Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Greek Occupied Macedonia (1913-1989)

А) СТАВОТ НА СРПГ СПРЕМА НЕРЕШЕНИТЕ НАЦИОНАЛНИ И ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРАШАЊА

By Стојан Киселиновски · Part 18 of 33 · About 5 minutes

Read in English

А) СТАВОТ НА СРПГ СПРЕМА НЕРЕШЕНИТЕ НАЦИОНАЛНИ И ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРАШАЊА

Постоењето на нерешените национални и територијални прашања на Балканот и пошироко не можеше да не го привлечат вниманието на младата грчка Социјалистичка партија. Уште на својот Основачки конгрес во 1918 година СРПГ им посвети посебно внимание на нерешените национални и територијални прашања што се појавиле во Европа по “Големата војна”. Дискусиите што се воделе околу ставот што требало да го заземе СРПГ во однос на нерешените територијални и национални прашања што постоеле во Европа (особено на Балканот), биле толку жолчни што комисијата која требало да ги сумира предлозите за ставот на оваа партија за решавањето на меѓународните прашања не била способна, заради различните ставови, да донесе едно единствено решение пред Основачкиот конгрес. Гледиштата на приврзаниците на таканаречениот “реформистички социјализам” на чело со Н. Јаниу и А. Сидерис биле во спротивност со гледиштата на левицата на чело со Д. Лигдопулос, Н. Комјотис и Џулатис и тоа не само во однос на идеолошките прашања. Затоа пред Основачкиот конгрес на СРПГ биле поднесени за усвојување две резолуции. Од една страна била поднесена резолуцијата на таканареченото “малцинство” што во суштина ги опфаќала погледите на приврзаниците на “реформистичкиот социјализам”, а од друга страна – резолуцијата на “мнозинството” што ги изразувала гледиштата на левицата која се повеќе се засилувала во редовите на грчкото работничко движење.

Резолуцијата на “малцинство” за решавањето на националните и територијалните прашања што постоеле во Европа барале почитување на правото на самоопределување на населението во Алзасија, во Полска и Трст. (Резолуцијата на “малцинство” барала проблемот на Алзас и Лорен да се реши во корист на Франција зашто Франција од своја страна најактивно ги поддржувала територијалните претензии на грчката држава во однос на егејскиот дел на Македонија, западниот дел на Тракија и околината на Смирна.) За решавањето на националните и територијалните прашања што постоеле Балканот и за кои живо била заинтересирана и грчката држава, претставниците на “малцинството” го советувале Конгресот да биде внимателен и во врска со овие проблеми по секоја цена да заземе “мудар став”. (Gheorghi D. Kaculi, Istoria tu KKE, tomos 1, 1918-1922, Athina, 1976, p. 119.) “Mалцинството” предлагало од европска Турција (Станува збор за Источна Тракија.) да се создаде Мраморска Автономна Република со хинтерланд на двете страни на Мраморно Море, а Босфор – со Цариград - да се

интернационализира и заедно со Мраморската Автономна Република да бидат ставени под заштита на Друштвото на народите. Исто така “малцинската” резолуција предлагала “сегашна бугарска Тракија” да и се одземе на Бугарија и да се вклучи во составот на Автономната Република на Мармара (Станува збор за Западна Тракија, која по Париските мировни договори, влегла во составот на грчката држава. Приврзаниците на резолуцијата на “малцинството” и не се надевале, ниту пак предвидувале вакво среќно решение, и затоа во тој момент влегувањето на Западна Тракија во составот на Мармарската Република најдобро одговарало на грчките национални интереси.), Грција да не претендира веќе “на грчкиот регион на Битола” и Србите да го признаат грчкиот карактер на Солун, да се создаде една “независна муслиманска” албанска држава (Албанската држава веќе постоела по 1913 година, и со предлогот на “малцинството”, во суштина, се барало ослабување на албанската држава со излегувањето од нејзините рамки на немуслиманското население, кое во неговото огромно мнозинство било од албанско потекло.), италијанското кралство да го признае правото на Албанија врз Авлона, но со претходното отстапување на јужна Албанија во корист на Грција. Истовремено “малцинската” резолуција ги поддржувала територијалните претензии на Романија во однос на ЈужнаДобруџа (ЈужнаДобруџа, бугарска етнографска територија, што била окупирана од Романија по Втората балканска војна, ќе и биде вратена дефинитивно на Бугарија по Втората светска војна и на тој начин се уважил договорот од Крајова што бил склучен меѓу Бугарија и Романија на 7 септември 1940 година.), Ердеј (Трансилванија итн. (Трансилванија – спорна територија меѓу Унгарија и Романија.)

Во однос на Мала Азија (Турција), “малцинската” резолуција барала регионите околу Смирна, Ајдиниу и Додеканезите да влезат во состав на грчката држава; ја поддржувала идејата за создавањето на една ерменска република за сметка на вечниот грчки историски ривал, Турција, и создавањето на една еврејска држава со центар во Ерусалим за сметка на палестинскиот (арапски) народ итн. (Gheorghi D. Kaculi, op. cit. p. 117. “Малцинството” активно се залагало за формирањето на една еврејска држава околу Ерусалим, но тоа не го правело без

интерес. Еврејска држава околу Ерусалим ќе и дадела можност на грчката држава да го протера огромното еврејско малцинство што живееше во Солун за чин богатства грчката буржоазија појавувала голем интерес.)

Резолуцијата на “мнозинството” спротивно на “малцинската” резолуција барала признавање и почитување на правото на самоопределување на населението од Кипар, Имброс, Лемнос, Тенедос, Самотраке, Додеканезите, како и правото на самоопределување на населението од таканарачениот Северен Епир (јужна Албанија); полно право на враќање и отштета за бегалското население од балканските држави и од Мала Азија и обезбедување средства за нивното враќање, како и создавање на една Балканска федерација (Epiton eksoterikon zitimatos, To KKE, Episima Kimena, tomos 1, p. 11-12.), “мнозинството” сметало дека со почитување на политичките, националните и јазичните слободи, е можно сите балкански народи да се развиваат без разлика на раса и црковна припадност. (Пак таму.)

Од предложените резолуции за решавањето на територијалните прашања што постоеле во Европа и Азија, Основачкиот конгрес на СРПГ ја прифатил резолуцијата на “мнозинството”. Но и покрај разликите што постоеле меѓу резолуцијата на “мнозинството” и “малцинството”, сепак, и двете резолуции имале нешто заедничко за начинот на кој треба да се решат територијалните и националните прашања на Додеканезите, на Кипар, во јужна Албанија и егејскиот дел на Македонија, за кои била заинтересирана и грчката држава.