Front Matter - Part 03
2. Фоти Стерјов ја зема по рака и ја потпре со телото за да не падне. Се искачија по скалите. Поминаа низ тесниот ходник и влегоа во одајата. Фоти ја смести на железниот широк кревет и и ги соблече чизмите со висока потпетица. Без да и прозбори го напушти местото каде помина поголем дел од својата младост. Слезе во пансионот и застана крај шанкот.
“Надвор врне снег. Покривите на куќите побелеа”, рече Фоти.
“Време е да врне”, му одврати Стојос Панајопулос. “Уранија тешко ќе го извлече брат и од рацете на полицијата”.
Вратата на пансионот се рашири и внатре влезе Американо. Профуче не поздравувајќи ги покрај нив и се загуби по скалите во одајата на Уранија.
“Американо ќе и помогне кога ќе роди врбата грозје”, рече Стојос и се насмеа гласно.
“Не радувај се на туѓа несреќа. Греота е”, му дофрли Фоти и седна на една од масите покрај пенџерето.
“Ме одбегнуваш!”
“Не те одбегнувам, Стојосе, сакам да сум малку сам”.
Стојос Панајопулос се насмевна и влезе во кујната. На вратата на пансионот се појави млада трудна жена, завиткана во црн шал и кафеава шамија извезена со темнолилјакови китки. На лицето и се оцртуваше отсутност и загриженост. Седна на една од масите во новиот дел на пансионот.
Фоти Стерјов не го симнуваше погледот од неа. Реши да и пријде. Стана од столот и дојде до неа. Младата жена го подигна погледот и му го покажа своето нежно лице.
“Вие сте Фоти Стерјов?”, праша младата жена.
Фоти Стерјов се збуни. Молчеше. Младата жена го прострели со проѕирните зеници и ги задржа малку повеќе од што е нормално во такви прилики.
“Се викам Марија Ставридис. Вашиот ресторан ми го врати за миг ликот и душата на мојот сопруг Коста Пападиновски. Го познававте?”, му рече младата жена ненадејно.
“Се викам Фоти Стерјов и мило ми е што се запознавме. Коста ми беше роднина. Жалам што се случи така”.
“Знам дека сте вие Фоти”, се насмевна Марија. “Седнете”, го покани на столот до себе.
“Благодарам за поканата. Сепак би ве прашал дали ќе се напиете некој пијалок или можеби сте гладна”.
“Дојдов малку да поседам, само за миг, да ја отфрлам самотијата со натрупани непроспиени ноќи, чекајќи Коста да се врати”, му заблагодари љубезно, кимнувајќи со главата.
Фоти Стерјов имаше изострен слух. Од возбудата не ја доразбираше содржината на Мариините реченици. Затоа седна покрај неа. Во него како да се вовре магија на непозната сила што му го стега јазикот и им пречи на усните да се отворат. Молчеше. Марија гледаше низ пенџерето надвор по улицата.
3. Пондилаки влезе во пансионот, придружуван од тројца докери. Седнаа во стариот дел на пансионот. Го забележа Фоти на масата во новиот дел на пансионот. Се зачуди зошто Фоти не стана да ги поздрави и да ги понуди со пијалок.
“Можеби е тоа поради жената што седи со него”, помисли Пондилаки.
Стојос Панајопулос им донесе пијалок.
“Здраво, Пондилаки”, поздрави Стојос. Ги стави чашките на масата и го спушти на шарениот чаршав шишето со ракија. Потоа им ги наполни чашките со ракија.
“За љубов помеѓу луѓето”, ја подигна полната чашка Пондилаки и се насмеа тивко. Ја испи ракијата.Стојос му наполни друга. Докерите се насмеаја гласно, прифаќајќи ја неговата здравица. Стојос се насмевна нежно и се врати крај шанкот.
4. Пондилаки почесто се вртеше и гледаше како Марија Ставридис со нежните строго контролирани движења на рацете ги проследува зборовите на Фоти. Ја познаваше однекаде, но не можеше да си спомне. Претураше по главата познати лица, но никако не успеваше да налета на Марииното. Скоро го обори погледот од немоќ.
“Нешто те измачува?”, го праша Маноли Стрезовски.
“Жената што седи со Фоти”, му одврати Пондилаки.
“Тоа е ќерката на стариот Ставридис. Евреинот, кого за време на војната, го криевме во неговиот стан. Си спомнуваш за него. Му го запечативме станот со восок”.
Пондилаки не му одговори. Се насмеа. Се сврте да ја види Марија и нејзините нежни строго контролирани движења на рацете и се изненади зашто ја немаше таму. Го побара со погледот Фоти, но и него го немаше.
“Како да пропаднаа в земја”, се насмевна зачудено Пондилаки. Се сврте и ја зграби чашката. Испи од ракијата и воздивна длабоко.
5.
Во пансионот влезе необично силната фигура на човек не постар од четириесетипет години, и со седнувањето на столот крај прозорецот во стариот дел на пансионот, силно тресна со тупаницата по масата. Имаше руси големи мустаки. Долната вилица му беше нешто поистурена напред за разлика од горната, што го правеше неговото бело лице нескладно. Беше нервозен и се вртеше накај шанкот. Си ги покажуваше белите здрави заби, смешкајќи им се на Циганите што се створија за миг крај него. Човекот ја симна шубарата од главата и се покажа под неа коса бујна со боја на зрело жито, која ја пополни белината на неговото лице, затскривајќи го неговиот предизвикувачки поглед што се пробиваше од сините проѕирни очи. Тресна уште еднаш на масата со големата дланка, и викна со гласот кој како да излезе од најдлабока пештера.
“Господа, мене ми е денес празник. Роденден. Јас честам пијалок за сите во кафеанава”, потоа им грмна на Циганите. “Свирете! Исфрлете ја тагата од мојата напатена словенска душа. Свирете!”
Гостите во пансионот се вознемирија. Фоти Стерјов мирно ги следеше движењата на новодојдениот гостин. Стојос Панајопулос излезе од кујната да види кој тропа толку силно по масата. Пондилаки се насмевнуваше одвреме-навреме. Во пансионот влегоа четворицата англиски офицери и седнаа три маси подалеку од масата на Пондилаки.
“Пијалок за сите. Плаќа господин Алексеј Иванович Старовкин, атаман на славните козаци од Дон, човек на славната Украина... Ну давај”, му викна на Стојос Панајопулос кој стоеше зад шанкот и исфрли груба пештерска смеа од залоеното грло. Повторно удри со тупаница по масата.
“Пејте и свирете, и не плашете се! Вие сте мои деца, а тие никогаш од никого не се плашат, зашто се козаци”, им заповеда на Циганите.
Циганот го рашири мешинот на старата хармоника.
“Како ти е името?”, грмна Алексеј Иванович Старовкин.
“Ме викаат Рахим Бурхан”, му рече тивко и плашливо Циганот.
“Свири и ни случајно не застанувај!”
6. Есмералда беше постарата ќерка на Рахим. Ги соедини левата дланка и дајрето и почна да го следи тажниот ритам на татковата мала хармоника. До неа стоеше Емсал. Беше нивна сопатничка. Имаше триесетина години. Лицето и беше чисто и и се капеше во темнокафеава боја. Емсал почека неколку тактови да поминат и кога тие се загувија меѓу масите го исполни пансионот со својот рапав глас, парајќи им ги ушите на присуните.
Алексеј Иванович Старовкин се топеше од убавата музика. Скоро рикна од болка. Го покри белото лице со големите дланки и удри силно по масата.
Емсал се вознемири, и се стресоа колената и песната и застана во грлото, сокриена помеѓу белите здрави заби правилно распоредени под дебелите сочни усни. Хармониката во рацете на Рахим онеме а дајрето тивко го повлече својот тон. Настана тишина. Алексеј Иванович Старовкин плачеше. Си ги избриша солзите од белото лице, испи неколку голтки ракија и ја подигна главата.
“Свирете Цигани! Пејте ми за големата словенска земја! Ќе одморите само кога ќе ви наредам јас”, им рече заканувачки и го смири ликот. Нарача уште една пијачка за сите во пансионот.
Рахим Бурхан повторно го развлече мешинот на старата хармоника. Есмералда го прифати нејзиниот ритам. Звукот на дајрето го исполни пансионот. Емсал збунето му го подзеде погледот на Рахим. Тој и кимна со окото, кое наместа беше жолчкасто и таа тоа го протолкува како успокојување на духот. Запеа. Гласот и трепереше. Се слеаја зборовите на песната со тивката меланхолија.
“Песната ќе ме расплаче. Реката ќе ме убие. Ќе појдам на нејзиниот брег. Потоа нека умрам”, викна Алексеј Иванович Старовкин со болен глас. Се нишаше на столот. Ги тресеше повремено русите долги неисчешлани коси. Го избистри погледот, отпи ракија од шишето и се насмевна.
“Пеј и не запирај! Нека ме носи песната во мојата Украина, покрај широкиот Дон! Нека се стопи душата на Алексеј Иванович Старовкин! Душата ми е широка, болна, на умирање”.
Рахим затрепери. Стоеше простум пред Алексеј Иванович Старовкин кој го цедеше белилото без боја од шишето, и свиреше.
“Донеси ми пијалок! На сите налеј им уште по една чаша”, му се обрати Алексеј на Стојос.
Стојос Панајопулос му донесе ново шише ракија. Го отвори шишето и му ја наполни чашката.
“Секогаш на услуга”, му рече Стојос.
“Налеј им на сите гости!”, му заповеда строго Алексеј.
“На ваша заповед, господине”, му одврати Стојос и се врати кај шанкот. Зграби едно од шишињата и почна да им налева во чашките бела проѕирна течност на присутните гости.
7. На Рахим му заигра плувачката во устата. Престана да свири. Настана тишина во пансионот. Алексеј Иванович Старовкин стана од столот и само што не падна на подот, немоќен да го контролира сопственото грамадно тело.
“Свири! Свири, кога ти велам”, му згрме на Рахим.
Рахим беше накострешен во косата на која му стрчеше едно перче.
“Свири”, грмна повторно пештерскиот глас на Алексеј.
Рахим не се вознемири.
“Кој ќе плати за песните, господине?”, праша Рахим со плашлив израз на темнокафеавото лице, преполно со ситни брадавици, и не ги допре пипките на старата хармоника, туку чекаше одговор од Алексеј Иванович Старовкин.
Белото лице на Алексеј Иванович Старовкин му се згрчи, му светнаа очите искриво, и дивјачки го погледна под око Циганот.
“Плаќам се”, викна нервозно Алексеј. “Свири!”
“Четири часа пееме и свириме. Уморни сме и гладни. Го пропатувавме целиот Балкан. Гладни сме...”
“Плаќам се”.
“Платете веднаш, господине!”, замоли плашливо Рахим.
Алексеј Иванович Старовкин пламна. Поцрвене по лицето.
“Свири, грдотило!”, се издра на Циганот. “Секогаш има луѓе кои пеат и луѓе кои плаќаат. Алексеј Иванович Старовкин секогаш плаќал”, се провикна по пансионот да го слушнат сите присутни. Успеа да го исправи своето грамадно тело, извлече од пазувата голем ловечки нож му го покажа на Рахим, му се закани дека ќе му го пресече грлото, и го заби во масата.
“Ако престанеш да пееш ќе ве заколам тројцата како кокошки”, му се опули во лицето. “Никој не го навредил достоинството на Алексеј Иванович Старовкин и останал наказнет”, и замавна со раката, давајќи му знак на Рахим да почне песна.
Рахим го проколна брзоплетиот сопствен јазик. Не можеше да побегне од Алексеј Иванович Старовкин. Го гледаше со исплашени очи острото сечило на ловечкиот нож, забиен низ шарениот чаршав во дрвената маса. Го развлече со несигурниот фат на рацете стариот мешин на хармониката и со треперливиот
глас ја запеа истата песна низ солзи што му се слеаја по темнокафеавото лице. Го спушти погледот кон нечистиот под и заплака. Свиреше тивка таговна песна.
Алексеј Иванович Старовкин беше се попијан. Рахим се насмевна. Не очекуваше помош од присутните гости во пансионот. Ги паметеше луѓето по зло. Успеа да довлечка мисла во неговата малечка глава покриена со црн испрашен шешир од под кој се подаваше едно перче и го разведри лицето сосема. Заигра со тенките прстиња по попките на старата хармоника и запеа, покажувајќи им ја на присутните во пансионот сета убавина на неговиот лирски баритон. Беше уморен и не ја стишуваше песната.
Алексеј Иванович Старовкин ја испи ракијата од третото шише и земјосан падна од столот. Луѓето од блиската маса му помогнаа да се врати на местото, но Алексеј, иако ја задржа задницата на столот, не издржа. Ја зари главата на масата во близина на забодениот нож.
Рахим Бурхан не стивнуваше. Го развлекуваше стариот мешин на хармониката и испушташе болка од намачената душа на својот талкачки, бескуќен живот. Како да плачеше над сопствената несреќа.
“Само песната ми е пријател на овоземието. Низ неа продавајќи ја за парче леб, си ја хранам својата душа и се одржувам во живот. Никој не заслужува да биде мој пријател, зашто човекот на човека му е брат а не роб, а ако беа луѓе, немаше да дозволат господинот да ме претвори во роб”, помисли и убеден дека Алексеј Иванович Старовкин не е во состојба да му напакости, со песна го напушти пансионот следен од неговата постара ќерка Есмералда и нивната придружничка Емсал.
8. Во пансионот настапи вообичаената атмосфера. На вратата се појави Уранија Папајоану. Беше бесна. Очите и секаа на сите страни. Помина покрај масите нервозно и по скалите се искачи во собата.
“Не го нашла Пампас. Господинот од полицијата го сака само нејзиното тело”, промрморе Стојос и се потпре со лактите на шанкот. Се смешкаше и гледаше во Алексеј Иванович Старовкин кој се уште ја држеше големата глава на масата и го лигавеше шарениот чаршав и силно ‘рчеше.
Пондилаки почувствува замор во незете. Не успеа да и се спротивстави на дремката. Ги затвори клепките и задрема на столот. Маноли Стрезовски сакаше да го разбуди, но се премисли и го остави да спие.
Во пансионот настана молк. Денот догоре. Слабото светло на светилките го најави појавувањето на голите девојки. Пондилаки дремеше. Кафеаната се испразни. Внатре останаа докерите со Пондилаки и Алексеј Иванович Старовкин.
Фоти Стерјов ги собра чашите и шишињата од масите и ги врати на шанкот.
“Подгответе се за нови гости”, и рече на Софија Гелева и се искачи по скалите во одајата. Легна на креветот.
“Напорен ден”, помисли и заспа.
VII
1. Пондилаки, посрамен што им припаѓа на луѓето кои во својот живот се принудени да го трпат ѓубрето во сопствениот стан, лут, излезе од дома и се упати кон куќата на Евангелија Гаспарова. Го смени правецот кај трите дуќани на Вортик Никијанос, и намина во старата петокатница, каде што помина два часа со Доне Биндов, во неговиот дел од зградата. На заминување зеде од него неколку лири и по дваесетина минути беше во станот со Евангелија Гаспарова. Седеа на железниот кревет. Евангелија молчеше. Пондилаки беше замислен.
“Имам болки во стомакот”, му се пожали Евангелија.
“Ќе донесам доктор да те прегледа и да ти даде лекови”, воздивна Пондилаки.
“Помогни му на Ставре! Преземи се да го извлечеш од затворот. Се плашам дека детето ќе го родам без човек во куќата што ќе се грижи за нас. Умувај и ослободи го!”
“Полека, Евангелијо. Ќе го извлечам од затворот. Грижи се за своето здравје а пуштањето на Ставре од затворот препушти ми го мене!”
“Времето поминува, немам трпение, се плашам. Уште пред еден месец му испратив писмо на господинот претседател на владата, со молба да ми помогне. Го напишав писмото со одбрани зборови. Очекував од него искрено разбирање и помош. Мислев, ќе ја уважи мојата понизност. Секој ден го очекувам поштарот, но од господинот претседател на владата ниту празен плик не ми стигнува. Како одминуваат деновите сонцето се поретко ми допира до лицето... Стори нешто. Пондилаки, врати ми го невенчаниот маж. Помогни ми, детето да се роди со човек во куќава... Секоја ноќ плачам над нашата заедничка судбина. Ме клоца во стомакот. Често ја оплакувам и иднината. Умот ми се меле... Господи, што да правам. Зар толку ти грешев?”
“Господинот Папандреу нема да ти помогне и не залажувај се! Тој веќе не е претседател на владата. Уште во авионот му порача на светот дека Македонци во Грција нема. Затоа чувај си го здравјето! Така ќе си го сочуваш плодот и ќе родиш здраво дете. Ќе го извлечам Ставре во најскоро време, верувај ми!”, почна да ја уверува Пондилаки, иако знаеше дека се му е попусто.
“Побрзај, Пондилаки! Здравјето ќе ми отиде во неврат. Полудувам. Напати мислам да се самоубијам... Да имав сили ќе го сторев тоа... Веќе никој не се грижи за мене”.
“Еве ти неколку златни лири. Употреби ги умно... Сега прости, морам да заминам. Ме очекуваат...”, и рече и и ги подаде лирите.
Евангелија Гаспарова ги зеде лирите и ги стави на полицата. Плачеше. Солзите и се сливаа по мазното потемнето лице. Ја прифати подадената рака на Пондилаки.
“Довидување, Пондилаки. Помагај човеку!”, му рече низ плач.
“Довидување, Евангелијо! Биди спокојна! Ќе го извлечам Ставре”, и рече Пондилаки, и ја пушти нежната рака и излезе од станот. Слезе по скалите и се најде на улицата.
2. На улицата го повлече голема маса народ која грлесто бараше правда. Некое време одеше со нив, потоа увиде дека не е создаден да се движи во толпа, ги пропушти луѓето да поминат крај него, и се загуби далеку по Игнатија. Долго време талкаше по градот. Уморен од шетањето сврати во пансионот “Македонија”. На масата, на која седеа како да беше нивна своина, го затече Маноли Стрезовски и двајца докери. Седна и порача ракија.
“Повели, Пондилаки”, му рече Стојос Панајопулос и ја стави чашката ракија на масата.
Пондилаки се насмевна. Ја подигна чашката и голтна неколку голтки од течноста.
“Имам еден гостин. Сака да се види со тебе. Всушност, самиот ти го препорачувам да му помогнеш”, се огласи повторно Стојос.
“Нека дојде”, му одврати Пондилаки и се фати за чашката.
Стојос Панајопулос задоволен се врати крај шанкот. Ги стави во мијалникот неколкуте чашки што ги собра по масите и влезе во кујната. По миг излезе, придружуван од човек помлад од триесет години, среден по раст и со уморно лице. Се упатија кон масата на Пондилаки.
“Седни”, му рече Пондилаки на човекот. “Меѓу пријатели си” и му покажа со раката на столот до него.
“Се вика Стојан Џавалеков”, му рече Стојос. “Наш е”, потоа со насмевка на усната се оддалечи. Се врати со чашка ракија. Ја стави пред Стојан Џавалеков.
“Напиј се со пријателите и не грижи се”, му рече и замина кај шанкот.
Стојан Џавалеков голтна од ракијата и ја остави чашката на масата. Пондилаки го погледна право во очи.
“Сигурно не си спиел долго време”.
“Неколку дена. Не знам каде би ноќевал. Пари немам, злато исто така... Ми преостанува улицата”.
“Се викаш Стојан Џавалеков? Од каде си?”
“Од Скопје”.
Пондилаки се замисли. Голтна од ракијата. Нервозно ја заврте неколкупати чашката во десната рака. Маноли Стрезовски удри со раката по масата.
“Не плаши ме, човеку. Навистина си од Скопје?”, праша зачудено Маноли Стрезовски.
Стојан Џавалеков воздивна длабоко.
“Од Скопје. Има нешто чудно во тоа? Кажете ми ако ви пречи тоа што сум од Скопје.”
“Се случуваат чудни работи. Во Солун луѓето зборуваат за настаните што се случија во Скопје. Тоа го збуни Маноли”, рече Пондилаки мирно.
Стојан Џавалеков се вознемири. Поцрвене во лицето.
“Не знам што има збунувачко во тоа”, рече малку возбудено.
“Во Солун се зборува дека Македонците од горното течение на големата река кренале бунт и сакаат да тргнат наваму. Да го освојат Солун. Се случуваат чудни работи.”
“Тоа е точно. Со Скопје стана голема бркотница...”
“Ти... беше ли во бркотницата?”, праша Маноли Стрезовски заинтересирано и се накашла. Испи неколку голтки ракија и му се вгледа во очите.
Стојан Џавалеков молчеше.
“Зошто молчиш? Нешто не е в ред?”, праша Пондилаки.
“Сосема сум добро. Малку сум нервозен... Добро, сакате да ви раскажам? Ќе ви раскажам што се случи во Скопје”, им рече и издиша воздух од градите.
“Значи, си бил во бркотницата”, свирна од изненадување Маноли.
“Бев и побегнав. Се уплашив да не ме стрелаат. Сега сум дезертер. Човек треба да има чувство за мерка кога сака да почне каква било работа. Мене тоа ми недостасува. Можеби грешам. Кој знае?! Времето ќе каже дали сум згрешил. Тоа е вистински барометар за историската вистина”.
“Зошто да те стрелаат? Многумина во Солун се радуваа што ќе се соедини народот... Се бореше ли против германската војска?”, праша Маноли Стрезовски.
“Се борев. Три години. Против германските војници и бургарската окупаторска војска и полиција. И не само против нив, се борев и против албанските фашисти... Навистина се борев. Се отиде во мајчината. Сега сум без татковина, сам, сосема осамен и се чувстувам бедно. Каква бркотница.”
“Како се случи да се најдеш во неа. Не грижи се. Меѓу свои си”, го уверуваше Маноли Стрезовски.
“Се се случи набрзина. Со својата единица престојував во Кочани. Се пронесе глас дека одиме да го ослободиме Солун. Дента се чувствуваше голема возбуденост. Вечерта легнавме да спиеме. На полноќ силно пукање на митралез ме разбуди. Ги отворив очите и се вџашив од глетката. Бевме обиколени од наши совојници. Немаше каде. Се построивме, подобро речено, не построија и не одведоа во Скопје. Во големата касарна не не одведоа туку не затворија. Бевме многумина. Почнаа судењата. Ноќе сон не ме фаќаше а дење чувствував нервоза. Честопати шетав покрај жицата и решив да побегнам. Се искраднав и засолнет од ноќта побегнав преку жицата. Се плашев да останам во градот и решив да побегнам преку граница. Го следев течението на големата река и границата ја поминав кај Богородица. Тука се сретнав со двајца мои познаници од Костурско. Вечеравме заедно. Потоа тие тргнаа за Костурско а јас наваму. Патот не го знаев и го следев течението на реката. Секаде каде што минував имаше англиска војска, спремна да убие се што ќе пролета во долниот тек на големата река а доаѓа од горниот тек. Среќно се провлеков и стигнав до првите куќи на Солун. Срцето почна силно да ми тупка. Немав свои луѓе во градот. Сакав да се вратам назад. Седнав до црквата Св. Катерина и размислував. Бев гладен и уморен. Тогаш наиде Стојос Панајопулос. Ми помогна да се соземам. Ме нахрани убаво...”, престана да зборува Стојан Џавалеков. Се напи ракија и си ги навлажни усните со јазикот.
“Значи, не успеавте”, зачудено праша Маноли.
“Немавме никаква шанса за успех. Глупаво се однесовме”, воздивна Стојан.
“Се е добро кога завршува без крвопролевање. Најлоша е братоубиствената војна. Тоа е кланица. Можеби е подобро што не успеавте”, заклучи Пондилаки и стана од столот. “Да одиме, Стојане. Потребен ти е одмор. Ќе те одведам кај мене”, тргна. По него зачекори Стојан. Го напуштија пансионот замислени и
следени од погледот на Маноли Стрезовски и Стојос Панајопулос кој се насмевна задоволно.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/3 on October 29, 2026