The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
П Л А Т Ф О Р М А ЗА РЕШАВАЊЕ НА АЛБАНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ - Part 02
Прашањето на албанските етнички простори во Југославија имаше други параметри. Поинаку од Грција, која се прогласи себеси за држава на православната грчка нација, Југославија се формира во 1918 година како многунационална држава. Фактички, во нејзините рамки учествуваа многу нации кои не го зборуваа истиот јазик, кои немаа иста култура и кои не практикуваа иста религија. За да не ги повтори грешките што ги направи пред војната династијата Караѓорѓевиќ, која ги подели нациите под нејзино владеење од аспект на политичките права во три категории: Срби (прва категорија), останати словенски нации (втора категорија) и несловенски нации, каде што беа и Албанците (трета категорија), маршал Тито со соработниците го развеа знамето на самоопределување на нациите и на нивна рамноправност во областа на политичките права. Врз основа на овој принцип, што го усвои АВНОЈ во 1943 година, нациите во Југославија се здобија со правото на крајот од војната да формираат посебни републики како делови со рамноправни права во Социјалистичката федерација на Југославија. Врз
основа на принципите на Атлантската повелба, на одлуките на АВНОЈ и придонесот што го даваа со своите партизански единици во ослободувањето на Југославија од хитлеровскиот окупатор, албанските делегати - националисти и комунисти од Косово, заедно со српските и црногорските комунисти од нивниот регион, на 1-ви јанаури 1944 година на Конференцијата во Бујан решија по завршувањето на војната во Косово да се примени принципот на самоопределување.
Но, многу брзо се виде дека титоистичките ветувања за рамноправни права на нациите беа демагогија. Во Јајце беше решено народите на Југославија да се поделат на нации и националности, од кои само нациите ќе имаат право да формираат републики, додека националностите можат, во посебни случаи, да формираат само автономни покраини во рамките на една република. Албанците, со илјадници години жители на историското Косово, со непрекинато територијално единство, со многувековни градови, со една заедничка древна култура, со население, според бројноста, на трето место, по Србите и Хрватите, со богата историја на борби за независност, ги исполнуваа сите услови да имаат своја република. Но, од младите југословенски раководители, за нации беа сметани само шестте словенски заедници (Србите, Хрватите, Словенците, Бошњаците, Македонците и Црногорците), додека Албанците се сметаа за националност, што значи дека беа исклучени и од правото на самоопределување и од правото да имаат своја република.
Но, веднаш по завршувањето на војната и откако во Албанија се вратија двете албански партизански дивизии кои против германските сили се бореа на југословенската територија, федеративните раководители на Белград и, поттикнати од нив, српските раководители на Косово, во јули 1945 година ја отфрлија Бујанската резолуција.
Исклучувањето на Албанците од правото да имаат своја република беше самоволен чин. Нивната дискриминација паѓаше во очи особено доколку се има предвид дека Црногорците, кои според население беа шест пати помалку, и Македонците два пати помалку од Албанците, ќе формираат
свои републики, а Албанците не. Следствено, нерамноправноста што постоеше во предвоена Југославија, ги промени само формата, големината и компонентите, но за Албанците остана во сила.
Ставањето на Албанците во категоријата националности, значи нивна дискриминација во областа на националните права.
Довчерашните раководители на титоистичка Југославија и денешните националистички српски раководители, тоа го аргументираат со старата теза: дека косовските Албанци не се автохтони, туку дојденци, но и со една нова, дека тие не можат да формираат своја република во југословенската федерација, бидејќи веќе постои една албанска држава надвор од неа. Следствено, не можат да постојат две албански држави во исто време. Но и двете тези на српските раководители немаат ниту историска основа ниту правна поткрепа.
Првото прашање, дали Албанците во историското Косово се автохтони или дојденци во историографијата е разгледувано многупати. Во ова третирање, кое има карактер на платформа, не е можно да се набројат документираните извори кои ја уриваат српската теза. Доволно е накусо да се каже дека голем број албански историчари, археолози, лингвисти, етнографи, но и странски, докажале дека жителите на античка Дарданија, значи на историско Косово, припаѓаат на илирскиот етникум и дека тие му одолеале на процесот на романизација исто како и другите популации на истиот етникум кои живееа во јужните илирски провинции. Освен тоа, сега е веќе потврдено дека Албанците се наследници на Јужните Илири, меѓу кои и на Дарданите, кои во античко време се простирале внатре и надвор од просторот на денешно Косово, на југ до Штип (Астибос), на север до Ниш (Наисос). Исто така, нема никаков историски доказ дека Словените ја колонизирале античка Дарданија во 6-иот или во 7-иот век. Словенската топонимија, која српските историчари ја даваат како аргумент за потврда на српското колонизирање на Косово на почетокот на раниот среден век, нема никакво значење, бидејќи во документираните извори тие се појавуваат на овие простори на почетокот на 11-иот век. А уште повеќе, во текот на раните средновековни историски
извори се говори за христијански жители на Косово, а Словените, како што е познато, до 10-иот век биле пагани. Исто така, не е точно тврдењето дека Косово е лулка на српската држава, бидејќи се знае дека нејзиниот почеток бил во Рашкиот регион, во Санџак. А освојувањето на Косово од српската држава почнало на крајот на 12-иот век. Натаму, српското средновековно кралство немало постојан главен град. Призрен бил еден од амбулантните главни градови на оваа држава, која имала аспирации за проширување со постојани освојувања кон југ, вклучувајќи и грчки земји, ср цел да се замени византиската империја и дефинитивно да се воспостави главен град во Константинопол. Никој не може да тврди дека српското владеење на Косово продолжило повеќе од три века. Освен тоа, сега се собрани толем број податоци кои потврдуваат дека во текот на овие векови Албанците биле присутни на историските простори на Косово и дека притисокот вршен од српската држава и црква во поголем број случаи е реализиран во словенизирање на топонимите и на имињата на жителите. Дури има и голем број случаи, доколку на имињата им се отстрани словенскиот додаток, од кои се гледа дека станува збор за албански жители, (на пример: Лек-иќ, Пал-иќ, Петр-иќ, Гон-овски, Гин-овски итн). Не стои и тезата на Белград дека во косовската историска битка против Турците во 1389 година, учествувале само Срби. Постојат голем број независни податоци кои потврдуваат дека во редовите на антиотоманската коалиција се бореле голем број Албанци, вклучувајќи ги и Албанците од Косово.
Исто така, тезата што се среќава во југословенската историографија дека Косово се населило од Албанци дојдени од северните региони на Албанија по српскиот егзодус во 1689 година, немадокументирана поткрепа. Пред сe, историските извори не потврдуваат дека во 1689 се случил егзодус со такви големи размери како што прикажува српската историографија. Во исто време документираните извори, без сомнение познати и на српските историографи, не говорат за големи преселби од планинските региони на север на косовската почва, уште повеќе што населението од овие региони на прагот на настаните во 1689 година, било, како што се потврдува од тогашните извори, многу мало во однос на албанското косовско население кое го
населувало просторот од Тетово до Ниш. Постојат десетици историски извори кои, исто така, им се познати на српските историчари, но намерно оставени во заборав, кои потврдуваат дека во текот на 16-иот и 17-иот век, значи пред таканаречениот “масовен” егзодус на Србите во 1689 година, мнозинството на населението на Косово го сочинуваат Албанците. Исто така, не недостасуваат и независни историски извори кои тврдат, како што е речено, дека во косовското востание од 1689 година учеството на Албанците било поголемо од она на Србите. На крајот треба да се додаде дека српскиот егзодус на Косово не бил еден издвоен феномен. Тој ги опфатил и Албанците на Косово, кои заминале или во регионите на денешна Албанија (на пример: преселбата на Албанците од околината на Призрен во зоната на Мирдита), или емигрирале, како и Србите, кон север (на пример: преселбата во 1737 година на голем број Албанци од Косово и нивно населување на окупираната територија од Австрија, во селата на денешна Славонија -Никинци, Хртковац, Јарак, Опаланка).
Следствено, претензиите на српската влада за нивните историски права спрема Косово немаат никаква основа. Историските права целосно се на страната на Албанците, бидејќи тие постојано биле присутни на Косово пред и по населувањето на Србите на Балканскиот Полуостров. Тривековната српска окупација не може да го наруши историското право на Албанците како етнички жители на косовската земја, исто онака како што тоа не го нарушија петте века од турското владеење на овие простори. Српското малцинство на Косово е остаток на едно политичко владеење, исто онака како што е турското малцинство на оваа почва. Историските споменици, со кои Србите се обидуваат да ги аргументираат своите историски права, им припаѓаат на 13-иот и на 14-иот век, значи на два средни века. Напротив, спомениците на Албанците им припаѓаат на вековите во континуитет, без оглед на тоа што нивните древни знаменитости се претворени во урнатини од српските владетели (со обидите што ги презедоа во денешно време - уривањето на католичките храмови на Хрватите, докажаа дека сe уште не се откажале од патолошката омраза спрема нивните вековни соседи). Епитетот што го употребува Белград дека Косово е
српски Ерусалим, е една шпекулативна реторика со емотивни цели. Митовите не можат да бидат аргумент за анектирање на територија населена од друга нација. Вистинскиот Ерусалим е свето место за сите христијани, но тоа не им дава право на ниедна католичка, протестантска, или православна држава да побара негово анектирање, а уште помалку раселување на неговите жители – Израелците и Палестинците. Со своето неколкувековно минато и со мнозинското население, Косово било и продолжува да биде белег на албанската нација.
И втората теза на Белград не стои. Во ниту еден од безбројните акти на светската политичка, дипломатска и правна историја не е формулирана некоја сентенца прифатена од меѓународното право, каде што се вели дека една нација треба да има една држава.
Без да се навлегува во средновековната историја, да се потсетиме на модерната историја на Германија и на Италија, кои имале, до третата четвртина на минатиот век неколку независни држави.
Инаку, историјата има вакви случаи и во денешниве денови. Арапската нација, на пример, е распарчена меѓу десетици држави и никој не протестира поради ова кршење на титоистичката теза.
Дури може да се потсетиме и на нашите јужни соседи - Грците, кои иако сочинуваат една нација имаат две држави - Грција и Кипар, и двете независни републики и меѓународно признати. Следствено, титоистичката теза е целосно без ниту една правна основа.
Таа е искована од фанатичните националисти на Белград за да се оправда исклучувањето на Албанците од правото да имаат своја република, и уште повеќе, да ги лишат тие од легитимните политички права признати од сите меѓународни тела.
Натамошното распарчување на етничките простори
Едно друго брутално кршење, со длабоки историски последици по националните права на Албанците во Југославија, беше извршено од страна на Белград на крајот на Втората светска војна.
Станува збор за распарчувањето на просторот на историското Косово. Како што е речено, Лондонската Конференција на амбасадорите (1913) историското Косово со неговиот главен град Скопје му го даде на Кралството Србија со мотивација (неправедна!) дека тоа било српска земја. Независно од оваа неправда врз грбот на албанската нација, Албанците од целото историско Косово, кое според бројот на населението беше речиси рамно со Албанија, заедно се најдоа под окупација на српската власт. Живеејќи заедно под окупација на една земја, Албанците на историското Косово имаа можност да ги зачуваат вековните економски, општествени, политички и културни врски и заедно да ја издржат борбата за нивните национални права. Но, заедно со прогласувањето на шестте словенски републики на федерацијата беа одредени и нивните политички граници. Границите беа одредени на арбитрарен начин од горе, без никаков народен референдум, без никакво плебисцитарно гласање. Ниту албанското население, ниту неговите раководители не беа прашани. Со цел да го разбијат територијалното единство на Албанците и да ја ослабнат силата на нивниот политички отпор, титоистичките раководители ги поделија просторите на историското Косово на три дела - меѓу републиките Србија, Македонија и Црна Гора. Република Србија ја приграби денешната покраина Косово (потесно Косово) заедно со окрузите Бујановац, Прешево и Медвеѓа, Република Македонија го анектира јужниот дел на историско Косово (окрузите на Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Куманово), заедно со окрузите Дебар и Струга, а Црна Гора северно-западниот дел на Косово (Плав, Гусиње, Рожај) кои фактички ги анектира уште во 1913 година.
Во историски поглед ова е третото распарчување на албанските простори - по првото по Берлинскиот конгрес (1878) и по второто што го направи Амбасадорската конференција (1913). Но, третата операција го погоди најмногу територијалното единство на Албанците. Албанските простори, кои пред
Втората светска војна беа поделени меѓу три држави (Албанија, Југославија, Грција), сега тие распарчени меѓу пет (Албанија, Србија, Македонија, Црна Гора, Грција). А последното распарчување (комунистичкото), е во спротивност, морална и политичка, со меѓународното право - морална, затоа што не е праведно со распарчување постојано да се казнува една невина нација, политичка, затоа што не е праведно во модерно време да се преземаат одлуки врз грбот на еден народ без неговиот плебисцитарен глас. Времето на средновековните суверени кои даваа провинции или градови како награда или мито, му припаѓа на далечното минато. Во овој случај, раководителите на Социјалистичка Федеративна Југославија извршија политичко злосторство врз грбот на албанската нација и политичко насилство врз грбот на српската држава, бидејќи историското Косово ѝ беше подарено на Србија од страна на Лондонската конференција во 1913 година. Анектирањето од Македонија на неговиот јужен дел, населен и ден-денес со мнозинство од етничките Албанци, е еден нелегитимен акт. Уште повеќе, српските политички кругови, признавајќи го ова распарчување, признаа дека јужниот дел на историското Косово со неговиот главен град Скопје, не е српска земја, како што беше нагласено во одлуката од 1913 година. Фактички, таа не е ниту српска, ниту, пак, македонска земја. Со етничкото население што го има јужниот дел на историското Косово или северниот дел на Република Македонија, таа земја е албанска.
По Втората светска војна, окупацијата на агресивниот национализам на Словените комбинирана со тежината на комунистичката диктатура врз Албанците во Југославија, постојано се зголемуваше. Нивните национални права се негираа. Образованието на мајчин јазик беше забрането дури и за време на периодот кога односите меѓу социјалистичка Албанија и социјалистичка Југославија беа повеќе од пријателски.
По прекинувањето на односите во 1948 година меѓу Тирана и Белград, титоистичките раководители, со цел да го уништат албанскиот отпор, демагогијата ја комбинираа со терор.
Како мерка за уништување на албанскиот отпор, белградските властодршци на анектираниот дел од Република Србија ја создадоа - Автономната Покраина Косово, со површина од 10.877 квадратни километри и со главен град Приштина. Врз основа на нејзиниот прв Устав (1953), Покраината Косово се здоби со едноставна автономија. Освен тоа, надвор од Покраината беа оставени трите окрузи кои се простираат на североисток на Косово - Бујановац, Прешево и Медвеѓа, кои етнички, историски и географски беа вештачки одвоени од него. Со нивното одвојување од Покраината Косово, Белград изврши натамошно распарчување на албанските простори во целина и на самото Косово посебно.
Од друга страна, белградските кругови го интензивираа полицискиот режим, кој освен тортурите, апсењата, интернирањата со лажни сведочења, често пати и без суд, повторно принудија голем број муслимански Албанци да се преселат во Турција. Само во текот на 50-тите и 60-тите години, како последица на српската геноцидна политика, беа убиени над 50 илјади, а надвор од Југославија беа раселени приближно 300 илјади лица.
Сепак, националната свест на Албанците не беше задушена и духот на нивниот отпор не беше уништен. По четврт век малтретирања, Албанците беа првите од националностите во југословенската федерација кои јавно протестираа против националното угнетување.
Во 1968 година во Приштина избувнаа силни демонстрации на угнетените Албанци, кои излегоа со барање на Косово (за жал, само на нецелосното Косово) да му се даде статус на република во рамките на југословенската федерација. Демонстрациите од 1968 година, кои можат да се сметаат за прво пукање на југословенската федеративна градба, го најавуваа приближувањето на бурата. Угнетувачките мерки што ги презеде Белград ја заоструваа состојбата од година во година. За да се избегне најлошото, југословенските федеративни органи во 1974 година на Покраината Косово ѝ дадоа нов Устав. Со овој Устав, Косово, како и Војводина, беше признато за автономна покраина на Република Србија и во исто време
конститутивен елемент на југословенската федерација. Како последица на оваа одлука, Косово имаше, како и шесте републики на Југославија, посебен устав, извршни органи, покраинско собрание, уставен суд. Тоа имаше свој претставник во Претседателството на Југославија, во Сојузниот извршен совет на Југославија. Републичките органи на Србија не можеа да ја остваруваат својата надлежност врз Косово без одобрение на неговото Покраинско собрание, на неговиот Извршен совет, на неговиот Уставен суд. Тоа преку своите делегати учествуваше во донесувањето на законите во Одборот на републиките и покраините на Федеративното собрание. Значи, Покраината Косово, иако продолжи да се нарекува автономна покраина, практично имаше многу знаци на југословенска федеративна република.
Уставот од 1974 година, во споредба со претходната состојба беше победа на Албанците во областа на националните права, особено во областа на образованието и културата. Но, многу брзо се виде дека тоа не е доволно. Тој имаше ограничувања.
Со него беше санкционирано уште еднаш одвојувањето на Покраината Косово од другите албански етнички простори на Федеративна Република Југославија. Самото создавање на една покраина, а не на една република со население поголемо од некои други републики на Федерацијата, ја легализира нерамноправноста меѓу Албанците од Покраината и Албанците од другите републики на Југославија. Како последица на овие ограничувања, Албанците беа третирани како граѓани од втор ред и како такви тие беа дискриминирани од економска и културна страна.
Но, иако имаше ограничувања, српските националистички кругови, кои тврдоглаво опстојуваа на целосното негирање на националните права на Албанците, останаа револтирани. Причина за интервенција дадоа демонстрациите на албанските студенти на Приштинскиот универзитет, кои избувнаа пролетта 1981 година, со барањето од 1968 година за претворање на Косово во југословенска република. Белград со тенкови ги задуши народните манифестации, исто како што тоа го направи Москва во Будимпешта 1956 и во Прага 1968 година. Без оглед
што беа задушени, демонстрациите од 1981 година означија натамошно пукање на сега веќе порозната југословенска федерација. Потресот што го доживеа Белград од растежот на албанското национално движење го докажуваат мерките што ги презеде југословенската влада по нивното задушување. Со брутална интервенција на српската војска постепено исчезнуваа автономните институции на Покраината, за да ја ликвидираат до март 1989 година на арбитрарен начин и со воено насилство целата автономија на Косово. Од таа година, Покраината Косово беше претворена во административна единица на Република Србија и не беше повеќе конститутивен елемент на Федерацијата. Уставот од 1974 година беше ставен вон сила на едностран начин од Собранието на Србија, што е во спротивност со нејзиниот Устав и со тенкови му беше наметнато на Собранието на Косово. Протестите на Албанците на Косово беа задушени во крв. Беше воспоставена српска воена окупација, која беше придружена со полициски режим на терор, со апсења, интернирања, со убиства и притисоци за оддалечување на младината од родниот крај. Објектите на албанските училишта беа затворени, а наставниците отстранети од работа.
Прогласување на Република Косово
Владините органи на Покраината Косово останаа пасивни наспроти военото и полициското насилство на Белград. Но, претставниците на албанското население на Косово, потпирајќи се врз познатиот принцип на правото на самоопределување, се собраа на 7-ми септември 1990 година во Качаник, значи кога југословенската социјалистичка федерација уште не беше распадната. Таму, ја прогласија Република Косово, решија за нејзиното одвојување од Република Србија, ја прогласија за рамноправен субјект на југословенската федерација и донесоа Устав. Со прогласувањето на Република Косово, се реализираше барањето на Резолуцијата на Бујанската конференција од почетокот на 1944 година, како и барањето изразено на народните протести во есентта 1968 година, повторено со силните демонстрации во пролетта 1981 година.
Иако Република Косово не бараше вклучување во нејзините рамки на сите албански етнички простори кои страдаа под окупацијата на Југославија, нејзиното прогласување само посебе означи значаен чекор кон реализирање на возвишената програма на Албанската национална преродба. А уште повеќе, таа го означи почетокот на распадот на социјалистичка федеративна Југославија...
(Следуваат три страници кои ја опишуваат состојбата и настаните на Косово од 1981 до 1989 г. кога е прогласена вонредната состојба во Покраината, распадот на Југославија во 1991 г., и Мировната конференција за бивша Југославија/ Карингтонова, која не ги зема предвид барањата на Косово за самостојност, со вообичаениот след на фактите и остра национална реторика).
Како што се знае, дури во месец февруари оваа година (1989. ДМ), кога српската полиција премина на оружен терор, трпението на косовските Албанци не можеше повеќе да се воздржи. На сцената се појави Ослободителната војска на Косово (УЧК-ОВК), оружено крило на албанскиот отпор. Излегувањето на сцената на ОВК се судри со политичката линија на меѓународниот фактор за решавање на косовската “криза” по мирен пат. Бидејќи поради тврдоглавоста на Белград оваа линија се најде на мртва точка, меѓународниот фактор наместо да изврши притисок врз Слободан Милошевиќ, реагираше негативно спрема оправданата оружената акција на ОВК. Ова реагирање му даде сила на Милошевиќ да преземе воени операции против слободољубивото население на Косово. Но, надежите на Белград дека со овие операции, со насилство, брзо и дефинитивно ќе ја реши косовската “криза” пред да интервенираат меѓународните сили како во Босна, доживеа целосен неуспех. Убивањето илјадници Албанци, горењето десетици илјади куќи, големите уништувања на покраинската економија, раселувањето на стотици илјади косовски жители, не го уништија духот на отпорот. ОВК по секоја битка наместо да ослабне, се засилуваше. Таа сега пред големите канцеларии стана првостепен фактор на косовската криза. На обвиненијата на Белград дека ОВК е терористичка организација никој веќе не им веруваше. Од ден на ден се засилуваше уверувањето дека
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/balkanskiot-megaetnikum/13 le 29 octobre 2026