Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
Г) СТАВОТ НА СРПГ ВО ОДНОС НА МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ
Г) СТАВОТ НА СРПГ ВО ОДНОС НА МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ
Основното нерешено национално прашање што се појавило во Грција по Балканските и Првата светска војна, секако било македонското национално прашање. Огромното мнозинство на населението што живело во егејскиот дел на Македонија било од негрчко потекло (77,50%) и традиционално живеело на македонска етнографско-историска територија. Ius solis (правото на македонската историска територија), како и ius civitas (правото на македонската нација), барало соодветно (македонско) третирање и решавање на македонското национално прашање. Правото на македонската историска територија, како и правото на македонската нација на сопствена земја, уште повеќе се засилувало зашто во корист на македонскиот народ пледирал и македонскиот историски легитимитет. Овој историски легимитет на македонскиот народ врз сопствената земја имал непрекинат историски континуитет и произлегувал од самото доаѓање на Словените во Македонија. Со доселувањето на Словените во Македонија почнал истовремено и природниот процес на асимилација, процес на природна симбиоза меѓу словенското и домородното претсловенско население и формирањето, врз основа на словенски јазик, на новиот македонски народ. Формирањето на новиот историски народ врз основа на новите процеси на симбиоза меѓу Словените и домородното население придонесле новиот македонски народ да биде легитимен населеник на сите територијални, историски и културни традиции на претсловенските Македонци. (Сличен историски, територијален и културен легитимитет врз основа на историските процеси на симбиоза меѓу Дакијците, Римјаните и Словените имаат и денешните Романци во поголемиот дел на својата татковина.)
Грчкото население што живеело во егејскиот дел на Македонија било реално малцинство и претставувало 22% од целокупното население во егејскиот дел на Македонија и само 10% од населението на етнографска Македонија. И покрај фактот што во корист на македонскиот народ пледирало правото на македонска историска територија, како и македонската нација со нејзиниот историски легитимитет, сепак СРПГ не обрнала никакво внимание на македонското национално прашање. Ако врз основа на правото на грчкото малцинство што живееше во јужна Албанија и претставувало 17% од целокупното население на овој регион се барало правото на самоопределување, истовремено се негирало правото на самоопределување на мнозинството на населението што живеело во Егејска Македонија (77,50%), јужна Албанија (83%) и Западна Тракија. Егејска Македонија, врз основа на правото на грчкото малцинство што претставувало само 22% од целокупното население и живееше во традиционално македонска етнографско-историска територија, била сметана од страна на СРПГ за неразделен дел на грчката држава и македонското национално прашање било третирано како решено национално и територијално прашање. Ова прашање ќе остане надвор од сериозната политичка преокупација на оваа Партија се до 1924 година, кога КПГ ќе биде принудена да заземе став спротивно од нејзините желби и убедувања. Затоа по начинот како се стремеле да најдат решение за нерешените национални и територијални прашања резолуцијата на “мнозинството” и резолуцијата на “малцинството”, во суштина се стремеле да најдат решение за грчките нерешени национални и територијални прашања (Додеканезите и Кипар), тие правеле еден компромис со великогрчката идеја за создавање на “Голема Грција” со ставовите што ги заземале во однос на чисто негрчки историски и етнографски територии (егејскиот дел на Македонија, јужна Албанија, Западна Тракија) и не заземале став спрема нерешените национални прашања што постоеле во самата Грција, и на тој начин не заземале став спрема единственото нерешено национално прашање на Балканот, т.е. спрема македонското национално прашање.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/20 on October 29, 2026