A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski
Front Matter - Part 11
Како мајстор многу пати одеше на терен низ цела тогашна Југославија, така да на еден терен не се сеќавам дали беше во Словенија или Хрватска, кога во рекорден рок им го поправи комресорот од големиот ладилник, директорот од истата му понуди како награда конзерва од коњско месо, со тоа што тој не знаеше дека татко ми живееше во Полска, каде коњското месо е специјалитет, а ова се случуваше и од другите ладилници по завршената работа надвор од протоколот да биде награден затоа што ја знаеше својата работа и што е уште поважно ја извршуваше брзо чесно и поштено.
Како дете се сеќавам дека во летото скоро секоја недела одевме по реката Драгор и тоа најчесто во месноста викана „топла вода“. Тука заедно сите тројца а многу често и стрикото Коле со нас, правевме манџа, со маици фаќавме риби, правеме вирчиња да биде водата подлабока за да се капиме.
Една случка нема да ја заборавам. Како многу пати пред тоа ние одевме редовно на игралиште да гледаме секаков спорт. Бевме јас татко ми, стрико ми и брат ми, тие сите беа големи фанови на ФК Пелистер, но стадионот беше во градскиот парк, далеку од кај нас на ул. „Иван Милутиновиќ“, па јас и не бев толку заинтересиран па сакав да одам по нужда но на стадионот тогаш немаше тоалети, па јас продолжив кон градскиот парк каде имаше гужва па си продолжив и стигнав дома. Ме праша мајка ми зошто, и реков ми се смачи па каснав и си легнав. Тие сите тројца ме бараа насекаде но така што брат ми беше највеќе каран, но никако не можеа да ме најдат и многу насекирани си дојдоа дома, каде уште од врата ги пречека мајка ми со зборовите: Ристо каде ви е детето, никогаш повеќе да не го оставате само да се враќа од игралиште. И така се случи, јас имав само пет години.
Од кога јас заминав за Бугарија кај моите втори родители Антула (Цвета), сестра на мајка ми Софија и Илија, немаше лето тие заедно со брат ми и сестра ми да не дојдат на Гара Елин Пелин каде тие остануваа по 2-3 недели а брат ми и цели 2-3 месеци. Кога потпораснав често ги враќав родителите преку Пиринска Македонија и тоа Благоевград, Петрич, Сандански па Златарево. Често застанувавме по меанчиња на патот, така да еден ден застанавме во Кресновското дефиле, на река Струма да каснеме риба. Многу гости така да порачката ја згрешија па наместо три риби ни донесоа две, а мајка ми кога патуваше не јадеше ништо. Татко ми го праша како можеше толкав човек да ме заборавиш, но ги поделивме рибите, тука не застанавме повеќе и продолжувавме по реката Вардар. Гледајќи ги тие убавини сфатив зошто моите родители биле спремни да го жртвуваат животот за таа китна Македонија.
Моите спомени за Битола се од 1959 до 1966 година кога заминав за Бугарија. Тие спомени се неизбежно поврзани со децата од ул. „Иван Милутиновиќ“ бр. 13, 15 и од ул.„Свети Наум“ бр.1. со нив игравме фудбал, криеница, брканица и тоа многу често на откриената тараса, што во тоа време во Битола го имаа малку деца. Се сеќавам на една случка кога комшијата Ацко Бајовски имаше фелка со грав над неа и јас за да каснам, му кажав да се сврти да го види врапчето и јас му ја зедов фелката и избегав, после бев каран од татко ми, а мајка ми ми направи цело тенџере со грав за да го изедам и никогаш да не ми се повтори, но ние бевме деца.
Како најдобар пријател од тие времиња ми беше Перо Малков со кого можевме да играме по цел ден и да не ни биде досадно, трчавме со волан како со кола, се бркавме со другите, одевме по пазарот, за него долго време не знаев каде е, но разбрав дека станал висок офицер во ЈНА и за време војната од 1993 год. со последните единици на ЈНА, се повлекле со фамилијата и сега живеат во Битола. Му посакувам се најубаво нему и на неговата фамилија.
Во 1970 год. кога имав само 11 години ние со родителите заминавме кај мојата најстара тетка Александра (Леца) во тогашниот СССР, Република Узбекистан во главниот град Ташкент. Од Софија до Москва патувавме два дена и три ноќи, а од московскиот вакзал (станица), до Ташкент уште три дена и три ноќи. Тие таму живееа во грчката маала така ја викаа, или тринаестто градче, тука прв пат го видов мојот тетин Ѓорги кој ми се виде добар човек, а тетка ми Леца уште подобра. Таму беа и моите брачеди Елена и Михали со кои секој ден одвме на капење на едно вештачко езеро во центарот на градот во огромен парк. Инаку ми се виде богато место со такви овоштија зеленчуци што до тогаш ги немав видено, посебно љубениците по 20-25 кгр. многу долги и благи. Со брачедами Лена се видовме уште два пати, вториот пат во Битола, со Михали тоа беше последен пат во Битола затоа што несреќно почина во сообраќајка несреќа во Ташкент на 27 год. Со Лена се видовме во Елин Пелин 1982 год. кога беше дојдена со сопругот Ѓорги и двете деца. Денеска тие живеат во Аталанти на 90 км. пред Атина, каде беше брат ми со родителите во 2003 год. Се надевам дека следната година после долги договарања конечно ќе ги посетиме и видиме. Почивај во мир, Велик Човеку.
Во ова време се случуваат и нашите први средби со нашите родители, со мојот татко и со татко и и мајка и на Софија, тоа беа трогателни средби после десет дванаесет години разделба, кога заминавме деца и млади а сега ги радувавме со внуци и сопруги и зетови. Многу среќно но и многу жално и болно за сите нас оти овие средби не се на нашето родно огниште. Во 1958 год. во Македонија доаѓаат сестра и на Софија со зетот Илија и Цвета Склифови, пошто немаше стан во Битола, тие се населија во Штип, а од кога дојде братот на Илија Кузо Склифов заедно се населија во Тетово.
Јас со Софија немавме државјанство се до летото 1961 год. кога поднесовме барање за југословенско државјанство, пошто решивме да останеме во Битола. До тогаш се водевме како политички емигранти. Со добивањето на државјанството добивме нови документи, лична карта, пасош и друго. Од тогаш повторно станав воен инвалид со сите права кои ми следуваа и претходно.
Нашата најмала ќерка Неда По ова веќе наредната 1962 год. ни се раѓа и нашата ќерка и последен род Неда на 17.02.1962 год. Името го добива по мојата покојна и сакана мајка, така да сега во семејството сме пет души Ристо, Софија, Спиро, Васил и Неда. Во овој стан останавме да живееме наредните дваесет години, мојата другарка остана секогаш да ги гледа нашите деца а јас со мојата плата да го одржувам пет членото семејство. Децата пораснаа одеа на училиште, средно и запишаа факултет. Тука бевме се до пролетта 1978 година кога добивме нов поголем стан од 55 квадрати на улица Мирка Гинова бр. 13/42, блиску до новата болница. Големиот син Спиро заврши Електро технички факултет, а ќерката Неда беше потешка на учењето, па не заврши гимназија, одеше на курс за дактилографи, шивачки па се вработи во фабриката Елпида Караманди, но покасно испуштена како технолошки вишок.
Периодот 1958 –78 год.
Фрижидери Наредниот месец во Битола беше дојден Доне Манџукот од Желево, голем пријател на Петре Новачев од с. Ошчима, а живееше во с. Породин, првоборец и тогашен директор на водна заедница. Доне беше голем пријател на татко ми и наш комшија, така да врската негова со Петре ми помогна да добијам работа, а покасно и стан. Кога Доне виде како живееме во хотелот, виде дека никој не работи не однесе право кај Петре ме претстави како негов внук и му ја образложи ситуацијата.
Конкретно му кажа на Петре дека оди за Скопје а кога ќе се врати да има работа за внукот т.е. за мене. Му објаснив на Петре што работев во Полска, кои квалификации ги имам, тој ме испрати кај другарот Пандо директорот на заводот за вработување. Откако ме прими, му го предадов писмото од Петре, тој ми кажа дека наскоро ќе бидам известен за работата.
И навистина тоа се случи на 26.10.1957 год. кога бев повикан и пратен на пробна работа во тогашната фабрика за фрижидери „Ѓорги Наумов„ во Битола во погон ливница. Желбата на Доне и моја беше исполнета, така да му благодарам за неговиот ангажман, така да од 28.10.1957 год. јас бев на работа, веќе вработен иако документите не беа преведени на македонски јазик.
Јас уште во ноември 1957 год. се запишав на курс по македонски јазик, и други предмети за да ми се признае дипломата и квалификацијата од Полска. Тоа траеше цели девет месеци, го завршив но имаше проблеми со преведувањето на документите од полски на македонски, така да тоа траеше подолго време, беа испратени во министерството за школство, и од како ги добив заверени и потврдени како КВ бравар јас не застанав тука.
Во ливница останав до март 1958 год. работев разни работи, а после бев преместен во новото одделение наречено Инвестиции и развој. Тука бев до месец мај кога се преместувам во новото одделение Комерцијална служба. Во ова време веќе почнуваат да се произведуваат големи витрини, сандуци за замрзнување на месо и за слаткарниците, тука веќе работев како КВ бравар монтер, пословоѓа ми беше Франц и Томе а шеф ми беше Клочко Игор. Јас во тоа одделение останав до расформирањето на истото 1961 год. од таа 1961 год. до пролетта 1962 год.
работев во погонот за Апарати за домашни потреби, а по март се префрлив во погонот Индустриски Уреди и компресори. Од 1962 год. работев во погонот цевара, одделение за индустриски компресоти и друга опрема, испитна станица каде со мене работеа следните работници: Богдановски Бранко, Христовски Тоде (Калешко), Амедов Неврус, Матевски Мито, Аџиев Иван, Грозданов Ристо, Грозданов Христијан, Трајковски Цане, Димитровски Владо, Кипровски Благој и други. Нашата работа не беше само во погонот, но бараше и теренска работа како монтажери или по одредени дефекти и рекламации во разни градови по цела Југославија. Такви беа „Месопромет“ Белград, коњска кланица на Батајница, „Митрос“ Сремска Митровица, Велика Плана, Смедерево, Кралево, Чачак, Босанска Градишка, Косово Поле, Урошевац, Кладово „Ѓердап“, Скопје, Штип, Тетово, Гевгелија, Прилеп, Велес, Струга, Охрид, Ресен и во Битола во „Породин“, „Лозар“, кисела вода, конзервна, млекара, кланица, пивара и ладилникот во Довлеџик. Во овие објекти лично јас ги посетував и вршевме поправки во истите. За овој период низ нашиот погон поминаа повеќе генерации ученици во стопанството кои својот занает го учеа тука со нас, ќе се обидам да се потсетам:
Прва генерација Проевски Цане, Димитровски Владе, Крстевски Крсте (Крцуло), Аџиев Иван и други во други погони.
Втора генерација Грозданов Ристо, Грозданов Христијан, Кипровски Благој, Николовски Мите, Милошевски Петраки, Ташевски Мите и други во други погони.
Трета генерација Благој (Чомбе), Васко, Борче, Благој (Бабушо)
и други во други погони кои покасно се префрлија во други единици. На сите овие тогаш деца лично им помогнав да го завршат школото, да научат занает, да станат одлични работници но и луѓе, тоа е мојата најголема гордост. Денеска сите тие со почит гледаат на мене и на мојата фамилија.
Во фабриката заедно со мене работеа повеќе мои комшии од Егејската зграда, со некои од нив бевме заедно уште од ДАГ, Полска и на крајот и во Битола. Да не се заборави тие се: Коле Ѓоргиевски, Ташко Боцев, Аристиди Гацов, Нико Ѓоргиевски, Сотир Асенчаров, Павле Гулевски, Доне Пановски, Васко Ристевски, Вангел Пасков и многу други.
Во фабриката се формира курс за ВКВ бравари и монтери, кого го посетував исто цели девет месеци. Курсот го завршив со полагање на теорија и пракса по сите технички предмети за внатрешна квалификација, а после тоа се формира и специјална школска комисија во електро техничкиот центар „Ѓуро Салај“ Битола. Се пријавив и тука и успешно положив за ВКВ монтер на индустриски компресори, така да сега имав диплома од наша македонска установа. Со тоа и покрај желбата за понатамошно усовршување заврши моето школување во техничките науки.
Голема пречка во сето тоа беше семејниот живот мојата грижа за сите нив, немањето време и моите големи обврски, во тоа време се до 1962 год. се водев како ВКВ бравар но кога официјално ја добив дипломата престанаа да ми одбиваат од платата. Такви беа прописите се бараше книга а не техничко знаење и познавање на работите.
Тука останав до крајот на мојот работен век, до пензионирањето на 28.02.1978 год. Тогаш завршувам со редовното работење.
Инаку за цело ова време јас покрај работата активно учествувам и во останатите активности во фабриката како што е:
Многу пати бев биран за член на работнички совет Член на разни комисии Активист во синдикалната организација Пратеник избран од колективот во групацијата „Раде Кончар“ Загреб, каде и сум наградуван за успешно работење со сребрена плакета Од формирањето на фудбалскиот клуб сум во раководството на најразлични функции Во периодот од 1957 -1978 год. низ фабриката поминаа повеќе директори и тоа Лале, Веле русиот, Ѓуш, Герака, Мито Марковски, Гоце, Живко Поповски, Кире Алтипармак и други генерални директори. За техничките директори, управниците не пишувам, зошто бројот е огромен, поминаа плејада на инжинери, економисти, правници, стручњаци кои беа потребни на нашето општество.
Целиот мој ангажман е за работниците, останувам почитуван во колективот до крај, никогаш не сум побарал ништо лично за мене.
Мојот општествен живот Отсекогаш сум бил активен, почнувајќи од месните заедници, „Тодор Ангелевски“, и покасно во „Естреја Овадија Мара“.
Иако во работен однос, со многу работи секогаш најдував слободно време да учествувам активно во Одборите во комисиите при нив и во двете заедници бевме со Ристо Филовски, Блаже Трпеновски и уште еден Блаже. Со преселувањето во новиот стан се преселив во месните заедници „Коле Лачето“, а покасно во „ Ѓорги Наумов“. Во месната заедница „ Ѓорги Наумов“, бев во разни комисии, а бев назначен и за командир на специјален вод за Територјална Одбрана, се до неговото расформирање. Од оваа месна заедница бев делегиран во општинскиот одбор на борците во Битола и битолско цели четири години. Исто сум а и многу пати со повеќе мандати бев делегат на Војните Инвалиди од Битола, бев во претседателство, и во одборот на клубот „Четврти Јули“ денот на борецот, во разни комисии, со многу активности за кои сум добивал пофалници, признанија и награди од таа организација. Јас и денес ја продолжувам мојата активност и ќе го правам тоа се додека можам.
Спортот во Битола Единствена светла точка беше само спортот кои беше на високо ниво тогаш и покасно имаше неколку фудбалски екипи како Работник, Пелистер, Битола, Пелагонија, Транскоп, Металец, ракометни клубови Работник, Пелистер, Пелагонија, кошаркашки клубови Работник, Пелистер, атлетика Олимпија, велосипедизам Партизан, бокс Работник, скијање и планинарење во Пелистер, нешто помалку се одеше на Охридско и Преспанско Езеро, но тоа беше во зародиш, имаше доста развиена спортска свест и љубов кон спортот. Лично јас бев голем љубител на спортот, за време на целата моја младост од селото во партизаните, во болниците, фабриките, секогаш учествував во спортот а посебно во град Богатиња 1950 год.
кога се формира фудбалски клуб во кој играв и јас заедно со Мичо Јанкула и Танас Војнов, во ова време го засакав и боксот.
Боксот во Полска беше на високо квалитетно ниво, трениравме во секоја партиина школа, во воените академии, секаде а најповеќе во градот Швидница, во фабриката за вагони, каде имавме и фудбалски клуб „Стал“, и фабрички боксерски клуб.
Јас тука активно учествував во боксерскиот клуб и се обучував по две работи како вештина и лично за мене. Така тоа ми остана засекогаш во крвта до ден денешен, а многу ги сакам фудбалот, боксот, ракометот, кошарката тие се на прво место, па после тоа атлетиката, мото трки, хокеј на мраз, коњички трки и друго.
Последно време сум активен како инвалид во спортовите кои ги играме како: Пикадо, Шах, Стрелаштво, Атлетски вишебој. Јас сум одговорен за овие дисциплини а учествувам активно во пикадо каде сум неколку пати републички првак, со многу награди од повеќе турнири.
Денеска јас не ги напуштам спортските натпревари во градот како што е фудбалот, ракометот, кошарката, боксот со мене секогаш е мојот син Спиро и брат ми Коле, така да ова е веќе традиција.
Мое видување за спортот Спортот е нешто култно кое го исполнуваше голем дел од животот на татко ми.
Спортот го донесе со себе од далечната Полска, каде во тие времиња истиот беше на многу повисоко ниво отколку во нашите места. Со самото доаѓање во Битола јас како најголем и тогаш единствен син уште во далечната 1958-1959 год. заедно со него сме фотографирани пред градскиот стадион во Битола, кој сеуште беше во изградба. Значи од тие први денови тој ја всади љубовта кон спортот во мене и до ден денешен тоа не се промени, за среќа истото беше и со него се до неговата смрт.
Што се гледавме во овој период од педесет години со зборови не може да се искаже. Неговото беше многу едноставно, во сабота и недела од раните утрински часови, околу 10 па се до 14-15 бевме на стадион, а после ручек дома и повторно сега во игралиштето за ракомет, кошарка кое беше осветлено или покасно со изградбата и во спортската сала „Младост“. Во салата негде седумдесеттите посебно осумдесеттите се разви спорт каков што ретко каде го имаше во Македонија. Ракометот уште со влегување во првата југословенска лига 1975 год, претставуваше хит за цела Македонија, затоа што беше континуитет на битолскиот ракомет кој имаше дури три екипи кои се натпреваруваа во македонска лига и тоа Работник, Битола и Пелагонија во кои имаше прекрасни играчи кои дадоа голем допринос во развојот на битолскиот спорт. Во сеќавање се сеуште првите натпревари под рефлектори на градското ракометно игралиште во втората југословенска лига, првиот асфалт поставен на него, првата трибина од страната на градското шеталиште, за потоа да се загради и од страната на фискултурниот дом и така да стане еден навивачки вулкан за време на ракометните квалификации и покасно во натпреварите во првата лига. Од играчите кои играа долго време во битолскиот ракомет би ги спомнал без да се налутат некој кој нема да биде спомнат, зошто во прашање се многу години и многу генерации:тренерите Љубо Христовски и Барбако кој замина за Скопје а ја водеше екипата на Работник, голманите Боне Трајковски, Кице, Гули, играчите Вангел Симев – Овцата, Атанас Нашоку – Сако, Ристо Костадинов – Чатле, Стојан Дамјановски – Чотата, Стамато, Лазе Баевски, Пеце Црниот, Белката, Пеце Димитровски еден од најдобрите ракометари кои ги имала Битола, но во Пелистер не играше многу, Пајо, Русмир, Карабеговиќ, Жујовиќ, помладите Никола Христовски
– Калешот, Стевче Стефановски – Цревото, Дане Бачевски, Цане Крстевски – Цаурот, Абдула Јусуфовски, во времето кога Пелистер беше во првата лига и беше еден од подобрите екипи во истата лига, блиску до неприкосновената во тоа време Металопластика неколкукратен европски првак ние во нашите редови под водство на Силјан Мицевски – Циле имавме познати и признати тренери и уште подобри ракометари како Мунитиќ, Костелиќ, Каменица, Рогановиќ, Магдинчев, Андоновски Крсте, тука играа еден Борко Јовичиќ, Фестиќ, Ванчо Јовановски, Зечевиќ, Савевски, Шуман, Шандор Ходик, прав битолчанец, Пепи Манасков легендата на битолскиот и македонскиот спорт, Виларов, па се до оние што уште значат на овие простори Стевче Алушовски, Иве Марковски, Кире Поповски, Боро Чурлевски, Ице Дамјановски, Звонко Шундовски, Драган Маринковиќ, Аце Станковски, Игор Николовски најблагородниот играч што го познавам од сите овие, Златко Димитровски, Александар Зарков, Кире Лазаров, Наумче и Златко Мојсовски, Влатко Темелков, Петар Ангелов – Диви, Влатко Митков, Ацо Јоновски, Саше Јанкуловски, Макаловски, Петар Мисовски, Тосковски и многу други кои едно време од 1999 год. па се до 2008 год. им бев и председател на клубот, и тогаш на задоволство мое, на мојот татко и на цела Битола во 2001 год. стигнавме да играме во едно европско финале, Челенџ купот. Во исто време женската екипа на Кометал Ѓорче Петров беше европски првак, така да овој успех падна незаслужено во сенка, зошто таа е екипата која и ден денес ја претставува репрезентацијата на Македонија. Успеавме да ги победиме на својот пат до финалето екипите на Казан (Русија), Пари сен Жермен (Франција), Кукуш (Килкис), (Грција), Фредерисберг од Копенхаген и во финалето изгубивме од Скерн (Данска), екипа која во првиот натпревар успеавме да ја добиеме со 7 гола разлика. Екипата на Пелистер беше во следниот состав: Петар Ангелов, Горбах, Тосковски, Златко Димитровски, Макаловски, Владимир Темелков, Златко Мојсовски, Наумче Мојсовски, Ацо Јоновски, Игор Николовски, Владимир Митков, Ристо Калајџиевски, Звонко Шундовски, тренер на екипата Богдан Маковеј, помошници Стевче Стефановски и Зоран Атанасовски тренер на голманите, и тогашниот управен одбор на клубот јас како претседател, Гацов Петар, Ацо Делов, Стево Пејковски, Миле Крстевски, Коле, Цанче.
Настани во мојот живот 1928 год - моето раѓање 1932 год. – се роди мојата единствена сестра Софија 1933 год – одам во забавиште во селото (Нипија), Хитлер иди на власт во Германија 1934 год – прво одделение во селото 1935 год – второ одделение во селото, и прво пасење на говедата
1936 год – трето одделение во селото, воена диктатура на Метаксас
1937 год – четвртто одделение во селото, се роди последниот најмал брат Никола
1938 год – по казна даскалот цел клас не остава во исто одделение
1939 год – петто одделение во селото, почнува Втората светска војна
1940 год – шестто одделение во селото, Италија ја напаѓа Грција
1941год –тројна окупација на Грција од Германија, Италија и Бугарија. Италјаните доаѓаат во селото, глад и умирање во големите градови во Грција
1942 год – работа по нивите за прехрана и припрема за востание 1943 год – излегуваат првите партизани но и пушкари, вооружени од Калчев, првите жетви од Желево во Костур, капитулација на Италија 09.09.1943 год 1944 год – летото мајками е давена од германците во вирот, покасно тие бегаат од селото, идат партизаните, конфликт со енглезите во Атина во есентта.
1945 год – доаѓање на кралската влада во Грција повторна окупација, крај на втората светска војна 1946 год – се жени братот Спиро, ја поправаме куќата татко ми, брат ми и јас, повторно војна 1947 год – излегуваме партизани во планина, прво брат ми Спиро па јас
1948 год – умира нашата сакана мајка, братот Коле е однесен во Унгарија со децата, а сега сите сме во партизани, заробен во Албанија долго е татко ми 1949 год - јуни загинува брат ми Спиро, јас сум ранет 28.08. и однесен во Албанија, татко ми и сестра ми остануваат во селото 1950 год – Згоржелец партиина школа 1951 год – Воена школа 500 1952 год – Швидница работам во фабрика за вагони 1953 год - Швидница работам и учам курс во фабрика за вагони, умира Сталин
1955 год – се женам со Софија Роси од с. Поздивишта, доаѓа и братот Коле од Унгарија 1956 год- партиска школа во Вроцлав, Софија е со Коле и Танас, револуција во Унгарија 1957 год – се раѓа синот Спиро 09.04., на 28.08 тргнуваме за Македонија, доаѓаме во Битола на 09.09., живееме во хотел
„Солун“,
1958 год – јас се вработив во фабриката за фрижидери „Ѓорги Наумов“, добивме нов стан на ул „Иван Милутиновиќ“ бр.13/12, посетувам курс по македонски јазик, не посетуваат родителите од Грција
1959 год – се раѓа вториот син Васил на 31.07 1960 год – повторно на гости од Грција татко ми Мијал, па мајка и Елена, татко и Методија, па сестрата со зетот на Софија, Цвета и Илија Склифови 1961 год – се жени брат ми Коле, Цвета и Илија Склифови прво се во Штип па во Тетово
1962 год – се раѓа третото дете, ќерка Неда 17.02 по името на мајка ми
1963 год – синот Спиро тргнува на училиште, Цвета и Илија Склифови заминаа за Бугарија, силен земјотрес во Скопје 26.07 1964 год – умира татко ми Михаил на 61 година, за прв пат сме на летување во Бугарија, Поморје со сестрата и зетот на Софија 1965 год – за прв пат се гледам со сестра ми Софија после 1947 година, трагедија
1966 год – синот Васко заминува во Бугарија, сестра ми заминува за стално во Канада семејно 1967 год – пролет одам за Италија Трст за трговија 1968 год – за прв пат патувам во СССР кај брачедот Илија Јану во Воронеж, и кај сестрата на Софија Александра во Ташкент, август интервенција во Чехословачка од Варшавскиот пакт 1969 год – полагам за ВКВ монтер и добивам диплома 1970 – 1978 год – сум на работа во „Ѓорги Наумов“ фабрика за фрижидери.
1976 год – синот почнува да студира на Електротехнички факултет во Скопје, синот Васко се жени со Маријана Вушева во Софија
1977 год- почина баба Лена во Гара Елин Пелин, Бугарија мајка и на сопругата
1978год –01.03. се пензионирам, добиваме нов стан,поголем од првиот, подалеку од центарот прво како РЕМО 2 ул.
„Партизанска“, за потоа да добие ново име Мирка Гинова бр.
13/42 каде уште живееме, се раѓа внуката Цветанка од синот Васко
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/risto-mavrovski-e-book-macedonian-1/11 на 29 октомври 2026