II ДЕЛ - Part 03
Сите скокаа на нога. Уплашено гледаа во црвеносаните очи на Васил Дигаловски. Завесата се спушти и пред нив се покажа само црвената басма. Гоне Сливаров, не верувајќи им на
сопствените очи се впушти меѓу столовите и се најде зад завесата, и за малку што не се судри со Васил Дигаловски.
“Зар навистина оќораве?”, го праша не тргнувајќи го погледот од неговите очи покриени со темноцрвена боја.
Васил Дигаловски се насмеа гласно. Ја тргна бојата од очите.
“Не грижи се, ова е само земја црвеница. Тоа така се прави само за да се прикаже што повистински”, му рече Васил и самиот несигурен дали се изрази најразбирливо, зашто Гоне Сливаров се уште вџашено го држеше неговото лице во сините очи. Васил сакаше да му го симне бунилото од очите, но одекна пукот во меаната од другата страна на завесата. Тоа малку ги збрка обајцата. Ги споија погледите и открија страв во нив.
5. Во меаната од другата страна на завесата настана тишина. Џандармот што имаше ширити и беше заповедник на групата пукна уште еднаш над главите на селаните. Потоа отиде зад завесата.
“Подигнете го платното!”, му рече на Васил Дигаловски. “Побрзо!”
Васил Дигаловски збунето го крена платното и пред него се покажаа уплашените очи на селаните. Џандармот го турна грубо и застана пред селаните. Го врати револверот во футролата и задоволен што не мора да тропа на барабан за да ги собере од дома се насмеа гласно.
“Ова се политички работи... Мислевме дека е селото изгорено и напуштено. Сега, благовремено, за разлика од некои други села, ќе воспоставиме власт со што легално ќе можете да живеете на ова место”, рече. “Треба да избереме селски кмет, како што е редот и да поставиме власт по желба на владата во Атина и неговото височество кралот Георги”, потоа постоја да види како ќе реагираат селаните, а бидејќи тие молчеа и се чудеа длабоко закопани во сопствената потсвест, се накашла. “Најнапред да
избереме селски кмет како што е редот во државата. Имате ли вие некаков предлог?”
Ставре Наковски стоеше зад него. Џандармите не му се вклопија во неговиот свет. Го потсетуваа на оние од пред војната. Помисли да му каже да си врви по патот, но некое претчувство го предупреди.
“Нека биде кмет Димитар Попгонев, тој е најстар во селото и буглењето на домаќинлукот најдобро го води. Се разбира, ако се согласуваат сите”, рече со цел да биде поставен за кмет на селото најдобриот човек.
Заповедникот кимна со главата неодредено. Ставре Наковски не знаеше дали одобрува или не. И селаните кои брзоплетиот избор на кмет и власт ги изненади. По краткото молчење настана џагор. Се сложија Димитар Попгонев да биде кмет на Костанерија.
Ставре Наковски си ја облажни душичката и насмевка му заигра на усните. Заповедникот на џандармите се накисели. Го искриви лицето. Очите му светнаа. Му пријде на Димитар Попгонев, го потчукна по плеќите и се насмеа гласно.
“Значи, тој е првиот човек во селото”, рече гласно.
Ставре Наковски воздивна длабоко. Во салата се слушна тивко мрморење. Димитар Попгонев стоеше мирно и ги следеше тромите движења на заповедникот на џандармите.
“Извадете го надвор и отсечете му ја главата”, им нареди строго заповедникот на двајцата џандарми, кои стоеја десно од него потпрени до неваросаниот ѕид полн со пајажини.
Сите во салата помислија дека се шегува. Двајцата џандарми го зграпчија Димитар Попгонев за рацете и го изнесоа надвор од меаната. Ставре Наковски стоеше стаписан. Васил Дигаловски молчеше. Заповедникот се насмеа гласно.
“Ќе го убијат, луѓе. Наш човек е, селанец. Да го оттргнеме од нивните валкани раце”, викна Гоне Сливаров и тргна по џандармите што го одведоа Димитар Попгонев. Пред него се испречи пушката на високиот џандар што му се зари во градите и го предупредуваше да остане во толпата. Гоне Сливаров застана. Замолча. Го спушти погледот в земи. Заповедникот се насмеа гласно. Се заврте ненадејно и му се внесе в лице на Васил Дигаловски.
“Ти ќе бидеш кмет на селото”, му рече строго и на изненадување на сите, потоа со грлеста смеа го проследи фрлањето на белокосата глава со питоми очи на подот. “Вака ќе поминеш, ако не си со нас. Сите ќе останете без главата на рамениците, ако не ги почитувате моите наредби. Сега одете си дома!”, им заповеда строго на селаните.
Селаните молчешкум завиени во страв со несигурен чекор ја напуштија Ванковата меана. Ставре Наковски излезе последен. Надвор го дочека Донка Попгонева и му се фрли во прегушка.
“Трај, стрино Донке. Подобро скотот да не го доиме со млеко што ќе му го продолжи животот со радост”, и рече за да ја успокои.
Донка одвај додржуваше да не се провикне од болка. Никој не го забележа нејзиното присуство. Од поодамна знаеше како да се чува кога доаѓаат слугите на смртта. Затоа не писна кога ја стркалаа на подот белата глава со питомите очи на Димитар Попгонев.
Ставре Наковски ја зема во своите очи нејзината испиена става и полека, придржувајќи ја за подмишката ја поведе дома. Се пробиваа немо меѓу соселаните и молчешкум чекореа. Ја внесе во нејзината куќа и ја остави да го чека синот.
Тргна дома. Селаните се разотидоа по домовите. Сите беа загрижени. Наскоро ниедна ламба по куќите не гореше. Никој не спиеше.
Во Ванковата меана остана со џандармите Васил Дигаловски.
“Симни ја бојата од лицето! Каков кмет ќе бидеш со такво лице”, му рече строго заповедникот.
“Веднаш, господине, одам”, му одврати несигурно Васил и си го изми лицето со водата што ја донесе Ставре во кофа за да се дегримираат по преставата. Потоа се врати и застана мирно крај заповедникот.
“Овој циркус беше доволен. Да не се повтори!”, му рече заповедникот. “Води не во твојата куќа!”, му нареди заканувачки.
Васил Дигаловски несигурно зачекори. По него тргнаа џандармите, предводени од заповедникот. Влегоа во куќата на Васил Дигаловски и се сместија во приземјето. Надвор поставија стражи. Заповедникот легна на креветот а другите џандарми полегнаа по душемето. Наскоро заспаа.
Васил Дигаловски се качи во горната одаја. Го дочека мајка му.
“Што се случува во селото, синко. Кои се овие луѓе што ги доведе дома? Пријатели ли ти се?”, праша загрижено мајка му.
“Молчи, мајко, молчи!”, и рече тивко и влезе во другата одаја. Легна на креветот и остана со отворени очи, замислен.
VI
1. Џандармите од Костанерија заминаа на изненадување на сите. Селаните здивнаа. Петнаесет дена подоцна, Ставре Наковски стоеше потпрен на трошниот ѕид на Ванковата меана и го чекаше Гоне Сливаров. Требаше да заминат високо во планината и да ловат дивеч. Погледот му шараше по околината. Се изненади кога ја виде колоната џандарми и зад нив запрежната кола во која беа еден маж, жена и две дробни дечиња. Се истави од ѕидот и со трчаница отиде дома. Евангелија го забележа неговото вознемирено лице. Се уплаши.
“Доаѓаат џандармите”, и рече Ставре и се спушти во подрумот. Ја скри пушката во еден од кошовите и се искачи по скалите во гостинската соба. Потоа излезе надвор. Седна пред вратата и гледаше во колоната џандарми.
“Војувавме за други да си го топлат газот”, промрморе и не го симна погледот од џандармите.
Џандармите ги водеше истиот заповедник. Застанаа пред Ванковата меана. Слегоа од коњите.
“Милкијадисе, продолжи до онаа куќа и чекај ме!”, му рече на човекот што седеше во запрегата. Милкијадис ги удри воловите со тенката прачка и тие тргнаа. Застанаа пред куќата на Васил Дигаловски. Заповедникот ги остави џандармите пред Ванковата меана и појде по запрегата. Кога стигна до неа, слезе од коњот и пријде до вратата. Тропна силно. На вратата се појави Васил Дигаловски. Трепереше од страв.
“Повелете, господине, мојот дом е секогаш отворен за добри гости”, му рече со треперлив глас Васил и му покажа со раката да влезе во куќата.
Заповедникот се насмеа гласно. Се сврте кон запрегата. Ја подигна раката високо.
“Господине Цакондас, повелете! Овде ќе биде вашиот иден дом”, му рече заповедникот и влезе во куќата.
Милкијадис Цакондас слезе од запрегата. И подаде рака на сопругата Евридика, слабичка жена наместа со впечатливи модрици на зараснати рани од прележана овчја сипаница, и таа слезе од запрегата. Потоа ги прифати едно по друго трите дробни дечиња. Евридика застана на нозе. Лицето и се на него беше ситно, изгледаше ненахрането и болно. Трите дечиња, женски, стапнаа на дрвениот праг на двокатната куќа. Лижеа шекерчиња.
“Повелете, влезете! Ќе ми биде мило да живеете во мојата куќа”, рече понизно Васил и ги пропушти покрај себе да влезат
во куќата. Потоа и самиот влезе внатре. Во одајата го пречека строгиот поглед на заповедникот на џандармеријата.
“Така, сега селото има кмет и власт”, рече грубо. Му подаде пушка со кратка цевка на Милкијадис. “Немој да ја чуваш за личбота. Убивај се што ќе ти застане на патот.”
“Договорено, господине”, му рече Милкијадис.
“Подготви ручек за моите луѓе!”, му заповеда на Васко. “Тука сме за половина час.” Васила. “Тука сме за половина час.”
“Не играј се! Ако нема ручек отиде главата”, му рече строго заповедникот, направи питом поклон што се однесуваше на Евридика Цакондас и излезе од куќата.
“Сместете се, господа”, им рече Васил на новодојдените и се искачи по скалите во горната одаја. Го пречека мајка му. Беше лута.
“Си се здружил со ѓаволот, синко. Куќата ќе ти ја запустат”, му рече луто.
Васил не и одговори. Го одмина креветот на кој лежеше таа и влезе во другата одаја.
2. Милкијадис Цакондас ги растовари пљачките од запрегата и ги внесе во куќата. Евридика ги качи дечинњата на креветот и почна да ги средува рубите во еден шифоњер што самуваше празен во аголот спроти прозорецот. Дечињата ги лижеа шекерчињата и повремено се насмевнуваа. Милкијадис ги отпрегна воловите и ги внесе во шупата зад куќата. Се врати во куќата задоволен.
3. Десетмина џандарми предводени од заповедникот слегоа од коњите. Ги врзаа коњите за оградата и влегоа во куќата на Васил Дигаловски, во одајата во која се смести семејството на
Милкијадис Цакондас. Седнаа на големата маса. Заповедникот беше задоволен. Се смееше заразно.
“Почнете со јадењето! Оваа куќа е наша. Домаќинот чести”, им рече на џандармите и почна да јаде.
Милкијадис Цакондас беше збунет. Евридика исто така. Трите девојчиња ги лижеа шекерчињата и уплашено гледаа во џандармите. Васил Дигаловски стоеше го аголот покрај шифоњерот и молчеше. Заповедникот го прострели со поглед.
“Седни да ручаш со нас”, му заповеда строго.
Васил Дигаловски не се помести од местото. Џандармите престанаа со јадењето. Милкијадис ги селеше очите од заповедникот на Васил. Наслутуваше бура. Евридика му пријде на Васил и нежно го фати под рака. Го доведе до големата маса и го спушти во столот десно од заповедникот.
“Можеби не е гладен. Пред малку јадеше”, понизно му рече на заповедникот.
Милкијадис Цакондас се уплаши.
“Лаже кучката. Сака да го спаси”, помисли и се тргна два чекори назад. Седна на креветот до девојчињата. Молчеше и ги следеше мрзоволните движења на заповедникот.
Васил Дигаловски почна да јаде. Заповедникот се насмеа иронично. Џандармите продолжија да џвакаат компири. Евридика воздивна тешко. Беше задоволна што помогна да не се пролее крв во куќата во која штотуку се всели.
4. Џандармите завршија со ручекот. Гласно смеејќи се излегоа од куќата на Васил Дигаловски, ги јавнаа коњите и без поздрав го напуштија селото. Васил Дигаловски стоеше на еден камен потпрен до оградата и молчеше. До него, замаглен во погледот, самуваше Милкијадис.
“Да влеземе внатре, господине Дигало”, му предложи Милкијадис.
“Да влеземе, господине Цакондас”, му одврати Васил и се одвои од оградата. Со бавен чекор влезе во куќата. По него низ отворената врата влезе и Милкијадис.
“Простете што ќе ве напуштам, но ќе прилегнам малку”, им се извини Васил Дигаловски и следен од нивните испитувачки погледи се качи во горната одаја. Помина крај креветот на мајка си и невелејќи и ништо влезе во другата одаја. Легна на креветот несобуен и се загледа во една црна дамка на таванот.
“Отиде се во мајчината”, му пролета низ главата и ја зари во перницата.
5. Евридика Цакондас ги помилува девојчињата по долгите руси коси и им даде уште по едно шекерче. Му се опули на Милкијадис кој седеше на масата и јадеше варен компир.
“Згазнавме во змиско гнездо”, му рече Евридика загрижено.
“Не ме прашувај мене што да правиме. Дојдовме во селото за да му служиме на кралот и владата и не гледам зошто би било поинаку. Не ми е грижа дали некој ме сака или не. Мое е да спроведам власт во селото. И ќе ја спроведам па макар сечел стотици глави”, и одврати нервозно.
“Како милуваш, но човекот живее со другите луѓе а не со животните или сам како ѓавол. Ти си домаќин во семејството и се грижиш за нас. Прави како си милуваш. Сепак, внимавај! Ова село е змиско гнездо”, му рече и легна на креветот.
Молчеа. Собата ја обви чудна тишина.
VII 1. Кон Костанерија полека се движеше запрежна кола натоварена со буриња и вреќи. Со воловите управуваше човече со залижана
коса и долги побелени мустаки. Покрај колата на бел коњ јаваше црномурест човек со чизми. Лицето му беше брадосано и носеше измастена црна мантија над која висеше сребрен крст.
“Костанерија сигурно е малечко село. Не ќе можеш да се збогатиш брзо”, рече попот.
“Не ми се брза. Нашата работа е подолгорочна. Ќе видиме”, му одврати човекот и ги удри со камшикот воловите.
“Како милуваш, Стефанос, само не е селото најпогодно за трговија”, рече попот.
“Не е ни за црковна работа, па одиш како на свадба”, му одврати Стефанос.
“Зинда Нијархос секогаш победувал. Ќе се вратам од Костанерија со куфер златници.”
“Сполај ти, попе, ако можеш зошто да не”, му рече Стефанос и сврте во селската улица.
Зинда Нијархос го збодна коњот и ја одмина запрежната кола. Застана пред Ванковата меана. Пред него се испречи Милкијадис на кого сабјата му се влечеше по прашината.
“Добар ден, попе. Добре дојде во Костанерија”, се насмевна Милкијадис.
Зинда Нијархос слезе од коњот. Се ракува со Милкијадис.
“Здраво стара мустро, одамна не сум те видел толку весел”, му рече попот.
“Сега сум власт. Внимавај што зборуваш”, му рече Милкијадис и се насмеа гласно и заразно.
“Имаме гостин, Милкијадисе. Ни доаѓа новиот трговец.”
Милкијадис не престана да се смее. Стефанос ги подигна нозете и скокна од запрегата.
“Добар ден, господине Милкијадис”, со насмевка поздрави Стефанос.
Милкијадис Цакондас го погледна строго трговецот.
“Така значи, Стефанос маџирот ми го испратија во вилаетот. Добро сторија, подобар нема во целата земја. Добре дојде!”
Зинда Нијархос се насмеа гласно и заразно. Милкијадис го погледна под око.
“Каде да се сместам, господине Милкијадис?”, праша понизно Стефанос.
Милкијадис почека попот да престане со заразното смеење. Потоа го пресели погледот на маџирот.
“Овде, на ова место. Мојата куќа е претпоследна од лева страна”, му рече Милкијадис и му покажа со раката кон куќата на Дигалови. “Растовари со во оваа куќа. Некогаш служела за продажба на стока и прехранбени производи. Внатре има простор за кафеана. Мислам, ќе ти биде добро...”
“Благодарам, господине Милкијадис”, понизно му рече Стефанос и го заобиколи. Влезе во Ванковата меана. Разгледа внатре и излезе. Застана до Милкијадис.
“Што е, не ти се допаѓа?”, се пошегува попот.
Стефанос ги наведна очите.
“Зборувај што те прашува попот”, му заповеда Милкијадис.
Стефанос ја подигна главата и погледна неодредено.
“Одлична е. Ќе ја растоварам запрегата. Воловите се уморни и треба да се одморат. Простете”, се извини понизно и тргна кон запрегата.
“Почекај, Стефанос, се уште не си ја заработил просторијата”, му рече иронично Милкијадис.
“Молам понизно, господине Милкијадис, повелете! Кажете што треба да сторам и се ќе биде по ваша желба.”
“Како да не си изненаден од мојот предлог”, се зачуди Милкијадис и се збуни. Не знаеше што да му каже на Стефанос. Зинда Нијархос се насмеа заразно.
“Првото следовање ќе го однесеш во куќата на господинот Милкијадис и немој случајно да пишуваш белешка. Потоа ќе донесеш во црквата. Колку да се знае дека си му мил на бога. Сега растовари ги работите и биди спокоен”, му рече попот и седна на клупата пред Ванковата меана.
Стефанос почна да ја растовара стоката. Ги симна вреќите. Се испоти.
“До вечер да биде отворена меаната”, му заповеда Милкијадис, потоа се сврте кон попот.
“Јас немам дуќан”, ги слезе рамениците Зинда Нијархос.
“Да одиме во црквата. Ќе те запознаам со селаните”, му рече Милкијадис. “Биди внимателен! Населението е вознемирено и може да бувне, па да страдаме без потреба двајцата.”
2. Црквата беше педесетина метри надвор од селото. Зад неа се протегаше густа костенова шума. Покривот и се црвенееше и се забележуваше од далеку. Фасадата одамна ја изгуби првобитната боја. Снегот и дождовите што паѓаа во планината ја избришаа бојата. Зинда Нијархос го пушти коњот да пасе во големиот двор. Милкијадис заѕвони со големото ѕвоно. Потоа излезе во дворот и му се придружи на Зинда Нијархос.
“Што ќе правиме сега?”, праша попот љубопитно и мрзоволно.
“Ќе чекаме да се соберат селаните. Време е да почувствуваат божји човек во селото. Ни недостасува уште учител и да бидеме комплетни.”
“Наскоро ќе имаме учител во селото. Го познавам. На прозивката бевме заедно. Ќе дојде есенва”, рече попот и се насмеа.
“Доаѓаат селаните. Биди внимателен! Сега си повторно поп”, го предупреди Милкијадис.
3. Селаните навираа од сите страни во црковниот двор. Беа вознемирени. Ставре Наковски чекореше полека и внимателно. Покрај него прусаше Гоне Сливаров. Влегоа во дворот и застанаа понастрана од другите.
Милкијадис Цакондас го чукна нежно по рамото попот и ја подигна раката за да се смират селаните. Набргу настана молк. Милкијадис си ја голтна плунката.
“Луѓе”, им викна на селаните и погледна во небото. “Поминаа многу божји денови а нашата црква не им ги отвори вратите на сите што сакаа да му се поклонат и да ја покажат сета своја наклонетост на божјиот син. Отсега натаму ќе биде поинаку. Денес пристигна новиот поп на Костанерија и ми претставува задоволство да ви го претставам. Тоа е божји човек со меко срце и со разбирање за сечија мака. Пред вас му го предавам божјиот храм, нашата селска црква и барам од вас да умеете да го цените тоа. Новиот поп се вика Зинда Нијархос и стои до мене. Толку од мене”, рече Милкијадис и си ги навлажи усните со јазикот.
Зинда Нијархос не беше воодушевен од местото што му го довери власта да го претвори во послушно стадо овци, кое власта ќе го стриже кога ќе и се посака. Му се стори дека без проблеми ќе ги постави огламниците на стадото што стоеше
пред него. Во толпата луѓе што застана пред него и Милкијадис, го забележа Ставре Наковски. Насмевката му заигра на усните.
“Ќе ми помогне копилето. Кај него ќе се сместам. Бесплатна храна и се што му следува на поп во селото”, помисли и се проби меѓу селаните до Ставре. Застана пред него. Му се насмевна благо.
“Помогни ми да се вратам меѓу луѓето”, му рече попот и му ја подаде раката да се поздрават.
Ставре Наковски го изгледа полека неговото брадесто лице и старата валкана црна мантија над која висеше сребрениот крст.
“Што му згрешивме на бога та ни го прати на гости овој убиец”, му пролета низ главата на Ставре. Се сврте и без да ја прифати подадената рака на Зинда Нијархос зачекори кон селото. По него тргна Гоне Сливаров. Чекореа молкум.
“Го познаваш попот?”, праша заинтересирано Гоне.
“Се запознавме во Атина. Тогаш беше распопен. Деновите ги минуваше во пијанчење, комар и жени, а многумина тврдеа дека никогаш не ќе успее да го избрише крвавилото од рацете. За пари убиваше. Германците го плаќаа добро. Си ја уби мајка си заради парите. Секој ден доаѓаше во кабарето каде бев вработен како артист. Скот. Кој ли го донесе во Костанерија, мозокот да му се исуши.”
“Покроце Ставре. Човекот ти подаде рака да се поздравите. Можеби се изменил. Се се случува во животот.”
“Таквите каков што е тој не се менуваат преку ноќ. Секогаш остануваат исти. Се што е во нивна близина мириса на расипано. Ќе потече крв во селото. Ќе страдаат многу. Можеби првиот ќе бидам јас.”
“Да не мислиме на тоа. Има власт во селото. Имаме кмет. Наше е да живееме чесно.”
“Така е, стрико Гоне. Ќе живееме чесно исто како што го правевме тоа пред војната.”
“Смири се, Ставре. Не верувам дека ќе го вратат времето назад.”
“Веќе го вратија. Зинда Нијархос ќе ги врши божјите работи на грчки јазик а во селото освен Милкијадис и попот нема ниту еден Грк. Зар си слеп да го видиш тоа?”
“Сепак, да почекаме. Времето ќе покаже. Да почекаме”, му рече Гоне и сврте во дворот на својата куќа.
Ставре Наковски продолжи да чекори по прашливата улица. Застана пред Ванковата меана. Збесна кога го забележа маџирот. Не му рече ништо туку продолжи кон дома.
4. Зинда Нијархос застана до Милкијадис. Ги гледаше собраните селани и во нивните погледи забележа недоверба. Зборуваше. Селаните не го разбраа она што Зинда им го кажа. Завладеа тишина. Зинда Нијархос почна да ја проколнува владата што го испрати во Костанерија.
“Прости”, му рече тивко на Милкијадис и влезе во црквата.
Милкијадис ја забележа вознемиреноста на лицето на попот. Се насмеа.
“Одете си дома и редовно да доаѓате во црква”, им рече строго.
Луѓето не се поместија од местата. Гледаа во неговото темно лице и му пркосеа.
“Одете си дома, луѓе!”, викна Милкијадис повторно. Поцрвене во лицето.
Никој од селаните не се помести.
“Одете си дома, проклети да сте!”, рикна на нив Милкијадис и го извлече пиштолот од футролата. Го впери во нивните гради.
Донка Попгонева стоеше близу до Милкијадис. Плукна пред нозете на Милкијадис и се сврте полека кон другите селани.
“Да си одиме дома, луѓе! Комедијата заврши”, им рече гласно и зачекори. По неа тргнаа другите селани. Излегоа од црковниот двор и се упатија кон своите домови. Не разговараа. Тивко го напуштија просторот и ги затворија вратите на своите куќи.
Милкијадис стоеше некое време и замислен влезе во црквата. Зинда Нијархос стоеше крај олтарот. Го крена погледот и ги дофати очите на Милкијадис.
“Див народ”, му рече попот.
“Ќе го спитомиме. Затоа сме овде. Кралот и владата имаат доверба во нас, затоа не испратија. Ние треба да се трудиме да ја спроведеме нивната замисла. Тоа е се, господине попе. Затоа внимавај како се однесуваш”, го предупреди Милкијадис. “Прости, но морам да си одам.”
“Каде да се сместам? Не мислиш да спијам на улица или во црквава”, му рече иронично попот.
“Зад црквата има мала куќа. Ќе ти биде удобно во неа. Довидување, попе. Внимавај како ќе го припитомиш стадото, инаку”, му врати иронично Милкијадис и излезе од црквата. Преку дворот помина брзо, потоа со бавен чекор стигна дома. Седна на масата и ја навали главата на неа. Трите девојчиња му се фрлија на грбот и тој грубо ги истера на креветот. Евридика го погледна строго, но Милкијадис не успеа да и го смести погледот во своите очи, ја наведна главата над масата и остана така да мирува.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/8 on October 29, 2026