Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
Б) ВНАТРЕШНИ ФАКТОРИ - Part 02
Новото “малцинство” на чело со П. Пулјопулос, како и другите политички групации што ќе се формираат врз идеолошката платформа на списанието “Спартакус”, ќе останат, сепак, во рамките на левата идеологија и не ќе еволуираат вдесно како “малцинството” на чело со Јанис Кордатос и Томас Апостолидис. Левата идеолошка политичка ориентација на овие групи се повеќе ќе го акцентира интернационализмот и ќе го потиснува грчкиот национализам што се вовлекол во рамките на левата идеологија и ќе заземе се попринципиелен став во однос на македонското национално прашање. П. Пулјопулос ќе се доближи до македонскиот народ, ќе ги сфати неговите национални чувства и неговите национални и историски стремежи. Во логорот на Акронавплија, Пулјопулос бил силно импресиониран од високата национална и класна свест на Македонците кои не се откажувале од македонскиот јазик и покрај невидениот терор на властите. Пулјопулос констатира дека македонскиот јазик е посебен словенски јазик, а не дијалект на бугарскиот или српскиот јазик, како што се стремеле да го претстават приврзаниците на “малцинството” од 1924 година на чело со Ј. Кордатос. Покрај доброто познавање на францускиот, англискиот, германскиот, шпанскиот, рускиот, италијанскиот, бугарскиот, латинскиот, старогрчкиот и есперанто (Благодарение на одличното познавање на поважните европски јазици, П. Пулјопулос бил во можност изворно да се запознае со делата на Маркс, Енгелс, Кант, Шопенхауер, Шмит, Рикардо, Платон создавајќи си на тој начин една солидна филозофска и политичка култура што го истакнувала како една од најинтересните личности на грчкото работничко и револуционерно движење.), Пулјопулос го учи во логорот на Акронавплија и македонскиот јазик, и пишува дури и граматика на македонски јазик. (Граматиката била пишувана на македонски јазик.) Паралелно со пишувањето на македонската граматика, Пулјопулос му посветил посебно внимание и на македонското прашање и во мај 1940 година во Акронавплија
тој ја пишувал статијата “За македонското прашање”, во која на македонскиот народ му се признава правото на самоопределување и обединување на својата распарчена татковина. “1. Кој не го признава, пишуваше Пулјопулос во својата статија, постоењето на македонското национално прашање во грчка, бугарска и српска Македонија во минатото и денес, тој е бездруго лакеј на буржоазијата, 2. Кој не го признава историското ослободително движење на Македонците, тој е или неписмен и тогаш треба да ја научи историјата на тоа движење и неговите национални херои или пак е лакеј на една од трите угнетувачки буржоазии, 3. Ова движење досега беше задушувано во крв и предавство или имаше уништувачки последици за интересите на македонските работници и селани и беше искористувано од балканските буржоазии (посебно од бугарската), 4. Ова движење може да најде нов развиток во новите поповолни историски услови: општествени економски (дива експлоатација на македонските трудбенички маси од страна на угнетувачките буржоазии, проблемот за земјоделската сопственост), политички (внатрешни кризи на балканските држави, војна) и во различните политички услови, 5. Кој не ја признава оваа можност, тој е слеп или намерно слеп ако не е лакеј на националистичките прогонувачи на многу измачениот македонски народ, 6. Комунистите не се зафаќаат да “создадат” национални движења таму каде што такви не постојат. Тоа би било попуста работа. Тие поддржуваат такви движења онаму каде што тие се појавуваат. 7. Комунистите не ги затвораат очите пред едно поразено националноослободително движење или пред денационализаторските стремежи на нивната националистчка буржоазија и не стануваат приврзаници на “свршениот чин”. Ние нема да се откажеме од реалноста на националното угнетување на една нација и нејзината желба (што постои во срцето и мислата и секој македонски трудбеник) един ден да го отфрли националното ропство. Комунистите ги усвојуваат овие слободарски желби на македонскиот народ и отсега изјавуваат гласно дека има право на самоопределување до државно отцепување, ако тоа е негова желба. Тие го поткрепуваат секојдневно секое национално барање, економско или политичко и така го подготвуваат идниот револуционерен сојуз на општествено-револуционерното движење на
Македонците против заедничкиот непријател – балканските буржоазии”. (Три години по напишувањето на статијата за македонското национално прашање и на македонската граматика, П. Пулјопулос, тешко болен од туберколоза, бил стрелан од италијанските фашисти заедно со 106 комунисти.)
Но, без оглед на различните ставови што ги заземале разни “малцинства” и “мнозинства” во однос на македонското национално прашање, факт е дека со тоа значително слабела КПГ. Полемиките на Партијата околу македонското национално прашање придонесле “Партијата да претрпи големи удари и да изгуби свои другари, некои преминале во социјал-демократија поради националното прашање, или тоа им бил мотив за напуштање на борбата. (Од писмото на Трохидромикос што беше објавено во “Ризоспатис” на 9. II 1927.)
Опозицијата во однос на македонското национално прашање, т.е. “археомарксистите” (“Археомарксистеите” (старите марксисти) секогаш била против политиката за обединета и независна Македонија.), “малцинството” на Ј. Кордатос, а во периодот од 1926 до 1931 година и П. Пулјопулос, барале од КПГ да прифати во однос на ова прашање една таква политика која не би се косела со грчките национални интереси и која не би го ставила под прашалник грчкиот национален интегритет.
Под силниот притисок на археомарксистите, на “малцинството”, како и под притисок на сопственото членство, “мнозинството”, (КПГ), ја сменило радикално својата политика во однос на македонското национално прашање. Со тоа се сменил и односот на националното и класното во политиката на “мнозинството”. Ако до 1931 година со предимство на класното над националното КПГ ја прифаќала политиката на Коминтерната во однос на македонското национално прашање, по 1931 година КПГ националното ќе го издигне на нивото на класното и ќе ја отфрли политиката за обединета и независна Македонија. (Различното присуство на односот класно-национално во свеста на “мнозинството” придонела внатре во Партијата да се појават две тенденции во однос на македонското национално прашање. Едни сметале дека
македонското национално прашање е во толку длабока контрадикција со грчките национални интереси што тоа прашање не треба ниту да се поставува или третира како тактичко прашање: други, пак, на чело со Н. Захаријадис, стоеле на становиштето дека доколку политичките потреби го бараат тоа, македонското национално прашање може да се користи како тактичко за потребите на “класната борба”.)
Со прифаќањето на политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава (Новата политичка ориентација на “мнозинството” ќе влијае и истовремено ќе биде заштитена и од целокупната политичка културна надградба на КПГ. Новата ориентација во однос на македонското национално прашање ќе влијае и врз толкувањето и интерпретацијата на историската објективност, врз историската логика и врз историската терминологија. Така, на пример, Балканските војни од империјалистички и завојувачки војни на грчката буржоазија ќе се претворат во ослободителни војни, македонското национално прашање во перспектива ќе се претвори во таканаречено македонско прашање. Елефтерос Венизелос-симболот на грчкиот национализам и шовинизам – ќе си најде соодветно место во грчката прогресивна историска наука. Новата ориентација на КПГ во однос на македонското национално прашање ќе влијае и врз самата политичка логика на Партијата. Ако врз основа на фактот што по големите миграциони движења грчкиот елемент бил во мнозинство и егејскиот дел на Македонија бил сметан за неразделен дел на грчката држава, КПГ истовремено не само што не му признавала, туку и му го негирала правото на македонското мнозинство во Костурско, Леринско и Воденско само да решава за својата судбина.
Новата политичка ориентација на КПГ по 1935 година, во однос на македонското национално прашање, особено влијаела и врз етнографската терминологија кога станува збор за Македонците. КПГ наместо името Македонци (како што самите се нарекуваа и што беше прифатено и од страна на КПГ во периодот кога била призната македонската нација), ќе го прифати поимот славјаномакедонци. Користењето на поимот славјаномакедонци, КПГ не го прави за да ги разликува
Македонците од маџирите (аутите или куркутадите што биле колонизирани во егејскиот дел на Македонија), туку има длабока политичка заднина. Во Македонија, според КПГ, покрај славјаномакедонци, живеат и грко-македонци, власо-македонци итн. и со тоа Македонија добила повеќе географски и губи многу од својот македонски национален карактер. КПГ била толку внимателна во одбегнувањето да се користи името Македонци, што во текот на НОБ македонските партизански единици од вардарскиот дел на Македонија што привремено престојувале во егејскиот дел на Македонија, биле именувани како српски партизански единици, а не македонски.
И денес, кога постои СР Македонија, за КПГ постои двојна терминологија за именување на Македонците: Македонци за тие што живеат во СРМ и славјано-македонци за тие што живеат во Грција, како да не станува збор за припадници на еден ист народ. За комунистичката партија на Велика Британија, за Комунистичката партија на Шпанија и за Комунистичката партија на Франција, територијалната поделба на Ирска и Еусканија (Баскија), не влијаела врз етнографската терминологија на Ирците и Баскијците. Тие од споменатите партии едноставно се именуваат и нарекуваат така како што и самите се нарекуваат и тоа Ирци, Еускадијци (Баскијци).) КПГ имаше можност да го смири своето членство, да го отстрани од дневниот ред прашањето што секогаш предизвикувало бури и негодувања внатре во Партијата. Тоа била “единствена можност да ги избегне грешките, полемиките и разговорите за грчка Македонија што во 90% сега е населена со Грци и затоа претставува неразделен дел на грчката држава”. (N. Zahariadis, op. cit., p. 173.) Со прифаќањето на новата ориентација во однос на македонското национално прашање, во суштина се задоволувале претензиите на различните внатрешни опозиции, Партијата ќе се засилела со отстранувањето на “јаболкото на раздорот” и КПГ ќе имала можност, со сериозна политичка работа, да добие историски легитимитет во свеста на грчкиот народ и на тој начин да се засили.
Реалниот став на КПГ во однос на македонското национално прашање
Политиката за обединета и независна Македонија никогаш не била реална рефлексија на интимните желби на КПГ. Присуството на националниот грчки интерес во рамките на левата компонента во редовите на КПГ придонесувала да се појави еден расчекор меѓу официјалната политика на Партијата и реалните желби на членството кога станувало збор за македонското национално прашање.
Партијата, од една страна, била принудена од страна на Коминтерната да прифати ставови во однос на македонското национално прашање, а од друга пак присуството на националниот грчки интерес што се изразувало преку присуството на грчките национални чувства, придонесувало да се појави, и трајно да се изрази и да постои внатре во Партијата, еден реален немакедонски став во однос на македонското национално прашање. (Овој реален став што постоел внатре во Партијата надворешно се изразил преку ставовите што ги зазедоа Пецопулос, Ставридис, Максимос итн. по повод различните советувања на БКФ или Коминтерната.)
Овој став непрекинато вршел силен притисок и врз Коминтерната и врз сопственото раководство за формално прифаќање и усогласување на официјалната политика на Партијата со реалните желби на членството кога станувало збор за македонското национално прашање.
Со реалното прифаќање на политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава во 1931 година, реалниот став на Партијата добил и формално признавање, легилизирање и усогласување со официјалната политика на Партијата и затоа сменувањето по сопствената иницијатива во политиката за обединета и независна Македонија во суштина бил првиот самостоен и независен став на КПГ во однос на Коминтерната и во однос на македонското национално прашање.
Но контрадикцијата што постоела меѓу формалниот и реалниот став на КПГ во однос на македонското национално прашање во периодот од 1923 до 1931 година, многу придонела за пасивизацијата на Партијата во однос на македонското
национално прашање, а истовремено и за стагнацијата на македонското национално прогресивно движење. Интимно неубедените (“мнозинството”) за справедливоста на политиката за обединета и независна Македонија не се залагале за конкретното спроведување на таа политика на историски терен. Затоа оправдани биле забелешките на “малцинството” дека “мнозинството” не реализирало ниту една практична активност, дека не се направило ништо за заштитата на јазичните и просветните права на малцинствата. (“Rizospastis”, 5. II 1927.) Заслужува внимание, исто така, и констатацијата на Т. Апостолидис за активноста на “мнозинството” во однос на македонското национално прашање. “Треба да се забележи, пишува тој во “Ризоспастис” во 1927 година, дека повеќето од прокламациите што се печатени за националното прашање биле во пакети и по три месеци од нивното публикување останале негибнати. Во ќелиите во Македонија не циркулираа воопшто”. (Пак таму. 13. II 1927.) Затоа приврзаниците на “мнозинството”, сметало “малцинството”, се само фразеолози во однос на македонското национално прашање. (X. Vatis, op. cit., “Rizospastis”, 26. III 1927.) Оваа објективна реалност ја потврдува и “мнозинството” во Билтенот бр. 2 на ЦК КПГ од 1926 година. “Ние не преземаме акции да создадеме движење на малцинствата во Македонија и Тракија, се велеше во билтенот, ниту преземаме акции ние да ги решиме проблемите на малциснтвата”. (“Rizospastis”, 18 II 1927.)
Отсуството на една реална активност во корист на македонското национално прашање во периодот од 1923 до 1931 година се должела, главно, на фактот дека тоа прашање “никогаш не било централно прашање за КПГ, што всушност и го прифатиле со големо незадоволство”. (G. D. Kaculis, op. cit., tomos II, p. 141.) Затоа членствово барало итно сменување на политиката за обединета и независна Македонија и задолжително усогласување на официјалната политика на Партијата (наметната главно од надворешни фактори) со интимните, реалните желби на членството кога станувало збор за македонското национално прашање.
Присуството на “големата идеја”
“Големата идеја” присутна во свеста на грчкиот народ одиграла не мала улога во сменувањето на политиката за обединета и независна Македонија со политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава.
Грчката буржоазија пред и по создавањето на грчката држава во 1830 година почнала систематски да спроведува една политика за територијално проширување во правецот на чисто негрчки национални територии. Процесот на воспитувањето на генерациите бил насочен во правецот на убедување дека Мала Азија, Тракија (источна и западна), Македонија и Јужна Албанија се историски и етнографски грчки територии. Националното воспитување зело толку големи размери, што идејата за создавање на “Мегали Елада” (голема Грција) била присутна не само во свеста на грчката буржоазија и на интелектуалниот свет, туку за потребата од остварувањето на “Големата идеја” биле убедени и селаните од Крит, Тесалија, Епир, Стереа Елада, Пелопонез, морнарите од островите, ситните трговци од Волос, Јанина, Атина, т.е. речиси целото грчко општество.
Членовите на грчката Партија живееле во една ваква атмосфера каде “големата идеја” била сегде присутна и ги опфатила сите пори на грчкото општество. Новото, левото комунистичко определување не значело раскинување со присуството на “големата идеја” во свеста на поединците. Затоа “грчкиот патриотизам”, како рефлексија на влијанието на “големата идеја”, се појавил и во редовите на КПГ уште од нејзиното формирање. Гледиштата на резолуцијата на т.н. “малцинство” од 1918 година за решавањето на територијалните и националните прашања на Основачкиот конгрес на КПГ од 1918 година претставувале една конкретна рефлексија на присуството и влијанието на “големата идеја” во редовите на грчкото работничко движење. (Гледиштата на претставниците на “малцинството” од 1918 година за начинот како треба да се решат националните и територијалните прашања со ништо не се разликувале од гледиштата на грчката буржоазија.) Присуството на “големата идеја” во редовите на КПГ, се конкретизирала со појавата на т.н. “малцинство” од 1924 година на чело со Ј. Кордатос и Т. Апостолидис. Национализмот толку
длабоко се вкоренил во идеологијата на ова “малцинство” што почнал да го истиснува левото ориентирање на Ј. Кордатос и Т. Апостолидис. Овој грчки, “патриотизам” се појавил и постоел и во свеста на т.н. “мнозинство”, кое македонското национално прашање го поставувало и третирало не врз принципиелна, туку врз тактична основа. Кај т.н. “мнозинство” од 1924 година, сепак класното определување во неговата идеологија имало предност во однос на национализмот. Но постепено “патриотизмот” почнал да се зголемува и кај т.н. “мнозинство”. Национализмот заземал се поголем простор и играл се поголема улога во рамките на левата идеологија. Притисокот на “големата идеја” (преку грчкиот “патриотизам”) бил толку голем во рамките на т.н. “мнозинство” така што Партијата се стремела да најде еден modus vivendi меѓу националното и социјалното определување на КПГ. Тој компромис ќе се реализира со решенијата на VI конгрес на КПГ од 1935 година, кога оваа Партија ќе ја прифати политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. Присуството на “големата идеја” се забележувало и во првите ставови во однос на македонското национално прашање на т.н. ново “малцинство” од 1926 година на чело со П. Пулјопулос, што било окарактеризирано од страна на КПГ како ликвидаторско движење. Создавањето, врз основа на новото “малцинство”, на лева опозиција во Грција придонело идеологијата на левото политичко определување да игра се поголема улога и да го потиснува национализмот што постоел во рамките на левата идеологија. Ако кај КПГ “патриотизмот” се развивал и ќе добивал право на граѓанството во рамките на нејзината идеологија, кај левата опозиција национализмот се губел за сметка на идеологијата, која играла примарна улога во определувањето на ставот во однос на решавањето на македонското национално прашање. Затоа, почнувајќи до 1935 година, КПГ го избегнувала македонското национално прашање или го користела единствено како тактично прашање (Таканареченото користење на македонското национално прашање особено се изразило во периодот на НОБ и во периодот на Граѓанската војна во Грција.), додека “интернационалистичкото движење” заземало позитивен став и кулминирало со статијата на П. Пулјопулос “За македонското
прашање”, напишана во логорот на Акронавплија во 1940 година.
Следствено, присуството на “големата идеја” во редовите на КПГ била еден од мотивите што влијаеле во сменувањето на политиката за обединета и независна Македонија и нејзиното застапување со политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. “Големата идеја”, пишувал генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис, царувало насекаде и го принудувала секое друго идејно, политичко и економско движење да се засолни под нејзините крила. (N. Zaharijadis, op. cit., p. 18.)
Постоењето на македонската нација
Постоењето на македонската нација како објективна историска реалност не можело да не влијае врз ставот на КПГ во однос на македонското национално прашање. Пасивизацијата на македонското население, како и честите напади на “малцинството” дека немало движење на малцинствата во корист на политиката за обединета и независна Македонија, придонесле КПГ да се доближи до историската реалност и да види какво население е тоа, какви национални чувства негува, кои се неговите историски желби и стремежи.
Силната афирмација на македонската национална свест ја условувала поддршката на КПГ само со создавањето на една политика што ќе води сметка за македонските национални интереси. За да го привлече македонското население КПГ требало да создаде една таква политика која што по секоја цена требало да го застапува и македонскиот национален интерес. Но, во каква мера - било основното прашање за КПГ.
За создавањето на својата политика во однос на македонското национално прашање КПГ требала да води сметка за присуството на два национални интереси (грчкиот и македонскиот), интереси што биле во суштинска меѓусебна контрадикција. Присуството на “национализмот” во редовите на КПГ, придонесло компромисот во однос на македонското национално прашање, постигнат со решението од 1935 година,
да ги штити во целост грчките национални интереси со интегритетот на грчката држава и само парцијално македонските национални интереси (јазик, обичаи итн.).
Со заштитувањето на грчките национални интереси, КПГ ги задоволувала, од една страна, националните чувства на грчкиот народ, националните чувства на своето членство, а од друга – делумно го задоволувала и македонското население, кое барало заштита на своите национални интереси. Врз таа основа македонското население се активирало и преку ВМРО (об) за Егејска Македонија и дало поддршка на КПГ. Големата улога во ориентирањето на симпатиите на македонското население кон КПГ одиграле членовите на ВМРО (об). Кадрите на ВМРО (об), Македонци по потекло, искрено и длабоко биле убедени дека работат за доброто на својот народ, затоа народот во нив гледал со полна доверба. Од голема важност бил фактот што кадрите на ВМРО (об) ја ширеле политиката на КПГ меѓу македонското население на неговиот македонски јазик. Тоа, секако, оставало силен впечаток кај македонското население.
Сепак, ВМРО (об) не постигнала такви резултати какви би можела да постигне во дадените историски околности. Тоа се должело, во голема мера, на компромисното решение што го зела КПГ во однос на македонското национално прашање во 1935 година. КПГ дозволила во нејзините редови “патриотизмот” да влезе во рамките на левата идеологија и да се развива, но истовремено таа го спречувала и развојот на македонскиот патриотизам во рамките на левата идеологија. Присуството на македонскиот патриотизам во рамките на левата идеологија во редовите на македонското прогресивно движење КПГ го сметала како опасно за грчките национални интереси. Затоа присуството на македонскиот патриотизатоа во рамките на левата идеологија, нивото и интензитетот на тоа присуство, било следено со големо внимание од страна на КПГ. Ако КПГ дозволувала, во рамките на левата идеологија, да се развива безгранично грчкиот патриотизам, да постои во најмала мера една рамнотежа меѓу левата идеологија и грчкиот патриотизам во рамките на македонското прогресивно движење, таа не дозволувала да постои, макар, и рамнотежа меѓу левата идеологија и македонскиот патриотизам. КПГ
повеќе се стремела да ја засилува и да и дава предност на социјалната (класна) свест кај македонското население, а македонскиот патриотизам го потиснувала по секоја цена.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/27 on October 29, 2026