VI ДЕЛ - Part 01
VI ДЕЛ
I 1. Во пансионот “Македонија” влезе Алексеј Иванович Старовкин, придружуван од Хаш. Седнаа на една од масите покрај прозорецот. Крај шанкот стоеше млада, убава девојка. Лицето и беше бело и и го покриваа русите коси што е се спуштаа до рамениците. Алексеј Иванович Старовкин се насмеа со пештерскиот глас. Хаш удри со тупаницата по масата. Русокосата девојка потскокна. Се уплаши.
“Ракија, девојче! Донеси ракија!”, викна по неа Алексеј.
“Две големи чаши и едно шише!”, рече Хаш и се закикоти.
“Убаво им запрашивме на комунистите”.
“Така им требаше, Алексеј”.
Русокосата им пријде. Го стави шишето и чашите на масата.
“Турете си сами! Сигурно доаѓате од војна?”, им рече наивно.
“Од борба. Војната ја добивме. Победници сме”, и рече гордо Хаш.
Го отвори шишето и тури ракија во чашите.
“Знам”, рече русокосата, “Радиото го објави поразот на Демократската армија. Од тогаш секој ден има демонстрации во градот”.
Алексеј Иванович Старовкин се насмеа гласно. На вратата на пансионот се појавија Питер Макдоналд и Дастин Бровн. Униформите им беа побелени од прашина, косите пепелави, челата испотени, очите згуросани, зацрвенети, огрубени, наместа жолтеникави. Светеа од задоволство. Седнаа на масата до Алексеј и Хаш.
“Донеси уште две чаши!”, викна Хаш.
“Веднаш ќе донесам, господине”, им рече русокосата и појде кон шанкот.
“Како те викаат?”, викна по неа Алексеј.
Русокосата се заврте. Блага насмевка и се појави на усните.
“Ева Зузелска, господине”, рече со нежниот глас.
“Ева Зузелска! Од каде си?” праша Хаш.
“Од Полска. Од Краков”, гордо рече Ева. Се сврте и појде кон шанкот. Зеде две чаши од рафтот и ги однесе на масата. Се наведна понизно и се врати крај шанкот.
Хаш им ги наполни чашите на Дастин Бровн и Питер Макдоналд. Потоа ја подигна високо својата чаша.
“За победата!”
“За победата!”, му одвратија на здравицата тројцата.
“За американските авиони и нивните пилоти без кои Вич и Грамос немаше да паднат. И за англиските офицери. И американските. Мојата татковина вечно ќе им биде благодарна”, рече Хаш и ја искриви устата во насмевка.
Алексеј Иванович Старовкин сосема незаинтересирано ја крена чашата и му наздрави. Лицето му беше бледо, потемнето од жешкото сонце и замор се оцртуваше на него. Почна да пие прекутрупа. Се трудеше да се опијани. Ева Зузелска го набљудуваше љубопитно.
“Сака да се опијани. Да заборави на главите што ги пресече со неговата салосана рака”, помисли Ева и си тури ликер во чашата. Се напи и си ја навлажи правилната уста. “Кој знае колку пари им даде владата за да сечат глави?”
Алексеј Иванович Старовкин стана од столот и пријде до шанкот. Ја пригмечи Ева Зузелска на штицата.
“Убава си. Ќе го купам пансионот. Мене ќе ми робуваш а не на онаа вошлива курва Уранија”, и рече тивко и заводнички.
Ева Зузелска не се збуни. Уранија слегуваше по скалите. Се загледа во неа.
“Пансионот е на Фоти Стерјов, Алексеју. Тој ги има тапиите”, му рече Уранија.
Алексеј Иванович Старовкин се олабави. Се тргна од Ева Зузелска. Строго ја погледна Уранија.
“Ќе се вратам за еден час. Потоа ќе видиме”, и рече Алексеј и излезе од пансионот на изненадување на сите.
Уранија влезе во кујната. По неколку мига излезе. Застана пред Ева Зузелска.
“Од денес ќе ми носиш храна секој ден горе во собата”, и рече заповеднички. Помина покрај неа и се искачи по скалите.
Ева Зузелска гледаше во неа се додека не се загуби во вратата што водеше во одаите. Потоа се напи од ликерот. Го сврти погледот кон кујната и стана од барскиот стол. Влезе во кујната.
2. Хаш молскавично скокна од столот. Питер Макдоналд и Дастин Бровн зачудено го погледаа.
“Простете, господа, имам малку работа”, им рече Хаш. Потрча низ масите. Се искачи по скалите и застана пред вратата на одајата во која беше Уранија. Бувна внатре сиот задишан.
Уранија Папајоану седеше на креветот и јадеше месо испечено на скара што го донесе од кујната. Се сврте и го изгледа задишаното лице на Хаш, потоа продолжи да јаде. Хаш
иронично ја рашири устата во насмевка. Му се оцртаа расекотините и брунките на бузите. Стоеше мирно до вратата и гледаше во Уранија.
Уранија го голтна последниот залак леб. Го изџвака полека. Стана од креветот. Со одмерени движења го соблече фустанот. Пред очите на Хаш се појави прекрасно тело со обли гради и изгризани пуполки на кои зараснуваа раните.
“Ако сакаш да ме имаш, чекај да оздравам сосема. Ваква може да ме има само скот.”
Хаш се двоумеше. Го голташе нејзниото прекрасно тело и си го лигавеше искривеното лице.
“Нека биде по твое, но до тогаш јас ќе заповедам со пансионот и ќе ги собирам парите”, и рече грубо.
Уранија не му одговори. Го крена фустанот и со бавни движења си го покри голото тело. Пријде до вратата и ја отвори. Со раката му покажа на Хаш да ја напушти собата.
Хаш го искриви лицето од насмевка што му се појави на устата. Замавна иронично со главата и ја напушти собата. Уранија повлече свеж воздух во градите и го задржа кратко време во себе. Си го поврати нормалниот крвотек.
“Сака да стане стопан на пансионот! Ех, курвино потомче! Пансионот е сопственост на Фоти Стерјов. Земи го, но ќе го вратиш кога ќе се појави Фоти. Времето се менува. Само повели, земи го!”, помисли и ја развлече устата во блага победоносна насмевка. Потоа се насмеа гласно и ја наполни собата со заразна смеа. Се олабави толку многу што одвај успеа да го смени правецот на паѓањето на своето тело па така наместо на креветот падна на подот...
3. Вратата на пансионот со силен тресок се отвори и на неа се појави Алексеј Иванович Старовкин. Помина покрај масата на која си го допиваа алкохолот Хаш, Дастин Бровн и Питер
Макдоналд и се искачи по скалите. Влезе во одајата на Уранија Папајоану.
“Поаѓај пред мене!”, и рече грубо.
Уранија Папајоану се вознемири. Алексеј ја зграби за раката и ја повлече кон себе грубо.
Уранија Папајоану не се препираше. Си ги облече чевлите и појде по Алексеј. Излегоа од пансионот. По неколку улици застанаа пред една адвокатска канцеларија. Алексеј грубо ја отвори вратата што водеше во внатрешноста на канцеларијата и уште погрубо ја турна Уранија внатре. Уранија одвај успеа да се задржи на нозете.
“Ова е адвокатот Микис Порфирогенис. Тој ќе ти каже се околу продажбата на пансионот”, рикна Алексеј со пештерскиот глас.
Уранија молчеше. Адвокатот почека неколку мига да се смири Уранија. Отвори една папка. Извлече од неа два листа ситно испишани на машина за пишување и и ги подаде. Уранија ги прифати листовите. Ги разгледа внимателно.
“Како законска сопруга на вашиот исчезнат сопруг сопственик сте на пансионот. Треба само да потпишете барање за да го избришеме од живите. Можете и да не го сторите тоа. Располагате со една идеална половина. Другата што му припаѓа на вашиот исчезнат сопруг можете да му ја продадете на Алексеј”, и рече Микис Порфирогенис и погледна во Алексеј испитувачки.
Уранија Папајоану молчеше. Алексеј Иванович Старовкин ја извлече камата од појасот.
“Ќе потпишеш!”, и се закани Алексеј.
“Не ми преостанува ништо друго. Во ред, господа. Ќе го задржам преноќиштето за себе а ресторанот му го препуштам на Алексеј. Секој ќе си ја собира печалбата од својот дел”.
Микис Порфирогенис го погледна испитувачки Алексеја.
“Се согласувам”, рече Алексеј. И ја подаде раката на Уранија. Се ракуваа. Алексеј извади ќесе и и го подаде. “Земи, внатре има триста златници. Владата ми ги даде. Морав да пресечам многу глави за да ги заработам. Твои се”.
Уранија го зеде ќесето со златници. Го стави во црната чанта.
“Со среќа да се служиш со ресторанот”, му рече.
Алексеј направи понизен наклон.
“И ти со златниците”, и рече.
Уранија Папајоану ги потпиша документите. Микис Порфирогенис ги зеде и ги стави во папката.
“Со здравје да се служите обајцата со печалбата”, им рече и си ги помилува кратките црни мустаќи кои му го правеа лицето подебело. Стана од столот и и помогна на Уранија да се исправи. Ги испрати до вратата на канцеларијата и ги пушти за зачекорат по Игнатија.
Алексеј и Уранија одеа нервозно. Поминаа двеста метри.
“Прости, но имам некои неодложни работи”, и рече Алексеј.
Уранија Папајоану му се насмевна иронично. Му го заврти грбот и продолжи по Игнатија да чекори полека и предизвикувачки. Алексеј тргна кон пристаништето.
II
1. Уранија Папајоану влезе во пансионот како фурија. Не обрна внимание на Ева Зузелска и гостите што седеа во пансионот. Се искачи по скалите и нервозна влезе во собата. Се изненади. На креветот седеше Ставре Наковски.
“Те очекував. Здраво!” и рече Ставре.
Уранија изненадена го гледаше љубопитно и испитувачки неговото убаво лице. Му пријде. Се поздравија.
“Добре дојде во пансионот “Македонија”! Колку дена остануваш во градот?”
“Те загрижува моето присуство? Не знам. Војната ја загубивме. Власта ме гони. Мислев да се кријам кај вас. Каде е Фоти?”
Уранија Папајоану му ги провлече тенките прсти низ бушавата коса. Се насмеа нежно.
“Првин дотерај се! За другото не грижи се! Ќе биде како во деновите пред војната, не онаа што заврши пред четири години. Ќе разговараме подоцна. Ќе ти донесам храна. Сигурно си гладен? Изгледаш како питачите пред Агиос Димитриос”.
Ставре Наковски се насмеа. Уранија му мафна со раката и излезе од собата. Слезе во кујната. Наполни една чинија со печено месо. Стави и леб. Се врати по скалите во собата. Ја стави чинијата на масичето и почна да се огледува во огледалото.
Ставре излезе од бањата. Околу половината имаше замотано розева крпа за бришење.
“Не си загубил ни грамче од убавината и привлечноста. Да не сум ти снаа ќе те оборев во креветот... Ти донесов храна.”
Ставре седна на столчето покрај масичето.
“Не ми кажа каде е Фоти Стерјов?”, праша и голтна залак од печеното месо.
“Фоти исчезна пред две години и се уште нема глас од него ... како се твоите? Слушнав имаш близначиња”.
Ставре Наковски се замисли.
“Да не ги убиле во војната?”, праша загрижено Уранија и си ја зграби главата со рацете.
“Не, здрави се, живи. Во Југославија се. Така ми рекоа”, и рече скршено. Престана да јаде.
“Јади! Јас честам”, се пошегува Уранија.
“Не можам. Кога ќе помислам на децата полудувам. Проклета судбина! Ќе има ли ден за мене? Да си поиграм со нив како татко со свои деца или и понатаму ќе им се восхитувам и ќе им подарувам љубов на туѓите”.
“Како влезе во собата? Скоро заборавив да те прашам. Те виде ли некој?”
“Не, влегов од задната врата. Внимавав. Заради себе”.
“Легни си! Ќе прошетам малку по градот. Ќе ти купам нова облека”.
“Не троши се за мене. Скапи работи се тоа. Кога ќе ти вратам?”
“Има време. Животот е доволно долг за да си ги вратиме борџовите. Легни си!”, му рече Уранија и излезе од собата.
Ставре Наковски се насмеа љубезно. Го остави јадењето и легна на креветот. Ги затвори очните капаци и по миг заспа...
2. Уранија Папајоану изби на улицата Венезелос и влезе во четвртиот дуќан. Го погледна продавачот заводнички.
“Спакувајте ми еден костум број 52 и кошула број 43. Само побрзо. Ме чекаат гости дома”, му рече Уранија љубезно.
Продавачот излезе од зад тезгата и од рафтот извади еден темнокафеав костум. Го стави на шарената хартија што стоеше
на тезгата. Потоа извлече од рафтот кошула, крем боја, и се заедно спакува во хартијата. Уранија му подаде еден златник.
“Доволно е?”, му рече.
“И премногу”, и одврати продавачот.
Уранија го зграби пакетот и намигна. Продавачот се насмеа збунето. Уранија излезе од продавницата. Продавачот потрча по неа. Застана на вратата и долго гледаше во нејзиниот задник што се загуби во мноштвото народ.
3. Уранија Папајоану брзаше. Забележа зад себе двајца како ја следат. Потрча и се скри во една голема зграда. Луѓето поминаа покрај зградата и потрчаа кон улицата. Уранија излезе од зградата и потрча кон пансионот. На вратата се судри со Хаш.
“Си го продала ресторанот”, и рече Хаш заканувачки.
“Морав. Немав друг избор. Тебе те немаше да ме одбраниш”, му рече грубо. Го турна од вратата и зачекори меѓу масите.
“Преноќиштето е мое. Моите луѓе те бараат. Ќе те најдат...” се насмеа заразно Хаш и си ја стави раката на гркланот, “Кврц”, и рече и излезе на улицата.
Уранија ги одмина масите. Се искачи по скалите. Влезе во собата. Ставре спиеше. Го стави пакетот во аголот на собата.
“Господи, полудувам. Заборавив да купам чевли... Кој број ох боже?”, помисли. Зеде конец од фиоката на масичето и полека внимателно му го измери левото стапало на Ставре. Го скина кончето и го пикна во чантата. Излезе од собата по скалите во ресторанот. Помина покрај Ева Зузелска, но не погледна во нејзините бистри очи. Турна еден стол со нозете и се најде на улицата. На ќошот на улицата имаше чевларски дуќан. Влезе внатре.
“Ми требаат машки чевли. Еве ти ја мерката на ногата”, му рече.
Продавачот беше пристар човек. Го зеде конецот. Го одмери со строгиот поглед.
“Побрзај, Танаси!”, му рече Уранија.
Танас извлече од рафтот. И ги подаде. Уранија ја зграби кутијата. Му подаде еден златник.
“Тоа е доволно?”, му рече Уранија и излезе од дуќанот. По неколку мигови влета во ресторанот и се искачи по скалите во одајата. Застана пред креветот. Ставре срипа изненаден. И се вгледа во уплашените очи.
“Што се случува со тебе? Лицето ти е како на мртовец!”
Уранија успеа да се прибере.
“Станувај ти купив облека. Мораме да бегаме... Впрочем, ти не мораш да бегаш. Можеш да останеш во собата”, му рече и излезе.
Ставре Наковски рипна од креветот. Набрзина се облече и потрча по неа. Ја стигна и ја зграби за раката.
“Ќе ми објаснеш ли?”
Уранија молчеше и трчаше. Сврте на аголот и силно го повлече. Ставре се збуни. Не се противеше. Потрча. Изминаа неколку улици. Уранија застана.
“Успеавме”, му рече и исфрли страв од очите.
“Објасни ми, те молам!”, настојуваше Ставре нервозно.
“Мораме да се скриеме. На некои луѓе им пречи моето присуство”, му рече Уранија и го повлече за ракавот.
Ставре молкум тргна по неа. Брзаа по улицата послана со ситна камена коцка. Стигнаа во старата трошна куќа на Уранија Папајоану. Внатре Уранија се струполи задишана на креветот.
“Овде сме безбедни. Седни! Смести се каде милуваш. Куќата е голема. Клиентела немам. Девојките ги отпуштив од работа. Овде никој нема да не бара”.
“Ќе ми објасниш ли што се случува?”
“Седни, човече!”
“Не седнувам додека не ми кажеш што се случува со тебе. Каков е овој циркус?”, се налути Ставре.
“Сакаат да ме убијат! Задоволен си?”
“Кој сака?! Зошто? Како?”, збесна Ставре.
Уранија Папајоану се насмеа нежно.
“Повеќе од тоа нема да ти кажам. Подобро е да си понастрана од играта. Ако можам самата да се снајдам, добро, ако не, ќе ме изедат кучињата талкачи на големото градско буниште. Нема да имам дури ни обичен закоп каков што имаат најголемите смртници во овој град полн со трулеж и смрдеа на расипано месо”, му рече Уранија и се насмеа. Ги покри очите со солзи.
Ставре се збуни. И ги избриша солзите. Ја помилува по косата.
“Бевте другари со брат ми Христо?”, го праша Уранија ненадејно.
“Добри другари. Каде е тој?”
“Го убија луѓето на Пампас. Некој го предаде. Толку многу се грижев за неговата безбедност. Копилиња, ќе ми платите за се!”, викна.
“Одмори се! Ќе побарам некои пријатели во градот”.
Уранија ја зари главата во перницата. Ставре излезе од куќата. На лицето му се оцрта загриженост. Брзаше по уличките и не се осврнуваше на луѓето со кои се разминуваше или одеше во иста насока. Стигна до една петокатница и влезе внатре. Се искачи по скалите и застана до вратата на која со мали букви имаше натпис: ДОНЕ БИНДОВ. Чукна неколку пати и никој не му се одзва. Се замилсли. Една стара жена скромно облечена се појави на спротивната врата. Го гледаше уплашено. Ставре и пријде.
“Бегај, синко, што подалеку од оваа куќа! Доне го одведоа полицајците. Секој ден доаѓаат и проверуваат дали некој од неговите пријатели се сместил во станот. Бегај!”
Ставре Наковски ја гледаше љубопитно старицата. По миг се спушти по скалите и излезе на улицата.
“Не и заблагодарив на жената”, помисли. “Сега е доцна, подобро да внимавам да не ме забележал некој полицаец и тргнал по мене. Ќе биде лошо за мене”.
Шеташе два часа по улиците.
“Сега можам да се вратам кај Уранија. Сигурен сум дека никој не ме следи”, помисли и тргна кон приземницата.
III
1. Во старата куќа на Уранија. Ставре Наковски седеше на креветот. Уранија Папајоану подготвуваше вечера. Беа нервозни.
“Зашто не се врати во Костанерија? Таму би бил дома”.
“Солун е посигурно место за бегалец. Во селото ќе ме уапсат. Кога тргнавме за Преспа, сите селани го напуштија селото. Барем така мислев зашто ги следев лично како заминуваат кон границата. Потоа се најдов на Грамос. Каменот гореше таму.
Сите ја поминаа границата. Не сакав да ја напуштам родната грутка. Се надевав ќе се престрои војската и ќе се врати на боиштето. Засолнет во планината чекав. Се ми беше попусто. Потоа се вратив во Костанерија. Се изненадив кога забележав луѓе во селото. Се спуштив до куќата на Кољо Бочваров и внатре ја затеков неговата сопруга Магда. Се уплаши кога ме виде. И се тргна наопаку...”
“Зошто не заминале преку граница?”, се зачуди Уранија.
“Кољо Бочваров се уплашил да не си го загуби седелото засекогаш и се вратил. По него тргнале и другите. Но, по неколку дена во селото дошла војска. Во исто време дошол и селскиот учител Јоанидис Карахопулос. Тој го поткажал Кољо и војниците го стрелале... Сакав и јас да заминам отаде границата. Сепак останав”.
“Мислиш дека брзо ќе заврши бркотницава?”
“Се надевам. Не може вечно да трае”.
“Никој не е луд да стане од столот. И да сака кралот, Англичаните и Американците нема да дозволаат”, му рече Уранија. Го истави тенџерето од шпоретот и го стави на масата. Донесе чинии и лажици и ги остави на масата.
“Стани да каснеме! Сигурно си гладен? Мене ми кркорат цревата од гладот”.
Ставре Наковски стана мрзоволно и седна на масата. Уранија му тури од тенџерето манџа. Ставре се насмеа.
“Гравот е мошне хранлив”, му рече Уранија.
Ставре Наковски молчеше. Сркаше од манџата. Гледаше во Уранија и почувствува како и се губи нејзиниот лик од пред очи, но само повремено.
“Имам чувство дека еден од нас бргу ќе го напушти светот”, и рече сериозно Ставре.
Уранија Папајоану се насмеа гласно. Залакот и застана во гркланот. Одвај се поврати.
“Не биди злобник! Животот е пред нас”, му рече и повторно прсна во смеа.
2. Вечераа. Уранија Папајоану ги крена чиниите, тенџерето и лажиците и ги смести во еден поголем лонец што стоеше врз шпоретот.
“Така! Сега би можеле малку да прошетаме”, му рече Уранија.
“Опасно е. Полицијата е насекаде”.
“Сепак, да прошетаме. Ќе облечеме стари парталави алишта и ќе појдеме до кејот”, му рече Уранија весело.
“Ја предизвикуваш смртта”.
“Седум дена седам затворена во овие четири ѕидови. Не можам повеќе да издржам. Ќе полудам.”
“Оди, јас не излегувам”.
“Се плашиш?!”
“Не се плашам. Треба да издржиме уште малку. Бркотницата ќе се стиши. Потоа можеме да излегуваме колку ќе ти се посака.”
“Се плашиш!? Ќе излезам сама”, му рече и го наметна палтото. Пријде до вратата и го погледна уште еднаш. “Одам”, и излезе низ вратата.
Ставре Наковски рипна од креветот. Ја облече старата виндјакна и потрча по неа. Ја стигна и зачекорија заедно по калдрмата. Набрзо излегоа на кејот. Морето им ги смири душите. Дуваше тивок ветер. Изодеа долг пат и се враќаа. Мирис на рибина чорба допре до нив и им ги измами сетилата
за мирис. Се упатија кон пансионот “Македонија”. Влегоа внатре од задната врата. Кујната беше празна и во неред. Уранија пријде до вратата што водеше во ресторанот и ѕирна. Го забележа новиот готвач. Стоеше навален до шанкот и и беше свртен со грб. Од длабочината на ресторанот допираше звук на бузуки. Салата се смрачи. Нежен удар по жицата, потоа два остри и отсечни и повторно нежен. Уранија се напрегна да види што се случува, забележа на средината на ресторанот голо тело. Ја препозна Ева Зузелска. Девојкиното тело се лелееше на звукот на бузуката и им ги мамеше страстите на присутните гости. Потоа се се стиши. Ева Зузелска си ги собра парталчињата од подот и под слабата светлина им го покажа издигнатиот задник на гостите и се загуби зад бината.
Уранија го забележа Питер Макдоналд. Седеше со една од нејзините девојки. Нешто разговараа залепени еден до друг. На соседната маса, до Питер ја забележа Софија Гелева како му го трие лицето со градите на Дастин Бровн.
Хаш седеше најблизу до подиумот за стрип-тиз.
“Го нема Украинецот. Зошто грдосијата не вмимава на својот дел од работата”, помисли Уранија. Погледот и го измами масата на која секогаш, пред да го уапсат, седеше нејзиниот брат Христо. И се натажи душата од помислата на братот. Во гркланот и застана голтка и плач полета од душата. Не испушти солза. Ги стегна цврсто забите и додржа да не гукне.
3. Ставре Наковски стоеше зад неа. Се уплаши да не ги забележа некој од луѓето што седеа во ресторанот. Ја зграби за раката Уранија и ја повлече кон себе. Потоа скоро сосила ја извлече на улицата. Надвор темнината ги стори нежни нивните замислени лица. Заодеа повторно по кејот прегрнати и спокојни како да се сами на светот. Дувна топол ветер и им ги избушави косите. Уранија ја допре главата на Ставревите гради и полека отшетаа до трошната куќа на Уранија на чија врата се уште се нишкаше црвениот фенер. Само што не гореше светилката под скршените стакла. Влегоа внатре и легнаа на креветот. Уморни заспаа.
Утрото ги разбуди тропање на количка со дрвени тркала што се движеше по калдрмата. Не станаа веднаш. Количката ја одмина старата куќа на Уранија. Ставре Наковски стана и се облече се истегна мрзоволно на креветот.
“Каде?”
“Ќе одам да купам нешто за каснување. Гладен сум”.
“Не задржувај се многу! Внимавај некој да не те забележи и да не тргнал по тебе”.
“Не грижи се!”, и рече Ставре и излезе низ вратата.
Уранија се сврте накај ѕидот и повтроно заспа.
5. Ставре Наковски застана пред црквата Света Катерина. Се двоумеше. Влезе внатре. Ги гледаше фреските и иконите и незабележано вмимаваше да не го види попот Иракло.
“Како да пропаднал в земја. Можеби отпатувал и залудно си го трошам времето”, помисли и излезе од црквата. На улицата го повлече голема толпа луѓе. Викаа грлесто: САКАМЕ МИР! НАДВОР АМЕРИКА! ДОСТА СО КРВОПРОЛЕВАЊЕ!
Ставре ги одмина луѓето и замислен по четири улици се најде на гратскиот пазар. Тезгите беа празни. Имаше само неколкумина продавачи. Забележа по облеката дека се селани. Пријде до една тезга.
“Овогодишен ли е гравот?”
“Друг немам”, му рече човекот од зад тезагата.
“Половина килограм”.
Човекот кимна со главата. Стави во тасот на вагата три грста грав и на другиот тас стави драм од половина килограм. Потоа дотури грав во големиот тас.
“Точно половина килограм, господине”, му рече човекот од зад тезгата.
Ставре Наковски го подаде кожното торбуле и човекот го истури гравот од големиот тас во торбулето. Го врати тасот на вагата. Ставре извади неколку банкноти од џебот и му ги подаде. Човекот ги зеде парите и си ги стави во џебот.
“Со здравје да го јадете гравот!”
“Благодарам. Со здравје и ти да ги трошиш парите”, му рече Ставре и се оддалечи од тезгата. Излезе од пазарот и тргна кон старата приземница на Уранија. Беше весел. Трчаше по калдрмата. Влезе во куќата. Внатре се стаписа. Пред неговите очи се покажа искасапеното тело на Уранија. Голотијата не го измами. Крвта што извираше од телото му ги изврте цревата. Ја спушти нервозно торбата и се наведна над нејзината глава.
“Жива е!”, му пролета низ главата.
Уранија Папајоану ги отвори очите. Ставре Наковски го почувствува топлиот здив со мирис на костен.
“Не грижи се! Се ќе биде во ред”, и рече Ставре.
Уранија Папајоану ја развлече устата. Настана тишина во собата.
“Во другата одаја... во долапот покрај пенџерето... има... торба со пари... и... ќесе... со... Златници... Земи ги...” му рече, се насмеа и издиша.
“Умре сирота”, поуми Ставре. Го подигна нејзиното разголено тело и го стави на креветот. Ги забележа двете изгорени пуполки на нејзините убави гради. Ја покри со чаршафот и седна до неа на креветот.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/21 on October 29, 2026