The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
ПРЕДГОВОР БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО - Part 02
Така, Рендом Хаус речникот, определува дека балканизмот значи поделба на една земја, територија итн., на мали, спротивставени, неефикасни државички (The Random House..1966. с. 113). Историчарот Фердинанд Шевил одамна, во 1922, го дефинира поимот на Балканот како земја Балканија, која спротивно на останатите делови на Европа кои, принудени од силите на географијата, се стремат кон национална, економска и политичка унификација, е “расцепена на многу географски единки сепарирани една од друга со природни граници, со различни народи населени во тие предели што многу помогнале да ги одржат во една инстинктивна желба своите оделни индивидуалности и што до денешен ден успешно им се опирале на сите напори што се чинеле за да дојде до нивното политичко обединување”. Пред некоја година, тезата на Шевил е повторена.( Schevill, репринт, 1995, стр.13).
Позната е оцената и на амбасадорот Џорџ Кенан во неговиот предговор на преобјавениот извештај на Карнегиевата
фондација за Балканските војни 1912-1913 година, напишан во 1993, во која зборува за истиот балкански свет каде што “древните омрази” истрајуваат во производството на меѓуетничко насилство и војни, со разлики само во воените технологии (Kennan, 1993, стр. 9). Во својата добро документирана студија за социјалните извори и причини на кризата во бивша Југославија и на Балканот, и во барањето социолошко објаснување на настаните, британскиот социолог Џон Олкок, сепак наведува мноштво извори и нагласоци на насилствената историја на регионот, што неодамна довела до подем на фанатичкиот национализам и омраза на другите народи. Тој тогаш го поставува прашањето - а што може воопшто да се очекува од регион чие име станало синоним за насилство, фрагментација и нереди? Произлегува дека балканските народи се речиси генетски дизајнирани за насилство, меѓусебни спротивставувања и конфликти. “Омразата,” пишува Олкок, “била наводно ендемична на Балканот, растегнувајќи се назад речиси до антедилувијалното минато… Би било дури и мачно целосно да се документираат претпоставките за непоправливата ирационалност и насилство на балканските општества” (Allcock, 2000, стр. 2-5).
Во својата често цитирана патеписна книга “Балканските духови”, публицистот Роберт Каплан го поврзува Балканот дури и со појавата на нацизмот: “Историјата на дваесеттиот век доаѓа од Балканот. Овде луѓето биле изолирани во бедата и во етничкото ривалство, осудени на омраза… Нацизмот, на пример, може да претендира на балкански извори. Меѓу крчмите во Виена, плодната почва на етничкото незадоволство блиско до светот на јужните Словени, Хитлер научил како да се мрази толку заразно”. (Kaplan, 1993, c. xxiii). Некои современи автори, дури и кога сериозно ја предизвикуваат претпоставката за насилната природа на динарскиот и балканскиот “антропо-вид” или племе, сепак му додаваат малку зачин на јадењето. Англиската професорка по социјална психологија, Кетрин Кармајкл, во својата илуминативна студија на национализмот и деструкцијата на традицијата, се концентрира главно на меѓуетничкото насилство, свирепостите и бруталностите на Балканот, посебно потпирајќи се на сведоштва од неодамнешните војни. Таа се обидува да оцрта и да конструира
некои историски аналогии, типизирајќи ги култовите и ритуалите на насилство и деструкција, макар и со многу чувство за значењето на контекстот : “Нам ни е потребна наука за човековото однесување in extremis, која е чувствителна на локалитетот, на историјата и на политиката. Исто така, треба да правиме јасна разлика помеѓу она што се случуваше на Балканот и она што е од Балканот.”(Carmichael, 2002, c.107).
Дали вистина Балканот и нашето соседство се такви какви што се мисли дека се? Дали и документите поместени во оваа збирка не се само каменче во создадениот мозаик на етно-митот за Балканот? Не е затоа случајно, што справувајќи се со етно-центризмот и нацио-центризмот, тоа можеме успешно да го сториме само ако се справиме со неговата поширока и историски создадена рефлексија. Бугарската историчарка Марија Тодорова, во својата исклучителна студија “Замислувајќи го Балканот”, прави строга дистинкција меѓу производството на научни сознанија и вкоренетата популарна митологија во дебатите за Балканот. Таа со многу право тврди дека добар дел од причините и поводите за интра-балканските конфликти се всушност увезени однадвор, дека од Балканот е создаден еден мит, инструментален за идентификацијата и само-идентификацијата на западно-европската и западната култура и вредности воопшто. “Како во случајот со Ориентот, Балканот служи како депонија на негативни карактеристики наспроти кои е конструирана една позитивна и самодопадлива претстава на “европското” и на “Западот”…” (Todorova, 1997, c.188).
Па сепак, и Тодорова и мнозина други автори, спротивставувајќи му се на негативниот мит на Балканот, по една успешна и, дури, маестрална историографска дебата и “одбрана” на Балканот, во која покажуваат дека ништо помалку неповолни етно-модели и искуства или пак својства покажувале и западно-европските и воопшто т.н. земји на западната цивилизација, доаѓаат до едно проектирање на минатото во сегашноста, а многу често и во иднината. Приближно, Балканот е таков каков што бил и каков што е, но и другите региони или делови на човештвото не биле или не се ништо поарни. Ќе остане ли затоа Балканот уште долго време таков каков што
бил, стереотипно, порано и каков што е сега? Освен тоа, еден, не-мал фонд современи извештаи и стратешки студии му додаваат на Балканот и на неговиот етно-профил инклинации кон корупција, организиран криминал, трговија со луѓе, дрога и оружје, но и други “цивилни” инкриминации. Џон Ц. Дик, од Британската академија на одбраната, неодамна оцени: “Тешко е да се замислат Русија, Украина, Молдавија, најмногу од бившите земји на СФРЈ или Албанија, да не говориме за Белорусија, во оваа светлина (европеизација-Д.М.). Ниту една од нив не поседува или не покажува никаква волја да развие во некое скорешно време стабилно цивилно општество, со заеднички, западни вредности, со владеење на правото и со ефикасна, колку-толку, чесна бирократија. Транзицијата поверојатно ќе се движи кон ултра-национализам и авторитаризам (сосем можно кон неофашизам) одошто кон либерална демократија… Овие земји, од таа страна на ЕУ-границата во новата поделба на Европа, веројатно ќе останат економски релативно неразвиени подрачја, значително лишени од плодовите на глобализацијата. Политички, тие ќе инклинираат кон нестабилност и ранливост или кон авторитарност и неволји”. (Dick, 2003, c.41-42) Дијагнозата на овој автор е дека просторот на бивша Југославија, на пример, не само што не го изгубил својот потенцијал за конфликти, туку и дека војните за сукцесија веројатно не се завршени. Само првата рунда…
4. Контрапунктот и развојот
Меѓутоа, има и една друга линија на анализа, која потврдува дека кризата на Балканот може и поинаку да се толкува, доколку се примени продлабочен научен дискурс. Таа го проблематизира и самото поимање на балканизмот и на “земјата Балканија”. Виктор Фридман, од Чикашкиот универзитет, стручњак за балканска лингвистика и културна историја, во повеќе свои трудови покажува дека јавните и политички стереотипи за Балканот не се ништо друго освен обид модерноста на регионот да се проектира врз основа на неговото минато, особено врз основа на специфичното поимање на минатото. “Балканизмот” пишува тој, не е претежно поим или синоним на “политичка и етничка фрагментација”. “Постои
широко прифатено значење на терминот “балканизам”, што е сосем различно од терминот фрагментација. Во лингвистиката, балканизам е својство што го споделуваат неповрзаните јазици на Балканот. Граматичката структура на јазиците на Балканот ја потврдува со векови долгата мултилингвална и мултиетничка коегзистенција, дури и на најинтимно ниво” (Friedman, 2001/2, c. 152).
Вистина е дека од пред векови наваму, на Балканот се одвивал еден интензивен процес на интеракција, меѓувлијание, заемна зависност и коегзистенција на најголем број од народите: исто така е вистина дека најмногу од споровите и војните на Балканот не биле меѓуетнички или религиозни, дека најмногу од нив биле или дел од многу пошироки судири или пак биле увезени однадвор. Нагласокот на Фридман, но и на мнозина други автори, е дека балканизмот, а според тоа, пред сe, појавата и изразувањето на национализмот во регионот, треба да се проучуваат и да се третираат не како претежно ментални и етно-ментални појави, не како историски и геоге-нетски зададени, туку како социјални и развојни појави, односно како појави што можат темелно да се објаснат со каузалноста на социологијата и културологијата. Токму на оваа точка, психогенетските објаснувања на национализмот, на етносудирите и на матрицата на појавување на искривоколчениот етносимболизам како и на сите сфаќања дека кај балканските народи во начело превладува образецот на конфликтност, во најмала рака значително се релативизираат во нивната аргументациска моќ.
Социолошки гледано, сиот регион на Балканот, па и пошироко, е значително помалку развиен од другите европски региони, посебно од Западна Европа. Во европската социјална и економска историја, тој најдолго останал во фазата на прединдустријализмот и аграрната продукција и во фазата на предграѓанската социјална стратификација и структура; всушност типични граѓански револуции и преврати во овој дел на континентот и немало ниту пак до типични граѓански политички институции се дошло под притисок на некоја развиена граѓанска класа. Национално-ослободителните и преродбенски движења во 19 век, по правило во сите балкански
земји никнуваат главно на рурална и аграрна почва, со исклучок на малубројните елити, образовани, најчесто, во други земји. Тоа впрочем и го спречило создавањето на држави-нации како интерес на граѓанската класа и цивилното општество кое ја втопува во себе нацијата, но и како интерес на капитал-односите и пазарното стопанство.
Најголем број од севкупно малите балкански држави заради сето ова стануваат донекаде династички, олигархиски и авторитарни, држави со силни и заострени внатрешни контрасти, противречности и нерамномерен развој. До големи развојни разлики доаѓа, значи, внатре во секоја од нив поединечно, и тоа особено на линијата центар-периферија, потоа меѓу нив како држави, и на крајот меѓу Балканот како вкупна периферија и европските регионални центри. На овој аспект на инаку познатата социолошка теорија на развојот и соодносите центар-периферија, во еден продлабочен студиски прилог кај нас укажа д-р Денко Малески (Maleski,2001/2002). Имено, наспроти сите тврдења дека Балканот и оделни држави поединечно се лоцирани на централно гео-стратешко место во Европа, дека практично го контролираат преминот меѓу Западот и Истокот, дека претставуваат мост на континенти, стопанства, култури, религии итн., точно е дека балканските земји отсекогаш, посебно по 14/15 век, биле на перифериите на големите империи - Отоманската, Австро-Унгарската, Руската па и Рајхот. Неизвесни и несигурни во нивните меѓусебни односи. Отука, ниту имало интерес да се вложува во нивниот развој, ниту пак да се хомогенизираат културно или цивилизациски. Некои региони или држави, сепак, биле поблиску до центрите и биле помалку периферии, за што типичен пример се Словенија, Војводина, а донекаде и Хрватска.
Во такви услови на неразвиеност, изолираност и сиромаштија, балканските земји, поточно владејачките кругови, својата иднина по правило ја гледале во завојувања, во освојување нови територии, во станување голем народ, во играњето фактор во шемите на големите сили, или пак, во добивањето некоја династичка лоза од тие сили. Впрочем, на овие моменти како важни за социјалната историја на Балканот укажуваат
множество познати автори (М. Глени, С. Троебст, Ст. Прибиќевиќ). Во својата исклучителна студија на економиите на Балканот до Првата светска војна, М. Палере, ги оценува како економии на еволуција без развој (Palairet, 1997). Тоа се повеќе ендогени причини за контрастите на Балканот, на кои се надградуваат или ги искористуваат екстерните чинители.
Вториот значаен социолошко-развоен момент и објаснување на етно-генезата и етно-односите на Балканот, а посебно на тие односи во секоја поединечна земја, се изразува во фактот и во вкупната фактографија на локацијата и егзистенцијата на деловите на народите надвор од матичните земји, на неразвиената периферија на другите земји. На пример, македонското, албанското, турското и влашкото малцинство во Северна Грција, живеат во подрачје, кое според грчките и ЕУ-критериуми, е неразвиено подрачје. Албанската популација во Македонија е главно населена во Западна Македонија која исто така според македонските стандарди е неразвиено подрачје. Но исти такви неразвиени подрачја се и источно-албанското, во кое живеат Македонци и Власи, северозападното подрачје со црногорско, српско и македонско малцинство. Пиринскиот дел на Македонија во Бугарија исто така важи за неразвиен, а го населуваат во добра мера Македонци и други малцинства. Да не говориме за примерот на Косово, кое во огромна мерка беше населено со Албанци, а во бивша Југославија, подоцна и во СРЈ и во Србија-Црна Гора, беше пример за неразвиено подрачје. Слични разлики во економско-социјалниот развој можат да се проследат во Босна и Хецеговина, меѓу просторите што главно ги населуваат Србите, Хрватите и Бошњаците. Меѓутоа, ако се проучува систематски, истиот случај е дури и во Словенија со малите подрачја населени со Унгарци во Меѓумурје и со малку Срби во Бела Краина, или пак во Книнска Краина во Хрватска.
Бидејќи целта на оваа предговорна анализа не е истражувачки да се осветли целокупната проблематика на односот на етнос-развој-стандард на Балканот, овде оваа тема нема повеќе да ја продлабочуваме. Инаку, таа, вистина заслужува посебно разгледување, за што неодамна, дадовме барем два прилога во странски извори (Mircev, 2003, Mircev, 2008). Истражувањата на кои реферираме, се однесуваат особено на примерите на
бившата Југословенска федерација, во која ниту по половина век насочен развој и политика на забрзан напредок и инвестиции во неразвиените подрачја, републики и покраини, не се успеа разликите во развојот и животниот стандард на населението, колку-толку да се урамнотежат. Напротив, во некои значајни агрегати, тие дури и се продлабочуваа.
Според многу анализи (Mencinger, 1989, Bilandzic, 1985), разликите во производството, во продуктивноста, доходовноста, во извозот и во увозот, но и во вработеноста/невработеноста, во просечните примања на населението итн. меѓу развиените и неразвиените во федерацијата, имале сразмер 4, 3 или 2:1. Тоа беше објективна подлога за тензии и докажувања дека едните се експлоатирани од другите и затоа или живеат полошо одошто можат, или не живеат доволно добро и не се развиваат доволно брзо колку што можат. На таа основа, посебно во декадата пред формалниот распад на федерацијата, настанаа тензии во политиката, во медиумите и во јавноста, но и во економијата, па и во науката и во културата за тоа која република и покраина профитира, а која губи во заедничкиот опстој во земјата. Природно, бидејќи републиките и покраините беа национално и етнички засновани ентитети, тензиите околу развојните трендови, заостанувања или напредок, добиваа примарно етнички и етно-политички набој, односно беа објективна подлога на која се генерираа национализмот и етноцентризмот.
Во нормални услови, во земји со развиен пазар, со сопственичка и отворена економија, и со политички систем кој не допушта мешање на политиката во економијата, а го почитува правото и граѓанските слободи, развојните дискрепанци би се решавале преку сосем други механизми, на пример, пазарни, банкарски, со потикнување на инвестиции, кредитирање и сл. Но, во услови на партиски дисторзиран и контролиран федерален и социјалистички систем, разликите можеа да доведат до ништо друго освен до борба за редистрибуција на доходот и до тренд на зголемување на етно-политичката контрола врз акумулацијата. Па сепак, не беа сами по себе развојните разлики во популацијата и просторот
непосреден повод за бранот конфликти, тензии и подоцна вистински судири што ја зафатија земјата.
Социолошкото објаснување на меѓуетничките односи и контрасти во една заедница е многу посложено и слоевито. Во мултиетничките заедници, национализмот и етноцентризмот, впрочем, се појавуваат обично и кај претежните и кај помалите групи, односно и кај етномнозинствата и кај етно-малцинствата. До тоа не мора да доаѓа заради корелираната акција-реакција, не мора нужно да се случува ниту во исто време и на исти начин. Национализмот на претежните нации во балканските земји може да биде резултат на незадоволството со напредокот за што ќе се обвинат етно-малцинствата, или резултат на стравот од промени, во кои наводно би се изгубила водечката позиција во заедницата, или, пак, позицијата во меѓународната заедница. Кај другите етникуми, освен од незадоволството со стандардот и социјалните услови, тоа може да е резултат и на чувството на потиснатост и безнадежност, на губењето на социјалниот и културниот идентитет, особено во периоди на кризи и промени.
Во случајот на Македонија, може да се утврди, на пример, дека вкупниот општествен и економски развој по 1945 година, стимулирал различни, одделни и оделени обрасци и матрици на развој на македонската, албанската па и на другите етно-групи. Македонската повеќе се врзувала за урбаните населби, за индустријата, за државниот и за јавниот сектор, нејзината мобилност и миграции биле главно кон другите југословенски републики или пак во форма на трајни прекуокеански миграции. Албанската етно-група, е повеќе врзана за аграрот и за земјоделието, за селото, кои заради политиката и идеологијата на системот биле депресирани и запоставени. Па сепак, системот значително му погодувал на демографскиот бум на албанското население, овде но и воопшто во Југославија. Цената на репродукцијата, имено, ја прифаќала државата, без разлика на кое подрачје, аграрно, индустриско и сл. Но, аграрот во секој случај бил потиснат.
Тоа од своја страна довело до потреба од повеќе работна сила и барем во почетокот имало извесно влијание врз демографскиот
бум. Освен тоа, во Македонија, оваа етно-група се врзувала повеќе за приватниот сектор и сопственост, за трговијата, за привремените миграции во поблиски, европски земји. Сигурно е дека и т.н. тип на “семејна економија и солидарност” имал влијание врз обрасците на репродукцијата. Заедно со разликите во религијата, образованието итн., овие две, па и другите заедници, се развивале паралелно, сепаратно, а во извесна мера и контрастно. Ова влијаело и врз појавата на значителни социо-демографски и развојни разлики, на зголемување на т.н. суштинска етнодистанца, на стереотипите, на изолираноста, и на комуникативност меѓу заедниците повеќе само на симболично ниво (Савев, 1996. Ташева и др., 1998, Петроска-Бешка и др. 2000). Дури, во крајна, политичка линија, овие разлики и дискрепанции доведуваат до етно-конфликти, како подлога и на оној во Македонија 2001 година.
Отука, изводот на социолошката анализа на општествено-развојните дискрепанции како објективна подлога за појавата и опстојувањето на национализмот и етно-центризмот, без разлика дали на етно-малцинствата или на етно-мнозинствата, без оглед на големината на државите што се во прашање, е во залагањето за поурамнотежен и избалансиран социо-економски развиток, за позабрзан развиток, во кој како активен чинител ќе бидат вклучени сите држави во регионот и потем, во нив сите социјални и, пред сe етнички групи и заедници и од кој сите тие ќе имаат корист и подобрување на своите социјални услови. Доколку ваквиот забрзан и урамнотежен развиток се совпадне со едновремениот развиток на структурите на цивилното општество, со подемот на отворената, пазарна и претприемачка економија, со процесите на глобалната и регионалната комуникација и интеграција, ќе бидат пресечени или пак значително ослабени некои силни корени на етно-центризам, етно-агресивност и етно-експанзија на штета на другите заедници. Па сепак, да признаеме дека ова е една хипотеза, за која немаме докрај- вистински или признаени аргументи.
Во современата литература за национализмот и етноцентризмот, односно за нацијата и етникумот, на прашањето на развојот на заедниците, пред сe, на социоеко-номскиот развој, му се посветува значително внимание, макар
што гледиштата не се ниту приближно исти. Британскиот социолог Том Неирн, чии ставови заслужуваат силна почит и внимание, смета дека империјализмот и нерамномерниот развој се причина за национализмот како глобален феномен. Неирн таа причина повеќе ја разгледува од аспект на поголемите, на поразвиените ентитети, кои создаваат контекст на реакција кај малцинствата, по која и да е основа.
Тоа е вистина така. Национализмот, етноцентризмот и непочитувањето на правата на етно-малцинствата може и кај етномнозинствата да бидат генерирани како од чувството така и од фактот на стагнација, на недоволно брз развој или пак – од нискиот стандард, во споредба со други и сл. Понатаму, кога се зборува за империјализам, секако не се мисли на оној од Лениновата или од марксистичката терминологија, туку на секој “империјализам”, па и на современиот, на регионалниот и дури - на локалниот. Но, во основа, проблемот е во производството на чувства, кое наидува на плодна почва поради нерамномерниот развој, што е согласно и на истражувањата на познатиот етно-социолог Ернест Гелнер. (Види- Nairn, 1977; Gellner, 1964).
Сепак, со своите предупредувања од опасноста на социологизмот и механичкото разликување на линиите на социјалното и етничкото групирање што наводно може да ја искриви сликата на корените на национализмот, оправдано се јавува подолу цитираниот руски етнолог Владимир Тишков, а уште повеќе и веќе наведениот проф. Антони Смит од Лондонската економска школа. Овој со право укажува дека национализмот го има во сите социоекономски контексти и средини, како и во сите системи; не нужно, само во оние што заостануваат или се развојно различни и депресирани (Smith, ibid. c.35). Па сепак, нема друга објективна основа, за да влијае, во крајна линија, на производството и оперирањето на национализмот и етно-центризмот, особено во нивните крајни и брутални изводи.
Во случајот со бивша Југославија, а начелно и со Македонија, природната желба и амбиција да се надмине, во тоа време, длабоката социјална и економска криза во земјата, и исто така
веќе споменатата отворена енергија на национална и етничка еманципација, на барање нови социјални и групни идентитети, генерираше бранови откажување послушност, отфрлање и дискредитација на претходниот, социјалистички систем. Клучен посредник во промените што беа на прагот, беа, сепак, етно-политичките елити. Нашите истражувања говорат дека во услови на федерални и повеќеетнички државни формации, за да се одржи старата елита на власт и да ја сочува моќта и позицијата на легитимен начин, единствено решение што сметала дека и е на располагање било да се сврти кон својот етникум како кон реално-постојна заедница која овозможува заштита и легитимет на власта.
Во бившата федерација, од 1974 до 1990 година, легитимитетните извори се селат од федералниот врв во републичките и покраинските, односно во етно-политичките ентитети. Меѓутоа, распадот на комунистичките партии како единствен скелет на федерализмот во тие заедници, значи не само крај на социјализмот, туку и почеток на етно-политичките центризми и национализми. Затоа, многу често, зад природниот и посакуван праг на промени во насока на граѓанско општество, сопственичка и претприемачка економија и политичка демократија, настапува националната економија, етно-центристичката држава и старата комунистичка елита сега во својство на рециклирана етно-елита. ( Mircev, 1993).
5. Транзицискиот јазол
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/balkanskiot-megaetnikum/3 le 29 octobre 2026