V ДЕЛ - Part 03
“Камионот е надвор. Ве чека вас”, им рече. Се извлече од зад шалтерот и ги допрати до камионот. Јана и помогна на Марија да се качи во кабината на камионот, потоа и го подаде детето. По нив во кабината се искачи Ристо и најодзади Јана. Возачот го стави големиот клуч во контакт бравата, камионот забрмче и тргна полека. Јана му мавна со раката на човечето со орловскиот нос.
Патот беше џомбаст. Еден час подоцна го поминаа мостот на големата река и скршнаа десно по патот за селото. Набрзо камионот со силна бучава застана пред зградата на селскиот одбор. Слегоа. Им појде во пресрет висок сув човек со поминати педесет години, неизбричен неколку дена.
“Добре дојдовте!”, им рече човекот насмеано. “Чувствувајте се како во своја куќа! Ова е наша држава”, потоа ги одведе во училишната зграда и, извинувајќи се што мора да ги напушти, излезе низ вратата.
“Зар овде ќе го поминеме животот?”, се зачуди Марија Ставридис и заплака.
V
1. Есента почна да работи училиштето. Јана и Марија се преселија во една куќа на крајот од селото. Беа задоволни. Ристо тргна на училиште. Седеше до доцна во ноќта под газиена ламба и голташе од читанката. Учителот Иван Томовски доаѓаше и му помагаше во совладувањето на лекциите. Се појавуваше се почесто во куќата. Почна да ја подучува и Јана. Селото почна да зборува за неговото одење во куќата на Јана Чакаларова. Учителот одмавнуваше со главата. Потоа се случи се: се разви љубов меѓу него и Јана. Учителот се вовлече во нејзиниот мирис на костен и не му се излегуваше од постелата. Низ селото се расчу гласот на непознатиот сведок: учителот и Јана голи во креветот се валкале. Учителот немаше каде. Призна. Ја сака и ќе се сврши со Јана.
На Јана и годеше неговата изјава. Учителот ликуваше. Селските ергени му завидуваа. Јана се повлече во себе. Размислуваше долго. Почна да го одбегнува учителот. Тој сосила се пикаше во нејзината соба. Јана го одвраќаше, но никако не и појде од рака да ја запре неговата ненаситна душа по костеновиот мирис. Така ја затекна пролетта. Почна да крои планови за собирање на храна.
Во селото дојде непознат човек и влезе во селскиот одбор. По дваесетина минути, претседателот на селскиот одбор ги повика Јана и Марија Ставридис. Во Одборот ги дочека непознатиот.
“Се викам Георгиос Кокојанис. Барам доброволци за болницата во Катланово каде лежат борците на Демократската армија. Потребни се болничарки”.
Јана Чакаларова се пријави доброволно.
“Јас ќе дојдам во болницата. Знам да приврзувам рани”.
“Благодарам, другарке. Борците ќе знаат да ја ценат вашата помош”.
Марија Ставридис го дофати погледот на Јана.
“А Ристо?”, праша Марија.
“Ќе биде со тебе Марија. Морам да помогнам во болницата. Ристо е возрасен и бистар. Ќе ти помага. Ќе доаѓам и јас повремено”.
Марија Ставридис молчеше.
“Тргнуваме за половина час. Подгответе се!”, рече Кокојанис.
Јана кимна потврдно со главата и придружена од Марија излезе од собата на претседателот на селскиот одбор. Дома набрзина приготви некои алишта и го грабна куферот.
“Каде ќе одиш мамо? Ќе ме земеш мене?”
“Не, синко. Ти ќе останеш со тетка ти Марија. Мораш на училиште. Мама ќе оди на работа малку подалеку. Ќе се гледаме поретко се додека смогнам сили да те земам кај себе”.
“Добро, мамо. Кога мораш, ќе издржам сам”.
“Благодарам, синко. Мама роди умно дете”, го зеде куферот и излезе надвор. Ристо остана во собата замислен.
“Заминуваш?”
Јана се сврти да види кој и зборува. Брчки се појавија на нејзиното лице. Погледот и се изостри. Строго гледаше во учителот.
“Заминувам, Иване. Морам.”
“Заради мене?”
“Мојот народ крвави по планините. Ти тоа не можеш да го разбереш. Подобро да не ти објаснувам”.
“Лажеш! Го правиш тоа за де не се омажиш за мене”.
Јана го прошета погледот по околината, потоа го спушти на очите на учителот. Го помилува со раката по образот.
“Народот ми го уништуваат, човеку. Заврши нашата љубов. Ме вика татковината”.
“Зар ова не е твоја татковина?”
Јана збесна. Погледот и се смрачи. Ги подзатвори очите. Ги стегна цврсто вилиците.
“Слушај, Иване! Ако ти треба женка додека да се вратам, побарај ја на друго место. Мојот народ не го заменувам за твојот...”, му рече грубо и го одмина. Се спушти прудолу по патот. Не се сврте да му упати проштален поглед на учителот.
Застана пред зградата во која беше сместен селскиот одбор. Го остави куферот пред вратата и влезе внатре. Оттаму излезе со Георгиос Кокојанис, тројца луѓе што го придружуваа и претседателот на селскиот одбор. Кокојанис и помогна да го стави куферот во џипот. Потоа влегоа и тие. Јана седна на задното седиште. Кокојанис до неа Тројцата луѓе, кои не и се претставија, седеа на предните седишта. Тргнаа.
2. Патот ги водеше кон Скопје. По три часа ја поминаа реката Пчиња и свртеа десно. Појдоа по течението на реката. Патот беше кривулест и нерамен. Потскокнуваа во седиштата. Потоа пред нив се покажаа луѓе кои се движеа со помош на потпиралки. Блегоа во болникчкиот круг. Џипот застана и слегоа. Кокојанис ја одведе во приемното одделение. Застанаа пред еден импровизиран пулт.
“Оваа е нова болничарка”, рече Кокојанис.
“Слободен сте, Кокојанис”, му одврати жената од зад пултот.
Јана Чакаларова се сврте да види на каде отиде Кокојанис. Потоа воздивна.
“Како ви е името и презимето?”, праша жената од зад пултот.
“Јана Чакаларова”.
“Година на раѓање?”, повторно се огласи жената.
“1917 година”.
“Место на раѓање?”
“Солун”, рече Јана и се загледа во тефтерот во кој жената ги запишуваше податоците.
“Мажена ли сте?”
“Да!”, рече Јана. “Сопругот ми го убија во Втората војна”.
“Беше комунист?”
“Да! беше член на КПГ”, рече гордо Јана.
“Имате деца?”
“Едно. Машко”, рече Јана и се натажи. Помисли на Ристо.
“Каде се наоѓа? Адреса?”
“Во Марвинци, Валандовско”, рече скришно Јана.
Жената заврши со пишувањето. Ја подигна главата. Стана од столот и излезе од пултот.
“Појдете со мене! Ќе ви покажам каде ќе работите, спиете, јадете. Прво треба да подигнеме облека за тебе и да се искапете”.
Јана молкум тргна по неа. Влегоа во една потесна соба. Жената ја изгледа Јана и извлече од рафтот на големата полица една бела чиста постелина. И ја подаде. Јана ја прифати. Потоа извлече бел долг мантил и и го подаде.
Излегоа од собата. Се качија на спратот. Застана до една ишарана врата. Жената влезе внатре. По неа Јана. Собата беше малечка. Имаше два железни кревета и врз нив стари душеци.
“Оваа е твоја соба. Кога ќе дојде другата девојка ќе бидете две”, и рече жената и ги намести душеците. “Искапи се во бањата и слези да каснеш нешто во кујната!”
Јана молчеше. Жената излезе од собата. Јана остана сама. Долго гледаше во душеците. Потоа го спушти куферот на подот. Ќебињата и белиот чаршав како и навлаката за перница ги стави на креветот. Мантилот го задржа во рацете. Воздивна тешко и болно и отрча во бањата. Се соблече. Ги испра алиштата. Потоа се искапи и се избриша со крпата. Го облече белиот мантил на голото тело и со алиштата под мишка се врати во собата. Го
отвори пенџерето и ги рашири алиштата да се сушат. Го намести креветот и легна. Заспа. По еден час ја разбуди жената што ја доведе во собата. Со жената влезе млада девојка. Јана стана од креветот и им кимна со главата.
“Простете, сум задремала”, им рече.
“Оваа ти е колешка. Од Бапчор е. Се вика Марија. Ќе ви биде добро заедно”, и рече жената и ги напушти.
“Седни! Јас се викам Јана. Од Солун сум”.
“Најнапред ќе се искапам. Потоа ќе разговараме”, и рече Марија. “Целата сум вошлива”.
“Како си милуваш”, и рече Јана и си легна. Марија замина во бањата. Се избања и се врати во собата. Јана веќе спиеше. Марија седна на креветот. Потоа се навали на железните прегради и задрема необлечена.
VI
1. Јана Чакаларова често беше сама во собата. Мислеше се почесто на синот. Некоја непозната сила ја тераше да го види. Кај некои болни гледаше фотографии, на кои беше присутно целото семејство. Кај некои само сопругите. Во болницата имаше еден помлад човек. Беше од Драма. Фотографијата на своето синче ја чуваше на градите и им ја покажуваше на сите во болницата. И ја покажа и на Јана. Се спријателија. Човекот постојано ја гледаше фотографијата. Тоа кај Јана предизвикуваше болка. Почна да се надева дека ќе и дадат слободни денови да го посети синчето во малечкото село покрај големата река, но војната беснееше и секој ден се зголемуваше бројот на ранетите во болницата. Некои, кои беа полесно повредени, се излекуваа и заминаа назад на фронтот, но малкумина беа такви.
Приказните од фронтот, што и ги кажуваа ранетите борци, сосема и ги одвлекоа мислите од синчето и болницата сакаше да помага во борбата, да пука со пушка.
Ноќта спроти Новата година седеше во собата сама. Вратата се отвори и внатре влезе Георгиос Кокојанис. Беше црвен во лицето и возбуден. Љубезно и се насмевна. Седна на другиот кревет.
“По два дена да бидеш подготвена. Ќе заминеш во татковината.”
Јана Чакаларова се вознемири. Го погледна остро Кокојанис.
“И ова е моја татковина, господине Кокојанис”, помисли Јана, но не му рече. “Ќе бидам подготвена, господине Кокојанис. Не грижи се!”
“Тогаш, по два дена”, и рече Кокојанис.
“Можам ли да го видам синчето пред да заминам?”
“Жалам, но јас не издавам команди. Ќе прашам во штабот и ќе ти јавам благовремено”, и рече Кокојанис. Стана од креветот и замина од собата.
2. Јана Чакаларова се качи во камионот. Седна на дрвената клупа под церадата. Се загледа во лицата на младите кои одеа на фронтот. Камионот тргна. Набрзо излезе од долината на Пчиња и се упати кон Гевгелија. Јана се понадева дека ќе си го види синот. Кокојанис не беше под церадата.
“Господи ќе го одминат селото и нема да си го видам детето!” се вознемири Јана.
Камионот брефташе по патот. Јана и младите луѓе потскокнуваа од штицата на која седеа и повторно се враќаа со задниците на неа. Некои негодуваа мрморејќи. Јана молчеше и мислеше на Ристо.
По три часа камионот застана. Момчињата ја подигнаа церадата и пред очите на Јана се покажа бледото лице на Кокојанис.
“Слегувајте! Натаму ќе одите пешки!” им рече Кокојанис.
Јана Чакаларова слезе од камионот.
“Зошто не ми дозволи да си го видам детето”? му рече Јана.
Кокојанис поцрвене. Му беше непријатно. Се вознемири. Јана го одмина молкум и со презир кон него. Лецето и потемне. Загриженост и се појави на очите.
“Смртта е лош сопатник, но љубовта е поголема од се”, помисли Јана и зачекори по момчињата и нерамниот терен.
3. Набрзо ја поминаа границата, тивко, без некој да ги види или слушне. Застанаа кај Бел Камен. Чекаа. По извесно време во далечината на снежното белило забележаа неколку силуети. Се затскрија зад камењата и ги подготвија пушките. Гледаа збунети и вознемирени во малечката колона. Јана го препозна челниот на колоната. Истрча од зад каменот. Сите се збунија.
“Ставре!... Ставре!”, викаше и трчаше Јана. Стигна до челниот на колоната и му се фрли на вратот. Се залепи за него и го стегна цврсто околу вратот.
Колоната застана. Луѓето од зад камењата ги откачија пушките. Ставре Наковски заплака од среќа.
“Јано, од каде ти овде?” и шепна.
“Ставре! Пријателу! Господ те прати во мојата близина”, заплака Јана.
“Да тргнеме, луѓе!”, рече еден од борците.
Ставре Наковски се одлепи од Јана.
“Да тргнеме, кумо! Долг пат не чека до Костанерија”, и рече Ставре и ја поведе под мишка по козјата патека низ планината. По нив тргнаа борците и момчињата што дојдоа со Јана. Нерамниот терен им ги превиткуваше стапалата. Нозете им се зарива во снег таму каде што беше подлабак. Молчеа. Не починуваа. Вечерта стигнаа во Костанерија. Првите стражи ги пропуштија и забраздија во селската улица. Неколку кучиња почнаа да лајат по нив. Не се вознемирија. Застанаа пред дуќанот на Стефанос. Ги распоредија новодојдените борци по куќите. Јана ја сместија во домот на Кољо Бочваров. Беше уморна и веднаш заспа.
Ставре Наковски уморен седна во дуќанот на Стефанос. Маџирот му донесе ракија. Ја испи ракијата и замина на спиење.
VII
1. Лазарос Пападоглу уморно чекореше по падината и се приближуваше до првите стражи. Се сопна од еден подаден корен и се стркала на снегот. Лежеше миг два на снегот, потоа стана го истресе снегот од облеката и продолжи. Двајца оружени луѓе се појавија од зад дрвјата. Лазарос застана. Се вкочани од страв.
“Бараш некого пријателу?”, му викна кривоногиот човек и му се закани со пушката.
“Одам во Костанерија. Не сум во војна со никого”, - рече Лазарос вознемирено.
“Имаш роднини?”, праша кривоногиот.
“Имам. Одам кај Ставре Наковски.”
Кривоногиот се насмеа гласно. Ретките заби му се подадоа од усната шуплина.
“Претреси го!”, заповеда кривоногиот.
Вториот оружен човек му пријде на Лазарос и внимателно го пребара по џебовите и пазувите. Се истави од Лазарос.
“Нема ништо. Како да тргнал на свадба”.
“Тргнувај пред нас!”, заповеда кривоногиот. Со пушката му покажа да врви напред.
“Но јас одам во Костанерија”, се побуни малку наивно Лазарос. Беше збунет и сакаше да се извлече од канџите на двајцата оружени луѓе.
“Ние сме од Костанерија”, му рече кривоногиот и го буцна со бајонетот во грбот. “Тргнувај!”
Лазарос Пападоглу зачекори пред нив. Нозете му тежеа и се движеше бавно. Кривоногиот го потчукна со бајонетот повторно. Лазарос го забрза одењео. Стигнаа на селската улица. Наидоа на други вооружени луѓе. Лазарос гледаше зачудено во нив. Среде селото Лазарос малку подзастана.
“Застани!”, му заповеда кривоногиот. “Чекајте ме овде! Одам по командантот. Веднаш се враќам”.
Лазарос Пападоглу го проколна денот кога ја послуша Уранија Папајоану и појде во Костанерија. Се прекоруваше што се излаја пред двајцата оружени луѓе и го спомна името Ставре Наковски. Сега можеа да го стрелаат без да му судат. Почна да очајува. Размислуваше да го удри во слабината човекот што го чуваше и да побегне. Сепак, реши да чека. Кривоногиот се врати. Му пријде на Лазарос.
“Капетанот го нема. Како рече дека се вика твојот роднина од Костанерија.”
“Ставре Наковски”, отсече Лазарос.
“Веднаш ќе проверам. А, како се викаш?”
“Се викам Лазарос.”
“Добро. Веднаш ќе проверам дали Ставре Наковски е во роднинство се тебе.”
“Би сакал јас да го видам”, се сепна Лазарос од помислата дека Ставре Наковски не го познава и може лесно да се случи да го стрелаат.
“Нели сте роднини?”, се зачуди кривоногиот. Можеби нешто криеш?
“Да го затвориме во подрумот додека дојде командантот”, рече мирно другиот оружен човек. “Зошто да се мачиме со него?”
“Ве молам, одведете ме кај Ставре Наковски”, замоли смирено Лазарос.
Кривоногиот размислуваше подолго време. Потоа го турна со бајонетот.
“Тргнувај!”, му рече строго.
Лазарос зачекори. Дваесетина метри погоре по улицата кривоногиот застана. Влезе во дуќанот на маџирот Стефанос и по неколку мига излезе придружуван од Ставре Наковски. Кривоногиот му покажа на Ставре со раката кон Лазарос.
Лазарос се насмеа. Потоа гласно викна.
“Пондилаки! Пондилаки, братко, спасувај ќе ме убијат!”, и покрај оружениот човек што го чуваше и кривоногиот потрча по улицата. Му се фрли на вратот на Пондилаки кој му појде во пресрет.
“Откаде ти овде, Лазарос?”, се насмеа Пондилаки.
“Господи, каква среќа! Ќе ме убија двајцата”, рече Лазарос, се отргна од вратот на Пондилаки и покажа кон кривоногиот.
Ставре Наковски се закикоти гласно. Пондилаки ја прифати неговата смеа. Лазарос се вознемири. Кривоногиот се збуни. Другиот оружен човек ја спушти пушката и ја префрли преку рамото.
“Одете на своето место! Човеков е наш”, им рече Ставре.
Кривоногиот поздрави војнички и со својот совојник се оддалечи во правец на долната маала на селото од каде што дојдоа. Ставре Наковски му пријде на Пондилаки. Гледаше во Лазарос.
“Ова е Лазарос Пападоглу, новинар од Солун”, рече Пондилаки и го чукна по рамото нежно.
“Мило ми е”, рече Ставре весело. “Ти си демократ?”
“Комунист!”, рече гордо Лазарос.
“И војниците кои те доведоа се комунисти. Во иднина, внимавај! Ќе се истребите сами меѓусебно”.
“А, ти си Ставре Наковски?”
“Да, јас сум”.
“До тебе ме испрати Уранија Папајоану. Животот ми беше во опасност”.
“Уранија Папајоану?!”
“Да, токму таа”, рече гордо Лазарос.
“Одлично момче... Уранија Папајоану!”, промрморе Ставре и се насмеа. “Еве ја, доаѓа Јана Чакаларова. Вистинска убавица”.
Пондилаки се израдува. Лазарос ги рашири очите и не можеше да се нагледа на убавината што им идеше во пресрет. Јана им
пријде. Му ја подаде раката на Пондилаки. Наместо да се ракува Пондилаки ја гушна.
“Калос иртес”, и посака добре дојде. “Сега сме комплетни”.
“Да седнеме во дуќанот!”, предложи Ставре. Потоа појде кон дуќанот. Пондилаки ја поведе Јана под рака. Лазарос тргна сам. Ставре седна на дрвениот стол и ги покани да му се придружат. Седнаа сите.
“Убав ден. Се надевам дека ќе помине мирно”, им рече Ставре и се накашла.
“Дај по чашка ракија!”, порача Пондилаки.
Стефанос им донесе ракија. Се врати кај шанкот. Маноли Стрезовски ја донесе поштата од врховната команда. Ги стави писмата пред Ставре.
“Од штабот?”
“Од штабот. Рекоа важни пораки”, му рече Маноли.
Ставре Наковски ги отвори писмата и одвнатре извади листови, пишувани на машина. Ги прегледа набрзина. Едно издвои. Го прочита внимателно и свирна силно.
“Новата влада бара да бидеме поактивни”, му дофрли на Пондилаки. “Ни наредува да отвориме бесплатно училиште, да спроведеме аграрна реформа, да ги понародниме шумите и пасиштата и да ја почитуваме рамноправноста на малцинствата”.
“Тоа се државни работи. За такво нешто може да одлучи само владата во Атина!”, рече изненаден Лазарос.
Пондилаки се насмеа.
“Сега имаме две влади во една држава. Минатата година донесовме документи за прогласување на Грција за слободна, демократска и неврзана република. Каде си живеел ти?”
Лазарос Пападоглу поцрвене во лицето.
“Новиот претседател на твојата влада се вика Маркос Вафијадис.”
Лазарос не можеше да се изначуди.
“Ни бараат двајца во врховната команда. Што мислиш, кого да испратиме?”, се обрати Ставре до Пондилаки.
“Јана Чакаларова и Лазарос Пападоглу. Двајцата се умни, писмени и големи демократи”, се насмеа Пондилаки.
Јана и Лазарос се изненадија. Ставре продолжи да го прелистува писмото. Потоа ја крена главата.
“Мислев, тебе да те пратам”, рече Ставре.
“Тие се помлади и иднината сами си ја кројат. Ако скројат лоша за себе, не ќе можат да не обвинуваат”, му одврати Пондилаки и испи голтка од ракијата.
“Договорено! Утре по појадок нека тргнат”.
Јана и Лазарос се погледнаа збунети.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/18 on October 29, 2026