и инфлација, има дефицити на основните производи и енергенси, а се зголемуваат регионалните диспаритети. Во документот детално се опишуваат тие процеси и нивните социјални последици, и за изненадување, таа дијагноза не е начелно поинаква од оние на економистите во другите републики (спореди, на пример, со Mencinger, 1989). Се укажува на постојаната тензија меѓу политиката и економијата и на фактот што политичката елита, без разлика на системот и реформските планови, постојано врши ефективна контрола врз економијата и пазарот, се укажува на дискрепанцата на “договорната економија” и политички посредуваната “слободна размена натрудот” (од 1976) со “Долгорочната програма за стопанска стабилизација” (од 1982), која изискува чиста пазарна економија, монетаризам, дефинирана сопственичка и пазарна улога и слобода на фирмите. На крајот се доаѓа до колизијата со т.н. “Критичка анализа на функционирањето на политичкиот систем” (од 1985), која, пак, е чисто иделошки документ што се залага за повеќе дисциплина и индивидуална и колективна договорност. Во Меморандумот се тврди дека од тие соодноси и реформски застои, штета имале сите републички економии, а цената ја плаќале сите.
Но, тука започнуваат вон-научните и произволни анализи. Имено, дека во сите тие движења и развој најмногу трпела српската економија, давајки го само примерот на релативно-помалите инвестиции во српското стопанство, на понискиот “аутпут” по единица вложен капитал, но и депресираните цени на енергијата, суровините и земјоделските производи, како и
“преселувањето” на воената и тешката индустрија надвор од Србија. Во документот ќе се спомене уште и “напливот на капитал” од развиените региони во српското стопанство.
Всушност, во тоа време во сите републики се правени слични анализи дека нивните стопанства заостануваат или барем се “амортизирани” од другите во побрзиот развој, и затоа се обвинувани другите републики или политиката на Федерацијата. Сепак, Хорват, Мацура, Бајт, Менцингер и многу други, докажуваат дека се работи за системски контрасти и претежност на административниот и идеолошкиот сектор над целата економија, за разлики во продуктивноста, во управувањето со инвестициите и организацијата, и за диспаритети што пазарот по себе ги создава, а добиваат карактер на политички тензии и зголемен национализам, а не дека се работи за националистички или свесен однос кон српското стопанство и општество или пак – нација (Кatz, 1985, Horvat, 1985).
Но, Меморандумот, на оваа точка, во Вториот дел, нуди една сосем поинаква аргументациска конструкција, и тоа во однос и од аспект на српскиот народ, а не на државата Србија или меѓу-републичките односи. Имено, конструкцијата започнала од времето меѓу двете светски војни, кога силната Коминтерна заради сопствената стратегија го посакувала разбивањето на Кралството Југославија и затоа преку КПЈ создала образец дека српскиот народ во Југославија бил “угнетувачки” народ, а другите народи биле “угнетени народи”. Следувала оцената дека политичката хегемонија на српската буржоазија била следена и со економска доминација во кралството и дека КПЈ ги прифатила тие оцени на Коминтерната, трудејќи се секојпат да се ослабне таквата наводна позиција на Србија. Речиси доаѓа до една долготрајна спрега на словенечките и хрватските комунисти (Тито и Кардељ), до создавање национални -хрватска и словенечка КП, пред Војната, и до такви уставни решенија и реформи по Војната кои постојано ќе ја претпоставуваат моќта на Југославија со немоќта на Србија. Српскиот народ, наводно постојано бил обвинуван како “угнетувачки”, “централистички”, “пандурски”, му било наметнато “чувство на историска вина”, и отука српските
комунисти биле секојпат во дефанзива и молчаливи за да не бидат обвинети за хегемонија, за унитаризам, за централизам итн. Отука и подредената економска положба на Србија и постојаното депресирање на нејзиното стопанство како и инфериорната политичка положба во Федерацијата. Документот ја критикува владејачката југословенска идеологија не за марксистичкото гледање на нацијата и на меѓунационалните односи, туку за отстапување од него. Меѓутоа, кога се очекува да се понуди марксистичкото гледање, се останува на критиката на политиката на меѓунационалните односи. Тој, не успева да се врзе ниту со марксистичката ниту со некоја друга помодерна концепција на тие односи.
Меморандумот одбележува три главни точки на наводната инфериорна позиција на Србија и на српскиот народ: со системски мерки и свесна стопанска политика неговата економија заостанува и осиромашува; со Уставот од 1974 и со организацијата на федералните органи, Србија не е во еднаква позиција со другите републики бидејки има две покраини во чии надлежности не може да навлегува, а тие учествуваат во управувањето со Србија и дури се конститутивен дел на Федерацијата, па паралелно со Србија учествуваат рамноправно со неа во политиката на Федерацијата. Освен тоа, со правото на вето и со Соборот на републики и покраини, еднакво претставени, Федерацијата повеќе нема смисла, бидејќи е, не децентрализирана, туку дезинтегрирана. И третото прашање -положбата на српскиот народ во другите републики, бидејќи таму, вклучувајќи го и Косово во рамките на Србија - се третира како малцинство, правата на свој јазик, просвета, и култура му се одземаат и се намалуваат, а на Косово со децении владее вистински геноцид против српскиот народ. Меморандумот изнесува детални случаи од третманот на Србите во Хрватска и на Косово.
Меѓутоа, се даваат и редица други причини на незадоволство: од третманот на пример, на српската историја која некаде официјално се извитоперувала (мислејќи веројатно на третманот на Балканските војни во Македонија и фактите дека Македонија била завојувана и разделена, а потоа еден дел -окупиран од Србија), до третманот на српската литература која
во училишните програми се цепела на - црногорска, босанска, војводинска, или пак, до т.н. “заеднички јадра” во училиштата со кои се скратувало учењето на квалитетните српски автори, а механички се додавале “неквалитетни” од другите литератури. Текстот е полн со примери, но и со емоции, жалопојки и строга селективност кога се изнесуваат тешкотиите. Колку што се обвинуваат другите и туѓите народи, или, поточно речено, политички врхушки за еден вид заговор против Србија, толку се обвинуваат и српските политичари што заради своите интереси и привилегии не се поставувале решително на страната на националните интереси. Се разбира, се дава и директен повик, тие итно да состават национална програма и да се изборат за нејзиното спроведување.
Но, за кои системски решенија, тогаш, се залага Меморандумот? Тој е, наводно, за рамката на демократскиот социјализам, за граѓански и човекови права од западен тип, за модернизам и за цивилизациски вредности, за преуредување на односите во Федерацијата заради запирање на нејзината ерозија и дезинтеграција.
Особено, во однос на евентуалните промени во Уставот, Меморандумот се залага за четири основни точки: а) сувереност на народот, односно неговата слободно изразена волја како единствен извор на политички легитимет (значи не - елити, бирократија, врхушки, партиски, национални и други, туку слободни граѓански избори, мнозинство, малцинство, јавна контрола итн.); б) самоопределување на нацијата, сфатено во многу-националната заедница како принцип на единствена држава и државна политика, споен со принципот на политичка и културна автономија на нациите и националните малцинства, но не и суверенитет на деловите (републиките) кој ги поништува правата на другите (на пример на Србите); в) човекови права, во најширок спектар, пришто не се нагласува, но споено со оценката за еднаквата застапеност на сите делови во Федерацијата, произлегува залагањето за принципот “еден глас-иста вредност”, односно мнозинство претставници од таа Република во федералното претставништво; г) рационалност: нема услови за рационална политика кај нас. Државата ја чинат осум одделни и слабо поврзани делови, единствена политика не
постои, а кога би постоела на хартија, не би можела да се реализира во практиката…
Сета реторичка и внатрешна смисла на Меморандумот, без разлика на начелно исправната дијагноза на болките на федералниот и на политичко-економскиот систем и перформанси на самоуправувањето, е во предлозите за преуредување на односите во Федерацијата во смисла на прифаќањето на националните интереси на српскиот народ, на негова посебна положба насекаде каде што е, на негова зголемена моќ во федералното одлучување (преку мнозински избори), поповолна положба на неговото стопанство (преку зголемено учество во заедничката акумулација) а за нациите и малцинствата - културна автономија. Инаку, Федерацијата не би се сочувала. Од тој аспект, овој документ треба да се разгледува и во светлината на неговото преточување во литературата, публицистиката и во чистата политика, во нејзиниот најтрагичен вид: воениот конфликт. С. Антониќ го покажува тоа преточување во случајот на кругот на Академијата што му се приклучи на Милошевиќ, а во својата извонредна социолошка студија “Заробена земја. Србија во времето на владеењето на Слободан Милошевиќ” (Antonić, 2002, гл.2). Славко Милосавлевски ги побива сите начелни аргументи од Меморандумот, посебно во однос на Македонија, во своите “Разговори со Добрица Ќосиќ” ( Милосавлевски, 1997).
Сепак, супстанцата на српската национална доктрина е кристално јасно определена во трудот на Шешељ за делото на Лазо Костиќ. Макар што во време на излегувањето на оваа книга (2002), околностите на Балканот и во бивша Југославија беа потполно променети во однос на 1992, супстанцата останува иста. Во ова издание се поместени главно само фрагментите кои се несуваат на Македонија и на Македонците, но во целината на трудот, оценките и линиите на аргументација и политика остануваат исти. Имено, Србите се избран и најзаслужен народ на Балканот за цивилизизацијата, за културата и за триумфите на Европа. Најзаслужни за сите големи победи и пресврти во европската историја - од св. Сава и Цар Душан, до Косовската битка, востанијата, балканските и
светските војни. Биле херои, освојувачи и завојувачи, носители на духовноста и на културата, на прогресот и напредокот на Балканот. И во сиот тој, речиси мезозојски период - биле жртви, лишувани и ускратувани, неразбирани и потиснувани. Книгата во најголем дел се занимава со односите на Србите со Албанците и особено Хрватите, кои наводно им биле први непријатели, џелати, крадци на јазикот, на културата, на религијата. На пример, се наведуваат многубројни документи за геноцидни чинови на Хрватите и усташите од Втората светска војна, од периодот 1992-1995 итн. Екстензивни, но крајно селектирани извори се наведуваат за супремацијата и за супериорноста, за оригиналноста и за автентичноста на српската историја и култура на Балканот и во Европа, но и за инфериорноста на другите.
Селективноста на изворите, нивната пристрасна и еднострана интерпретација, априоризмот и дедукционизмот, се основните црти на методологијата на Шешељ.
Па сепак, и Шешељ и Костиќ не се толку исклучиви во негирањето на Македонците како етнос, специфична територија и заедница, особено со оглед на реалностите по Втората светска војна и политичкиот инжинеринг на комунистите, на Тито и на Темпо.
Овие биле успешни бидејќи, сепак, автохтоното население на Македонија имало некои јазични и историски специфики и традиции. Во основа, вели Шешељ, за Македонците не може да се каже дека се Срби во вистинска смисла, но се најмногу сродни, тие се - како браќа близнаци. Другите Македонци, во Пиринскиот и во Егејскиот дел веќе се асимилирани. Македонците објективно опстанале само во делот на Македонија што го ослободила српската војска, макар што Македонија отсекојпат се сметала за интегрален дел на српството. Ова е малку противречно на самиот автор, кој понатаму наведува дека само во Балканските војни на страна на Србија учествувале над 50.000 македонски борци. Костиќ, пак, наведува десетици историски документи за српскиот карактер на Македонија, за постоењето на Стара Србија и Јужна Србија како лулка на српството, за редица големи српски политичари,
уметници, научници што потекнале од Македонија и за тоа дека на повеќе меѓународни мировни конференции, Македонија била доделена на Србија- по етнички принцип.
Се наведуват Цвииќ, но и повеќе стари автори кои тврделе дека населението во Македонија е флотантна и аморфна маса која по потреба се приклонува кон Србите, кон Бугарите или пак – влашкото население – кон Грците. Меѓу двете светски војни, тоа население добило можност да стане српско население, односно Македонците да станат Срби, граѓани од повисок ред, национално да се издигнат во Срби, што е, инаку, и бугарска теориска парадигма за асимилацијата. Но, бидејќи по силата на воените и други околности (комунистичкиот инжинеринг) тоа не се случило, доколку федерална Југославија би опстанала, на Македонија ќе треба да ѝ се признае статус на федерална единица; доколку не би опстанала, Србија треба да ја припои со тоа што би ѝ дала широка автономија. На која основа би ја припоила? Јасно е дека и Костиќ и Шешељ играат на картата на меѓународното правно наследство на Кралството Србија, кое во Букурешт 1913 година го доби овој дел на Македонија, а правен наследник на тоа кралство потоа беше Кралството Југославија, наследник потоа беше ДФЈ, ФНРЈ, СФРЈ, СРЈ и на крајот повторно Србија. Идентична идеја со онаа на Мицотакис и Милошевиќ од 1992 година.
Третиот српски документ, оној за српската држава во програмите на српските политички партии до Дејтон, ги опишува националните и државотворни концепции на главните политички сили во Србија, при што овде ги поместуваме само оние на Српската социјалистичка партија (СПС) на Милошевиќ и на Српската радикална партија (СРП) на Шешељ. Првата е под директно влијание на Меморандумот на САНУ, усвоена 1990 и ревидирана две години подоцна, во веќе распаднатата СФРЈ и во ек на судирите во Хрватска и БиХ. Програмата е за Србија како унитарна држава, со задржување на автономните покраини само како територијални самоуправи, без државни надлежности, и за федерацијата со собрание избрано на принципот еден глас-иста вредност; коректив, но без особена моќ, би бил-соборот на федералните единици избран на паритетна основа. Постои само обврска на Србија да ги
одржува културните и други врски со своите малцинства во другите републики.
Веќе 1992 година, по раздружувањето на Словенија, Хрватска, Македонија и БиХ, програмата на СПС битно се менува. За раздружувањето, програмата, исто како и Милошевиќ на Хашката конференција за Југославија - го употребуваат терминот сецесија, отцепување, вонправно напуштање на Федерацијата итн., и го вклучуваат терминот -самоопределување на народите. Бидејќи, малцинствата во Војводина и на Косово не се народи, туку малцинства на други народи, тие немаат право на самоопределување, а бидејќи српските малцинства во Хрватска, во БиХ и во Македонија имаат статус на народ бидејќи живееле заедно со матичниот народ и биле признаени за народ, имаат право на самоопределување до отцепување. Врз основа на таа програма, во Хрватска и во БиХ веднаш се воспоставени Република Српска Краина и Република Српска, а се вршат подготовки и за други ентитети. Така, Програмата на СПС станува идеолошки вовед во југословенското inferno и на трагичните судири во Хрватска, во БиХ па и подоцна на Косово.
Програмата на СРП е уште поекстремна. Таа предвидува суверенитет на сите српски земји надвор од потесната Србија, единствена Србија, укинување на автономиите во Србија, непризнавање на републиките што се “отцепиле”, вклучувајќи ја и Македонија, и евентуално - нивно спојување во - Западна Србија. Евентуално - признавање на некоја автономија на Македонија во рамките на новата држава. Стотици илјади луѓе беа жртви на таквите “геноцидни” програми. Интересно е како програмите се спроведуваа во практика и како исто така стотици илјади луѓе веруваа во нив.
12. Анализа и дијагноза
Во анализата на етно-политичките платформи на нашите соседи, можат да се забележат повеќе својства, во социолошката терминологија т.н. квалитативни индикатори, што ги прават слични, а на места и воочливо исти. Тие својства и индикатори, некој вистина може да ги употреби како
аргумент за негативната претстава и имиџ на Балканот, за кој зборувавме во првиот дел. Најнежно речено, може да ги земе како аргумент за нус-продуктите и девијациите до кои се доаѓа во процесот на транзицијата, на системската па и националната еманципација на државите на Балканот, но и во сета Југоисточна па и Централна Европа. Впрочем, рецидиви и девијации во истата смисла доживуваат и историски и системски значително пофундирани земји на Западот.
Анализата на текстовите, односно документите, се разбира, може да се изведе и со квантитативни методи, толку вообичаени во современата социологија и воопшто наука. На пример, со семантичка или социо-лингвистичка квантитативна анализа. Би се покажале, на пример, степените на оптовареност на текстовите со етницизам, со историцизам, со политичност, со географичност или со гео-политичност, со теоризам или со прагматизам. Би можеле да се прикажат на тој начин, на пример степените на оптимизам или песимизам, на решителност или колебливост, на агресивност или помирливост, на студиозност или површност итн., што провејуваат во документите. За оваа пригода, анализата е повеќе општо-индикативна и сумарна, а укажува на неколку заеднички или посебни атрибути на документите. Тоа посебно, затоа што документите не потекнуваат од ист период, од исти извори, а особено затоа што не потекнуваат од сличен социјален и политички контекст.
Прво што паѓа во очи е поврзаноста на сите документи со академиите на науки, или барем со високи научни институции, но посредно и со високи државни, црковни, воени и др. органи на земјите. Тоа значи дека ниту документите, ниту нивната изработка, финансирање, публикување итн., не биле плод на чисто intervala ethno-lucida, на некои академски кругови во тие земји, туку на еден социјален и ментален контекст што е создаден во тие земји, но и на висока етно-политизација. Зад неа, веќе укажавме, се кријат особено, интересите на етно-елитите; не толку борбата за човекови, граѓански и етнички права, слободи итн. И во Македонија во 2002 имаше обид Академијата на науките да се вовлече во изработка на такви документи и политички пропозиции врз етничка основа (познатиот скандал со предлозите за т.н. “размена на
територии” со Албанија), но сe се сведе на една конференција за печат со несериозни аргументи (“ако двајца во брак не се согласуваат, треба да се разведат”). Вистина е дека и низ историјата, често, некои “имортални”, академици, се покажувале и како “мортални” и посебно, како “етно-мортални”. На Балканот, тоа, се чини, се поизразено.
Второ, анализата, води до индикација дека речиси сите доктрини, или барем нивниот основен пристап, се поврзани со марксистичката теорија на нацијата и етносот, на нивното наводно ослободување, самосвест, обединување и слобода. Но, всушност, тие се еден најобичен еклектицизам на елементи на етно-романтистичките, примордијалистичките и на марксистичките интерпретации на нацијата и на етносот, особено завиткани во обландата на граѓанското сфаќање на нацијата-држава или националната држава. Притоа, најмногу се употребува Сталиновиот, а донекаде и Карделевиот модалитет на овие теории, со цврстото нагласување на “слободата” на некоја етно-заедница, што има историски, крвно-родовски, територијален, културен и лингвистички, но и политички идентитет и континуитет. Имено, слободата, наводно, се постигнува само доколку нацијата или етносот на “својата” територија во целина, завладеат демографски и популациски, јазички, културно и политички. Изводот на таа теорија, подразбира дека во оваа историска фаза, нема слобода на заедницата без признавањето на тие елементи. Макар што, во основа, марксистичката теорија не ја смета нацијата за агенс на ослободувањето на човекот и на трудот, туку за неодминлив и дериватен продукт на капитализмот, кој не му пречи на ослободувањето; напротив, станува дел од таа општа еманципација.
Робустното пренагласување на историските корени на секоја нација, на нејзината улога во историјата, на нејзините завојувани и запоседнати простори, на угнетеноста од други нации и соседи, на нејзиното економско и културно единство, токму му одговара на современиот национализам и етно-центризам. Меѓутоа, бидејќи сите доктрини се определуваат за дефиницијата на нацијата во модерната смисла на зборот, односно за поврзување на нацијата со слободата и со создавање
национална државност која се совпаѓа со граѓанската националност, на оваа точка тие ја напуштаат не само марксистичката, туку и другите теории на кои се засновуваат; но од поаѓалиштето на еклектицизмот тие не можат да формулираат нова или поинаква теорија. Така е затоа што овие, а и многу други посовремени теории, подемот на нацијата го врзуваат за класичниот капитализам/социјализам и за државата и за нивната динамика и репродукција. Не за современото граѓанско општество, за демократијата, за човековите права, за пазарно-отворен простор итн. Отука, одбивањето и анимозитетот кон модернистичката, етно-симболистичката, идентитетната теорија, па и кон меѓународно-правната теорија на нацијата, етникумот итн.
Затоа, доктрините, што се инаку мета-теориска определба, говорат за етничка држава (прв степен или фаза) која во еден историски развој, ќе породи прво нација, а подоцна држава-нација. И самите документи даваат исклучително многу аргументи дека нивните нации се, наводно, никулец на создавањето на државите, односно дека нацијата, заокружено, постоела пред државата.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/balkanskiot-megaetnikum/8 le 29 octobre 2026