A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski
Front Matter - Part 07
Во болницата во Тирана – првото ранување Во Тирана бев сместен во цивилна болница, и ни кажаа да се претставуваме грци од Албанија, а не партизани од Грција. Тоа траеше неколку дена до нашите операции но после тоа самите без да сакаме откривме дека сме борци на ДАГ. Покрај санирање на раните бев оперисан и од слепо црево, па по некое време не пренесоа во логорот Сукт. Тамо не сместија по бараките, започна една нова страна на животот, одговорен на логорот беше Војо, инвалид со една нога. Тука животот беше суров со скратени права од страна на управата. Немаше средби со другарките, сите што се движеа одеа на работа во полето, добивме анонимни имиња, моето беше како мојот командант Ѓоргијадис. Таму почнаа курсеви по марксизам и политички науки, јас бев определен да предавам на третата барака каде беа младинци. Тука не останав за долго, здравјето ми се влоши и бев препратен пак во Тирана, но сега во војна болница, каде ми се јави стомачна болест. Лекувањето го правеше еден италјански лекар, специјалист кој ме излечи од болеста.
Повторно се враќам во Сукт, од каде заминувам блиску до Скадарско Езеро но за малку. За сето што кажувам се случи од мај до јули 1948 год. Во ова време се случува и првото писмо за осуда од Информбирото до Југославија, кое предизвика тргање на сликите на Тито, повлекување на бригадирите од пругата Дурс – Тирана, на оние кои беа југословени.
Повторно во борбите на Грамос 1948 год.
Грците го користат ова и покренуваат голема офанзива на Грамос, така да ние иако не залечени со камиони бевме пренесени директно на Грамос на фронтот. Јас бев одреден во 107 та бригада, во батаљонот на Малецко, во третата чета командир Ѓорго, во први вод. Така цели борби на Грамос ги поминавме на првите борбени линии, во оваа единица скоро сите борци беа од Пиреја, грци, но мене не ми пречеше и поминав заедно со нив во многу борби, после Грамос се вративме на Вичо имавме големи успеси во борбата кај месноста Малимади, каде уништивме една голема монархо фашистичка единица, ослободивме многу важно место за нас и освоивме многу воена опрема како плен. По овие успешни борби на Вичо единицата беше оставена малку да одмори, но не за долго, веќе на почетокот на октомври 1948 год. добиваме задача да слеземе преку Буф во леринскот поле. Коага дојдовме во Буф и продолживме за Клештина се судривме со голема непријателска единица, на планината Мечка се водеа долготрајни борби скоро цел ден, со тешки загуби од двете страни. Во тие борби јас бев повторно ранет, овој пат од граната во главата. Другарите ме пренесоа во манастирот Света Тројца (Агиа триада), кај селата Псодери и Желево. Така по втор пат се одвојувам од редовните единици на ДАГ. Тука сум одликуван со ордените на Грамос и Вичо и прогласен сум со чин потпоручник (димиритис).
Мое видување за средба во с. Поздивишта со негов соборец.
Средба со соборец партизан во Поздивишта 1985 год. после скоро 40 години од граѓанската војна, кога јас бев војник во тогашната ЈНА, соседна Грција пред некои нивни избори под владение на ПАСОК, пред големиот Велигден, без никакви посебни документи дозволија посета на родните огништа. Татко ми заедно со мајка ми решија да отидат во своите родни домови напуштени, веќе 40 години. За она што го видоа таму не постојат зборови за да се изнакажат, за жалната слика за растуреното огниште, немање дечки џагор и врева, празни домови, разрушени куќи, но како што и господ видел дека му е тешко на овие луѓе, за цело време, цели пет дена се отвори небото и не престана да врне, да истура но и по такво време се посетија гробовите на најмилите, се остана во кафаните да се видат со луѓето, но една случка татко ми не ја заборави. Кога со мојата мајка Софија пристигнаа во село Поздивишта, како и на другите места се беа собрале селаните, луѓето кои беа дојдени од Македонија и почнаа раскажувањата, сеќавањата за добрите и лошите работи, за луѓето кои преживеале по логорите, а останале во родниот крај, се додека татко ми не прашал за еден негов соборец од соседното село. За него се кажало дека тој е одделен од луѓето и настаните, не сака никого да види ни пак да се дружи со некого, живее на едно бачило со своите овци и многу ретко се среќава со луѓето. Татко ми запрашал како може да се стигне до него, а единствене врска со него бил дуќанџијата кај кого имало телефон, а пак човекот доаѓал и купувал намирници од кај него. Кога се јавија од кафаната тој покасно, но бил таму и му ја пренесле пораката дека Ристо од Желево го бара да го види. И тогаш врнело истурвало, но паднала кладба дека човекот неме да дојде, татко ми бил убеден во спротивното. Нормално од тоа село до каде што биле требало околу 40 минути пешачење. Човекот само после 30 минути бил во кафаната се поздравил со сите а кога го видел татко ми без збор само го прегрнал и за чудо плачел, плачел долго време без моќ на говор. Татко ми бил човекот што во партизанството му го спасил тогаш младиот живот на овој напатен човек. Тој тоа никогаш не го заборавил, после војната бил во грчките логори цели пет години, останал за цело време во селото и веќе селаните го мислеле дека е далеку од се што е нормално, но неговата борба со општеството, со се околу него го оставила неговиот мозок чист од расипаноста околу него.
Тоа што во животот прав човек ќе го доживее и преживее никогаш не го заборава. Нека му е вечна славата и на двата големи херои на ДАГ. Животот секогаш ги пишува најубавите романи што се случуваат кај луѓето.
Една дигресија во тие моменти кога се водеа најжестоки борби, беше сменет генерал Маркос, а на негово место е поставен Димитри Парцалидис за преседател на привремената влада, а Захаријадис главен за све. Тоа време по повлекувањето од Грамос беше осуден и стрелан Гјанулис кој беше главен командант на Војо Грамос. Тоа беше почетокот на крајот за нашата армија. Да кажам дека борбите на Грамос траеа деноноќно цели 70 дена, на страната на непријателот беше цел западен свет, на чело со Америка. Ние бевме првата жртва по втората светска војна, но докажавме, издржавме и покажавме дека не сме „кацаплијадес“, ниту „симоритес“, туку сме борци за слобода, демократија и независност. Бевме борци на ДАГ и на КПГ, тоа го признаа и самите непријатели.
Второто ранување, одење во Булкес, октомври 1948 год.
По краткото задржување во болницата, кон половината на октомври 1948 год. со други ранети преку Преспа бев пренесен во Катлановски Бањи близу Скопје во Македонија. Тука бев се до крајот на ноември 1948 год. кога со камиони не однесоа на железничката станица во Скопје од каде не префрлија во теретни, товарни вагони, послани со сламарици. Во вагонот бевме осум другари, мене ме поставија за одговорен, за кога ќе стигнеме во Белград јас да им набавам храна и санитетски матерјал. Така и стана во Белград не чекаа на станица, непознато лице ме повика, заедно со него набавивме се што требаше, и тука чекавме се до вечерта. Кога ноќта тргна возот ни кажаа дека ќе не чекаат други луѓе кои ќе не однесат на правото место. Патувањето од Белград до крајната дестинација не траеше многу долго и веќе бевме спремни за слегување.
Кога со возот стигнавме од Белград, на железничката станица во Булкес вагонот беше откачен од композицијата, остана на перонот, нас не чекаа со селски коли и со нив не однесоа во карантин во кино салата. Ние осум луѓе преспавме тука, наутро дојде лекар не прегледа. Со него и друг персонал кои не распореди кој кај ќе биде и што ќе работи. На почетокот бев ставен во стегаси, како комунално претпријатие. Стигнавме во местото кое тогаш претставуваше држава во држава, Булкес. Во него се сретнав со следните желевци: 1. Алеко Балко 2. Алеко Јоану 3. Петре Зега 4. Ламбро Марко 5. Анастас Флора 6. Лазо Алтано 7. Танас Лучко 8. Васил Лучко 9. Вангел Богданов малку покасно дојде во декември и брат ми Спиро Шкаврев, но тој набргу беше префрлен во Унгарија. Што всушност претставуваше Булкес. Големо село со 7000 луѓе, кое долго време беше населено со германско и прогерманско население, кое го помагаше окупаторот за цело време на војната. По завршувањето на истата тие што преживееа пребегаа за Германија, а селото беше отстапено на политичките бегалци од Грција, со договор помеѓу КПГ и КПЈ, за вселување и можност за работа во овој крај. Селото Ѓаково беше во близина на гратчето Бачки Петровац, со развиена индустрија имаше фабрика за коноп и конопник, фабрика за селски коли со четири тркала, фабрика за кожни обработки како гемови, седла, чевли, земјоделие, сточарство, лозарство и многу крави, овци, пајки, кокошки. Имаше и болница во која се лечеа ранетите од војната во Грција. Во сите овие фабрики работеа и грци и македонци, во селото имаше многу ресторани за исхрана, млин, кино сала, црква и стадион за фудбал. Со местото владееја грчки претставници од КПГ, со посебни пари динари, кои важеаа само во Булкес. Затоа ова беше држава во држава, од страна на југословенските власти имаше само народна милиција, која ја чуваше границата некој да не побегне или дојде во Булкес без посебна дозвола. Во Булкес постоеа две многу важни пароли и тоа: КОИ НЕ РАБОТИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ХРАНИ, и другата уште поважна СЕ ШТО ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДИ ДА СЕ ПРАЌА НА ФРОНТОТ ВО ГРЦИЈА ЗА ЕДИНИЦИТЕ НА ДАГ. Ете во кратки црти што беше Булкес.
Јас во Булкес останав до крајот на март 1949 год. за тоа време работев во фабриката за преработка на коноп во три смени.
Посетувавме политичка школа каде се учеше марксизам, политички науки и воена вештина. Населението беше различно, мешано но повеќе беа грци од Евро, и малку македонци од Воденско, Караџова. По завршувањето на војната, местото се растури, се слушнаа многу лоши работи за работењето, и на раководењето од КПГ.
Повторно на фронт, април 1949 год.
Почетокот на април 1949 год. заедно со една мала група од шест луѓе и една другарка Докса по народност гркинка, тргнавме повторно со возот за Грција преку Белград, Скопје, Битола, Љубојно и стигнавме во с. Раби, Преспа, егејска Македонија. Од с. Раби не однесоа во с. Герман а од таму во с.
Руља во штабот на 11 та дивизија. Јас сум повторно на фронт, за среќа го наоѓам мојот стар командант Василко од 1947 год., кој сега е политички комесар на дивизијата. Тој лично ме прими во дивизијата, им нареди да ме нахранат, облечат и да бидам во бункер во месноста Лисец. Иако незалечен од раните отворам нова страница во мојот воен живот, тука станувам голем пријател со Тесалиотис, кои беше офицер за информации во дивизијата, условите се добри и за живот и за работа. Од другарот Тесалиотис, добив матерјали кои ги проучував за криминалистика и останати разузнувачки матерјали. По некое време не собраа 14 другари од разни бригадии и не распоредија.
Во почеток командир ни беше Апостоли, а за политички комесар јас Ристо Мавровски. Во оваа единица сите бевме офицери од порано и сега штапски борци. Ние имавме слободна територија, и можност за слободно работење и движење по сите единици, и во позадината на непријателот, да соработуваме со слободните стрелци, политичките комесари, кои беа во позадината на непријателот. Од април до јуни 1949 год. јас бев во штабот на 11 та дивизија, како директен командир ми беше Пандо Вајната а политички комесар Василко. Командирот Пандо Вајната, јас го пречекувам, кога доаѓаат од Кајмакчалан кај месноста Радуша под Невеска за да ги префрлам на Вичо планина. Задачата успешно ја завршив и цела единица ја донесов во село Коломнати, за оваа моја задача од штабот на дивизијата бев предложен до привремената влада да бидам одликуван со орден за храброст, но иако ми е доделен, јас не го примив пошто заминавме на други задачи. Заедно со Командирот Пандо Вајната тргнавме на подолг пат, овој пат преку Радож, Синјачко, Војо за да излеземе на Грамос. Уште првиот ден бевме откриени од непријателот, цел ден водевме борби во Радуша, тука загина Фана Димова Мишева моја втора братучетка од с. Ошчима. Вечерта колоната продолжи и стигнавме Синјачко над с. Емборе. Таму останавме дењата.
Вечерта продолживме преку с. Костораџе, ја прегазивме река Бистрица, и стигнавме во селата Склалохори, Нестимо, Лакомата во Гревенско. Таму дењата бевме нападнати од сите страни и од авијацијата од Рупишта, борбите беа гради в гради имавме доста убиени и ранети, изгубивме многу коњи од авијацијата, така да откако се стемни по наредба на командирот сите убиени беа закопани, а сите ранети кои можеа да се движат ги зедовме со нас, а потешко ранетите беа скриени и известени јавките да се грижат за нив. Пак се враќаме за Вичо, но не земаат абер уште кога ја преминавме реката кај Богачиго, така да на Сињачко под Клисура водевме тешки борби цел ден, повторно со доста убиени и ранети. Вечерта преминавме на планина Врбица, над с. Мокрени, Загоричани, Лехово и Сребрено, тука другиот ден имаше уште пожестока борба но со мали загуби на наша страна. Тука командирот Пандо Вајната, нареди да се расформира единицата на помали групи и да се сретнеме повторно на Вичо планина. Таа беше последна заедничка акција на командирот Пандо Вајната со мене кога јас бев и водач и негов главен курир, зошто го знаев тој терен од порано многу добро.
По враќањето на Лисец се формира 105 бригада, на чело со Скотила, на негово барање како штабски официри бевме испратени јас и Јани Танопуло од с. Сребрено во штабот, јас како командир а тој како политички комесар на вод. Во овој вод останавме се до падот на Вичо август 1949 год.
Третото ранување, 12.08.1949 год. кај Лисец На 11.08.1949 год. монархофашистите почнаа голема офанзива на цела територија, а јас за жал се ранувам во битката кај Лисец овој пат многу тешко во десната страна од рамото. Во оваа борба беше дојден на помош и Софијаното со негова единица и благодарејќи на него останав жив, тој нареди да ме кренат и ме однесат на пунктот за прва помош, оттаму ме слегоа на патот за село Трнаа, ме качуваат на еден камион и ме пренесуваат во с.
Оровник, Преспа. Тука на 12.08.1949 ме преврзаа ми ставија инекција против сепса од мојата селанка Севда Станишева, и ме испратија за с. Лак а од тука со чунка преку езеро откарши во село Дробитишта во една пештера, и дотука завршувам со моите маки на грчка територија тоа е 16.08.1949 год.
Мое кажување од разговорите со селаните и неговото.
Татко ми беше тешко ранет и за жал беше фрлен со останатите борци што загинаа во таа битка за да биде закопан. Но за негова и наша среќа поминува некоја негова брачеда со постар човек од селото, тие го препознаваат и сакаат да го земат со нив, за да биде закопан во с. Желево. Но постариот човек да му е лесна земјата, ги собува чевлите од татко ми запалува весник на неговите табани, а татко ми реагира, така да гледаат дека е жив, и првиот камион кој поминува за Преспа го качуваат со останатите ранети, каде се направени првите интервенции и потоа е препратен во болница во Албанија, каде е направена хируршка интевенција на десното раме од раката на татко ми, успешно, спасена му беше раката од ампутирање.
Патувањето за Полска и Болница „250“ Од тука ме префрлија во Албанија во градот Корча, во болница со многу ранети партизани од Вичо а потоа и од Грамос, имаше и албански војници кои беа на наша страна, каде останувам до први октомври 1949 год. Во оваа болница имаше прекрасна нега, имаше лекари од Полска, Унгарија, Бугарија, Албанија и нашите лекари. Потоа не префрлаат во Елбасан, во болница каде имаше наши ранети, но тука останавме само 15 дена. На 15.10.1949 год. со камиони не однесоа во град Дурс на Средоземно море, каде бевме товарени на еден патнички романски брод, во кој покрај ранетите имаше и многу цивилно население. Тука заврши и мојот престој во Албанија.
Бродот пловеше према Италија, покрај Сицилија, на Гиблартар излеговме на Атлански океан, и по долг пат покрај Ла манш влеговме во Балтичко море во полските територјални води и се растоваривме во пристаништето Гдиња, Полска. Патувањето на бродот траеше цели единаесет дена и ноќи. Во овој град не очекуваа специјални композиции од возови кои не однесоа нас ранетите на една страна, а цивилите на друга и однесени во град Менџегуже.
Мое кажување за болница „250“ Сите овие разговори со татко ми и мистеријата за некои од нив, ме натераа да прочепкам по некои историски книги и книги за Беломорието така да најдов некои интересни податоци за болницата „250“ и патот на татко ми до таму.
Благодарност до Г-динот Петре Наковски и неговата последна книга „На пат со Времето“ издадена 2010 год. Во истата е пренесен дел од книгата „Грчката болница на островот Волин“, напишана од организаторот и главниот хирург на специјалната болница под шифра „250“, тогаш мајор, а подоцна бригаден генерал д-р Мјечислав Барчиковски. Еве што тој напишал за оваа историја на мојот татко:
„ Како што се гледа од кажувањата на генералот Лешек Кшемјењ, тогашен заменик командант на шлескиот воен округ за политичко – воспитни прашања, во почетокот на летото 1949 год. го викнал кај себе првиот секретар на ЦК на ПОРП, Болеслав Бјерут. Тргнувајќи од комплицираната меѓународна ситуација, тој укажал на тешката положба на грчкото партизанство. Особено бил трогнат од судбината на ранетите и на болните, а особено на децата, жените и старците. Бил потресен од перспективата за нивно уништување како резултат на поразот на ДАГ. Болеслав Бјерут силно го подвлекол значењето на пролетерскиот интернационализам како основен идеен принцип на комунизмот и истакнал, како нам што ни помагаа во борбата другарите од други земји, така сега ние треба да дадеме хуманитарна помош (....) Војската, која се одликува со најдобра организациска подготвеност, би можела да ја преземе грижата за евекуацијата, транспортот, лекувањето и рехабилитацијата. За прашањето за сместување и приспособувањето кон животот ќе се погрижат цивилните власти. Тој рекол дека лично е заинтересиран на тие несреќни луѓе да им даде не само формална помош, туку и срце. Наредил генералот Лешек Кшемјењ, како член на военото раководство на територијата на идното сместување на грчките емигранти тековно да го информира, поднесувајќи му устни извештаи.
Генералот Лешек Кшемјењ веднаш почнал да работи,, но работел кратко. Го заменил генералот Вацлав Комар, главен организатор и реализатор на грчката акција во Полска.
Во последниот период од грчката граѓанска војна во Албанија беше испратена група лекари под раководство на д-р Бохдан Беднарски, подоцнежен министер за здравство. Тие им даваа на партизаните стручна лекарска помош (...) Од бреговите на Албанија отпловуваа бродови, на брзина допловуваа во близина на полското пристаниште Швиноујшче, на тие бродови работеа и полски лекари, кои во текот на патувањето извршуваа неопходни хируршки интервенции. Санитетските коли од Швиноујшче ги превезуваа грчките партизани во болница „250“ на островот Волин. Наредните бродови пристигнуваа во Гдањск. Ранетите ги превезуваа до Шчечин, од тука со автобуси до болницата. Во основа имаше четири транспорти: кон крајот на јули 1949 година, во половината на септември и во октомври и последниот во декември. Подоцнежните веќе беа спорадични и малубројни.“
„Првиот транспорт отплови од Албанија на 13 јули 1949 година. Во бродот „Кошчушко“ беа сместени 750 ранети. Ним им беше потребна што побрза специјалистишка помош. На дното на бродот беа сместени луѓето со заздравени рани, додека во кабините беа тие на кои требаше да им се прават преврски.
На секој од болните му беше обесено картонче со број. Бројот требеше да го запаметат. Уште на пристаништето меѓу Грците кружеше веста дека ќе бидат товарени во полски брод, значи најверојатно ќе отпловат за Полска. Некои од ранетите уште порано се беа сретнале со полските лекари во Албанија.
Многумина од нив паметеа додека во Сукт работеше полска лекарка, но не го знаеа презимето. Екипажот на „Кошчушко“ беше составен од околу 50 лица. На многу ранети во сеќавање им остана сестра Слава, презимето не ми е познато. Таа постојано била со нив, специјално се грижела за жените. Нејзе и беа потчинети грчките болничарки и санитарци. На ранетите им беше забрането да излегуваат на палубата во текот на пловењето низ Гиблартар и за време на краткото задржување во Копенхаген. При пловењето низ каналот Ламанш падна страшна магла. (...) Пловењето траеше 12 дена. На 25 јули бродот се укотви во пристаништето Швиноујшче.
Очињец и Федина беа малку изненадени кога претходниот ден наутро ги повика полковникот Кавињски и им нареди да подготват неколку стотици ќебиња, пијалаци во канти за млеко и многу канчиња. Се товарија на товарни камиони и чекаа на готовност. Кон колоната исто така беа приклучени и сите санитетски коли со кои располагаше единицата. Колоната неподвижна чекаше неколку часови. Наредбата за тргнување ја немаше. Сите мислеа дека алармот е даден прерано. Вечерта од кај зградата на командата се појави џип. Колоната тргна. На сите им олесна. Беа изморени од чекање. Колоната камиони ја помина стражата во Мјенѕивоџе.
Сега од Мјенѕивоџе беа упатувани во пристаништето. По пат ги задржаа во шумата. Од густежот излезе некој си црн, постар офицер со големи мустаки. Тоа беше полковник Станек. Видоа голем број луѓе во униформи и во цивилна облека, а во шумата беа скриени санитетски коли. Во ноќта целата колона влезе во пристаништето. Пред нив беше огромен брод. В зори почна акцијата. Беше студено и се уште владееше мракот, кога почна растоварот. Тешко ранетите ги сместуваа во специјални кошници што беа пренесувани од бродот со помош на кранови.
Малку мрзнеа за време на тоа кратко патување над бродот додека не ги поставуваа на копно. А таму веднаш се појавуваа некои луѓе во непознати униформи, грижливо ги покриваа со ќебиња, ги легнуваа на носилки и ги товареа во санитетски коли кои веднаш заминуваа. Сите пациенти подоцна изјавуваа дека првиот впечаток бил многу пријатен. Грижлива нега со која беа опкружени ги охрабруваше по периодот на несигурност.
Чувствуваа дека се нашле во добри раце. Лесно ранетите сами слегуваа на копното. На мостот стоеше војник и на секој му даваше ќебе. Потоа фатија места во камионите и во мало бројните автобуси, каде им беа давани топли напитоци.
Неколку ранети со ампутирани нозе беа пренесени на раце во возилата што ги чекаа. Еден од нив плачеше. Не од болка, туку од возбуда што толку мајчински се однесуваа кон него. Некои од нив, за да ја изразат својата благодарност и симпатија ги галеа орлите на капите на полските војници.
Чудните дојденци беа облечени полуцивилно, полувојнички, имаа капи слични на американските. Беа валкани, обраснати, запуштени и тажни. Ништо не зборуваа. Оставаа впечаток на вчудовидени и несигурни. Со љубопитство ги гледаа војниците кои стоеа на брегот, некои ги допираа нивните воени ознаки.
Тешко ранетите само провизирно беа преврзани со валкани, окрвавени завои и крпи. Под нив се гледаа загноени рани.
Изгледа дека на бродот немало средства за преврски, а рацете на тие кои вршеа преврски не биле баш учени. Некои нозе и раце беа ужасно деформирани.. не сакајќи тоа сами по себе да го искажат, војниците крадешкум погледнуваа и само со гестови даваа на знаење дека им сочуствуваат на дојденците. По завршувањето на цела операција камионите набрзина го напуштија Швиноујшче. Празното Мјенѕивоџе го поминаа без да ги забележат луѓето кои тука беа на одмор.
Првиот транспорт беше големо доживување за персоналот на болницата. Одамна се подготвувавме за ова. Имав трема пред се поради одговорноста што лежеше врз мене. Дали се ќе оди точно, дали во текот на ноќта и во наредниот ден ќе успееме да ги примиме сите ранети и болни. Тоа беа прашањата што не мачеа. Одевме од ќош до ќош, проверувајќи дали уште нешто треба да се направи, дали нешто треба да се подготви, да се поправи. Исчекувањето предолго се влечеше, веќе почна да нервира.
Со леснотија здивнавме кога видовме дека стигнаа првите санитетски коли и застанаа пред салата за приредби, сега преадаптирана во сала за сегрегација. Сите живнаа, го снема немирот. Сакавме да им дадеме не само стручна помош, туку да им покажеме и срце. Тие тоа многу го бараа од нас.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/risto-mavrovski-e-book-macedonian-1/7 на 29 октомври 2026