Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Greek Occupied Macedonia (1913-1989)

6. ПОЛИТИЧКАТА СИТУАЦИЈА ВО ГРЦИЈА И МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ ВО ПРЕДВЕ

By Стојан Киселиновски · Part 29 of 33 · About 7 minutes

Read in English

6. ПОЛИТИЧКАТА СИТУАЦИЈА ВО ГРЦИЈА И МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ ВО ПРЕДВЕЧЕРИЕТО НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

По неуспешниот државен удар во март 1935 година во грчкиот политички живот привремено се засилува центро-десничарската ориентација. (Тоа се должело и на поразот што Либералната партија го претрпела при обидот за државен удар во 1935 година.) Владата на Цалдарис се засилувала благодарение на се поотворената подршка што ја добивала од страна на грчката десница на чело со Д. Кондилис и Јанис Метаксас. Новата политичка ситуација му дала можност на Георгис II да се врати во земјата и со плебисцитот од трети ноември 1935 година тој ја воспостави монархијата во Грција. (Грција била прокламирана како република во 1924 година.) Но, поразот што го претрпеле либералите во март 1935 година не ги ослабеле до таа мера до која се надевала Народната партија и грчката десница. Парламентарните избори од јануари 1936 година тоа го потврдиле. Политичките пресметки меѓу Либералната и Народна партија, како и шумната пропаганда во текот на изборите, не влијаеле многу во корист на една или друга од главните владеачки партии. Либералната партија, и покрај поразот во 1935 година, на изборите добила 574.655 гласови и пратила во новиот грчки парламент 142 пратеници. Од друга страна пак, конзервативните формации, што биле собрани околу Народната партија, не го добила саканото мнозинство. Конзервативните сили на изборите од 1936 година добиле 602.840 гласови и испратиле во новиот грчки парламент 143 пратеници. Народниот фронт, кој ги обединуваше левите сили на чело со КПГ, постигнал забележителни резултати. За претставниците на Народниот фронт гласале 73.411 лица и левите сили во новиот грчки парламент ги репрезентирале 15 пратеници. По парламентарните избори ниту Либералната, ниту Народната партија не претставиле апсолутно мнозинство и не биле во можност да формираат еднобојна и стална влада.

Во таквите услови 15 пратеници на Народниот фронт добивале вистинска историска димензија. Ако до 1936 година грчките буржуаски партии одбивале секаков компромис со КПГ поради нејзината политика за обединета и независна Македонија, по изборите во 1936 година, како Либералната така и Народната партија ги правеле првите чекори кон спогодување со КПГ. Сите овие политички контакти биле можни единствено со сменувањето и отфрлувањето од страна на КПГ на политиката за обединета и независна Македонија. Претставниците на Народниот фронт на чело со М. Порфирогенис, “облечени во фракови”, го известиле грчкиот крал Георгис II, “дека КПГ не бара автономија на Македонија”. (Polihroni K. Enerediki, 1 eliniki andistasis, 1941-1944, Athina, 1964, p. 83.) Во контекстот на историската промена во политиката на КПГ во однос на македонското национално прашање, грчките буржуаски партии воспоставиле контакт со КПГ без да страхуваат дека ќе бидат обвинети од политичкиот противник за соработка со партијата што ги продава грчките национални интереси. К. Анѓелопулос, претставник на Народната партија, воспоставија контакти со претставниците на левицата на чело со Д. Глинос, Г. Сјантос, и М. Порфирогенис. Истовремено и претставниците на либералите воспоставиле контакти со претставникот на Народниот фронт, С. Склавенас. Како резултат на овие политички контакти бил потпишан познатиот договор меѓу Т. Софулис, претставник на Либералната партија и претставникот на Народниот фронт, С. Склавенас. Согласно со спогодбата, претставниците на Народниот фронт барале полна народна

слобода, општа политичка амнестија, распуштање на фашистичките формации, воведување на пропорционален изборен систем, намалување на цената на лебот итн. Спогодбата Софулис – Склавенас, и покрај фактот што со ништо не го заштитувала македонското население (Само по повод парламентарната дебата што се водела во грчкиот парламент во врска со програмската декларација на владата на Метаксас, претставникот на КПГ, С. Склавенас, изјавил дека “владата, за да има претензија македонскиот народ да ја истури својата крв на северните граници”, треба априори на македонското малцинство да му го гарантира употребувањето на неговиот мајчин јазик, неговите обичаи итн.), била остро нападната од страна на десницата, која сметала дека со тоа на КПГ и се признавала политичка легитимност, дека на тој начин КПГ влегувала во политичката свест на масите и дека се создавала еден незадоволен историски преседан што оди единствено во корист на КПГ.

Спогодбата Софулис-Склавенас била потпишана во периодот кога грчкото општество изразувало силни елементи на економската и политичката нестабилност. Економското и политичкото незадоволство на масите се изразило со големите солунски демонстрации. Демонстрациите што се одржале во Кукуш, Серес, Драма и западниот дел на Тракија, кулминирале на 8 мај 1936 година со масовните солунски демонстрации на околу 15.000 тутунски работници. Во знак на протест против крвавото задушување на демонстрациите од 8 мај 1936 година на протестниот митинг на плоштадот “Слобода” во Солун учестувале 150.000 демонстранти. По крвавите судири во полицијата, работниот народ од Солун и околината владееле со гродот речиси 36 часа. Поради бруталното и неодговорното однесување на полицијата, како и убиството на 10 работници во текот на големите солунски демонстрации, во цела Грција се одржувале митинзи и демонстрации со што се изразувала активната солидарност со работниците од Солун. Истовремено претставниците на Народниот фронт во грчкиот парламент побалрале итна оставка на генералот Метаксас, главниот виновник за крвавите солунски настани. На 24 јули 1936 година двете најголеми грчки синдикални организации, Конфедерацијата на работниците на Грција и Обединетата

генерална конференција на работниците, решиле да организираат општ сегрчки штрајк во знак на протест против репресалната политика на владата и се подесното скршнување на грчкиот политички живот.

Политичката нестабилност што ја зафатила земјата сериозно ја загрижила грчката буржоазија, која спасот го гледала во воведувањето на диктаторски режим. Со благонаклонетоста на кралскиот двор, генералот Јанис Метаксас, чии диктаторски афинитети биле одамна познати, максимално го искористил историскиот момент. Патот кон воведување на лична диктатура бил олеснет и со исчезнувањето од политичка сцена на познатите личности: Е. Венизелос и првиот министер, Д. К. Демерџис. За остварувањето на диктаторските намери на Ј. Метаксас загубата на овие две политички личности, особено смртта на Д. Демерџис, биле “божји дар”. Политичкиот вакум, со одобрение на кралот, го пополнил стариот и амбициозен генерал Метаксас.

На 4 август 1936 година, политичките репресалии против левите сили и особено против КПГ и ЕОКДЕ (Обединета организација на комунистите-интернационалисти на Грција), почнале уште истата вечер. Околу 2.000 комунисти или нивните симпатизери биле пратени по затворите во Акронавлија, Егина и Керкира.

Метаксасовата диктатура покажала посебна суровост спрема македонскиот народ и затоа за македонскиот народ Метаксасовата диктатура имала фашистички карактер. Се забранувало и остро се казнувало секое јавно манифестирање на македонското национално чувство и неговото надворешно изразување преку јазикот, традициите и обичаите. (Во тој однос диктаторот Метаксас ја надминал и суровоста на италијанските фашисти, кога за еден изустен словенечки збор се плукало в уста. Поради ова длабоко национално угнетување, Македонците и Словенците во текот на НОБ масовно се вклучија во заедничката борба на народите за национална слобода и човечко достоинство.) Паралелно со прогонувањето на македонската национална свест и на македонскиот јазик, диктаторот Метаксас се подготвувал да ја онеспособи и секоја

политичка или национална активност на македонските комунисти, особено да ја оневозможи активноста на ВМРО (об). Раководителите на ВМРО (об) од егејскиот дел на Македонија на чело со А. Чипов, Х. Галбов, Л. Трповски и Т. Хаџијанов биле пратени по затворите и логорите на диктаторскиот режим.

Но отпорот против диктатурата продолжи и во затворите и логорите. Македонските и грчките комунисти ги претвориле затворите и логорите во вистински универзитети каде се учела и продлабочувала марксистичката теорија. Македонците, покрај политичкиот отпор, не престанале да го изразуваат своето национално битие, употребувајќи го македонскиот јазик и во логорите на диктаторскиот режим, давајќи на тој начин еден редок историски пример дека му припаѓаат на еден мал и секогаш оспоруван словенски народ.