Greek Occupied Macedonia (1913-1989)
А) МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ И ПОЛИТИЧКО-ИДЕОЛОШКАТА КРИЗА ВО КПГ
А) МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ И ПОЛИТИЧКО-ИДЕОЛОШКАТА КРИЗА ВО КПГ
Прифаќањето од страна на КПГ на политиката за обединета и независна Македонија предизвикала длабока внатрешна криза во редовите на КПГ. Внатрешната криза што ја опфатила Партијата уште повеќе се засилила по знаците на значителната стагнација што почнала да се забележува во редовите на грчкото работничко и револуционерно движење. Оваа стагнација во развитокот на грчкото работничко движење била природен резултат и природна рефлексија на веќе почнатиот процес за релативна економска стабилизација на грчкото стопанство. Грчките влади, со помош и совет на Друштвото на народите, успеале да го колонизираат огромното бегалско христијанско население и на тој начин да ја избегнат политичката дестабилизација што сериозно и се заканувале на грчката држава по поразот кај реката Сакарија. (Станува збор за историската битка кај реката Сакарија што завршила со победата на Кемалова Турција (1922).) Периодот на акутната револуционерна криза што се создала во Грција по “Големата војна” и особено по малоазиската катастрофа, во условите на релативната економска стабилизација на грчкото стопанство, придонеле револуционерната криза постепено, но сигурно да исчезнува. (За тоа придонесла, секако, и грчката буржоазија со нејзината политика на репресалии против грчкото работничко движење што особено се изрази во периодот на Пангаловата диктатура.) Повлекувањето, како и знаците на значителна стагнација што веќе почнале да се забележуваат во редовите на грчкото работничко движење, уште повеќе ја заостриле контрадикцијата внатре во Партијата меѓу приврзаниците на “малцинството” и т.н. “мнозинство” и му дале можност на “малцинството” да ги активира и продолжи нападите против политиката за обединета и независна Македонија усвоена од страна на КПГ на III вонреден конгрес во 1924 година. (Со желба да се избегнат натамошните конфликти и полемики во редовите на КПГ, ЦК на оваа Партија во ноември 1926 година донела решение пред одржувањето на III редовен конгрес на Партијата во март 1927 година да се води јавна дискусија во врска со целокупната политика на КПГ, вклучувајќи го и македонското национално прашање.)
Контрадикцијата што се јавила околу македонското национално прашање меѓу т.н. “мнозинство” и т.н. “малцинство” во суштина била само надворешна рефлексија на длабоката политичко-идеолошка контрадикција за начинот на проучувањето и спроведувањето на маркистичката теорија во условите на грчката историска реалност. “Малцинството”, од една страна, барало приспособување на општите марксистички принципи согласно со конкретните услови во земјата, а “мнозинството” – од друга – ја трансплантирало марксистичката наука “како догма” (J. Kordatos, Iperano olon to Koma ke ohi ta prosopa, alla miliktos agonas kata tis iperaristeras, “Rizospastis” 21. II 1927, p.3.) која што била во реален расчекор со грчката историска реалност. (X. Vatis, Liga gia tin sizitisi, tus aftoklitus prostates mu, “Rizospastis” 24. II 1927.)
Политичко-идеолошките концепции на “малцинството” ги изразил уште во 1925 година лидерот на “малцинството” Јанис
Кордатос. Партијата, пишувал Кордатос во “Ризоспастис”, не може да го прескокне своето историско минато и со еден скок да ја “надмине својата историска епоха (J. Kordatos, Iperano olon to Koma…, “Rizospastis” 20. II 1927.), зашто болшевизацијата на Партијата не е ништо друго освен да знае секој комунист да ги приспособува “општите, основните принципи на ленинизмот согласно со конкретните услови во земјата... Во тоа се состои, според Кордатос, зрелоста на секој комунист и особено на раководството, да ги разбира во целата длабочина и ширина конкретните политичко-општествени проблеми на својата земја, имајќи предвид секогаш дека во сите земји не постои една еднообразна ситуација, туку спротивно, разновидни ситуации поради различните политички и економски услови. (Пак таму, 21. II 1927, стр. 3.) Затоа, заклучуваше Кордатос, кризата во Партијата и стагнацијата на грчкото работничко движење не можат да се решат со “лични напади и догматски афоризми” (J. Kordatos, Zitima Puliopulu i zitima iperaristeras, “Rizospastis” 15. II 1927, p. 3.), туку едноставно со обединувањето на основните марксистички принципи со грчката историска реалност која априорно треба објективно да се прегледа и анализира. (J. Kordatos, Iperano olon to Koma…, “Rizospastis” 20. II 1927.)
Политичките гледишта на Јанис Кордатос, биле активно поддржувани и од Х. Ватис. Во статијата “Малку за дискусијата, за самонаречените покровители итн.”, објавена во “Ризоспастис” во 1927 година, Х. Ватис сметал дека “марксизмот и ленинизмот се теории што се нераскинливи од практиката на револуционерната борба и ја губат својата вредност ако се претворат во догми или свето писмо”. (X. Vatis, Liga gia tin sizitisi…, “Rizospastis” 24. II 1927.)
Политичките гледишта на “малцинството” по 1926 година ги прифатил и Пантелис Пулјопулос, генерален секретар на КПГ и лидер на “мнозинството” од 1924 година. (П. Пулјопулос по 1926 година привремено ќе ги прифати и ќе ги поддржи гледиштата на “малцинството”.) Стагнацијата на грчкото работничко и комунистичко движење во Грција, сметал П. Пулјопулос, се должела главно на непостоењето на сили во Партијата, кои систематски ќе ја “освојуваат и обработуваат
марксистичко-ленинистичката теорија и неспособноста на тие сили да ја приспособуваат оваа општа теорија на конкретните услови на економскиот и општествениот живот во земјата”. (Pantelis Puliopulos, Me pia enia mborume na milisume gia istorikes. “diomorfies” tu kinimatos mas, “Rizospastis” 6. II 1927.) За да се избегне и спречи стагнацијата што се забележува во редовите на грчкото работничко движење, сметаше Пулјопулос, првин треба “да ги запознаеме подобро конкретните прашања со кои секојдневно се судира Партијата”, а потоа да ја прегледаме грчката историска реалност “во марксистичка светлина”. (Pantelis Puliopulos, Gia to melon tu Komatos, “Rizospastis” 7. XII 1927.) Само на тој начин Партијата “ќе ја објасни марксистички грчката реалност”. (Pantelis Puliopulos, Me pia enia..., “Rizospastis” 6. II 1927.) Без обединување на маркистичката теорија со грчката конкретна реалност, заклучуваше П. Пулјопулос во својата интервенција на внатрешната партиска дискусија во 1927 година, не е можно грчкото работничко движење да се извлече од тешката криза, во којашто се најде по 1923 година.
Само врз основа на оваа политичко-идеолошка концепција во суштина “малцинството” ја напаѓало и барало отфрлување на политиката за обединета и независна Македонија што била усвоена на III вонреден конгрес на КПГ од 1924 година. По миграционите движења меѓу Грција и Бугарија, Грција и Турција, сметало “малцинството”, во егејскиот дел на Македонија дека се создала една нова етнографско-историска реалност. По поголемите миграциони движења грчкото население било веќе во мнозинство и политиката за обединета и независна Македонија не само што не била рефлексија, туку била и во длабока контрадикција со новата грчка етнографско-историска реалност. “Сите жители на грчка Македонија се Грци” (Kosta A. Bramu, op. cit., p. 32.), сметал Кордатос, зашто грчката буржоазија одамна ги протера словенските населенија и ја насели “грчка Македонија со грчки бегалци”. (Од писмото на Алкидамос (Ј. Кордатос) објавено на 20. VIII 1926 во “Revolution proletarienne”.) Неговата идеја ја поддржуваше и Х. Ватис во статијата “Националното прашање и нашата Партија” објавена во весникот “Ризоспастис” во 1927 година. Во делот од Македонија што и припадна на Грција, пишувал Ватис во
“Ризоспастис”, пред 1912 година живееле 513.000 Грци. 415.000 Tурци, 190.000 Македонци (бугарофони-егзархисти) и 98.000 различни. Денес живеат 1.341.000 Грци, 78.000 Македонци и 91.000 различни (главно Евреи). (X. Vatis, To ethniko ke to Koma mas, “Rizospastis” 24. III 1927, p. 3.) Националната структура на населението што ја давал Ватис не одговара на историската вистинитост ни за периодот од пред 1912 година, ниту пак за периодот по Првата светска војна. За Ватис името Македонци има географски карактер.) Пантелис Пулјопулос по 1926 година исто така сметал дека доселувањето на грчките бегалци во Егејска Македонија и Западна Тракија претставувала една толку очигледна реалност “што е смртоносна грешка за една политичка партија да ја избегне” (Pantelis Puliopulos, i krisi istera op ton noemvri 1924, “Rizospastis” 5. II 1927, p. 3.) и заклучувал како и Јанис Кордатос, Т. Апостолидис и Х. Ватис, дека неговата грчка етнографска реалност бара и нова политика во однос на македонското национално прашање. Контрадикцијата што постоела меѓу новата, етнографска (грчка) историска реалност, која веќе изразувала нови немакедонски национални интереси и политиката за обединета и независна Македонија, сметало “малцинството”, придонесле македонското национално прашање да влијае во правецот на стагнацијата на грчкото работничко движење. “Оваа политика (македонското прашање -м.б.), пишувал Кордатос, и го зададе на Партијата последниот удар. Таа се растури и се ликвидира...” (Од писмото на Алкидамос објавено во “Revolution proletarienne”.) Томас Апостолидис, вториот претставник на “малцинството”, сметал исто така дека политиката за обединета и независна Македонија поради штетите што му ги донела на грчкото работничко движење, во суштина прави “антикомунистичка политика” (Tomas Apostolidis, likvidarizmos, tihodiotizmos ke “ortodoksios” marksismos, “Rizospastis”, 12. III 1927.) и нејзиното прифаќање на III вонреден конгрес на КПГ од 1924 година, претставувал чист софизам и политичка неспособност, недостојна за една сериозна политичка партија. Од промената или непромената на политиката за обединета и независна Македонија – сметале приврзаниците на “малцинството” – зависело кому ќе му ја даде поддршката огромното бегалско колонистичко население во Грција, егејскиот дел на Македонија и западниот дел на Тракија.
Предупредувајќи го “мнозинството” дека од наклоноста на бегалците ќе зависи “судбината на капитализмот во Грција” (X. Vatis, To ethniko zitima…, “Rizospastis” 24. III 1927.), “малцинството” сметалo дека доколку се отфрли политиката за обединета и независна Македонија и се прифати една политика што ќе биде рефлексија на новата грчка етнографска реалност и ќе ги штити новите грчки национални интереси, Партијата ќе постигне две суштински работи. Од една страна, КПГ би го привлекла огромното бегалско колонистичко население, зашто ова население ќе се увери дека неговото колонизирање во егејскиот дел на Македонија Партијата го смета за дефинитивно, а од друга страна ќе се избегне можноста колонизаторскиот елемент да се претвори во сигурна “политичка резерва на грчката буржоазија”. (Пак таму.) Ако – од една страна – политиката за обединета и независна Македонија за “малцинството” била во контрадикција со грчката внатрешна историска реалност, од друга, пак, таа политика била и во контрадикција со балканската политичка реалност. “Малцинството”, сметалo дека по поразот на Септемвриското востание во Бугарија, на Балканот се создала една нова политичка ситуација. Бугарија, по поразот на востанието од септември 1923 година, престанала да биде центар на револуционерното движење на Балканот и тој центар се преместил во Грција. Грчкото кралство, а подоцна и грчката република, сметало “малцинството”, по 1923 година влегло во една длабока национална криза слична на бугарската национална криза од 1919 година. Ако со политиката за обединета и независна Македонија требаше да му се помогне на бугарското револуционерно движење, на бугарската Комунистичка партија за привлекувањето на македонските бегалски маси, на ВМРО, по поразот на септемвриското востание и особено по десното скршнување на ВМРО на Тодор Александров и Александар Протогеров – политичката за обединета независна Македонија, резонирало “малцинството”, треба итно да се смени во корист на Грција и да и се помогне сега на КПГ да го привлече грчкото население, т.е. грчките бегалски маси и на тој начин максимално да се искористи националната криза на грчкото општество за потребите на пролетерската револуција. Но, Коминтерната, пишуваше
Кордатос во весникот “Ризоспастис” во 1927 година, наместо да води сметка за објективната историска реалност, наместо да го спроведува марксизмот во согласност со конкретните специфичности на земјата, се задоволуваше само со поставувањето задачи на КПГ “без да се заинтересира да ја научи нејзината историја, конкретната ситуација, вистинското влијание, нејзината сила” (“Rizospastis” 21. II 1927, p. 3.) и секогаш грчката и балканската ситуација ја опишуваше не како што постои објективно, туку како што би сакала да биде”. (J. Kordatos, Mia paranthesi, “Rizospastis”, 8. II 1927.)
Приврзаните на “мнозинството” се стремеле да го отстранат основниот аргумент на “малцинството”, дека бегалското колонистичко население во Егејска Македонија, со политиката за обединета и независна Македонија, било загрозено и истовремено му биле загрозени и неговите највитални животни интереси. П. Пулјопулос, лидерот на “мнозинството” од 1924 година, се обидел да даде одговор на ова суштинско прашање веднаш по III вонреден конгрес на КПГ. (Во периодот од 1923-1925 година, Пулјопулос активно ги напаѓал ставовите на “малцинството”.) “Работничко-земјоделско население, пишувал Пулјопулос во својата статија “Македонскиот вулкан” во 1924 година, бегалците од Македонија и Тракија немаат од што да се плашат... на грчкото население ќе му се даде можност веднаш по прогласувањето на автономијата на Македонија и Тракија да се организира во совети и да се вклучи во развојот и просперитетот на Македонија и Тракија”. (Pantelis Puliopulos, To Makedoniko ifestio, “Rizospastis”, 14. XII 1924.) Во врска со судбината на земјата што била нелегално одземена од македонското население, проблем за кој живо било заинтересирано и грчкото и негрчкото колонистичко население, “мнозинството” го убедувало бегалското население дека нема причини да се вознемирува зашто, веднаш по прокламирањето на обединета и независна Македонија, грчките бегалци (колонистите) и месните селани “ќе се свикаат во Национален совет за да ја разделат земјата во согласност со интересите на сиромашното земјоделско население”. (Пак таму.) Истата идеја се изразувала и во Манифестот на ЦК КПГ веднаш по усвојувањето на политиката за обединета и независна Македонија на III вонреден конгрес во 1924 година. Во
прогласот до работниот народ, ЦК КПГ го уверувала бегалското население дека во рамките на обединета и независна Македонија, преку “Националните совети” на бегалците и домашните селани, земјата ќе биде праведно распределена и во корист на месните селани и на колонистите. (Manifesto tu telefteu sinedriu tu Komunistiku Komatos pros ton ergazomenon lao, “Rizospastis”, 14. XII 1924.) Претставници на “мнозинството” истовремено сметале дека и во условите кога Партијата ја има прифатено политиката за обединета и независна Македонија, било, можно сепак, да се привлече бегалското население. Ова население и покрај фактот што од страна на грчката држава добило неподвижен имот, сепак, тоа се наоѓало во тешка економска ситуација и Партијата можела да го искористи ова економско (со класни белези) незадоволство за потребите на класната борба. (“Rizospastis”, 28. II 1928.)
Полемиката околу македонското национално прашање кое било и централно прашање во политичките дискусии што се воделе меѓу “мнозинството” и “малцинството” во 1927 година, зела такви размери што се поставило како логичен резултат прашањето: Дали националното прашање е или не е принципиелно прашање за една комунистичка партија? Прв обид за теоретско објаснување на ова централно прашање се обидел да даде Ѓорѓиос Сјантос, иден генерален секретар на КПГ во периодот од 1941 до 1944 година. Според Сјантос националното прашање по своја природа никогаш не може да биде принципиелно прашање за една комунистичка партија. Принципиелно прашање за една комунистичка партија, сметал Сјантос, е единствено класната борба што го има како цел “сменувањето на капитализмот” (G. Siantos, Giro apo tin Krisi tu Komatos, “Rizospastis”, 12. III 1927.) и поради тоа националното прашање секогаш е секундарно (тактично) прашање за една комунистичка партија и секогаш нерешено национално прашање треба исклучиво да се користи за потребите на “класната пролетерска борба”. (Пак таму.) Врз основа на ваквата “филозофска” концепција, Сјантос ја сметаше политиката за обединета и независна Македонија како “крајно погрешна... и покрај фактот што тогаш (во 1924 година – м.б.) имав спротивно мислење од сегашното”. (Пак таму.)
Спротивно на гледиштата на Сјантос, Х. Ватис сметал дека националното прашање колку што е тактично, толку е и принципиелно прашање за една комунистичка партија. За Ватис борбата за национално ослободување на поробените нации е принципиелно прашање за една комунистичка партија и без еден таков став во однос на едно нерешено национално прашање “не е можно да постои една комунистичка партија”. (X. Vatis, To ethniko zitima… “Rizospastis”, 24. III 1927.) Ватис, истовремено сметал дека националното прашање е и тактично прашање и за една комунистичка партија кога треба да се искористат сите револуционерни резерви меѓу кои и националноослободителното движење за ликвидација на капитализмот. (Пак таму.)
Дискусиите што се воделе во Партијата околу суштинските прашања (марксизмот и неговото поврзување со конкретната историска реалност на секоја земја, македонското национално прашање итн.) придонеле да се поларизираат силите внатре во Партијата. Ако од една страна политичките гледишта на т.н. “малцинството” биле осудени од мнозинството членови на КПГ и мнозинството членови на Партијата стоеле цврсто зад политичките гледишта на “мнозинството”, од друга страна, гледиштата на “малцинството” во однос на македонското национално прашање биле поддржани на различни начини од мнозинството членови на КПГ. (Во врска со теоретскиот судир што постоел меѓу “малцинството” и “мнозинството” околу македонското национално прашање, марксизмот и неговото поврзување со грчката историска реалност, “мнозинството” по својата аргументација не се дигнало на нивото на “малцинството”. Претставниците на “мнозинството” се ограничувале со цитирање на извадоци, главно, од делата на Сталин. Во тој однос особено се истакна Н. Кутвис (Никос Захаријадис). За еден друг приврзаник на “мнозинството” (Д. Сакарелос), кризата што постоела во Партијата, како и реалната стагнација што постоела и се манифестирала во редовите на грчкото работничко движење, за него и не постоела, “Кризата, пишува Сакарелос во “Ризоспастис”, постои само во главата на Пулјопулос”, а не и на историскиот терен.)
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/egeiskiot-del-na-makedonija/22 on October 29, 2026