Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Death in Solun

ЕПИЛОГ

By Јован Парлапанов · Part 27 of 28 · About 18 minutes

Read in English

ЕПИЛОГ

ЕПИЛОГ

1. Куќите во Солун заплиснати од синилото на големата солена вода му подлегнаа на времето и полека исчезнаа пред подивената градежна машинерија која, изразувајќи им благодарност за долгогодишната дружељубивост, ги заменуваа со огромни велеубави згради кои на големиот град му втиснаа белег на светската метропола. Преку ноќ исчезна дузината згради послани на Бариатиа заедно со пансионот “Македонија”. Залудно Ставре Наковски ја бараше старата трошна приземница, сопственост на Уранија Папајоану. Црвениот фенер престана да виси над големата дрвена порта денот кога избија големите демонстрации на студентите. Ни пансионот “Македонија” не го најде на местото кое се векови наназад беше негово. Талкаше по улиците, но чувството на човек што крие нешто страшно од другите луѓе не го напушташе, иако монархот, новите луѓе во атинската владина палата го избркаа и му забранија да се врати во земјата.

Новите згради и широките цветни плоштади му го одвлекуваа вниманието, но тој секогаш мислеше на времето од пред дваесет години. Како да му беше сопрел часовникот што го отчукуваше неговото живеење. Таквото чувство не го напушташе ни по доаѓањето на новата власт која се прокламираше како слободна и демократска. Ставре се сомневаше во се што можеше да се пробие подалеку од вообичаениот поздрав и му го загрози и она мало парче слобода што го имаше. Се трудеше да прикаже што помирно лице пред минувачите кои ја исполнуваа улицата што водеше до кејот. Често се прекоруваше. Разумот му велеше да чекори со крената глава и неоптоварен од страв. Новата влада беше демократска! Зар тој не се бореше за демократија? Но новата влада не им го признаваше правото на Македонци и затоа не веруваше во нивната стратегија. На кејот приседна на една клупа. Некое време молчалив го следеше бранувањето на големата солена вода. Си спомна за Еди Куле и деновите поминати во занданата без леб и вода.

Не сретна никого од луѓето со кои тргна во новата војна, ниту од оние со кои се бореше против Хитлеровите војници.

“Можеби се уште гнијат по затворите... Оние кои преминаа во Албанија, сигурно се здрави и живи... Еднаш морам да појдам во Костанерија...”, мислеше. Се плашеше од Милкијадис Цакондас. “Ќе ме предаде на полицијата и потоа долгогодишен затвор...”

2. Еднаш дојде до над самото село. Цел ден седеше на височинката и ги гледаше селаните како ползат по прашливата селска улица. Си ја виде куќата. Беше како што ја остави, иако во неа дваесет години никој не стави нога. Само покривот, така му се стори, на едно место имаше пукнатина, нешто како помала дупка, и бидејќи беше многу далеку, заклучи дека дупката е многу поголема и дека сигурно пропушта вода во таванот. По тоа наслутуваше дека внатрешноста на куќата мириса на скапано овошје.

3. Ги тргна од пред очи брановите на Белото Море. Стана од клупата и мешајќи се со жителите на градот се најде на железничката станица. Во Периклисис стигна слидниот ден на пладне. Го дочека синот Пено, мажиште кое тој ден полнеше дваесет години.

“Еднаш ќе мораш и мене да ме поведеш во Солун. Се знам за тој град и се од твоите раскажувања. Чувствувам голема желба да зачекорам по неговите улици... Сакам да ј посетам и Костанерија.”

“Има време, синко! Има време”.

Пено беше возрасно момче. Желбата за средбата со минатото го измачуваше. Ги немаше предрасудите што го измачуваа Ставре. Со крупните раце можеше да стопи камен и тоа го правеше да се чувствува храбар. Плетеше по цел ден во старата куќа и понекогаш остануваше покрај виртуозно сплетените кошови до доцна во ноќта, немоќен да сопре со работа. Сакаше да стане

многу богат. Некоја непозната сила го влечеше како магнет и му ветуваше живот на велепоседник. Лесно ја поднесуваше Ставревата главоболка, иако го врзуваше со поголема одговорност кон работата. Уживаше да располага со работата. Посебно задоволство му причинуваше раководењето со триесетмината работници кои од утро до мрак плетеа кошови. Работниците се плашеа од него. Беше строг, иако гласот му беше мирен и сталожен. Секое нивно забошотување го казнуваше со намалување на нивните примања. Ставре Наковски последен дозна со колкав жар Пено влегол во политиката. Му се лутеше. Го преколнуваше да не влегува во огнот. Но никогаш не му кажа дека во неговото лице се огледува младоста помината во крвавите војни. Го одвраќаше, иако потајно милуваше што детето му е бистро и има некаква цел во животот. Секогаш го чекаше на вратата со цигара во устата да се врати од состанокот на социјалистите. Не разговараа многу. Ставре секогаш се повлекуваше на спиење, правдајќи се дека го боли главата. Влегуваше во креветот во кој го чекаше со отворени очи Ксантина Периклис Наковска и долго лежеше не придавајќи им внимание на нејзиното избрчкано тело, проседената коса, и собраните усни и потемнетите очи кои го чекаа со нетрпение да ги помилува со сладок збор. Често остануваше со несклопени клепки до утрината. Потоа уморен го преспиваше денот. Неколку вечери го одбегнуваше враќањето во креветот. Ксантина го загуби некогашниот жар со кој му ја гореше душата и го внесуваше во креветот. Ставре Наковски падна во ново царство. Се почесто мислеше на минатото. Сакаше наполно да му се врати. Таквото вриење во него го разгоруваше уште повеќе син му. Повеќе не го одвраќаше од политиката. Му препушти да ги води работите во манифактурата и наполно се оддалечи од Ксантина и од нејзините ќерки. Алики често го задеваше кога доаѓаше на гости и му ги туткаше во скутот дробните дечиња, две мали девојчиња, но нејзините две последни навраќања и предочија дека со него нешто чудно се случува.

“Не забележувај му, се шекнува”, и рече Ксантина.

Алики, иако Ставре не и беше вистински татко, го љубеше многу. Не го задеваше повеќе. Дури и Поликсена ја предупреди да внимава на однесувањето спрема него.

4. Ставре Наковски без да им најави ги напушти и се најде во Солун. Го влечеше непозната сила што самиот не можеше да си ја објасни, иако сакаше да ја оттргне од себе и да се ослободи од синџирите со кои таа го приклешти за градот и за надежта дека ќе наиде на времето од пред дваесет години. Можеби поминаа повеќе од дваесет години? Не водеше сметка за времето.

Отседна во хотелот “Медитеран” и ги врати спомените кога во него влезе првпат. Страшното што се случи тогаш не сакаше повторно да го извлече од минатото. Седна во летната бавча на хотелот и си порача дупло кафе со кисела вода. Немирно ги шеташе зениците меѓу минувачите. Бараше познат лик. Келнерот му го принесе порцуланскиот филџан исполнет со темнокафеава горчлива течност и појде да ја послужи средновечната девојка што седеше три маси подалеку од Ставре.

5. Ставре Наковски реши да ја посети Костанерија. Го прежали она мало парче слобода и следниот ден се најде очи во очи со Милкијадис Цакондас, неговата сопруга Евридика и двете девојки што ги придружуваа. Одеа право кон него. Да можеше да зафати по друга улица немаше да се сретнат. Му затаи срцето, но по миг почувствува како силно почна да скока. Се надеваше дека нема да го сретне Милкијадис...

Го пушти чекорот решен да ги одмине горделиво. Не успеа. Очите на Милкијадис се залепија за него и по миг Ставре забележа како ја мушна Евридика во слабината. Таа го погледна испитувачки со питомите очи и го врати времето за цели дваесет и повеќе години. Човекот што им идеше во пресрет не се совпаѓаше со лицето што и го помилува сопругот. Од тоа лице по кое чекореше убавината забележа само слаба линија која го избриша времето од нивната последна средба до мигот.

Ги немаше на него разиграните очи бујната коса, правилниот нос и сочните усни, сенката на човековиот младешки сјај по кој сите жени лудуваа. Пред неа стоеше белокос повиен човек со брада на места снежно прошарана и лице испиено, полно со брчки. Црниот костум со два реда петлици, белата кошула, вратоврската со вишнова линија на средината, црниот полуцилиндричен шешир и сребрениот синџир што извираше од страничното џепче на палтото и висеше на отворот на јаката, само ја дополнуваа сликата на некогаш млад и убав човек надарен со природна елегенција на движењето на тенкото простомато тело.

“Да, тоа е тој, нема соменение. Ставре Наковски”, промрморе Евридика. “Човекот со мека душа и немерлива храброст”. Му го попречи патот.

Ставре Наковски застана. Евридика му се насмевна нежно.

“Калос иртес, кир Ставре! Добре дојде дома!”, му рече Евридика и солза и лизна низ образот.

Ставре Наковски беше збунет. И ја подаде раката.

“Калимера!”, рече Ставре тивко. Им кимна во знак на поздрав на девојките. Ја извлече дланката од Евридикината.

“Калимера Ставре!”, му рече Милкијадис.

Ставре Наковски молчеше и гледаше некаде во далечината.

“Добре дојде дома!”, промрморе Милкијадис несигурно.

Ставре Наковски ја погледна Евридика. Нејзините очи го преколнуваа да се помири со Милкијадис.

“Не можам да ти прогледам низ прсти. Премногу зло ми нанесе”, им кимна на девојките и ги одмина.

Евридика ги зеде под рака ќерките и полека зачекори. Милкијадис стоеше омагиен со погледот во прашливиот пат. Потоа полека тргна по Евридика и своите деца.

6. Ставре Наковски влезе во селската улица и наеднаш ги прими во себе прашината, куќите, луѓето кои се најдоа на улицата и настаните од пред дваесет и повеќе години, можеби триесет и повеќе или четриесет... Се измеша се во него. Срцето за миг како да престана да му работи и колената му ги пресече слаботијата при што се затетерави. Почвата му ги ослободи стапалата и умот му одлета во чист бел простор. Очите му се затворија и му се пристори дека земјата се свртела наопаку. Неколку мига не чувствуваше ништо. Солзата што му лизна по образот го врати од мртвите. Постоја за да закрепне и кога почувствува оти снагата повторно му се врати, си појде дома. Куќата однадвор беше зарасната во треви. Наместа цели жбунови се подаваа и оставаа впечаток на неисплевено поле. Покривот беше пропаднат. Влезе внимателно внатре. Одаите беа зараснати во пајажина, покриените кревети со шарено навезени килимчиња беа напластени со дебел слој прашина, а подот, освен за неколкуте глувци кои уплашени од тропањето на неговите чевли му го понуди пред тажниот поглед живеалиштето на безброј ситни животинки за кои никогаш не дозна на кој вид му припаѓаат. Шеткаа по подот преплашени од неговото пристусво што им ја поремети тишината и ги натера да си ги напуштат седалата.

“Господи Боже!”, се прекрсти и со натежена душа се премести во другата одаја. Вратата само што не се распадна кога ја отвори. Прашината му се залепи на црниот двореден костум и пајажина се закачи на полуцилиндричниот шешир. Од таванот се одлепи поголема грутка малтер избелена со вар и тресна пред него на подот. Се крена прашина и парчиња полетаа на сите страни. Го разгледа љубопитно таванот и откако се увери дека нема опасност од повторно одронување, седна на широкиот кревет покриен со јамболија и дебел слој прашина. Ги провлече тенките прсти на кои кожата беше оптегната и наместа со темни дамки, ја избриша од неа прашината, ги зграби црвените волнени влакна и напна да ги откорне. Очите му се наводенија

и пред нив заигра магловито детска игра што му внесе немир во главата. Се исплаши да не му пукне срцето од возбуда. Сликите на близначињата вешто го мамеа и му ја покажуваа Евангелија Гаспарова. Како да гледаше прекор во нивните очи. Умот му се замати. Посака да умре. Му беше мило тоа да се случи веднаш и во сопстевениот дом. Легна на креветот подготвен да ги затвори засекогаш очите. По некое време се смири, стана од креветот, си ги избриша со бело кадифено шамиче насолзените очи и ја напушти куќата. Набрзо се запре во дуќанот на маџирот Стефанос. Го препозна веднаш, иако времето на него беше оставило длабока трага, и го туркаше кон гробиштата. Не се гушнаа. Немаше ни насмевка. Се ракуваа тивко и сенаа на масата. Маџирот ги наполни чашите со ракија и наздравија.

“За твоето враќање!”, рече маџирот и ја испи ракијата.

Ставре Наковски се напи голтка. Потоа ја спушти чашата на масата.

“Доволно е лута за да ти го крене умот”, рече Ставре.

Молчеа загледани еден во друг диво. Ставре ја испи ракијата и излезе од дуќанот. Зачекори тромо по улицата. Застана пред црквата и го смрачи лицето. Се бореше да не ги гледа пред очи спомните, но не му успеваше. Беа посилни од него и му ги враќаа сликите на минатото. Неколку дечиња истрчаа од училишната зграда и се здадоа кон селото. По нив излезе човек на средни години. На Ставре му забрза пулсот. Се силеше да го запре, но не му успеваше. Човекот му се всели во очите. Не го препозна во него учителот Јоанидис Карахопулос. Воздивна длабоко и телото му олесна како да се спушти планина од плеќите. Се сврте гордо и со забрзан чекор помина низ селската улица. Ги одмина куќите и преку полето навлезе во шумата. Брзаше. Вечерта стигна во Солун. Отседна во хотелот “Медитеран”, чиј пресонал го прими со насмевка и љубезно. Хотелот беше речиси без гости. Времето убаво. Седна во летната бавча низ која се ширеше мирис на олеандрите, и му ги пречиствуваше градите. Пиеше кафе и си ги средуваше впечатоците.

Мирисот на олеандрите во летната бавча на хотелот “Медитеран” го довлечка уште неколку пати во Солун. Секогаш седеше на истата маса. Еднаш додека седеш сам...

8. На Ставре Наковски му пријде човек, некоја година постар од него, облечен во еднореден сивкаст костум со елек на кој се жолтееше и светкаше на слабата светлина златен синџир на кој Ставре претпостави дека е закачен џебен часовник. Човекот му се насмевнуваше пријателски. Му ја подаде треперливата рака.

“Зар навистина не ме познаваш?”

Ставре долго му се загледа во подуеното лице, заврте сомнително со главата. Се насмеа. “Пондилаки! жив си, човеку? Седни!”, му рече тивко со зарипнатиот глас и му го подмести столот да се смести во него.

“Ќе те одведам на друго место”, му одврати Пондилаки.

9. Пондилаки го одведе во едно малечко бистро крај брегот на морето. Влегоа внатре. Беше мрачно. Темнината од очите му го истави Маноли Стрезовски. Седеше со една средновечна жена, наглавена со тркалезен шешир во кој беа невкусно вденати шарени цвеќиња изработени од штоф. Маноли скокна од столот. Се гушнаа. Потоа седнаа.

“Ова е Софија, наша пријателка”, му рече Маноли, “Некогаш работеше во пансионот “Македонија” и убаво си поминувавме”.

Ставре Наковски ја погледна подобро. Софија ги развлече во насмевка усните кои го беа одамна изгубиле сочот и со раката го допре нежно рамото на Пондилаки.

“Ова е Ставре Наковски. Наш стар другар”, рече Пондилаки. “Недостасува Фоти Стерјов и да бидеме комплетни. Да имаме нов пансион“Македонија”, нешто...”

“Навистина што се случи со Фоти Стерјов?”, праша зачуден Маноли и ја погледна испитуватчки Софија Гелева.

“Колку што знам Фоти исчезна пред да почне војната. Треба да ја побараме Уранија Папајоану, можеби знае”, рече Софија Гелева.

“Уранија е мртва... Времето ќе го донесе Фоти како што не спои нас. Ако не го донесе, тогаш ќе го закопаме”, рече Ставре.

10. Доцна вечерта Пондилаки го напушти бистрото да ја испрати Софија Гелева. Маноли Стрезовски ја запиша на едно ливче адресата на Евангелија Гаспарова Наковска и му ја турна на Ставре под носот.

“Ми рече да ти ја дадам доколку те сретнам. Не знам колку те израдував, но таков е редот”.

Ставре Наковски гледаше во ливчето. Почувствува како му се креваат градите од силното тупкање на срцето. Почна да размислува за Евангелија Гаспарова како за нешто далечно. Ливчето го врати во реалноста и тоа многу го погоди. Му се слоши.

“Те молам, допрати ме до хотелот!”, му рече на Маноли. Стана од столот.

Излегоа од бистрото и тивкото ветерче што наидуваше од кај морето му го поврати здивот. Стигнаа до хотелот. Застанаа на влезната врата.

“Ќе се видиме утре”, му рече Ставре и се загуби по скалите во собата. Легна. Долго се мачеше да заспие. Се бореше со ливчето. Мораше да отвори нов фронт. Новата војна што му претстоеше не бараше од него да убива. Го бараше спротивното, љубовта...

11.

Времето одминуваше и се повеќе внесуваше немир во него. Не знаеше каде да појде. Дали да тргне за Скопје кај Евангелија Гаспарова Наковска и близначињата за кои Маноли ништо не му кажа, или да се врати на Пелопонез во куќата што ја изгради за себе и помина во неа триесет и пет години каде што го чекаше Ксантина Периклис, синот Пено и манифактурата. Сакаше да се посоветува со Пондилаки, но се срамеше да почне таков разговор. Сепак реши.

“Ќе појдам во Скопје. Така ми било пишано. Времето се поигра со мене и ме остави ни на небо ни на земја”.

12. На железничката станица во Скопје слезе спокојно и не брзаше. Тивко се пикна во такси возилото и му го подаде ливчето на возачот.

“Знам каде е. Бидете без грижа, ќе ве одведам до куќата”, му рече возачот весело и му го врати ливчето.

Ставре го стави ливчето во портмонето и го врати во внатрешниот џеб на палтото.

“Ти си наш! Зборуваш со наши думи!”

“А како треба да зборувам. Ова е Македонија и се зборувам македонски”, му дофрли возачот и чудно го загледа.

Ставре Наковски се насмевна задоволно.

“Во Периклисис децата ги учеа дека отаде границата е Србија”, помисли и си спомна за луѓето кои му носеа оружје во војната. “Можеби живеат во Скопје”, и му стана мило што се наоѓа во Скопје.

Автомобилот помина неколку улици и запре пред една висококатница. Ставре му плати на возачот и излезе од автомобилот. Влезе во висококатницата и се искачи по скалите на третиот кат. Заѕвони на звончето. На вратата се појави жена во поодминати години, малку поднаведната, со бистар поглед и

очи кои некогаш го влечеа како магнет во гратчето меѓу големата река и високите планини. Иако беше со мали бразди по лицето и главата замотана во црна шамија, ја препозна. И ја подаде раката. Остриот мирис на сармата што допираше од кујната го измами и му го одвлече вниманието. Забележа солзи во очите на Евангелија и се упати по неа во дневната соба. Се смести на фотелјата крај големиот регал преполн со книги, и воздивна длабоко. Молчеше. Евангелија си ги избриша солзите и седна отспротива на другата фотелија. Потоа стана.

“Ќе подготвам да пиеме кафе”, му рече со треперлив глас. Влезе во кујната и залипа, и од езерцата и потече солена вода. Како да немаше сила да го подготви кафето. И се заниша слабата душа и се задржа на шпоретот за да не падне на подот. Ги избриша солзите и поготви кафе. Го принесе во дневната соба, на шарен пластичен послужавник на кој покрај кафето имаше и слатко од дуњи во мало порцуланско чинивче.

Ставре го прифати кафето и слаткото и го стави на малото масиче. Молчеа. Како да се плашеа дека со изговорениот збор ќе ја разурнат долгогодишната отсутност од брачен живот. Мирисот на сармата ги измами и седнаа на масата во кујната. Евангелија посла бел чаршав и постави за јадење. Но, и обајцата како да го загубија апетитот. Седеа и молчеа. Евангелија стана и ја напушти кујната. Се врати и ја пресече тишината што им ги поведе душите во тегобност.

“Ти наместив во спалната да си прилегнеш. Мора да си уморен од патувањето”, му рече Евангелија. Го поведе во спалната и го остави да си легне. Се врати во кујната и заплака. Со неговото влегување во собата исчезна се што неа и мирисаше на него.

13. Ставре Наковски остана кој неа четири дена. Повеќето од времето молчеа. Еднаш ја праша.

“Пандура е со момчето и дечињата појдена на гости кај Пено во Торонто. Ќе останат два месеци”, му одговори Евангелија и почувствува празнина што не и беше присутна додека Пандура беше крај неа. И толку. Го испрати на железничката станица.

Молчеа. Возот тргна. Се врати дома и ја почувствува празнината што настана со неговото заминување. Се прекори што го пушти да замине. Се врткаше само по станот и силен порој од солзи и излета од очите.

“Проклета, не му ја побарав адресата. Можеби ова не е последното наше видување? Ќе дојде повторно”, плачеше, “Течете, наполнете ја Македонија со солило. Можеби така пресолена нема никој да ја сака”. Не можеше да се смири. Цела ноќ не заспа. Утредента доби телеграма. Беше испртена од Солун. Се израдува. Ја отвори. Го прочита текстот и пребледе. Заплака.

“Господ нека ми прости! Да го задржев немаше да умре. Проклета да сум! Дозволив железничарите да го најдат мртов во возот. Сега ме викаат да појдам и да го закопам! Како да не знаат дека не ми е дозволено да стапнам во Солун или било каде на тлото на земјата од каде ме набркаа пред толку години! Нека го закопаат тие. Можеби така сме накажани од некоја напозната сила. Ох господи...”, умуваше и ја препрочитуваше телеграмата. Влезе во дневната соба и легна на троседот. Плачеше... “Зошто времето си поигра со нас? Кому му згрешивме и не набркаа од дома за да го полниме светот со солзи? Ќе се вратиме ли некогаш дома. До умреме на својата родна грутка...”

14. Ставре Наковски железничарите го најдоа во возот. Долго време ја бараа адресата запишана во неговиот пасош личната документација, но куќата на Уранија Папајоану на која адреса беше пријавен во полицијата одамна замина заедна со минатото и полицајците и залудно си го трошеа времето. Го закопаа луѓето од погребалното на државна сметка. На неговиот закоп не дојде никој. Пондилаки и Маноли Стрезовски сигурно ќе облечеа црни костуми и ќе положеа венец на неговиот гроб. Ни Софија Гелева ни разбра за смртта на Ставре. Неговото исчезнување од светот на живите не беше објавено никаде. Да беше поинаку секако ќе појдеше некој со цвет во раката. Вака... замина како да не бил меѓу живите никогаш...