Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Death in Solun

VIII - Part 04

By Јован Парлапанов · Part 10 of 28 · About 6 minutes

Read in English

Џандармите ја префрлија ортомата преку дебелата гранка на костенот што фрлаше сенка на џамот на Ванковата меана и ја подготвија лачката. Му ја ставија на Ичко околу вратот. Ја прицврстија. Потоа донесоа од меаната маса и го качија на масата. Го врзаа другиот крај на ортомата за една гранка спротивно од онаа на која висеше лачката и потоа ја трунаа масата. Ичко Бонев остана да виси на лачката. Заповедникот лут влезе во кафеаната и си тури ракија во една од многуте чаши што стоеја на шанкот. Ја испи одеднаш ракијата и седна на една од масите.

“Што да правиме со обесениот?”, праша еден од џандармите што влезе во меаната по него.

“Нека виси се додека не почне месото да паѓа од коските. Да знаат со кого имаат работа”, му рече и си тури уште ракија во чашата. Џандармот ја напушти меаната. Внатре влезе Зинда Нијархос придружуван од Васил Дигаловски. Зинда Нијархос седна на масата спроти заповедникот и се насмеа неодредено.

“Што е, господине божји слуга? Зодоволен сте?”

“Сосема, господине заповедниче. Сега џганот знае дека во селото има власт. За ова монархијата ќе знае добро да ве награди. И јас ви благодарам и ве благословувам како добар син на неговото височество кралот Георги, таткото на земјата”, му рече попот, ја подигна раката и направи крст во воздухот. Потоа

промрморе нешто неразбирливо и го зграби шишето. Си тури ракија во чашата што му ја подаде Васил и ја испи.

“Од денес господ почна да оди по Костанерија”, рече и направи лице на мудрец.

Заповедникот молчеше. Васил Дигаловски се наклешти, одобрувајќи му на попот се што кажа. Потоа замолчаа.

7. Коста Попгонев гледаше во телото што висеше на лачката. Не се одлепи од прозорецот. Нервозно чкрипеше со забите и се закануваше. Не излезе на улица. Ниту друг селанец се појави на селската улица тој ден. И маџирот Стефанос не го отвори дуќанот. Сите беа вознемирени и уплашени.

XI

1. Деновите минуваа. Селаните се уште уплашено чекореа по улицата. Одеа во група на нивите. Набргу летото го наговести своето заминување. Почнаа првите дождови.

Децата безгрижно играа по прашливата селска улица. Само понекогаш уплашено се тргнуваа од играта зашто над нивните глави го забележуваа искривеното лице на Зинда Нијархос.

Селскиот кмет Васил Дигаловски не се одвојуваше од заповедникот. Секогаш играше ксира во меаната. Милкијадис почна да им се насмевнува на селаните. Некои му одвраќаа со кревање на раката. Напати го одбегнуваше друштвото на попот и заповедникот. Се почесто беше заедно со маџирот.

2. Заповедникот, како секогаш, седеше во меаната, пиеше ракија и играше ксиреа со Васил Дигаловски и попот Зинда Нијархос. Во меаната влезе човек со средна височина, со залижани зулуфи и бубуличаво лице. Ги поздрави со кревање рака и застана крај шанкот.

“Една бира”, му рече непознатиот на Стефанос.

“Веднаш, господине”, му одврати Стефанос и му подаде бира.

Непознатиот ја испи бирата и седна до заповедникот. Му се вгледа во очите на попот.

“Не ме познаваш?”, рече непознатиот.

Попот зина од изнедадување. Го гушна новодојдениот.

“Господине Карахопулос, добре дојдовте во Костанерија. Простете, одвај ве препознав”, му рече, потоа се сврте накај заповедникот. “Господине заповедниче, ова е господинот Јоанидис Карахопулос и е учител. Него го одредија да ги учи децата во училиштето на Костанерија”.

Заповедникот се насмеа како да беше задоволен што го гледа Карахопулос. Му ја подаде раката. Се ракуваа.

“Се надевам, играте карти, господине Карахопулос?”, му рече заповедникот. “Повелете, седнете!”.

“Велат дека сум добар играч, господине заповедниче. Мило ми е што се запознавме и што ќе бидеме заедно со селото”, насмеано му рече Карахопулос. Седна на столот.

“Ова е селскиот кмет, господинот Дигаловски, наше дете”, му рече Зинда Нијархос и му го претстави кметот.

“Ме радува што сме заедно”, му рече Карахопулос и му кимна со главата. Не му ја подаде раката да се ракуваат.

Васил Дигаловски си ја повлече раката и ја симна насмевката од усните.

“Има време, господине даскале”, му пролета низ главата и им се врати на картите.

Во меаната влезе Милкијадис. Попот побрза да му го претстави учителот. Милкијадис се поздрави со Карахопулос. Потоа заедно излегоа од меаната. Зачекорија по прашливата селска улица.

“Училишната зграда е сочувана. Едниот дел на зградата ќе го преуредиме во училница а другиот ќе го користите за живеалиште. Ќе ви бидо добро”, му рече Милкијадис.

“Каков е народот во селото?”, праша Карахопулос.

“Питом народ. Како секој народ. Добар е се додека не му згазнете на болното месо”, му одврати Милкијадис и го чукна по рамото.

Влегоа во училишната зграда. Внатрешноста на зградата беше исполнета со прашина. Клупите расфрлани по единствената училница. Потоа го погледаа другиот дел на зградата. Излегоа во дворот. Јоанидис Карахопулос ги спушти куферите на тревата.

“Не е лошо за почеток”, рече Карахопулос и воздивна.

“Ќе ви биде добро во селово. Сега морам да ве напуштам. Ќе наминам попладне. Морам да ве претставам на селаните. До тогаш одморете се, господине учителе”, му рече Милкијадис и се оддалечи од училишната зграда. Јоанидис Карахопулос остана некое време пред зградата. Потоа влезе внатре.

“Морам да одам кај попот. Некој треба да исчисти овде”, промрмори и ја напушти прашливата просторија.

3. Попладнето Милкијадис го потегна јажето на камбаната и се пронесе ѕвонкиот звук на ѕвоното по целото село. Селаните уплашени стигнаа до црквата. Многумина не дојдоа. Се плашеа. Милкијадис застана пред нив.

“Не плашете се, луѓе! Лошото помина. Сакав само да се запознаете со учителот”, им рече Милкијадис и покажа на

Јоанидис Карахопулос. “Тоа е учителот. Се вика Јоанидис Карахопулос. Дојде од Трикала да ги учи вашите деца”.

“Како ќе ги учи децата? Знае ли тој македонски?”, праша Гоне Сливаров, изненаден што е учителот Грк.

Јоанидис Карахопулос не разбра што кажа Гоне Сливаров. Се насмеа, покажувајќи си ги ситните разретчени заби и се вглиби во погледот на Милкијадис.

“Децата ќе научат грчки. Учителот ќе се погрижи за тоа. Ваша должност е редовно да ги праќате на училиште”, скоро им заповеда Милкијадис. “Да не се пошегувал некој со училиштето?”, им дорече. Потоа им мавна со раката неволно. “Сега, одете си! Од понеделник децата на училиште. Сите да бидат измиени и дотерани”.

Селаните вознемирени се погледнаа диво. Никој од нив не проговори. Молкум го напуштија црквениот двор и се разотидоа по домовите. Милкијадис го потчукна по рамото учителот.

“Повели на вечера во мојот дом”, му рече Милкијадис. “Мојата Евридика готви одлично. Ќе ги запознаеш и дечињата. Ќе ти бидат ученици”.

Учителот кимна со главата. Тргнаа. Учителот замина во училишната зграда а Милкијадис во меаната на маџирот. Седна до заповедникот и им се придружи во играта.