Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Greek Occupied Macedonia (1913-1989)

Б) МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ И СТАГНАЦИЈА НА ГРЧКОТО РАБОТНИЧКО ДВИЖЕЊЕ

By Стојан Киселиновски · Part 23 of 33 · About 17 minutes

Read in English

Б) МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ И СТАГНАЦИЈА НА ГРЧКОТО РАБОТНИЧКО ДВИЖЕЊЕ ВО ПЕРИОДОТ ОД 1923-1931

Македонското национално прашање по природа на своето поставување на III вонреден конгрес на КПГ во 1924 година, секако, придонесла во правецот на стагнацијата на грчкото работничко и комунистичко движење. Но дали политиката за обединета и независна Македонија била основната причина за стагнацијата на грчкото работничко движење?

Во периодот кога Грција се наоѓала во длабвока политичка, економска и психолошка криза по поразот во Сакарија, во рамките на КПГ се засилува левата политичка ориентација и веднаш по 1923 година се појавил еден активен левичарски политички радикализам. Овој политички радикализам “што не е чисто грчки феномен” (J. Kordatos, Iperano olon to Koma…, “Rizospastis”, 20. II 1927.), преку својата политичка програма не ќе води сметка и не ќе спроведува политика во согласност со грчката историска реалност. (Пак таму.) Тој расчекор меѓу политичката програма на КПГ во дадениот историски период и грчката историска реалност придонеле проблемите во земјата, за кои се организирала Партијата со цел да ја преземе власта, да бидат “terra incognita”. (Pantelis Puliopulos, Merika apo ta “paradoksa tu kinimatos mas”. “Rizospastis”, 1. II 1927, r. 3.) Тоа особено се гледало во ставовите што ги зазеде КПГ во однос на суштинските политички прашања, какви што биле проблемот на власта и државното уредување, аграрното прашање, македонското национално прашање итн.

Проблемот на власта

Проблемот на власта, како основен политички проблем за кој биле заинтересирани сите слоеви на грчкото општество, бил поставен и разгледан уште на Основачкиот конгрес на КПГ во ноември 1918 година. Партијата, се велело во партиската програма, усвоена на Основачкиот конгрес на СРПГ, ќе се бори за отстранување на монархистичката институција, за демократизација на законодавството, на извршната и судската власт за основање народна демократија како преоден историски период во создавањето социјалистичко општество. (Programa simeron apetision, apetisis politika, to KKE, episima…, tomos protos…, p. 7.) Но овој умен став за априорно создавање на народна демократија како преоден период кон социјалистичкото општество, којшто можел да биде прифатлив за ситно имотното грчко општество, брзо бил напуштен. На II конгрес на КПГ во 1920 година, Партијата суштински ја сменила својата политика во однос на едно толку суштинско прашање како што беше проблемот на власта. Идејата за формирањето на таканаречената Народна демократија била отфрлена на II конгрес на КПГ преку усвоената резолуција партијата сметала дека за преминувањето од буржоаско во социјалистичко општество не е потребно претходно преминување преку т.н. народна демократија, туку непосредно со воведување на диктатура на пролетаријатот и постепено ликвидирање на класите. (Apofasi gia to programa tu SEKE, To KKE Episima… tomos protos…, p. 64.) Овој нов став појасно бил изнесен во завршните документи на II конгрес на Партијата од 1920 година. Партија, се велело во заклучниот документ на II конгрес, со сите свои сили ќе се бори за освојување на власта, за национализација на средствата за производство и создавање на социјалистичко општество со претходно воспоставување на диктатура на пролетаријатот. (Katastatikon tu SEKE, To KKE, episima… tomos protos…, p. 68.) На III вонреден конгрес на КПГ во 1924 година, Партијата прави еден чекор напред во однос на политичкиот нереализам. Во “Манифестот до работниот народ”, што бил усвоен на III вонреден конгрес на КПГ, се истакнало дека борбата против фашизмот го ставиле пред Партијата проблемот на власта и покрај фактот што во Грција во тој период не постоело фашистичко движење. “Не ќе постигнеме ништо трајно за нашиот работен народ, се велеше во “Манифестот до работниот народ”, ако не ја преземеме власта во свои раце и ако не создадеме наша работничко-земјоделска власт”. (Manifesto pros ton ergazomeno lao, op. cit., p. 530.) Но дали условите во Грција биле созреани за непосредна советска власт?

Капитализмот во Грција секако забележувал чекори напред во почетокот на XX век, но сепак тој се уште бил во неговата примарна фаза. Тоа неминовно влијаело врз бројноста,

структурата и филозофската (политичка) концепција на работничката класа. Грчкиот пролетаријат и покрај неговиот пораст, се уште не претставувал една сериозна материјална сила која би била во можност да придонесе за радикални социјални и политички промени. Грчкиот пролетаријат не бил во вистинска смисла индустриски пролетаријат и не бил концентриран во големиот индустриски центар како во Русија пред 1918 година. Според еден економски извештај на грчката држава од 1917 година, во Грција постоеле 2.213 различни претпријатија со 36.117 вработени. (Apostolos Vacalopulos, op. cit., p. 226.) Од вкупно 36.117 работници што работеле во индустрискиот сектор во 1917 година, 10.680 работеле во текстилната индустрија, 10.136 во прехранбената, а само 252 лица (Пак таму.) работеле во металуршката индустрија каде се создавала вистинската класна свест кај работниците. Работничката свест на мнозинството на грчкиот пролетаријат се уште не се претвори и не се кристализира во чиста класна свест. Фактот што грчкиот пролетаријат во почетокот на XX век имал само работничка (професионална) свест се должел и на фактот дека мнозинството од грчките пролетери “малку или повеќе” биле сопственици и во “нивното мнозинство не биле пролетери во вистинска марксистичка смисла”. (J. Kordatos, Iperano olon to Koma..., “Rizospastis” 19. II 1927.) Грчките работници, констатирал Ј. Кордатос, речиси сите “имаат една куќичка или еден мал терен, една нива во селото, едно лозје или една градина”. (Од писмото на Алкидамос (Ј. Кордатос) овјавено во “Revolution proletarienne”.) Дуализмот во имотот (работник во град со малку земја во селото) не можел да не се одрази и на нивото на свеста, особено на политичката свест. Така се појавува кај грчкиот пролетаријат на нивото на свеста политичкиот дуализам и огромното мнозинство од грчките работници се уште изразувале и негувале чувствителни “малограѓански гледишта”. (Пак таму.) Тоа се должело на фактот што мнозинството од грчките работници потекнувало непосредно од селото или ситно-имотни семејства и затоа “нашата работничка класа изразува големи малограѓански гледишта, особено буржоаско-демократски...” (X. Vatis, I krisi tu Komatos, ta etia ke ta simperazmata, “Rizospastis” 12. III 1927.), констатира Ватис. Од вкупно 150.000 работници што постоеле во Грција по територијалните проширувања на грчката држава

по Првата светска војна, само 10.000 биле реално пролетери (по имот и свест) и имале и ја негувале во себе “традицијата на класната борба”. (“Rizospastis” 25. II 1927.) Тие претставувале само 1,6% од целокупното грчко население и не биле во можност да бидат носители на никаква пролетерска револуција во Грција во мирни економски и политички услови. Од друга страна, политичката програма на Партијата, која предвидувала национализација и непосредно воспоставување на диктатурата на пролетаријатот, ја уплашила ситната буржоазија, која гледала со голема недоверба на оваа радикална политичка и социјална програма.

Аграрното прашање

Друго суштинско прашање во една класична земјоделска земја (Во 1907 година, на пример, 76% од работоспособното население во Грција се занимавало со земјоделство, а само 24% со други разни професии. По 1924 година, по големата грчка колонизација. Грција си го задржува својот земјоделски карактер и поради фактот што мнозинството од бегалското население беше населено по селата и се занимавало главно со земјоделство. Само во егејскиот дел на Македонија беа доселени 112.111 земјоделски семејства со 427.297 членови.), каква што била Грција, секако било и аграрното прашање. Од начинот на кој ќе се постапувало и решавало ова прашање зависело и кому ќе му ја дадат поддршката речиси 65% од целокупното население што живеело во Грција по “Големата војна”. Една реалистичка политика во однос на аграрното прашање и давала можност на КПГ да ја добие поддршката на оваа класа и покрај фактот што “немало класна свест”. Желбата на грчкиот селанец за сопствено парче земја се изразувала во текот на вековите. Грчкиот селанец својата лична слобода, како и својата економска сигурност и економскиот просперитет, ја гледал единствено во земјата и каква и да било политичко решение, што ја ставало под прашалник сопственоста на земјата, за него било неприфатливо и туѓо. Затоа на ова основно прашање не можело да му обрне внимание и КПГ. Во усвоената резолуција на Основачкиот конгрес на КПГ во 1918 година, Партијата барала национализација на чифлиските и манастирските имоти и предавање на национализираното

земјиште на општините што ја обработувале земјата. (Apofasi dia ton agrotikon, To KKE, Episima Kimena… tomos protos…, p. 59.) Овој реалистичен став одел и во корист на грчкото селанство. Со една ваква политика КПГ го привлекувала безимотното грчко селанство, од една страна, а од друга не го оддалечувала и не го плашела тој дел од грчкото селанство што си имал свое парче земја. Но оваа реалистичка политика во однос на аграрното прашање, наскоро била сменета од страна на КПГ. Во резолуцијата на II конгрес на КПГ од 1920 година во врска со аграрното прашање се велело дека единственото можно и прифатливо решение за аграрното прашање е национализацијата на земјата, штом со политичката програма на Партијата “се предвидува преземање на власта од страна на работниците од градовите и селаните и национализација на средствата за производство, во коишто спаѓа и земјата”. (Пак таму.) Ваквото постапување и третирање на аграрното прашање од страна на КПГ било во контрадикција со личните убедувања на грчкото селанство, кое не можело да си ја замисли својата егзистенција без сопственото парче земја. Затоа со ваквата политика КПГ од една страна ја оддалечувала од себе оваа класа и ја доближувала до буржоаските партии, кои на грчкиот селанец му дале парче земја и му го признале правото на сопственост, а од друга страна и отварала простор за дејствување на Земјоделската партија која се борела против економската експлоатација на грчкото селанство, но не го ставала под прашалник правото на сопственост врз земјата.

Македонското национално прашање

Догматизмот на КПГ не се манифестирал само на политичкото поле со паролите за непосредна советска власт, национализација на земјата, општ оружен штрајк, туку политичкиот догматизам земал несфатливи форми и во однос на македонското национално паршање.

Внатрешните борби што почнале околу македонското национално прашање во периодот од 1924 до 1927 година потврдиле дека за КПГ македонското национално прашање било terra incognita.

Догматското поставување на македонското национално прашање во рамките на општата догматска политика на КПГ во периодот од 1924 до 1931 година, придонеле македонското национално прашање да влијае сериозно во правецот на стагнацијата на грчкото работничко и револуционерно движење. Оваа стагнација се должела и на фактот дека македонското национално прашање не беше принципиелно поставено за да може да одговара на интересите на македонската нација. Со политиката за обединета и независна Македонија македонското национално прашање е било поставено и третирано како Македонско прашање, а не како македонско национално прашање. Поставувајќи го како политичко прашање, кое ќе одговара на интересите на Коминтерната, политиката за обединета и независна Македонија не била природна рефлексија на историската реалност, т.е. на постоењето на македонската нација, туку во суштина била во длабока контрадикција со таа реалност.

Постоењето на македонската нација

Со политичката поделба на Македонија во 1913 година, македонскиот народ не престанал да постои и да го изразува во најразлични форми својот национален идентитет во четирите дела на Македонија. “Не очекувајте од мене, одгорваше еден обичен Македонец на прашањето што е, да кажам дека сум се чувствувал Србин. Мене Бугарите цел век ми досипувале во главата дека сум Бугарин. Но се што можам да речам е, дека сум Македонец”. (Архив Југославије, Министарство унутрашњих послова Краљевине СХС, док. 4.485 (17. XII 1923). (фонд во средување)) Македонците, се велело во еден друг доверлив извештај на Министерството за внатрешни работи на Кралството на СХС, сметаат “дека се посебен народ македонски и дека треба да имаат автономија. Ова народот го прифатил зашто тоа одговара на неговите чувства дека по вековното робување треба да биде автономен”. (На истото место, док. 5.546 (18. XII 1923).)

Македонците од егејскиот дел на Македонија исто така сметале дека ние “сме посебен народ зашто зад нас имаме историја,

богато борбено минато за ослободување на Македонија”. (Од писмото на Македонците од селото Екши-Су испратено до весникот “Ризоспастис” и објавено на 1. X 1934.) Исти национални чувства изразувале и негувале Македонците од селата Герман, Медово, Стрково, Винени и Оровник, кои протестирале пред претставникот на КПГ, Н. Киријакопулос дека, како Македонци, се чувствувале навредени кога ги нарекуваат со различни имиња. “Ние, велеа селаните, не сме ништо друго, освен Македонци”. (“Rizospastis”, 25. I 1927.) Истото го потврдувале и воденчани, кои се чувствувале навредени кога грчките власти ги нарекувале Бугари, “комити и многу други клевети”. (Пак таму, 10. VI 1934.) Македонската национална свест беше толку присутна во Егејска Македонија што Македонците го бранеле својот национален идентитет и пред судовите. (Пак таму, 14. VI 1934.) Истото го потврдувале и Македонците кои биле на отслужување на воениот рок и кои одбивале да признаат пред своите претпоставени дека се Бугари и дека македонскиот јазик е бугарски јазик. “Ние сме Македонци, пишувале тие во писмото што го испратиле до весникот “Neos Rizospastis” (Нов радикал), и само Македонци. Јазикот кој го зборуваме е македонски, а не бугарски...” (Од писмото на македонските војници од 28. полк. стационирани во Лерин, испратено до весникот “Неос Ризоспастис” и објавено на 31. XII 1933.) Од својот национален идентитет Македонците не се откажувале ни пред грчките одреди за стрелање. Пред самото стрелање, Параскевов, обичен македонски селанец, обвинет дека соработувал со комитите, го одбил обвинението и особено фактот што бил претставен како Грк, “Не, изјави тој неколку минути пред смртта, јас се родив во Софија и не сум Бугарин, ниту пак Грк. Сум Македонец”. (“Neos Rizospastis”, 5 VIII 1932.) Оваа македонска национална свест, констатирал пратеникот на КПГ во Егејска Македонија, е присутна кај македонските народни маси, кои сакаат своја македонска држава, а не држава “потчинета на Бугаринот или Гркот” (“Rizospastis”, 3, II 1934.) Оваа историска реалност ја забележал и францускиот конзул во Солун М. Грае. Во доверливото писмо испратено до францускиот министер за надворешни работи С. Пижон, Грае го известувал дека Македонецот пред силата може, како и секој друг, да се покори, но секогаш во душата си останува тоа што е: Македонец. (Ministere des Affaires

Etrangeres, Archive diplomatique, Gréce 1918-1929, Paris, dosie 52, p. 110.)

Но како се одразува оваа историска реалност во политичката програма на КПГ во однос на македонското национално прашање? Во резолуцијата на III вонреден конгрес на КПГ од 1924 година се зборувало за македонскиот народ создаден од различни народи и затоа КПГ се обврзувала дека ќе го поддржува “сите национални и политички барања на поробените народи (национална школа, локална национална автономија, црковна слобода, почитување на народните национални чувства) на сите народи што живеат во Македонија. (To KKE Episima… tomos protos…, p. 517.) Сличен дух, којшто не одговарал на историската и етнографската реалност во Македонија, се забележувал и во статијата на П. Пулјопулос, публикувана во “Ризоспастис” во декември 1924 година под наслов “Македонскиот вулкан”. “Сите Македонци, пишувал Пулјопулос во својата статија, од турско, бугарско, албанско романско и грчко потекло од српска Македонија требаше да бидат Срби. Исто така сите Македонци од српско, бугарско, романско итн потекло требаше да бидат Грци или Бугари” во грчка и бугарска Македонија. (Pantelis Puliopulos, op. cit., “Rizospastis”, 11-14. XII 1924.) Духот на политичкиот и етнографскот компромис на VI конференција на БКФ, КПГ ќе го поддржува се до 1931-1932 година. (“Rizospastis”, 21 III 1931.) Ова непринципиелно поставување на македонското национално прашање во услови кога во Македонија постоела една нација – македонската – и национални малцинства – Власи, Евреи, Роми итн. – имало тешки политички последици. Ако во Македонија постојат различни народи (Грци, Бугари, Срби итн.), заклучувале претставниците на “малцинството”, нормално е, тогаш, дека ќе постојат и различни национални чувства и различни национални интереси, грчки, бугарски, српски, што се манифестираат преку грчката, српската и бугарската национална свест. Овие различни национални интереси сметало “малцинството”, се во длабока контрадикција со политиката на Коминтерната за обединета и независна Македонија. Затоа “малцинство” барало сменување на политиката за обединета и независна Македонија и нејзино итно заменување со паролата за слободно самоопределување на

македонскиот народ (Грци, Срби, Бугари, Власи) и обединување на Грците со Грција, на Бугарите со Бугарија, на Србите со Србија. (X. Vatis, To ethniko zitima ke to Koma mas, “Rizospastis”, 26. III 1927.) Истото го потврдувал и Пулјопулос по 1926 година, кој исто така барал право на самоопределување на “поробените нации” во Македонија и, секако, обединување на Грците, Бугарите и Србите со своите матични земји. (Pantelis Puliopulos, op. cit., “Rizospastis”, 5. II 1927.)

Непринципиелното поставување на македонското национално прашање му дало можност на “малцинството” уште поупорно и рафинирано да ја напаѓа политиката за обединета и независна Македонија. Реализмот изразен од “малцинството” во однос на политичките прашања барал и приспособување меѓу марксизмот и грчката историска реалност, не се однесувал и на македонското национално прашање. Ј. Кордатос, на пример, сметал дека не постои македонско национално прашање, зашто грчката буржоазија со политиката за “доброволната” и задолжителна замена на населението меѓу Бугарија, Грција и Турција, го решила веќе проблемот и покрај фактот дека во егејскиот дел на Македонија останале да живеат уште 240.000 Македонци по потекло, јазик и национална свест. За Х. Ватис постоела уште една “маса селани... што зборуваат еден јазик близу до бугарскиот јазик... но без да успеат да создадат своја македонска национална традиција”. (Треба да се забележи фактот дека Ватис не знаел ниеден словенски балкански јазик и своите ставови во однос на македонскиот јазик, како и во однос на македонското национално прашање, си ги создавал врз основа на грчката буржоаска литература.)

Поставувањето од страна на КПГ на македонското национално прашање како формално, а не како суштинско македонско прашање, го насивизирало македонското население и придонесло да не се појави македонско движење во корист на една Македонија, каде што, според КПГ, живееле Грци, Бугари, Срби, Власи, Роми, но не и Македонци. (Обединета и независна Македонија, но со македонски национален карактер, била длабока желба и историски стремеж на македонската нација.) Неактивноста на македонското население од егејскиот дел на Македонија го привлече вниманието П. Пулјопулос. Тој ќе се

доближи до македонскиот народ и ќе констатира дека македонскиот селанец не негува и не манифестира некаква грчка, српска или бугарска национална свест, туку единствено македонска. Затоа основна грешка на КПГ во однос на македонското национално прашање во периодот од 1924 година до 1931 година, пишувал Пулјопулос во логорот во Акронавплија, беше во тоа што македонското национално прашање го поставивме “како географско, а не национално како што е” (Pantelis Puliopulis, Gia to Makedoniko, Arthra, thesis ke polemikes, Athina, 1976, p. 76.) и наместо да го изразува “нашиот принципиелен став во однос на македонското национално прашање” (Пак таму.) КПГ во својата политика ја бараше Македонија независна во корист на народи што всупност и не постоеле во неа. Политичко-идеолошката догматска политичка концепција за решавањето на суштинските прашања, како и проблемот на власта, аграрното прашање, македонското национално прашање (поставено и третирано како македонско прашање) ја парализирала активноста на Партијата. Партијата изразувала скромна активност во историскиот терен (Тоа особено се изразило во однос на македонското национално прашање и во однос на селското прашање, каде што Партијата, и покрај големите напори, не забележувала успех.) и нејзиниот политички догматизам во суштина бил основна пречка во развојот на грчкото работничко и комунистичко движење во периодот 1923 до 1931 година. Во рамките и во склопот на оваа општа догматска политика македонското национално прашање придонесло (со пасивизацијата на македонското население) во правец на стагнацијата на грчкото работничко движење. (Но, без да биде основната и единствена пречка, како што се стремеле да го претстават приврзаниците на“малцинството”.)

Третиот редовен конгрес на КПГ што се одржа во Атина (Третиот редовен конгрес на КПГ се одржа во 1927 година.) и покрај силните внатрешни и политички збивања што се одвивале во Партијата во однос на суштинските политички прашања, како и во однос на македонското национално прашање, не внел ништо ново во однос на националното прашање. Партијата, се велело во усвоената резолуција, ги отфрлува гледиштата на “другарите кои предлгале напуштање на паролата за обединета и независна Македонија базирана врз

секундарни факти дали постои или не македонски и тракиски народ” (To KKE, Episima Kimena, tomos defteros, 1925-1928, p. 209.) и се истакнувало дека политиката на Партијата во однос на македонското национално прашање усвоена на III вонреден конгрес на КПГ од 1924 година, останува непроменета. Непроменета останала и општата политичка платформа на Партијата во однос на суштинските политички прашања па и стагнацијата на грчкото работничко движење продолжувала да постои. Сите овие недостатоци и особено конкретната неактивност на КПГ во однос на македонското национално прашање биле констатирани и од страна на Коминтерната. Со отвореното писмо до членовите на КПГ од 1931 година, Коминтерната им забележувала на членовите на КПГ дека останале далеку од “револуционерната борба на народите што се поробени од Грците” и дека Партијата не сторила соодветни напори да ја искористи “огромната симпатија што ја имаат во однос на комунистичкото движење угнетените народи”. (Ekliksi tis ektelestikis epitropis komunistikis diethnus, To KKE apto 1931 os to 1952, p. 19-20, s.l.)