A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski
Front Matter - Part 05
Летото 1943 год. за непријателот станува уште потешко, русите му нанесуваат големи загуби на германците, англоамериканците на италјаните, па така на 09.09 1943 год.
Италија капитулира, после истоварот на американците на Сицилија. Во времето кога капитулира Италија во селото има многу италјанска војска, така да се пристапи кон организирано собирање на оружје, муниција, алишта, санитарни матерјали, и се друго што можеше да се земе се испраќаше кај партизаните во планина. После нивната капитулација голем дел од територијата на Преспа стана слободна територија, а во нашето село се вратија повторно германците, кои останаа до крајот на
1944 год.
Војната продолжува овој пат против германците и бугарите, излегуваат нови активисти уште помасовно, така да излегува и првата мома партизанка од селото Софија Тему Сотирова убава, снажна и голема мома. Исто излегуваат и бивши грчки офицери, авукати, даскали, сите од нашето село, под голема агитација од организацијата. Покрај германците во селото, организацијата се множи со млади храбри и способни членови, кои помагаат на партизаните да им биде подобро да имаат храна, муниција, информации за непријателот и неговите помагачи. Во тоа време имаше и квинслишки групи кои беа на страната на непријателот, како што беше Зерва кои се бореше за кралот, Калчев, во Албанија балисти, така да илегалната работа стануваше уште потешка.
Зимата 1943-44 год. падна доста снег и ситуацијата за движењето беше многу отежната. Во ова време во селото беа донесени заробеници арапи, кои заедно со големи и мали од селото неколку недели беа да го ринат снегот на Бигла, меѓу нив повторно бев и јас. Патот се чистеше за да биде прооден за германските војски да превезуваат стока и муниција за Костур и за Албанија. Така завршува зимата 1943 год. и доаѓа пролетта 1944 год. и големата офанзива на германците, албанските балисти и бугарите против партизанското движење. Таа офанзива траеше неколку денови, во нашето село беше избегал од заробеништво еден русин по име Васил, кој се поврза со партизанските единици, но не за долго. Офанзивата која започна од кај Лерин, Трсје, Статица, Псодери беше со бугарска војска, а од кај Албанија имаше балисти и германци. Тоа беше прв и последен пат во нашето село да влезат бугарски војски, кои поседоа два дена, се нагостија, поиграа и попеаа, посвиреа и си отидоа према Преспа. Германците во село Бесфина ги фатија русинот Васил, од нашето село Ставро на Невенко, и некои други.
Ставро и другите ги депортираа во Германија, а русинот го осудија и стрелаа по кратка постапка во Лерин. Бугарите дојдоа во с. Герман, таму фатија неколку леринчани, ги однесоа во с.Дупени тука ги натераа да си ископат дупка и истите ги отепаа со казми, така се закопани во заедничка гробница. Тоа беше едно од најсвирепите убиства во нашиот крај, и со тоа офанзивата заврши со мали загуби за селото. Во Грција на цела територија офанзивата беше поголема, во тие акции имаше големи загуби на двете страни, падна и првата жртва од нашето село, Спиро Мирчо. После таа офанзива германците во селото носат ерменци, кои беа заробени на источниот фронт, иста единица беше поставена и на Бигла планина, но тие бараа комплетно да се префрлат кај партизаните, и тоа се случи, после добро припремена акција. Во таа акција учествуваа курирската служба од селото меѓу кои беше и брат ми Спиро, ерменците беа однесени во редовите на Гоцевиот батаљон. Истовремено во селото се разоружани повеќе селани кои пристапија на одредите на Калчев, од единиците на Мичо Тупурка, Титан, така да сега мал број од нив имаа пушки. Некои од селото заедно со се оружје пристапија во редовите на одредот.
После овие случувања германците во селото носат специјална СС дивизија, која останува во селото до месец октомври 1944 год. Овие единици беа сместени во кафаната на Фоте Сотиров, Темо на самото џаде за Костур, Албанија и Преспа. Другата единица беше во куќата на Танас Јану шоферот, во месноста Брода на добра стратешка позиција. Во куќата на Нановци беше командата, штабот на германските единици. Војската беше сместена надвор од селото, тоа ни овозможи повеќе движење и слобода за акции. Во летото 1944 год. германците и тоа СС групата, не пречека со мојата мајка кога се враќавме натоварени со сено на магарето и не застанаа. Од некои наши соселани наклеветена дека носи храна за партизаните, тие ја фатија и фрлија во вирот за да ја удават. Моите молби не вродија со плод, тие го повторуваа тоа неколку пати, се додека мајка ми во несвест не беше фрлена покрај вирот, во ливадата. Војниците си влегоа во куќата како ништо да не се случи, јас потрчав до куќата на Танас шоферот каде беа останатите германци, со мене дојде еден помошен доктор, но за жал тој и покрај обидите да ја анимира, само ја кренаа и ја донесоа дома во селото. Од тој момент мојата мајка повеќе не стана до крајот на својот живот во април 1948 год. после два три дена, гермнците исто ја давеа и Митојца Јановска, но таа беше помлада и поупорна и непати ништо.
Летото во јули добив задача да одам во село Буф за да однесам некое писмо. Селото е доста далеку од нашето, но пошто татко ми работеше таму, ги познавав повеќето буфчани, решив јас да ја завршам оваа работа. Јас тргнав пешки и спав таа вечер кај Јанкулови и Гагачеви, а другиот ден ми дадоа некое јаболко за по патот и тргнав да се вратам во Желево. Но кај месноста Мала Бигла имаше стационирано германска војска. Јас требаше да поминам токму од таму пошто од селото имав аусвајс (лична карта), но кога стигнав до стражарскот место наместо војник гледам вперен пушко митралез. Германецо ми даде знак да ги кренам горе рацете и тука да легнам пред вперената цевка.
Колку лежев така не знам, мислам цела вечност, но потоа знам дека од Лерин према Желево почнаа да врват моторизирани механизирани единици, а после нив голема колона камиони натоварени со оружје за во Албанија. Дури тогаш германецот дојде кај мене ме праша каде одам и кога ја виде личната карта, застана еден камион и тие ме зедоа со себе за во селото. Кога тргна камионот видов на три бандери обесени по две машки тела, тоа беа затвореници од Лерин. Германецот ми кажа да бандидите кладоа нарка на џадето и ранија еден германски официр, тоа се податоци од шоферот кој ме донесе до селото, пред кафаната на Темо, слезе ми ја отвори вратата и ми удри една клоца која не ја заборавив до денес, велејќи ми да седам дома, да не шетам да не настрадам. Така јас дојдов дома и се му пренесов на организацијата, што видов и слушнав, клоцата секако ја скрив.
На 09.09.1944 год. советските војски влегуваат во Бугарија, таа капитулира, сега остануваат само германците. Партизаните го пресекоа патот кон Лерин така да германците се упатија во село Руља за да се снабдат со храна. Но за ова беа известени партизанските единици и тие му приредија многу добар пречек.
Во направената заседа се убиени тројца германци и нивниот пес чувар, така да останатите ги собраа отепаните и се вратија во селото каде ги закопаа отепаните, така да до крајот на војната тие не излегоа повеќе од селото.
Во истото време раководството на ЕАМ и ЕЛАС направија катастрофални грешки, чии последици се видоа покасно после војната. Грешка е што прифатија нашите единици да бидат под команда на англиската војска, се сложија да соработуваат со пребегнатата влада во Египет, пробаа да ги расформираат македонските единици, и истите ги праќаат во стара Грција, плашејќи се да не ја изгубат егејска Македонија, така да на 18-20.09.1944 год доаѓа до расцеп помеѓу ЕЛАС и поголема единица во која најголем дел од групата беа македонци. Таа единица беше командувана од Илија Димов, Гоце така да цела таа единица се префрли во вардарска Македонија, каде учествуваше во конечното ослободување на Македонија. Не знаејќи како раководството на ЕЛАС го прогласи за автономитис, и други погрдни зборови за него и цела единица.
Октомври 1944 год. германците веќе се повлекуваат од селото и од стара Грција и Албанија. Повлекувањето беше преку нашето село за Лерин и Југославија. Целта беше да се извлечат германските војски да не паднат во заседа од советските војски и југословенската војска, но сепак крајно овие единици останаа во Југославија и се бореа до 15.05.1945 год. дури и после капитулацијата на Германија. Кога германците ја напуштија територијата на Грција, тие се концентрираа во Југославија на Косово, Босна и Срем. Тогаш Тито побара помош од Сталин и Црвената Армија, која со еден корпус од Бугарија и Романија влегува во Југославија, учествува во ослободувањето на Белград се упатува на Срем и тргнува кон Нови Сад, Суботица, Унгарија, Австрија, така да германските војски не се повлекоа да се предадат на англоамериканските сили, но дефинитивно се уништени во Југославија каде се борат и после капитулацијата на Германија се до 15.05.1945 год. Така да во нашето село беше права врвулица од германската војска. Последните денови една мала единица на ЕЛАС побара помош од месната организација на селото, да им се донесе оружје, а таа постави заседа помеѓу синорот желевски и псодерски, прво ја пресекоа телефонијата, ги чекаат германците да дојдат да ги поврзат телефонските жици. Кога стигнаа германците со мотор од Желево, овие припукаа убија двајца од нив и еден го ранија. Тогаш партизаните слегле и ги опљачкале убиените германци, а ранетиот преживеал успеал да стигне во селото и да им каже на командата. Тој им објаснил дека луѓето што ги нападнале биле небричени со гуњи, и само ова го спаси селото од големи реперкусии со масовни тепања и убиства и палења на селото.
Тогаш помогна и селскиот кмет Марков кои го знаеше германскиот јазик, така да германците побараа само храна и месо што го добија од селаните. Така завршија последните денови на германците во селото, го напуштија засекогаш оставајќи зад себе многу оружје муниција, друга опрема и еден топ кој го фрлија во реката како спомен од нив. Тогаш во селото во чест на победата и бегањето на германците се направи еден дрвен ковчег, истиот се шеташе по селото од Брода се до селото и се пееја песни се радуваа сите зошто заврши војната во нашиот крај. На тој 18.10.1944 год. во селото се разви оро и песна, за сите селани голема радост. После ова се ослободува Лерин од единиците на ЕЛАС, а во селото доаѓа народна милиција, политофилаки. Но после некој ден во селото влезе единицата на Коровеши која беше чиста македонска, но таа остана еден ден, одржа жесток говор и го покани желевското население да се приклучи на единицата, и замина за село Брезница. После ова, оваа единица се судри со единица од ЕЛАС, во таа бораба загина еден партизан, Перо, така да единицата преку Преспа се префрли во вардарска Македонија.
Во селото беа единиците на ЕЛАС се до месец април 1945 год.
Тогаш за прв пат во селото доаѓаат англичаните и остануваат заедно се до април 1946 год. до доаѓањето на Папандреовата монархо фашистичка војска. Во исто време ист судир имаше и единицата на Гоце во леринското поле, цел батаљон, така и тие се префрлија во вардарска Македонија, каде ги продолжуваат борбите против балистите, германците и останати вооружени групи.
Јас после заминувањето на германците од селото, останав во селото и станав момок кај Ѓорги Трендов, за да ги пасам овците и бев под заштита на Пандо Трендов. Но ми се случи еден немил настан, имено пасејки ги овците во Брода, токму таму каде беа стационирани германците, имаше оставено една неексплодирана офанзивна граната од италјанско производство и не беше многу опасна. Заедно со мене беше и Фоте Степанов така да овците ја открија гранатата, а ние како деца ја удривме со стапот и таа експлодира, и не насипа со земја по цело тело.
Така да двајцата поминавме без некои последици сем страв и паника. Стравот остана но после неколку дена со помош на Кузо Глигоров и мајка ми и тетките ми помогнаа брзо да се опоравам и пак да ги пасам овците, се до Ѓурговден 1945 год.
Граѓанската Војна во Грција 1945-1949 година Дојде и декември и англичаните се истовараат со воена интервенција во Атина, ова траеше доста долго со големи човечки загуби, така да сега Грција е под англиска окупација.
Во ова време во нашите места имаше доста собири и манифестации за подршка на силите на ЕЛАС, но сега се јавува расцеп помеѓу ЕЛАС и ЕАМ, така да се формираат вооружени групи ЕДЕС кои се за кралот и англичаните, но во исто време се појавуваат и нашите единици со голема кампања за правата на македонците во егејска Македонија. Такви организации се НОФ, АФЖ и НОМС кои се свои агитатори. После враќањето на пребеганата грчка кралска влада од Египет, на чело со Ѓорго Папандреу, таа влада помогната од енглезите, успеа да ги наговори ЕАМ и ЕЛАС да ги разоружаат своите борци, да го предадат оружјето и да формираат влада после парламентарните избори кои требаше да се одржат слободно во цела Грција. Тоа е договорот од Варкиза, кога ЕЛАС го предава оружјето, но некои единици не го прават тоа. Така остануваат вооружени единиците на Зервас, Зволо, Чиримоко и други, кои исцело се приклучуваат на англичаните и грчката влада од прогон и почнаа да вршат нов уште посуров терор против секој кој се бореше против германците, италјаните, бугарите, целиот фашистички непријател. Од овој момент борците се во уште полоша состојба од претходната четири годишна борба со окупаторот. Така сега Грција добива нова окупација, многу кадри од ЕАМ и ЕЛАС почнуваат да одат во илегала, за да не паднат во рацете на непријателот, се до 09.05.1945 год. и капитулацијата на Германија. Советските војски после големи борби влегоа во Берлин, заедно со сојузниците и Европа беше слободна. Се ослободи Полска со Гомулка, Чехословачка со Свобода, Унгарија со Ракоши, Румунија со Ѓорге Деж, Бугарија со Димитров, Југославија со Тито, Албанија со Енвер Хоџа, овие станаа народни републики во советската зона. Заслугите за слободата на овие држави секако ја имаше големиот непобедлив Советски Сојуз на чело со големиот Јосиф Висарјонович Сталин, но само Грција не успеа да се радува на таа голема победа. Остана повторно заробена и потчинета, иако даде многу жртви од ЕЛАС и имаше подршка од населението, но големите грешки на некои членови на раководството, Шандос, Парцалиди, Јоаниди и други, кои ја предадоа револуцијата и не успеаа Грција да ја направат народна република, за жал.
Во годините 1945-46 пролетта 1947 год. многу желевци заминуваат за Канада, Америка. Пролетта грците ја напуштија Преспа и нашите села, доаѓаат партизаните, веќе се води граѓанската војна во Грција.
Како што кажав погоре, раководството на ЕАМ и ЕЛАС имаа склучено разни договори со англичаните, за да бидат под нивна команда. После немирите и искрцувањето во Атина на англичаните, тие прават план и ја носат од Египет, грчката влада во егзил на чело со Ѓорги Папандереу. После германската капитулација во Грција се разви жестока борба помеѓу партиите, така да новата влада оние кои се бореа на страната на германците ги прогласи за свои борци. Од кога единиците на ЕЛАС го предадоа оружјето станаа жртви на терор, да бидат приведувани, носени по логори и затвори без никаква причина.
Истото се случуваше и со оние кои работеа претходно во позадина. Покрај тоа што по договорот од Варкиза сите партии меѓу нив и ЕАМ и КПГ требаше слободно да дејствуваат се случи голем неочекуван пресврт. Летото 1945 год. посебно во Егејска Македонија се спроведе невиден терор, мажите да се мачат и затвораат, жените беа силувани, стоката беше крадена, се што е гнасно се правеше. Во ова време кај нас се враќаат и борците кои претходно беа и се бореа на територијата на Југославија. Се повеќе мирасаше на нова војна сега граѓанска во нашите места.
Јас во ова време заедно со татко ми, Дане и брат ми Спиро ја преправаме старата куќа и правиме нова, јас сум сега калџија и се друго што треба. Од како ја завршивме се приклучувам на младинската организација, но сега се работи во многу тешки услови. Во селото има грчка војска заедно со корофилаци, кои ги пратат сите наши движења. Во месец ноември татко ми ме праќа да ги пасам овците на Мито Трпчев, тие имаа калива многу далеку према село Оштима и Бесфина, така да имав можност повеќе да се движам и помагам на партизаните. Тука останав до месец мај 1946 год. Тоа време веќе се разви и партизанското движење во Вичо, се формираа првите македонски одреди. Ова ги предизвика грчките војски да почнат со невиден терор, на средсело пред селаните беа тепани Тоде Киров, слеп, Ѓорги Марко и Доне Манџуко од еден корофилак каракачан за да се плаши населението.
Пролетта 1946 год. Грција спроведува први парламентарни избори за нов парламент, но тука се прави уште една грешка партијата ЕАМ ги бојкотира изборите. Со паролата да не се гласа, сите прогресивни и симпатизери не излегоа на гласање, но затоа по селата се случија големи тепачки и немири меѓу самото население. После изборите реакцијата си формира влада, а сите што не гласаа станаа опасни за новата влада, таа спроведува мобилизација но ги зема само оние доверливите, сите оние кои не гласале заради „неспособност и болест “ се вратени дома.
Вооружената борба започнува на 31.03.1946 год во местото Литохоро, на планината Олимп и трае се до 1949 год. Во летото 1946 год. во село Бапчор се собираат македонски и грчки претставници и склучуваат договор да бидат под заедничка команда, се формира ДАГ (Демократската армија на Грција).
Од тој момент е и единствена команда на чело со Марко Вафијадис, Генерал Маркос, легендата на тоа време.
Во нашето село се формира специјална доброволна монархо фашистичка единица од селани од нашето и околните села, со задолжение да оди и прави пакости по сите околни села, тие беа корофилаци ги викаа посмазма. Тие силуваа, убиваа, спроведија полициски час. Командир на таа единица им беше Цирони од село Псодери. Од нашето село во таа единица беа: Петре Ланџако, Никола Стергиу, Ласко, Ставро Тркала на Стерјо. Во ова време во Преспа се случија големи злостори во селата Папли и Герман кога се затворени и носени во Лерин и по логорите многу селани, тука беа и жителите на нашето село.
Имаше и други но тие беа мобилизирани во грчката војска, така да некогаш им помагаа на месното население, меѓу нив беа Христо Тркала на Мијал, Христо Пучунга кои служеа во село Ватохори, Костурско.
Во ова време летото и есента 1946 год. кај нас се враќаат и борците кои претходно беа и се бореа на територијата на Југославија и заминуваат на Вичо планина. Поради теророт веќе се бега по планини и се приклучува по одредите. Одредите се зголемуваат но под многу тешки услови, зошто во Преспа има батаљон грчка војска на чело со командир Чами од село Псодери, бивш еласовец а сега во монархо фашистичката војска, а исто и во Желево има корофилаци кои ги викаа посмазма. Затоа во Желево е потешко за одење во планина, ама се работи во илегалност и се спремаат нови групи за во планина. Во ова време имаше една погрешна политика на ДАГ сите кои беа заробени, само се разоружуваа и беа испраќани дома. Ова покасно им се освети на единиците на ДАГ. После сите овие интервенции народот се заплаши така да сега или се крие или излегува во партизанските одреди.
1946 год. се жени мојот брат Спиро, а веќе летото татко ми, брат ми и јас работиме во село Клештина, Клодораби и други места.
Во 1948 год. партизаните ги собираат сите помали деца и ги испраќаат во народните републики Југославија, Романија, Полска, Унгарија, Чехословакија, тоа е најголемото иселување од селото кое се случило во историјата. Сите останати женски и машки способни се намерват на фронтот. Летото 1948 год. се водат најголемите битки на Грамос и Вичо, па голем дел од селото се префрла пребегнува во Вардарска Македонија, а некои во Лерин и Костур. Овој период е доста тежок за селото, има доста загинати во селото, грците го бомбардираа селото неколку пати, народот сурово се бори против сите тешкотии.
Зимата 1949 год, партизаните го напаѓаат градот Лерин, но без успех со многу жртви на страната на ДАГ, сега повторно селото е бомбардирано со многу жртви и ранети. Повторно селаните пребегнуваат во Вардарска Македонија, некои се фатени од ДАГ и стрелани, за да се заплаши населението да не бега. На крајот дојде и 10.08.1949 год. и големата офанзива на грчката војска на Вичо и нашите планини, после големи борби на 14.08.1949 год. грците го превзедоа Вичо и нашето село. Сега селото е скроз напуштено, во него остануваат старите изнемоштени и оние кои не можеа да пребегнат кон Албанија.
Партизаните во збегот ги имаа собрано сите стари, мажи, жени и деца кои останале во селото. А после битките на Грамос кои завршија на 28.08.1949 год. сите борци кои преживеаа од борбите се собраа во Албанија, и со тоа оваа неуспешна граѓанска војна, за нас во Грција заврши.
Сите желевци кои беа во редовите на ДАГ и беа здрави, беа собрани на едно место логорот Бурели. Останатите стари, деца и ранети борци беа испратени за Полска со брод, а борците од ДАГ беа испратени во Ташкент, Узбекистан, СССР. Тука останаа вечно Фото Јановски, а во Москва детето на Доне Марку.
Последиците од војните за желевци (преселби) 1949год.
Список на загинати во втората светска војна и партизанството од село Желево Кала Сидери во Науса Негуш Јановски Мито во Статица Софија Јановска дома од авионите * Софија Јановска стрелана од бурандарите во селото * Ставре Јановски во Берик Костурско* Јоше Кироски во Грамос на Ланга Стефана Гадучи дома од авионите * Трајко Пирпико во Грамос Нестимо Ристо Лулов во Рупишта Пандо Лулов во Грамос Гревена Васил Митанов во Бесвина с. Брезница Ангелина Пацкова во Фалцата Павле Кировски на Спиро во Лерин, Копанце Нестрам Мара Кирова на Васил во Грамос Денско Архонда Марковска Лерин Каменик Анастас Јанкуловски Сињачко Конда Димова Вичо., Света Недела Лазо Степанов Грамос, Младенца Фото Степанов Фалцата Сотир Јановски Грамос Иљо Ланзако Сињачко Фани Ланзако Грамос Насо Ланзако отепан дома * Вангел Н. Николовски Гревена Ставро Николовски Онарија над Ланга Танас Тркаловски Малимади Ристо Пучунга Гревена Вангел Брбалов Вичо, Буката над Костур Насије Николовски Грамос Пандо Перелов Грамос, Алевица Јордан Марковски Грамос Доне Чачанов Преспа (го отепаа партизаните)* Спиро Манев Лерин Доне Николовски Гревена Трена Андончина Лерин Наум Перелов Грамос Лазо Лазаров Сорович Спиро Киров Доневски Вичо Танас Нолевски Грамос Лазо Папазов Грамос Спиро Милошев Смрдеш Јана Милошева од бомбардирање во селото * Стојан Темовски Коломнати Софија Темовска Вичо с. Лаген Спиро Шкаврев Буката Костурско умира Трнаа Никола Марковски Гревена Анастасија Симовска Гревена Ставре Пучунга Гревена Ристо Станишев Гревена Доне Лучков Албанија на германскиот фронт * Ристо Ѓамовски германците * Фото Кировски Белес со германците на бугарски фронт * Неда Мавровска 1944 од германците * Иљо Јандревски стрелан од италјаните во Костур * Пандо Ласков стрелан од италјаните во Костур * Пандо Папаилија стрелан од италјаните во Костур * Павле Папаилија стрелан од италјаните во Костур * Васил Ѓамовски стрелан од италјаните во Костур * Иљо Сандрин стрелан од италјаните во Костур * (*) - Желевци кои не загинаа во граѓанската војна во Грција Раселени желевци после Граѓанската Војна во Грција Полска Есентта 1949 год. со румунски брод беа префрлени сите желевци, стари мажи, жени, деца и ранети борци во град Гдиња на Балтичкото море. Таму беа одделени ранетите борци ставени во вагони и пренесени во една голема болница со број 250.
Останатите беа пренесени во градот Менџе Гуже. Пролетта 1950 год. сите беа собрани во еден град Згоржелец. Во овој град почнаа да се враќаат и оние ранети борци кои се опоравуваа во болницата 250. Во овој град се направи собиралиште на сите политички емигранти во НР Полска, а тука се префрлаа и децата од другите републики. Така во градот се формираа два детски дома Никос Захаријадис и Лазо Трповски. Летото 1950 год. повеќето желевци беа пратени во друго гратче Богатиња, кое се наогаше на тромеѓето помеѓу Германија, Чешка и Полска. Тука се испратени да работат во софхоз, землоделие и краварство, а некои работеа и во фабрики, така да желевци се поделија во два града Богатиња и Згоржелец.
Албанија Во оваа држава поминаа сите желевци, што го напуштија селото 1949 год. а тука останаа малку. Од тука беа префрлени во другите народни републики, во Албанија остана само една жена која беше осудена поради мажот му.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/risto-mavrovski-e-book-macedonian-1/5 на 29 октомври 2026