Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
Б) ВНАТРЕШНИ ФАКТОРИ - Part 01
Б) ВНАТРЕШНИ ФАКТОРИ
Бнатрешните мотиви што ја натерале КПГ за сменувањето на нејзината политика во однос на македонското национално прашање имале првостепено значење и одиграле исклучително голема улога во сменувањето и отфрлувањето на политиката за обединета и независна Македонија. Кои се тие внатрешни фактори што ја натерале КПГ да ја смени својата политика во однос на едно толку суштинско и чувствително прашање, какво што било македонското национално прашање?
Привлекување на грчките народни маси
Политиката за обединета и независна Македонија што ја спроведувала КПГ по 1924 година не го привлекла ниту грчкото население од Стара Грција (Пелопонез, Еубеа, Тесалија, Епир, островите), ниту населението што живеело во егејскиот дел на Македонија. Ова целокупно грчко и негрчко колонистичко население не малку било заинтересирано како се поставува и особено како се решава македонското национално прашање. Факторите кои го определувале ставот на ова население во однос на македонското национално прашање, главно, биле два: од една страна националното потекло (со соодветната национална свест), а од друга страна економскиот статус (економскиот интерес) на ова население.
По големите перипетии на грчката држава, во егејскиот дел на Македонија се случиле етнографски промени. Веднаш по 1913 година грчката држава почнала да спроведува активна политика на колонизација со население дојдено од Стара Грција и странство со намера да го смени традиционалниот македонски етнографско-ицториски лик и, на тој начин, на егејскиот дел на Македонија да му се наметне друг, кој немал ништо заедничко со македонските навики и македонските историски традиции. Преку т.н. грчка државна внатрешна конолизација (Statistika apotelezmata tis apografis..., Athina, 1935, p. 12, Внатрешната грчка колонизација траеше од 1913 до 1923 година.), грчката држава успеала да всели во Егејска Македонија грчко население по потекло и јазик. Ова население што потекнуваше од Тесалија (11.346), Стереа Елада и Еубеја (9.752), Пелопонез (7.727), Епир (6.757) и од егејските острови (1.766) било вселено главно во источна и централна Егејска Македонија. Во Солунско биле доселени 26.324 колонисти, во Кавалско – 7.610, во Драмско – 4.830, во Серско 4.178, во Кожанско – 3.877, во Леринско- 1.777, во Пелско – 1.554, во Света Гора – 1.255 и на Халкидичкиот Полуостров – 1.611 Грци. Ова колонистичко население од Стара Грција негувало и изразувало силни грчки национални чувства. Преселено во егејскиот дел на Македонија, тоа добило од страна на грчката држава земја, куќи, добиток итн. Затоа политиката за обединета и независна Македонија се косела со грчките национални чувства и економските интереси на оваа население, на кое оваа политика му била неприфатлива и туѓа. Политиката за обединета и независна Македонија, исто така, била неприфатлива и за домородното грчко население (236.755) што живеело во Егејска Македонија како малцинство и пред 1913 година. Ова грчко население, како и грчкото колонистичко население дојдено од Грција, негувало и изразувало силни антимакедонски чувства во текот на вековите и особено во периодот на андарското движење во Македонија, па затоа политиката на КПГ ни во најмала мера не му била разбирлива.
По Лозанскиот мировен договор, како резултат на задолжителната размена на населението меѓу Грција и Бугарија, во егејскиот дел на Македонија биле доселени вкупно 565.143 грчко и негрчко христијанско население. (Пак таму.) Грчкото население по потекло ги јазик (200.00) пред неговото доселување во егејскиот дел на Македонија живеело во Европа,
Америка, Африка, но особено во западните делови на турската држава. Ова грчко население што живееше во Турција, поради неговото потекло, култура, јазик, силно било поврзано со идејата за создавање на голема Грција што би ја опфатила Мала Азија, до реката Мендере, на север до градот Едреник и длабоко кон запад со градовите Измир, Атдин и Маниса, Источна еракија со Едрене, Галиполскиот Полуостров, Западна Тракија, Егејска Македонија, Јужна Албанија со регионот Аргирокастро, островите и големиот медитерански остров Кипар, и поради тоа ова население развило активно движење за создавање на голема Грција. По неговото протерување од Турција било доселено главно во егејскиот дел на Македонија, каде што добило (као и христијанското негрчко население) од страна на грчката држава 500.000 хектари земја, 93.549 куќи, разни градежни материјали и друга материјална помош, чија вредност изнесувала милиони драхми. (Societe des Nations, L’establissement…, p. 85.) Ако, од една страна, политиката на КПГ за обединета и независна Македонија се судирала со националните чувства и екномските интереси на грчкото колонистичко население дојдено од Мала Азија, од друга страна политиката за обединета и независна Македонија била, исто така, во длабока контрадикција со економските интереси (економската заинтересираност) на негрчкото христијанско население доселено во егејскиот дел на Македонија (Туркофони, Кавкасци, Ерменци итн.). Негрчкото христијанско колонистичко население, неписмено во неговото апсолутно мнозинство, политиката за обединета и независна Македонија ја разбирало и гледало единствено врз основа на добиениот имот од страна на грчките партии. Во неговата длабока свест политиката за обединета и независна Македонија значела враќање на големата македонска емиграција и губење на имотите што им беа одземени на многу Македонци со сила. Затоа целокупното бегалско грчко и негрчко население, како и домородното грчко население од Егејска Македонија, ќе се доближи до буржоаските партии, главно либералната, кои со својата политика го гарантирале грчкиот интегритет, и ќе негуваат силна антипатија во однос на политиката на КПГ по македонското национално прашање. Поради тоа “малцинството” го обвинуваше “мнозинството” дека со политиката за обединета и независна Македонија интересите на грчкото и негрчкото колонистичко население не биле земени
предвид, и “поминувале над главата на раководството” (G. D. Kaculi, I istoria tu KKE, tomos II…, p. 38.) на КПГ и, поради тоа, ова население се оддалечи од КПГ и се претвори во сигурна потпора и резерва на грчката буржоазија.
Политиката за обединета и независна Македонија беше во контрадикција и се косеше и со националните, и со економските интереси на грчкото население од Стара Грција. Традиционално воспитано во духот на големата идеја дека Македонија е грчка етнографска земја, за ова население политиката на КПГ за обединета и независна Македонија била не само неразбирлива, туку и неприфатлива.
Присуството на грчките национални чусвтва, како и на економските интереси кај населението од Стара Грција, од егејскиот дел на Македонија и од западниот дел на Тракија, непрекинато вршела притисок врз КПГ за сменување на политиката за обединета и независна Македонија. Овој притисок и овие (грчки) чувства ќе се инфилтрираат и појават и во самата Партија со зачленувањето на бегалците во редовите на КПГ. Претставниците на бегалското население добиле главни функции во партискиот апарат и секогаш кога ќе се поставува на разгледување македонското национално прашање, грчките национални чувства и грчките национални интереси тие биле присутни на највисоко ниво. Со формирањето на новиот ЦК КПГ во 1931 година на чело со Никос Захаријадис (доселеник од Мала Азија), Партијата веќе водела сметка за овие чувства. Новиот ЦК КПГ веќе веднаш по 1931 година ја отфрлила политиката за обединета и независна Македонија и реално почнала да ја спроведвуа политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава, давајќи му на тој начин гаранција на целокупното грчко и негрчко население (Туркофони, Ерменци, Кавкасци) дека Партијата ја смета Егејска Македонија како неразделен дел на грчката држава. Формално националните чувства на грчкото население домородно и колонистичко, биле задоволени со решенијата на VI конгрес на КПГ од 1935 година, кога Партијата официјално ја отфрлила политиката за обедината и независна Македонија и ова целокупно население добило гаранција дека новата политика во однос на македонското
национално прашање е трајна историска определба на КПГ. Таа гаранција уште повеќе ќе се засилила кога во новото Политбиро на КПГ, избрано на VI конгрес на оваа Партија, меѓи 7 членови на Политбирото, биле избрани 4 маџири: Н. Захаријадис, генерален секретар, Д. Парцалидис, Г. Порфирогенис и С. Склавенас. Сите овие претставници на бегалското население ќе ја засилат грчката национална линија во однос на македонското национално прашање (како се поставува, третира и решава) и за КПГ македонското национално прашање престанало да биде принципиелно прашање и секогаш на македонското национално прашање ќе се гледа единствено врз призмата на грчките национални интереси. (Грчката национална ориентација во однос на македонското национално прашање ќе се засили уште повеќе со приклучувањето подоцна во ЦК КПГ на Мицос Парцалидис и Маркос Вевијадис, исто така, доселеници од Мала Азија.) Со една ваква политика во однос на македонското национално прашање КПГ сметала дека ќе го привлече грчкото и негрчкото колонистичко население и ќе може на тој начин да се извлече од тешко платената “политичка изолација” (Од говорот на Никос Захаријадис одржан на седмата проширена седница на ЦК на КПГ на 18-24 февруари 1957 година, стр. 204.), во којашто се нашла Партијата во периодот кога ја спроведувала политиката за обединета и независна Македонија.
“Обезоружување” на грчката буржоазија
Прифаќањето од страна на КПГ на политиката за обединета и независна Македонија на III конгрес на оваа Партија во 1924 година предизвикала силна реакција кај грчката буржоазија, позната по својот ексклузивен државен национализам. Со политиката за обединета и независна Македонија КПГ влегла во “непотребен судир” со грчката буржоазија за едно толку “природно прашање” (S. Maksimos, op. cit., “Rizospastis”, 6. II 1927.) како што беше македонското национално прашање и со тоа КПГ и дала во рацете на грчката буржоазија едно “опасно оружје” за напаѓање на КПГ.
Свесна дека грчките народни маси, традиционално воспитани во духот на “големата идеја”, биле против секакво отцепување на територии од грчката држава, грчката буржоазија не губела
прилика во нејзината репресивна политика да го потенцира токму националниот момент, т.е. проблемот на егејскиот дел на Македонија и да добива на сметка на КПГ сериозни политички поени, значително да ја изолира Партијата и секогаш да наоѓа оправдување во очите на грчките маси за идеолошката пресметка со КПГ. Затоа, со самото прифаќање на политиката за обединета и независна Македонија од страна на КПГ, грчката буржоазија почнала еден систематски поход на напади, дискредитирање и презентирање на КПГ како национално безбојна Партија, како партија, на која грчките национални интереси и се неразбирливи и туѓи. (Во суштина КПГ секогаш ги бранела грчките национални интереси.) Демонстрациите на околу 500 солунчани (Ministere des Affaires, Etrangeres, Archive diplomatique, Gréce 1918-1929, p. 5.) во корист на автономна Македонија биле претставени од страна на грчката буржоазија како ненационални, криминални дела а тоа беше уште една прилика да се осуди “предавничката политика на КПГ”.
Кога во 1925 година амбициозниот, но малку способниот генерал Теодорос Пангалос установил диктатура во Грција, веднаш почнале и репресалиите против Партијата, на која грчките национални интереси и биле “неразбирливи и туѓи”. Со желба дефинитивно да ја дискредитира КПГ во очите на грчките народни маси, Т. Пангалос ги организирал познатите автономистички процеси против комунистите. Во Солун, врз основа на членот 123 од Законот за државна безбедност, за велепредавство и стремаж за отцепување на територии од грчката држава, биле осудени 12 комунисти. (I. Stavridis, Ta paraskinia tu KKE, Athina, 1953, p. 301. Во Солун за велепредавство и желба за отцепување територии од грчката држава биле осудени следните комунисти: Тасос Кајноглу, Георгиос Куртидис, Томос Дикалис, Г. Папаниколау, Г. Марангос, А. Пападопулос, Сопорна (Евреин од Солун), Никос Захаријадис и Маркопулос, уредник на весникот “Глас на работниците”.) Истовремено во Атина било судено раководството на КПГ на чело со П. Пулјопулос, генерален секретар на КПГ, С. Максимос, член на ЦК КПГ и други, кои исто така биле обвинети за велепредавство и стремеж за отцепување на “грчките територии” од грчката држава. За да се избегне смртната пресуда, Коминтерната преку својот
претставник, Романецот Батулеску, ги советувала обвинетите комунисти да ја повлечат пред судот паролата за обединета и независна Македонија. Батулеску лично го советувал П. Пулјопулос да си го мери тонот во неговата пледорија и да не инсистира за правото на автономија на Македонија. П. Пулјопулос ги отфрлил советите на Батулеску и повеќе од 4 часа го заштитувал пред судот правото на националните малцинства самите да решат за својата судбина. Христос Лагос, бранител на обвинетите комунисти, го отфрлил обвинението за велепредавство со мотивација дека политиката за обединета и независна Македонија била само теоретски поставена и ќе се остварела само во услови на болшевизација на целиот Балкан. Судењето на обичните комунисти кои не ја знаеле не само суштината на македонското национално прашање, туку општо и важноста на националниот момент во идеологијата, и носеле голема штета на КПГ и и давале можност на грчката буржоазија максимално да го користи националниот капитал за свои цели. Многу од осудените комунисти пред судот зборувале “класични глупости”. (J. Kordatos, op. cit., “Rizospastis”, 18 II 1927.) “Ние, одговори еден од осудените комунисти, ја бараме автономијата на Македонија затоа што сме комунисти и “штом сме комунисти ќе го автономизираме и Пелопонез зашто ние немаме татковина”.(Пак таму.) Со тоа КПГ губела прилично поени во очите на масите и значително се изолирала.
Репресивната политика против комунистите продолжила и во периодот на големата економска криза. Со желба да и стави крај на политичката активност на КПГ, Елефтерос Венизелос во 1928 година, како и Т. Пангалос во 1925 година, го користел и македонското национално прашање за оправдување на својата репресивна политика против грчкото работничко движење. Лидерот на либералите, Е. Венизелос, барал забрана на секаква комунистичка активност во земјата, зашто немало место во Грција каде не постоел комунистички кружок и барал забрана на КПГ, зашто оваа Партија со својата политика го става под прашалник и грчкиот територијален интегритет. (Ministere dеs Affaires..., Gréce...dos 61, p. 166.) М. Завијатинос, министер за внатрешни работи на Е. Венизелос, барал од пратениците на грчкиот Парламент, по секоја цена, да го изгласаат законот за забрана на комунистичка активност во Грција, зашто “една
голема опасност ги поткопува нашите општествени темели” (Пак таму, стр. 129.) и грчкиот територијален интегритет. За да “можеме да спиеме спокојно” (Пак таму.), ги советувал Е. Венизелос пратениците на грчкиот Парламент, треба по секоја цена да се забрани дејноста на партија која води една политика што е спротивна на грчките национални интереси. (Пак таму, стр. 166.)
И покрај опозицијата што постоела, сепак, грчкиот Парламент со Законот бр. 4.229 од 1929 година го прифатил законот што забранувал секаква комунистичка активност во земјата. (На антикомунистичкиот закон му се спротивставиле во текот на гласањето и граѓански политичари, познати по своите политички либерални сфаќања.) Доволно било само читањето на весникот “Ризоспастис” или на списанието “Неолеа” (Младина), за да биде некој обвинет за комунистичка пропаганда и осуден на затвор. (В. “Ризоспастис” и списанието“Неолеа” илегално кружеле меѓу левоориентирано население.) По силата на овој Закон биле донесени 2.500 судски решенија против партиски и синдикални функционери, 1.000 членови или симпатизери на КПГ биле затворени, 50 работници биле убиени и други 500 биле ранети во судирите со полицијата. (Со новите политички мерки не се смири грчкиот политички живот, туку политичката нестабилност продолжила и ќе кулминира со воведувањето на диктатура во Грција (1936).)
Затоа, отфрлајќи ја политиката за обединета и независна Македонија, усвоена на III вонреден конгрес на КПГ во 1924 година и прифаќајќи ја политиката за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава, КПГ имала можност да го одземе од рацете на буржоазијата “опасното оружје” за напаѓање на КПГ како ненационална, безбојна, непатриотска партија и на тој начин да најде поголемо разбирање кај грчките народни маси, во коишто “големата идеја” одамна царувала и непрекинато влијаела врз свеста на грчкиот народ.
Избегнување на внатрешни политички кризи и полемики околу македонското национално прашање
Веднаш по создавањето во 1918 година, КПГ се соочила и со првите фракционерски борби и првите внатрешни судири. Внатрешните политички конфронтации, како и различните ставови во однос на македонското национално прашање, непрекинато ќе го следат историскиот пат на КПГ, така што “кризата во Партијата” се претворила во “сопствена сенка” (J. Kordatos, op. cit. “Rizospastis”, 19. II 1927 godina.), а македонското национално прашање во “јаболко на раздорот” што непрекинато го нарушувало внатрешниот мир на Партијата.
Со самото појавување на македонското национално прашање во редовите на КПГ се појавиле и првите внатрешни судири околу ова прашање. Ставот на различните “малцинства” или “мнозинства” во однос на македонското национално прашање било условен главно од политичката концепција што ја имало прифатено соодветната струја. Односот на класното и националното што различно било присутно во политичката концепција на различните струи, сериозно влијаело и врз ставот на соодветната струја во однос на македонското национално прашање. Предноста на националното, т.е. на грчкиот национален интерес во однос на класното на т.н. “малцинство” од 1924 година придонело ставот на ова малцинство целосно да се доближи до политичката концепција на грчката држава и да ја прифати и официјалната државна грчка терминологија кога станува збор за Егејска Македонија (Ј. Кордатос, на пример, наместо поимот Македонија секогаш го користел поимот Северна Грција или грчка Македонија. Оваа терминологија ќе биде прифатена и се почесто ќе се користи и од страна на “мнозинството” по 1935 година и особено во периодот 1941-1945 година.) и, спротивно на историската реалност, да ја негира и македонската нација. (Ј. Кордатос, на пример, приврзаник на идејата за спроведување на марксистичката наука во склоп со грчката историска реалност, никогаш не ги посетил и не контактирал со Македонците како што постапи П. Пулопулос кој лично, преку непосредни контакти со Македонците, а не преку решенијата на Коминтерната, се убедил дека Македонците секогаш се чувствувале, мислеле, живееле, тагувале и умирале единствено како Македонци.)
Незначителното предимство на националното над класното влијаело и врз ставот што го зазедоа “археомарксистите” (стари марксисти) во однос на македонското национално прашање. Спротивно на приврзаниците на “малцинството” и спротивно на политиката за обединета и независна Македонија што била прифатена од страна на “мнозинството”, археомарксистите барале исклучиво почитување на правата на малцинствата во рамките на грчката држава.
Ставовите на новото “малцинство” на чело со П. Пулјопулос во однос на македонското национално прашање еволутивно сериозно ќе се разликуваат и од ставовите на “малцинството” на Ј. Кордатос, на археомарксистите и од ставовите на “мнозинството”. Појавувањето на новото “малцинство” била една природна рефлексија на внатрешните судири што се појавиле во редовите на Комунистичката партија на СССР меѓу Л. Троцки од една страна и Ј. Сталин од друга. Борбата меѓу левата опозиција на чело со Троцки и другите групации на чело со Ј. Сталин беше следена со големо внимание од страна на КПГ. Одраз на тие настани што се појавиле во меѓународното комунистичко движење во рамките на КПГ била интервенцијата на П. Пулјопулос на внатрешната претконгресна партиска дискусија на КПГ во 1927 година. Во својата интервенција Пулјопулос истакнувал: 1. да се отфрли карактеристиката на ликвидаторска група за Л. Троцки и неговите приврзаници; 2. Партијата, сметал Пулјопулос има неопходна потреба од критички опит и треба по секоја цена да го подигне културното ниво на своите членови; 3. со масовното зачленување на необразовани и неискусни членови, Партијата се изгубила; 4. неопходно е да се отстранат од редовите на Партијата сите клеветнички елементи; 5. потребно е, сметал Пулјопулос, да се развие теоретска работа на Партијата и да се напушти бирократскиот начин на работење. Барањата на П. Пулјопулос за формирање и создавање на “сериозна партија” со поголема внатрешна слобода и со “воспитани” членови, била окарактеризирана од страна на “мнозинството” како ликвидаторска тенденција. (Таканареченото ликвидаторско
движење на чело со П. Пулјопулос се појави на партискиот состанок што се одржа во Атина на 6-8 ноември 1926 година.)
Идеолошката борба меѓу новото “малцинство” на чело со П. Пулјопулос и “мнозинството” на чело со Х. Теу, Г. Сјантос, Н. Кутвис (Н. Захаријадис), А. Хаитас и Х. Евтихијадис (“Мнозинството” во суштина ги изразувало сталинистичките гледишта што, преку Коминтерната, биле пренесени во рамките на КПГ.), уште повеќе се заострила со појавата на т.н. “центристи” на чело со С. Максимос, К. Склавос, Т. Хајноглу. Третиот редовен конгрес на КПГ во 1927 година ги осудил гледиштата на новото “малцинство” на чело со П. Пулјопулос, како троцкистички и ја окарактеризирал активноста на ова “малцинство” како ликвидаторска тенденција, а П. Пулјопулос бил отстранет од редовите на КПГ. (Таканаречените ликвидатористи ќе ја продолжат борбата против “мнозинството” преку новоформираното списание “Neo ksekinima” (Ново движење).) Привременото политбиро, што било избрано на III редовен конгрес од претставниците на “мнозинството” и “центарот”, не го решило внатрешниот немир во Партијата. Политичките недоразбирања меѓу “мнозинството” и “центарот” на чело со С. Максимос ќе ги присили последниве да гледаат со се поголема симпатија спрема “малцинството” на чело со П. Пулјопулос. На 1 ноември 1927 година претставници на “центарот” (Максимос, Склавос, Хајноглу) и претставници на “малцинството” (Пулјопулос, Ѓатопулос, Николино, Хаѕистравру и Папаниколау) ја создаваат т.н. “Обединета опозиција” и преку списанието “Спартакус”, е ја продолжат борбата против т.н. “мнозинство” што го добило, со помош на Коминтерната, раководството на Партијата. Формираната Организација на грчките комунисти – интернационалисти (ОКДЕ) (ОКДЕ се формира во 1934 година од приврзаниците на “Спартакус” и од постојаната ЛАККЕ (Ленинистичка опозиција на Комунистичката партија на Грција).) која подоцна се преименува во ЕОКДЕ, со прифаќањето на членовите отстранети од Партијата ќе се претвори во Комунистичка партија на Грција – интернационалисти, секција на IV интернационала. Нејзиното создавање уште повеќе ќе го комплицира политичкиот спектар на левицата во Грција во периодот меѓу двете светски војни.
Новата нијансирана политичка ориентација на новото “малцинство” го промеи односот кон класно-националното во рамките на левата идеологија и тоа сериозно ќе влијае врз ставот на П. Пулјопулос во однос на македонското национално прашање.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/26 on October 29, 2026