Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Death in Solun

IV ДЕЛ - Part 01

By Јован Парлапанов · Part 14 of 28 · About 21 minutes

Read in English

IV ДЕЛ

1. Ставре Наковски долго време им се спротивставуваше на двајцата непознати кои го ослободија од дебелата ортома со која беше врзан за дрвото пред сопствената куќа. Сакаше да ги остави коските пред сопствениот праг. Непознатите беа упорни и сосила го одвлечкаа зад куќата, во густата шума. Не беше многу љубопитен. Едниот од двајцата сув и висок црномурест и со необично густи веѓи секогаш беше насмеан.

“Долго време лутаме пред пушките на монархистите. Можеш да ни се придружиш.”

Ставре Наковски молчеше. Мислеше Евангелија и дечињата.

Вториот непознат, на кого му беше оќоравено десното око, постојано молчеше. Се викаше Тодор Рисков.

“Како се случи тоа?”, го запраша Ставре. Седнаа на една висорамнинка да се одморат.

“Пред војната ни беше забрането да зборуваме македонски. Мене ме надушија во сопствената куќа. Влегоа внатре и затоа што зборував со сопругата и дечињата на македонски ме одвлечкаа в затвор. Таму ме тепаа. Еден од џандармите ме удри со дрвената палка по окото и престанав да гледам со него. Пет години бев затворен и кога ме пуштија да си одам дома ме предупредија повторно да не ја направам истата грешка.”

“И ти не ја направи?”

“Уште истиот ден. На пазарот во Солун сретнав еден мој соселанец. Како да не разговарам на мојот мајчин јазик. Тогаш на кој јазик ќе се разбираме ние. Грчки не знам. Арапски уште помалку. Го знам единствено мајчиниот, наш македноски. Зар е грев човек да зборува на мајчиниот јазик? Пред два месеци во моето село отседна една владина воена единица. Не тераа да потпишеме дека сме Грци. Успеав да се извлечам од селото и побегнав. На тројца, оние што први пријдоа до тефтерот во кој

требаше да потпишат, затоа што не потпишаа им ги исекоа јазиците.”

“Исто беше и во нашето село. Поминав долго време во Атина и сега сум повторно овде. Ќе другаруваме.”

“Ќе се извлечеме ли од овој пекол некогаш?”

“Се сомневам. Можеби ако си го напуштиме огништето и заминеме некаде во белиот свет подалеку од земјата... Зошто те викаат Кацар?”

Другиот човек се насмевна.

“Моето семејство изработуваше каци па така и го завикале луѓето”, му рече Кацар.

Ставре Наковски се насмеа гласно. Потоа му секна смеата и темни облаци му се појавија над веѓите.

2. По неколку часа пешачење низ планината стигнаа во селото Парнарово. Влегоа во куќата на еден роднина на Тодор Рисков. Човекот ги пречека како свои луѓе. Им даде храна и зимска облека за Ставре.

“Не можете да останете во селото! Кучињата монархистички кружат и се закануваат со стрелање.”

“Не грижете се, домаќине! Ќе заминеме веднаш”, му рече Ставре и стана од креветот. “Да одиме!”, им рече на двајцата. “Ќе ноќеваме накаде во планината.”

Повторно се најдоа во планината. Ветерот беше студен и им ги затвараше очите. Пред зори стигнаа во напуштената куќа на Ципорјазовци. Влегоа внатре. Насекаде имаше прашина. Креветите и постелата не беа гибнати. Не ги истресоа ќебињата и рисаците туку се пикнаа уморни во креветите.

“Не поставивме стража”, рече Кацар.

“Нема зошто. Куќата е доста оддалечена од сечии очи. Спиј!”, му рече Ставре.

“Како ти е раната? Боли ли?”

“Спиј!”, го прекори Ставре и му го сврте грбот.

Наскоро потонаа во сон.

3. Во дворот на куќата на Ципорјазовци внимателно и незабележливо од тројцата кои спиеја внатре влегоа седумнаесетмина луѓе. Се изненадија кога забележаа луѓе на креветите. Ставре ги отвори очите и ги погледна недоверчиво нивните испотени лица.

“Наши сме, не грижете се! Здраво Ставре! Светот е многу мал, нели?”, му рече човекот со жолта коса што стоеше до вратата.

“Здраво, Чонка!”, му одврати збунето Ставре.

“Не грижи се! Ние сме раководители на Македонската организација. Знаеме се за тебе”, му рече и се обрна кон другите. “Ова е Ставре Наковски за кого ни зборуваше Кољо Бочваров. Седнете, другари!”

Ставре Наковски стана од постелата. Згазна на болната нога. Офна.

“Ранет си?”

“Во десната нога. Куршумите не успеавме да ги извадиме.”

“Твоите другари тврдо спијат. Таквиот сон може да им се одмазди.”

“Сеедно. Кому му е грижа а нас! Ние сме како кучињата скитници. Секому му правиме добро и сите не тепаат. По

ѓаволите со зборувањето, ќе ви направам качамак. Сигурно сте гладни?”, му рече и ги разбуди Тодора и Кацара.

“Што е, кои се ови луѓе?”, буновно праша Кацар.

“Пријатели, наши луѓе. Гладни се. Ќе им приготвиме качамак додека одмараат”, му рече и куцајќи на едната нога почна да го приготвува брашното за качамак. Му се придружија Тодор и Кацар. Набрзо качамакот беше готов и Ставре го стави котлето на софрата. Сите поседнаа околу софрата. Почнаа да јадат.

“Подоцна ќе го извадиме куршумот од твојата нога.”

“Мислиш двата куршуми”, се насмеа Ставре.

“Ако се два, тогаш два ќе извадиме”, низ насмевка му рече Чонка и се закашла од качамакот што му влезе во душникот.

По јадењето Кацар и Тодор Рисков заминаа во планината да ловат дивеч. Ставре остана да седи пред куќата. Луѓето што дојдоа со Чонка легнаа да одморат. Чонка му се придружи на Ставре.

“Не спиеш?”

“Не сум уморен. Сакав да поразговарам со тебе.”

“Во организацијата ви треба човек каков што сум јас”, се насмеа Ставре. “Секако Чонка. Член сум на Партијата и на Македонската организација. Се зачленив во Македонската организација меѓу првите”, му рече гордо.

“Тогаш, можеме да сметаме на тебе.”

“Секако”, му рече Ставре и воздивна.

“Не сме се виделе одамна, уште кога настапуваше во каберето на Банко Будбаровски во Атина.”

“Тоа беа добри времиња, иако беше војна. Тогаш можев да му опцујам мајката на кралот и сите да се насмеат. Сега е поинаку. Сакаат да не сотрат.”

“Не грижи се, Ставре! Времето ни оди на рака. Ќе видиш. И нас, Македонците ќе не огрее сонцето како што ги грее другите народи на светот. Имај доверба во мене!”

“Немој само да ми речеш дека со песна ќе ме вратиш во Костанерија.”

“Тоа не, но само засега. Иднината е наша. Млади сме и мораме да истраеме во борбата. Балканот се крена на нога заради нас. Ќе се створи балканска федерација во која ние, Македонците, ќе имаме своја држава и не ќе мораме да трпиме ничија тиранија.”

“Ти прикажуваш како сето тоа да ќе се случува во некоја ненапишана бајка. Сепак прифаќам да се бориме заедно. Така сме посилни. Што ќе добиеме ќе делиме.”

“Договорено”, му рече Чонка.

4. “Збогум, Ставре! Борба е, можеби нема да се видиме поворно. Јавката ја знаеш.”

“Збогум, Чонка! Среќата нека ве следи!”

Ставре Наковски се сврте и следен од Тодор Рисков и Кацар го напушти дворот на куќата. Влегоа во густата шума и почнаа да се искачуваат по планината.

“Те боли ли ногата? Гледам, накривуваш малку”, праша Кацар.

“Се уште не е заздравена раната. Мораме полека да се движиме инаку отиде целата нога. Така рече докторот”, се насмеа Ставре.

“Со кого треба да се сретнеме?”, праша Тодор Рисков љубопитно.

“Со некои луѓе од Југославија”, му одврати Ставре.

Замолчаа. Ставре чекореше прв. Зад него одеше Тодор Рисков и најодзади Кацар.

5. Осум часа чекореа по планината. Стигнаа на Бел Камен и како на договорен знак поседнаа на еден трупец да ги одморат нозете. Не поминаа десетина минути скокнаа од каменот изненадени. Околу нив со вперени пушки стоеја петмина добро оружени луѓе. Ставре, Тодор и Кацар ги кренаа високо рацете и воздивнаа тешко. Настана тишина.

“Кога паднавте за слободата”, им рече едниот од петмината, но не покажа со ништо дека е готов да им го врати животот.

“Пред да зајде сонцето”, му одврати Ставре не поместувајќи брчка на лицето. Потоа се олабави.

“Сонцето е наше и нема никогаш да зајде”, му рече човекот и ги рашири рацете да се гушнат.

Ставре Наковски го гушна и го стегна цврсто околу рамениците. Кацар и Тодор Рисков зинаа од изненадување.

“Спуштете ги рацете! Меѓу свои сме”, им рече Ставре.

Кацар и Тодор Рисков ги спуштија полека рацете. Се уште беа збунети.

“Донесете ја вреќата и сандаците!”, им заповеда човекот на другите негови сопатници.

Луѓето без збор се оддалечија. Се вратија со една вреќа и пет сандаци. Ги ставија пред нозете на Ставре. Вреќата беше необично голема.

“Во вреќата има машински пушки а во сандаците муниција. Сега довидување до следната средба. Ќе се видиме по десет дена на ова место”, му рече човекот.

“Збогум и по десет дена повторно заедно”, му рече Ставре.

Се ракуваа. Петмината заминаа. Ставре ја нарами вреќата. Кацар и Тодор Рисков земаа по еден сандак муниција.

“Скријте ги другите во онаа грмушка! Ќе се вратиме по нив”, им рече Ставре.

Тие ги спуштија сандаците. Ги засолнија трите сандака во грмушката и повторно ги нарамија сандаците кои веќе еднаш ги кренаа на рамењата. Долго одеа по планината. Нерамниот терен ги истоштуваше. Често одмараа.

“Од каде се луѓето?”, праша Кацар.

“Сигурно отаде границата? Кој би можел друг да ни даде оружје?! Знаеш дека Еласовото го предадовме по договорот во Варкиза”, му одврати Ставре.

Замолчеа. Се стемни. Влегоа во дворот на куќата. Пред вратата ги спуштија сандаците и вреќата. Ставре влезе прв. Застана онемен. Пред неговите очи се појавија измасакрирани човечки трупови. Ставре изброја девет. Телата беа толку унакажани што Ставре не ги препозна по ликовите туку по облеката заклучи дека се дел од групата на Чонка. Пријдоа Тодор и Кацар. Се стаписаа.

“Да бегаме одовде!”, им рече Ставре. “Ќе се засолниме во Влашките колиби.”

Ги нарамија вреќата и сандаците и се оддалечија од куќата. Пред полноќ стигнаа во колибите. Ноќеваа со немирен сон. Следните денови ги поминаа во очекување да се појави некакво животинче со кое ќе си ги исполнат гладните стомаци. Ништо не се појавуваше. Потоа земаа два автомати и муниција и појдоа да уловат нешто во планината. Долго време талкаа цапајќи во снегот додека не им застана на нишан млада срна. Кацар се двоумеше дали да стрела. Ставре Наковски ја застрела со

првиот куршум. Потоа се вратија во колибите. Ја испекоа. Беа толку гладни што одвај каснаа по некој залак месо...

6. Самувањето во колибите им ги нагризуваше душите гладни за средба со други луѓе. По деветиот ден се подготвија за средба со петмината од отаде границата. Се сретнаа на истото место.

“Што има ново?”, праша човекот.

“Луѓето што не испратија кај вас во куќата ги измасакрирал некој. Не успеавме да дознаеме кој. Рекоа дека се раководители на Македонската организација. Останавме отцепени.”

Петмината со ништо не покажаа дека светот пропаднал.

“Скриј го оружјето на сигурно место и чекај го времето кога ќе бувне големата тиква!”, му рече човекот.

Се разделија.

7. “Луѓето доаѓаат од Скопје. Ќе се борат со вас против монархистите. Имаат желба повторно да заживеат во своите неодамна напуштени домови”, му рече човекот и заедно со другите четворица замина во правец на границата.

Ставре Наковски ги гледаше љубопитно луѓето. Не познаваше никого од нив. Лицата им беа питоми а од очите им се читаше дека се подготвени за борба. Ги поведе кон колибите. Кога стигнаа ги распореди. Потоа почна нервозно да шетка меѓу колибите.

“Мораме да се снабдиме со храна. Сега сме тринаесетмина. Морам да се поврзам со Главниот штаб на демократската војска. Тоа е единствениот излез”, мислеше.

Следниот ден излезе од колибата што ја одреди за седиште на штабот на единицата.

“Сите во строј!”, викна гласно.

Луѓето излегоа од колибите и набрзина се построија. Сите беа оружени.

“Тргнете по мене во колона по еден!”, им заповеда и самиот тргна напред.

8. Ставре Наковски по секоја цена беше решил да стапи во допир со главниот штаб за кој наслутуваше дека е во планините на западна Македонија. Долго време талкаа. Наидуваа на слични групи, но од штабот на демократската војска како да беше останало само името. Изморени по друг пат се враќаа назад во колибите. Кога се приближија, Ставре забележа присуство на луѓе околу нив. Застана. Потоа ги распореди борците и реши да чека. Денот стигна до пладне и кога сонцето побрза да влезе во темниот облак што се надвисна над нивните глави меѓу колибите. Ставре забележа позната човечка фигура. На изненадување на борците скокна од радост.

“Пондилаки!”, викна гласно и потрча да се здравува со човекот што шеткаше меѓу колибите.

“Ставре!”, се израдува Пондилаки кога го виде.

“Се гушнаа”, забележа еден од борците. Другите диво гледаа во нив и нејаснотија им ги матеше погледите.

“Ставре!”, викна Котинарис гласно и потрча кон него. Се гушнаа. Војниците со отворени усти зјапаа во нив. Беа збунети. Кога заминуваа од колибите не оставија никого. Им беше чудно присуството на новите лица. Но, магијата не ги држеше долго во своите прегратки и повторно се најдоа ведри и насмеани. Заборавија на очите што им се затвараа жедни за сон.

9. Ставре Наковски одвај си дојде на себе. Го поведе Пондилаки и Вангелиос Котинарис во колибата на штабот на единицата во која имаше пристап само тој, Кацар и Тодор Рисков. Кацар веќе

беше внатре и ставаше карвана со чај да се топли на печката. Седнаа. Наскоро беше готов чајот. Пиеја и молчеа. Пондилаки и Котинарис отидоа на спиење. Ставре остана сам. Долго време размислуваше. Беше уморен и задрема на столот. Утредента се разбуди порано од другите. Набрзо во колибата влезе Котинарис. Му се појави насмевка на усните.

“Како во старите времиња”, му рече Котинарис.

“Само што сега не се бориме против хитлеристите”, му одврати Ставре, потоа го покани да се напие чај.

Котинарис го прифати лончето.

“Ова се оние исти лончиња од кои пиевме во 1943 година”, рече.

“Тие се. Ние не донесовме други”, му рече Ставре. Беше загрижен.

“Нешто те измачува?”

“Храната”, му отсече Ставре загрижено.

“Лесна работа.”

“Како лесна?”

“Ќе ловиме во планината дивеч. Ќе се снабдуваме како во војната против хитлеристите.”

“Мислам да ја освоиме Костанерија”, му рече нанадејно Ставре.

“Костанерија е изгорено до темел”, се зачуди Котинарис.

“Не е. Сите се вратија во селото и ги подигнаа куќите.”

“Тогаш да ја нападнеме и заземеме.”

“Ти ќе водиш, Котинарис. Војник си и искусен борец. Биди командант на единицата!”

Вангелиос Котинарис тој миг го загуби ликот на весело момче каков го паметеше Ставре од војната. Неговите руси коси беа уредно исчешлани а линии на принципиелна строгост и одмереност му го украсија белото лице. Сините проѕирни очи што го отсликуваа неговиот цврст карактер, чесен и трпелив, не играа живо како некогаш, беа сосема мирни и впиваа се што зборуваше Ставре.

“Благодарам за довербата, Ставре! Но, се согласуваат ли другите?”

“Веќе се договорив со Пондилаки. Тој се согласува. Впрочем, ти си единствениот што имаш искуство во војувањето.”

“Тогаш, кога тргнуваме на Костанерија?”

Ставре Наковски се насмеа.

“Ти си капетаниос. Самиот реши!”, му рече и излезе од колибата.

Вангелиос Котинарис остана замислен со лончето во раката.

10. Вангелиос Котинарис седеше во колибата на штабот на единицата. Ставре Наковски влезе во колибата. Котинарис му понуди лонче со чај. Ставре го прифати и голтна од топлата течност.

“Денес ќе ја заземеме Костанерија”, му рече Котинарис.

“Зошто денес?”, се зачуди Ставре.

“Зошто утре може да биде предоцна.”

“Не знам што си наумил, но ќе ги почитувам твоите наредби”, му одврати Ставре. Го испи чајот и излезе од колибата. Надвор

ги затекна борците построени. Се зачуди. Зад него Котинарис се насмеа.

“Војска е ова, не е шега”, му рече Котинарис и застана пред борците. “Во колона по еден!”, им рече. “Следете ме!” и тргна пред борците. По него зачекори Ставре. Зад нив борците. Најодзади одеше Пондилаки. По четири часа спуштање низ планината се распоредија околу селото. Полегнаа по влажната трева и чекаа команда да нападнат.

11. Пондилаки имаше голема желба да ја посети Костанерија. Мислеше дека селскиот живот е достатно идиличен за да го помине човек животот спокојно.

“Твојата група ќе влезе прва во селото!”, му рече Котинарис.

Пондилаки се вознемири. Го турна со лактот во слабината Туши Гонев и му даде знак со главата да појде по него. На два чекори зад нив тргна Стојос Панајопулос следен од Стојан Џавалеков, Никос Зајкопулос и Маноли Стрезовски. Тивко забраздија низ првите куќи криејќи си ги телата од ненадејни погледи и фатија пусија зад куќата на Димитар Попгонев во која и ветерот не сакаше да влезе од страв да не го уништи самотијата.

12. Зинда Нијархос изутрината не влезе во црквата. Седеше во дуќанот на маџирот Стефанос и во меаната со учителот Јоанидис Карахопулос, Васил Дигаловски и Милкијадис играше ксира. Нешто расправаше и повремено им ги покажуваше пожолтените коњести заби смеејќи со заразно и гласно.

“Да не мрднал никој од местото!”, им заповеда Ставре Наковски кој нечујно влезе во дуќанот.

Неговиот глас ги прикова за столовите. Ги подигнаа рацете над главите и станаа послушно извршувајќи се што очекуваа да им биде заповедано. Како да ги читаа мислите на Ставре.

Ставре Наковски ги изведе од дуќанот и му ги препушти грубо на Туши Гонев да ги чува. Испали куршум во височина. Котинарис се насмеа. Мирно со својата единица влезе во селото...

13. Ставре Наковски со денови се подготвуваше да му ја скине главата на Зинда Нијархос. Го гонеше луда желба да го набие на колец и да го одере и таков да го остави да го изедат бубалките. Сега кога го имаше в раце, таквата желба се исели од него и самиот на знаеше како и зошто. Потрча дома. На патот го предсретна Кољо Бочваров. Се гушнаа.

“Ќе одам дома. Како се Евангелија и дечињата?”, праша задишан.

“Подобро, немој! Тие заминаа отаде границата со Гоне Сливаров и Попгоневи”, му рече Кољо. Го фати под рака и го поведе назад кон средселото.

Ставре Наковски почна да се бори со себе си. Не успеа да се извлече сосема од селскиот мирис кој се впика во него и му ги врати спомените. Се бореше со себе си и не успеваше да побегне од сликите кои му го слабеа телото и духот. Детски пискот му го одвлечка вниманието, но само за миг, зашто помисли дека халуцинира. Потоа се слеаа уште неколку и кога се заврте да види кој таму писка пред очи му застана со сета своја големина селската црква. Не ги затвори очите за да не ја гледа зашто во нив му се всадија Евридика Цакондас, сопругата на Милкијадис и трите дечиња. Пискаа пуштајќи глас до небото, небаре така господ ќе ги услиша нивните молитви за животот на домаќинот на семејството. Еден од војниците им покажа со прст во правец на Ставре.

“Тој е главниот. Нему молете му се!”, им рече војникот мирно.

Евридика Цакондас потрча кршејќи ги слабечките нозе. Ги остави дечињата да се капат во солзи и да го здивуваат погледот губејќи се во просторот. Онемуваа и повторно заживуваа во плачот трчајќи со ситните ноџиња желни да се дограбат до

нејзиниот долг фустан кој за нив беше единствената сигурност да се избават од страшниот сон што им се закануваше да им ги ораптави гласчињата и одземе просторот и времето. Најмалото често се сопнуваше по нерамниот пат. На нозете околу колената му се појави црвена течност. Крвавилото го натера уште потажно и уплашено да писка.

Евридика ги собираше нивните уплашени гласчиња, ги соединуваше со сопствениот, рикаше од несреќата што ја снајде и не го виде каменот, зашто очите и беа полни со солзи кои и го одзедоа видот, и наместо чистота, гледаше мрежесто ... не го виде каменот од болката и молбата што ја смислуваше за да ја ублажи душата на Ставре, да го скроти неговиот гнев и да и прости за судбината на Евангелија и близначињата, и да им го врати таткото на трите ќерки кои се гушеа заедно со неа во плачот. Не го виде каменот, но и да го видеше, не ќе беше поинаку. Се спрепна и го посла слабечкото тело на кое висеше широкиот фустан струкиран на половината. Земја и се зари во устата што и се тресеше немоќна да ја следи судбината што и ја одреди самиот Милкијадис. Падна пред нозете на Ставре Наковски. Плукаше земја од устата. Трите ќерки и се закачија за фустанот и и го топеа со солзи. Се прибра малку и ги собра ќерките околу себе, стана и ги состави очите со Ставревите. Престана да плаче. Си ја избриша крвта што и извираше од устата и некое време стоеше како омагиена.

“Знам дека е скот, но нема кој да ги храни дечињата”, му рече Евридика со мирен нежен лирски глас од кој извираше и молба и клетва. “Пуштете го!”

Ставре Наковски гледаше како си ги крши тенките ноџиња и собираше срџба и сакаше сета да ја истури врз неа. Потоа погледот го пресели на ќерките кои се топеа во солзи.

“Народот ќе реши за неговата судбина”, и рече не покажувајќи со ништо дека го вознемири судбината на нејзинте дечиња.

Евридика Цакондас врисна.

“Ако треба да му се плати на народот, можам својот живот да го дадам. Не можам да ги хранам децата. Лебот го носи тој. Тоа ти најдобро го знаеш.”

“Оди си дома, жено, и чекај ја судбината што ќе ти ја одреди народот!”, и рече низ стиснати заби Ставре, и влезе во дуќанот на маџирот Стефанос. “Налеј ми чашка ракија!”, му заповеда строго.

Стефанос му наполни една чашка со ракија. Му ја подаде. Раката мусе тресеше. Ставре ја прифати чашката. Се напи од ракијата и погледна низ прозорецот. Ја виде Евридика Цакондас како со бавен чекор си оди дома. Му ги натажија очите нејзините ќерки. Плачеа со солзи и уплашени често се вртеа назад за да го видат уште еднаш. Го стискаа со детските рачиња фустанот на Евридика. Многу подалеку од нив, пред селската црква, со напрегање го виде Туши Гонев како ги втера во црквата Милкијадис, Зинда Нијархос, Васил Дигаловски и селскиот учител Јоанидис Карахопулос.

“И смртта има свое достоинство”, помисли и плукна на подот.

14. Во дуќанот на Стефанос влезе Вангелиос Котинарис. Беше задишан и вознемирен. Погледна во Пондилаки, потоа во Ставре.

“Што да правам со затворениците?”, праша Котинарис.

“Попот стрелајте го! Другите нека си одат дома. Кој од каде дошол таков правец да земе”, му одврати отсечно без размислување со глас од кој извираше горчина, љубов и омраза.

Вангелиос Котинарис поздрави војнички и замина кон црквата.

“Да не згреши! ”, му рече Пондилаки. “Стрелај ги сите! Ќе налетаме на беља кај своите луѓе.”

“Не можам да ги стрелам сите”, му рече Ставре. Пред очите му стоеше сликата на дечињата на Евридика што го стегаа

шарениот фустан и облеани во солзи цупкаа потсопнувајќи се по нерамната улица.

“Грешиш!”, му рече Пондилаки.

“Некои луѓе се родени под среќна ѕвезда”, му рече Ставре и ја допи ракијата. Ја спушти чашата и излезе од дуќанот. Со забрзан чекор стигна во црквениот двор.

“Изврши ја наредбата!”, му рече на Котинарис.

Котинарис поздрави војнички. Влезе во црквата и придружуван од двајца војници кои го носеа попот излезе. Војниците го ставија попот осамен крај ѕидот. Зинда Нијархос, кому како да му пресушија солзите и исчезнаа молитвите стоеше уплашено до ѕидот. Куршумите му ја запреа на усните молбата со која мислеше дека ќе си го спаси животот. Се струполи на тревата и остана да лежи безживотно. Вангелиос Котинарис воздивна лесно. Пондилаки му пријде на Ставре и го повлече за ракавот. Тргнаа кон дуќанот на маџирот Стефанос. Им се придружи Туши Гонев.

15. Милкијадис и Васил Дигаловски излегоа од црквата следени од двајца војници. Нивната ѕвезда спасителка заигра тој ден и им подари еден живот зашто веќе се беа простиле со оној што го имаа. Поминаа молкум покрај војниците.

“Јас си ја видов сопствената смрт”, помисли Милкијадис и не погледна во Васил Дигаловски кој чекореше покрај него несигурно. Чекореа со наведнати глави. Слушнаа врискање и се свртеа уплашено. Го видоа Јоанидис Карахопулос како трчаше прекутрупа само да биде што подалеку од Костанерија. Не намина ни да си ги земе алиштата. Продолжија. Милкијадис се одвои, но набрзо се премисли и повторно чекореа заедно. Свртеа по селската улица. Влегоа дома. Милкијадис остана во приземјето на куќата а Васил Дигаловски се качи на спратот. Васил Дигаловски не беше сигурен дека се разминал со смртта. Помина покрај мајка си и го почувствува на себе нејзиниот поглед. Знаеше дека таа го презира.

“Родив кукумјавка, а не човек”, му рече.

Васил не се сврте. Викањето на мајка му беше далеку неопасно отколку излегувањето пред очите на селаните и луѓето што дојдоа во Костанерија со Ставре Наковски. Влезе во одајата и ја зари главата во креветот.

16. Ставре Наковски седеше до доцна во дуќанот на маџирот Стефанос и со Пондилаки и докерите пиеше ракија. Кога ја испи последната ракија од последната чашка стана од столот.

“Ќе бидам твој гостин”, му рече на Кољо Бочваров.

“Ќе ми биде мило”, му рече Кољо и стана од столот.

“Ќе се видиме утре”, им рече Ставре на докерите и следен од Кољо Бочваров излезе од дуќанот. Набрзо стигна во куќата на Кољо. Не разговараа. Си легнаа. Ставре долго неможеше да заспие. Потоа уморен му се препушти на сонот.

II