Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Death in Solun

II ДЕЛ - Part 02

By Јован Парлапанов · Part 7 of 28 · About 21 minutes

Read in English

“Нека се здрави и живи ангелчињата на Ставре”, викна и испи неколку голтки од шишето. Го тргна шишето од устата. Се смееше гласно.

“Газдувајте сите! Стојос плаќа. Фоти Стерјов, нашиот газда, исчезна, а газдарицата, неговата цената сопруга, се тркала во одајата со неговото височество Украинецот... Напиј се. Софијо,

наслади си ја душичката. Ако не се грижиме за пансионот, врагот ќе го однесе. Напиј се за здравје на дечињата на Ставре.”

Софија Гелева крена друго шише. Се напи ракија од него. Гостите живнаа. Пондилаки се расположи. Ја запеа песната за Апостол војводата. Се изли на изненадување на докерите нежен лирски глас и ја исполни со топлина целата сала. Стојос Панајопулос полека се сврте и се изненади кога виде Пондилаки да пее. Не можеше да ја затвори устата од изненадување. Софија Гелева седеше на високиот стол, крај благајната и крадешкум го следеше секое движење на Пондилаки. Неговиот нежен глас ја разнежи и целата треперејќи од возбуда се скри во кујната и таму над големиот шпорет истури неброени солзи од жал што не можеше да го има неговото срце, ако не засекогаш, барем за миг.

Стојос Панајопулос, иако не ги разбираше зборовите на песната, почувствува како му лазат морници по телото. Мелодијата на песната како да воскреснуваше во него нешто свето. Не можеше да дотрае а да не испушти солза. Знаеше дека тоа е од песната и му беше мило. Да можеше ќе запееше. Наместо него, со чувство за придружник на прв глас, се разнесе лирскиот баритон на Маноли Стрезовски. Сите гости во пансионот им се восхитуваа на песната и на убавите гласови. Едно калешо момче, што седеше до прозорецот во стариот дел на пансионот, им го придружи својот глас. Гостите на пансионот се свртеа да видат кој е. Момчето, чувствувајќи дека го следат многу погледи, настојуваше да пее што поубаво, на што му позавиде и Јани Ронков, најдобриот бузукист во Солун, кој се подготвуваше за вечерашната претстава во пансионот.

Песната го привлече Алексеј Иванович Старовкин да слезе во пансионот. Мелодијата и гласовите што ја тегнеа како да го чукнаа во срцето. Како да имаше нешто заедничко со неа. Скоро на прсти дојде до шанкот. Иако не ги знаеше зборовите, му се чинеше како да му е позната. Некои зборови разбираше. Полека почна да ја отвори устата, и не испуштајќи глас, почна да ја следи мелодијата. Повторно му заигра сликата на Дон и за непрегледното поле. Очите му светнаа. Се појави бистра водичка во нив што се стремеше да го напушти коритото.

“Има нешто мое во оваа песна”, помисли и продолжи да ја отвара устата и да ја следи мелодијата.

Кољо Бочваров го испушти својот лирски бас. Не беше толку добар песнопоец како тројцата, но силината на неговиот глас ги затресе прозорците во пансионот. Јани Ронков не издржа да ја проследи песната како набљудувач... Ја стегна бузуката цврсто и со одмерени удари на прстите го сли нежниот звук што го испуштија жиците со гласовите на пејачите.

Пондилаки се насмевна, но не престана да пее.

“Копилето не заборавило на семката”, му пролета низ главата.

Јани Ронков почна да плаче тивко. Нежно удираше по жиците.

“Генот си е ген. Само да не се загубиме во бркотницата и да останеме сами”, помисли.

Мелодијата им струеше низ телата на присутните во пансионот и им внесуваше чувство на возвишеност. Како да ги направи посмели, свои, и повеќе не се чувствува загубен во сопственото дувло. Пондилаки го извиши гласот. Тоа го сторија Маноли и калешото момче. Бузуката на Јани Ронков се појасно почна да ја отсвирува песната. Присутните што не можеа да им се придружат со своите гласови, почнаа да плескаат со рацете во ритамот на бузуката. На скалите што водеа во одаите се појави Уранија Папајоану во свечена ноќна наметка, сивкаста по боја и наместа проѕирна. Се потпре на ѕидот и и дозволи на песната да навлегува во нејзиното тело. Зборовите не ги знаеше, но мелодијата и остана врежана во умот уште многу одамна. Ја слушна од нејзиниот дедо Панајот. По толку години песната повторно и го врати ликот на проседиот брадест старец, кој секогаш и ја пееше оваа песна. Како да им велеше дека во песната е се што имаат на овоземието.

“Мојот брат Христо ја следеше оваа песна и затоа го затворија”, и пролета низ главата. И се натажи душата и сакаше да ја истави песната од себе, но никако не успеваше. Колку повеќе се

трудеше да избега од неа, толку повеќе таа и се впиваше во порите и ја држеше закована на скалите.

Фоти Стерјов на изненадување на сите што го познаваа влезе во пансионот. Песната го вознемири. Пеејќи стигна до шанкот. Му се насмевна на Стојос Панајопулос.

“Што слави Пондилаки?” го праша заинтересирано.

“Ставре Наковски има близнаци”, му одговори весело Стојос.

“Синови!”

“Син и ќерка.”

Фоти Стерјов се насмеа гласно.

“Наполни им ги чашите на сите во пансионот!”, му заповеда строго на Стојос.

Стојос Панајопулос им ги наполни чашите на присутните со ракија.

Фоти Стерјов го засили гласот, но брзо го смали зашто на вратата се појавија Хаш со двајца придружници, приврзаници на кралот, Питер Макдоналд и Дастин Бровн.

Песната ги сопре на вратата на пансионот. По лицето на Хаш избија сипаничави брунки. Жилите на вратот му набабрија. Една му се издигна над десното око и по челото. Бес се појави на неговите очи. Пена му надојде на устата. Му заигра лузната под левото око. Тропна силно со ногата и вчас ги сврте очите на присутните кон себе. Им го испрати крвавилото што му ги исполни белките на злобните очи. Им ветуваше смрт. Сепак не успеа да ја раскрши мелодијата што го исполнуваше пансионот.

“Престанете! Забрането е да се пеат вакви смрдливи песни”, викна бесно,тупкајќи со чизмите и испуштајќи пена на устата.

Пондилаки го забележа неговото дрско однесување, но не му одврати. Ја доведе песната до крајот и задоволен отпи голтка ракија. Му намигна со окото на Јани Ронков, во знак на благодарност. Стана од столот и му пријде на Хаш.

“Собери си ги парталите и да те нема од пансионов! Биди им вечно благодарен на близначињата на Ставре Наковски што ќе ја гледаш земјата со твоите погани очи. Требаше да те убијам кога првпат ми застана на патот”, му рече строго и заканувачки и го остави самиот да реши за својата судбина. Му пријде на калешото момче.

“Седни! Се викам Вангелиос Котинарис”, му се претстави момчето и му го понуди столот од десната страна на масата.

“Ти не си Македонец”, му рече Пондилаки и сакаше да го праша како стигнал до изворот на песната, но Вангелиос Котинарис испушти парче смеа.

“Чувај се од кучиња какво што е Хаш. Грк сум, демократ”, му рече гордо, и ја поткрена главата гордо. Погледот му застана на Хаш кој им даваше знак на двајцата негови придружници, Питер Макдоналд и Дастин Бровн да седнат на соседната маса. Се насмеа.

“Твојот пријател не заминува”, му рече на Пондилаки. Во очите му се всадија петмина докери, развиени мажишта чии мускули се челичеа на доковите, растоварајќи бродови, кои без да изустат збор или направат било каков израз на лицето го зграбија Хаш, и не обрнувајќи внимание на неговата избезумена пенлива уста што се искриви од страв да не му го скусат животот, го исфрлија на калдрмата, потоа се вратија мирно на масата од каде што станаа.

“Сепак си замина”, му рече и воздивна, и “Што прославувате?”, праша заинтересирано.

Пондилаки се насмеа. Момчето му стана симпатично.

“Нашиот другар, Ставре Наковски има близнаци”, му рече Пондилаки мирно и веднаш зина од изненадување.

“Ставре Наковски ми е пријател. Се боревме заедно во последнава војна. Мислев дека е мртов”, му рече Котинарис изненаден. “Можеби не е истиот. Оној со кого што се боревме заедно е од Костанерија. Бил артист во Атина.”

“Тој е. Жив е. Има близначиња. Земи си ја ракијата и придружи ни се”, го покани Пондилаки “Демократите во овој пансион седат на онаа маса”, стана и го поведе. Го препушти пред себе, но не стигнаа заедно до масата. На Пондилаки му се испречи на патот Алексеј Иванович Старовкин. Пондилаки го обзеде непријатност. Сепак, мирно го прифати налетот на Алексеј Иванович Старовкин.

“Имаме ли ние двајцата нешто заедничко?”, праша со благ израз на лицето Алексеј.

Пондилаки не му одговори. Присутните ги преселија очите на нив. Очекуваа нова бура. Фоти Стерјов пребледе од страв. Питер Макдоналд се посоветува со погледот на Уранија и одминувајќи ги се потпре на шанкот, не испуштајќи ги ни за миг од сопствениот видокруг. Дастин Бровн се чинеше дека пука од задоволство. Сакаше да бувне војна во која Алексеј Иванович Старовкин ќе го извлече подебелиот крај и ќе си замине засекогаш од постелата на Уранија Папајоану. Беше сигурен во својата претпоставка, зашто го забележа подместувањето на докерите.

Во пансионот настана тишина. Стојос Панајопулос извлече железна шипка од под шпоретот во кујната што ја употребуваше за отворање сандаци.

“Сакам да ја испеете песната уште еднаш”, рече Алексеј вознемирено со глас во кој се чувствуваше молба. “Песната ме врати на бреговите на Дон и во широките непрегледни полиња. Јас чекам.”

Пондилаки го заобиколи неговото грамадно тело. Го одмина. Застана до масата на која тукушто седна Вангелиос Котинарис. Се сврте кон Алексеј Иванович Старовкин.

“Словенската земја е голема, но ние не правиме разлика меѓу луѓето. Не ги сврстуваме во групи и подгрупи. За нас сите луѓе на светот се исти и сите песни им припаѓаат на нив подеднакво... Ако сакате повелете на нашава маса па ќе пееме заедно. Можеби ќе ја запееме песната за Апостол војводата”, му рече Пондилаки и почека Алексеј да реши дали ќе им се придружи, но бидејќи Украинецот бавно ја пренесуваше мислата низ големата руса глава, си седна на столот.

Уранија Папајоану му пријде на Алексеј Иванович Старовкин и под рака го одведе по скалите во одајата. Стојос Панајопулос се врати во кујната задоволен што не ја употреби шипката. Фоти Стерјов се олабави и се насмеа гласно.

“Пијалок за сите. Честам за иднината на Ставревите близначиња”, си наполни ракија во чашата што стоеше на шанкот, потоа ја подигна високо чашата и наздрави. Гостите на кои Стојос им ги наполни чашите му возвратија на здравицата и тој задоволно ја спушти празната чаша на шанкот. Почна да полни нова. И кога ја наполни до средината одекна песна од грлото на Пондилаки. Гостите повторно живнаа. На Пондилакиевиот глас му се придружија уште четири и бузуката на Јани Ронков.

Пансионот ечеше од силните гласови. Песната допре до Уранија Папајоану. Се насмеа. Сакаше да ја слуша, зашто беше дел од неа. Не слезе долу да им се придружи, иако имаше силна желба и самата да запее. Остана со Алексеј Иванович Старовкин, кому му станаа поинтересни нејзините мазни колкови.

Настапи ноќта. Во пансионот не се одржа редовната програма. Софија Гелева за првпат не го покажа пред гостите своето убаво тело од кое извираше мирис на каранфил. Беше среќна. Го гледаше Пондилаки, успеа да му го подземе погледот, но остана само на тоа. Кољо Бочваров не можеше да си дојде на

себе од возбудата што му се всели во телото. Не очекуваше ваква средба и чест за Ставре Наковски. Зарипна од пеењето. Доцна навечер го напушти пансионот. Ноќта ја помина во куќата на Пондилаки, на Ептапиргон.

IV

1. Агапи Сливарова беше млада, убава и здрава девојка. Излезе од дома и се упати кон гробиштата. По пат и пријде Пено Попгонев и заедно потрчаа во шумата. Се пробиваа низ збиените дрва и задишани застанаа неколку стотини метри подалеку од гробиштата. Пено почна да и ја мазни косата. Агапи црвенееше. Се бакнаа. Срамежливо. Потоа ги измами желбата да се љубат. Легнаа на снегот. Пено и ги разголи градите. Нежно ја притискаше по градата и ја бакнуваше по вратот. Агапи Сливарова тонеше во сладок сон. Напати затреперуваше од страст и и се кочеше левата нога. Испушти сладок здив и се олабиви. Пено стана од врз неа и си ги закопча панталоните. Повторно легна до неа и се стркалаа по снегот. Се смееја. Потоа Пено стана и се воозбили. Агапи го гледаше вознемирено.

“Што ти е?”, го праша срамежливо.

“Заминувам”, и рече Пено и и го сврте грбот.

Агапи Сливарова поцрвене. Се налути. Скокна од снегот и го зграби за ракавот. Целата трепереше.

“Каде заминуваш?”, го повлече за ракавот.

Пено Попгонев ја истргна раката од нејзината.

“Ќе одам во Солун. На работа. Во селово нема доволно храна за целото семејство”, и рече мирно и тргна прудолу по планината. Агапи Сливарова потрча по него. Повторно го зграпчи за ракавот. Го тргаше силно.

“Никаде нема да одиш! Ме натрудни, па сега бегаш. Ќе останеш во Костанерија!”, му рече луто.

“Не останувам. Заминувам. Штом заработам доволно ќе те повикам да дојдеш”, и рече мирно и ја бакна за да ја смири. Го истргна ракавот од нејзината рака и потрча по прудолнината.

Агапи Сливарова потрча по него. На педесетина метри се сопна од еден подаден корен и се стркала по снегот. Се онесвести. Пено Попгонев не се сврте да си ја види саканата уште еднаш. Шмугна во шумата и го засили трчањето. Агапи Сливарова лежеше неподвижна во снегот.

2. Кољо Бочваров се искачи на височинката. Застана да се одмори. Извади од торбата матарка и се напи вода. Ја затвори матарката и ја врати во торбата. Дивината го привлекуваше и сакаше целата да ја внесе во очите. Погледот му застана на неподвижното тело на Агапи Сливарова. Помисли дека Илинка, будалетинката на селото, се прпелка во снегот. Сепак се спушти до Агапи. Се изненади. Се наведна над неа и ја подигна од снегот. Потоа ја качи на грбот и побрза во селото. Влезе во дворот на Гоне Сливаров. Го забележа Хрисанта и врисна. Гоне се стрча кон Хрисанта. Таа му покажа со прстот кон Кољо и спрсна со трчаница да го пресретне. Запре пред Кољо и почна да плаче гласно. Кољо влезе во дворот на Гоне Сливаров. Го забележа Хрисанта. Престигна и Гоне. Беше малку подалечку од нив. Му помогна на Кољо да ја спушти Агапи на креветот.

3. Агапи Сливарова не оддаваше знаци на живот освен што дишеше. Ја попрскаа со вода и по миг ги отвори сините очи. Заплака. Над неа Хрисанта липаше и си ги кубеше косите под шамијата. Кољо Бочваров со наведната глава излезе од собата. Гоне го испрати до вратата.

“Ти благодарам, побратиме, ми го спаси детето”, му рече и го чукна нежно по рамото.

“Нема зошто. Ние сме едно семејство”, му рече Кољо и го напушти тремот. Потоа низ дворот излезе на селската улица и тргна кон дома.

Гоне Сливаров се врати во одајата. Седна до буџакот. Тури ракија во чашата што стоеше на софрата и ја испи одеднаш.

“Имало господ”, промрморе и си тури ракија во чашката.

4. Во новата куќа на Ставре Наковски светна светилка. Евангелија се насмеа задоволно. Се гушнаа радосни. Во аголот на собата едното дете заплака. Евангелија се одлепи од Ставре и потрча да го смири. Го крена во рацете и почна да го лулка. Детенцето го стиши гласот. Ставре се насмевна. Евангелија го легна детенцето на креветот.

“Време е да ја подготвиш софрата. Ќе дојдат гостите”, и рече Ставре и ја гушна. Се бакнаа.

“Ќе ја подготвам, ако ми помогнеш”, се насмеа Евангелија.

Ставре Наковски ја подигна на рацете и ја внесе во кујната. Ја спушти на подот. Ја бакна во челото нежно.

“Ќе ти помогнам”, и рече нежно и се подготви. Евангелија се насмеа.

“Добро, штом самиот се нудиш”, му рече и му ја подаде тепсијата со зелник да ја однесе во собата.

Ставре Наковски ја однесе тепсијата во гостинската соба и се врати повторно во кујната. Евангелија му подаде две шишиња ракија и една чинија слатки.

“Внимавај, да не ти паднат. Други немаме”, му рече низ насмевка Евангелија и му го сврте грбот.

Ставре Наковски повторно се најде во гостинската соба. Слушна тропање на вратата. Ги остави чинијата со слатки и

шишињата со ракија на софрата и побрза да отвори. На вратата го пречека насмевката на Кољо Бочваров, придружуван од сопругата.

“Нека е со среќа”, му рече на Ставре и влезе во гостинската соба. По него внатре влезе неговата сопруга Андонија.

“Седнете на софрата”, ги покани Ставре љубезно. “Евангелија направи убав зелник и колачиња. ” Му подаде чаша на Кољо и му тури ракија. Потоа си наполни и за себе. Ја подигна чашата.

“Добре дојдовте!”, им рече весело.

“Добре најдовме и секогаш да наоѓаме побогата софра”, му рече Кољо и отпи голтка од ракијата.

“Земи некое колаче! Заблажи се!”, и рече Ставре на Андонија која срамежливо гледаше во слатките колачиња.

“Благодарам, Ставре. Ќе почекам да дојде Евангелија. Потоа ќе земам”, му одврати срамежливо Андонија и си ја замота поубаво косата во темнокафеавата шамија.

“Ќе одам да видам што станува со мезето”, рече Ставре и отрча во кујната.

“Имаш гости”, и рече на Евангелија и ја бакна нежно во образот. Евангелија се вознемири. Ги избриша рацете од скутникот и побрза да се поздрави со гостите. Влезе во гостинската соба насмеана. Се ракува со Андонија и Кољо и седна на софрата. Влезе Ставре. И тој седна.

“Ти донесов поздрави од Пондилаки”, му рече Кољо.

“Го пронајде? Како е тој?”

“Одлично живеат тие во градот. Пондилаки посебно. Сила човек”, му рече Кољо и воздивна тешко. Ставре се насмеа. Андонија поцрвене. Евангелија стана и без извинување ја напушти гостинската соба. На вратата тропнаа нови гости.

Ставре Наковски го чукна нежно по рамото Кољо и побрза да им отвори на гостите.

“Нека е со среќа”, му рече Гоне Сливаров и влезе во тремот. Зад него одеше Хрисанта Сливарова и најодзади нивната ќерка Агапи. Ставре ги покани го гостинската соба. Им ја отвори вратата и ги пропушти да минат крај него.

“Чекате гости”, се јави глас од влезната врата. Ставре се сврти да види кој доаѓа.

“Повелете, влезете”, им викна весело. “Вечерва славиме.”

“Затоа дојдовме. Нека ви е честита новата куќа”, му рече Димитар Попгонев и ја поведе во тремот Донка. Ставре ги пропушти и нив крај себе да влезат во гостинската соба. Влегоа внатре и седнаа на софрата. Евангелија принесе на софрата варени компири.

“Земете, додека се топли”, им рече весело. “Се радувам кога ми е куќата полна со гости. Сите ве љубам”.

5. Васил Дигаловски живееше на другиот крај на Костанерија во куќата што неговата мајка ја наследи од нејзиниот дедо кој беше поп во селото. Синовите на Димитар Попгонев му помогнаа да ја дотера наполу изгорената куќа. Живееше со мајка си. Се подготви со нов костум, бела кошула и вратоврска, си ги светна чевлите и цврсто ја стегна кваката. Мајка му седеше во ќошот на собата и плетеше.

“Внимавај синко! Ставре е учен човек. Живеел во Атина. Однесувај се пристојно. Немој да го посрамотиш семејството”, му рече мирно.

“Добро, мајко, ќе внимавам.”

“Не задржувај се многу. Поседи половина час и дојди си дома. Не јади многу и подалеку од ракијата. Нашата куќа секогаш била почитувана.”

“Секако, мајко. Прости, морам да одам”, и рече Васил и излезе. Надвор беше темница. Не го загрижуваше студот што му се пикна во коските. Внимателно газеше по улицата. Се плашеше да не стапне во некој од вировите. Набрзо стигна во куќата на Ставре Наковски. Тропна на вратата и почека да му отворат.

“Добра вечер и нека ви е со среќа”, му рече на Ставре кога го забележа на вратата.

“Благодарам, Василе. Влези!”, го покани Ставре.

Васил Дигаловски влезе во гостинската соба. Се поздрави со сите поединечно. Седна на местото што му го обележа Евангелија и ја прифати чашата со ракија што му ја подаде Ставре.

“Да исчекате внуци и паравнуци во куќава”, им наздрави Васил низ блага насмевка. “Најпосле се прибра селото во својата стара колевка”.

6. Евангелија Гаспарова им подели зелник на сите. Ставре Наковски им тураше почесто ракија во чашите. Донка дофати едно од колачињата и почна да го џвака.

“Си бил артист во Атина пред војанта?”, праша заинтересирано Васил Дигаловски.

“И тоа каков артист!?”, се вмеше Кољо Бочваров. “Му ракоплескале сите господа од Атина.”

Димитар Попгонев се навали на ѕидот и запали цигара. Ставре Наковски се насмеа гласно.

“Кој ти кажал за ракоплескањата?”, праша Ставре.

“Разбрав во Солун. Докерите дадоа богата пијачка за раѓањето на твоите близначиња. Стојос Панајопулос наздрави и во

здравицата рече дека си бил најголемиот артист на Македонија и Грција”, рече сериозно Кољо и не ги симна очите од Ставре.

“Точно е. Времето се смени и сега сум во Костанерија”, рече Ставре и се насмеа. “Овде нема театар и ќе бидам сточар”.

“Можеме да имаме театар во Костанерија. Убаво ќе се забавуваме”, се вмеша Васил Дигаловски и поцрвене. “Еве, јас можам да глумам”.

“Полека Василе, ова е село...”

“Се лажеш, Ставре. Нема голема разлика меѓу селото и градот. Се зависи од тоа како луѓето си го организирале својот живот. Лично сметам дека Костанерија може да има театар. Се разбира, не како оној во Атина во кој си учестувувал ти, но, една мала дружина која во слободното време ќе се занимава со глума секако е потребна и треба да постои. Ќе се забавуваме за сопствениот грош”, рече сериозно Васил Дигаловски.

“Нема луѓе кои ќе ги толкуваат улогите. Кому му е потребен театар во Костанерија”, одмавна со рацете Ставре.

“Јас се јавувам и ќе се потрудам да глумам добро. Можеби не како што тоа го правиш ти, но, некоја улога од неколку зборови би можел да играм. Сакам да ми ракоплескаат”, рече уште посериозно Васил.

“Ти си добар за улогата на Едип во истоимената драма”, рече Ставре низ насмевка.

“Нека биде и тој Едип. Ќе ја дотераме Ванковата меана и таму ќе ја одржиме претсавата. Договорено.”

Ставре Наковски размислуваше. Потоа се насмеа гласно и ја прифати подадената рака на Васил Дигаловски.

“Договорено”, му рече на изненадување на сите што беа во гостинската соба.

“Ќе ја подготвиме драмата Едип. Јас ќе бидам тој Едип”, му рече Васил Дигаловски весело и задоволно.

Кољо Бочваров се насмеа гласно. Димитар Попгонев беше загрижен и не се смеша во разговорот. Седеше потпрен на ѕидот и пафкаше од цигарата. Седеа до доцна вечерта. Скоро полупијани си заминаа по домовите. Ставре Наковски ја гушна Евангелија и ја бакна. Евангелија му се отргна од прегушката.

“Морам да ја расчистам софрата”, му рече.

Ставре Наковски се насмеа. Ја фати за тенката половина и ја подигна високо.

“Ќе си легнеме. Доцна е. Утре раздигни ја софрата”, и рече и ја спушти на подот. Брзо се подготвија за спиење. Легнаа. Ставре дувна во пламенот на свеќата и светлината исчезна од собата.

“Спиј!”, и рече Ставре на Евангелија.

Евангелија не му одговори. Веќе спиеше.

V

1. Васил Дигаловски, од припрост селанец, во една тивка пролетна вечер стана крал Едип. Се случи тоа што никој во Костанерија не го очекуваше. До таа вечер да им речеше некој на Костанеричани дека во селото ќе има театар, ќе го сметаа поматен со умот. Ако пак додадеше дека Васил Дигаловски ќе се претвори во крал, па нека е тоа Едип, со него повеќе немаше да водат муабет ниту за најбезначајни нешта, како на пример за осамената Илинка која со малечките педи секој ден ја мереше улицата од утро до мрак, цапајќи во калта. Вечерта спроти Велигден се собраа во Ванковата меана. Поседнаа на дрвените клупи и малкуте столови и чекаа да се крене завесата и да го видат чудото што Ставре Наковски и неколкуте Костанеричани, се разбира и Васил Дигаловски, го нарекуваа театар.

Појавата, облечена во темнозелена широка наметка со венец од смрека на главата, поцрнета во образите и забелена во устата ги крена високо рацете спремна да исфрли низ белата боја зборови, ги вознемири селаните. Помислија дека е чудовиште. Се уплашија. Но тоа траеше неколку мига зашто на слабо осветлената бина го препознаа ликот на Васил Дигаловски.

Гоне Сливаров седеше во левиот агол и зашеметено ги следеше движењата на Васил Дигаловски, прашувајќи се неколку пати дали е тоа вистински театар. Многу пати во големиот град гледаше претстави под голема бела шатра, но тоа не прилегаше на играта на Васил Дигаловски. Реши за тоа да разговара со Ставре Наковски кого го сметаше за најписмен човек во селото. Но се премисли кога на бината го забележа како излегува и Ставре Наковски, преоблечен во женско.

“Се сметнал од умот”, помисли Гоне. “Нема човек со кого можам да разговарам. И Ставре бил улав.” Реши да не разговара со Ставре. Се сврте и забележа како селаните збунето ја следат играта што се одвиваше на бината.

3. Ванковата меана се исполни со џандармерија. Претставниците на власта забележаа дека се случува нешто необично и незабележливо се вовлекоа во меаната. И самите се внесоа во играта. Не им беше јасно што се случува пред нивните очи, уморни и поцрвенети од студот.

4. Селаните и џандармите гледаа занесено во бината. Васил Дигаловски се провикна како дива ѕверка и го покри лицето со дланките. Потоа ги тргна дланките од лицето. Очите му беа црвеносани. Донка Попгонева вресна.

“Оќораве Васил”, викна Хрисанта Сливарова.