ТАЈНА ЧУВАНА ПЕТ ДЕЦЕНИИ ПРИКРИЕНА ИСТОРИЈА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЦИЈА
ТАЈНА ЧУВАНА ПЕТ ДЕЦЕНИИ ПРИКРИЕНА ИСТОРИЈА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЦИЈА
Чесно е, иако по пет децении, да му се каже на македонскиот народ дека сами сме виновни за своите постапки и мина времето кога, по потреба, секогаш некој друг можеше да биде виновен за сето она за коешто самите сме си виновни. Време е историчарите да проговорат, да не им ги кријат злонамерностите што низ историјата на македонскиот народ ги направиле сите самонаречени стратези, политичари или разни идеологизирани наивници. Преку целиот период на Граѓанската војна сосема добро беше позната политиката на сите грчки раководители спрема НОФ: “Зборувај благо, ветувај, а носи долг стап” и, како крајна цел на стратезите и наредбодавците, овие луѓе (НОФИТИТЕ И АФЕЖИСТКИ) да ги претворат пред сопствениот народ воени барабанџии, само за да ги обезбедуваат воените резерви. Така, раководството на НОФ е вклештено меѓу двете моќни комунистички партии (КПЈ и КПГ), диригирајќи спектар од желби без визија за исполнување на татковиот долг спрема сопствениот народ. Тие му порачуваа на сопствениот народ “Смрт или слобода” во оваа т.н. “Света војна”, односно Револуција за социјализам, иако 90 отсто од учесниците на ДАГ беа насилно мобилизирани а учеството на грчкото население не беше поголемо од 4 отсто од вкупното население на Грција. Тоа го потврдуваат сите аналитичари на Граѓанската војна во Грција.
Кога раководството на НОФ сфати дека проблемите се повеќеслојни, посложени станаа жртви на туѓите идеолошки системи, се најдоа пред “комунистичката правда” во Сибир.
За оваа немилосрдна вистина, иако по 50 години, во својот фељтон историчарот Кирјазовски со право на КПГ ќе и забележи: “И, на крајот, со огорчување и револт можеме да констатираме дека двете комунистички партии на Грција не само што не ги зедоа под заштита своите соборци Македонци кои, заедно со Грците, се бореа и крвавеа... и не само што не се спротиставија на погорното решение (се мисли на Законот 400/76) на Владата на Папандреу, туку го оценија позитивно. И овојпат Македонците од Егејскиот дел на Македонија беа изневерени од грчките комунисти.”
Се поставува прашањето дали ова беше последна изневера од грчките комунисти, што ја наведува историчарот Кирјазовски, или тие тоа го правеа со еден обмислен и, до ден денешен актуелен, план?
ПРАВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА.
Ако на презентираните факти во весникот “Зора”, Соботско, објавени во “Нова Македонија” од 8 април 1995 година им се пријде без сомневање, тогаш пред нашите очи излегува уште една ноторна вистина. Во статијата се вели: “Според КПГ за Леринско: САД ЈА ДЕСТАБИЛИЗИРААТ ГРЦИЈА”. А по повод средбата на вицеконзулот на САД во Солун, Дејвид Сулер, со раководителите на Виножито во Лерин, за која Окружниот комитет на КПГ за Леринско издаде соопштение, во кое ги осудуваат САД за дестабилизација на Балканот со нивната империјалистичка политика, подели па владеј. Во статијата на “Зора” меѓу другото, стои: “Тоа е случај кој ги боде очите затоа што КПГ е партија, што им ветуваше на Македонците - од рамноправност, па се до самоопределување. Фактот дека КПГ ги истакна овие ветувања, со цел да обезбеди сојузници за време на Граѓанската војна, со познатите последици, а потоа не ги одржа и стаса до таму да го негира нивното постоење, ни дава за право оваа партија да ја
определиме како партија со злосторничка нечовечност”. Понатаму “Зора” пишува: “На крајот еве еден карактеристичен дел од документите на КПГ за да се потсетат господата од раководството во Лерин, за составот на КПГ тогаш, кога таа беше вистински револуционерна – “...Организирање масовни организации кај секое национално малцинство (Македонци, Турци, Албанци, Евреи и др.) и сплотување на антифашистичките сили во нив...” Во поглавјето за македонското прашање се вели: “...ја довршуваат (владеачките класи) нивната тиранска политика со најнечовечно терористичко задушување на правата на националните малцинства, што живеат во Грција, а во прв ред на Македонците”. Неограничената одбрана од страна на КПГ на правата на Македонците ја претставуваат како “национално предавство”. (Одлука на 6 Конгрес, 1935; “Комунистички Преглед” бр.2,3/1936).
Нашата историографија (од поданички тип) беше таа којашто успеа да го натера целиот македонски народ да ја прифати одговорноста, за сето она што се правеше и за тоа што се случи во Граѓанската војна (дека НОФ раководел со военополитичката ситуација). А со тоа ги ослободи вистинските стратези и проектанти за нашиот македонски геноцид не само од историска одговорност, туку и од сомневање.
МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЦИЈА НИЗ ИСТОРИЈАТА НА ДАГ И НАЦИОНАЛНО - ПОЛИТИЧКИТЕ ИМПЛИКАЦИИ ОД РОБУВАЊЕТО НА НОФ КОН КПЈ И КПГ.
Дали за историјата остануваат отворени следниве прашања: Прво, дали ние, Македонците, ако по Втората светска војна не влеговме во сенароден фронт, преку организацијата НОФ (формирана во Скопје на 23 април 1945 година при ЦК на КПМ/КПЈ) ќе ја пропуштевме историската шанса за решавање на македонското прашање во Грција? Кој всушност не мобилизираше и со каква стратешка цел ја оформивме НОФ (сенароден фронт) и тргнавме во оружен отпор, а ја отфрливме алтернативата која не беше помалку славна - непријателот да го победиме со ненапуштање на вековниот стремеж - сопственото парче земја? Третто, зошто се бевме натопориле со оружје, кога
уште не беше ни почната Граѓанската војна? Дали опцијата на воен отпор беше наша стратешка цел или на туѓинците, организирана преку идеолошките активисти (оперативци на стратешки задачи) со поданичка свест, кои по половина век не принудија да водиме конфортабилна политика спрема извршителите на геноцидот наш?
НАД МАКЕДОНЦИТЕ ВО ТОЈ НОВ ПОРЕДОК КПГ СТАНА СЕМОЌЕН ГОСПОДАР, А ПОСЛЕДИЦИТЕ БЕА СТРАШНИ. ВО ТОЈ НОВ ПОРЕДОК ВРЕДНОСТА СЕ МЕРЕШЕ СО ДАВАЊЕ ЖРТВИ И ВАЖЕШЕ ПАРОЛАТА: “ОЛА ГИА ТОН АГОНА, ОЛА ГИА ТИ НИКИ!” (СЕ ЗА БОРБАТА, СЕ ЗА СЛОБОДАТА!)
Дали ние, како народ преку таквата опција бевме интелектуално и воено политички способни да го сочуваме територијалниот интегритет на Македонија под Грција и компактноста на македонското население по Втората светска војна?
Кога големите сили по делата на сфери на влиајние ставот им беше “Политика на статус КВО”. Кога меѓународните државни граници на Грција и Југославија истовремено по Втората светска станаа и воени граници на двата табора?
Дали со таквата стратешка, на НОФ и не сме ја лоцирале војната (спрема измисленото сценарио на “Пекол и изгорена земја”) во регионот што на туѓинците им беше како главна цел – етнички да го преуредат и да ја закрепат граничната линија на железната завеса помеѓу двата табора?
Ако во историјата нема “Ако било”, ами има “Како било”, тогаш и во тоа е нејзината врвна мудрост. Меѓутоа, во оваа анализа можеби за оние “Чуварите” на “Историјата за Егејците”, кои уште велат дека немаше друга алтернатива, остана едно, навистина сериозно и тешко прашање: “Ако би било”. Дали, ако од демократските сили на Грција, Граѓанската војна беше лоцирана во други делови на Грција и се разбира, да ја немаше претходницата на НОФ раководена од КПМ/КПЈ, ќе ја доживеевме таквата масовност (принуда) и таквата катастрофа?
Прашањата се толку чувствителни и набиени со емоции, па дури и во овој миг кога ќе помислиме да му пристапиме со еден конструктивен став кон тајните на црнилата од минатото, се соочуваме со жестока реакција на поедини идеолошки активисти, кои и ден - денес се против секаква корекција на историјата, изигрувајќи ветерани низ туѓи војски, грконосталгичари (Ворјасовци), а од сосема јасни цели, сега се декларираа како југословеноносталгичари и само тие знаат зошто... Можеби, сите овие противречја, најмногу се должат на тоа што нашата историја пишувана под цензурата на комитети за арбитража со историската вистина и по полавек не смогна да ги открие корените на злото и мрачните тајни на геноцидот наш и со тоа бевме одвлечени во некаква мистификација, односно цинизам, обмислен за истуркување на фактите во корист на дневната политика.
Од историјата знаеме, дека сите успешни или погубни војни, секој цивилизиран народ преку критичкиот суд на историјата има дајдено историска оценка, па време е и македонската историографија да го разреши тој политички рубикон за да остави поука за иднината, бидејќи специфичната функција на историјата е токму истражувањето на тие причини. Ако земеме во оглед дека ниедна тема во Грција не беше толку релевантна во текот на столетието и остана толку жива, како онаа како да се сотрат Македонците и присвои Макаедонија. Ние Македонците оддамна требаше да си ги избришеме илузиите дека некој друг ќе биде повеќе заинтересиран за нас и, токму на тоа се должи успехот на елинизмот. На феноменот на нашите делби, неединство и поданичка свест. Дали нашата стратешка цел ја имаше истата функција да стори се за да не се напушти предедовото огниште, оти тоа пред светот ќе биде и конечен документ за национален пораз. Сведочењата на настаните во три и пол годишната Граѓанска војна ни ја потврдуваат старата вистина дека војната не беше никаква случајност, дека идеолошкото насилство, бруталните мобилизации над Македонскиот народ, кој даде се од себе, а за возврат да добие смрт на своите синови, доби прогонство и разурнување на своите огништа, да не може, се до ден - денес да им запали
свеќа на своите синови и браќа кои загинаа. Па зарем тоа, нели е добросмислена политичка акција.
Политичката трагедија на НОФ. Дали во три и пол годишната војна НОФ имаше своја автономна програмска цел или еволуираше спрема интересите на туѓинците и зошто? Првиот период на време, од 23 април 1945 година, кога беше формирана и раководена од КПМ/КПЈ, до 21 ноември 1946 година програмската цел и беше: НОФ да се бори за извојување на националните права и правото на самоопределување на Македонците под Грција. Ова е период кога дејствуваше надвор и независно од КПГ и беше раководена од КПМ/КПЈ (види: Кирјазовски 1995/10). Нема сомневање, дека оптималната стратешка цел на НОФ (КПМ/КПЈ) им беше да ги опфати тотално сите Македонци под Грција и ги стави во функција на сенародниот фронт за реализација на програмската цел.
Ако таквата стратешка цел ја прифативме како грижа од КПМ/КПЈ, тогаш зошто само за неполни три месеци, овие највисоки тела на Југославија беа против паролата: “Да го свртиме оружјето кон Солун”, односно: “На Солун, не на Сремскиот фронт!” Тие македонски војници беа немилосрдно казнети и ликвидирани. Тоа го направија против сопствената армија “титова”, знаејќи ги последиците од поделбата на сфери, а сега по три месеци, од кој интерес го правеа спрема Македонците под Грција?
Ете зошто е апсурд во историјата, кога од една се оди во друга крајност и затоа е повеќе од јасно, дека формирањето на НОФ, навистина уште во почетокот оствари ЗАБЛУДА. Така, избраната елита на НОФ, навистина уште во почетокот оствари завидни резултати, а тоа говори дека кај македонскиот човек беше допрено исконското национално чувство. Во тој период, до 21 ноември 1946 година, НОФ, според непотполни податоци беа организирани: 5 окружни, 10 околиски, 3 градски и 32 реонски раководства со 120 професионални кадри на НОФ, АФЖ и НОМС. На целата територија на Егејска Македонија беа организирани 220 села, функционираа над 170 селски и градски организации, во кои членуваа 4832 младинци и младинки на НОМС и 2201 Македонки и Влаинки во АФЖ. Во подрачјето на
Вичо, во август дејствуваа над 100 борци, во Централна и Западна Македонија дејствуваа околу 500 македонски партизани на НОФ. Тие беа распоредени на Кајмакчалан 200, на Пајко 80, на Вичо 120 и на Грамос 80, а македонските партизани беа оформени во групи од по 10-15 и во одреди до по 40-50 борци. Покрупна формација беше формирана само во Воденско до баталјон. (Кирјазовски, 1985/143).
Ова покажува дека веќе е створено локалното жариште на идната војна, но дали елитата на НОФ како македонски фактор можеше да се носи со барањата и целите на сенародното национално ослободителни движење за обединета Македонија? Ќе можеше ли македонскиот субјективен фактор сега, по Втората светска војна, да се соочи со многуте сложни проблеми, што ги создаваа внатрешните и надворешните фактори?
Ќе беше ли во состојба да ги процени нивните сили, стратешките интереси и планови и врз основа на тоа да ја гради својата политика, стратегија и тактика? Меѓутоа, се поставува прашањето: Зошто КПМ/КПЈ го охрабруваше се подлабокото воено ангажирање на НОФ во Грција, кога знеше дека во тоа време беше склучен договорот во Баркиза и со таа спогодба левите сили му ја имаа предадено власта на десницата. И, кога уште се знаеше и Московскиот договор меѓу Сталин и Черчил во октомври 1944 година, дека Грција потпадна под влијание на Велика Британија и САД. Ние Македонците, можеби не зневме за постоењето на политика на “Статус КВО”, но како можеле да не знаат КПМ, КПЈ и КПГ? Од друга страна, зачудува изјавата на Маршалот Тито дадена во Москва за “Њујорк Тајмс” во која вели: “Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци од Југославија, ќе ги почитуваме нивните желби.” Меѓутоа, како да се протолкува оваа изјава кога самиот Тито на средбата на 15 септември во 1944 година во Белград, со Стериос Анастасијадис (член на ПБ на ЦК на КПГ), го изнесе следниот став: “Југославија нема никакви претензии кон грчка Македонија и целата кампања (околу обединувањето) нема ништо заедничко сонеговото мислење. Можете да му соопштите на грчкиот народ дека тој нема никакви претензии за грчка Македонија. Прашањата за
границите се меѓународни и не треба да се брза со поставувањето на тоа прашање.”
А еве, што за ова вели историчарот д-р Иван Катарџиев во својот фељтон во “Н.М.” од 1.01. 1994 година, “Македонското национално движење и територијалниот интегритет - грешки во постапката за обединувањето”: “Сосема нереално беше да се бара обединување на другите делови на Македонија во рамките на Југославија, а вардарскиот дел да се прогласува за пиемонт на обединувањето. Во НОБ постојано е присутно прашањето за обединувањето, но дали поради отпорот, пред се, од Англија, можело да се направи нешто повеќе од тоа што е направено?”
Во ова катастрофално сценарио, злото да биде поголемо, сега македонскиот човек под Грција, од идеолошките активисти на сенародниот фронт е предупредуван:” Ако не си со нас, ти си фашист и против нас си!” Во тој матен временски период се преплетуваа новите и старите термини и доаѓаа во судир и нејаснотии. Тука беа и конфузиите околу обединувањето на Македонија, Балканска федерација, Конфедерација, Автономија и на крај за сецесија и т.н. Секако дека тие контрадикции не беа само академски и терминолошки, зашто нивното толкување не Беше прашање на вистината, туку политичко средтво за спекулирање или зачувување на идеолошката активност. Аргументите беа излишни пред таквата идеолошка бруталност на туѓинците. Лозинката “Лесно ќе биде...” и навистина се случи со нас Македонците, кога преку агитацијата на НОФ, ни се внесе како сопствен мит за воената сигурност и тоа исклучиво без вербалните ветувања и упорно неприфаќање на реалноста на мигот во кој живеевме и ете зошто на проектантите на геноцидот им успеа стратегијата “ќе биде лесно со нас Македонците.” По ова, во поход против Македонците, со најголема жестокост беа ангажирани најцрните оружени банди и целокупниот десничарски печат и другите средства за информирање. Грчките обвинителства и истражните органи ги обвинуваат Македонците дека тие биле бандити, предавници, авантуристи, сеционисти и крипто фашисти. Грчката влада настојува потфатот на НОФ, АФЖ и НОМС да го озакони со цел да ги уништи Македонците, како физички, така и духовно да ги деградира преку донесените
закони: 4124/45; 753/45; 453/45; 43/45; ТОД/45; Декретот Г/46 и други. Како што се гледа, сите овие закони се донесени пред да почне Граѓанската војна на 31 март 1946 година!
ОД ИДЕОЛОШКИОТ АКТИВИЗАМ, ИЗЛИТЕНИТЕ ИДЕАЛИ И СИНДРОМОТ НА МОЌТА, НА МАКЕДОНЦИТЕ ПОД ГРЦИЈА МУ ДОНЕСОА СКРБ, СТРАВ И ВЕЧНА РАЗДЕЛБА СО РОДНИОТ КРАЈ
Трагедијата е во тоа што политичките решенија се донесуваа во белград и се до денес историографите на КПМ/КПЈ не преземаат одговорност, сакаат да останат молчалливи, бидејќи исходот на настаните се покажаа дека формирањето на НОФ беше најголема грешка во историјата и развојот на македонската нација и затоа е нејасен, необјаснив, премолчен и во корист на дневната политика туркајќи го проблемот надвор од интересите на матичната историја на Македонците, во некаква посебна филозофија на “Историја за Егејците” во која националниот пораз го воспеваме како победа и се бранеше за овие 50 години со синдромот на моќта, а сета вина е посочена на членовите на НОФ. Зошто? Тоа уште еднаш потврдува дека во историјата за Македонците под Грција, со политичка умисла запретани се уште многу тајни за извршениот геноцид и за навек напуштените огништа. Оти едноставно, не можам да сфатам како македонскиот проблем би можел да се реши со оружена сила.
Вториот временски период на НОФ е од 21 ноември 1946 година, се до 23 декември 1947 година кога се формира ПВД (Привремена демократска влада) на Грција. Првото соочување со националниот пораз на НОФ. Овој временски период не претставува само гордо потклекнување на НОФ, туку и политичка трагедија. Сега настана една деликатна рамнотежа помеѓу НОФ и КПГ и КПЈ и се очекуваше само ефектот од големиот стап спрема НОФ од КПГ за ненаучената лекција. Зошто сега КПГ бараше суров закон против сите членови на НОФ? Што значи за НОФ беше и поуката од КПЈ спрема логиката: Ако една управа е создадена (наложена) од политиката, таа секогаш ќе биде слуга на политиката. Почна да се спроведува ригорозната политика која непризнаваше
противници и така стотина политички и паметни кадри се поминати низ чистилиштето како “Најголеми Македонски синови”, а потоа фрлени како “предавници на македонството”. Сурова правда. Сега КПГ преку овие НОФИТИ, посака народот да го натераат да гледа дека единствен и вистински претставник на Македонците е КПГ, а сите други се предавници, или помали Македонци и што е најважно, да го натераат целокупниот народ да ја прифати одговорноста за да даде се од себе, и за поголем поттик за локалната сцена на разулавениот ритам на огнот. За да бидеме сите заслужни по војната, никој да не е виновен, а всушност, се беше поинаку и проблемите се далеку повеќеслојни и посложени.
На 4 октомври 1946 година, меѓу КПМ/КПЈ и КПГ во Белград е постигната согласност за обединување на грчките демократски сили и силите на НОФ, односно за ставање на сенародниот фронт (НОФ) под непосредно раководство и контрола на КПГ. Спогодбата, наводно произлезе и ја наметнаа стратешките интереси и планови на Советскиот Сојуз и на Југославија што ги прифати раководството на КПГ. Присутни: Александар Ранковиќ, Милован Ѓилас, Лазар Колишевски, Цветско узунов и Паскал Митревски (види: Кирјазовски 1995/204).
На 21 ноември 1946 година, спогодбата ја спроведоа претставниците на Југославија и Грција т.е. на КПЈ (Иван Караиванов) и претставникот на КПГ и Јоанис Јоанидис) и со тоа програмската цел на НОФ се смени и сега се прокламира дека ќе се бори во борбен сојуз со грчкиот народ и ќе се бори за спасување на македонскиот народ од физичкото уништување, односно за целите и задачите на КПГ. Меѓутоа, по таквото “обединување” не треба да се заборави дека за многу Македонци проработи и кадровската метла. По ова дојде и времето на неподобните и непожелните. Значи со ова се потврди дека програмските цели на НОФ не беа автономни со македонски стратешки фактор, туку сме биле турнати во реализација на туѓи интереси, па тогаш се поставува прашањето: Со каква сигурност сме го повикувале народот на револуција како продолжение на нашиот светол Илинден? Дали таквата “братска” тактика на туѓинците имаше крајна цел македонското прашање дојде до македонско предавство,
односно катастрофален судир? Зошто предавство? Затоа што сега од Македонците беа создадени грконосталгичари и југословенски носталгичари и не зедоа во игра од една страна КПГ и од друга страна КПЈ, а од трета жестоко не прогонуваше атинскиот режим, легитимната власт на грчката држава. Што значи, сега против Македонците беше вклучен комплет грчкиот етнички инжињеринг.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/26 на 29 октомври 2026