Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
2. КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И ПОЛИТИКАТА “НИ ДРЖАВНОСТ, НИ НАЦИОНАЛНОС
2. КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА И ПОЛИТИКАТА “НИ ДРЖАВНОСТ, НИ НАЦИОНАЛНОСТ” (1918-1924)
По Букурешкиот и Нејскиот мировен договор, грчката држава престанала да биде национално хомогена и да претставува држава со една нација, па како резултат на тоа во самата Грција се појавил еден нерешен национален проблем со население од негрчко потекло. Ако од една страна, по Првата светска војна, Грција се проширила во етничко-негрчки територии (Егејскиот дел на Македонија и Западна Тракија), од друга страна во рамките на грчката држава не биле опфатени сите грчки етничко-национални територии. Дел од грчката етничка територија (Додеканезите и Кипар) главно со грчко население, останале надвор од политичките граници на малото, но секогаш амбициозно за територијално проширување грчко кралство. Островите Астипалија, Калимпос, Карпатос, Лерос, Родос, Хиос и други по Версајскиот мировен договор останале под италијанска окупација.
Според националното потекло и соодветната манифестирана надворешна национална свест (јазик, обичај, традиции) во Додеканезите живееле 133.761 или 93,5% Грци, 6.874 или 4,8% Турци, 2.455 или 1,7% Евреи од вкупно 143.080 жители. (Megali eliniki enkiklopedia, Athina, 1930, tomos th, p. 600.) Исто така Кипар, кој се наоѓаше под англиска управа, живеело бројно и компактно грчко население. По своето етничко потекло, како и врз основа на културна традиција, во Кипар живееле 274.180 или 79,7% Грци, 64.180 или 18,65% Турци и 5.666 или 1,65% различно население по своето потекло и национална свест. (Пак таму, стр. 405.)
Но покрај постоењето на ова грчко нерешено национално прашање со грчко население што живееше во чисто грчка историска и етничка територија постоело и едно грчко население што живееше како грчко малцинство на туѓи традиционално етничко-национални територии. Станува збор за грчките малцинства што живееле во денешна Јужна Албанија или таканаречениот Северен Епир и грчките малцинства што
живееле во рамките на турската држава во околината на Смирна и Истамбул.
Во денешна Јужна Албанија живееле 200.000 или 83% Албанци (христијани и муслимани) и 40.000 или 17% грчко население по потекло, јазик и национално чувство. (Пак таму, стр. 341.)
Во западните делови на Мала Азија и особено во регионот на Смирна живеело мешовито грчко, турско и друго различно христијанско население. Грчкото население, како резултат на активниот економски живот на градот Смирна, непрекинато растело и со интензивната грчка миграција од Додеканезите. Во крајот на 19 и почетокот на 20 век се забележувало поголемо присуство и на турскиот етнички елемент во регионот на Смирна. Еден извештај на Француската трговска комора од 1919 година, на пример, известува дека од 400.000 жители колку што имаше градот Смирна, само 50% биле Грци. (Jacques Ancel, Peuples et Nations des Balkans, Paris, 1930, p. 185.)
Како што се гледа националното прашање што постоело и за кое беше заинтересирана и грчката држава, се појави во три различни форми: 1) За Грција постоело едно нерешено грчко национално и територијално прашање каде живееше грчко компактно население во традиционална грчка етничко-историска територија (Додеканезите и Кипар); 2) Постоело едно грчко малцинско прашање со грчко малцинско население што живеело во рамките на туѓи етничко-историски територии (Јужна Албанија и Турција) и 3) во самата Грција постоело едно нерешено национално и територијално прашање каде што живеело компактно македонско население во традиционално етничко-историска македонска историска територија.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/17 on October 29, 2026